ОНЛАЈН БИБЛИОТЕКА Watchtower
ОНЛАЈН БИБЛИОТЕКА
Watchtower
македонски
ѐ
  • Ѐ
  • ѐ
  • Ѝ
  • ѝ
  • БИБЛИЈА
  • ПУБЛИКАЦИИ
  • СОСТАНОЦИ
  • w25 Декември стр. 8-13
  • Книгата Јов може да ти помогне кога даваш совет

За овој материјал нема видео.

Се појави проблем. Видеото не може да се отвори.

  • Книгата Јов може да ти помогне кога даваш совет
  • Стражарска кула го објавува Јеховиното Царство (за проучување) 2025
  • Поднаслови
  • Сличен материјал
  • КАКО ТРОЈЦАТА ПРИЈАТЕЛИ ГО СОВЕТУВАЛЕ ЈОВ
  • КАКО ЕЛИУ ГО СОВЕТУВАЛ ЈОВ
  • ПРОДОЛЖИ ДА ИЗВЛЕКУВАШ ПОУКИ ОД КНИГАТА ЈОВ
  • Лекција за тоа како да се постапува со проблемите
    Стражарска кула го објавува Јеховиното Царство 1995
  • Јововата награда — извор на надеж
    Стражарска кула го објавува Јеховиното Царство 1994
  • Избрани стихови од книгата Јов
    Стражарска кула го објавува Јеховиното Царство 2006
  • Книгата Јов може да ти помогне кога страдаш
    Стражарска кула го објавува Јеховиното Царство (за проучување) 2025
Повеќе
Стражарска кула го објавува Јеховиното Царство (за проучување) 2025
w25 Декември стр. 8-13

СТАТИЈА ЗА ПРОУЧУВАЊЕ 49

ПЕСНА 44 Молитва на потиштениот

Книгата Јов може да ти помогне кога даваш совет

Те молам, Јове, чуј ги моите зборови (ЈОВ 33:1)

ЦЕЛ НА СТАТИЈАТА

Да видиме што можеме да научиме од книгата Јов во врска со тоа како да даваме корисни совети.

1-2. Зошто на тројцата пријатели на Јов и на Елиу не им било лесно да го утешат Јов?

ВЕСТА се шири како пожар меѓу луѓето на Истокот. Еден човек по име Јов, кој надалеку е познат по своето богатство, изгубил сѐ. Кога тројцата пријатели на Јов — Елифаз, Вилдад и Софар — дознаваат што му се случило, тргнуваат кон Уз за да го утешат. Но кога гледаат што му се случило на Јов, тие се шокирани.

2 Замисли си ја глетката. Јов изгубил речиси сѐ што поседувал. Неговите огромни стада со овци, говеда, камили и магарици ги нема повеќе. Неговите деца и поголемиот дел од неговите слуги се мртви. А куќата во која загинале децата на Јов лежи во урнатини. И како тоа да не било доволно, Јов е погоден од тешка болест. Целото тело му е прекриено со болни чиреви. Кога Елифаз, Вилдад и Софар пристигнуваат, Јов седи во пепел и е многу потиштен. Како реагираат тие? Цели седум дена ништо не му кажуваат на овој човек кој е во голема болка (Јов 2:12, 13). Во еден момент, еден помлад човек по име Елиу доаѓа и седнува во близина. Јов конечно ја прекинува тишината со тоа што го проколнува денот кога се родил и посакува да умре (Јов 3:1-3, 11). Јасно е дека на Јов му се потребни утеха и помош. Она што ќе го кажат овие мажи и начинот на кој ќе го кажат тоа ќе покаже дали тие му се вистински пријатели на Јов и дали навистина се заинтересирани за неговото добро.

3. Што ќе разгледаме во оваа статија?

3 Јехова го водел Мојсеј да го запише она што го кажале и го направиле тројцата пријатели на Јов и Елиу. Вреди да се забележи дека дел од она што го кажал Елифаз се чини дека било под влијание на некој зол дух. За разлика од тоа, она што го кажал Елиу било под водство на Јехова (Јов 4:12-16; 33:24, 25). Не нѐ изненадува тоа што во книгата Јов се наоѓаат некои од најдобрите совети што некогаш биле дадени, но и некои од најлошите. Затоа книгата Јов може многу да ни помогне кога треба да дадеме совет. Прво, ќе го разгледаме лошиот пример на Елифаз, Вилдад и Софар, а потоа добриот пример на Елиу. Исто така, ќе видиме како книгата Јов можела да им користи на Израелците, и како може да ни користи нам денес.

КАКО ТРОЈЦАТА ПРИЈАТЕЛИ ГО СОВЕТУВАЛЕ ЈОВ

4. Зошто тројцата пријатели на Јов не успеале да го утешат? (Види ја и сликата.)

