ЖИВОТНА ПРИКАЗНА
Нашиот Најголем Учител нѐ учи цел живот
КОНТРОЛНИ пунктови со вооружени војници, запалени барикади, циклони, граѓански војни и принудни евакуации. Ова се само некои од опасностите со кои јас и жена ми се соочивме како пионери и мисионери. Но, за ништо не би го менувале нашиот живот! Низ сѐ што доживеавме, Јехова ни помагаше и нѐ поддржуваше. Тој е нашиот Најголем Учител, и од него научивме скапоцени животни лекции (Јов 36:22; Иса. 30:20).
ПРИМЕРОТ НА МОИТЕ РОДИТЕЛИ
Кон крајот на 1950-тите, моите родители емигрирале од Италија во Киндерсли (Саскачеван, Канада). Кратко потоа, ја дознале вистината, и таа стана најважното нешто во нашиот живот. Се сеќавам, како дете по цели денови одев во служба со моето семејство, па затоа, понекогаш на шега велам дека јас почнав со „помошна пионерска служба“ уште на осум години!
Со моето семејство, околу 1966
Моите родители беа сиромашни, но ни оставија многу убав пример за тоа што значи да правиме жртви за Јехова. На пример, во 1963 год., продадоа многу работи од дома за да имаме доволно пари да одиме на меѓународниот конгрес во Пасадена (Калифорнија, САД). Во 1972 год., поминавме околу 1.000 километри и се преселивме во Трејл (Британска Колумбија, Канада) за да им проповедаме на луѓето што зборуваа италијански јазик. Татко ми работеше како хигиеничар. Одби неколку прилики да заработи повеќе пари, затоа што сакаше да се концентрира на духовните активности.
Многу сум благодарен за примерот што моите родители ни го оставија мене, на брат ми и на моите две сестри. Тие поставија цврст темел за мојата понатамошна служба за Јехова. Од нив научив една многу важна животна лекција: Ако го ставам Царството на прво место, Јехова ќе се грижи за мене (Мат. 6:33).
ПОЧНУВАМЕ СО ПОЛНОВРЕМЕНА СЛУЖБА
Во 1980 год. се оженив со Деби, една убава сестра со јасни духовни цели. Сакавме да служиме полновремено, па така Деби почна со пионерска служба три месеци откако се зедовме. По една година брак, се преселивме во едно мало собрание каде што имаше потреба, и тогаш и јас почнав со пионерска служба.
Денот кога се венчавме, 1980
По некое време, ја изгубивме радоста во службата и решивме да си одиме од тоа место. Меѓутоа, прво зборувавме со покраинскиот надгледник. Тој љубезно, но искрено ни рече: „Вие самите придонесувате за проблемот. Премногу се концентрирате на негативното. Ако се трудите да ги видите позитивните работи, ќе ги видите“. Тоа беше совет во право време (Пс. 141:5). Веднаш го применивме и набрзо сфативме дека, всушност, има многу позитивни работи. Во собранието имаше објавители кои сакаа да прават повеќе за Јехова. Меѓу нив имаше помлади, како и сестри чии сопрузи не беа во вистината. Тоа беше многу важна лекција за нас. Научивме да го бараме доброто и, кога ни е тешко, да чекаме Јехова да ги поправи работите (Мих. 7:7). Повторно бевме радосни, а и работите почнаа да се подобруваат.
Кога првпат бевме на школа за пионери, инструктори ни беа браќа кои претходно служеле во други земји. Кога ни покажуваа слајдови и ни раскажуваа со какви предизвици се соочиле и какви благослови доживеале, и кај нас се разгоре желба да служиме како мисионери. Затоа решивме мисионерската служба да си ја поставиме како цел.
Во сала за состаноци во Британска Колумбија, 1983
За да си ја оствариме таа цел, во 1984 год. се преселивме во Квебек, каде што се зборува француски јазик и кој е оддалечен од Британска Колумбија повеќе од 4.000 километри. Моравме да се навикнеме на сосема нова култура и на нов јазик. А честопати не беше лесно ни да врземе крај со крај. Еден период, сѐ што имавме за јадење беа компири, кои еден земјоделец ни дозволи да ги доприбираме од неговата нива! Деби научи да подготвува компири на сто и еден начин! И покрај ваквите предизвици, ние се трудевме да истраеме со радост. А гледавме и како Јехова се грижи за нас (Пс. 64:10).
Еден ден, од нигде-никаде, добивме телефонски повик. Бевме повикани да служиме во Бетелот во Канада. Претходно имавме дадено молба за школата Гилеад и имавме малку поделени чувства во врска со бетелската служба. Но, ја прифативме поканата. Кога пристигнавме, го прашавме брат Кенет Литл, член на Одборот на подружницата: „Што ќе биде со нашите молби за Гилеад?“ А тој ни рече: „За тоа ќе му ја мислиме кога ќе дојде време“.
