Како да најдеш мир и покрај војните и конфликтите
„Пред да ја проучувам Библијата“, вели Гери, кој порано бил војник, „не ми беше јасно зошто во светот има толку многу суровост, неправди и неволји. Но сега имам внатрешен мир. Знам дека Јехова Бог ќе го направи светот безбедно место за живеење“.
Гери не е единствениот што се чувствува така. Дознај како Библијата им помогнала и на други.
БИБЛИЈАТА ВЕЛИ: „Ти, Јехова, си добар и спремен да простиш“ (Псалм 86:5).
КАКО ОВА ПОМАГА: „Овој стих ме уверува дека Јехова е милостив. Знам дека е спремен да ми прости за сѐ што сум направил во минатото кога учествував во војна“ (Вилмар, Колумбија).
БИБЛИЈАТА ВЕЛИ: „Јас создавам нови небеса и нова земја. Она што беше порано нема да доаѓа во сеќавање, ниту ќе се јавува во срцето“ (Исаија 65:17).
КАКО ОВА ПОМАГА: „Страдам од посттрауматско стресно нарушување и депресија поради она што го доживеав како војник. Но, овој стих ме потсетува дека Јехова наскоро ќе ги смири моите немирни мисли и ќе им стави крај на кошмарите што ги имам. Тие веќе нема да ми доаѓаат во умот и во срцето. Каков прекрасен подарок!“ (Зафира, САД).
БИБЛИЈАТА ВЕЛИ: „Во неговите дни ќе процвета праведникот и ќе има голем мир сѐ додека постои месечината“ (Псалм 72:7).
КАКО ОВА ПОМАГА: „Честопати размислувам за овие зборови. Наскоро, кошмарот на војната ќе заврши и повеќе нема да треба да стравуваме за безбедноста на нашите најблиски“ (Александра, Украина).
БИБЛИЈАТА ВЕЛИ: „Твоите мртви ќе оживеат... Разбудете се и извикувајте, вие што живеете во правта!“ (Исаија 26:19).
КАКО ОВА ПОМАГА: „Речиси сите од моето семејство беа убиени за време на геноцидот врз племето Тутси. Но овој стих ме уверува дека повторно ќе ги видам. Едвај чекам да го чујам нивниот весел џагор кога ќе воскреснат!“ (Мери, Руанда).
БИБЛИЈАТА ВЕЛИ: „Уште малку, и злиот ќе го снема... А кротките ќе ја поседуваат земјата и ќе уживаат во изобилен мир“ (Псалм 37:10, 11).
КАКО ОВА ПОМАГА: „Иако војната заврши, сѐ уште има неправди и злобни луѓе. Овие стихови многу ми помагаат. Јехова гледа сѐ и разбира во каква ситуација се наоѓам. Тој ветува дека наскоро сето страдање ќе заврши и ќе го заборавиме“ (Далер, Таџикистан).
Лицата кои се цитирани во ова списание се меѓу милионите Јеховини сведоци на кои Библијата им помогнала да најдат мир. Тие научиле како да ја надминат омразата која постои меѓу раси, нации, племиња и поединци (Ефешаните 4:31, 32). Јеховините сведоци се политички неутрални и не учествуваат во никакво насилство (Јован 18:36).
Јеховините сведоци, исто така, се поддржуваат еден со друг како семејство полно со љубов (Јован 13:35). На пример, Александра, која беше цитирана претходно, морала да бега со сестра ѝ во друга земја поради војна. Таа вели: „Кога ја преминавме границата, веднаш видовме некои од локалните Сведоци кои беа таму за да нѐ пречекаат. Нивната поддршка ни помогна да се навикнеме на животот во нова земја како бегалци“.
Срдечно те покануваме на нашите состаноци каде што на темел на Библијата дознаваме дека наскоро ќе има мир на Земјата и учиме како уште денес да бидеме во мир со другите. Оди на jw.org за да дознаеш каде најблизу до тебе се одржуваат состаноци или за да побараш бесплатен интерактивен библиски курс со некој Јеховин сведок, со помош на публикацијата Радувај му се на животот засекогаш.