СТАТИЈА ЗА ПРОУЧУВАЊЕ 10
ПЕСНА 31 Да одиме со Бог!
Учи да размислуваш како Јехова и Исус
Поради тоа што Христос страдаше во тело, и вие вооружете се со истиот тој став (1. ПЕТ. 4:1)
ЦЕЛ НА СТАТИЈАТА
Да дознаеме што научил апостол Петар од начинот на кој размислува Исус и што може да научиме и ние.
1-2. Што е вклучено во тоа да го сакаме Јехова, и како Исус го покажал тоа?
ИСУС објаснил која е најважната заповед во Мојсеевиот закон кога рекол: „Сакај го Јехова, својот Бог, со сето свое срце, и со сета своја душа, и со сета своја сила, и со сиот свој ум“ (Лука 10:27). Значи, го сакаме Јехова со сѐ што имаме и со целото наше битие. Во тоа се вклучени нашите желби, емоции и сила. Исто така, вклучен е нашиот ум, односно начинот на кој гледаме на работите. Се разбира, ние нема никогаш потполно да разбереме како размислува Јехова. Но, можеме подобро да го разбереме начинот на кој Бог размислува така што ќе го проучуваме „Христовиот ум“, бидејќи Исус совршено го одразува размислувањето на неговиот Татко (1. Кор. 2:16).
2 Исус го сакал Јехова со сиот свој ум. Тој знаел која е Божјата волја за него и бил решен да постапува во склад со неа, иако тоа значело дека ќе мора да страда. Бидејќи му било најважно да ја врши волјата на својот Татко, Исус не дозволил ништо да му го одвлече вниманието од таа цел.
3. Што можел да научи апостол Петар од Исус, и на што ги поттикнал Петар христијаните? (1. Петрово 4:1).
3 Петар и другите апостоли имале прекрасна можност да бидат заедно со Исус и од прва рака да учат како тој размислува. Кога под водство на светиот дух го напишал своето прво писмо, Петар ги поттикнал христијаните да се вооружат со истиот став кој го имал Христос. (Прочитај 1. Петрово 4:1.) Кога напишал „вооружете се“, Петар употребил воен израз. Според тоа, ако христијаните се трудат да го имаат Исусовиот став, односно Исусовиот начин на размислување, ќе бидат опремени со моќно оружје во нивната борба против грешните склоности и против овој свет со кој владее Сатана (2. Кор. 10:3-5; Еф. 6:12).
4. Како оваа статија ќе ни помогне да го примениме советот на Петар?
4 Во оваа статија ќе разгледаме нешто повеќе за Исусовиот начин на размислување и ќе видиме како можеме да го следиме неговиот пример. Ќе дознаеме како можеме 1) да учиме да размислуваме како Јехова, 2) да бидеме понизни и 3) да бидеме разборити.
УЧИ ДА РАЗМИСЛУВАШ КАКО ШТО РАЗМИСЛУВА ЈЕХОВА
5. Како Петар во една прилика покажал дека не размислува како Јехова?
5 Да разгледаме една прилика во која Петар покажал дека не размислува како Јехова. Исус им кажал на своите апостоли дека ќе мора да оди во Ерусалим, да им биде предаден на верските водачи, да претрпи мачење и на крајот да биде погубен (Мат. 16:21). Петар знаел дека Исус е ветениот Месија кој ќе го спаси Божјиот народ. Можеби поради тоа му било тешко да поверува дека Јехова би дозволил Исус да биде погубен (Мат. 16:16). Затоа, го тргнал настрана и му рекол: „Биди милостив кон себе, Господару. Тоа никако нема да ти се случи тебе!“ (Мат. 16:22). Петар и Исус имале различно мислење за оваа работа бидејќи Петар не го одразувал Јеховиниот начин на размислување.
6. Како Исус покажал дека размислува на потполно ист начин како Јехова?
6 Исус размислувал на потполно ист начин како неговиот небесен Татко. Тој му рекол на Петар: „Бегај од мене, Сатано! Ти си ми камен за спрепнување, зашто твоите мисли не се Божји, туку човечки“ (Мат. 16:23). Исус знаел дека, за да ја изврши Јеховината волја, ќе мора да страда и да умре. Затоа го отфрлил советот на Петар, иако очигледно Петар имал добри намери. Во таа прилика, Петар научил важна лекција — дека треба да го усвои Божјиот начин на размислување. Истата поука важи и за нас.
7. Како Петар покажал дека сака да научи да размислува како Јехова? (Види ја сликата.)
