ОНЛАЈН БИБЛИОТЕКА Watchtower
ОНЛАЈН БИБЛИОТЕКА
Watchtower
македонски
ѐ
  • Ѐ
  • ѐ
  • Ѝ
  • ѝ
  • БИБЛИЈА
  • ПУБЛИКАЦИИ
  • СОСТАНОЦИ
  • w25 Јули стр. 14-19
  • Можеш ли сѐ уште да учиш од основните библиски учења?

За овој материјал нема видео.

Се појави проблем. Видеото не може да се отвори.

  • Можеш ли сѐ уште да учиш од основните библиски учења?
  • Стражарска кула го објавува Јеховиното Царство (за проучување) 2025
  • Поднаслови
  • Сличен материјал
  • ЈЕХОВА Е ТВОРЕЦОТ
  • ЗОШТО БОГ ГИ ДОЗВОЛУВА СТРАДАЊАТА
  • ЖИВЕЕМЕ ВО „ПОСЛЕДНИТЕ ДЕНОВИ“
  • ОСТАНИ БЛАГОДАРЕН ЗА ПОТСЕТУВАЊАТА ОД ЈЕХОВА
  • Скромно прифати дека има работи кои не ги знаеш
    Стражарска кула го објавува Јеховиното Царство (за проучување) 2025
  • Одлуки од кои се гледа дека се потпираме на Јехова
    Нашиот живот и служба како христијани — работни листови (2023)
  • Дали ја препознаваш вистината?
    Стражарска кула го објавува Јеховиното Царство (за проучување) 2024
  • Продолжи да проповедаш поттикнат од љубов!
    Стражарска кула го објавува Јеховиното Царство (за проучување) 2024
Повеќе
Стражарска кула го објавува Јеховиното Царство (за проучување) 2025
w25 Јули стр. 14-19

СТАТИЈА ЗА ПРОУЧУВАЊЕ 30

ПЕСНА 97 Божјата Реч за нас значи живот

Можеш ли сѐ уште да учиш од основните библиски учења?

Секогаш ќе ве потсетувам на ова, иако го знаете и утврдени сте во вистината (2. ПЕТ. 1:12)

ЦЕЛ НА СТАТИЈАТА

Како да извлечеме важни поуки од основните библиски учења дури и ако сме ги дознале пред многу години.

1. Како влијаеа врз тебе библиските учења кога ја дозна вистината?

ОСНОВНИТЕ библиски учења ни го променија животот. На пример, кога дознавме дека Бог се вика Јехова, го направивме првиот чекор за да станеме негови пријатели (Иса. 42:8). Откако дознавме што се случува кога некој ќе умре, повеќе не се прашувавме дали нашите најблиски кои починале страдаат (Проп. 9:10). А кога дознавме за Божјето ветување за рај на Земјата, повеќе не бевме загрижени за нашата иднина. Се уверивме дека може да живееме, не само кратко — 70 или 80 години — туку засекогаш (Пс. 37:29; 90:10).

2. Како 2. Петрово 1:12, 13 укажува на тоа дека дури и зрелите христијани можат да извлечат корист од основните библиски учења?

2 Никогаш не смееме да ги земаме здраво за готово основните библиски учења. Во своето второ писмо, апостол Петар им пишувал на христијани кои биле „утврдени... во вистината“. (Прочитај 2. Петрово 1:12, 13.) Но во тоа време, во собранието имало духовни опасности, вклучувајќи лажни учители и безбожни луѓе (2. Пет. 2:1-3). Петар сакал да ги зајакне своите браќа и сестри за да можат да се спротивстават на тие закани. За таа цел, ги потсетил на некои од учењата кои веќе ги знаеле. Тие учења ќе им помогнеле да му останат верни на Јехова до крај.

3. Зошто треба сите христијани да продолжат длабоко да размислуваат за основните библиски учења? Наведи пример.

3 Додека напредуваме кон христијанска зрелост, можеме да извлекуваме нови поуки од основните библиски учења. Да наведеме една споредба: Еден искусен и еден нов готвач можеби ги користат истите основни состојки кога подготвуваат некое јадење. Но низ годините, искусниот готвач научил како најдобро да ги користи тие состојки и да ги подготвува на нови и интересни начини. Слично на тоа, долгогодишните слуги на Јехова и интересентите можеби гледаат на основните библиски вистини од различни агли. Нашите околности и задачи во службата за Јехова веројатно не се исти како кога сме се крстиле. Ако учењата што сме ги дознале пред многу години ги примениме на нашата моментална ситуација, можеме да откриеме нови и практични поуки. Да видиме што можат да научат зрелите христијани од три основни библиски учења.

