-
„Јехова... има огромна моќ“Приближи му се на Јехова
-
-
ПОГЛАВЈЕ 4
„Јехова... има огромна моќ“
1, 2. Кои неверојатни работи ги имал доживеано Илија, но што му се случило на планината Хорив?
ИЛИЈА веќе доживеал некои неверојатни работи. Додека бил во бегство, двапати дневно храна му носеле гаврани. За време на еден долг глад, два сада со брашно и масло никако не се испразнувале. А како одговор на една негова молитва, од небото слегол оган (1. Царевите, поглавја 17, 18). Сепак, ова што го гледал сега, го немал видено никогаш порано.
2 Додека бил засолнет на влезот од една пештера на планината Хорив, почнало да се случува нешто многу необично. Најпрво задувал ветар. Со своето фучење сигурно втерувал страв во коски затоа што бил толку силен што расцепувал планини и кршел карпи. Потоа настанал земјотрес, кој ослободил огромно количество енергија од Земјината кора. По земјотресот се појавил оган. Додека пламените јазици голтале сѐ пред себе, Илија сигурно почувствувал бран на неподнослива жештина (1. Царевите 19:8-12).
„Гледај, Јехова поминуваше“
3. Која Божја особина ја запознал Илија, и во кои работи можеме да ја видиме и ние таа особина?
3 Сите овие работи што ги видел Илија имале нешто заедничко. Тие биле доказ за големата моќ на Јехова Бог. Се разбира, не мора да видиме чудо за да се увериме дека Бог е моќен и силен. Тоа лесно се забележува. Библијата вели дека самото создание е доказ за Јеховината „вечна моќ и божество“ (Римјаните 1:20). Помисли на заслепувачкиот блесок на молњите и заглушувачкиот татнеж на громовите, на величествените слапови на еден голем водопад и на бескрајното небо начичкано со ѕвезди! Зар во овие работи не гледаш доказ за Божјата моќ? Сепак, денес малкумина му оддаваат признание на Бог за сето тоа. А уште помал е бројот на оние што исправно гледаат на Божјата моќ. Меѓутоа, ако ја разбереме оваа особина на Јехова, ќе ни биде полесно да се зближиме со него. Во првиот дел од оваа книга ќе стане збор за Јеховината неспоредлива моќ.
Една од главните особини на Јехова
4, 5. а) Каква врска постои помеѓу името на Јехова и неговата моќ? б) Зошто е на место тоа што Јехова го избрал бикот како симбол на својата моќ?
4 Никој не може да се мери со Јехова во поглед на моќта. Во Еремија 10:6 пишува: „Никој не е како тебе, Јехова! Ти си велик, и името твое е велико и моќно“. Забележи дека моќта е поврзана со Јеховиното име, кое очигледно значи „оној што предизвикува да стане“. Што му овозможува на Јехова да создава сѐ што сака и да стане сѐ што ќе посака? Едно нешто е неговата моќ. Тој има неограничена способност да го направи она што го наумил. Таквата моќ е една од неговите главни особини.
5 Поради тоа што никогаш не би можеле потполно да сфатиме колку е моќен Јехова, тој користи споредби за да ни го долови тоа. Веќе видовме дека Јехова го избрал бикот како симбол на својата моќ (Езекиел 1:4-10). Таа споредба е сосема на место затоа што дури и домашниот бик е големо и силно животно. Луѓето што во библиски времиња живееле во Палестина ретко можеле да видат некое посилно животно. Сепак, во тоа време имало еден вид див бик кој денес е изумрен (Јов 39:9-12). Римскиот император Јулиј Цезар рекол дека тие бикови биле големи речиси колку слоновите. Тој напишал: „Многу се силни и неверојатно брзи“. Замисли колку мал и слаб би се чувствувал ти покрај едно такво животно!
6. Зошто само Јехова е наречен „Семоќен“?
6 На сличен начин, секој човек е мал и немоќен во споредба со Јехова, Богот на моќта. За него дури и моќните народи се како прашинка на вага (Исаија 40:15). За разлика од секое друго суштество, Јехова има неограничена моќ. Затоа, само тој е наречен „Семоќен“a (Откровение 15:3). Јехова има „огромна сила“ и поседува ‚изобилство енергија со која задвижува сѐ‘ (Исаија 40:26, фуснота). Тој е неисцрпен, бескраен извор на моќ. Не е зависен од некој друг извор на енергија бидејќи „моќта му припаѓа на Бог“ (Псалм 62:11). Но, на кој начин Јехова ја покажува својата моќ?
Како Јехова ја користи својата моќ
7. Што е Јеховиниот свет дух, и што покажуваат изворните зборови за „дух“ кои се користат во Библијата?
7 Од Јехова извира свет дух во неограничена мера. Што е светиот дух? Тоа е силата со која се служи Бог. Изворните хебрејски и грчки зборови кои се преведуваат со „дух“, во некои контексти може да се преведат со „ветар“, „здив“ и „струење на воздух“. Лексикографите велат дека на изворните јазици тие зборови укажуваат на невидлива активна сила. Слично како ветрот, Божјиот дух не можеме да го видиме, но можеме да ги почувствуваме последиците од неговото дејствување.
8. Како е наречен светиот дух во Библијата, и зошто тие споредби се соодветни?
8 Јехова го користи светиот дух за различни цели. Тој може да го употреби за да изврши сѐ што ќе науми. Затоа, сосема е на место што Божјиот дух во Библијата симболично е наречен негов „прст“, негова „силна рака“ и негова „подигната мишка“ (Лука 11:20; 5. Мојсеева 5:15; Псалм 8:3). Исто како што еден човек може со својата рака да направи најразлични работи, така и Јехова може да го употреби својот дух за да направи сѐ што ќе науми. На пример, со светиот дух го создал бескрајно малиот атом, ги разделил водите на Црвеното Море и им овозможил на христијаните од првиот век да зборуваат на разни јазици.
9. Со каква власт располага Јехова?
9 Јехова ја покажува својата моќ и преку авторитетот што го има како Севишен Господар на целата вселена. Можеш ли да замислиш како би било да имаш под своја власт милијарди интелигентни и способни суштества кои се спремни да ја извршат секоја твоја заповед? Јехова располага со таква власт. На Земјата тој има верни слуги кои во Библијата честопати се споредени со војска (Псалм 68:11; 110:3). Сепак, човекот е многу кревко суштество во споредба со еден ангел. Кога асирската војска го нападнала Божјиот народ, само еден ангел убил 185.000 асирски војници за една ноќ! (2. Царевите 19:35). Навистина, Божјите ангели се „моќни во силата“ (Псалм 103:19, 20).
10. а) Зошто Семоќниот Бог е наречен „Јехова над војските“? б) Кое е најмоќното суштество што го создал Јехова?
10 Колку ангели постојат? Во едно видение, пророкот Даниел видел повеќе од 100 милиони ангели кои стоеле пред Јеховиниот престол на небото. Сепак, ова не значи дека ги видел сите ангели што постојат (Даниел 7:10). Според тоа, веројатно постојат стотици милиони ангели. Затоа, Бог ја носи титулата „Јехова над војските“. Оваа титула укажува на неговата висока положба како Заповедник на една голема, организирана војска од моќни ангели. Над сите нив Бог го поставил својот сакан Син, кој е „првороден од сѐ што е создадено“ (Колошаните 1:15). Како архангел, кој е поставен над сите ангели, серафими и херувими, Исус е најмоќното суштество што го создал Јехова.
11, 12. а) Во која смисла Божјата Реч е делотворна? б) Од кои зборови на Исус гледаме колку е голема Божјата моќ?
11 Јехова ја покажува својата моќ на уште еден начин. Во Евреите 4:12 пишува: „Речта Божја е жива и делотворна“. Дали си забележал колку силно влијание има Божјата Реч, односно пораката вдахновена од светиот дух, која е запишана во Библијата? Таа може да нѐ зајакне, да ја зацврсти нашата вера и да ни помогне да направиме коренити промени во животот. Апостол Павле ги предупредил христијаните да се чуваат од луѓето кои водат крајно неморален живот. Потоа рекол: „А такви беа некои од вас“ (1. Коринќаните 6:9-11). Значи, Божјата Реч била делотворна. Таа извршила силно влијание врз нив и им помогнала да се променат.
12 Јехова има толку голема моќ и ја користи на толку делотворен начин што ништо не може да го спречи да ги оствари своите намери. Исус рекол: „За Бог сѐ е возможно“ (Матеј 19:26). За кои работи Јехова ја користи својата моќ?
Моќ која се користи со цел
13, 14. а) Зошто може да се каже дека Јехова не е некаков безличен извор на енергија? б) За кои работи Јехова ја користи својата моќ?
13 Јеховиниот свет дух е далеку помоќен од која и да е физичка сила. Меѓутоа, Јехова не е некаква безлична сила или само некаков извор на енергија. Тој е личност и има целосна контрола над својата моќ. Но, за какви цели ја користи?
14 Како што ќе видиме, Бог ја користи својата моќ за да создава, уништува, заштитува и обновува — со други зборови, за да направи сѐ што е во склад со неговите совршени намери (Исаија 46:10). Понекогаш Јехова ја користи својата моќ за да открие важни аспекти на својата личност и да ги открие своите мерила. Што е најважно од сѐ, тој ја користи моќта за да ја изврши својата волја — да го оправда своето право да владее и да го посвети своето величествено име преку месијанското Царство. Никој и ништо не може да го спречи Јехова да ја исполни таа намера.
15. Со каква цел Јехова ја користи својата моќ кога се во прашање неговите слуги, и како тоа се гледа од она што го доживеал Илија?
15 Јехова ја користи својата моќ и за да ни помага нам лично. Во 2. Летописи 16:9 пишува: „Јехова ја пребарува со своите очи целата земја за да ја покаже својата сила штитејќи ги оние што му се оддадени со цело срце“. Една потврда за тоа е она што го доживеал Илија, како што видовме во почетокот на ова поглавје. Зошто Јехова му ја покажал својата моќ на толку впечатлив начин? Па, злобната царица Језавела се заколнала дека ќе го погуби Илија. За да си го спаси животот, пророкот избегал. Бил осамен, преплашен и обесхрабрен. Имал чувство како сиот негов труд да паднал во вода. За да го утеши овој потиштен човек, Јехова на живописен начин го потсетил на својата моќ. Ветрот, земјотресот и огнот му потврдиле на Илија дека крај него е најмоќната личност во целата вселена. Зар имал причина да се плаши од Језавела кога на негова страна бил Семоќниот Бог?b (1. Царевите 19:1-12).
16. Зошто е утешно да размислуваме за големата моќ на Јехова?
16 Денес Јехова не прави чуда како што правел во времето на Илија. Сепак, тој не се променил (1. Коринќаните 13:8). И денес е исто толку спремен да ја употреби својата моќ во корист на оние што го сакаат. Иако Јехова престојува во духовниот свет, тој не е далеку од никого од нас. Неговата моќ не познава граници, па затоа далечината за него не игра никаква улога. Наместо тоа, „Јехова е близу до сите што го повикуваат“ (Псалм 145:18). Еднаш, кога пророкот Даниел го молел Бог за помош, му се појавил еден ангел уште пред да заврши со молитвата! (Даниел 9:20-23). Ништо не може да го спречи Јехова да ги зајакне и да им помогне на оние што ги сака (Псалм 118:6).
Дали Бог е непристаплив затоа што е моќен?
17. а) Каков страв треба да чувствуваме кога ќе помислиме на Јеховината моќ? б) Каков страв од Јехова не треба да чувствуваме?
17 Дали треба да се плашиме од Бог поради тоа што е толку моќен? На ова прашање мора да одговориме и со ‚да‘ и со ‚не‘. ‚Да‘, затоа што оваа особина ни дава многу причини да чувствуваме голем восхит, длабока почит и здрав страв од Бог, како што спомнавме во претходното поглавје. Библијата вели дека таквиот страв е „првото нешто потребно за да се стекне мудрост“ (Псалм 111:10). Меѓутоа, мора да одговориме и со ‚не‘, затоа што Божјата моќ не е причина да чувствуваме болен страв од него или да се плашиме да му се обратиме.
18. а) Зошто многумина гледаат со недоверба на оние што имаат некаква моќ? б) Од каде знаеме дека моќта не може да го расипе Јехова?
18 „Моќта расипува, а апсолутната моќ апсолутно расипува.“ Ова го напишал англискиот историчар лорд Актон во 1887 год. Оттогаш наваму, многу луѓе ги цитирале овие зборови затоа што увиделе колку се точни. Како што секогаш одново потврдува историјата, несовршените луѓе честопати ја злоупотребуваат моќта (Проповедник 4:1; 8:9). Токму од таа причина многумина гледаат со недоверба на оние што имаат некаква моќ. Затоа не сакаат да имаат ништо со нив. Од друга страна, Јехова има апсолутна моќ. Дали на некој начин таа го расипала? Секако дека не! Како што веќе видовме, Јехова е свет и ништо не може да го расипе. Тој не е како несовршените луѓе што се на моќни положби во овој расипан свет. Никогаш не ја злоупотребил својата моќ, а нема да ја злоупотреби ни во иднина.
19, 20. а) Во склад со кои други особини Јехова секогаш ја покажува својата моќ, и зошто е утешно да го знаеме тоа? б) Која споредба ни покажува колкаво самосовладување покажува Јехова, и зошто ти се допаѓа оваа негова особина?
19 Не заборавај дека моќта не е единствената особина на Јехова. Треба да се запознаеме и со неговата правда, мудрост и љубов. Но, не треба да заклучиме дека Јехова ги покажува своите особини круто, механички и независно една од друга. Всушност, точно е токму спротивното. Во следните поглавја ќе видиме дека Јехова секогаш ја држи својата моќ во рамнотежа со својата правда, мудрост и љубов. Размисли за уште една особина што ја има Јехова, а која денес ретко ја гледаме кај световните владетели. Тоа е самосовладувањето.
