-
Илустрации/примери што поучуваатИзвлечи корист од образованието во Теократската школа за служба
-
-
со неа била избегната една ситуација која можела да го наведе Давид да реагира со самооправдување. Во приказната се работело за некој богат човек што имал многу овци и некој сиромашен што имал само едно женско јагне, кое многу нежно го одгледувал. Самиот Давид бил пастир, така што добро можел да ги разбере чувствата на сопственикот на тоа јагне. Давид реагирал со оправдана лутина кон богатиот, кој му го грабнал саканото јагне на сиромашниот. Потоа, Натан директно и отворено му рекол на Давид: „Ти си тој човек!“ Срцето на Давид било достигнато и тој искрено се покајал (2. Сам. 12:1-14). Со вежбање, можеш да научиш со емоционалните прашања да се справуваш на привлечен начин.
Од настаните запишани во Писмото може да се исцрпат многу примери што се вредни за поучување. Исус го сторил тоа со неколку збора кога рекол: „Сеќавајте се на Лотовата жена“ (Лука 17:32). Кога детално го опишувал знакот на својата присутност, Исус ги спомнал „деновите на Ное“ (Мат. 24:37-39). Во Евреите 11. поглавје, апостол Павле по име се осврнал на 16 мажи и жени како на примери на вера. Додека подобро ја запознаваш Библијата, ќе можеш да извлекуваш силни примери од она што Писмото го кажува за настаните и луѓето што се спомнати по име на неговите страници (Рим. 15:4; 1. Кор. 10:11).
Можеби понекогаш ќе ти биде од помош ако некоја поука засилиш со вистинито, современо искуство. Меѓутоа, гледај притоа да користиш само искуства што се потврдени и избегнувај ги оние што непотребно ќе доведат некого од публиката во непријатна состојба или ќе свртат внимание кон некоја полемична тема што не е поврзана со дискусијата. Запомни го и тоа дека искуството треба да служи за одредена цел. Не раскажувај непотребни детали, кои се склони да го одвратат вниманието од целта на твојата презентација.
Дали ќе се разбере? Која и да било илустрација или пример што ќе го користиш, треба да постигне одредена цел. Ќе го стори ли тоа ако не го примениш на темата за која се дискутира?
Откако своите ученици ги нарекол „светлината на светот“, Исус додал неколку забелешки за тоа како се користи светилката и каква одговорност подразбира ова за нив (Мат. 5:15, 16). По илустрацијата за загубената овца, тој дал коментар за радоста на небото заради еден грешник што се кае (Лука 15:7). И по приказната за ближниот Самарјанин, Исус му поставил на својот слушател едно отворено прашање, а потоа дал директен совет (Лука 10:36, 37). За разлика од тоа, Исус им ја објаснил својата илустрација за различните видови почва и илустрацијата за каколот на полето само на оние што биле доволно понизни да прашаат, а не на мноштвата (Мат. 13:1-30, 36-43). Три дена пред својата смрт, Исус кажал една илустрација за убиствено настроените лозари. Не ја објаснил примената; ниту, пак, била потребна. „Главните свештеници и фарисеите . . . забележаа дека зборува за нив“ (Мат. 21:33-45). Значи, природата на илустрацијата, ставот на публиката и твојата цел влијаат врз тоа дали е потребно да ја објасниш примената и, ако да, во колкава мера.
Развивањето на способноста делотворно да се користат илустрации и примери бара време, но напорот добро се исплаќа. Добро избраните илустрации ја спојуваат интелектуалната привлечност со емоционалниот учинок. Резултатот е тоа што пораката се пренесува со ефект, а тоа честопати не е можно со едноставни изјави на фактите.
-
-
Илустрации од познати ситуацииИзвлечи корист од образованието во Теократската школа за служба
-
-
СТУДИЈА 46
Илустрации од познати ситуации
СЕ РАЗБИРА, сеедно какви илустрации користиш, важно е да одговараат на материјалот за кој дискутираш. Меѓутоа, за да бидат најделотворни, подеднакво важно е да одговараат и на твојата публика.
