ОНЛАЈН БИБЛИОТЕКА Watchtower
ОНЛАЈН БИБЛИОТЕКА
Watchtower
македонски
ѐ
  • Ѐ
  • ѐ
  • Ѝ
  • ѝ
  • БИБЛИЈА
  • ПУБЛИКАЦИИ
  • СОСТАНОЦИ
  • Дали Библијата е корисна денес?
    Разбудете се! 2015 | Февруари
    • Отворена Библија

      ТЕМА ОД НАСЛОВНАТА

      Дали Библијата е корисна денес?

      „За првпат во животот почувствував вистинска радост.“

      ХИЛТОН многу го сакал боксот. Почнал да боксува уште кога имал седум години и често се впуштал во тепачки. Кога бил во средно училиште, тој и неговите другари постојано барале прилика да истепаат некого. Хилтон вели: „Крадев, се коцкав, гледав порнографија, задевав девојки и ги пцуев моите родители. Се однесував толку лошо што мајка ми и татко ми изгубија секаква надеж дека ќе се променам. Откако завршив средно, си заминав од дома“.

      Кога по 12 години Хилтон се вратил дома, неговите родители не можеле да поверуваат колку многу се сменил. Тој бил смирен, имал самосовладување и покажувал почит кон нив. Што му помогнало толку да се промени? Откако си заминал од дома, почнал сериозно да размислува за својот живот. Почнал и да ја проучува Библијата за да види дали таа може да му помогне да се промени. Тој вели: „Од Библијата дознав дека треба да ги сменам лошите навики и особини. Освен тоа, научив и дека треба да ги почитувам татко ми и мајка ми, како што е заповедано во Ефешаните 6:2, 3. Се трудев да го применувам она што го читав. За првпат во животот почувствував вистинска радост, а ги израдував и моите родители“.

      Примерот на Хилтон покажува дека Библијата може да им помогне на луѓето да си го сменат животот од корен (Евреите 4:12). Да видиме како некои библиски начела поврзани со чесноста, самоконтролата, верноста и љубовта можат да ни помогнат да водиме уште посреќен и поисполнет живот.

      ДАЛИ БИБЛИЈАТА Е ЗАСТАРЕНА КНИГА?

      Канта за ѓубре полна со застарени работи

      Некои велат дека она што е запишано во Библијата повеќе не важи, исто како што не важат упатствата за некој стар модел на компјутер. Но, Библијата не можеме да ја споредиме со упатства за компјутер. Компјутерите застаруваат и се менуваат со нови, додека човечката природа секогаш останува иста. На пример, и ние денес гледаме на љубовта и омразата, на верноста и неверноста и на доброто и злото исто како што гледале нашите предци. Според тоа, кога станува збор за основните животни принципи, „нема ништо ново под сонцето“ (Проповедник 1:9).

  • Начела кои важат во секое време и за секој човек — чесност
    Разбудете се! 2015 | Февруари
    • ТЕМА ОД НАСЛОВНАТА | ДАЛИ БИБЛИЈАТА Е КОРИСНА ДЕНЕС?

      Начела кои важат во секое време и за секој човек — чесност

      БИБЛИСКО НАЧЕЛО: „Кој ќе биде гостин во [Божјиот] шатор?.. Оној што живее беспрекорно и постапува праведно и ја зборува вистината во своето срце“ (Псалм 15:1, 2).

      КАКО НИ КОРИСТИ: Повеќето луѓе многу ги ценат чесноста и искреноста. Но, како би постапиле ако им се укаже можност да заработат од некоја нечесна постапка, а притоа никој да не дознае за тоа? Тогаш ќе се види што има во нивното срце, односно ќе се види какви навистина се.

      Ракел, која работи како набавувач, вели: „Некои агенти за продажба се обидоа да ме подмитат. Ми ветија дека, ако набавувам роба од нив, ќе ми даваат процент од попустот што ѝ следува на фирмата каде што работам. Бидејќи добро знаев што вели Библијата за чесноста, ја одбив нивната понуда. Мојата шефица дозна за тоа и стекна поголема доверба во мене“.

      Ако Ракел ја прифатела оваа навидум добра понуда, можеби за пократко време ќе заработела повеќе пари. Но, што ќе се случело ако нејзината шефица дознаела за тоа? Дали Ракел ќе го задржела своето работно место? И, дали ќе можела да најде друга работа? На Ракел најважно ѝ било да има чиста совест и да ја зачува својата самопочит. Во Изреки 22:1 пишува: „Подобро е да избереш добро име отколку големо богатство, и наклоноста од другите е подобра од среброто и златото“.

      Џеси на неговото работно место

      Џеси бил познат како чесен работник

      И Џеси си стекнал добро име кај својот работодавец. Бидејќи бил чесен работник, тој бил унапреден во менаџер и му била дадена поголема слобода во врска со работното време. Така, тој имал повеќе време за својата жена и за своите деца и можел повеќе да учествува во активности кои му помагаат да се зближи со Бог.

