Вторник, 2 септември
Духот истражува сѐ, дури и Божјите длабочини (1. Кор. 2:10)
Ако си дел од големо собрание и имаш чувство дека братот кој ја води точката честопати не забележува дека и ти креваш рака, можеби си на искушение да се откажеш. Но немој да престанеш да креваш рака за да коментираш. Подготви си по неколку коментари за секој состанок. Ако водителот не те крене на почетокот од дискусијата, сѐ уште ќе имаш можност да коментираш во останатиот дел од состанокот. Кога се подготвуваш за проучувањето на Стражарска кула, размисли како секој пасус е поврзан со главната тема на статијата. Ако правиш така, веројатно ќе имаш за што да коментираш во текот на целата статија. Освен тоа, би можел да подготвиш коментари за оние пасуси во кои се зборува за подлабоки библиски вистини кои се потешки за објаснување. Зошто? Бидејќи за тој дел можеби ќе има помалку лица кои ќе сакаат да коментираат. Но што ако гледаш дека неколку состаноци по ред сѐ уште не ти била дадена можност да коментираш? Можеш да му кажеш на водителот на кое прашање би сакал да коментираш (w23.04 21-22, пас. 9-10).
Среда, 3 септември
Јосиф направи така како што го упати Јеховиниот ангел, па ја доведе дома својата жена (Мат. 1:24)
Јосиф спремно го следел Јеховиното водство, и поради тоа бил добар сопруг. Најмалку во три прилики тој добил упатства од Јехова во врска со неговото семејство. Во секоја од тие прилики, тој послушно го направил она што Јехова му го кажал, дури и кога тоа значело дека ќе треба да направи големи промени (Мат. 1:20; 2:13-15, 19-21). Поради тоа што го следел Јеховиното водство, Јосиф можел да ја штити Марија, да ја поддржува и да се грижи за неа. Замисли си колку се продлабочиле љубовта и почитта на Марија кон Јосиф поради сето она што тој го правел! Сопрузи, вие можете да го следите примерот на Јосиф така што ќе барате совети во Библијата за тоа како да се грижите за вашето семејство. Ако ги применувате тие совети, дури и ако тоа значи дека треба да направите некои промени, на тој начин ќе покажете дека ја сакате вашата сопруга и ќе си го зајакнете бракот. Една сестра од Вануату, која е во брак повеќе од 20 години, вели: „Кога маж ми бара водство од Јехова и го следи, повеќе го почитувам. Се чувствувам сигурно, и имам доверба во одлуките што ќе ги донесе“ (w23.05 21, пас. 5).
Четврток, 4 септември
Таму ќе има друм, пат, ќе се вика Пат на светоста (Иса. 35:8)
Евреите кои ќе се врателе од Вавилон ќе станеле „свет народ“ за својот Бог (5. Мој. 7:6). Сепак, тоа не значело дека тие Евреи не требало да направат некои промени со цел да му угодат на Јехова. Повеќето Евреи биле родени во Вавилон и многумина од нив очигледно прифатиле некои од ставовите и вредностите на Вавилонците. Неколку децении откако првите Евреи се вратиле во Израел, управителот Неемија бил запрепастен кога сфатил дека децата што се родиле во Израел не го знаеле хебрејскиот јазик (5. Мој. 6:6, 7; Неем. 13:23, 24). Како ќе можеле овие деца да научат да го сакаат Јехова и да му служат кога не разбирале хебрејски — главниот јазик на кој била пишувана Божјата Реч? (Езра 10:3, 44). Значи, овие Евреи требало да направат големи промени. Но, ќе им било многу полесно да ги направат тие промени бидејќи живееле во Израел каде што обожавањето на вистинскиот Бог постепено се обновувало (Неем. 8:8, 9; w23.05 15, пас. 6-7).