20 Замисли дека си запознал некој човек кој е толку голем и силен што просто те фаќа страв од него. Но, со текот на времето забележуваш дека тој е нежен и обѕирен. Секогаш е спремен да ја користи својата сила за да ги штити и да им помага на луѓето, особено на беспомошните. Никогаш не ја злоупотребува својата сила. Меѓутоа, некој почнува да го клевети без причина. Сепак, тој останува смирен, сталожен и љубезен. Се прашуваш дали и ти би покажал таква љубезност и самосовладување, особено ако си силен како него. Зар нема да го засакаш тој човек откако подобро ќе го запознаеш? Ние имаме многу повеќе причини да го сакаме Семоќниот Бог, Јехова. Обрни внимание на целата реченица од која е земен насловот на ова поглавје: „Јехова е бавен на гнев и има огромна моќ“ (Наум 1:3). Јехова не ја користи избрзано својата моќ против луѓето, дури ни против злите. Тој е благ, љубезен и добар. Покажал дека е „бавен на гнев“ и покрај тоа што луѓето многупати го повредувале (Псалм 78:37-41).
21. Зошто Јехова не ги присилува луѓето да му служат, и што ни покажува тоа за него?
21 Размисли и од еден друг агол за самосовладувањето што го покажува Јехова. Кога би имал неограничена моќ, дали би се нашол на искушение да ги натераш другите да прават онака како што сакаш ти? И покрај сета своја моќ, Јехова не ги присилува луѓето да му служат. Иако ќе добиеме вечен живот само ако му служиме на Бог, тој не сака да му служиме против своја волја. Наместо тоа, со љубов го почитува достоинството на секој поединец така што му дава право на избор. Тој нѐ предупредува на последиците од лошите одлуки и ни кажува како ќе бидеме наградени ако носиме исправни одлуки. Но, самата одлука ни ја препушта нам (5. Мојсеева 30:19, 20). Јехова не сака да му служиме затоа што сме присилени на тоа или затоа што чувствуваме болен страв од неговата огромна моќ. Тој сака да му служиме доброволно, од љубов (2. Коринќаните 9:7).
22, 23. а) Што покажува дека Јехова сака да ја споделува власта со други? б) Што ќе разгледаме во следното поглавје?
22 На крајот, да разгледаме уште една причина зошто не треба да живееме во страв од Семоќниот Бог. Луѓето што имаат власт обично не сакаат да ја споделат со други. За разлика од нив, на Јехова му е мило кога им дава одредена власт на своите верни слуги. На пример, му дал голема власт на својот Син (Матеј 28:18). Освен тоа, на своите слуги Јехова им дава и сила. Библијата вели: „Твои се, Јехова, величието и моќта и убавината и возвишеноста и честа, зашто твое е сѐ што е на небото и на земјата... Во твоја рака се силата и моќта, во твоја рака е да возвишиш и да им дадеш сила на сите“ (1. Летописи 29:11, 12).
23 Да, Јехова се радува што може да те закрепне. Всушност, тој ни дава „сила, која ја надминува нормалната“ (2. Коринќаните 4:7). Зар не се чувствуваш привлечен кон овој моќен Бог, кој останува љубезен и не ги погазува своите мерила додека ја користи својата моќ? Во следното поглавје ќе видиме како Јехова ја користи својата моќ да создава.
a Грчкиот збор преведен како „Семоќен“ буквално значи „владетел над сите; оној што има потполна моќ“.
b Библијата вели дека Јехова не бил во ветрот, не бил во земјотресот, а не бил ни во огнот. За разлика од оние што веруваат во митски богови на природата, Јеховините слуги не го бараат Бог во природните сили. Тој е премногу возвишен и величествен за да биде ограничен во нешто кое самиот го создал (1. Царевите 8:27).
-
-
Моќ да создава — „Творецот на небото и на земјата“Приближи му се на Јехова
-
-
ПОГЛАВЈЕ 5
Моќ да создава — „Творецот на небото и на земјата“
1, 2. На кој начин Сонцето покажува колкава е Јеховината моќ да создава?
ЗАМИСЛИ СИ дека седиш покрај оган во една студена ноќ. Рацете ти се испружени и уживаш во топлината од огнот. Но, за да ти биде пријатно, треба да бидеш на исправна оддалеченост од огнот — ако си преблизу ќе ти стане жешко, а ако си предалеку ќе ти застуди.
2 Всушност, постои еден „оган“ кој нѐ грее секој ден, иако гори на оддалеченост од околу 150 милиони километри од нас!a Тој „оган“ е Сонцето. Замисли колкава моќ мора да има тоа штом можеме да ја почувствуваме неговата топлина на толку големо растојание! Земјата постојано кружи околу оваа чудесна термонуклеарна печка, и тоа на идеална оддалеченост. Кога нашата планета би била поблизу до Сонцето, сета вода би испарила. А кога би била подалеку, водата би замрзнала. И едната и другата крајност би значеле крај за живиот свет на Земјата. Но, освен што е неопходно за животот на Земјата, Сонцето не ја загадува околината и претставува ефикасен извор на енергија, а да не спомнуваме колку ни се пријатни неговите зраци (Проповедник 11:7).
Јехова „го постави сонцето, изворот на светлина“
3. За која важна работа сведочи Сонцето?
3 Сепак, повеќето луѓе го земаат Сонцето здраво за готово, иако од него им зависи животот. Со тоа пропуштаат да извлечат една важна поука. Во Библијата го пишува следново за Јехова: „Ти го постави сонцето, изворот на светлина“ (Псалм 74:16). Да, Сонцето му носи слава на Јехова, „Творецот на небото и на земјата“ (Псалм 19:1; 146:6). Но, тоа е само едно од неброените небесни тела кои покажуваат колку е бескрајна Јеховината моќ да создава. Најпрво ќе се запознаеме со некои небесни тела, а потоа ќе дознаеме нешто повеќе за Земјата и за живиот свет на неа.
„Подигнете ги очите и гледајте“
4, 5. Колку моќно и колку големо е Сонцето, но колкаво е во споредба со другите ѕвезди?
4 Како што веројатно знаеш, нашето Сонце е ѕвезда. Тоа изгледа многу поголемо од ѕвездите кои ги гледаме на ноќното небо бидејќи, за разлика од нив, се наоѓа многу поблизу до нас. А колкава енергија има? Па, температурата во неговото јадро изнесува околу 15 милиони Целзиусови степени. Ако од јадрото се земе едно делче големо колку глава на шпенадла и се стави на Земјата, нема да биде безбедно да се стои во радиус од 140 километри од тој мал извор на топлина! А секоја секунда Сонцето ослободува енергија која одговара на експлозијата на стотици милиони нуклеарни бомби.
5 Што се однесува до димензиите, Сонцето е толку големо што во него можат да се сместат 1.300.000 Земји. Дали Сонцето е необично голема ѕвезда? Не. Всушност, астрономите го нарекуваат жолто џуџе. Апостол Павле напишал дека „ѕвезда од ѕвезда се разликува по славата“ (1. Коринќаните 15:41). Не можел ни да замисли колку се вистинити тие вдахновени зборови. На пример, постои ѕвезда која е толку голема што, ако се постави на местото на Сонцето, нашата Земја ќе се најде во неа. Една друга џиновска ѕвезда поставена на местото на Сонцето би го исполнила просторот дури до Сатурн. Оваа планета е толку оддалечена од Земјата што на едно вселенско летало ќе му требаат четири години за да стигне до неа — под услов да патува со брзина која е 40 пати поголема од брзината на куршум испукан од моќен пиштол!
6. Како Библијата ни помага да сфатиме колку многу ѕвезди има?
6 Без здив нѐ остава не само големината на ѕвездите туку и нивниот број. Од Библијата дознаваме дека има толку многу ѕвезди што не можат да се избројат, исто како што не може да се изброи ниту „морскиот песок“ (Еремија 33:22). Ова покажува дека постојат далеку повеќе ѕвезди отколку што можат да се видат со голо око. Ако некој од писателите на Библијата, како што бил Еремија, погледнел кон ноќното небо и почнел да ги брои ѕвездите, ќе можел да изброи само околу три илјади. Отприлика толкав е бројот на ѕвезди што може да се видат со голо око во јасна ноќ. За споредба, толкав е и бројот на зрнца во еден грст песок. Но, вкупниот број на ѕвезди е далеку поголем, исто како и вкупниот број на зрнца песок во морето.b Кој би можел да ги изброи?
„Ги вика сите по име“
7. а) Отприлика колку ѕвезди содржи нашата галаксија, и колку е голем тој број? б) Зошто е значајно тоа што астрономите не можат да го одредат вкупниот број на галаксии, и што ни кажува тоа за Јеховината моќ да создава?
7 Одговорот е даден во Исаија 40:26, каде што пишува: „Подигнете ги очите угоре и гледајте! Кој го создал тоа? Оној што ја изведува нивната војска според нивниот број и ги вика сите по име“. А во Псалм 147:4 за Јехова се вели: „Ги пребројува ѕвездите“. Колкав е вкупниот број на ѕвезди? Тоа прашање воопшто не е едноставно. Астрономите проценуваат дека само нашата галаксија, Млечниот Пат, содржи преку 100 милијарди ѕвезди.c Но, постојат и многу други галаксии, а голем дел од нив содржат уште повеќе ѕвезди. Колку галаксии има? Некои астрономи проценуваат дека постојат околу 50 милијарди галаксии. Други, пак, велат дека нивниот број можеби достигнува 125 милијарди. Значи, човекот не може да го одреди ни бројот на галаксии, а камоли точниот број на милијардите ѕвезди од кои се состои секоја од нив. Сепак, Јехова го знае тој број. Освен тоа, на секоја ѕвезда ѝ дава име!
8. а) Како би објаснил колку е голема нашата галаксија? б) На кој начин Јехова им ја одредува патеката на небесните тела?
8 Нашата одушевеност од она што го направил Јехова ќе порасне кога ќе помислиме на тоа колку е голема секоја галаксија. Се проценува дека Млечниот Пат има дијаметар од околу 100.000 светлосни години. Колкаво е тоа растојание? Замисли си еден зрак светлина што патува со огромна брзина од околу 300.000 километри во секунда. За да стигне од едниот до другиот крај на галаксијата ќе му бидат потребни 100.000 години! А некои галаксии се многупати поголеми од нашата. Интересно, Библијата вели дека Јехова „ги оптегнал“ огромните небесни пространства како да се обично платно (Псалм 104:2). На небесните тела тој дури им одредува и патека на движење. Од најмалата честичка меѓуѕвездена прашина до најголемата галаксија, сѐ се движи во склад со физичките закони што ги поставил Бог (Јов 38:31-33). Научниците ги споредуваат прецизните движења на небесните тела со сложена балетска кореографија! Помисли за момент на оној кој го создал сето тоа. Зар не си исполнет со страхопочит кон Богот што поседува толкава моќ да создава?
„Ја направи земјата со својата сила“
9, 10. а) Каков доказ за Јеховината моќ гледаме од местоположбата на Сончевиот систем? б) Што ни покажува поставеноста на Јупитер и на Месечината во однос на Земјата?
9 Доказ за тоа дека Јехова има неверојатна моќ да создава е и нашата планета. На пример, Јехова многу внимателно избрал на кое место во огромната вселена ќе ја постави Земјината топка. Некои научници сметаат дека голем број галаксии би биле непогодни за една планета како нашата, која врие од живот. Освен тоа, се чини дека и поголемиот дел од галаксијата Млечен Пат не е создаден за да постои живот во него. Од една страна, центарот на галаксијата е преполн со ѕвезди. Има високо зрачење, а постои и голем ризик да дојде до судир меѓу ѕвездите. Од друга страна, на рабовите од галаксијата недостасуваат многу елементи што се неопходни за живот. Нашиот Сончев систем е идеално сместен меѓу овие две крајности.
10 Земјината топка постојано добива заштита од една далечна, но џиновска планета — Јупитер. Оваа планета е повеќе од 1.000 пати поголема од Земјата и затоа врши огромно гравитационо влијание. Со каков резултат? Јупитер ги апсорбира или им ја менува патеката на голем број небесни тела кои со вртоглава брзина се движат низ вселената. Според научниците, доколку не би постоел Јупитер, дождот од метеори што паѓа на Земјата би бил 10.000 пати посилен од сегашниот. А во близина на нашата планета се наоѓа еден необичен сателит — Месечината. Освен што е убав украс на небото и ни ја осветлува ноќта, таа ја одржува оската на Земјата наклонета под одреден агол. Благодарение на тоа, доаѓа до редовна промена на годишните времиња — уште еден благодет за животот на Земјата.
11. На кој начин Земјината атмосфера служи како заштитна обвивка?
11 Јеховината моќ да создава се гледа во секој аспект од начинот на кој е направена Земјата. Да ја земеме за пример атмосферата, која служи како заштитна обвивка на Земјата. Сонцето испушта и корисни и штетни зраци. Кога штетните, смртоносни зраци ќе стигнат до горните слоеви на Земјината атмосфера, предизвикуваат обичниот кислород да премине во озон. Притоа настанува озонска обвивка која го апсорбира поголемиот дел од тие зраци. Значи, нашата планета има сопствен заштитен чадор!
12. Како Јеховината моќ да создава се гледа во кружниот тек на водата што се одвива во атмосферата?
12 Нашата атмосфера претставува сложена смеса од гасови кои се застапени во идеален размер. Благодарение на тоа може да опстане целиот жив свет на Земјата. Во атмосферата се одвива и една чудесна појава — кружниот тек на водата. Под дејство на Сонцето, секоја година од океаните и морињата испаруваат околу 400.000 кубни километри вода. Од водената пареа се формираат облаци, кои атмосферските ветрови ги разнесуваат насекаде. Таа вода, сега исфилтрирана и прочистена, паѓа на Земјата во вид на дожд, снег и мраз и ги обновува резервите со вода. Овој процес е убаво опишан во Проповедник 1:7, каде што стои: „Сите реки течат во морето, а морето сепак не се преполнува. Реките одново се враќаат на своите врутоци и одново го започнуваат својот тек“. Само Јехова можел да постави еден таков кружен тек.
13. Какви докази за моќта на Творецот гледаме во растителниот свет и во почвата?
13 И живиот свет што нѐ опкружува е доказ за моќта на Творецот. Сѐ што постои — од џиновските секвои кои се повисоки од 30-катница па сѐ до микроскопскиот растителен свет во океаните кој обезбедува голем дел од кислородот што го дишеме — покажува колкава моќ да создава има Јехова. Дури и самата почва врие од живот. Црвите, габите и микробите во неа соработуваат на неверојатно сложен начин, со што им овозможуваат на растенијата да растат.
