ОНЛАЈН БИБЛИОТЕКА Watchtower
ОНЛАЈН БИБЛИОТЕКА
Watchtower
македонски
ѐ
  • Ѐ
  • ѐ
  • Ѝ
  • ѝ
  • БИБЛИЈА
  • ПУБЛИКАЦИИ
  • СОСТАНОЦИ
  • Гестови и изрази на лицето
    Извлечи корист од образованието во Теократската школа за служба
    • СТУДИЈА 12

      Гестови и изрази на лицето

      Што треба да правиш?

      Користи движења на рацете, рамениците или на целото тело за да изразиш идеи, чувства или ставови.

      Користи ги очите и устата, како и положбата на главата за да го засилиш кажаниот збор или за да пренесеш чувства.

      ЗОШТО Е ВАЖНО?

      Гестовите и изразите на лицето му додаваат визуелен и емоционален акцент на она што го зборуваш. Можат да ги побудат твоите чувства и на тој начин да го оживеат твојот глас.

      ЛУЃЕТО од некои култури гестикулираат послободно отколку луѓе со поинакво потекло. Сепак, практично секој зборува правејќи промени во изразот на лицето и некакви гестикулации. Ова е случај и во приватен разговор и при јавно говорење.

      Гестовите кај Исус и кај неговите први ученици биле природни. Во една прилика, некој го известил Исус дека мајка му и неговите браќа сакаат да разговараат со него. Исус одговорил: „Која е моја мајка и кои се мои браќа?“ Потоа, Библијата додава: „Протегнувајќи ја раката спрема своите ученици, рече: ,Еве! Мојата мајка и моите браќа!‘ “ (Мат. 12:48, 49). Меѓу другите осврти, во Дела 12:17 и 13:16 Библијата покажува дека апостолите Петар и Павле исто така спонтано користеле гестови.

      Идеите и чувствата не се пренесуваат само со гласот, туку и со гестовите и изразите на лицето. Ако не се користат добро, може да се остави впечаток дека оној што зборува е рамнодушен. Но, кога вкусно ќе се спојат, овие средства на комуникација многу ја зголемуваат делотворноста на говорот. Дури и кога зборуваш по телефон, ако соодветно користиш гестови и изрази на лицето, твојот глас полесно ќе ја пренесе важноста на пораката, како и твоите лични чувства за она што го кажуваш. Затоа, сеедно дали зборуваш спонтано или читаш, сеедно дали присутните гледаат во тебе или во своите Библии, гестовите и изразите на лицето си имаат своја вредност.

      Твоите гестови и изрази на лицето не треба да бидат како научени од книга. Никогаш не си морал да учиш како да се смееш или како да се лутиш. Гестовите треба да ги изразуваат и чувствата што се во тебе. Колку твоите гестови се поспонтани толку подобро.

      Гестовите се делат на две главни категории: описни гестови и гестови за нагласување. Описните гестови изразуваат акција или покажуваат димензија и локација. Во школата, кога работиш на користењето гестови, немој да бидеш задоволен само со еден или два. Обиди се да гестикулираш на природен начин низ целиот говор. Ако ти е проблем да го правиш тоа, можеби ќе ти биде од помош ако побараш зборови што покажуваат правец, растојание, големина, локација или некои релативни положби. Меѓутоа, во многу случаи, сѐ што треба да сториш е да се внесеш во говорот и да не се грижиш за тоа каков впечаток оставаш, туку да ги кажуваш и правиш работите исто како во секојдневниот живот. Кога лицето е опуштено, гестовите си доаѓаат природно.

      Гестовите за нагласување изразуваат чувство и уверување. Тие ги истакнуваат, оживуваат и засилуваат идеите. Гестовите за нагласување се важни. Но, внимавај! Гестовите за нагласување лесно можат да станат особеност. Ако секогаш одново користиш ист гест, тој може да почне да привлекува внимание кон себе наместо да го збогати твојот говор. Ако надгледникот на школата ти укаже дека ова ти е проблем, извесно време обиди се да се ограничиш само на описните гестови. По некое време почни повторно да користиш гестови за нагласување.

      При одредувањето до која мера да користиш гестови за нагласување и кои гестови се соодветни, размисли за чувствата на оние на кои им зборуваш. Ако покажуваш со прст кон присутните, тие можат да се чувствуваат непријатно. Во некои култури, ако некој маж прави извесни гестови како, на пример, да стави рака на уста за да изрази изненадување, на тоа се гледа како на женскост. Во некои делови на светот е нескромно жените слободно да гестикулираат со рацете. Затоа, на тие места сестрите треба особено добро да ги користат изразите на лицето. А пред мала група, претераните гестови можат да се сметаат за комични во речиси секој дел на светот.

      Како што ќе стекнуваш искуство и ќе стануваш поопуштен додека зборуваш така сите гестови за нагласување што ги користиш природно ќе ги изразуваат твоите внатрешни чувства, што ќе биде доказ за твојата увереност и искреност. Тоа ќе го осмисли она што го зборуваш.

      Изразот на лицето. Лицето, најмногу од кое и да е друго физичко обележје, изразува како навистина се чувствуваш. Очите, обликот на устата, начинот на кој ја држиш главата си играат своја улога. Без да кажеш збор, твоето лице може да пренесе рамнодушност, одвратност, збунетост, зачуденост или восхит. Кога тие изрази на лицето се проследени со кажан збор, тоа му додава визуелен и емоционален ефект. Творецот поставил на лицето приличен број мускули — повеќе од 30. Кога се смееш, учествуваат речиси половина од нив.

      Сеедно дали си на подиум или учествуваш во службата на теренот, ти настојуваш да споделиш со луѓето една порака која е угодна, која може да ги израдува нивните срца. Тоа го потврдува една топла насмевка. Од друга страна, пак, ако на твоето лице нема никаков израз, ова може да предизвика прашања во врска со твојата искреност.