      Некои работодавци бараат работници онаму каде што знаат дека има чесни луѓе. На пример, еден раководител на фирма на Филипините напишал писмо до подружницата на Јеховините сведоци во кое ги замолил Сведоците да се пријават за работа во неговата фирма. Меѓу другото, рекол дека Јеховините сведоци се „трудољубиви, чесни и посветени работници“. Но, заслугата за сето тоа му припаѓа на Јехова Бог, кој нѐ поучува да го ‚мразиме злото‘ а да го ‚сакаме доброто‘ (Амос 5:15).

  • Начела кои важат во секое време и за секој човек — самоконтрола
    Разбудете се! 2015 | Февруари
    • ТЕМА ОД НАСЛОВНАТА | ДАЛИ БИБЛИЈАТА Е КОРИСНА ДЕНЕС?

      Начела кои важат во секое време и за секој човек — самоконтрола

      БИБЛИСКО НАЧЕЛО: „Безумникот го излева сиот свој гнев, а оној што е мудар, останува мирен до крајот“ (Изреки 29:11).

      „Се чувствувам како нов човек!“

      КАКО НИ КОРИСТИ: Ако почнеш да запишуваш како може да ти користи самоконтролата, списокот нема да има крај. Во најмала рака, самоконтролата влијае позитивно врз нашето физичко здравје. Во Библијата пишува дека „мирното срце е живот за телото“ и дека „веселото срце дејствува добро како лек“ (Изреки 14:30; 17:22). Спротивно на тоа, истражувањата покажуваат дека лицата кои лесно се гневат и се впуштаат во расправии имаат поголем ризик да добијат некое заболување, особено кардиоваскуларно. Освен што го штити нашето физичко здравје, самоконтролата може да ни користи на уште многу други начини.

      Касиј, кој сега има 30 години, се сеќава: „Бидејќи бев избувлив и многу се карав, честопати започнував тепачки. Исто така, имав ниска самопочит. Но, работите се сменија кога почнав да ги применувам библиските начела. Научив да се самосовладувам, да покажувам понизност и да простувам. Ако не се сменев, сега можеби ќе бев во затвор. Се чувствувам како нов човек!“

      Еден гневен возач вика на сет глас додека Касиј смирено го вози својот мотор

      Касиј научил да покажува самоконтрола и да простува

  • Начела кои важат во секое време и за секој човек — верност
    Разбудете се! 2015 | Февруари
    • ТЕМА ОД НАСЛОВНАТА | ДАЛИ БИБЛИЈАТА Е КОРИСНА ДЕНЕС?

      Начела кои важат во секое време и за секој човек — верност

      БИБЛИСКО НАЧЕЛО: „Бракот нека биде чесен меѓу сите и брачната постела нека биде чиста“ (Евреите 13:4).

      КАКО НИ КОРИСТИ: Некои луѓе сметаат дека овој совет е застарен. Но, тие се во голема заблуда. И денес неверството боли исто толку силно како и во времето кога била напишана Библијата (Изреки 6:34, 35).

      Џеси, кој е сопруг и татко, вели: „Јас и жена ми имаме цврст и среќен брак затоа што сме верни еден на друг. Всушност, за еден добар брак неопходно е брачните партнери да имаат меѓусебна доверба. Неверството ја поткопува довербата во бракот“. Освен што ја разнишува брачната врска, неверството им нанесува голема штета и на децата.

      Лијаa го изложила својот брак на голема опасност. Таа вели: „Се здружив со луѓе што имаа лоши навики. Набрзо почнав да водам бурен ноќен живот и да го изневерувам маж ми“. Дали била посреќна кога почнала да живее така? Не. Таа се чувствувала мизерно затоа што постојано имала кавги со својот сопруг. Лија додава: „Кога видов во колку бедна ситуација се доведов себеси, сфатив дека моите родители навистина беа во право кога секогаш одново ми велеа: ‚Лошото друштво ги расипува добрите навики‘“ (1. Коринќаните 15:33).

      Таа продолжува: „Пред да биде предоцна, решив да престанам со мојот погрешен начин на живот и да ја проучувам Библијата. Но, овојпат почнав да го применувам она што го учев“. Каков бил резултатот? Лија успеала да си го зачува бракот, а сопругот постапувал со неа пољубезно и со поголема почит. Таа додава: „Библијата ми го смени животот и воопшто не жалам што ги оставив лошите навики и лошото друштво“.

      a Некои имиња се сменети.

  • Начела кои важат во секое време и за секој човек — љубов
    Разбудете се! 2015 | Февруари
    • ТЕМА ОД НАСЛОВНАТА | ДАЛИ БИБЛИЈАТА Е КОРИСНА ДЕНЕС?

      Начела кои важат во секое време и за секој човек — љубов

      БИБЛИСКО НАЧЕЛО: „Облечете се во љубов, зашто таа совршено ве поврзува“ (Колошаните 3:14).