14. Колкава енергија се крие дури и во ситниот атом?
14 Без сомнение, Јехова е оној кој ‚ја направил земјата со својата сила‘ (Еремија 10:12). Неговата моќ се гледа дури и во најситните творби. На пример, ако наредиме милион атоми еден до друг, ќе се добие слој потенок од човечко влакно. А ако еден атом се зголеми дури и колку 14-катна зграда, неговото јадро ќе биде само како едно зрнце сол на седмиот кат. Сепак, тоа бесконечно мало јадро е изворот на огромната енергија која се ослободува при нуклеарна експлозија!
„Сѐ што дише“
15. Каква поука му дал Јехова на Јов кога му набројал некои диви животни?
15 Друг впечатлив доказ за Јеховината моќ да создава наоѓаме во разновидноста на животинскиот свет. Во 148. Псалм се наведени многу работи што го фалат Јехова, а во 10. стих од овој псалм се спомнати „диви животни и сите домашни животни“. За да покаже зошто луѓето треба да чувствуваат страхопочит кон Творецот, Јехова во една прилика му набројал на Јов некои диви животни, како што се лавот, зебрата, дивиот бик, нилскиот коњ и крокодилот. Со која цел? Ако човекот им се восхитува на овие силни, страшни и нескротливи суштества, колку повеќе би требало да му се восхитува на оној што ги создал! (Јов, поглавја 38-41).
16. Кои работи те воодушевуваат во врска со некои птици што ги создал Јехова?
16 Во Псалм 148:10 се спомнуваат и „крилести птици“. Само помисли колку различни видови птици постојат! Јехова му зборувал на Јов за нојот, кој „му се смее на коњот и на неговиот јавач“. Иако не може да лета, оваа птица, висока 2,5 метри, може да трча со брзина од 65 километри на час и да помине 4,5 метри само со еден чекор! (Јов 39:13, 18). Од друга страна, албатросот го поминува поголемиот дел од својот живот во воздухот над морето. Оваа птица има распон на крилјата од околу 3 метри и може со часови да лебди во воздухот без да замавне со нив. За разлика од албатросот, еден вид колибри, кое има должина од само 5 сантиметри и е најмалата птица во светот, може да замавне со своите крилја и до 80 пати во секунда! Овие мали птички, кои блескаат како минијатурни скапоцени камчиња, можат да летаат во место како хеликоптер, а можат да летаат дури и наназад.
17. Колку голем е синиот кит, и до каков логичен заклучок ќе дојдеме откако ќе размислиме за животинскиот свет што го создал Јехова?
17 Во Псалм 148:7 пишува дека и ‚големите морски животни‘ го фалат Јехова. Да го земеме како пример синиот кит, за кој многумина веруваат дека е најголемото суштество кое некогаш живеело на нашата планета. Ова ‚големо морско животно‘ може да достигне должина од 30, па дури и повеќе метри, и да тежи колку 30 слонови. Само јазикот му е тежок колку еден слон. Неговото срце е големо колку еден мал автомобил. Овој огромен орган чука само 9 пати во минута. За разлика од него, срцето на колибрито може да чука дури и до 1.200 пати во минута. Што се однесува до крвните садови на синиот кит, барем еден од нив е толку голем што во него може да лази дете. Без сомнение, поттикнати сме да ги повториме зборовите со кои завршува книгата Псалми: „Сѐ што дише нека го фали Јах!“ (Псалм 150:6).
Да учиме од Јеховината моќ да создава
18, 19. Колкава е разноликоста на живите организми на Земјата, и што учиме за Јеховината власт од она што е создадено?
18 Што можеме да научиме од начинот на кој Јехова ја користи својата моќ да создава? Вчудовидени сме од разноликоста на сѐ што е создадено. Еден псалмист рекол: „Колку се многубројни твоите дела, Јехова!.. Полна е земјата со твоите творби“ (Псалм 104:24). И навистина е така! Биолозите откриле повеќе од еден милион видови живи организми, но се смета дека постојат 10 милиони, 30 милиони, па дури и повеќе. Луѓето што се занимаваат со уметност понекогаш ја губат креативноста и остануваат без идеи. Но, за разлика од нив, Јеховината креативност — способноста да измислува и да создава најразлични нови работи — е неисцрпна.
19 Начинот на кој Јехова ја користи својата моќ да создава ни открива нешто за неговата врховна власт. Самиот збор „Творец“ го издвојува Јехова од сѐ што постои во вселената затоа што сѐ друго е „творба“, создание. Дури ни Јеховиниот единороден Син, кој служел како „вешт градител“ во текот на создавањето, во Библијата никогаш не е наречен Творец (Изреки 8:30; Матеј 19:4). Напротив, тој е „првороден од сѐ што е создадено“ (Колошаните 1:15). Со самото тоа што е Творец на сѐ, Јехова е единствениот кој има право да владее над целата вселена (Римјаните 1:20; Откровение 4:11).
20. Во која смисла Јехова почива откако создал сѐ на Земјата?
20 Дали Јехова престанал да ја користи својата моќ да создава? Па, Библијата вели дека тој создавал шест дена, а ‚на седмиот ден почнал да почива од сето свое дело што го направил‘ (1. Мојсеева 2:2). Апостол Павле покажал дека седмиот „ден“ трае неколку илјади години бидејќи сѐ уште не бил завршен во негово време (Евреите 4:3-6). Но, дали тоа што Јехова „почива“ значи дека сосема престанал да работи? Не, бидејќи Бог никогаш не престанува да работи (Псалм 92:4; Јован 5:17). Според тоа, таа ‚почивка‘ едноставно значи дека Јехова престанал да создава материјални работи на Земјата. Сепак, тој без прекин работи на остварувањето на своите намери. Благодарение на тоа го имаме Светото писмо. Јехова овозможил да настане и едно „ново создание“, за кое ќе видиме нешто повеќе во 19. поглавје (2. Коринќаните 5:17).
21. Како Јеховината моќ да создава ќе влијае врз нас во сета вечност?
21 Штом ќе заврши Јеховиниот ден на почивка, Бог ќе може да рече дека е „многу добро“ сето она што го создал на Земјата, како што рекол и на крајот на секој од претходните шест творечки денови (1. Мојсеева 1:31). Останува да видиме како ќе продолжи и во иднина да ја користи својата безгранична моќ да создава. Во секој случај, можеме да бидеме сигурни дека и понатаму ќе се восхитуваме на неговата моќ да создава. Во текот на целата вечност ќе учиме сѐ повеќе за Јехова набљудувајќи ги сите негови созданија (Проповедник 3:11). А колку повеќе учиме за него, толку поголема страхопочит ќе чувствуваме кон нашиот Величествен Творец, кој ќе ни станува сѐ поблизок.
a За да сфатиме колку далеку е тоа, ќе наведеме еден пример. За да се помине тоа растојание со автомобил возејќи ден и ноќ со брзина од 160 километри на час, ќе бидат потребни повеќе од сто години!
b Некои мислат дека луѓето во библиски времиња мора да користеле некаков примитивен телескоп. Тоа им е единствен начин да објаснат како уште тогаш се знаело дека има толку многу ѕвезди што не можат да се избројат. Но, со ваквите неосновани претпоставки ја занемаруваат улогата на Јехова, Авторот на Библијата (2. Тимотеј 3:16).
c Колку време ќе ти треба само за да изброиш 100 милијарди ѕвезди? Ако за секоја ѕвезда одвоиш по една секунда и броиш 24 часа на ден, ќе ти бидат потребни 3.171 година!
-
-
Моќ да уништува — „Јехова е храбар воин“Приближи му се на Јехова
-
-
ПОГЛАВЈЕ 6
Моќ да уништува — „Јехова е храбар воин“
1-3. а) Во каква опасност се нашле Израелците? б) Како Јехова се борел за својот народ?
ИЗРАЕЛЦИТЕ биле фатени во стапица — од едната страна се извишувале остри планински гребени, а од другата страна се наоѓало огромно море. Зад петици им била египетската војска, цврсто решена безмилосно да ги уништи.a И покрај тоа, Мојсеј го охрабрил Божјиот народ да не губи надеж. Тој ги уверил Израелците: „Јехова ќе се бори за вас“ (2. Мојсеева 14:14).
2 Мојсеј сепак го повикал Јехова, кој му одговорил: „Зошто викаш за помош кон мене?.. Крени го својот стап, испружи ја раката над морето и раздвој го“ (2. Мојсеева 14:15, 16). Замисли си како течеле понатаму настаните. Јехова веднаш му дава заповед на својот ангел, и столбот од облак се преместува зад Израелците. Можеби се шири како ѕид, спречувајќи ги Египќаните да нападнат (2. Мојсеева 14:19, 20; Псалм 105:39). Во тој момент Мојсеј ја испружува раката. Почнува да дува силен ветар и морето се раздвојува. На некој начин водите се стврднуваат и стојат исправено како ѕидови. Така се отвора пат кој е доволно широк за да може да помине целиот израелски народ! (2. Мојсеева 14:21; 15:8).
3 Соочен со толкава моќ, фараонот би требало да ѝ нареди на својата војска да се повлече. Наместо тоа, овој горд фараон им наредува на своите воени сили да тргнат во напад (2. Мојсеева 14:23). Египќаните јурнуваат кон морското дно за да ги стигнат Израелците, но наскоро нивниот напад се претвора во хаос бидејќи тркалата од нивните бојни коли почнуваат да се вадат. Кога Израелците се на безбедно од другата страна на морето, Јехова му заповеда на Мојсеј: „Испружи ја раката над морето за да се вратат водите врз Египќаните, врз нивните бојни коли и врз нивните коњаници“. Ѕидовите од вода се рушат и ги проголтуваат фараонот и неговата војска (2. Мојсеева 14:24-28; Псалм 136:15).
Кај Црвеното Море, Јехова покажал дека е „храбар воин“
4. а) Што покажал Јехова кај Црвеното Море? б) Какви чувства може да разбуди овој опис на Јехова?
4 Избавувањето на Израелскиот народ кај Црвеното Море е многу значаен настан во човечката историја. Во таа прилика Јехова покажал дека е „храбар воин“ (2. Мојсеева 15:3). Какви чувства буди во тебе овој опис на Јехова? Мора да се признае, војните им донеле бројни страдања и неволји на луѓето. Дали тоа што Бог има моќ да уништува ти влева страв од него наместо да те поттикне да станеш поблизок со него?
Разликата меѓу Божјите и човечките војни
5, 6. а) Зошто Бог со право е наречен „Јехова над војските“? б) По што се разликуваат Божјите војни од човечките?
5 Скоро триста пати во Хебрејските списи и два пати во Христијанските грчки списи, Бог е наречен со титулата „Јехова над војските“ (1. Самоилова 1:11). Бидејќи е Севишен Владетел, тој заповеда со огромна војска од ангели (Исус Навин 5:13-15; 1. Царевите 22:19). Оваа војска поседува стравотна моќ да уништува (Исаија 37:36). Точно е дека и самата помисла да се уништуваат луѓе воопшто не е пријатна. Но, не смееме да заборавиме дека Божјите војни не се како човечките. Воените и политичките водачи може да се обидат да го оправдаат своето насилство велејќи дека тоа е за доброто на другите. Но, човечките војни секогаш се мотивирани од алчност и себичност.
6 За разлика од тоа, Јехова не се поведува по своите моментални чувства. Во 5. Мојсеева 32:4 пишува: „Тој е Карпа, делото му е совршено, зашто сите негови патишта се правда. Тој е верен Бог, без неправда, праведен е и вистинољубив“. Божјата Реч ги осудува неконтролираниот гнев, суровоста и насилството (1. Мојсеева 49:7; Псалм 11:5). Затоа, Јехова никогаш не презема нешто без добра причина. Својата моќ да уништува ја користи многу ретко, само тогаш кога не преостанува ништо друго. Преку пророкот Езекиел, Јехова рекол: „Зарем мене ми е мило да умре злосторникот... а не да се одврати од своите патишта и да остане жив?“ (Езекиел 18:23).
7, 8. а) До каков погрешен заклучок дошол Јов во врска со своето страдање? б) Како Елиу го исправил погрешното размислување на Јов? в) Што учиме од она што му се случило на Јов?
7 Тогаш, зошто Јехова ја користи својата моќ за да уништува? Пред да одговориме на ова прашање, да размислиме малку за праведниот човек Јов. Сатана тврдел дека ниту Јов ниту кој и да е друг човек нема да остане верен кога ќе се најде во искушение. Затоа, Јехова му дозволил на Сатана да ја испита верноста на Јов. Недолго потоа, Јов добил тешка болест и ги изгубил имотот и децата (Јов 1:1 — 2:8). Бидејќи не знаел дека е вклучен во спорно прашање, дошол до погрешен заклучок дека Бог неправедно го казнува. Тој го прашал Бог зошто го зел „на нишан“ и зошто го сметал за „непријател“ (Јов 7:20; 13:24).
8 Грешката во размислувањето на Јов ја исправил еден млад човек по име Елиу. Тој му рекол: „Тоа ли го сметаш ти за правда? Рече: ‚Мојата праведност е поголема од Божјата‘“ (Јов 35:2). Навистина не е мудро да мислиме дека знаеме повеќе од Бог или дека тој постапува неправедно. Елиу рекол: „Не е можно вистинскиот Бог да прави зло, Семоќниот да постапува неправедно!“ Подоцна додал: „Семоќниот не можеме да го сфатиме. Тој е возвишен во својата сила. Правдата и големата праведност тој нема да ги омаловажи“ (Јов 34:10; 36:22, 23; 37:23). Можеме да бидеме уверени дека Бог војува само кога постои добра причина за тоа. Имајќи го ова на ум, да разгледаме зошто Богот на мирот понекогаш станува воин (1. Коринќаните 14:33).
Зошто Богот на мирот е принуден да војува
9. Зошто Богот на мирот војува?
