СТАТИЈА ЗА ПРОУЧУВАЊЕ 31
ПЕСНА 111 Имаме многу причини за радост
Дали си научил да бидеш задоволен во сѐ?
Сум научил да бидам задоволен во секакви околности (ФИЛ. 4:11)
ЦЕЛ НА СТАТИЈАТА
Да научиме да бидеме задоволни во сѐ така што ќе бидеме благодарни, ќе бидеме урамнотежени и понизни и ќе размислуваме за нашата надеж за иднината.
1. Што значи, а што не значи да бидеме задоволни во сѐ?
ДАЛИ си задоволен со она што го имаш? Некој кој е задоволен е радосен и има внатрешен мир затоа што се концентрира на благословите што ги има сега. Не е огорчен и не е гневен поради она што го нема. Меѓутоа, да бидеме задоволни не значи дека нема веќе потреба од промени. На пример, во ред е да сакаме да правиме повеќе во службата за Јехова (Рим. 12:1; 1. Тим. 3:1). Но ако сме задоволни, дури и да не добиеме некоја задача што ја посакуваме, тогаш кога ја посакуваме, нема да ја изгубиме радоста.
2. Зошто е опасно човек да не е задоволен со она што го има?
2 Опасно е човек да не е задоволен со она што го има. На пример, може да почне да работи прекувремено за да купи материјални работи кои, всушност, не му се ни потребни. За жал, некои христијани дури украле пари и други работи кои ги посакувале. Можеби си се оправдувале: „Јас го заслужувам ова“. „Па до кога ќе чекам?“ Или: „Ќе ги вратам парите“. Но, крадењето е крадење и му носи срам и болка на Јехова (Изр. 30:9). Други, пак, толку се разочарале што не добиле некоја задача во организацијата што сосема престанале да му служат на Јехова (Гал. 6:9). Како би можел еден слуга на Јехова дури и да помисли да направи такво нешто? Проблемот можеби е во тоа што повеќе не е задоволен со она што го има.
3. Во што нѐ уверуваат зборовите од Филипјаните 4:11, 12?
3 Можеме да научиме да бидеме задоволни со она што го имаме. Апостол Павле напишал дека научил да биде „задоволен во секакви околности“. (Прочитај Филипјаните 4:11, 12.) Овие зборови ги напишал додека бил во затвор. Но, и покрај тоа, не ја изгубил радоста. Научил како да биде задоволен во сѐ. Ако понекогаш ни доаѓаат чувства на незадоволство, од зборовите и искуството на Павле гледаме дека можеме да бидеме задоволни во секакви околности. Но, тоа не доаѓа природно, автоматски. Затоа, мораме да научиме да бидеме задоволни. Како? Сега ќе разгледаме некои особини кои ќе ни помогнат да бидеме задоволни во сѐ.
ДА БИДЕМЕ БЛАГОДАРНИ
4. Како тоа што сме благодарни ни помага да бидеме задоволни со она што го имаме? (1. Солуњаните 5:18).
4 Ако сме благодарни, ќе бидеме задоволни со она што го имаме. (Прочитај 1. Солуњаните 5:18.) На пример, ако сме вистински благодарни што ги имаме основните работи за живот, нема да се преокупираме со работи кои ги посакуваме, а ги немаме. А ако ги цениме задачите што ги имаме во службата за Јехова, ќе се трудиме да ги вршиме најдобро што можеме и нема постојано да размислуваме за некоја нова задача што ја посакуваме. Гледаме колку е важно да бидеме благодарни, и затоа во Библијата сме поттикнати да му благодариме на Јехова во нашите молитви. Ако сме благодарни, ќе го имаме „мирот Божји, кој ја надминува секоја мисла“ (Фил. 4:6, 7).
5. За што сѐ требало да бидат благодарни Израелците? (Види ја и сликата.)