4 Библијата вели дека тројцата пријатели на Јов отишле „да жалат со него и да го утешат“ откако чуле за неволјите што ги доживеал (Јов 2:11). Но, тие не го утешиле Јов. Зошто? Од најмалку три причини. Прво, тие брзо донеле погрешни заклучоци. На пример, тие погрешно заклучиле дека Јехова го казнува Јов за гревовите што ги направилa (Јов 4:7; 11:14). Второ, поголемиот дел од советите што му ги дале на Јов не биле љубезни, многу го повредиле и воопшто не му биле од помош. На пример, тројцата мажи кажале нешто што звучело добро, но било бескорисно (Јов 13:12). Вилдад двапати нељубезно му кажал на Јов дека премногу зборува (Јов 8:2; 18:2). А Софар сурово го споредил Јов со празноглав човек (Јов 11:12). Трето, иако тие можеби не го повишиле својот глас, начинот на кој зборувале со Јов честопати бил надмен, саркастичен и обвинувачки (Јов 15:7-11). На крајот, на овие мажи поважно им било да докажат дека Јов не е во право отколку да го излекуваат неговото срце и да му ја зајакнат верата.

Еден од тројцата пријатели на Јов зборува грубо со него додека другите двајца го гледаат тоа. Јов, чие тело е прекриено со болни чиреви, седи на земја и со мака го слуша советот.

Кога даваш совет некому, внимавај да не звучиш надмено. Твојата цел треба да биде да му помогнеш (види во пасус 4)


5. Кој бил резултатот од советот што тројцата пријатели му го дале на Јов?

5 Кога Елифаз, Вилдад и Софар престанале да зборуваат, Јов се чувствувал полошо отколку претходно (Јов 19:2). Можеме да разбереме зошто Јов чувствувал потреба да го брани својот углед. Тоа придонело да размислува неурамнотежено и да зборува немудро (Јов 6:3, 26). Она што тројцата пријатели го кажале не било во склад со Јеховиното размислување. Освен тоа, не постапиле сочувствително со Јов. Поради тоа, без да се свесни, станале алатки во рацете на Сатана (Јов 2:4, 6). Како овој извештај можел да им користи на луѓето во минатото, и како може да ни користи нам денес?

6. Што можеле да научат старешините во Израел од лошиот пример на тројцата пријатели на Јов?

6 Каква корист можеле да извлечат Израелците. Кога им ги дал своите закони на Израелците, Јехова избрал старешини за да служат како судии и да им помогнат да се држат за неговите закони (5. Мој. 1:15-18; 27:1). Тие мажи требало внимателно да слушаат пред да дадат совет или да донесат некаква пресуда (2. Лет. 19:6). Исто така, требало да поставуваат прашања наместо да си претпоставуваат дека ги знаат сите факти (5. Мој. 19:18). Судиите во Израел требало да внимаваат да не зборуваат грубо со оние кои барале помош од нив. Зошто? Тоа било важно бидејќи, ако старешините биле нељубезни или нестрпливи, тоа би го спречило лицето да си го отвори своето срце (2. Мој. 22:22-24). Ова се само некои од поуките што старешините во Израел можеле да ги извлечат од извештајот за Јов.

7. Освен старешините во Израел кој друг можел да даде совет, и како Израелците можеле да извлечат корист од извештајот за Јов? (Изреки 27:9).

7 Се разбира, старешините во Израел не биле единствените кои можеле да дадат совет. Всушност, секој Израелец — млад или стар, маж или жена — можел да му даде совет на некој пријател на кој му била потребна помош за да си го зацврсти пријателството со Јехова или за да го поправи своето однесување (Пс. 141:5). Таквиот искрен совет е показател дека некој е вистински пријател. (Прочитај Изреки 27:9.) Од лошиот пример на тројцата пријатели на Јов, Израелците можеле да извлечат поука што да не кажат и што да не прават кога даваат совет.

8. На што треба да внимаваме кога даваме совет? (Види ги и сликите.)

8 Каква корист можеме да извлечеме ние. Како христијани, ние сакаме да им помагаме на нашите соверници кога минуваат низ неволји. Но за да успееме во тоа, мора да внимаваме да не го правиме она што го направиле тројцата пријатели на Јов. Како прво, пред да дадеме совет, не треба пребрзо да носиме заклучоци и треба да сме сигурни дека ги знаеме сите факти. Второ, наместо да даваме свое лично мислење, како што Елифаз направил многупати, нашиот совет треба да се темели на вистината од Божјата Реч (Јов 4:8; 5:3, 27). Трето, треба да избегнуваме да зборуваме грубо и критизерски. Имај на ум дека Елифаз и неговите пријатели зборувале за некои работи кои се вистинити. Подоцна, апостол Павле дури цитирал некои од зборовите на Елифаз. (Спореди Јов 5:13 со 1. Коринќаните 3:19.) Сепак, со поголемиот дел од она што го рекле, го претставиле Бог во погрешно светло и го повредиле Јов. Затоа, Јехова кажал дека тие не ја зборуваат вистината (Јов 42:7, 8). Кога даваме совет, треба да сме сигурни дека она што го кажуваме нема да го претстави Јехова како некој што е неразумен и нема да направи неговите слуги да се чувствуваат недостојни за неговата љубов. Сега да видиме што можеме да научиме од примерот на Елиу.