7 Подоцна, Петар покажал дека сака да научи да размислува како Јехова. Дошло времето што Јехова го одредил за луѓето од другите народи да станат дел од неговиот народ. Петар добил задача да му проповеда на Корнелиј, кој подоцна бил меѓу првите не-Евреи што станале христијани. Со оглед на тоа што Евреите обично избегнувале секаков контакт со не-Евреите, Петар требало да го исправи своето размислување за да ја изврши оваа задача. Кога сфатил како гледа Бог на не-Евреите, тој го сменил своето гледиште. Како резултат на тоа, „без приговор“ отишол таму каде што бил испратен (Дела 10:28, 29). Петар им проповедал на Корнелиј и на неговите домашни, кои потоа се крстиле (Дела 10:21-23, 34, 35, 44-48).
Петар влегува во куќата на Корнелиј (види во пасус 7)
8. Како може да покажеме дека го одразуваме Јеховиниот начин на размислување? (1. Петрово 3:8).
8 Со години подоцна, Петар ги поттикнал своите соверници да бидат „со еднакви мисли“. (Прочитај 1. Петрово 3:8.) Како Јеховин народ, тоа може да го правиме ако го одразуваме Јеховиниот начин на размислување за кој учиме од Библијата. На пример, Исус ги поттикнал своите следбеници Царството да им биде на прво место во животот (Мат. 6:33). Имајќи го ова на ум, некој од нашето собрание можеби ќе одлучи да започне со некој вид полновремена служба. Наместо да го советуваме да биде „милостив кон себе“, треба да зборуваме позитивно за неговата убава цел и да го поддржиме.
БИДИ ПОНИЗЕН
9-10. Како Исус покажал исклучителна понизност?
9 Ноќта пред да биде погубен, Исус им помогнал на Петар и на другите апостоли да научат важна лекција за понизноста. Претходно, тој ги испратил Петар и Јован да подготват сѐ што било потребно за последниот оброк што требало да го има со нив како човек. Меѓу другото, тие веројатно требало да се погрижат да има сад со вода и крпи за да може на гостите да им бидат измиени нозете пред да јадат. Но, кој ќе бил доволно понизен за да изврши една таква задача?
10 Исус покажал исклучителна понизност и го направил тоа без двоумење. Колку мора да биле изненадени апостолите кога виделе дека Исус прави нешто што обично го правеле слугите. Исус ја ставил настрана својата горна облека, се опашал со крпа, ставил вода во еден сад и почнал да им ги мие нозете (Јован 13:4, 5). Тој им ги измил нозете на сите 12 апостоли, нешто за кое веројатно било потребно доста време. Исус дури му ги измил нозете на Јуда, кој требало да го предаде. Сепак, понизно го направил сето тоа. Потоа, стрпливо објаснил: „Сфаќате ли што ви направив? Вие ми се обраќате со: ’Учителе‘ и ’Господару‘, и со право го велите тоа, бидејќи тоа и сум. Значи, ако јас, Господар и Учител, ви ги измив нозете, и вие треба да си ги миете нозете еден на друг“ (Јован 13:12-14).
Вистинската понизност... ги вклучува нашите најскриени мисли
11. Како Петар покажал дека научил да биде понизен? (1. Петрово 5:5; види ја и сликата).
11 Петар извлекол поука од понизноста на Исус. Откако Исус се вознел на небото, Петар со чудо излекувал еден човек кој бил сакат од раѓање (Дела 1:8, 9; 3:2, 6-8). Сосема е разбирливо што мноштвото луѓе кои го виделе ова чудо се насобрале околу Петар (Дела 3:11). Со оглед на тоа што Петар живеел во општество во кое се ставало голем нагласок на угледот и на положбата, дали ќе го искористел тој момент за да ужива во славата? Не, туку Петар понизно им рекол на луѓето да им ја оддадат славата на оние на кои со право им припаѓа, односно на Јехова и на Исус. Тој рекол: „Благодарение на Исусовото име и на нашата вера во неговото име, овој човек, кого го гледате и го познавате, зајакна“ (Дела 3:12-16, Превод Нов свет, ревидирано издание на англиски од 2013). Подоцна, во едно од своите писма до христијаните, Петар напишал колку е важно да бидеме понизни. Зборовите што ги употребил нѐ потсетуваат на приликата кога Исус се опашал со крпа и им ги измил нозете на апостолите. (Прочитај 1. Петрово 5:5.)
Откако направил чудо, Петар понизно им оддал слава на Јехова и на Исус. И ние можеме да покажеме дека сме понизни така што ќе им правиме добро на другите без да очекуваме признание или нешто за возврат (види во пасуси 11-12)
12. Како можеме да бидеме како Петар и да продолжиме да развиваме понизност?
