ОНЛАЈН БИБЛИОТЕКА Watchtower
ОНЛАЈН БИБЛИОТЕКА
Watchtower
македонски
ѐ
  • Ѐ
  • ѐ
  • Ѝ
  • ѝ
  • БИБЛИЈА
  • ПУБЛИКАЦИИ
  • СОСТАНОЦИ
  • Имаш ли контрола над својот живот?
    Разбудете се! 2015 | Јули
    • Несреќен човек е замислен на работното место

      ТЕМА ОД НАСЛОВНАТА

      Имаш ли контрола над својот живот?

      КАКВИ цели си постави во животот кога беше помлад? Можеби си постави цел да стапиш во брак, да усовршиш некоја вештина или да изградиш успешна кариера. Но, работите во животот не излегуваат секогаш онака како што сме планирале. Некои неочекувани настани можат да ти го сменат животот од корен. Тоа им се случило на Ања, Делина и Грегори.

      Ања, Делина и Грегори
      • На Ања, која живее во Германија, ѝ бил дијагностициран рак кога имала 21 година. Сега таа речиси никогаш не излегува од дома.

      • Делина, која живее во САД, боледува од невромускулно нарушување наречено дистонија. Освен тоа, таа се грижи и за своите тројца браќа кои имаат ментално нарушување.

      • Грегори, кој живее во Канада, страда од анксиозно растројство.

      И покрај тешките околности, Ања, Делина и Грегори успеале да преземат контрола над својот живот. Што им помогнало во тоа?

      Една библиска изрека гласи: „Ако се обесхрабриш во денот на неволја, ќе ослаби твојата сила“ (Изреки 24:10). Поуката е јасна: Твојот став игра многу важна улога. Луѓето кои гледаат негативно на ситуацијата во која се наоѓаат целосно ја губат контролата над својот живот. За разлика од нив, оние што остануваат позитивни најчесто успеваат да соберат сили да се справат со тешката ситуација во која се наоѓаат.

      Да видиме како позитивниот став им помогнал на Ања, Делина и Грегори.

  • Предизвик: Околности кои не можеш да ги смениш
    Разбудете се! 2015 | Јули
    • Ања зборува со своите пријателки преку Интернет

      ТЕМА ОД НАСЛОВНАТА | ИМАШ ЛИ КОНТРОЛА НАД СВОЈОТ ЖИВОТ?

      Предизвик: Околности кои не можеш да ги смениш

      ДАЛИ се бориш со некоја хронична болест? Дали си се развел? Или, пак, ти починал некој близок? Кога ќе се соочиш со околности кои не можеш да ги промениш, можеби се чувствуваш како да ти се врзани рацете. Како можеш да преземеш контрола над својот живот?

      БИБЛИСКИ ПРИМЕР: ПАВЛЕ

      Апостол Павле, кој бил ревносен мисионер во првиот век, постојано патувал. Но, морал да прекине со мисионерските патувања затоа што бил неправедно уапсен и ставен во куќен притвор две години. Наместо да падне во очај, Павле се концентрирал на она што можел да го прави во тие околности. Тој ја користел Библијата за да им помага и да ги теши оние што доаѓале да го посетат. Во текот на тој период, Павле дури напишал неколку писма кои денес се дел од Библијата (Дела 28:30, 31).

      ШТО ПРАВИ АЊА

      Како што беше спомнато во претходната статија, Ања не смее да излегува од дома. Таа вели: „Откако ми беше дијагностициран рак, животот потполно ми се смени. Бидејќи многу лесно можам да добијам инфекција, не одам на работа и не излегувам од дома“. Како се справува Ања со своите непроменливи околности? „Многу ми помогна тоа што го сменив начинот на живот. Ги подредив работите по важност и си направив нов распоред на активности земајќи ги предвид моите ограничувања. Тоа ми дава чувство дека имам контрола над она што ми се случува.“

      Научив „да бидам задоволен во секакви околности“ (Зборови на Павле запишани во Филипјаните 4:11)

      ШТО МОЖЕШ ДА НАПРАВИШ ТИ

      Ако околностите ти го контролираат животот, примени ги следниве совети:

      • Концентрирај се на она врз кое можеш да имаш контрола. На пример, можеби немаш целосна контрола врз твоето здравје. Но, дали можеш да вежбаш, да се храниш здраво и доволно да се одмораш?

      • Размисли што сакаш да постигнеш во животот. Постави си помали цели. Обиди се секој ден да посветиш малку време на нив за да ја оствариш твојата крајна цел.

