ОБЈАСНЕТИ БИБЛИСКИ СТИХОВИ
Изреки 17:17: „Пријателот сака во секое време“
„Вистинскиот пријател сака во секое време, и брат станува во неволја“ (Изреки 17:17, Превод Нов свет).
„Пријателот сака во секое време и како брат ќе се јави во време на неволја“ (Изреки 17:17, Превод на МПЦ).
Значењето на Изреки 17:17
Вистински пријател е пријател во кого можеш да имаш доверба и на кого можеш да се потпреш. Исто како еден телесен брат или една телесна сестра, вистинскиот пријател е верен и покажува грижа, особено во тешки времиња.
„Вистинскиот пријател сака во секое време.“ Овие зборови може да се преведат и како „пријателите секогаш ја покажуваат својата љубов“. Хебрејскиот збор за „љубов“ кој се користи во оваа фраза вклучува повеќе од тоа да се има некакво чувство кон некого. Станува збор за несебична љубов која се покажува кон другите со постапки (1. Коринќаните 13:4-7). Пријателите кои ги поврзува таква љубов остануваат блиски кога нивното пријателство е ставено на испит, можеби поради недоразбирања или други проблеми во животот. Освен тоа, тие спремно си простуваат (Изреки 10:12). Пријателите не си завидуваат еден на друг, туку се радуваат кога на другиот му се случуваат убави работи (Римјаните 12:15).
„Вистинскиот пријател... брат станува во неволја.“ Оваа изрека укажува на фактот дека телесните браќа или сестри може да бидат особено блиски. Затоа, кога даваме сѐ од себе за да бидеме покрај некој пријател кој минува низ тежок период во животот, ние постапуваме исто како што би постапил еден брат или една сестра. Освен тоа, врската што ги поврзува таквите пријатели не ослабнува кога ќе се најде на испит. Напротив, таа се зајакнува благодарение на сѐ поголемата љубов и почит.
Контекстот на Изреки 17:17
Во книгата Изреки има голем број кратки мудри изреки кои го поттикнуваат читателот на размислување. Поголемиот дел од оваа библиска книга го напишал цар Соломон. Неговиот стил на пишување е типичен за хебрејската поезија — не содржи рима, туку паралелизам и контраст за нагласување на мислите. Изреки 17:17 е пример за паралелизам — вториот дел од стихот го надоградува првиот. Изреки 18:24 е пример за контраст: „Има луѓе што се готови да го уништат својот другар, но има и пријатели поприврзани од брат“.
Кога ги напишал зборовите од Изреки 17:17, Соломон можеби го имал на ум блиското пријателство меѓу неговиот татко, Давид, и Јонатан, еден од синовите на цар Саул (1. Самоилова 13:16; 18:1; 19:1-3; 20:30-34, 41, 42; 23:16-18). Иако не биле во крвно сродство, Давид и Јонатан биле поблиски и од родени браќа. Јонатан дури и си го ризикувал животот за да го заштити својот млад пријател.a
Изреки 17:17 во други преводи на Библијата
„Пријателот е пријател во секоја прилика, и братот е роден за да ти се најде во неволја“ (Радосна Вест).
„Пријателот љуби во секое време, а во неволја станува и брат“ (Превод на д-р Д. Х. Константинов).
Гледај го овој краток видеоклип за да се запознаеш со книгата Изреки.
a Види ја статијата „Ги поврзувало нераскинливо пријателство“.