5 Да размислиме за она што им се случило на Израелците. Во повеќе прилики му се жалеле на Јехова затоа што им фалела храната што ја имале во Египет (4. Мој. 11:4-6). Точно, животот во пустината не им бил лесен. Но, што можело да им помогне да бидат задоволни со она што го имале? Требало со благодарност да размислуваат за она што Јехова веќе го направил за нив. Во Египет, каде што биле брутално третирани како робови, Јехова им нанел десет неволји на нивните поробувачи. Откако Израелците биле ослободени, од Египќаните добиле сребро, злато и облека (2. Мој. 12:35, 36). Кога Египќаните ги гонеле сѐ до Црвеното Море, Јехова со чудо го разделил морето. А додека патувале низ пустината, секој ден ги хранел со мана. Тогаш, во што бил проблемот? Израелците не биле задоволни со тоа, не затоа што немале што да јадат, туку затоа што не биле благодарни за она што го имале.
Зошто Израелците станале незадоволни? (види во пасус 5)
6. Што ќе ни помогне да бидеме благодарни?
6 Тогаш, што ќе ти помогне да бидеш благодарен? Прво, секој ден одвој си време да размислуваш за убавите работи што ги имаш. Не би било лошо дури и да си запишеш две до три работи за кои си благодарен (Плач 3:22, 23). Второ, покажи ја благодарноста. Заблагодари им се на другите за она што го прават за тебе. И пред сѐ, редовно благодари му на Јехова (Пс. 75:1). Трето, за блиски пријатели бирај си луѓе кои се благодарни. Благодарноста е заразна, исто како што е и незадоволството (5. Мој. 1:26-28; 2. Тим. 3:1, 2, 5). Кога сме фокусирани на тоа да покажеме благодарност, нема толку да се преокупираме со она што го немаме.
7. Што ѝ помогнало на Ачи да биде благодарна, и кој бил резултатот?
7 Да видиме што ѝ се случило на Ачи, која живее во Индонезија. Таа вели: „За време на пандемијата со КОВИД-19, почнав да правам споредба помеѓу моите околности и околностите на браќата и сестрите. Тоа само придонесе да чувствувам незадоволство“ (Гал. 6:4). Што ѝ помогнало да си го смени ставот? Ачи вели: „Почнав да размислувам за благословите што ги добивав секој ден и за многуте убави работи што ги имав затоа што сум дел од Божјата организација. Потоа, во молитва му благодарев на Јехова за тоа. Тоа ми помогна да бидам вистински задоволна.“ Ако те преплавуваат негативни мисли, би можел ли и ти да направиш нешто слично?
ДА БИДЕМЕ УРАМНОТЕЖЕНИ И ПОНИЗНИ
8. Што му се случило на Варух?
8 Варух, писарот на пророкот Еремија, едно време ја изгубил од вид Јеховината волја. Тој имал тешка задача — да му помага на Еремија да пренесе остра порака до еден неблагодарен народ. И, во еден момент, излегол од рамнотежа. Наместо да се концентрира на она што Јехова очекувал од него да го прави, тој почнал премногу да се концентрира на самиот себе и на тоа што сакал тој да прави. Преку Еремија, Јехова му рекол на Варух: „Ти бараш големи работи за себе. Не барај го тоа“ (Ерем. 45:3-5). Со други зборови: „Биди задоволен со она што го имаш сега“. Варух го послушал Јехова и си го зачувал пријателството со него.
9. Според 1. Коринќаните 4:6, 7, за што треба да бидеме свесни? (Види ги и сликите.)
9 Може да се случи еден христијанин да смета дека заслужува да добие одредена задача во организацијата. Можеби е многу талентиран, вреден или има големо искуство — или пак сето ова заедно. Меѓутоа, задачата што тој ја посакува можеби ќе ја добие некој друг. Што ќе му помогне да задржи исправен став? Тоа што ќе размислува за зборовите кои апостол Павле ги напишал во 1. Коринќаните 4:6, 7. (Прочитај.) Секоја задача што ќе ја добиеме и секој талент што го имаме доаѓаат од Јехова. Не сме ние заслужни за тоа. Тие се израз на Јеховината незаслужена доброта (Рим. 12:3, 6; Еф. 2:8, 9).