ЈЕХОВА Е ТВОРЕЦОТ

4. Како влијаело врз нас тоа што сме дознале дека Јехова е Творецот?

4 „Бог е оној што изградил сѐ“ (Евр. 3:4). Знаеме дека нашата планета и животот на неа биле создадени од еден семудар и семоќен Творец. Бидејќи нѐ создал, тој многу добро нѐ познава. Освен тоа, се грижи за нас. Тој знае што е најдобро за нас. Оваа едноставна вистина, дека Јехова е Творецот, извршила силно влијание врз нашиот живот, давајќи му вистинска смисла.

5. Која вистина ни помага да развиваме понизност? (Исаија 45:9-12).

5 Од вистината дека Јехова е Творецот може да извлечеме поука за понизноста. Откако Јов станал премногу сконцентриран на себе и на други луѓе, Јехова го потсетил дека Тој е семоќниот Творец (Јов 38:1-4). Ова потсетување му помогнало на Јов да увиди дека начинот на кој постапува Бог е далеку подобар од начинот на кој постапуваат луѓето. Во склад со ова, пророкот Исаија подоцна напишал: „Зарем глината ќе му рече на својот творец: ’Што правиш?‘“ (Прочитај Исаија 45:9-12.)

6. Кога е особено важно да размислуваме колку мудар и величествен е нашиот Творец? (Види ги и сликите.)

6 Како што стекнува искуство, еден христијанин би можел да почне премногу да се потпира на своето мислење, наместо да бара водство од Јехова и од неговата Реч (Јов 37:23, 24). Но, што ако едно лице длабоко размислува за тоа колку мудар и величествен е неговиот Творец? (Иса. 40:22; 55:8, 9). Оваа основна вистина ќе му помогне да остане понизен и да има исправен став кон своите гледишта.

Слики: 1. Еден старешина дава предлог на еден состанок со старешините, но другите старешини не го прифаќаат неговиот предлог. 2. Подоцна, старешината кој го дал предлогот гледа во ноќното небо полно со ѕвезди и длабоко размислува.

Што може да ни помогне да задржиме исправен став кон нашите лични гледишта? (види во пасус 6)d


7. Што направила Рахела за да прифати една промена во организацијата?

7 Рахела, која живее во Словенија, размислувала за својот Творец и тоа ѝ помогнало да прифати една промена во организацијата. Таа признава: „Имаше ситуации кога не ми беше лесно да ги прифатам одлуките на оние што предводат. На пример, дури и откако го гледав Извештајот бр. 8 од Водечкото тело за 2023, бев шокирана кога за првпат видов брат со брада како држи говор. Затоа, му се молев на Јехова да ми помогне да ја прифатам оваа промена“. Рахела сфатила дека, како Творец на небото и Земјата, Јехова на совршен начин ја води својата организација во исправниот правец. Ако ти е тешко да се приспособиш на некое ново разбирање или да прифатиш некое ново упатство, одвојувај време длабоко да размислуваш за тоа колку мудар и моќен е нашиот Творец (Рим. 11:33-36).

ЗОШТО БОГ ГИ ДОЗВОЛУВА СТРАДАЊАТА

8. Како ни користело тоа што сме дознале зошто Бог ги дозволува страдањата?

8 Зошто Бог ги дозволува страдањата? Некои кои не го знаат одговорот на ова прашање му се лутат на Бог или мислат дека тој воопшто не постои! (Изр. 19:3). За разлика од нив, ти си дознал дека наследениот грев и несовршеноста се причина за страдањата, а не Јехова. А си дознал и дека поради тоа што Јехова е стрплив со луѓето, милиони можат да го запознаат и самите да се уверат дека Јехова ќе им стави крај на страдањата (2. Пет. 3:9, 15). Овие вистини те утешиле и те зближиле со него.

9. Во кои ситуации особено треба да размислуваме за причините зошто Јехова ги дозволува страдањата?

9 Свесни сме дека треба да бидеме стрпливи додека чекаме Јехова да им стави крај на страдањата. Сепак, кога ние или нашите најблиски доживуваме неволја, неправда или загуба, можеби се прашуваме зошто Јехова веднаш не преземе нешто (Авак. 1:2, 3). Во такви моменти би било мудро да размислуваме за причините зошто Јехова дозволува праведните да страдаатa (Пс. 34:19). Можеме и да размислуваме за неговата намера да им стави крај на страдањата еднаш засекогаш.

10. Што ѝ помага на Ен да најде утеха по смртта на мајка ѝ?

