СТАТИЈА ЗА ПРОУЧУВАЊЕ 12
ПЕСНА 119 Да имаме силна вера!
Да живееме според верата
Живееме според верата, а не според она што го гледаме (2. КОР. 5:7)
ЦЕЛ НА СТАТИЈАТА
Да ни помогне да живееме според верата кога треба да донесеме важни одлуки.
1. Зошто апостол Павле можел да биде задоволен со својот живот?
АПОСТОЛ Павле знаел дека наскоро ќе биде погубен, сепак можел да биде задоволен со животот што го поминал. Затоа рекол: „Трката ја истрчав до крај, верата ја зачував“ (2. Тим. 4:6-8). Павле носел мудри одлуки во службата за Јехова и бил уверен дека тој е задоволен од него. И ние сакаме да носиме добри одлуки за Бог да биде задоволен од нас. Што ќе ни помогне во тоа?
2. Што значи да живееме според верата?
2 За себе и за другите верни христијани, Павле рекол: „Живееме според верата, а не според она што го гледаме“ (2. Кор. 5:7). Што сакал да каже Павле со тоа? Кога некој живее, односно се води само според она што го гледа, тој носи одлуки кои се темелат само на што може да го види, да го чуе и да го прими преку своите сетила. Од друга страна, оној што живее според верата носи одлуки кои се темелат на неговата доверба во Јехова Бог. Од неговите постапки се гледа дека тој е уверен дека Бог ќе го награди во иднина, но и дека уште сега е за негово добро тоа што се држи за Јеховините совети од Библијата (Пс. 119:66; Евр. 11:6).
3. Како ни користи тоа што живееме според верата? (2. Коринќаните 4:18).
3 Се разбира, сите ние некои одлуки ги темелиме на она што го примаме преку нашите сетила. Но, може да имаме проблеми ако, кога носиме важни одлуки, го земаме предвид само она што го гледаме или слушаме. Зошто? Понекогаш, нашите сетила може да нѐ измамат. Но, дури и да не нѐ измамат, ако се водиме само според она што го гледаме, може да почнеме да ја игнорираме Божјата волја или неговите совети (Проп. 11:9; Мат. 24:37-39). Меѓутоа, кога живееме според верата, поверојатно е дека ќе носиме одлуки кои се во склад со она што е „прифатливо за Господарот“ (Еф. 5:10). Кога сме послушни на советите од Бог, ќе имаме внатрешен мир и ќе бидеме вистински среќни (Пс. 16:8, 9; Иса. 48:17, 18). А ако продолжиме да живееме според верата, нѐ очекува вечна иднина. (Прочитај 2. Коринќаните 4:18.)
4. По што ќе знаеме дали живееме според верата или според она што го гледаме?
4 По што ќе знаеме дали живееме според верата или според она што го гледаме? Во суштина, сѐ се сведува на ова: кои фактори нѐ водат кога носиме одлуки? Дали се водиме само по она што го гледаме? Или се потпираме на советите од Јехова? Да разгледаме што ќе ни помогне да живееме според верата на три важни подрачја: кога избираме вработување, кога избираме брачен другар и кога добиваме упатства од организацијата. За секое од овие подрачја ќе разгледаме кои фактори треба да ги земеме предвид за да донесеме добра одлука.
КОГА ИЗБИРАМЕ ВРАБОТУВАЊЕ
5. Што треба да земеме предвид кога избираме вработување?
5 Секој од нас сака да најде работа со која ќе може да се грижи за своите потреби и за потребите на своето семејство (Проп. 7:12; 1. Тим. 5:8). Има работни места кои се многу добро платени и кои им овозможуваат на вработените да си ги покријат секојдневните трошоци, па дури и да стават нешто настрана. Други работни места не се толку добро платени, и вработените можат да си ги дозволат само основните работи. Кога треба да одлучиме дали ќе прифатиме некоја работа, нормално е да земеме предвид колкава ќе ни биде платата. Но, ако за некого платата е единствениот фактор кога одлучува, тоа покажува дека живее според она што го гледа.
