ОНЛАЈН БИБЛИОТЕКА Watchtower
ОНЛАЈН БИБЛИОТЕКА
Watchtower
македонски
ѐ
  • Ѐ
  • ѐ
  • Ѝ
  • ѝ
  • БИБЛИЈА
  • ПУБЛИКАЦИИ
  • СОСТАНОЦИ
  • w25 Ноември стр. 22-27
  • Ти си скапоцен за Јехова!

За овој материјал нема видео.

Се појави проблем. Видеото не може да се отвори.

  • Ти си скапоцен за Јехова!
  • Стражарска кула го објавува Јеховиното Царство (за проучување) 2025
  • Поднаслови
  • Сличен материјал
  • КАКО ИСУС ИМ ПОМАГАЛ НА ЛУЃЕТО ДА СФАТАТ КОЛКУ ВРЕДАТ
  • ШТО ЌЕ НИ ПОМОГНЕ ДА СЕ ГЛЕДАМЕ СЕБЕСИ КАКО ШТО НЀ ГЛЕДА ЈЕХОВА
  • Јехова „ги лекува оние со скршено срце“
    Стражарска кула го објавува Јеховиното Царство (за проучување) 2024
  • Јехова многу те сака
    Стражарска кула го објавува Јеховиното Царство (за проучување) 2024
  • Што учиме од последните 40 дена на Исус на Земјата
    Стражарска кула го објавува Јеховиното Царство (за проучување) 2024
  • Скромно прифати дека има работи кои не ги знаеш
    Стражарска кула го објавува Јеховиното Царство (за проучување) 2025
Повеќе
Стражарска кула го објавува Јеховиното Царство (за проучување) 2025
w25 Ноември стр. 22-27

СТАТИЈА ЗА ПРОУЧУВАЊЕ 47

ПЕСНА 38 Тој ќе те зајакне

Ти си скапоцен за Јехова!

Ти си Божји љубимец (ДАН. 9:23)

ЦЕЛ НА СТАТИЈАТА

Да им помогне на оние кои имаат чувство на безвредност да сфатат дека се скапоцени за Јехова.

1-2. Што може да ни помогне да се увериме дека сме скапоцени во Божји очи?

ЈЕХОВА ги смета своите слуги за скапоцени. Но некои од нив се чувствуваат безвредно. Причината можеби е тоа што некој постапувал многу лошо со нив. Дали тоа е случај и со тебе? Ако да, што може да ти помогне да се увериш дека си скапоцен во Јеховините очи?

2 Една работа која може да ти помогне е ако размислуваш за библиски извештаи кои покажуваат како Јехова сака да гледаме на луѓето и да постапуваме со нив. Неговиот Син, Исус, го почитувал достоинството на луѓето и постапувал љубезно со нив. Со тоа покажал дека за него и за неговиот Татко се многу скапоцени оние кои за себе мислат дека не вредат многу (Јован 5:19; Евр. 1:3). Во оваа статија ќе разгледаме: 1) како Исус им помагал на луѓето да сфатат колку вредат и 2) како можеме да се увериме себеси дека навистина сме скапоцени во Божји очи (Агеј 2:7).

КАКО ИСУС ИМ ПОМАГАЛ НА ЛУЃЕТО ДА СФАТАТ КОЛКУ ВРЕДАТ

3. Како Исус постапувал со луѓето од Галилеја кои доаѓале кај него за да им помогне?

3 Додека Исус по третпат проповедал во Галилеја, многу луѓе доаѓале да го слушаат и да бидат излекувани. Исус забележал дека тие биле „измачени и расеани како овци без пастир“ (Мат. 9:36). Нивните верски водачи ги презирале, па дури и ги нарекувале „проклет народ“ (Јован 7:47-49). Но Исус постапувал со нив љубезно и со почит така што одвојувал време за да ги поучи и за да ги излечи од нивните болести (Мат. 9:35). Освен тоа, за да им помогне на повеќе луѓе, тој ги обучил своите апостоли да проповедаат и ги овластил да лекуваат болести (Мат. 10:5-8).

4. Што учиме од начинот на кој Исус постапувал со луѓето кои биле презирани од општеството?

4 Со тоа што се однесувал со луѓето љубезно и со почит, Исус покажал дека тој и неговиот Татко ги сметаат за скапоцени оние кои обично се презирани од општеството. Ако му служиш на Јехова, но се бориш со чувство на безвредност, размислувај за тоа колкаво внимание им обрнал Исус на понизните луѓе кои сакале да учат од него. Тоа ќе ти помогне да сфатиш колку си скапоцен во Јеховини очи.