10 Вистината за страдањата може да ни помогне да истраеме. Ен, која живее на островот Мајоте во Индискиот Океан, вели: „Смртта на мајка ми пред неколку години многу ме растажи. Но постојано се потсетувам дека Јехова не е одговорен за нашите страдања. Тој едвај чека да ги отстрани сите причини за страдањата и да ги воскресне нашите најблиски кои починале. Кога размислувам за овие вистини, чувствувам внатрешен мир, што честопати ме изненадува“.

11. Како тоа што знаеме зошто Јехова ги дозволува страдањата може да ни помогне да продолжиме да проповедаме?

11 Вистината во врска со тоа зошто Бог ги дозволува страдањата може да нѐ мотивира да продолжиме да проповедаме. Откако објаснил дека стрпливоста на Јехова значи спасение за оние што се каат, Петар напишал: „Вашите дела нека бидат свети и по нив нека се види дека сте му оддадени на Бог“ (2. Пет. 3:11). Едно од делата по кои се гледа дека сме му „оддадени на Бог“ е нашата служба на проповедање. Како нашиот Татко, и ние ги сакаме луѓето. Сакаме тие да живеат во Божјиот праведен нов свет. Јехова е стрплив и на луѓето на твоето подрачје им дава можност да почнат да го обожаваат. Каква чест имаш да бидеш Божји соработник и да им помагаш на што е можно повеќе луѓе да учат за него пред да дојде крајот! (1. Кор. 3:9).

ЖИВЕЕМЕ ВО „ПОСЛЕДНИТЕ ДЕНОВИ“

12. Како ни користело тоа што сме дознале дека живееме во „последните денови“?

12 Библијата точно опишува какви ќе бидат луѓето во „последните денови“ (2. Тим. 3:1-5). Доволно е само да погледнеме околу нас за да видиме како ова пророштво се исполнува. Додека гледаме како ставовите на луѓето се влошуваат, поуверени сме од кога и да било порано дека Божјата Реч е веродостојна (2. Тим. 3:13-15).

13. Во склад со споредбата на Исус од Лука 12:15-21, што би можеле да се прашаме?

13 Тоа што знаеме дека живееме во последните денови ни помага да живееме со чувство на итност. Да видиме што можеме да научиме во врска со тоа од споредбата на Исус која се наоѓа во Лука 12:15-21. (Прочитај.) Зошто богатиот човек бил наречен „безумник“? Не затоа што бил богат, туку затоа што имал погрешни приоритети. Тој собирал „богатство за себе, а не [бил] богат пред Бог“. Зошто тоа не било мудро? Бог му рекол на тој човек: „Ноќеска ќе ти го побараат животот“. Денес, како што се приближува крајот на овој свет, би можеле да се прашаме: „Дали моите цели покажуваат дека живеам со чувство на итност? Какви цели им помагам на моите деца да си постават? Дали ги користам моите финансиски средства, сила и време првенствено за да собирам богатство за себе или за да собирам богатство на небото?“

14. Како што се гледа од искуството на Мики, зошто е мудро да размислуваме за библиските докази дека живееме во последните денови?

14 Нашиот поглед кон животот може да се промени кога размислуваме за доказите дека живееме во последните денови. Тоа ѝ се случило на една сестра по име Мики. Таа раскажува: „Кога завршив средно училиште, многу сакав да ги проучувам животните и сакав да си градам кариера во тој правец. Исто така, имав цел да станам општ пионер и да служам каде што има поголема потреба. Некои зрели пријатели ме поттикнаа внимателно да размислам дали е реално да се стремам кон световна кариера и во исто време да ги постигнам моите духовни цели. Тие ме потсетија дека на овој свет наскоро ќе му дојде крај. Од друга страна, во новиот свет ќе имам цела вечност за да ги проучувам животните. Затоа одлучив да одам на краток практичен курс. Тоа ми овозможи да најдам вработување со кое можев да се издржувам како општ пионер, а подоцна и да се преселам во Еквадор каде што има поголема потреба“. Мики и нејзиниот сопруг сега служат во покраинското дело во таа земја.

15. Како примерот на Јаков покажува зошто не треба да креваме раце од луѓето кои сѐ уште не покажале интерес за добрата вест? (Види ги и сликите.)