6. Како ќе покажеме дека живееме според верата кога избираме вработување? (Евреите 13:5).
6 Ако живееме според верата, ќе земеме предвид и како таа работа може да се одрази врз нашето пријателство со Јехова. Добро е да се прашаме: „Дали таа работа ќе бара од мене да правам нешто што Јехова го мрази?“ (Изр. 6:16-19). „Дали работата ќе се одрази врз моите духовни активности и дали поради неа ќе морам на подолги периоди да бидат одвоен од семејството?“ (Фил. 1:10). Ако одговорот на овие прашања е потврден, би било мудро да не ја прифатиме работата, дури и ако не е лесно да се најде работа. Бидејќи живееме според верата, носиме одлуки од кои се гледа нашата увереност дека Јехова на некој начин ќе се погрижи да го имаме тоа што ни е потребно (Мат. 6:33; прочитај Евреите 13:5).
7-8. Како еден брат од Јужна Америка покажал дека живее според верата? (Види ја и сликата.)
7 Хавиер,a еден брат од Јужна Америка, знаел колку е важно да живее според верата. Тој вели: „Аплицирав за едно престижно работно место на кое ќе земав двојно поголема плата од претходно и ќе работев нешто во што ќе уживав“. Меѓутоа, Хавиер имал многу голема желба да биде пионер. Тој понатаму вели: „Имав закажано интервју со директорот на фирмата. Пред интервјуто, го молев Јехова да ми помогне и бев уверен дека тој знае што е најдобро за мене. Сакав да напредувам на професионално поле, но не бев спремен да ја прифатам таа работа ако ме спречеше да си ги остварам духовните цели“.
8 Хавиер уште вели: „За време на интервјуто, директорот ми кажа дека редовно ќе треба да работам прекувремено. Јас љубезно му кажав дека за мене тоа не е прифатливо поради мојата служба“. Да, Хавиер ја одбил таа работа. По две седмици почнал со пионерска служба. А малку подоцна истата таа година, нашол работа со скратено работно време. Тој вели: „Јехова ми ги чу молитвите и ми помогна да најдам работа со која ќе можам да бидам пионер. Многу сум среќен што имам работа која ми дозволува да одвојувам повеќе време за да им служам на Јехова и на моите браќа“.
Ако ти биде понудено унапредување на работа, дали од твојата одлука ќе се види дека си уверен дека Јехова знае што е најдобро за тебе? (види во пасуси 7-8)
9. Што учиш од искуството на Трезор?
9 Што ако сфатиме дека работата што сега ја имаме ни отежнува да живееме според верата? Да видиме што му се случило на Трезор од Конго. Тој раскажува: „Тоа беше работа од соништата. Заработував трипати повеќе од она што го заработував претходно и бев многу почитуван“. Но, Трезор редовно пропуштал состаноци затоа што работел прекувремено. Исто така, бил под притисок да прикрива нечесни работи. Трезор сакал да си даде отказ, но се плашел дека нема да најде друга работа. Што му помогнало? Тој вели: „Авакум 3:17-19 ми помогна да сфатам дека, дури и да останам без работа, Јехова ќе најде начин да се грижи за мене. И така си дадов отказ“. Тој заклучува: „Многу работодавачи мислат дека за една добро платена работа човек ќе жртвува сѐ, вклучувајќи ги и семејството и духовните активности. Многу сум радосен што останав близок со Јехова и со моето семејство. Една година подоцна, Јехова ми помогна да најдам стабилна работа со која можам скромно да живеам и да имам повеќе време за духовните активности. Кога го ставаме Јехова на прво место, можеби некое време ќе се мачиме да врземе крај со крај. Но, Јехова ќе се грижи за нас“. Да, ако имаме доверба во советите од Јехова и во неговите ветувања, ќе продолжиме да живееме според верата, а тој ќе нѐ благослови.