9 Откако го нарекол Бог „храбар воин“, Мојсеј изјавил: „Кој меѓу боговите е како тебе, о Јехова? Кој е како тебе, кого го краси голема светост?“ (2. Мојсеева 15:11). Пророкот Авакум напишал нешто слично: „Твоите очи се пречисти за да го гледаш злото, ти не можеш да гледаш неволја“ (Авакум 1:13). Јехова не е само Бог на љубовта туку и Бог на светоста, праведноста и правдата. Токму поради овие особини понекогаш ја користи својата моќ за да уништува (Исаија 59:15-19; Лука 18:7). Значи, Бог не ја нарушува својата светост со тоа што војува. Напротив, тој војува затоа што е свет (2. Мојсеева 39:30).
10. а) Кога и зошто првпат се јавила потреба Бог да војува? б) Само на кој начин може да му се стави крај на непријателството проречено во 1. Мојсеева 3:15, и што ќе значи тоа за праведните луѓе?
10 Да видиме каква била ситуацијата откако првите луѓе, Адам и Ева, се побуниле против Бог (1. Мојсеева 3:1-6). Да преминел преку нивното погрешно постапување, Јехова ќе ја поткопал својата положба како Севишен Владетел. Но, бидејќи е праведен Бог, знаел дека мора да ги осуди на смрт (Римјаните 6:23). Во првото библиско пророштво тој рекол дека меѓу неговите слуги и следбениците на „празмијата“, односно Сатана, ќе има непријателство (Откровение 12:9; 1. Мојсеева 3:15). На тоа непријателство може да му дојде крај единствено ако биде уништен Сатана (Римјаните 16:20). Само така праведното човештво ќе може да добие големи благослови — Земјата да биде ослободена од влијанието на Сатана и да бидат создадени услови за целата планета да стане рај (Матеј 19:28). Сѐ дотогаш, оние што се на страната на Сатана ќе претставуваат постојана закана за физичкото и духовното добро на Божјиот народ. Поради тоа, Јехова мора одвреме-навреме да интервенира.
Бог презема чекори да го отстрани злото
11. Зошто Бог бил принуден да предизвика потоп на Земјата?
11 Потопот од времето на Ное е еден таков пример. Во 1. Мојсеева 6:11, 12 пишува: „Земјата се расипа пред вистинскиот Бог и се наполни со насилство. И Бог погледна на земјата, и гледај, беше расипана, зашто целиот човечки род го расипа својот пат на земјата“. Дали Бог ќе дозволел расипаноста да се рашири до тој степен што немало да остане ниту еден праведен човек на Земјата? Не. Јехова бил принуден да предизвика глобален потоп за да ги отстрани сите луѓе што упорно вршеле насилство и неморал.
12. а) Што прорекол Јехова во врска со ‚потомството‘ на Авраам? б) Зошто Аморејците требало да бидат истребени?
12 На сличен начин, Јехова им пресудил и на Ханаанците. Тој ветил дека од Авраам ќе дојде едно „потомство“ преку кое ќе се благословат сите народи на Земјата. Во склад со таа намера, Бог одлучил на потомците на Авраам да им ја даде земјата Ханаан, во која живееле Аморејците. Со какво право Бог решил да ги истера тие народи од нивната земја? Јехова прорекол дека тие ќе бидат истребени дури по 400 години, „зашто беззаконијата на Аморејците уште не го достигнале својот врв“b (1. Мојсеева 12:1-3; 13:14, 15; 15:13, 16, Превод на МПЦ — ревидирано издание; 22:18). Во текот на тој период, Аморејците станувале сѐ порасипани. Ханаанската земја била преполна со идолопоклонство, крвопролевања и сексуална изопаченост (2. Мојсеева 23:24; 34:12, 13; 4. Мојсеева 33:52). Жителите на таа земја дури и ги убивале своите деца принесувајќи ги во оган како жртви. Зарем светиот Бог би го изложил својот народ на таква расипаност? Во никој случај! Тој рекол: „Земјата е нечиста, па ќе ја казнам за нејзините престапи, и земјата ќе ги изблуе своите жители“ (3. Мојсеева 18:21-25). Сепак, Јехова не ги погубил сите до еден. Тој ги поштедил Ханаанците што имале исправен став, како што биле Раав и Гаваонците (Исус Навин 6:25; 9:3-27).
Се бори заради своето име
13, 14. а) Зошто Јехова морал да го посвети своето име? б) Како Јехова го тргнал срамот од своето име во времето на древниот Израел?
13 Бидејќи Јехова е свет, и неговото име е свето (3. Мојсеева 22:32). Исус ги поучил своите ученици да се молат: „Да се свети името твое“ (Матеј 6:9). Со побуната во еденската градина било оцрнето Божјето име, му била извалкана честа на Јехова и бил доведен во прашање неговиот начин на владеење. Јехова во никој случај не можел да толерира таква клевета и побуна. Морал да го тргне срамот од своето име (Исаија 48:11).
14 Да се вратиме повторно на Израелците. Сѐ додека биле робови во Египет, ветувањето кое Бог му го дал на Авраам дека преку неговото Потомство ќе се благословат сите народи на Земјата изгледало бесмислено. Но, со тоа што ги ослободил и од нив направил народ, Јехова го тргнал срамот од своето име. Во една од своите молитви, пророкот Даниел рекол: „Јехова, Боже наш... со силна рака го изведе својот народ од египетската земја и си стекна за себе име какво што имаш денес“ (Даниел 9:15).
15. Зошто Јехова ги ослободил Израелците од ропството во Вавилон?
15 Интересно е што Даниел ја кажал таа молитва во време кога на Евреите им било потребно Јехова уште еднаш да дејствува во интерес на своето име. Непослушните Евреи повторно биле во ропство, овојпат во Вавилон. Нивниот главен град, Ерусалим, лежел во урнатини. Даниел знаел дека, ако Евреите се вратат во својата татковина, Јеховиното име ќе се прослави. Затоа се молел: „Јехова, прости! О Јехова, оѕвиј се и помогни ни! Не колебај се, поради себе, Боже мој, зашто твојот град и твојот народ го носат твоето име“ (Даниел 9:18, 19).
Се бори заради својот народ
16. Дали тоа што Јехова сака да си го одбрани името значи дека е бесчувствителен и себичен? Објасни.
16 Дали тоа што Јехова сака да си го одбрани името значи дека е бесчувствителен и себичен? Не. Со тоа што постапува во склад со својата светост и љубов кон правдата, тој го штити својот народ. Да го земеме за пример она што е запишано во 1. Мојсеева, 14. поглавје. Таму читаме дека четири цареви го заробиле Лот, кој му бил внук на Авраам, како и целото семејство на Лот. Со Божја помош, Авраам ја поразил таа далеку поголема војска! Извештајот за оваа победа најверојатно е првиот запис во „Книгата на Јеховините војни“, која очигледно е книга во која биле запишани и некои воени судири што не се спомнуваат во Библијата (4. Мојсеева 21:14). Оттогаш следеле и многу други победи.
17. Од каде знаеме дека Јехова се борел за Израелците дури и откако влегле во ханаанската земја? Наведи примери.
17 Кратко пред да влезат во ханаанската земја, Мојсеј ги уверил Израелците: „Јехова, вашиот Бог, оди пред вас. Тој ќе се бори за вас онака како што се бореше во Египет“ (5. Мојсеева 1:30; 20:1). Јехова навистина се борел за својот народ и му помогнал да извојува бројни славни победи над непријателите. Тоа го правел во времето на Исус Навин, наследникот на Мојсеј, во времето на судиите, како и во времето на верните цареви на Јуда (Исус Навин 10:1-14; Судиите 4:12-17; 2. Самоилова 5:17-21).
18. а) Зошто треба да бидеме благодарни што Јехова не се променил? б) Што ќе се случи кога непријателството опишано во 1. Мојсеева 3:15 ќе достигне кулминација?
18 Јехова не се променил, а не се променила ниту неговата намера да ја претвори Земјата во прекрасен рај (1. Мојсеева 1:27, 28). Тој сѐ уште ја мрази злобата. Во исто време, многу го сака својот народ и наскоро ќе се заземе за него (Псалм 11:7). Во блиска иднина ќе дојде до голема промена — непријателството опишано во 1. Мојсеева 3:15 ќе достигне драматична кулминација. За да го посвети своето име и да го заштити својот народ, Јехова повторно ќе стане „храбар воин“! (Захарија 14:3; Откровение 16:14, 16).
19. а) Како тоа што Бог ја користи својата моќ за да уништува може да нѐ зближи со него? б) Како треба да влијае врз нас тоа што Бог е спремен да се бори?
19 Да наведеме еден пример. Замисли си дека едно семејство е нападнато од крвожедно животно. Таткото почнува да се бори со него и го убива. Дали жена му и децата би се згрозиле од таа постапка? Сигурно не. Напротив, веројатно би биле трогнати од несебичната љубов што ја покажал кон нив. На сличен начин, и ние не би требало да се згрозиме од тоа што Бог ја користи својата моќ за да уништува. Тоа што знаеме дека е спремен да се бори за да нѐ заштити уште повеќе ја продлабочува нашата љубов кон него. Исто така, се зголемува и нашето ценење кон неговата безгранична моќ. На тој начин можеме „да му служиме на Бог така како што е по негова волја, со страв и со страхопочит“ (Евреите 12:28).
Зближи се со ‚храбриот воин‘
20. Што би требало да правиме кога сме збунети од некои библиски извештаи за Божјите војни, и зошто?
20 Се разбира, Библијата не ги објаснува сите детали во врска со секој случај кога Јехова војувал. Но, во едно можеме да бидеме сигурни: својата моќ да уништува Јехова никогаш не ја користи неправедно, непотребно или сурово. Честопати, контекстот на некој библиски извештај или некои дополнителни информации можат да ни помогнат да добиеме целосна слика (Изреки 18:13). Дури и кога не ги знаеме сите поединости, со самото тоа што учиме повеќе за Јехова и размислуваме за неговите прекрасни особини можеме да ги оттргнеме сите сомневања. Кога правиме така, увидуваме дека имаме многу причини да му веруваме на нашиот Бог, Јехова (Јов 34:12).
21. Каков Бог е Јехова, и покрај тоа што понекогаш дејствува како „храбар воин“?
21 Иако Јехова е „храбар воин“ кога околностите го налагаат тоа, не значи дека ужива да војува. Во едно видение за небесната кочија што го имал Езекиел, Јехова е прикажан како Бог што е спремен да се бори против своите непријатели. Сепак, Езекиел видел дека околу Бог има виножито, кое е симбол на мирот (1. Мојсеева 9:13; Езекиел 1:28; Откровение 4:3). Тоа значи дека Јехова е извор на спокојство и мир. А апостол Јован напишал: „Бог е љубов“ (1. Јованово 4:8). Сите особини на Јехова се во совршена рамнотежа. Имаме голема чест што можеме да бидеме блиски со нашиот моќен Бог кој многу нѐ сака!
a Според еврејскиот историчар Јосиф, во потера по Израелците „тргнале 600 бојни коли, 50.000 коњаници и пешадија од околу 200.000 војници“ (Jewish Antiquities [Еврејски старини] II, 324 [xv, 3]).
b По сѐ изгледа, изразот „Аморејци“ што се спомнува овде ги вклучува сите народи што живееле во ханаанската земја (5. Мојсеева 1:6-8, 19-21, 27; Исус Навин 24:15, 18).
-
-
Моќ да заштитува — „Бог ни е прибежиште“Приближи му се на Јехова
-
-
ПОГЛАВЈЕ 7
Моќ да заштитува — „Бог ни е прибежиште“
1, 2. Во каква опасност се нашле Израелците во близината на Синај, и како Јехова ги утешил?
ИЗРАЕЛЦИТЕ се нашле во опасност кога, во почетокот на 1513 год. пр.н.е., дошле во близина на планината Синај. Ги чекал тежок пат преку една ‚голема и застрашувачка пустина, во која имало змии отровници и скорпии‘ (5. Мојсеева 8:15). Постоела опасност да бидат нападнати и од непријателските народи. Во таква ситуација ги довел Јехова, нивниот Бог. Дали ќе можел да ги заштити?
2 Јехова ги утешил со зборовите: „Видовте што им сторив на Египќаните, како ве носев на орловски крилја и ве доведов кај себе“ (2. Мојсеева 19:4). Јехова го потсетил својот народ дека го избавил од Египќаните како да го носел на орловски крилја за да го одведе на безбедно место. Но, има и други причини зошто изразот „орловски крилја“ дава соодветна слика за Божјата заштита.
3. Зошто изразот „орловски крилја“ дава соодветна слика за Божјата заштита?
3 Орлите не ги користат своите големи, силни крилја само за да летаат во височините. Кога сонцето ќе почне силно да пече, мајката ги шири своите крилја — кои можат да достигнат распон од преку два метра — и прави стреа за да ги заштити своите пиленца од жештината. Во други ситуации таа ги покрива своите орлиња со крилјата за да ги заштити од студениот ветар. Како што орелот ги чува своите пиленца, така и Јехова го бранел и го штител тукушто оформениот израелски народ. Додека оделе низ пустината, Израелците ќе наоѓале засолниште во сенката на неговите моќни крилја сѐ додека му биле верни (5. Мојсеева 32:9-11; Псалм 36:7). Но, дали и ние денес можеме да очекуваме Бог да нѐ штити?
Бог ветува дека ќе ги штити своите слуги
4, 5. Зошто можеме да имаме целосна доверба дека Бог ќе нѐ штити?
4 Без сомнение, Јехова може да ги заштити своите слуги. Тој е „Семоќниот Бог“, што значи дека поседува безгранична моќ (1. Мојсеева 17:1). Како што никој не може да спречи да надојде плимата, така никој не може да го спречи ни Јехова да ја употреби својата моќ. Бидејќи тој може да направи сѐ што е во склад со неговата волја, можеби се прашуваме: ‚Дали е Јеховина волја да ја користи својата моќ за да го штити својот народ?‘
5 Кратко кажано, одговорот е ‚да‘. Јехова ни гарантира дека ќе го штити својот народ. „Бог ни е прибежиште и сила, помош која лесно се наоѓа во неволја“, пишува во Псалм 46:1. Бидејќи Бог „не може да лаже“, можеме да имаме целосна доверба дека ќе нѐ штити, како што ни ветил (Тит 1:2). Да разгледаме некои живописни споредби со кои Јехова ни покажува како нѐ штити.