12 Ние може да го следиме примерот на Петар и да продолжиме да развиваме понизност. Вистинската понизност вклучува многу повеќе отколку само да се кажат исправните зборови. Изразот што го употребил Петар на изворниот јазик, а е преведен со „понизност“, покажува дека понизноста ги вклучува нашите најскриени мисли. Ние правиме љубезни дела за другите затоа што го сакаме Јехова и ги сакаме луѓето, а не затоа што сакаме другите да ни се восхитуваат. Ако радосно им служиме на Јехова и на нашите браќа на кој и да било начин, сеедно дали некој го забележува нашиот труд или не, покажуваме дека сме понизни (Мат. 6:1-4).
БИДИ РАЗБОРИТ
13. Објасни што е вклучено во тоа да се биде разборит.
13 Што е вклучено во тоа да се биде разборит? (1. Пет. 4:7). Еден разборит христијанин прави сѐ што може за да носи добри одлуки кои се во склад со Јеховиниот начин на размислување. Таквиот христијанин знае дека во животот нема ништо поважно од неговото пријателство со Јехова. Тој има урамнотежено гледиште за себеси и сфаќа дека не знае сѐ. Освен тоа, покажува дека се потпира на Бог така што често бара водство од него во молитва.a
14. Како Петар во една прилика пропуштил да се потпре на Јехова?
14 Ноќта пред да умре, Исус ги предупредил своите ученици: „Сите вие оваа ноќ ќе се поколебате во верата поради она што ќе ми се случи“. Тогаш Петар самоуверено рекол: „Дури и сите други да се поколебаат во верата поради она што ќе ти се случи, јас нема никогаш да се поколебам!“ Таа вечер, Исус им го дал следниов совет на некои од неговите ученици: „Бдејте и молете се“ (Мат. 26:31, 33, 41). Ако Петар претходно постапувал според тој совет, веројатно ќе имал доволно храброст да признае дека е ученик на Исус. Меѓутоа, Петар се одрекол од својот учител, поради што подоцна горко се каел (Мат. 26:69-75).
15. Како Исус покажал разборитост во текот на неговата последна ноќ како човек?
15 Исус целосно се потпирал на Јехова. Иако бил совршен, ноќта пред да умре тој одново и одново му се молел на Јехова. Тоа му дало храброст да постапи во склад со Јеховината волја (Мат. 26:39, 42, 44; Јован 18:4, 5). Тоа што Исус толку пати се молел таа ноќ, било нешто што Петар веројатно никогаш не го заборавил.
16. Како Петар покажал дека стекнал разборитост? (1. Петрово 4:7).
16 Со текот на времето, Петар научил повеќе да се потпира на Јехова така што ќе му се моли. Воскреснатиот Исус ги уверил Петар и другите апостоли дека ќе добијат свет дух за да можат да ја проповедаат добрата вест. Меѓутоа, Исус им рекол да останат во Ерусалим додека тоа не се случи (Лука 24:49; Дела 1:4, 5). Што правел Петар додека чекал? Тој и неговите соверници истрајно се молеле (Дела 1:13, 14). Подоцна, во своето прво писмо, тој ги поттикнал своите соверници да бидат разборити и да се потпираат на Јехова така што ќе му се молат. (Прочитај 1. Петрово 4:7.) Петар научил да се потпира на Јехова и станал столб во собранието (Гал. 2:9).
17. Без оглед на тоа какви способности имаме, што треба постојано да правиме? (Види ја и сликата.)
17 За да бидеме разборити, мора често да му се молиме на Јехова. Сфаќаме дека треба постојано да бараме водство од него во молитва сеедно какви способности имаме. Затоа, особено кога стоиме пред важни одлуки, го молиме Јехова да ни даде водство уверени дека тој знае што е најдобро за нас.
Петар научил да се потпира на Јехова така што ќе му се моли. И ние можеме да бидеме разборити така што ќе го молиме Јехова за помош, особено кога стоиме пред важни одлуки (види во пасус 17)b
18. Што можеме да правиме за нашето размислување да биде во склад со Јеховиното?
18 Многу сме благодарни што Јехова нѐ создал со способност да ги покажуваме неговите особини (1. Мој. 1:26). Се разбира, ние не можеме совршено да го правиме тоа (Иса. 55:9). Сепак, исто како Петар, ние можеме и понатаму да учиме да размислуваме како Јехова, да бидеме понизни и да бидеме разборити.
ПЕСНА 30 Мојот Бог, Татко и Пријател
a Нешто повеќе за тоа што значи да се биде разборит можеш да прочиташ на jw.org или во апликацијата JW Library® во статијата со наслов „2. Тимотеју 1:7: ’Јер нам Бог не даде духа страха‘“, под „Разборитост“ во рубриката „Објашњење библијских стихова“ (на српски јазик).
b ОПИС НА СЛИКАТА: Една сестра се моли во себе додека чека да ја повикаат на интервју за работа.