КОГА ИЗБИРАМЕ БРАЧЕН ДРУГАР
10. Кога избираме брачен другар, по што ќе се види дека можеби живееме според она што се гледа?
10 Бракот е дар од Јехова, и природно е да сакаме да стапиме во брак. Кога една сестра размислува дали некој брат би ѝ одговарал како брачен другар, можеби ќе го забележи неговиот карактер, изглед, репутација, финансиска состојба, семејни одговорности, како и дали се чувствува убаво со него.b И ова се важни работи. Но, ако ги земе предвид само тие работи, можно е дека живее според она што го гледа.
11. Како ќе покажеме дека живееме според верата кога избираме брачен другар? (1. Коринќаните 7:39).
11 Јехова многу се гордее со нашите браќа и сестри кои се држат за неговите совети кога избираат брачен другар. На пример, тие многу сериозно го сфаќаат советот да чекаат да им помине „цутот на младоста“ пред да почнат врска (1. Кор. 7:36). Кога размислуваат дали некој би им бил соодветен брачен другар, тие главно се концентрираат на особините кои Јехова вели дека треба да ги има еден добар сопруг или една добра сопруга (Изр. 31:10-13, 26-28; Еф. 5:33; 1. Тим. 5:8). Ако некој што не е Сведок се заинтересира за нив, тие се послушни на советот да стапуваат во брак „само во Господарот“. (Прочитај 1. Коринќаните 7:39.) Тие живеат според верата, уверени дека Јехова ќе се грижи за нивните емоционални потреби подобро од кој и да било друг (Пс. 55:22).
12. Што учиш од примерот на Роса?
12 Да го разгледаме искуството на Роса, една сестра од Колумбија која служи како пионер. Таа работела со еден човек кој не бил Јеховин сведок и кој почнал да се интересира за неа. Тој ѝ се допаѓал на Роса. Таа вели: „Изгледаше дека е многу добар човек. Учествуваше во добротворни активности и водеше здрав начин на живот. Многу убаво се однесуваше со мене. Тој го имаше сето она што посакував да го има мојот сопруг, само што не беше Јеховин сведок“. Роса понатаму вели: „Не ми беше лесно да го одбијам, зашто срцето ми велеше поинаку. Во тоа време се чувствував осамено и сакав да се омажам, но не можев да најдам брат за кој би се омажила“. Сепак, Роса не се концентрирала само на она што можела да го види. Размислувала како таа одлука ќе се одрази врз нејзиното пријателство со Јехова. Затоа ги прекинала сите контакти со тој човек и гледала да биде зафатена со духовни активности. Кратко потоа, била поканета на Школата за полновремени објавители и сега служи како специјален пионер. Роса вели: „Јехова толку ме благослови! Срцето ми се прелева од радост!“ Можеби не е лесно да живееме според верата кога се вклучени силни чувства, но тоа секогаш е за наше добро.
КОГА ДОБИВАМЕ УПАТСТВА ОД ОРГАНИЗАЦИЈАТА
13. Поради што би можеле да почнеме да живееме според она што го гледаме кога добиваме упатства од организацијата?
13 Ние честопати добиваме упатства од организацијата кои ни помагаат во нашето обожавање — од нашите локални старешини, од покраинскиот надгледник, од подружницата или од Водечкото тело. Но, што ако некогаш не ги разбираме причините за упатствата што ги добиваме? Можеби се концентрираме само на негативните ефекти кои тие упатства би можеле да ги имаат врз нас. Може дури да почнеме да се концентрираме на слабостите на браќата кои ги дале тие упатства.
14. Што ќе ни помогне да живееме според верата кога добиваме упатства од организацијата? (Евреите 13:17).