      • Труди се да бидеш зафатен со нешто. Дури и ако извршуваш некои мали работи ќе се чувствуваш среќен и корисен. Исчисти ја кујнската маса и измиј ги садовите. Облечи се убаво. Најважните работи заврши ги уште на почетокот од денот.

      • Размисли кои позитивни работи можеш да ги научиш од твојата ситуација. На пример, дали научи како да се справуваш со тешкотиите што ги носи животот? Дали тоа што го научи можеш да го искористиш за да им помагаш на другите?

      Заклучок: Можеби немаш контрола над твоите околности, но имаш контрола над тоа како ќе се справиш со нив.

  • Предизвик: Премногу обврски
    Разбудете се! 2015 | Јули
    • Делина работи во дворот

      ТЕМА ОД НАСЛОВНАТА | ИМАШ ЛИ КОНТРОЛА НАД СВОЈОТ ЖИВОТ?

      Предизвик: Премногу обврски

      ДЕЦАТА плачат по тебе, и мораш веднаш да им обрнеш внимание. Твојот работодавец очекува да си ја завршиш работата. На твојот сопружник му треба помош. Згора на сѐ, треба да се грижиш за твојот болен родител. Можеби животот не ти е таков каков што си го замислуваше. Секојдневните обврски ти ги црпат силите. Си велиш: ‚Што да правам? Им требам на другите!‘ Тоа што се обидуваш да го исполниш секое барање на другите може да ти наштети и тебе и ним. Како можеш да преземеш контрола над својот живот?

      БИБЛИСКИ ПРИМЕР: МОЈСЕЈ

      Мојсеј некое време служел сам како судија во древниот Израел. Иако тоа било макотрпна работа, тој можеби си мислел дека го прави она што е потребно. Но, неговиот тест, Јотор, му рекол: „Не е добро да правиш така. Ќе се исцрпиш“. Тој му предложил на Мојсеј да постави способни луѓе како судии кои ќе ги решаваат помалите спорови а ќе ги изнесуваат кај Мојсеј само поголемите спорови. Јотор го уверил Мојсеј дека така ‚ќе може да издржи, а сиот народ ќе си оди дома во мир‘ (2. Мојсеева 18:17-23).

      ШТО ПРАВИ ДЕЛИНА

      Како што спомнавме, Делина боледува од дистонија, невромускулно нарушување. Освен тоа, се грижи и за своите тројца браќа кои имаат ментално нарушување. Таа вели: „Сфатив дека, кога не размислувам за грижите што ќе ги донесе утрешниот ден и кога не ги одложувам работите, си го намалувам стресот. Бидејќи отворено зборувам за мојата ситуација, добивам помош од другите и од мојот сопруг. Исто така, секое утро си одвојувам по малку време да работам во дворот — нешто што многу ме исполнува“.

      „Сѐ си има свое време“ (Проповедник 3:1)

      ШТО МОЖЕШ ДА НАПРАВИШ ТИ

      Ако обврските ти го контролираат животот, примени ги следниве совети:

      • Побарај помош. На пример, доколку децата сѐ уште живеат со тебе, дали можат да ти помогнат? Дали би можел да побараш помош од некој роднина или пријател кој живее во твоја близина?

      • Дај им до знаење на другите што ти треба. На пример, разговарај со твојот работодавец ако има неразумни барања од тебе. Тоа не значи дека треба да му се заканиш со отказ ако не ги прифати твоите барања. Едноставно кажи му со какви предизвици се соочуваш. Можеби ќе биде спремен да ти ја олесни работата.

      • Запиши си ги сите обврски кои треба да ги завршиш претстојната седмица. Дали може некој друг да заврши нешто место тебе?

      • Биди разумен кога одлучуваш дали да прифатиш покана за дружење. Ако немаш доволно време или сила, љубезно одбиј ја понудата.

      Заклучок: Ако се обидеш да направиш сѐ, на крај нема да можеш да направиш ништо.

  • Предизвик: Негативни чувства
    Разбудете се! 2015 | Јули
    • Грегори ужива во природа

      ТЕМА ОД НАСЛОВНАТА | ИМАШ ЛИ КОНТРОЛА НАД СВОЈОТ ЖИВОТ?

