Што е Новиот Ерусалим?
Што вели Библијата:
Изразот „Новиот Ерусалим“ се појавува двапати во Библијата. Тоа е симболичен град и се однесува на една група следбеници на Исус кои ќе одат на небото и заедно со него ќе владеат во Божјето Царство (Откровение 3:12; 21:2). Во Библијата оваа група уште е наречена и Христовата невеста.
Одлики на Новиот Ерусалим
Новиот Ерусалим е на небото. Секојпат кога во Библијата се спомнува Новиот Ерусалим, се вели дека тој слегува од небото и дека неговите порти ги чуваат ангели (Откровение 3:12; 21:2, 10, 12). И големината на градот е доказ дека не е можно тој град да биде на Земјата. Изграден е во облик на коцка, чија ширина, должина и висина изнесува 12.000 стадииa (Откровение 21:16). Со денешни мерки, неговите ѕидови би биле високи речиси 560 километри, што значи дека би се протегале дури до вселената.
Новиот Ерусалим го сочинува една група следбеници на Исус, односно Христовата невеста. Новиот Ерусалим е наречен „невестата, жената на Јагнето“ (Откровение 21:9, 10). Во овој симболичен опис, Јагнето е Исус Христос (Јован 1:29; Откровение 5:12). „Жената на Јагнето“, Христовата невеста, ги претставува христијаните кои ќе бидат обединети со Исус на небото. Во Библијата односот помеѓу Исус и овие христијани е спореден со односот помеѓу еден сопруг и сопруга (2. Коринќаните 11:2; Ефешаните 5:23-25). Освен тоа, на камен темелниците на новиот Ерусалим се напишани „дванаесетте имиња на дванаесетте апостоли на Јагнето“ (Откровение 21:14). Овој детаљ ни помага да утврдиме што е новиот Ерусалим, бидејќи христијаните кои се повикани за живот на небото се „изѕидани на темелот на апостолите и пророците“ (Ефешаните 2:20).
Новиот Ерусалим е дел од една влада. Древниот Ерусалим бил главен град на Израел, каде што цар Давид, неговиот син Соломон и нивните потомци владееле „на Јеховиниот престол“ (1. Летописи 29:23). Затоа може да се каже дека Ерусалим, „светиот град“, го претставува Божјето владеење на Земјата преку семејната лоза на Давид (Неемија 11:1). Новиот Ерусалим, исто така наречен „светиот град“, го сочинуваат оние кои му се придружуваат на Исус на небото за да „царуваат над земјата“ (Откровение 5:9, 10; 21:2).
Новиот Ерусалим ќе им донесе благослови на луѓето на Земјата. Новиот Ерусалим е прикажан „како слегува од небото од Бог“, што укажува дека Бог го користи за да влијае врз она што се случува на Земјата (Откровение 21:2). Овој израз го поврзува новиот Ерусалим со Божјето Царство, кое Бог го користи за да ја изврши својата волја „како на небото така и на земјата“ (Матеј 6:10). Во Божјата намера со луѓето спаѓаат и следниве благослови:
Гревот ќе биде отстранет. „Река со вода на животот“ тече од новиот Ерусалим и ги наводнува дрвјата на животот кои се „за лекување на народите“ (Откровение 22:1, 2). Со ова физичко и духовно лекување ќе биде отстранет гревот, по што луѓето ќе можат да добијат совршен живот, како што и била првобитната намера на Бог (Римјаните 8:21).
Бог и луѓето ќе бидат во добар однос. Гревот ги отуѓил луѓето од Бог (Исаија 59:2). Кога гревот ќе биде отстранет, потполно ќе се исполни следново пророштво: „Еве го Божјиот шатор меѓу луѓето! Бог ќе живее со нив и тие ќе бидат негов народ и самиот Бог ќе биде со нив“ (Откровение 21:3).
Ќе нема страдања и смрт. Преку своето Царство, Бог „ќе ја избрише секоја солза од нивните очи и смрт нема да има веќе, ни тага, ни пискот, ниту болка“ (Откровение 21:4).
a Стадиј бил мерка за должина која ја користеле старите Римјани и која изнесува 185 метри.