      И не само тоа, насмевката им кажува на другите дека имаш љубезно чувство кон нив. Тоа е особено важно во овие денови кога луѓето честопати се плашат од непознати. Твојата насмевка може да им помогне да се опуштат и да бидат поприемливи за она што го кажуваш.

  • Визуелен контакт
    Извлечи корист од образованието во Теократската школа за служба
    • СТУДИЈА 13

      Визуелен контакт

      Што треба да правиш?

      Погледнувај во оние на кои им зборуваш, воспостави со нив контакт со очите кој ќе трае по неколку секунди, ако е тоа прифатливо во вашето место. Погледнувај поединци, а не само една група.

      ЗОШТО Е ВАЖНО?

      Во многу култури, на контактот со очи се гледа како на показател на интерес за лицето на кое му се обраќаш. Тоа, исто така, се смета за доказ дека зборуваш со увереност.

      НАШИТЕ очи пренесуваат ставови и емоции. Тие можат да покажат изненадување или страв. Можат да пренесат сочувство или љубов. Понекогаш можат да издадат дека постои сомневање или да дадат доказ за жалост. Во врска со своите земјаци, кои многу страдале, еден постар човек рекол: „Ние разговараме со очите“.

      Други можат да извлечат заклучоци за нас и за она што го кажуваме на темел на тоа каде ги фокусираме очите. Во многу култури, луѓето се склони да имаат доверба во човек што одржува со нив пријателски контакт со очите. И обратно, можеби ќе се посомневаат во искреноста или компетентноста на лице кое гледа во своите стапала или во некој предмет, наместо во човекот со кого разговара. Трети култури, пак, на интензивниот контакт со очите гледаат како на нешто некултурно, агресивно или предизвикувачко. Ова е случај особено кога се разговара со лица од спротивниот пол или со некој поглавар или со лице кое има титула. А во некои подрачја, ако помлад воспостави директен контакт со очите со постар човек, на ова ќе се гледа како на неучтивост.

      Меѓутоа, таму каде што не е навредливо, погледнувањето некого в очи кога се изнесува важна изјава може уште повеќе да го нагласи она што се кажува. Може да биде доказ дека говорникот е уверен во тоа. Забележи како реагирал Исус кога неговите ученици изразиле големо изненадување и рекле: „Кој, всушност, може да биде спасен?“ Библијата известува: „Гледајќи ги в лице, Исус им рече: ,За луѓето тоа е невозможно, но за Бог сѐ е можно‘ “ (Мат. 19:25, 26). Исто така, Писмото покажува дека апостол Павле внимателно ги набљудувал реакциите на луѓето во неговата публика. Во една прилика, додека Павле зборувал, бил присутен и некој човек сакат од раѓање. Во Дела 14:9, 10 стои: „Овој човек слушаше како зборува Павле кој, пак, откако го впери погледот во него и виде дека овој има вера да оздрави, рече со силен глас: ,Стани, исправи се на своите нозе‘ “.

      Предлози за службата на теренот. Кога учествуваш во службата на теренот, биди пријателски настроен и срдечен додека им пристапуваш на луѓето. Таму каде што е пригодно, користи прашања што поттикнуваат на размислување за да започнеш разговор за нешто што може да биде од заемен интерес. Притоа настојувај да воспоставиш контакт со очите — или барем в лице да го погледнуваш човекот со почит и на љубезен начин. Топла насмевка на лицето кај човек чии очи пренесуваат внатрешна радост е нешто многу привлечно. Таквиот израз може многу да му каже на поединецот за тоа каков си ти и да му помогне да се чувствува поопуштено додека разговарате.

      Набљудувањето на изразот на очите кај човекот, таму каде што е пригодно, ќе ти покаже како да се справиш со некоја ситуација. Ако е налутен или не се интересира вистински, ќе можеш да го видиш тоа. Ако не те разбира, ќе го увидиш тоа. Ако станува нестрплив, обично ќе можеш да го забележиш тоа. Ако е длабоко заинтересиран, и тоа ќе се види. Изразот на неговите очи може да те предупреди на потребата да го преиначиш темпото, да вложиш додатен напор за да го вклучиш во разговорот, да ја прекинеш дискусијата или, можеби, да продолжиш на тој начин што ќе прикажеш како се проучува Библијата.

      Сеедно дали учествуваш во јавно сведочење или водиш домашна библиска студија, настојувај со оној со кого разговараш да задржиш контакт со очите полн со почит. Меѓутоа, немој да зјапаш во него, што може да биде непријатно (2. Цар. 8:11). Но, на еден природен, пријателски начин, често погледнувај го другиот в лице. Ова во многу земји пренесува чувство на искрен интерес. Се разбира, кога читаш од Библијата или од некоја друга публикација, очите ќе ти бидат фокусирани на печатената страница. Но, за да нагласиш некоја точка, можеби ќе сакаш да погледнеш директно во човекот, иако накратко. Ако погледнуваш во интервали, тоа исто така ќе ти овозможи да ја набљудуваш неговата реакција на она што се чита.

      Ако во почетокот ти е тешко да воспоставиш визуелен контакт поради тоа што си срамежлив, не откажувај се. Со вежбање, пригодниот визуелен контакт ќе ти стане природен и може да ја зголеми твојата делотворност во комуницирањето со другите.

Публикации на македонски јазик (1991 — 2025)
Одјави се
Најави се
  • македонски
  • Сподели
  • Подесување
  • Copyright © 2025 Watch Tower Bible and Tract Society of Pennsylvania
  • Услови за користење
  • Полиса за приватност
  • Поставки за приватност
  • JW.ORG
  • Најави се
Сподели