5. Опиши ги околностите во кои се наоѓала една жена од Галилеја која ја сретнал Исус.

5 Исус не поучувал само групи на луѓе туку им обрнувал внимание и на поединци. На пример, додека проповедал во Галилеја, тој сретнал жена која 12 години страдала од крвавење (Мар. 5:25). Бидејќи според Законот таа била нечиста, секој што ќе ја допрел станувал нечист. Затоа, таа не смеела да биде во близина на други луѓе и веројатно поголемиот дел од времето била сама. Освен тоа, не можела да го обожава Јехова заедно со другите во синагогата или за време на празниците (3. Мој. 15:19, 25). Без сомнение, таа жена страдала и во физички и во емоционален поглед (Мар. 5:26).

6. Што направила жената која страдала од крвавење за да биде излекувана?

6 Таа измачена жена сакала Исус да ја излекува. Но, не го побарала тоа директно од него. Зошто? Можеби ѝ било срам поради состојбата во која се наоѓала. Или можеби се плашела дека Исус ќе ја прекори бидејќи била нечиста и не требало да се меша во мноштвото луѓе. Затоа само ја допрела неговата облека бидејќи била уверена дека тоа ќе ја излечи (Мар. 5:27, 28). Нејзината вера била наградена — таа била излекувана. Потоа Исус прашал кој го допрел, и жената признала дека таа го сторила тоа. Како постапил Исус со неа?

7. Како постапил Исус со жената која многу страдала? (Марко 5:34).

7 Исус постапил со жената љубезно и со почит. Тој забележал дека таа била „исплашена и растреперена“ (Мар. 5:33). Бидејќи бил свесен како таа се чувствува, ја утешил со своите зборови. Дури ѝ се обратил со зборот „ќерко“. Со тоа не само што покажал учтивост туку и обѕирност и љубов. (Прочитај Марко 5:34.) Ова е единственото место во Библијата каде што Исус ѝ се обратил на некоја жена со зборот „ќерко“. Исус веројатно го употребил тој љубезен збор во таа ситуација бидејќи видел дека жената е многу исплашена. Замисли колку мора да ѝ олеснало! Да не ја утешел Исус со своите зборови, таа можеби ќе си заминела излечена во физички поглед, но во емоционален поглед ќе била оптоварена со чувство на вина. Наместо тоа, Исус ѝ помогнал да се види себеси онаква каква што навистина е — скапоцена ќерка на небесниот Татко кој е полн со љубов.

8. Со какви тешкотии се соочила една сестра од Бразил?

8 И денес, некои Божји слуги имаат здравствени проблеми поради кои би можеле да се чувствуваат потиштено и безвредно. Марија,a една сестра од Бразил која служи како општ пионер, се родила без двете нозе и без левата рака. Таа објаснува: „На школо постојано ме малтретираа поради мојот хендикеп. Ме нарекуваа со погрдни имиња. Па дури и во семејството бев понижувана“.

9. Што ѝ помогнало на Марија да сфати дека е скапоцена за Јехова?

9 Што ѝ помогнало на Марија? Кога станала Јеховин сведок, соверниците ја тешеле и ѝ помогнале да гледа на себе како што Јехова гледа на неа. Таа вели: „Нема доволно страници во мојот тефтер за да ги спомнам сите што ми помогнаа! Му благодарам на Јехова од длабочината на моето срце што ми даде толку прекрасно духовно семејство“. Соверниците ѝ помогнале на Марија да сфати дека е скапоцена во Божји очи.

10. Каков проблем имала Марија Магдалена? (Види ги и сликите.)

10 Да видиме како Исус ѝ помогнал на една друга личност — на Марија Магдалена, која била обземена од седум демони (Лука 8:2). Таа веројатно се однесувала чудно бидејќи била под влијание на демоните и, поради тоа, другите ја избегнувале. Во текот на тој тежок период од нејзиниот живот, таа сигурно се чувствувала отфрлено, несигурно и беспомошно. По сѐ изгледа, Исус ги истерал демоните што ја измачувале и таа станала негов верен следбеник. На кој друг начин Исус ѝ помогнал на Марија Магдалена да сфати дека е скапоцена за Бог?

Слики: 1. Исус ја набљудува Марија Магдалена која е растревожена и клекната на земја во една темна уличка. 2. Марија Магдалена со радост ги придружува Исус и неговите ученици.

Како Исус ја уверил Марија Магдалена дека е скапоцена за Јехова? (види во пасуси 10-11)


11. Како Исус ѝ покажал на Марија Магдалена дека таа е скапоцена за Бог? (Види ги и сликите.)