6, 7. а) На кој начин пастирите од библиски времиња ги штителе своите овци? б) Како Библијата покажува колку многу Јехова сака да ги штити своите овци и да се грижи за нив?
6 Јехова е Пастир, а ние сме „негов народ и овци на неговото пасиште“ (Псалм 23:1; 100:3). Ретко кое друго животно е толку беспомошно како овцата. Пастирите во библиски времиња морале да бидат многу храбри за да ги заштитат своите овци од лавови, волци, мечки и крадци (1. Самоилова 17:34, 35; Јован 10:12, 13). Но, имало и моменти кога пастирот требало да покаже нежност додека се грижел за овците. Кога некоја овца ќе се ојагнела далеку од трлото, грижливиот пастир бил крај неа. Потоа го земал в раце беспомошното јагненце и го носел во трлото.
„Ќе ги носи во пазувите“
7 Јехова се споредува себеси со пастир за да ни покаже колку многу сака да нѐ заштити (Езекиел 34:11-16). Како што видовме во второто поглавје од оваа книга, во Исаија 40:11 Јехова е опишан со следниве зборови: „Како овчар ќе го пасе своето стадо. Со рака ќе ги собере јагнињата, ќе ги носи во пазувите“. На кој начин малото јагненце стигнува во „пазувите“ на овчарот, односно во наборите на неговата наметка? Јагнето може да дојде до овчарот, па дури и нежно да го поттурне по ногата. Сепак, овчарот е тој што мора да се наведне, да го земе в раце и нежно да го стави во пазувите. Овој трогателен опис ни помага да сфатиме колку е спремен да нѐ штити и чува нашиот Голем Пастир!
8. а) Само под кој услов ќе бидеме заштитени од Јехова, и како тоа се гледа од Изреки 18:10? б) Што треба да правиме за да најдеме прибежиште во Божјето име?
8 Бог ветува дека ќе нѐ штити, но под еден услов — ако бидеме блиски со него. Во Изреки 18:10 пишува: „Името на Јехова е цврста кула. Во неа бега праведникот и наоѓа заштита“. Во библиски времиња, кулите понекогаш се граделе во пустините за да служат како засолништа. Но, оној што сакал да биде на безбедно требало самиот да побегне во таа кула. Истото важи и за Божјето име. За да биде наше прибежиште, не е доволно само да го повторуваме. Божјето име нема волшебна моќ. Треба да го познаваме Оној што го носи тоа име и да имаме доверба во него. Исто така, треба да живееме во склад со неговите праведни мерила. Јехова со љубов нѐ уверува дека, ако покажуваме доверба во него, тој ќе биде како кула во која можеме да најдеме заштита.
„Нашиот Бог... може да нѐ избави“
9. Дали Јехова останал само на ветувањето дека ќе ги штити своите слуги? Објасни.
9 Јехова не останува само на ветувањето дека ќе ги штити своите слуги. Во минатото тој правел чуда со кои покажал дека навистина може да го заштити својот народ. Со својата силна „рака“, Јехова честопати ги поразувал моќните непријатели на Израелците (2. Мојсеева 7:4). Меѓутоа, Јехова ја користел својата моќ за да штити и поединци.
10, 11. Кои библиски примери покажуваат дека Јехова ја користел својата моќ за да заштити поединци?
10 Кога тројцата млади Евреи — Седрах, Мисах и Авденаго — не сакале да се поклонат пред златниот кип што го поставил цар Навуходоносор, царот се разбеснил и им се заканил дека ќе ги фрли во вжарена печка. „Кој е тој бог што ќе може да ве избави од моиве раце?“, подбивно рекол Навуходоносор, најмоќниот владетел во тоа време (Даниел 3:15). Тројцата млади Евреи имале целосна доверба дека нивниот Бог може да ги заштити. Сепак, не сметале дека бил должен да ги спаси. Затоа одговориле: „Ако треба така да биде, нашиот Бог, кому му служиме, може да нѐ избави“ (Даниел 3:17, 18). И навистина, иако печката била вжарена седумпати повеќе од вообичаено, не претставувала никаков проблем за нивниот семоќен Бог. Тој ги заштитил, а царот морал да признае: „Нема друг бог кој би можел да избави како овој“ (Даниел 3:29).
11 Јехова ја покажал својата моќ да заштитува и кога со чудо го пренел животот на својот единороден Син во утробата на Марија, една Еврејка која била девица. Еден ангел ѝ рекол дека ‚ќе забремени и ќе роди син‘. Тој ѝ објаснил: „Светиот дух ќе дојде врз тебе и силата на Севишниот ќе те засени“ (Лука 1:31, 35). Може да се каже дека во тој период било најлесно да му се наштети на Божјиот Син. Дали гревот и несовршенството од мајката ќе влијаат врз ембрионот? Дали Сатана ќе го убие или ќе му наштети на тоа дете уште пред да се роди? Во никој случај! Јехова подигнал симболичен заштитен ѕид околу Марија за да не може ништо — ниту несовршеноста, ниту некаква сила, ниту некој злобен човек или демон — да му наштети на ембрионот што почнал да се развива. Јехова продолжил да го штити Исус и додека бил дете (Матеј 2:1-15). Сѐ додека не дошло времето што го одредил Јехова, Божјиот Син бил целосно заштитен.
12. Зошто Бог со чудо заштитил некои поединци во минатото?
12 Зошто Јехова штител некои поединци на таков начин? Во многу случаи тој заштитувал поединци за да постигне нешто многу поважно — да го осигура исполнувањето на својата намера. На пример, преживувањето на малиот Исус било од пресудна важност за да се оствари Божјата намера, која е за доброто на целото човештво. Во Светото писмо се запишани многу примери за тоа како Бог ја користел својата моќ да заштитува. Сето тоа било запишано „за наша поука, за преку својата истрајност и преку утехата од Писмата да имаме надеж“ (Римјаните 15:4). Овие примери ни ја зајакнуваат верата во нашиот семоќен Бог. Но, каква заштита од Бог можеме да очекуваме денес?
Што не значи Божјата заштита
13. Дали Јехова мора да прави чуда за нас? Објасни.
13 Тоа што Јехова ветил дека ќе нѐ штити не значи дека мора да прави чуда за нас. Нашиот Бог не ни гарантира живот без проблеми во денешно време. Многу верни слуги на Јехова се соочуваат со огромни тешкотии, како што се сиромаштијата, војните, болестите и смртта. Исус отворено им рекол на своите ученици дека некои од нив ќе бидат убиени поради својата вера. Токму затоа истакнал колку е важно да истраеме до крај (Матеј 24:9, 13). Ако Јехова секогаш ја користи својата моќ за да нѐ избавува правејќи чуда, Сатана ќе има повод да го исмејува и да тврди дека не му служиме на Бог од искрени мотиви (Јов 1:9, 10).
14. Кои примери покажуваат дека Јехова не ги штити сите свои слуги подеднакво?
14 Дури и во библиски времиња, Јехова не ја користел својата моќ за да го заштити секој свој слуга од прерана смрт. На пример, некаде во 44 год. од н.е., Ирод го погубил апостол Јаков. Но, по кратко време, Петар бил избавен „од раката на Ирод“ (Дела 12:1-11). Јован, пак, братот на Јаков, живеел подолго и од Петар и од Јаков. Јасно, не можеме да очекуваме Бог подеднакво да ги штити сите свои слуги. Освен тоа, „времето и непредвидените настани“ нѐ погодуваат сите (Проповедник 9:11). Со оглед на сето ова, на кој начин Јехова нѐ штити нас денес?
Физичка заштита
15, 16. а) Што ни покажува дека Јехова им обезбедува физичка заштита на своите слуги како група? б) Зошто можеме да бидеме сигурни дека Јехова ќе ги штити своите слуги денес, но и во текот на „големата неволја“?
15 Најпрво да кажеме нешто за физичката заштита. Јеховините слуги може да очекуваат таква заштита како група. Инаку би му станале лесен плен на Сатана, „владетелот на овој свет“. Размисли: Сатана од дното на душата би сакал да ги истреби сите што му служат на вистинскиот Бог (Јован 12:31; Откровение 12:17). Некои од најмоќните влади во светот го забраниле нашето проповедничко дело и се обиделе да нѐ искоренат. И покрај сето тоа, Јеховините слуги останале цврсти и не престанале да проповедаат! Зошто дури ни моќни земји не успеале да им стават крај на активностите на оваа релативно мала и навидум беспомошна група христијани? Затоа што Јехова ги штити со своите моќни крилја! (Псалм 17:7, 8).
16 А дали ќе бидеме физички заштитени во текот на „големата неволја“? Не треба да се плашиме од тоа што Бог ќе ги изврши своите осуди. „Јехова знае како да ги избави од искушение луѓето што му се оддадени, а неправедните да ги чува за денот на судот за да бидат казнети“ (Откровение 7:14; 2. Петрово 2:9). Дотогаш, можеме да бидеме сосема сигурни во две работи. Прво, Јехова никогаш нема да дозволи неговите верни слуги да бидат збришани од лицето на Земјата. Второ, тој ќе ги награди верните со вечен живот во својот праведен нов свет — ако треба дури и со тоа што ќе ги воскресне. За умрените нема посигурно место од Божјето сеќавање (Јован 5:28, 29).
17. На кој начин Јехова нѐ штити преку својата Реч?
17 Јехова уште денес нѐ штити преку својата ‚реч‘. Таа е жива и има моќ да ги излечи нашите срца и да нѐ мотивира да правиме промени во животот (Евреите 4:12). Ако ги применуваме нејзините начела, можеме да имаме извесна заштита во физички поглед. Во Исаија 48:17 пишува: „Јас, Јехова, сум твој Бог, кој те учи да го правиш она што е за твое добро“. Значи, ако живееме во склад со Божјата Реч, ќе имаме подобро здравје и подолг живот. На пример, библиските совети да не вршиме блуд и да се исчистиме од секаква валканост нѐ чуваат од лоши навики кои им го уништуваат животот на многу луѓе (Дела 15:29; 2. Коринќаните 7:1). Неизмерно сме благодарни за заштитата што ја добиваме од Божјата Реч!
Духовна заштита
18. Каква духовна заштита ни дава Јехова?
18 Што е уште поважно, Јехова ни обезбедува духовна заштита. Нашиот Бог со љубов нѐ штити од сето она што може да ни нанесе духовна штета. Тој ни дава сѐ што ни е потребно за да ги пребродиме искушенијата и да го зачуваме својот личен однос со него. На тој начин, нашиот живот нема да се сведе на неколку децении што брзо прелетуваат, туку ќе трае сета вечност. Да видиме што прави Бог за да нѐ заштити духовно.
19. Како Јеховиниот дух може да ни помогне да издржиме и покрај сите проблеми?
19 Јехова „ги слуша молитвите“ (Псалм 65:2). Кога проблемите во животот ни изгледаат неиздржливи, многу ќе ни олесни ако му го излееме своето срце на Јехова во молитва (Филипјаните 4:6, 7). Иако нема да ни одговори на молитвите така што ќе направи чудо за да ги отстрани нашите проблеми, тој може да ни даде мудрост за да се справиме со нив (Јаков 1:5, 6). Исто така, Јехова им дава свет дух на оние што го молат за тоа (Лука 11:13). Овој моќен дух може да ни помогне да поднесеме секаква неволја. Тој може да нѐ исполни со ‚сила која ја надминува нормалната‘ за да издржиме сѐ додека не дојде новиот свет. Тогаш Јехова ќе му стави крај на сѐ што нѐ мачи (2. Коринќаните 4:7).
20. Како Јеховината моќ да заштитува можеме да ја почувствуваме преку нашите браќа и сестри?
20 Јеховината моќ да заштитува можеме да ја почувствуваме и преку нашите браќа и сестри. Јехова го обединил својот народ во едно меѓународно братство (1. Петрово 2:17; Јован 6:44). Тоа срдечно братство е силен доказ дека Божјиот свет дух влијае позитивно врз луѓето. Тој дух создава во нас убави особини како што се љубовта, љубезноста и добротата (Галатите 5:22, 23). Затоа, кога минуваме низ тежок период и некој соверник ќе ни даде добар совет или ќе нѐ охрабри, треба да му се заблагодариме на Јехова што се грижи за нас и нѐ штити на таков начин.
21. а) Каква духовна храна обезбедува Јехова преку „верниот и разборит роб“? б) Како тебе лично ти користи сето она што Јехова ни го дава за да нѐ заштити во духовен поглед?
21 Јехова нѐ штити и на еден друг начин — преку навремената духовна храна. За да ни помогне да црпиме сила од неговата Реч, Јехова го поставил „верниот и разборит роб“ да ни дава духовна храна. Овој верен роб обезбедува различни публикации, како што се списанијата Стражарска кула и Разбудете се! Исто така, се грижи да имаме состаноци, собири и конгреси. Сето тоа претставува „храна во вистинско време“ — токму она што ни треба и тогаш кога ни треба (Матеј 24:45). Дали некогаш на состанок си слушнал некоја мисла — во коментар, во говор, па дури и во молитва — што ти влеала сила и те охрабрила? Дали те допрела до срце некоја статија од нашите списанија? Не заборавај дека Јехова се грижи да ги имаме сите тие работи за да нѐ заштити во духовен поглед.
22. За која цел Јехова секогаш ја користи својата моќ, и зошто тоа е за наше добро?
22 Без сомнение, Јехова им е „штит на сите што бараат засолниште кај него“ (Псалм 18:30). Видовме дека во денешно време тој не ја користи својата моќ за да нѐ заштити од секоја неволја. Сепак, Јехова ја користи својата моќ за да го води исполнувањето на својата намера. Долгорочно гледано, тоа секогаш е за доброто на неговиот народ. Ако се зближиме со Јехова и останеме во неговата љубов, тој ќе ни даде вечен живот во совршени услови. Ако го имаме ова на ум, секое страдање во овој свет ќе ни изгледа ‚моментално и лесно‘ (2. Коринќаните 4:17).
-
-
Моќ да обновува — Јехова ‚прави сѐ ново‘Приближи му се на Јехова
-
-
ПОГЛАВЈЕ 8
Моќ да обновува — Јехова ‚прави сѐ ново‘
1, 2. Со какви загуби се соочуваме денес, и како тоа влијае врз нас?