Како може видот на публиката да влијае врз твојот избор на илустрации за говорење пред група? Што правел Исус Христос? Сеедно дали зборувал пред мноштва или пред своите ученици, Исус не земал примери од животот што бил карактеристичен за земјите надвор од Израел. Такви примери ќе ѝ биле непознати на неговата публика. На пример, Исус не го спомнал животот на дворот во Египет или религиозните практики во Индија. Сепак, неговите илустрации свртувале внимание кон активности што им биле заеднички на луѓето од сите земји. Зборувал за крпење облека, деловна работа, губење на нешто скапоцено и присуство на свадбени гозби. Тој разбирал како реагираат луѓето под различни околности и го користел тоа (Мар. 2:21; Лука 14:7-11; 15:8, 9; 19:15-23). Со оглед на тоа што неговото јавно проповедање било насочено особено кон луѓето од Израел, Исусовите илустрации најчесто алудирале на предмети и активности што биле дел од нивното секојдневие. Според тоа, тој укажувал на работи како што се земјоделството, начинот на кој овците реагираат на својот пастир и на користењето животински мевови за да се чува вино (Мар. 2:22; 4:2-9; Јован 10:1-5). Исто така, тој посочил познати историски примери — создавањето на првиот човечки пар, Потопот од времето на Ное, уништувањето на Содом и Гомор, смртта на Лотовата жена, и тоа се само неколку (Мат. 10:15; 19:4-6; 24:37-39; Лука 17:32). Дали и ти, кога избираш илустрации, на сличен начин внимателно размислуваш за активностите што им се вообичаени на твоите слушатели и за нивната културна заднина?
Што ако не зборуваш пред голема група, туку пред едно лице или можеби само пред неколку? Настојувај да избереш илустрација што особено одговара за таа мала публика. Кога ѝ сведочел на една Самарјанка на еден бунар во близина на Сихар, Исус зборувал за „вода жива“, за тоа ,да не се ожедни никогаш‘ и за „извор на вода која извира за да даде вечен живот“ — сите тие биле стилски фигури директно поврзани со работата на таа жена (Јован 4:7-15). А кога зборувал за мажите што ги плавеле своите рибарски мрежи, стилската фигура што избрал да ја користи го вклучувала рибарскиот занает (Лука 5:2-11). Во обата примера можел да се осврне на земјоделството, бидејќи живееле во земјоделско подрачје, но колку поделотворно било тоа што алудирал на нивната лична активност додека кај нив создавал слики во мислите! Дали ти настојуваш да го правиш тоа?
Додека Исус го насочувал вниманието кон „загубените овци на домот Израелов“, апостол Павле не бил испратен само кај Израел туку и кај нееврејските нации (Мат. 15:24; Дела 9:15). Дали ова влијаело врз начинот на кој зборувал Павле? Да. Кога им пишувал на христијаните во Коринт, укажувал на пешачки трки, го спомнал обичајот да се јадат оброци во идолските храмови и алудирал на триумфалните процесии, работи со кои тие не-Евреи биле запознати (1. Кор. 8:1-10; 9:24, 25; 2. Кор. 2:14-16).
Дали си и ти исто толку внимателен како Исус и Павле при изборот илустрации и примери што ќе ги користиш во поучувањето? Дали размислуваш за заднината и за секојдневните активности на твоите слушатели? Се разбира, од првиот век па наваму светот се изменил. Многу луѓе имаат пристап до светските вести преку телевизијата. Тие се честопати запознати со ситуациите во странските земји. Онаму каде што тоа е случај, сигурно дека не е погрешно да црпиш илустрации од тие вести. Сепак, работите што најмногу влијаат врз луѓето обично го вклучуваат нивниот личен живот — домот, семејството, работата, храната што ја јадат, временските услови во нивното подрачје.
Ако твојата илустрација бара многу објаснување, можеби зборуваш за нешто што не ѝ е познато на твојата публика. Таквата илустрација може лесно да ја засени поуката. Како резултат на тоа, публиката можеби ќе ја запомни твојата илустрација, но не и библиската вистина што настојуваш да ја пренесеш.
Наместо да прави комплицирани споредби, Исус употребувал едноставни, секојдневни работи. Користел мали работи за да ги објасни големите и лесни работи за да ги разјасни тешките. Поврзувајќи ги секојдневните настани со духовните вистини, Исус им помагал на луѓето полесно да ги сфатат библиските вистини за кои поучувал и да се сетат на нив. Колку само убав пример за следење!
-