      КАКО НИ КОРИСТИ: Љубовта за која најчесто се зборува во Библијата не е романтичната љубов. Во Библијата главно станува збор за љубов која се темели на начела и се покажува со убави особини како, на пример, сочувство, простување, понизност, верност, љубезност, благост и стрпливост (Михеј 6:8; Колошаните 3:12, 13). За разлика од заљубеноста која обично со текот на времето се намалува, љубовта со секој изминат ден може да станува сѐ посилна.

      Бренда, која е во брак речиси 30 години, вели: „Љубовта на оние кои штотуку стапиле во брак ни оддалеку не може да се спореди со љубовта на оние брачни парови кои се во брак веќе долги години“.

      Сем, кој е оженет повеќе од 12 години, вели: „Жена ми и јас сме восхитени, па дури и изненадени, од тоа колку се корисни и едноставни библиските совети! Кога ги применуваме, сѐ е како што треба. Но, морам да признаам дека понекогаш не успевам да применам некои совети, особено кога сум пречувствителен, по малку себичен или уморен. Во тие моменти го молам Јехова да ми помогне да се изборам со негативните чувства. Потоа, ја прегрнувам жена ми и за кратко време забораваме на она што се случило“.

      „Мудроста ја оправдуваат нејзините дела“

      Исус Христос рекол дека „мудроста ја оправдуваат нејзините дела“ (Матеј 11:19). Во Библијата се наоѓаат најмудрите совети и поуки. Тие се многу корисни, никогаш не застаруваат и важат за луѓето од сите националности и култури. Тоа покажува дека оној што ги запишал многу добро ја познава човековата природа. Значи, овие совети и поуки мора да доаѓаат од некој повисок Извор — нашиот Творец, Јехова Бог. Но, за да се увериме дека тоа е така, мора да ги применуваме. Затоа, Библијата нѐ поттикнува ‚да вкусиме и да видиме колку е добар Јехова‘ (Псалм 34:8). Ќе го прифатиш ли овој поттик?

      БИБЛИЈАТА МИ ПОМОГНА ДА ВОДАМ ПОДОБАР ЖИВОТ

      Лин живее во југоисточна Азија. Таа за Разбудете се! раскажа како Библијата ѝ помогнала да води подобар живот.

      На која религија припаѓаше порано?

      Пораснав во семејство на будисти кои цврсто се држат за религиозните обичаи. Не знаев ништо за вистинскиот Бог.

      Дали беше задоволна од твојот живот?

      Ни најмалку! Се соочував со многу проблеми. Не знаев мудро да ги трошам парите, не знаев како да изберам добри пријатели и не можев да им помогнам на моите родители да се справат со своите проблеми.

      Но, твојот живот се смени на подобро. Раскажи ни како се случи тоа.

      Неколку девојки кои беа Јеховини сведоци почнаа да ме поучуваат за Библијата. Кога имав проблеми, барав помош од нив. Иако беа помлади од мене, тие ми даваа многу мудри совети кои се темелеа на Библијата, а не на нивното лично размислување.

      Откако на своја кожа почувствував колку е корисно да се применуваат библиските совети, потполно се уверив дека Библијата е книга од Бог и дека може да му помогне на секој што се труди да живее во склад со неа. Она што ќе го научиме на училиште може многу да ни користи, но само она што ќе го научиме од Библијата може од корен да ни го смени животот.

      Може ли да ни кажеш зошто мислиш така?

      Моите родители имаат факултетско образование и висок статус во општеството. Но, тоа не им помогна да си ги решат проблемите. Напротив, тие сега се разведени и воопшто не се среќни. Освен тоа, додека бев на факултет, професорите ни кажуваа дека понекогаш употребата на сила е единственото решение за подобро општество. Сепак, од Библијата дознаваме дека човечките напори за подобра иднина немаат траен успех бидејќи Бог не ни дал ниту способност ниту право да владееме едни над други. Токму затоа сите облици на човечко владеење се безуспешни.a Но, ако му се подложиме на Бог, многу ќе си го подобриме животот и ќе имаме позитивно влијание врз другите.

      Како ти помогна Библијата?

      Таа ми помогна на многу полиња од животот. Сега не сум толку загрижена како порано и имам добри пријатели. Научив да штедам, а понекогаш можам да си дозволам да отидам на некое патување. Што е најважно од сѐ, сега можам да им помагам на другите луѓе кои се соочуваат со проблеми.

      a Види во Проповедник 8:9; Еремија 10:23.

Публикации на македонски јазик (1991 — 2025)
Одјави се
Најави се
  • македонски
  • Сподели
  • Подесување
  • Copyright © 2025 Watch Tower Bible and Tract Society of Pennsylvania
  • Услови за користење
  • Полиса за приватност
  • Поставки за приватност
  • JW.ORG
  • Најави се
Сподели