Секоја дарба што ја имаме е израз на Јеховината незаслужена доброта (види во пасус 9)b
10. Што ќе ни помогне да бидеме понизни?
10 Што ќе ни помогне да бидеме понизни? Тоа што ќе размислуваме за примерот што Исус ни го оставил. Да видиме што се случило вечерта кога Исус им ги измил нозете на своите апостоли. Апостол Јован напишал: „Исус, знаејќи [1] дека Таткото му даде сѐ во негови раце и [2] дека дојде од Бог и [3] дека оди кај Бог... почна да им ги мие нозете на учениците“ (Јован 13:3-5). Исус можел да си мисли дека тој заслужува нему да му ги измијат нозете. Но, додека бил на Земјата, никогаш не помислил дека тој заслужува поубав и поудобен живот (Лука 9:58). Исус бил понизен и бил задоволен со своите околности. Ни оставил совршен пример (Јован 13:15).
11. Како понизноста му помага на Денис да се чувствува задоволен?
11 Денис од Холандија се труди да покажува понизност како Исус. Но не му е секогаш лесно. Тој вели: „Понекогаш ќе забележам дека кај мене почнуваат да се раѓаат чувства на гордост и незадоволство, на пример, кога ќе видам дека некој друг ќе добие задача што јас ја посакувам. Кога ќе се случи такво нешто, проучувам за понизноста. Во апликацијата JW Library® имам обележано некои стихови за понизноста за да можам брзо да ги најдам и да си ги прочитам. А на телефонот имам симнато и некои говори за понизноста и често си ги слушам.a Сфатив дека целта на сѐ што правиме е да му донесеме слава на Јехова, а не себеси. Ние имаме само мал удел во сето она што тој го постигнува“. Ако почнеш да чувствуваш незадоволство поради твојата ситуација, работи на понизноста. Така ќе си го зајакнеш пријателството со Јехова и ќе бидеш задоволен (Јак. 4:6, 8).
ДА РАЗМИСЛУВАМЕ ЗА НАШАТА НАДЕЖ
12. Која надеж ни помага да бидеме задоволни во животот? (Исаија 65:21-25).
12 Се чувствуваме поисполнето и позадоволно кога размислуваме колку прекрасна надеж имаме. Од зборовите што ги запишал пророкот Исаија се гледа дека Јехова разбира во колку тешки услови живееме и ни ветува подобра иднина. (Прочитај Исаија 65:21-25.) Ни ветува дека ќе имаме свој дом во кој ќе се чувствуваме безбедно. Ќе имаме работа која ќе нѐ исполнува и ќе имаме здрава и вкусна храна. Никогаш повеќе нема да се плашиме за себе или за нашите деца (Иса. 32:17, 18; Езек. 34:25). Да, овие ветувања апсолутно ќе се исполнат! Нѐ чека прекрасна иднина.
13. Кога особено е важно да останеме сконцентрирани на нашата надеж?
13 Никогаш досега не било толку важно да останеме сконцентрирани на нашата надеж. Зошто? Затоа што живееме „во последните денови“ и сите се бориме со разни проблеми (2. Тим. 3:1). Јехова секој ден ни помага да истраеме така што ни дава водство, сила и поддршка (Пс. 145:14). Нашата надеж особено ни помага кога минуваме низ некој тежок личен проблем. Можеби како семејство се мачите да врзете крај со крај. Дали таа борба за опстанок ќе трае до недоглед? Дефинитивно не! Јехова ветил дека ќе ти даде сѐ што ти треба — и многу повеќе од тоа — во рајот (Пс. 9:18; 72:12-14). Можеби страдаш од хронична болка, депресија или некоја друга тешка болест. Дали тоа значи дека нема спас за тебе? Дека едноставно цел живот ќе се мачиш? Ни најмалку. Во Божјиот нов свет ќе нема ни трага од болестите и смртта (Отк. 21:3, 4). Таа надеж ни помага уште сега да чувствуваме задоволство и да нема кај нас ни трошка гнев и огорченост. Можеме да бидеме задоволни во секакви околности, дури и кога се соочуваме со неправди или кога ќе ни почине некој близок, кога сме болни или кога минуваме низ други тешки испити. Зошто? Затоа што, без разлика колку ни е тешко сега, знаеме дека нашата неволја е моментална и дека наскоро новиот свет ќе донесе трајно олеснување (2. Кор. 4:17, 18).