Е па, по една седмица, дојде тоа време, бидејќи јас и Деби бевме поканети на Гилеад. Моравме да одлучиме што ќе правиме. Брат Литл ни рече: „Што и да изберете, ќе има денови кога ќе си речете: ’Камо да ја изберевме другата опција!‘ Но, тоа не значи дека едното е подобро од другото. Јехова може да благослови што и да изберете“. Ја прифативме поканата за Гилеад и низ годините видовме колку точни беа зборовите на брат Литл. Често им ги цитиравме неговите зборови на браќа и сестри кои беа пред сличен избор.
ЖИВОТОТ КАКО МИСИОНЕРИ
(Лево) Јулисис Глас
(Десно) Џек Редфорд
Ни причинуваше голема радост што бевме меѓу 24-те студенти од 83. клас на Гилеад. Тоа беше во Бруклин (Њујорк), во април 1987 год. Главни инструктори ни беа брат Јулисис Глас и брат Џек Редфорд. Пет месеци поминаа за час, и дипломиравме на 6 септември 1987 год. Добивме задача да служиме на Хаити, заедно со Џон и Мари Гуд.
На Хаити, 1988
На Хаити не биле испратени мисионери од Гилеад уште од 1962 год., кога последните мисионери биле протерани од таа земја. Стигнавме на Хаити три седмици по дипломирањето и служевме далеку во планините во едно мало собрание со 35 објавители. Бевме млади, неискусни и сами во мисионерскиот дом. Луѓето беа многу сиромашни, и ретко кој знаеше да чита. На почетокот на нашата мисионерска служба, доживеавме граѓански немири, државни удари, запалени барикади и циклони.
Многу научивме од нашите жилави, но ведри браќа и сестри на Хаити. На мнозина од нив животот не им беше лесен, но ги сакаа Јехова и службата. Една постара сестра не знаеше да чита, но знаеше напамет околу 150 стиха. Кога гледавме со какви тешкотии се соочуваат луѓето околу нас, бевме уште порешени да ја проповедаме пораката за Царството како единствено решение за проблемите на човештвото. Радосни сме што некои од првите луѓе со кои ја проучувавме Библијата на Хаити сега служат како општи пионери, како специјални пионери и како старешини.
Додека бевме на Хаити, го запознав Тревор — еден млад мормонски мисионер со кој во неколку прилики имавме можност да дискутираме за Библијата. Со години подоцна, се изненадив кога добив писмо од него. Тој ми напиша: „На следниот собир ќе се крстам! Сакам да се вратам на Хаити и да служам како специјален пионер во истата област каде што служев како мормонски мисионер“. Така и направи. Долги години тој и неговата сопруга служеа како специјални пионери таму.
ЕВРОПА — ПОТОА АФРИКА
Во Бетелот во Словенија, 1994
Добивме задача да служиме во еден дел на Европа каде што почнаа да попуштаат ограничувањата на нашето дело. Во 1992 год. пристигнавме во Љубљана, недалеку од местото каде што пораснале моите родители пред да се преселат во Италија. Војната сѐ уште беснееше на некои места во поранешна Југославија. Делото во тој регион претходно го надгледуваа подружницата во Виена (Австрија) и канцелариите во Загреб и во Белград, а сега секоја независна република требаше да си има свој Бетел.
Тоа значеше дека уште еднаш требаше да се навикнеме на нов јазик и на нова култура. Мештаните ни велеа „језик је тежек“, што значи „тежок е јазикот“. И навистина беше тежок! Се восхитувавме на лојалноста на браќата и сестрите кои без приговор ги прифаќаа организациските промени и видовме како Јехова ги благословуваше. Повторно видовме со колкава љубов Јехова ги исправа работите во вистинското време. Во годините поминати во Словенија научивме многу важни лекции и се уверивме во вистинитоста на оние што веќе ги имавме научено.
Но, нѐ чекаа уште промени. Во 2000 год., добивме задача да служиме во Брегот на Слоновата Коска, во Западна Африка. Потоа, поради граѓанска војна, во ноември 2002 год. бевме евакуирани во Сиера Леоне. Таму штотуку беше завршила 11-годишната граѓанска војна. Не беше лесно така наеднаш да си заминеме од Брегот на Слоновата Коска. Но, лекциите што ги научивме ни помогнаа да не ја изгубиме радоста.
Имаше многу луѓе кои сакаа да ја дознаат вистината и се концентриравме на тоа, како и на нашите драги браќа и сестри кои верно истрајаа и покрај долгите години војна. Беа сиромашни, но сакаа да го делат со другите она што го имаа. Една сестра ѝ понуди на Деби алишта, но Деби малку се двоумеше дали да ги земе. Тогаш сестрата ѝ рече: „За време на војната, браќата од другите земји ни помагаа. Сега нам ни е редот да помагаме“. Си поставивме за цел да го следиме нивниот пример.