Слики: Еден брат љубезно му дава совет на друг брат кој е вознемирен. 1. Додека седат на маса во двор, еден брат внимателно слуша додека зборува друг брат кој е вознемирен. 2. Братот кој слуша ја отвара Библијата. 3. Братот љубезно дава библиски совет додека другиот брат смирено слуша.

Кога даваш совет: 1) потруди се да ги дознаеш сите факти, 2) користи ја Божјата Реч и 3) зборувај љубезно (види во пасус 8)


КАКО ЕЛИУ ГО СОВЕТУВАЛ ЈОВ

9. Објасни зошто на Јов му била потребна помош откако неговите пријатели престанале да зборуваат, и како Јехова му ја обезбедил.

9 Кога Јов и неговите пријатели престанале да се расправаат, атмосферата сигурно веќе била многу напната. Тие зборувале толку многу што нивните зборови се запишани во 28 поглавја од Библијата, а поголемиот дел од она што го рекле било кажано во гнев или затоа што биле вознемирени. Не е ни чудо што Јов сѐ уште чувствувал болка. Сѐ уште му била потребна утеха и исправка. Како Јехова му помогнал? Тој го користел Елиу за да му даде совет. Зошто Елиу не почнал порано да зборува? Тој рекол: „Јас сум млад, а вие сте старци, затоа се повлеков“ (Јов 32:6, 7). Младиот Елиу го сфатил она што многумина го сфаќаат денес: Поради тоа што живееле подолго, постарите имаат мудрост и животно искуство што помладите честопати ги немаат. Но, откако стрпливо ги сослушал Јов и неговите пријатели, Елиу не можел повеќе да молчи. Тој рекол: „Многуте години сами по себе не даваат мудрост, и не е доволно да бидеш стар за да знаеш исправно да судиш“ (Јов 32:9). Што рекол Елиу потоа, и како го кажал тоа?

10. Што направил Елиу пред да му даде совет на Јов? (Јов 33:6, 7).

10 Пред да му даде совет, Елиу сакал Јов да се чувствува смирено и да биде подготвен да го чуе она што сакал да му го каже. Најпрво, самиот Елиу ги ставил своите чувства под контрола. Ова го знаеме бидејќи во Библијата пишува дека во почетокот Елиу чувствувал гнев (Јов 32:2-5). Сепак, ниту еднаш не зборувал со Јов на нељубезен или суров начин. Напротив, тој бил понизен и зборувал со Јов како вистински пријател. На пример, му рекол на Јов: „Еве, пред вистинскиот Бог јас сум ист како тебе“. (Прочитај Јов 33:6, 7.) Потоа, Елиу јасно покажал дека внимателно го слушал Јов. Всушност, тој накратко ги повторил главните мисли од она што го кажал Јов (Јов 32:11; 33:8-11). А додека зборувал со Јов, Елиу неколкупати ги цитирал неговите зборови (Јов 34:5, 6, 9; 35:1-4).

11. На кој начин Елиу го советувал Јов? (Јов 33:1).

11 Додека му давал совет на Јов, Елиу внимавал на достоинството на тој верен Божји слуга. На пример, Елиу му се обратил на Јов по име, што другите тројца очигледно не го направиле. (Прочитај Јов 33:1.) Додека му давал совет на Јов, Елиу покажал сочувство кон него и му дал прилика да зборува, можеби затоа што се сетил колку и самиот сакал да каже нешто додека Јов и неговите пријатели се расправале (Јов 32:4; 33:32). Исто така, Елиу јасно му дал до знаење на Јов зошто некои од работите што ги кажал и ги направил не се добри, и љубезно го потсетил на мудроста, моќта, правдата и лојалната љубов на Јехова (Јов 36:18, 21-26; 37:13, 23, 24). Без сомнение, добриот совет на Елиу му помогнал на Јов да биде подготвен да добие уште совети, но овојпат од неговиот Творец (Јов 38:1-3). Како примерот на Елиу можел да им користи на луѓето во минатото, и како може да ни користи нам денес?

12. Како Јехова ги користел пророците за да им помага на своите слуги, и како Израелците можеле да извлечат корист од добриот пример на Елиу?