      Предизвик: Негативни чувства

      ДАЛИ си преплавен од силни чувства на тага, лутина или огорченост? Ако да, можеби немаш доволно време и сила за она што навистина ти е важно. Што можеш да направиш?a

      БИБЛИСКИ ПРИМЕР: ДАВИД

      Цар Давид се измачувал со најразлични чувства, меѓу кои биле и чувствата на тага и загриженост. Што му помогнало да не дозволи овие чувства да го контролираат неговиот живот? Давид имал доверба дека Бог ќе се грижи за него (1. Самоилова 24:12, 15). Освен тоа, си ги запишувал чувствата со кои се борел. Исто така, бидејќи имал силна вера, често му се молел на Бог.b

      ШТО ПРАВИ ГРЕГОРИ

      Како што беше спомнато во воведната статија, Грегори страда од анксиозно растројство. Тој вели: „Мојата загриженост ги преминуваше сите граници и не можев да ја контролирам“. Како успеал да се справи со овој предизвик? „Многу ми помогна тоа што ја прифатив помошта од жена ми и пријателите. Освен тоа, побарав стручна помош и подобро се информирав за мојата состојба. Откако направив промени во мојот начин на живот, почувствував дека јас имам контрола врз мојата здравствена состојба, а не таа врз мене. Иако сѐ уште ме обземаат чувства на загриженост, сега ми е појасно што ги предизвикува и знам што треба да направам за да се чувствувам подобро.“

      „Веселото срце дејствува добро како лек“ (Изреки 17:22)

      ШТО МОЖЕШ ДА НАПРАВИШ ТИ

      Ако негативните чувства ти го контролираат животот, примени ги следниве совети:

      • Запишувај ги своите чувства во дневник.

      • Кажи му на некој близок пријател или роднина како се чувствуваш.

      • Размисли дали твоите чувства имаат реална основа. На пример, прашај се: ‚Дали има вистински причини да имам толку лошо мислење за себе?‘

      • Немој да дозволиш чувствата на загриженост, гнев или огорченост да ти ја црпат силата. Наместо тоа, пренасочи ја на нешто покорисно.c

      Заклучок: Негативните чувства честопати не се резултат на нашите околности, туку на начинот на кој гледаме на нив.

      a Понекогаш негативните чувства се предизвикани од здравствен проблем за кој е потребна медицинска помош. Разбудете се! не се залага за некој посебен начин на лекување. Секој треба добро да размисли и лично да избере како ќе се лекува.

      b Многу псалми од Библијата се молитви кои ги запишал Давид.

      c За повеќе информации, види ги воведните статии со наслов „Како да се справиме со грижите“ кои излегоа во Стражарска кула од 1 јули 2015.

  • Можеш ли да имаш контрола врз твојот живот?
    Разбудете се! 2015 | Јули
    • ТЕМА ОД НАСЛОВНАТА | ИМАШ ЛИ КОНТРОЛА НАД СВОЈОТ ЖИВОТ?

      Можеш ли да имаш контрола врз твојот живот?

      Човек мирно плови со својот чамец

      ДЕНЕС, никој нема совршени околности. Честопати, тајната на успехот е во тоа да научиме да ги прифатиме нашите околности и да го правиме она што тие ни го дозволуваат. Добро е ако имаш одредена контрола врз својот живот и покрај лошите околности. Уште подобро е ако твоите околности со текот на времето се сменат. Но, најдоброто допрва ќе дојде.

      Библијата ветува дека ќе дојде време кога луѓето ќе имаат контрола врз својот живот во многу поголема мера од денес. Тие ќе можат во потполност да му се радуваат на животот затоа што тогаш нема да постојат лошите околности, секојдневните проблеми и негативните чувства (Исаија 65:21, 22). Библијата го нарекува тоа време ‚вистински живот‘ (1. Тимотеј 6:19).

      „Тие ќе градат куќи и ќе живеат во нив, ќе садат лозја и ќе го јадат нивниот род. Нема тие да градат, а некој друг да живее во нив, нема тие да садат, а некој друг да го јаде нивниот род. Зашто, деновите на мојот народ ќе бидат како деновите на дрвото, и моите избраници ќе уживаат во плодовите на своите раце“ (Исаија 65:21, 22)

Публикации на македонски јазик (1991 — 2025)
Одјави се
Најави се
  • македонски
  • Сподели
  • Подесување
  • Copyright © 2025 Watch Tower Bible and Tract Society of Pennsylvania
  • Услови за користење
  • Полиса за приватност
  • Поставки за приватност
  • JW.ORG
  • Најави се
Сподели