14. Како може да си ја зајакнеме надежта?
14 Гледаме колку е важна надежта за да чувствуваме задоволство. Тогаш, како да ја одржуваме цврста таа надеж? Исто како што некој мора да носи очила за појасно да гледа надалеку, и ние можеби ќе треба да си ја зајакнеме надежта за да може појасно да го гледаме рајот кој нѐ чека во иднина. Кога нѐ мачат грижи околу финансиите, добро е да си замислиме каков ќе ни биде животот кога парите, долговите и економските разлики ќе бидат само минато. Ако сме разочарани затоа што сѐ уште не сме добиле некоја задача што ја посакуваме, да размислуваме колку неважно ќе биде сето тоа кога ќе имаме можност како совршени луѓе во цела вечност да му служиме на Јехова (1. Тим. 6:19). Денес нѐ притискаат толку многу грижи што можеби не ни е и баш најлесно да се натераме да размислуваме за иднината. Но, да не се откажуваме. Нека ни стане навика да размислуваме за иднината што Јехова ни ја ветил.
15. Што учиме од зборовите на Криста?
15 Да видиме како надежта ѝ помага на Криста, сопругата на Денис, кого го спомнавме претходно. Таа вели: „Имам прогресивно мускулно нарушување, поради што морам да користам инвалидска количка и поголемиот дел од денот да го поминам в кревет. Секој ден имам болки. Неодамна лекарот ми кажа дека мојата ситуација не изгледа баш најдобро. Но, јас веднаш си помислив: ’Ама, тој не гледа на иднината како мене‘. Јас сум сконцентрирана на мојата надеж, а тоа ми носи внатрешен мир. Можеби во овој свет мојот живот е вистинско мачење, но во новиот свет ќе му се радувам на вистинскиот живот!“
„НИШТО НЕ ИМ НЕДОСТИГА НА ОНИЕ ШТО СЕ БОЈАТ ОД НЕГО“
16. Зошто цар Давид можел да каже дека „ништо не им недостига на оние што се бојат“ од Јехова?
16 Дури и слугите на Јехова кои се задоволни во секакви околности, се соочуваат со проблеми. Да го земеме за пример цар Давид. Од Библијата дознаваме дека му починале три деца. Неправедно бил обвинет, предаден, гонет со години. И покрај тоа, кога минувал низ еден тежок испит, во врска со Јехова тој рекол: „Ништо не им недостига на оние што се бојат од него“ (Пс. 34:9, 10). Зошто можел да каже такво нешто? Затоа што знаел дека, иако е слуга на Јехова, ќе има проблеми во животот, но и дека Јехова ќе му даде сѐ што му е потребно (Пс. 145:16). Исто како Давид, и ние можеме да бидеме сигурни дека Јехова ќе ни помага во сите наши испити. Ќе ни помага да бидеме задоволни во секакви околности.
17. Зошто си решен да научиш да бидеш задоволен во сѐ?
17 Јехова сака да бидеш задоволен и да му се радуваш на животот (Пс. 131:1, 2). Затоа, труди се да научиш да бидеш задоволен во секакви околности. Ако даваш сѐ од себе да бидеш благодарен, да бидеш урамнотежен и понизен и да си ја зајакнеш надежта, и ти ќе можеш да кажеш: „Научив како да бидам задоволен во сѐ“ (Фил. 4:11, 12).
ПЕСНА 118 „Дај ни уште вера!“
a На пример, на jw.org гледај ја Библиската утринска програма Дали си понизен или горд?
b ОПИС НА СЛИКАТА: Еден брат врши поправка во теократски објект, една сестра која научила знаковен јазик има интервју на покраински собир и еден брат држи јавно предавање.