11 Исус ја поканил Марија Магдалена да ги придружува него и неговите апостоли додека проповедале од село во село.b Тоа ѝ овозможило да слуша додека тој ги поучувал другите. Исто така, Исус ѝ се појавил истиот ден кога воскреснал. Таа била еден од првите ученици со кои Исус зборувал тој ден. Дури ѝ дал задача да ги извести неговите апостоли дека тој воскреснал. Со сето ова, Исус ѝ помогнал да сфати дека таа е навистина скапоцена за Јехова! (Јован 20:11-18).

12. Објасни зошто Лидија се чувствувала отфрлено.

12 Исто како што било случај со Марија Магдалена, многумина денес се чувствуваат отфрлено од другите. Една сестра од Шпанија по име Лидија рекла дека, пред да се роди, нејзината мајка размислувала да направи абортус. Таа се сеќава дека, уште кога била многу малечка, мајка ѝ ја запоставувала и вербално ја малтретирала. Лидија вели: „Бидејќи мајка ми не ми покажуваше љубов, копнеев по тоа другите да ме прифатат и да ме сакаат. Се плашев дека никогаш нема да ја заслужам таквата љубов бидејќи мајка ми ме увери дека сум лоша личност“.

13. Што ѝ помогнало на Лидија да сфати дека е скапоцена за Јехова?

13 Кога Лидија почнала да ја проучува Библијата, работите се смениле. Тоа што му се молела на Јехова, ја читала Библијата, како и љубезните зборови и постапки на соверниците ѝ помогнале да сфати дека таа е скапоцена во Божји очи. Лидија вели: „Мојот сопруг често ми кажува колку многу ме сака. Тој постојано ме потсетува кои убави особини ги имам. И други блиски пријатели го прават истото“. Можеш ли да се сетиш на некој на кого му е потребна помош за да сфати колку е скапоцен во Јеховините очи?

ШТО ЌЕ НИ ПОМОГНЕ ДА СЕ ГЛЕДАМЕ СЕБЕСИ КАКО ШТО НЀ ГЛЕДА ЈЕХОВА

14. Како 1. Самоилова 16:7 ни помага да се гледаме себеси како што Јехова гледа на нас? (Види ја и рамката „Зошто за Јехова е скапоцен неговиот народ?“)

14 Имај на ум дека Јехова не гледа на тебе како што гледаат луѓето во светот. (Прочитај 1. Самоилова 16:7.) Тој не ја одредува твојата вредност на темел на твојот изглед, твојата финансиска состојба или степенот на образование (Иса. 55:8, 9). Затоа, немој да ја одредуваш твојата вредност на темел на мерилата во светот, туку на темел на Јеховините мерила. Би можел да читаш библиски извештаи од кои се гледа дека Јехова ги ценел оние што понекогаш се чувствувале безвредно, како на пример Илија, Ноемина и Ана. Исто така, би можел да си запишуваш случки од животот кои се доказ дека Јехова навистина те сака и те цени. Освен тоа, би можел да истражуваш во нашите публикации на тема самопочит и чувство на безвредност.c

Зошто за Јехова е скапоцен неговиот народ?

Јехова ги создал луѓето да бидат многу поразлични од животните. Тој нѐ создал на начин кој ни овозможува да го запознаеме и да бидеме негови пријатели (1. Мој. 1:27; Пс. 8:5; 25:14; Иса. 41:8). Тоа е силна причина поради која можеме да имаме разумна мера на самопочит. Но, има и уште една многу посилна причина. Ако одлучиме да се зближиме со Јехова, да му бидеме послушни и да му го заветуваме животот, тогаш сме многу скапоцени за нашиот Бог и Творец (Иса. 49:15).

15. Зошто Даниел бил скапоцен за Јехова? (Даниел 9:23).

15 Редовно потсетувај се дека си скапоцен за Јехова поради твојата верност. Во една прилика, кога веројатно имал речиси 100 години, пророкот Даниел се чувствувал „исцрпен од умор“ и обесхрабрен (Дан. 9:20, 21). Како Јехова го охрабрил? Тој го испратил ангелот Гавриел да го потсети Даниел дека тој е „Божји љубимец“, односно дека е скапоцен за Бог и дека неговите молитви се услишени. (Прочитај Даниел 9:23.) Зошто Даниел бил толку скапоцен за Бог? Поради неговите убави особини, како на пример праведноста и верноста (Езек. 14:14). Јехова го зачувал овој извештај во својата Реч за да нѐ утеши (Рим. 15:4). Јехова ги слуша и твоите молитви, и бидејќи го правиш она што е исправно и си му верен, ти си скапоцен за него (Мих. 6:8, фус.; Евр. 6:10).