15 Не треба да се обесхрабруваме кога луѓето не ја прифаќаат добрата вест. Тие може да се променат. Размисли за примерот на Јаков, полубратот на Исус. Тој гледал како Исус расте, станува Месијата и поучува како ниеден човек претходно. Сепак, со години, Јаков не го следел Исус. Дури откако Исус воскреснал, неговиот брат станал ученик — и тоа ревносен ученик!b (Јован 7:5; Гал. 2:9). Затоа, многу е важно да не креваме раце од роднините кои сѐ уште не покажале интерес и повторно да им проповедаме на оние кои не сакале да нѐ слушаат. Имај на ум дека живееме во последните денови и дека нашето дело е итно. Она што ќе им го кажеш денес, може да влијае врз нив подоцна, можеби дури и откако ќе започне големата неволја.c

Една сестра, во текот на своето лично проучување, ѝ се јавува на сестра си, која не е Сведок, и која пазари во маркет со својата ќеркичка.

Што може да нѐ мотивира да не креваме раце од нашите роднини кои не се Сведоци? (види во пасус 15)e


ОСТАНИ БЛАГОДАРЕН ЗА ПОТСЕТУВАЊАТА ОД ЈЕХОВА

16. Како ти користат потсетувањата од Јехова? (Види ја и рамката „Користи ги библиските вистини за да им помагаш на другите“.)

16 Дел од духовната храна што ја добиваме е подготвена за луѓе кои никогаш не слушнале за основните библиски вистини. На пример, јавните предавања кои се одржуваат секоја седмица, одредени статии и видеоклипови на jw.org и нашите списанија за јавност главно се наменети за лица кои не се Сведоци. Сепак, и ние извлекуваме корист од овие потсетувања. Тие ни помагаат да си ја продлабочиме љубовта кон Јехова, да си ја зајакнеме верата во неговата Реч и да бидеме поделотворни кога ги поучуваме другите за основните вистини (Пс. 19:7).

Користи ги библиските вистини за да им помагаш на другите

Кога читаш некоја статија, гледаш видеоклип или слушаш говор кои се наменети за заинтересираните лица, размисли како можеш да го користиш тој материјал за да им помагаш на другите. Би можел да се прашаш:

  • „Кои докази се користат за лицата да се уверат во оваа библиска вистина?“

  • „Има ли некоја делотворна споредба што би можел да ја користам кога поучувам некого за оваа вистина?“

  • „Кого би го интересирала оваа тема, и кога би можел да ја споделам оваа вистина со тоа лице?“

17. Во кои ситуации би можел да размислуваш за основните библиски учења?

17 Како Јеховини сведоци, радосни сме кога добиваме појаснување за некоја библиска вистина. Сепак, ние сме и многу благодарни за основните библиски учења кои на почетокот нѐ привлекле кон вистината. Ако некогаш се најдеме на искушение да инсистираме на нашето мислење наместо да го прифатиме водството од Јеховината организација, можеме понизно да се потсетиме кој ја води таа организација — семоќниот и семудриот Творец. Кога ние или некој од нашите најблиски се соочуваме со некоја неволја, може да бидеме стрпливи и да размислуваме за тоа зошто Јехова ги дозволува страдањата. А кога одлучуваме како да ги користиме нашите средства и време, можеме да се потсетиме дека живееме во последните денови. Јеховините потсетувања и понатаму нека нѐ зајакнуваат, мотивираат и нека ни даваат мудрост.

КОИ ПРАКТИЧНИ ПОУКИ МОЖЕ ДА ГИ ИЗВЛЕЧЕМЕ ОД ОВИЕ ОСНОВНИ БИБЛИСКИ УЧЕЊА?

  • Јехова е Творецот

  • Зошто Бог ги дозволува страдањата

  • Живееме во „последните денови“

ПЕСНА 95 Светлината свети сѐ посилно

a Види ја статијата „Зошто наскоро ќе им дојде крај на сите страдања“ во Стражарска кула од 15 мај 2007, стр. 21-25.

b Види ја лекција 8 од брошурата Сакај ги луѓето — поучувај ги за Бог.

c Види ја статијата „Што знаеме за тоа како Јехова ќе суди во иднина?“ во Стражарска кула од мај 2024, стр. 8-13.

d ОПИС НА СЛИКАТА: Старешинството не го прифаќа предлогот на еден старешина. Подоцна, додека гледа во ѕвезденото небо, тој е поттикнат да има исправен став кон своите гледишта.

e ОПИС НА СЛИКАТА: Во текот на своето лично проучување, една сестра ги разгледува доказите дека живееме во последните денови. Тоа ја поттикнува да ѝ се јави на сестра си и да ѝ сведочи.

    Публикации на македонски јазик (1991 — 2025)
    Одјави се
    Најави се
    • македонски
    • Сподели
    • Подесување
    • Copyright © 2025 Watch Tower Bible and Tract Society of Pennsylvania
    • Услови за користење
    • Полиса за приватност
    • Поставки за приватност
    • JW.ORG
    • Најави се
    Сподели