ЕДНО ДЕТЕ ја скршило или ја изгубило својата омилена играчка. Срцето ти се кине од жал кога го слушаш како плаче! Но, што се случува кога татко му ќе ја поправи или ќе ја најде таа играчка? Лицето на детето блеснува од радост. Можеби за таткото воопшто не е тешко да ја поправи или да ја најде играчката. Но, детето е пресреќно и восхитено. Повторно го држи в раце она што мислело дека веќе го нема!
2 Јехова, најдобриот Татко, има моќ повторно да го врати она што луѓето, односно неговите деца на Земјата, сметаат дека е изгубено засекогаш. Се разбира, не станува збор за обични играчки. Во овие „особено тешки времиња“ губиме многу повредни работи (2. Тимотеј 3:1-5). Луѓето можат во секој момент да го изгубат она што многу им значи — домот, имотот, работата, па дури и здравјето. Освен тоа, загрижени сме поради уништувањето на животната средина и истребувањето на многу животински и растителни видови. Меѓутоа, ништо не нѐ погодува толку многу како смртта на некој што го сакаме. Во тие моменти нѐ преплавуваат чувства на загуба и беспомошност (2. Самоилова 18:33).
3. Каква намера има Јехова според Дела 3:21, и како ќе ја исполни?
3 Колку е утешно тоа што Јехова има моќ да обновува! Како што ќе видиме, нема граници на она што Бог може и сака да им го врати на своите деца на Земјата. Всушност, Библијата покажува дека Јехова има намера „да обнови сѐ“ (Дела 3:21, Радосна Вест). Јехова ќе го постигне тоа преку месијанското Царство на чело со неговиот Син, Исус Христос. Доказите покажуваат дека ова Царство почнало да владее на небото во 1914 год.a (Матеј 24:3-14). Што ќе биде обновено? Да разгледаме некои од Јеховините величествени дела на обнова. Едно такво дело веќе се одвива пред наши очи. Останатите ќе се случуваат во иднина во огромни размери.
Обнова на вистинската религија
4, 5. Што му се случило на Божјиот народ во 607 год. пр.н.е, и каква надеж дал Јехова?
4 Една работа што Јехова веќе ја обновил е вистинската религија, односно исправното обожавање на вистинскиот Бог. За да сфатиме што значи тоа, да кажеме неколку збора за историјата на царството Јуда. Така ќе дознаеме како Јехова веќе ја користел својата моќ да обновува (Римјаните 15:4).
5 Замисли си како им било на верните Евреи во 607 год. пр.н.е., кога Ерусалим бил уништен. Нивниот сакан град бил срамнет со земја. Ѕидовите му биле разурнати, а што е уште полошо, во урнатини лежел и величествениот храм што го изградил Соломон (Псалм 79:1). Тој бил единствениот храм на Земјата каде што се обожавал Јехова. Оние што преживеале биле одведени во Вавилон, а нивната родна земја станала пустелија и собиралиште на диви животни (Еремија 9:11). Од човечка гледна точка, сѐ изгледало изгубено (Псалм 137:1). Но Јехова, кој долго време претходно прорекол дека ќе дојде до такво уништување, дал надеж дека ќе дојде и време на обнова.
6-8. а) На која тема често пишувале хебрејските пророци, и какво првобитно исполнување имале тие пророштва? б) Како Божјиот народ во денешно време го доживеал исполнувањето на многу од пророштвата за обнова?
6 Во своите списи, хебрејските пророци често пишувале за обнова.b Преку нив, Јехова ветил дека земјата ќе биде обновена, повторно населена, плодна и заштитена од диви ѕверови и непријателски напади. Тој ја опишал нивната обновена земја како вистински рај! (Исаија 65:25; Езекиел 34:25; 36:35). Што е најважно, луѓето повторно ќе почнеле да му служат на вистинскиот Бог и храмот повторно ќе бил изграден (Михеј 4:1-5). Тие пророштва им влеале надеж на прогонетите Евреи и им помогнале да го издржат изгнанството во Вавилон, кое траело 70 години.
7 Времето за таа обнова конечно дошло. Откако биле ослободени од Вавилон, Евреите се вратиле во Ерусалим и повторно го изградиле Јеховиниот храм (Езра 1:1, 2). Сѐ додека го обожавале вистинскиот Бог на исправен начин, Јехова ги благословувал и нивната земја давала богат род. Јехова ги заштитувал од ѕверовите и од непријателите што веќе со децении живееле на нивната земја. Сигурно биле пресреќни што Јехова имал моќ да го врати она што го изгубиле! Но, тие настани биле само прво, делумно исполнување на пророштвата за обнова. До едно поголемо исполнување требало да дојде „во последните денови“, а тоа е нашево време, кога на престолот седнал одамна ветениот наследник на цар Давид (Исаија 2:2-4; 9:6, 7)
8 Кратко откако седнал на престолот на небесното Царство во 1914 год., Исус го насочил вниманието на духовните потреби на Божјиот верен народ на Земјата. Исто како што персискиот освојувач Кир во 537 год. пр.н.е. ослободил од Вавилон еден остаток од Евреите, така и Исус ослободил еден остаток од духовни Евреи — своите следбеници — од влијанието на денешниот Вавилон, односно светското царство на лажната религија (Римјаните 2:29; Откровение 18:1-5). Од 1919 год. наваму, вистинските христијани повторно почнале да му служат на Бог на исправен начин (Малахија 3:1-5). Оттогаш, Јеховиниот народ му служи на Бог во неговиот пречистен духовен храм, кој го симболизира сето она што Бог го подготвил за да можеме да му служиме на прифатлив начин. Зошто тоа е важно за нас денес?
Зошто е важна духовната обнова
9. а) Што се случило по смртта на апостолите? б) Што направил Јехова во наше време?
9 Да се вратиме малку во минатото. Христијаните во првиот век доживеале многу духовни благослови. Но, Исус и апостолите прорекле дека обожавањето на вистинскиот Бог ќе се расипе и ќе исчезне (Матеј 13:24-30; Дела 20:29, 30). Така, по смртта на апостолите се појавило лажно христијанство. Неговите свештеници прифатиле пагански учења и обичаи. Тие почнале да го прикажуваат Бог како дел од некакво несфатливо тројство и да ги учат луѓето да им се исповедуваат на свештениците и да им се молат на Марија и на разни „светци“ наместо на Јехова. Затоа, на луѓето им било тешко да се зближат со Бог. Таквата расипаност трае со векови. Дали Јехова направил нешто во врска со тоа? Да. Во овој свет исполнет со верски лаги и безбожни обичаи, Јехова ја обновил вистинската религија! Нема да претераме ако кажеме дека таа обнова е една од најважните работи што се случиле во поново време.
10, 11. а) Кои две работи ги опфаќа духовниот рај, и како тие влијаат врз нас лично? б) Какви луѓе собира Јехова во духовниот рај, и што ќе доживеат тие?
10 Затоа, вистинските христијани денес се радуваат на еден духовен рај. Што сѐ опфаќа тој рај? Главно две работи. Првата работа е тоа што го обожаваме вистинскиот Бог, Јехова, на исправен начин. Тој нѐ ослободил од лажните верски учења и се погрижил да имаме духовна храна. Тоа ни овозможува да го запознаеме нашиот небесен Татко, да му бидеме послушни и да станеме блиски со него (Јован 4:24). Втората работа поврзана со духовниот рај се однесува на луѓето. Како што прорекол Исаија, „во последните денови“ Јехова ги поучува своите слуги да не војуваат и да живеат во мир едни со други. И покрај тоа што сме несовршени, Јехова ни помага да ја облечеме „новата личност“. Како благослов за нашиот труд тој ни го дава својот свет дух, кој во нас создава убави особини (Ефешаните 4:22-24; Галатите 5:22, 23). Кога постапуваш во склад со Божјиот свет дух, ти си дел од духовниот рај.
11 Во духовниот рај Јехова ги собира луѓето што ги сака — оние што имаат љубов кон него, што го сакаат мирот и што „настојуваат да ги задоволат своите духовни потреби“ (Матеј 5:3). Таквите луѓе ќе доживеат една уште повеличествена обнова — не само на човештвото туку и на целата Земја.
„Гледај, правам сѐ ново!“
12, 13. а) Од каде знаеме дека ќе има уште едно исполнување на пророштвата за обнова? б) Каква намера со Земјата има Јехова, и зошто тоа ти влева надеж?
12 Многу библиски пророштва за обнова не се однесуваат само на духовната обнова. На пример, Исаија го опишал времето кога болните, сакатите, слепите и глувите ќе бидат излекувани, а смртта ќе биде уништена засекогаш (Исаија 25:8; 35:1-7). Овие пророштва не се исполниле дословно во древниот Израел, а во денешно време го гледаме само нивното духовно исполнување. Но, имаме цврсти причини да веруваме дека во иднина ќе има и едно дословно исполнување, и тоа низ целиот свет. Од каде го знаеме тоа?
13 Уште во еденската градина, Јехова јасно кажал каква е неговата намера со Земјата. Таа требало да биде населена со среќни и здрави луѓе кои ќе живеат сложно. Луѓето требало да се грижат за Земјата и за сите суштества што живееле на неа. Требало да ја претворат во рај целата планета (1. Мојсеева 1:28). Тоа е сосема спротивно од она што го гледаме денес. Сепак, биди уверен дека Јеховините намери нема да пропаднат (Исаија 55:10, 11). Исус, месијанскиот Цар поставен од Јехова, ќе ја претвори во рај целата Земја (Лука 23:43).
14, 15. а) Како ќе се исполнат Јеховините зборови „правам сѐ ново“? б) Каков ќе биде животот во рајот, и што од тоа најмногу ти се допаѓа?
14 Помисли на времето кога целата Земја ќе стане рај. Во врска со тоа време, Јехова вели: „Гледај, правам сѐ ново!“ (Откровение 21:5). Размисли што ќе значи тоа. Откако Јехова ќе ја употреби својата моќ за да го уништи овој злобен свет, ќе останат „нови небеса и нова земја“. Ова значи дека една нова влада ќе управува од небото со едно праведно човечко општество составено од луѓе што го сакаат Јехова и ја вршат неговата волја (2. Петрово 3:13). Сатана и неговите демони нема да можат повеќе да дејствуваат (Откровение 20:3). За прв пат по толку илјади години човештвото ќе биде ослободено од нивното расипано, злобно, негативно влијание. Без сомнение ќе настапи големо олеснување.
15 Конечно ќе можеме да се грижиме за нашата убава планета онака како што требало да биде уште во почетокот. Земјата има способност сама да се обновува. Загадените езера и реки можат сами да се прочистат ако се отстрани изворот на нивното загадување, а пределите уништени од војните можат сами да се обноват ако престанат војните. Со вистинско уживање ќе помагаме Земјата да се обнови и да стане голем парк — рајска градина полна со секакви природни убавини! Наместо немилосрдно да истребува животински и растителни видови, човекот ќе живее во мир со сите созданија на Земјата. Дури ни децата нема да се плашат од дивите животни (Исаија 9:6, 7; 11:1-9).
16. Каква обнова ќе доживее секој верен човек?
16 И секој од нас лично ќе доживее еден вид обнова. Оние што ќе го преживеат Армагедон ќе гледаат како низ целата Земја луѓето оздравуваат од своите болести. Исто како што правел додека бил на Земјата, Исус ќе ја користи моќта што му ја дал Бог за да им го врати видот на слепите и слухот на глувите и за да им даде здраво тело на болните и сакатите (Матеј 15:30). Остарените ќе се радуваат затоа што повторно ќе имаат сила, здравје и енергија како во младоста (Јов 33:25). Брчките ќе исчезнат, искривените раце и нозе ќе се исправат, а мускулите ќе се зајакнат. Секој верен човек ќе почувствува како последиците од гревот и несовршеноста постепено исчезнуваат. Колку само ќе му бидеме благодарни на Јехова Бог за неговата чудесна моќ да обновува! Сега ќе се осврнеме на еден многу радосен настан од тоа возбудливо време на обнова.
Мртвите повторно ќе живеат
17, 18. а) Зошто Исус ги прекорил садукеите? б) Што го натерало Илија да го моли Јехова да воскресне едно дете?
17 Во првиот век од н.е., една група верски водачи наречени садукеи не верувале во воскресение. Исус ги прекорил со зборовите: „Вие сте во заблуда, бидејќи не ги познавате ниту Писмата ниту Божјата моќ“ (Матеј 22:29). Библијата ни открива дека Јехова има моќ да ги врати мртвите во живот. Како?
18 Замисли си што се случило во времето на Илија. Една вдовица го држела в раце мртвото тело на своето единствено дете. Пророкот Илија, кој некое време живеел кај таа вдовица, мора да бил потресен. Претходно направил чудо за тоа дете да не умре од глад, и веројатно многу го засакал. Мајката била скршена од болка. Тоа дете ѝ било единственото нешто што ја потсетувало на нејзиниот починат сопруг. Можеби се надевала дека нејзиниот син ќе се грижи за неа кога ќе остари. Растревожена, оваа вдовица си мислела дека ја снашло казна за некој грев. Илија не можел да гледа како трагедијата станува сѐ поголема. Нежно го зел безживотното тело на детето од прегратката на мајката, го однел во својата соба на горниот кат и го молел Јехова Бог да му го врати животот (1. Царевите 17:8-21).
19, 20. а) Каква вера покажал Авраам, и каква основа имал за својата вера? б) Како Јехова ја наградил верата на Илија?
19 Илија не бил првиот човек што верувал во воскресение. Многу векови претходно и Авраам со добра причина верувал дека Јехова има моќ да ги врати мртвите во живот. Кога Авраам имал 100, а Сара 90 години, Јехова ја обновил нивната способност да имаат деца и со чудо ѝ овозможил на Сара да роди син (1. Мојсеева 17:17; 21:2, 3). Подоцна, кога детето пораснало, Јехова побарал од Авраам да го принесе како жртва. Авраам покажал вера дека Јехова може да му го врати животот на неговиот сакан син Исак (Евреите 11:17-19). Можеби токму затоа, пред да се качи на планината за да го жртвува својот син, Авраам им рекол на своите слуги дека тој и Исак ќе се вратат заедно (1. Мојсеева 22:5).