16. Што може да ти помогне да гледаш на Јехова како на Татко кој многу те сака?

16 Гледај на Јехова како на Татко кој те сака. Тој сака да ти помогне, а не да ти наоѓа мани (Пс. 130:3; Мат. 7:11; Лука 12:6, 7). Тоа што размислувале за ова им помогнало на многумина што се борат со чувство на безвредност. На пример, размисли за една сестра од Шпанија по име Мишел која се чувствувала отфрлено и бескорисно бидејќи со години трпела вербално малтретирање од својот сопруг. Таа вели: „Секогаш кога се чувствувам бескорисно, се обидувам да си го замислам Јехова како ме носи во својата прегратка и ми пружа љубов и заштита“ (Пс. 28:9). Лорен, една сестра од Јужноафриканската Република, се присетува: „Штом Јехова љубезно ме привлекол кон себе, ми помогнал да останам блиска со него сиве овие години, па дури и ме користи да ги поучувам другите, тогаш тој сигурно ме смета за скапоцена и корисна“ (Јован 6:44).

17. Што може да ти помогне да се увериш дека ја имаш Јеховината наклоност? (Псалм 5:12; види ја и сликата).

17 Биди уверен дека ја имаш Јеховината наклоност. (Прочитај Псалм 5:12.) Давид ја споредил Јеховината наклоност со „голем штит“ кој ги штити праведните луѓе. Тоа што знаеш дека ја имаш Јеховината наклоност и поддршка, може да ти послужи како штит кога ќе почнеш да се напаѓаш себеси со негативни мисли дека си безвреден. Како можеш да знаеш дека ја имаш Јеховината наклоност? Како што веќе видовме, Јехова ни ја дал Библијата за да ни каже како гледа на нас. Освен тоа, тој ги користи старешините, блиските пријатели и другите луѓе за да нѐ потсети дека сме скапоцени во негови очи. Како треба да реагираш на таквите охрабрувања?

Една сестра е насмеана додека излегува од салата за состаноци и тргнува во служба на проповедање со друга сестра која ја прегрнала со едната рака.

Тоа што знаеме дека ја имаме Јеховината наклоност може да ни помогне да не се чувствуваме безвредно (види во пасус 17)


18. Зошто треба да ги прифаќаме пофалбите од другите?

18 Немој да ги отфрлаш искрените пофалби од оние што те познаваат и те сакаат. Имај на ум дека Јехова можеби ги користи за да ти помогне да се увериш дека ја имаш неговата наклоност. Мишел, која ја спомнавме претходно, вели: „Малку по малку, учам да ги прифаќам убавите зборови што другите ми ги кажуваат. Иако ми е тешко да поверувам во нив, знам дека Јехова сака да го правам тоа“. Исто така, старешините љубезно ѝ помогнале на Мишел да види дека Јехова ја сака. Таа сега служи како пионер и како надворешен бетелски соработник.

19. Зошто можеш да бидеш уверен дека си скапоцен во Божји очи?

19 Исус љубезно нѐ потсетува дека многу му значиме на нашиот небесен Татко (Лука 12:24). Затоа можеме да бидеме уверени дека сме скапоцени за Јехова. Никогаш да не го заборавиме ова! И да дадеме сѐ од себе за да им помагаме на другите да видат колку се скапоцени во Божји очи!

КАКО БИ ОДГОВОРИЛ?

  • Како Исус им помагал на другите да сфатат дека се скапоцени во Божји очи?

  • Како Исус ѝ помогнал на жената која страдала од крвавење?

  • Што може да ни помогне да се гледаме себеси како што нѐ гледа Јехова?

ПЕСНА 139 Се гледаш ли во новиот свет?

a Некои имиња се сменети.

b По сѐ изгледа, Марија Магдалена била една од жените кои патувале со Исус. Тие жени го користеле она што го имале за да се грижат за потребите на Исус и на апостолите (Мат. 27:55, 56; Лука 8:1-3).

c На пример, види во поглавје 24 од книгата Приближи му се на Јехова и прочитај ги предложените стихови и библиските извештаи под темата „Сомнежи“ во книгата Библиски стихови за нашиот живот.

    Публикации на македонски јазик (1991 — 2025)
    Одјави се
    Најави се
    • македонски
    • Сподели
    • Подесување
    • Copyright © 2025 Watch Tower Bible and Tract Society of Pennsylvania
    • Услови за користење
    • Полиса за приватност
    • Поставки за приватност
    • JW.ORG
    • Најави се
    Сподели