14 Кога живееме според верата, имаме доверба дека Јехова има контрола над сѐ и дека добро ја знае нашата ситуација. Затоа веднаш ги прифаќаме новите упатства и послушни сме им, и тоа со позитивен став. (Прочитај Евреите 13:17.) Свесни сме дека, кога сме послушни, придонесуваме да има единство во собранието (Еф. 4:2, 3). Имаме доверба во Јехова и знаеме дека, иако браќата кои предводат се несовршени, ако сме послушни, тој ќе нѐ благослови (1. Сам. 15:22). И доколку нешто навистина треба да се поправи, во свое време Јехова ќе го поправи (Мих. 7:7).
15-16. Што му помогнало на еден брат да живее според верата, иако не бил баш сигурен во врска со упатствата што ги добил? (Види ја и сликата.)
15 Да разгледаме еден пример кој покажува каква корист имаме кога живееме според верата. Иако во Перу речиси сите зборуваат шпански, многу луѓе зборуваат на некои од домородните јазици. Еден од нив е јазикот кечуа. Долги години, браќата и сестрите кои зборуваат кечуа, на своето подрачје ги бараа оние кои го зборуваат тој јазик. Но, поради новите законски регулативи беа направени промени во упатствата за тоа како да ги бараме луѓето (Рим. 13:1). Некои мислеа дека тоа лошо ќе се одрази на службата. Сепак, бидејќи браќата ги прифатија новите упатства, Јехова ги благослови нивните напори со тоа што успеаја да најдат многу луѓе кои зборуваат кечуа.
16 Меѓу оние кои биле загрижени бил и Кевин кој служи како старешина во едно собрание на јазикот кечуа. Тој објаснува: „Си мислев: ’Како ли сега ќе ги најдеме луѓето што зборуваат кечуа?‘“ Што направил Кевин? „Се сетив на зборовите од Изреки 3:5. А размислував и за Мојсеј. Тој требало да ги изведе Израелците од Египет и потоа да ги води кон место кое изгледало како ќорсокак, каде што би биле лесен плен за Египќаните. Сепак, тој послушал, и Јехова ја благословил неговата послушност со тоа што ги избавил Израелците со едно импресивно чудо“ (2. Мој. 14:1, 2, 9-11, 21, 22). Кевин бил решен да се приспособи на еден поинаков начин на проповедање. Кој бил резултатот? Тој вели: „Не ми се веруваше како нѐ благослови Јехова. Порано, кога одевме во служба, многу пешачевме и понекогаш ќе најдевме само еден или двајца што зборуваат кечуа. Сега се концентрираме на тоа да обработуваме подрачја на кои живеат поголем број луѓе што зборуваат кечуа. Како резултат на тоа, имаме повеќе прилики да зборуваме со луѓето, имаме повеќе повторни посети и повеќе библиски курсеви. А и на состаноците сега имаме поголем број присутни“. Да, кога живееме според верата, Јехова секогаш нѐ наградува.
Многу луѓе, кои браќата ги среќавале во служба, им кажувале каде во нивното маало можат да ги најдат оние што зборуваат на јазикот кечуа (види во пасуси 15-16)
17. Што научи од оваа статија?
17 Разгледавме што ќе ни помогне да продолжиме да живееме според верата на три важни подрачја. Но, мораме да живееме според верата на секое подрачје од нашиот живот, на пример, кога избираме забава или рекреација, и кога носиме одлуки во врска со образованието или воспитувањето на децата. Кога треба да донесеме некоја одлука, не треба да се водиме само според она што го гледаме. Мораме да го земеме предвид и нашето пријателство со Јехова, советите од него и неговото ветување дека ќе се грижи за нас. Така, ќе можеме да „одиме во името на Јехова, нашиот Бог, довека, во сета вечност“ (Мих. 4:5).
ПЕСНА 156 Штом верувам
a Некои имиња се сменети.
b За да биде поедноставно, во овој пасус се зборува за сестра која си бара сопруг. Истите совети важат и кога еден брат си бара сопруга.