„Еве, син ти е жив“
20 Јехова не дозволил Исак да умре, па затоа немало потреба ни да го воскресне. Меѓутоа, во случајот со Илија, синот на вдовицата веќе бил мртов. Но, не за долго! Јехова ја наградил верата на пророкот со тоа што го воскреснал детето. Тогаш Илија ѝ го дал детенцето на мајката и ѝ ги кажал следниве незаборавни зборови: „Еве, син ти е жив“ (1. Царевите 17:22-24).
21, 22. а) Зошто Библијата содржи извештаи за лица што воскреснале? б) Колкав ќе биде бројот на луѓе што ќе воскреснат во рајот на Земјата, и кој ќе ги воскресне?
21 Ова е првиот библиски извештај за тоа како Јехова ја искористил својата моќ да обновува за да врати човечки живот. Подоцна, Јехова им дал таква моќ и на Елисеј, Исус, Павле и Петар. Се разбира, по извесно време, оние што воскреснале повторно умреле. Сепак, таквите библиски извештаи на прекрасен начин ни доловуваат што нѐ очекува во иднина.
22 Во рајот, Исус ќе покаже дека тој навистина е „воскресението и животот“ (Јован 11:25). Ќе врати во живот милиони луѓе и ќе им даде можност да живеат вечно на Земјата (Јован 5:28, 29). Замисли си со колкава радост ќе се прегрнуваат блиските пријатели и роднини кога конечно повторно ќе се видат откако смртта ги разделила! Целото човештво ќе го слави Јехова поради неговата моќ да обновува.
23. Кој е најголемиот доказ за Јеховината моќ, и каква гаранција ни дава тоа?
23 Јехова дал цврста гаранција дека ќе има воскресение. Тој го воскреснал својот Син, Исус, како моќно духовно суштество и го поставил на положба веднаш по својата. Откако воскреснал, Исус им се појавил на стотици луѓе (1. Коринќаните 15:5, 6). Ова би требало да биде доволно силен доказ за да ги увери дури и најсомничавите дека Јехова има моќ да им го врати животот на оние што умреле.
24. Зошто можеме да бидеме уверени дека Јехова ќе ги воскресне мртвите, и на што треба да мисли секој од нас?
24 Освен што има моќ да ги воскресне мртвите, Јехова има и силна желба да го направи тоа. Под водство на светиот дух, верниот Јов рекол дека Јехова копнее да ги врати мртвите во живот (Јов 14:15). Зарем тоа не ти ја разгорува љубовта кон нашиот Бог? Замисли си, тој едвај чека да ја употреби својата моќ на таков прекрасен начин! Но, не заборавај дека воскресението е само едно од многуте дела на обнова што допрва ќе ги изврши Јехова. Затоа, станувај сѐ поблизок со него и мисли на тоа дека еден ден и ти ќе можеш да видиш како Јехова ‚прави сѐ ново‘ (Откровение 21:5).
a Времето кога Бог требало „да обнови сѐ“ започнало кога било воспоставено месијанското Царство, на чиј престол седнал наследник на верниот цар Давид. Јехова му ветил на Давид дека еден негов наследник ќе владее вечно (Псалм 89:35-37). Но, откако Вавилонците го уништиле Ерусалим во 607 год. пр.н.е., на Божјиот престол не седнал ниеден човек од лозата на Давид. Исус, кој на Земјата се родил како потомок на Давид, станал одамна ветениот Цар кога почнал да владее на небото.
b На пример, на таа тема пишувале Мојсеј, Исаија, Еремија, Езекиел, Осија, Јоил, Амос, Авдија, Михеј и Софонија.
-
-
‚Христос е Божја сила‘Приближи му се на Јехова
-
-
ПОГЛАВЈЕ 9
‚Христос е Божја сила‘
1-3. а) Што им се случило на Исусовите ученици на Галилејското Море, и што направил Исус? б) Зошто Исус со право е наречен „Божја сила“?
УЧЕНИЦИТЕ биле преплашени. Додека пловеле по Галилејското Море, неочекувано ги зафатила бура. Без сомнение, не им било првпат да доживеат бура на ова езеро, со оглед на тоа што некои од нив долго време биле рибариa (Матеј 4:18, 19). Но, ова било „силна бура“ која за кратко време подигнала огромни бранови. Учениците избезумено се обидувале да управуваат со чамецот, но не можеле да се изборат со бурата. Високите бранови ‚удирале во чамецот‘ и тој почнал да се полни со вода. И покрај сета збрка што настанала меѓу рибарите, Исус цврсто спиел на крмата. Бил преморен бидејќи цел ден го поучувал народот. Преплашени, учениците го разбудиле и го молеле: „Господару, спаси нѐ, ќе изгинеме!“ (Марко 4:35-38; Матеј 8:23-25).
2 Но, Исус не се исплашил. Тој решително ги прекорил ветрот и морето со зборовите: „Смири се! Молкни!“ Во истиот миг, ветрот и морето го послушале — невремето стивнало, брановите се смириле и ‚настанала потполна тишина‘. Тогаш учениците ги обзел еден поинаков страв. „Кој е овој“, со шепот се прашувале еден со друг. И со право биле зачудени. Каков бил тој човек што можел со неколку збора да ги смири ветрот и морето како да прекорил некое непослушно дете? (Марко 4:39-41; Матеј 8:26, 27).
3 Но, Исус не бил обичен човек. Јехова ја покажал својата моќ во корист на Исус — и преку Исус — на несекојдневни начини. Под водство на светиот дух, апостол Павле напишал дека „Христос... е Божја сила“ (1. Коринќаните 1:24). На кои начини Бог ја покажал својата моќ преку Исус? И каква врска со нашиот живот има тоа што Исус е толку моќен?
Моќта на Божјиот единороден Син
4, 5. а) Каква моќ и каква задача му дал Јехова на својот единороден Син? б) Што имал на располагање Синот за да создаде сѐ што осмислил неговиот Татко?
4 Да видиме каква моќ имал Исус Христос пред да се роди како човек на Земјата. Јехова ја употребил својата „вечна моќ“ за да го создаде својот единороден Син на небото (Римјаните 1:20; Колошаните 1:15). Потоа, Синот добил огромна моќ и власт, како и задача да ги направи созданијата што ги осмислил Јехова. Во врска со Божјиот Син, во Библијата пишува: „Сѐ настана преку него, и без него ништо не настана“ (Јован 1:3).
5 Ние едвај можеме да си претставиме што сѐ опфаќала таа задача. Замисли си колкава моќ била потребна за да се направат милионите моќни ангели, вселената со нејзините милијарди галаксии и Земјата со целиот жив свет на неа. За да ги изврши тие задачи, единородниот Син ја имал на располагање најголемата сила во вселената — Божјиот свет дух. Овој Син многу се радувал што бил „вешт градител“, кого Јехова го користел во создавањето на сѐ друго (Изреки 8:22-31).
6. Каква моќ и овластувања му биле дадени на Исус откако умрел и воскреснал?
6 Дали овој единороден Син можел да добие уште поголема моќ и овластувања? Откако го завршил својот живот на Земјата и воскреснал, Исус рекол: „Дадена ми е сета власт на небото и на земјата“ (Матеј 28:18). Да, на Исус му биле дадени способност и право да ја спроведува својата власт над сѐ што постои. Како „Цар над царевите и Господар над господарите“, добил овластување да ја уништи „секоја влада и секоја власт и сила“ — видлива и невидлива — што му се противи на неговиот Татко (Откровение 19:16; 1. Коринќаните 15:24-26). Нема „ништо што не му е подложено“ на Исус, освен самиот Јехова (Евреите 2:8; 1. Коринќаните 15:27).
7. Зошто можеме да бидеме уверени дека Исус никогаш нема да ја злоупотреби моќта што му ја дал Јехова?
7 Дали треба да се плашиме дека еден ден Исус би можел да ја злоупотреби својата моќ? Ни најмалку! Исус многу го сака својот Татко и никогаш не би го разочарал (Јован 8:29; 14:31). Тој добро знае дека Јехова никогаш не ја злоупотребува својата безгранична моќ. Исус лично се уверил дека Јехова бара прилики „да ја покаже својата сила штитејќи ги оние што му се оддадени со цело срце“ (2. Летописи 16:9). Значи, Исус ги сака луѓето исто како што ги сака и неговиот Татко. Затоа можеме да бидеме уверени дека секогаш ќе ја користи својата моќ за доброто на другите (Јован 13:1). Тоа го покажал на дело безброј пати. Да видиме каква моќ имал додека бил на Земјата, и како ја користел.
„Силен на... збор“
8. Каква моќ добил Исус откако бил помазан, и како ја користел?
8 По сѐ изгледа Исус не направил ниедно чудо додека живеел како дете во Назарет. Но, сѐ се сменило кога се крстил во 29 год. од н.е., на возраст од околу 30 години (Лука 3:21-23). Во Библијата пишува: „Бог го помаза со свет дух и сила, а тој минуваше низ земјата правејќи добро и лекувајќи ги сите кои Ѓаволот ги угнетуваше“ (Дела 10:38). Изразот „правејќи добро“ јасно покажува дека Исус ја користел својата моќ на исправен начин. Откако бил помазан, тој станал „пророк силен на дело и на збор“ (Лука 24:19).
9-11. а) Каде најчесто поучувал Исус, и што требало да постигне со своето поучување? б) Зошто мноштвата биле восхитени од начинот на кој поучувал Исус?
9 Во која смисла Исус бил силен на збор? Тој често поучувал под ведро небо — на езерскиот брег и на ритчињата, на улиците и на пазарите (Марко 6:53-56; Лука 5:1-3; 13:26). Луѓето можеле слободно да си заминат ако не им било интересно она што им го зборувал. Бидејќи во тоа време сѐ уште немало печатени книги, оние што ги ценеле неговите поуки морале добро да ги запомнат. Затоа, Исус требало да го задржи нивниот интерес и да ги објасни работите така што лесно ќе ги разберат и ќе ги запамтат. Но, на Исус воопшто не му било тешко да поучува на таков начин. Да ја наведеме како пример Проповедта на гората.
10 Едно утро во почетокот на 31 год. од н.е., мноштво луѓе се собрале на еден рид близу Галилејското Море. Некои дошле од Јудеја и Ерусалим, кои биле оддалечени 100 до 110 километри. Други дошле од приморските краеви на север, каде што се наоѓале градовите Тир и Сидон. Многу болни му приоѓале на Исус за да го допрат, и тој ги излечил. Кога меѓу присутните веќе немало ниту еден тешко болен човек, Исус почнал да поучува (Лука 6:17-19). Откако престанал да им зборува, луѓето биле восхитени од она што го чуле. Зошто?
11 Многу години подоцна, еден човек што ја слушал таа проповед напишал: „Мноштвата беа восхитени од неговото поучување, зашто ги поучуваше како некој зад чии зборови стои Бог“ (Матеј 7:28, 29). Тие можеле да ја почувствуваат силата на Исусовите зборови. Исус зборувал во името на Бог и она што го кажувал го поткрепувал со Божјата Реч (Јован 7:16). Тој зборувал јасно и убедливо и изнесувал непобитни аргументи. Со своите зборови допирал до суштината на работите и до срцата на луѓето. Ги поучувал како да бидат среќни, како да се молат, како да го бараат Божјето Царство и како да си постават темел за сигурна иднина (Матеј 5:3 — 7:27). Неговите зборови длабоко влијаеле врз луѓето кои биле жедни за вистина и правда. Тие биле спремни да се ‚одречат од себе‘ и да остават сѐ за да го следат (Матеј 16:24; Лука 5:10, 11). Каков доказ за моќта на Исусовите зборови!
„Силен на дело“
12, 13. Во која смисла Исус бил „силен на дело“, и какви сѐ чуда правел?
12 Освен што бил силен на збор, Исус бил и „силен на дело“ (Лука 24:19). Во евангелијата се запишани преку 30 чуда што ги направил со „Јеховината сила“b (Лука 5:17). Чудата што ги правел Исус биле за доброто на илјадници луѓе. Во само две чуда — кога нахранил 5.000, а подоцна 4.000 мажи „не сметајќи ги жените и децата“ — веројатно биле вклучени околу 20.000 души! (Матеј 14:13-21; 15:32-38).
„Го видоа Исус како оди по морето“
13 Исус правел најразлични чуда. Тој имал власт над демоните и ги истерувал без никаква тешкотија (Лука 9:37-43). Имал моќ и над материјата и затоа можел да ја претвори водата во вино (Јован 2:1-11). Еднаш, неговите ученици занемеле од вчудовиденост затоа што одел по разбрануваните води на Галилејското Море (Јован 6:18, 19). Исус имал власт над болестите и можел да излекува заболен орган или, пак, хронична или смртоносна болест (Марко 3:1-5; Јован 4:46-54). Тој ги лекувал мноштвата на најразлични начини. Некои луѓе биле излекувани иако тој бил далеку од нив, додека други лично го почувствувале неговиот допир (Матеј 8:2, 3, 5-13). Кај некои оздравувањето настапило веднаш, а други биле излекувани постепено (Марко 8:22-25; Лука 8:43, 44).
14. Во какви околности Исус покажал дека има моќ над смртта?
14 Највпечатливо од сѐ е тоа што Исус имал моќ дури и над смртта. Во Библијата можеме да прочитаме дека вратил во живот три лица што биле мртви. Воскреснал едно 12-годишно девојче, го вратил во живот синот единец на некоја вдовица и го оживеал својот драг пријател Лазар (Лука 7:11-15; 8:49-56; Јован 11:38-44). Ниту еден случај не бил претежок за него. Го воскреснал 12-годишното девојче кратко време откако умрело. Синот на вдовицата го воскреснал додека бил на мртовечка носилка, без сомнение на денот на неговата смрт. А Лазар бил воскреснат откако четири дена лежел мртов во гробот.
Моќта ја користел несебично, одговорно и обѕирно
15, 16. Од каде знаеме дека Исус не ја употребувал својата моќ за лична корист?