12 Каква корист можеле да извлечат Израелците. Низ историјата на израелскиот народ, Јехова честопати користел пророци за да им ја објави својата намера на Израелците. На пример, за време на судиите, пророчицата Девора му давала духовно водство на народот, а Самоил уште од својата младост неуморно ги пренесувал Јеховините пораки (Суд. 4:4-7; 5:7; 1. Сам. 3:19, 20). Потоа, за време на царевите, Јехова речиси непрекинато користел пророци за да го зајакне својот народ во духовен поглед и за да им даде совети на оние кои застраниле од чистото обожавање (2. Сам. 12:1-4; Дела 3:24). Добриот пример на Елиу кој е запишан во книгата Јов можел да им помогне на верните Божји слуги да знаат што да кажат кога треба да дадат совет и како да го кажат тоа.

13. Како можат христијаните денес да ги храбрат соверниците?

13 Каква корист можеме да извлечеме ние. Како христијани, и ние им помагаме на другите да ја дознаат Божјата волја така што го објавуваме она што е запишано во Божјата Реч, Библијата. Друг начин на кој го правиме тоа е така што ги избираме исправните зборови за да ги храбриме и да ги тешиме нашите соверници (1. Кор. 14:3). Старешините мора секогаш да внимаваат да зборуваат утешно со браќата и сестрите, дури и со оние кои се вознемирени или имаат склоност да зборуваат непромислено (1. Сол. 5:14; Јов 6:3).

14-15. Како старешините можат да го следат примерот на Елиу кога даваат совет?

14 Замисли ја следнава ситуација: Еден старешина дознава дека една сестра во неговото собрание е потиштена. Пофално е тоа што тој и еден друг брат ја посетуваат за да се обидат да ја охрабрат. Во текот на посетата, сестрата зборува за своите негативни чувства. Таа им кажува дека, иако редовно оди на состаноците и во служба, не чувствува речиси никаква радост. Како ќе постапат браќата?

15 Најпрво, тие ќе се обидат да дознаат зошто сестрата се чувствува така. За да успеат во тоа, тие ќе треба да ѝ поставуваат прашања, а потоа внимателно да ја слушаат. Дали таа се чувствува недостојна за Јеховината љубов? Дали се чувствува скршено поради „животните грижи“? (Лука 21:34). Второ, браќата ќе се обидат да ја пофалат сестрата за добрите работи што ги прави. На пример, можат да ја пофалат за тоа што редовно присуствува на состаноците и учествува во службата, иако тоа не ѝ е лесно. И трето, откако подобро ќе ја разберат нејзината ситуација и зошто се чувствува потиштено, со помош на Библијата ќе се обидат да ја уверат дека Јехова ја сака (Гал. 2:20).

ПРОДОЛЖИ ДА ИЗВЛЕКУВАШ ПОУКИ ОД КНИГАТА ЈОВ

16. Како можеме и понатаму да извлекуваме важни поуки од книгата Јов?

16 Јасно е дека има многу важни поуки кои можеме да ги извлечеме од книгата Јов! Како што видовме во претходната статија, од овој извештај учиме не само зошто Бог ги дозволува страдањата туку и како можеме да истраеме. А од оваа статија сите ние можеме да научиме да даваме корисни совети така што нема да го следиме лошиот пример на тројцата пријатели на Јов, туку ќе го следиме добриот пример на Елиу. Би можел да ги разгледаш поуките од книгата Јов пред да дадеш совет некому. Освен тоа, ако поминало некое време откако последен пат си ја прочитал, постави си за цел повторно да ја прочиташ оваа извонредна книга. Тоа ќе ти помогне да се увериш дека таа е корисна денес исто како што била корисна тогаш кога била напишана.

КАКО БИ ОДГОВОРИЛ?

  • Што научи од тројцата пријатели на Јов во врска со тоа што не треба да кажеш и што не треба да правиш кога даваш совет?

  • Што учиме од начинот на кој Елиу му дал совет на Јов?

  • Како можеме и понатаму да извлекуваме поуки од книгата Јов?

ПЕСНА 125 „Среќни се милосрдните“

a Се чини дека некој зол дух го навел Елифаз да заклучи дека за Јехова ниту еден човек не е праведен и затоа ниту еден човек не може да му угоди на Бог. Елифаз верувал во тоа погрешно сфаќање и затоа неколкупати го повторил додека зборувал со Јов (Јов 4:17; 15:15, 16; 22:2).

    Публикации на македонски јазик (1991 — 2025)
    Одјави се
    Најави се
    • македонски
    • Сподели
    • Подесување
    • Copyright © 2025 Watch Tower Bible and Tract Society of Pennsylvania
    • Услови за користење
    • Полиса за приватност
    • Поставки за приватност
    • JW.ORG
    • Најави се
    Сподели