По некое време, се вративме во Брегот на Слоновата Коска, но политичките превирања повторно прераснаа во насилство. Па така, во ноември 2004 год., бевме евакуирани со хеликоптер. Можевме да понесеме само по една торба од 10 килограми. Ноќта преспавме на подот во една француска воена база, а следниот ден со авион бевме префрлени во Швајцарија. Во подружницата пристигнавме околу полноќ, каде што браќата од Одборот на подружницата и инструкторите на Школата за организациско оспособување, заедно со нивните сопруги, нѐ пречекаа со срдечни прегратки, топол оброк и многу, многу швајцарски чоколади. Бевме трогнати.
Говор пред бегалци во Брегот на Слоновата Коска, 2005
Добивме задача привремено да служиме во Гана, а кога се смирија граѓанските немири се вративме во Брегот на Слоновата Коска. Нешто што многу ни помогна да издржиме и покрај стресните евакуации и привремени задачи беше љубовта на нашите браќа и сестри. Со Деби си разговаравме дека, да, таквата братска љубов е нешто нормално во Јеховината организација, но се договоривме никогаш да не ја земаме здраво за готово. Всушност, подоцна сфативме дека и од тие бурни периоди извлековме многу важни животни лекции.
НА БЛИСКИОТ ИСТОК
На Блискиот Исток, 2007
Во 2006 год., добивме писмо од главното седиште во кое пишуваше дека имаме нова задача — Блискиот Исток. И повторно нови авантури, предизвици, јазици и култури. Можевме многу да научиме во таа средина во која преовладуваа закоравени политички и верски ставови. Многу ни беше убаво кога слушавме разни јазици во собранијата и кога видовме дека може да има единство меѓу нас кога се држиме за теократските упатства. Им се восхитувавме на браќата и сестрите затоа што повеќето од нив храбро истрајуваа и покрај противењето од семејството, соучениците, колегите и соседите.
Во 2012 год., бевме на специјалниот конгрес во Тел Авив (Израел). На тој конгрес, за првпат по Педесетница 33 год. од н.е. Јеховиниот народ од тој регион се собра во толку голем број. Тоа беше незаборавен настан!
Додека служевме на Блискиот Исток, бевме испратени да посетиме една земја каде што нашето дело е ограничено. Понесовме со нас литература, која потоа ја дававме таму во служба, а присуствувавме и на неколку помали собири. Насекаде имаше контролни пунктови и војници вооружени до заби, но ние се чувствувавме безбедно додека претпазливо се движевме со малкуте објавители што ги имаше таму.
НАЗАД ВО АФРИКА
Подготвувам говор во Конго, 2014
Во 2013 год., добивме една многу поинаква задача — да служиме во подружницата во Киншаса (Конго), огромна земја богата со природни убавини, но и земја со крајна сиромаштија и чести вооружени конфликти. Отпрвин си рековме: „Па, ние сме живееле во Африка, знаеме што нѐ чека“. Но, имавме уште многу да учиме, особено кога требаше да патуваме во подрачја каде што немаше речиси никаква инфраструктура. Но, имаше и многу позитивни работи на кои решивме да се концентрираме. На пример, на тоа колку истрајни и радосни беа браќата и покрај тешките економски услови, колку ја сакаа службата и колкав труд вложуваа за да присуствуваат на состаноците и собирите. Видовме колку многу луѓе ја прифаќаат вистината само затоа што ги имавме поддршката и благословот од Јехова. Од годините поминати во полновремена служба во Конго извлековме многу важни животни лекции и стекнавме пријатели кои ни се како семејство.
Во служба во Јужноафриканската Република, 2023
Кон крајот на 2017 год., добивме уште една нова задача — Јужноафриканската Република. Тоа е најголемата подружница во која имаме служено. Па дури и задачите што ги добивме во Бетел беа нешто сосема ново за нас. И повторно, имавме уште многу да учиме! Но, многу ни помогна она што го имавме научено на претходните задачи. Ги сакаме многуте браќа и сестри кои со децении истрајуваат во службата за Јехова. И неверојатно е да гледаш како бетелското семејство обединето соработува и покрај различните раси и култури. Очигледно е дека Јехова го благословува својот народ со мир, бидејќи Јеховините слуги ја облекуваат новата личност и се придржуваат за библиските начела.
Низ годините, јас и Деби имавме разни возбудливи задачи, се навикнувавме на различни култури, учевме нови јазици. Не беше секогаш лесно, но постојано ја чувствувавме Јеховината лојална љубов која тој ни ја покажуваше преку својата организација и преку братството (Пс. 144:2). Уверени сме дека животните лекции што ги научивме во полновремената служба ни помогнаа да бидеме подобри слуги на Јехова.
Многу сум благодарен за начинот на кој ме воспитуваа родителите, за поддршката од мојата мила сопруга Деби и за одличниот пример на браќата и сестрите во нашето духовно семејство. Што и да нѐ чека во иднина, ние сме решени да продолжиме да учиме од нашиот Најголем Учител.