КАКО СЕ КОРИСТАТ ВАШИТЕ ПРИЛОЗИ
Сателитски канал што стигнува онаму каде што интернетот не може
1 АПРИЛ 2021
Секој месец едвај чекаме да ги гледаме охрабрувачките програми и видеосодржини на JW Broadcasting. Но, многу од нашите браќа во Африка немаат пристап до овие програми на интернет. Зошто?
Голем дел од Африка има ограничен пристап до интернет. А онаму каде што е достапен, честопати е бавен или многу скап. На пример, во една прилика, еден покраински надгледник во Мадагаскар отишол во едно интернет-кафе и презел само една наша месечна емисија. Тој платил околу 15 евра, сума која е поголема од седмичната заработка на некои луѓе!
И покрај ваквите тешкотии, милиони луѓе во Африка сега можат да ги гледаат нашите месечни емисии на JW Broadcasting без да користат интернет. Како?
Од 2017 год., оние што живеат во подрачјето јужно од Сахара можат да ги гледаат месечните емисии на JW Broadcasting преку сателитски ТВ-канал. Овој канал бесплатно емитува програма 24 часа на ден, 7 денови во седмицата, на 16 јазици.
Браќа во Мозамбик подесуваат сателитска антена на нивната сала за состаноци (2018)
За да го постигнат ова, Јеховините сведоци плаќаат за да емитуваат програма преку сателит. Сателитот кој се користи за таа цел покрива околу 35 земји кои се наоѓаат јужно од Сахара. Таа услуга чини повеќе од 10.000 евра месечно. Одвреме-навреме, треба да се плати и дополнителен износ за во живо да се пренесуваат настани на еден друг канал. Ова им овозможува на илјадници луѓе да слушаат конгресна програма или други посебни програми кои се одржуваат кога претставник од главното седиште ќе посети некоја подружница.
Членови на групата за изградба на сали во Малави го гледаат сателитскиот канал на Јеховините сведоци (2018)
Многу луѓе, вклучувајќи ги и оние кои не се Сведоци, го гледаат нашиот сателитски канал на телевизија во својот дом. Но, голем број наши браќа немаат доволно пари да ја купат опремата која е потребна за да го гледаат сателитскиот канал. За да им се помогне, во над 3.670 сали за состаноци е поставена соодветна техничка опрема, па така нашите браќа и сестри можат таму да ја гледаат нашата програма. Купувањето и доставата на таа опрема чини околу 60 евра доколку во салата за состаноци веќе има телевизор или проектор. Доколку нема, опремата може да чини и до 450 евра.
Нашите браќа и сестри многу се благодарни за овој канал. Еден старешина од Камерун вели: „За нашето семејство, тој е како мана среде пустина“. Еден брат од Нигерија, по име Одебоди, вели: „Нашето семејство заедно го гледа овој канал три пати седмично. Децата едвај чекаат да дојдат тие моменти. Дури бараат да се префрлиме на тој канал и во други прилики“. Роза, која исто така живее во Нигерија, вели: „Порано, нон-стоп гледав вести, а сега го гледам нашиот канал. Многу сум среќна поради тоа. Кога гледав вести лесно се нервирав и ќе ми се покачеше притисокот. Но нашата програма секогаш ме храбри и ме расположува. Сега, тој е мојот омилен канал! Навистина, тој е голем благослов од Јехова“.
Едно семејство во Малави гледа видеоклип за деца на нашиот сателитски канал
Еден покраински надгледник во Мозамбик вели дека салите за состаноци во неговата покраина имаат опрема за гледање на сателитскиот канал. Браќата во овие собранија доаѓаат на состанок дури еден час порано за да гледаат содржини од JW Broadcasting преку сателит.
Објавителите од едно собрание во Етиопија се собрани за да ја гледаат месечната емисија преку сателит (2018)
Кога во 2019 год. се одржа меѓународен конгрес во Јоханесбург во Јужноафриканската Република, најважните говори, вклучувајќи ги и оние кои ги одржа член на Водечкото тело, беа пренесувани преку тој канал на девет други локации. Брат Спумелеле, кој служи во локалното одделение за аудио-видео поддршка во подружницата во Јужноафриканската Република, вели: „Порано, говорите ги пренесувавме преку интернет, но за тоа е потребна стабилна интернет-конекција и многу е скапо. За разлика од тоа, нашиот сателитски канал е поевтин и постабилен“.
Благодарение на вашите великодушни прилози за меѓународното дело голем број наши браќа и сестри во Африка можат да гледаат JW Broadcasting преку сателит. Многу сме благодарни за вашите прилози што ги давате на разни начини преку страницата donate.jw.org.