15 Можеш ли само да си замислиш колкава штета ќе настанела ако моќта што ја имал Исус била доверена во рацете на некој несовршен владетел? Но, Исус бил совршен (1. Петрово 2:22). Врз него не влијаеле себичноста, амбициозноста и лакомоста — особини поради кои луѓето ја користат својата моќ за да ги повредуваат другите.
16 Исус никогаш не ја употребувал својата моќ за лична корист. Кога бил гладен, одбил да ги претвори камењата во леб (Матеј 4:1-4). Тоа што не поседувал многу во материјален поглед покажува дека не ја користел својата моќ за да заработува (Матеј 8:20). Но, има и други докази дека Исус не правел чуда од себични мотиви. За секое чудо тој морал да вложи напор. На пример, кога ги лекувал болните, од него излегувала сила. Тоа го чувствувал дури и кога станувало збор за лекување на само еден човек (Марко 5:25-34). Сепак, им дозволувал на цели мноштва да го допрат за да бидат излекувани (Лука 6:19). Тој навистина бил несебичен човек!
17. Како Исус покажал дека својата моќ ја користи на одговорен начин?
17 Исус ја користел својата моќ на одговорен начин. Тој никогаш не направил некое чудо само за да се покаже пред другите или за да предизвика одушевеност кај нив (Матеј 4:5-7). Не сакал да направи чудо само за да ја задоволи љубопитноста на цар Ирод (Лука 23:8, 9). Исто така, не сакал насекаде да се разгласува за неговата моќ туку на оние што ќе ги излечел честопати им велел да не кажуваат никому за тоа (Марко 5:43; 7:36). Не сакал луѓето да оформуваат мислење за него на темел на сензационални извештаи (Матеј 12:15-19).
18-20. а) Што влијаело врз начинот на кој Исус ја користел својата моќ? б) Што мислиш за начинот на кој Исус излекувал еден глув човек?
18 Иако имал огромна моќ, Исус не бил како владетелите што ја спроведувале својата моќ без да покажат обѕир кон потребите на другите и кон нивните страдања. Исус искрено ги сакал луѓето. Самата глетка на болни и измачени луѓе го допирала толку длабоко што сакал да им го олесни страдањето (Матеј 14:14). Тој бил свесен за нивните чувства и потреби, и затоа бил поттикнат да ја користи својата моќ на сочувствителен начин. Еден пример за тоа е трогателниот извештај запишан во Марко 7:31-37.
19 Во таа прилика, околу Исус се насобрал многу народ. Имало и голем број болни луѓе, кои Исус ги излекувал (Матеј 15:29, 30). Но, на еден човек му посветил посебно внимание. Тој човек бил глув и едвај зборувал. Можеби Исус почувствувал дека човекот е особено растревожен и збунет. Затоа, обѕирно го тргнал настрана, каде што немало никој. Тогаш Исус со знаци му покажал што ќе направи. Извештајот вели: „Му ги стави прстите во ушите, а потоа плукна и му го допре јазикот“c (Марко 7:33). Потоа Исус погледнал кон небото и воздивнал. Со тоа како да сакал да му каже на човекот: ‚Она што сега ќе го направам за тебе е со помош на силата од Бог‘. На крајот Исус рекол: „Отвори се“ (Марко 7:34). Така, на човекот му бил вратен слухот и можел нормално да зборува.
20 Замисли си, дури и кога ги лекувал болните со помош на моќта што ја добил од Бог, Исус покажувал сочувство кон луѓето и ги земал предвид нивните чувства! Зарем не е убаво да се знае дека Јехова го доверил месијанското Царство во рацете на еден таков грижлив и обѕирен Владетел?
Покажал што ќе направи во иднина
21, 22. а) Каква гаранција ни даваат чудата што ги правел Исус? б) Бидејќи Исус има контрола над природните сили, од што нема да се плашиме кога ќе владее над Земјата?
21 Моќните дела што Исус ги правел на Земјата ни даваат гаранција дека во времето кога ќе владее како Цар ќе донесе уште поголеми благослови. Во Божјиот нов свет, Исус повторно ќе прави чуда, но во глобални размери. Да спомнеме некои прекрасни работи што ќе ги доживееме тогаш.
22 Исус повторно ќе воспостави совршена рамнотежа на сите еколошки циклуси на Земјата. Како што веќе видовме, со тоа што стивнал една бура, докажал дека може да ги контролира природните сили. Според тоа, кога Христос ќе владее како Цар над Земјата, луѓето нема да се плашат дека ќе бидат погодени од земјотреси, урагани, вулкански ерупции и други природни катастрофи. Бидејќи е ‚вештиот градител‘ кого Јехова го употребил за да ја создаде Земјата и животот на неа, Исус многу добро го познава составот на нашата планета. Тој знае како најдобро да се користат природните богатства. Под негова власт, целата Земја ќе стане рај (Лука 23:43).
23. Како Исус ќе ги задоволи потребите на луѓето кога ќе владее како Цар над Земјата?
23 А како ќе бидат задоволени потребите на луѓето? Тоа што Исус нахранил илјадници луѓе со само неколку намирници ни потврдува дека за време на неговото владеење никој нема да биде гладен. Кога ќе има изобилство храна која ќе биде правилно распределена, засекогаш ќе му дојде крај на гладот (Псалм 72:16). Тоа што имал власт над болестите ни покажува дека болните, слепите, глувите и сакатите ќе бидат излечени — потполно и трајно (Исаија 33:24; 35:5, 6). Бидејќи во минатото покажал дека има моќ да воскреснува мртви, можеме да бидеме уверени дека, како небесен Цар, тој ќе има моќ да ги воскресне милионите луѓе кои се во Божјето сеќавање (Јован 5:28, 29).
24. Што треба да имаме на ум кога размислуваме за моќта на Исус, и зошто?
24 Додека размислуваме за моќта на Исус, да имаме на ум дека тој совршено ја одразува личноста на својот Татко (Јован 14:9). Начинот на кој Исус ја користи својата моќ ни дава јасна слика за тоа како и Јехова ја користи својата моќ. На пример, помисли на тоа колку нежно постапил Исус кога излекувал еден лепрозен човек. Поттикнат од сочувство, тој го допрел човекот и рекол: „Сакам, исчисти се“ (Марко 1:40-42). Преку ваквите извештаи, Јехова како да ни вели: ‚Вака јас ја користам мојата моќ!‘ Зар не си поттикнат да го фалиш нашиот семоќен Бог и да бидеш благодарен што ја користи својата моќ со толку љубов?
a На Галилејското Море не е ништо необично одеднаш да се појави бура. Поради ниската надморска височина (околу 200 метри под нивото на морето), воздухот таму е многу потопол од воздухот во околното подрачје. Тоа создава атмосферска нестабилност. Силните северни ветрови кои дуваат од планината Хермон брзо се спуштаат во Јорданската Долина. Затоа, во еден момент водите на морето може да бидат мирни, а веќе во следниот да се разбеснат.
b Иако некои од тие чуда се водат како едно, всушност опфаќаат многу поединечни чуда. На пример, читаме дека во една прилика „целиот град“ дошол да го види Исус и дека тој излекувал „мнозина“ болни (Марко 1:32-34).
c Плукањето било знак или начин на лекување прифатен и од Евреите и од не-Евреите. Во некои рабински списи стои дека плунката се користела за лекување. Можеби Исус плукнал само за да му покаже на човекот дека ќе го излекува. Како и да е, Исус не ја користел својата плунка како средство за лекување.
-
-
‚Угледај се на Бог‘ додека ја користиш својата моќПриближи му се на Јехова
-
-
ПОГЛАВЈЕ 10
‚Угледај се на Бог‘ додека ја користиш својата моќ
1. Во која подмолна замка лесно паѓаат несовршените луѓе?
„НЕ ПОСТОИ моќ зад која не се крие некоја подмолна замка.“ Овие зборови на една поетеса од 19 век свртуваат внимание на една подмолна опасност: злоупотребата на моќта. За жал, несовршените луѓе многу лесно паѓаат во оваа замка. Историјата многупати го потврдила фактот дека „човек владее над човек на негова штета“ (Проповедник 8:9). Секогаш кога моќта се спроведувала без љубов, луѓето доживувале неописливи страдања.
2, 3. а) Што е впечатливо во врска со тоа како Јехова ја користи својата моќ? б) Што може да вклучува нашата моќ, и како треба да ја користиме?
2 Тогаш, зарем не е впечатливо тоа што Јехова Бог, кој има неограничена моќ, никогаш не ја злоупотребува таа моќ? Како што видовме во претходните поглавја, својата моќ — да создава, да уништува, да заштитува и да обновува — Јехова секогаш ја користи во склад со неговите благородни намери. Кога размислуваме за начинот на кој Јехова ја употребува моќта, поттикнати сме да се зближиме со него. Тоа, пак, може да нѐ мотивира ‚да се угледаме на Бог‘ додека ја користиме нашата моќ (Ефешаните 5:1). Но, каква моќ поседуваме ние како обични луѓе?
3 Сети се дека човекот бил создаден „според Божјиот лик“ (1. Мојсеева 1:26, 27). Тоа покажува дека и ние имаме одредена моќ. Во моќта што ја поседуваме може да спаѓа нашата способност да извршуваме различни работи, да имаме извесен авторитет над другите и да влијаеме врз луѓето, особено врз оние што нѐ сакаат. Освен тоа, вклучена е и нашата физичка сила, како и материјалните средства. Во врска со Јехова, псалмистот рекол: „Во тебе е изворот на животот“ (Псалм 36:9). Според тоа, било директно било индиректно, Бог е изворот на секоја моќ што ја поседуваме. Затоа, треба да ја користиме на начин што тој го одобрува. Како можеме да го правиме тоа?
Клучот е љубовта
4, 5. а) Што е најважно за да ја користиме моќта на исправен начин, и каков пример ни дал Бог во тој поглед? б) Како љубовта ќе ни помогне исправно да ја користиме моќта?
4 За да ја користиме моќта на исправен начин, најважно е да имаме љубов. Самиот Јехова ни дал пример во тој поглед. Сети се на четирите главни особини на Бог, кои ги спомнавме во првото поглавје. Тоа се моќта, правдата, мудроста и љубовта. Која од нив е најистакната? Љубовта. Во 1. Јованово 4:8 пишува: „Бог е љубов“. Да, љубовта го води Јехова во сѐ што прави, ги води сите негови постапки. Затоа, секогаш кога ја користи моќта, тој е мотивиран од љубов. Сѐ што прави е за доброто на оние што го сакаат.
5 Љубовта ќе ни помогне и нам да ја користиме моќта на исправен начин. Библијата вели дека љубовта е „љубезна“ и „не ја бара својата корист“ (1. Коринќаните 13:4, 5). Според тоа, ако ги сакаме луѓето, нема да се однесуваме грубо или безобѕирно кон оние над кои имаме извесен авторитет. Наместо тоа, ќе го почитуваме достоинството на другите, а нивните потреби и чувства ќе ги ставаме пред своите (Филипјаните 2:3, 4).
6, 7. а) Што е стравот од Бог, и како таквиот страв може да ни помогне да не ја злоупотребиме нашата моќ? б) Наведи пример кој покажува каква врска постои меѓу стравот од Бог и љубовта кон него.
6 Љубовта е поврзана со стравот од Бог. Ваквиот страв ќе ни помогне да не почнеме да ја злоупотребуваме нашата моќ. Во Изреки 16:6 пишува: „Од страв од Јехова човекот се трга од злото“. Без сомнение, злоупотребата на моќта е зло од кое треба да се тргаме. Ако имаме страв од Бог, нема да се однесуваме лошо со оние над кои имаме некаков авторитет. Таквиот страв ќе ни помогне да бидеме свесни дека сме одговорни пред Бог за тоа како постапуваме со другите (Неемија 5:1-7, 15). Но, стравот од Бог вклучува и нешто друго. Зборовите кои на изворниот јазик се користат за „страв“ честопати се однесуваат на ценење и длабока почит кон Бог. Затоа, Библијата го поврзува стравот од Бог со љубовта кон него (5. Мојсеева 10:12, 13). Ваквата длабока почит вклучува здрав страв да не го разочараме Јехова — не затоа што се плашиме од последиците, туку затоа што вистински го сакаме.
7 Да го објасниме тоа со односот што владее меѓу еден добар татко и неговото синче. Детето ја чувствува грижата на својот татко и знае дека тој го сака. Но, свесно е и што очекува таткото од него и знае дека, ако направи нешто што не треба, ќе биде казнето. Сепак, детето не живее во страв од својот татко. Напротив, многу го сака. Воопшто не му е тешко да го прави она што тој го бара од него. Истото важи и за стравот од Бог. Бидејќи го сакаме Јехова, нашиот небесен Татко, страв ни е да не направиме нешто што ќе го доболи до срце (1. Мојсеева 6:6). Напротив, копнееме да го израдуваме (Изреки 27:11). Од таа причина, треба исправно да ја користиме својата моќ. Да видиме како можеме да го правиме тоа.
Во семејството
8. а) Каков авторитет во семејството има сопругот, и како треба да го спроведува? б) Како еден маж може да покаже дека ја почитува својата жена?
8 Најнапред да кажеме нешто за семејството. Во Ефешаните 5:23 пишува дека „мажот е глава на жената“. Како треба сопругот да го користи авторитетот што му го дал Бог? Библијата вели дека мажите треба да постапуваат со своите жени „во склад со она што... го научиле, почитувајќи ги како послаби садови“ (1. Петрово 3:7). Изразот „почитувајќи ги“ на изворниот грчки јазик е именка што значи „цена, вредност... почит“. Мажот што ја почитува својата жена никогаш нема физички да ја малтретира. Освен тоа, нема да ја понижува или омаловажува, создавајќи во неа чувство на безвредност. Напротив, тој е свесен за нејзината вредност и со неа се однесува со почит. Со своите зборови и постапки — сеедно дали се сами или со други луѓе — тој покажува дека многу ја цени (Изреки 31:28). Таквиот маж не само што ја стекнува љубовта и почитта од својата сопруга туку, што е уште поважно, и љубовта од Јехова.
Сопрузите и сопругите се должни да си покажуваат љубов и почит
9. а) Во која смисла сопругите имаат моќ во семејството? б) Што може да ѝ помогне на жената да му дава поддршка на својот маж, и што може да постигне со тоа?
9 И сопругите имаат одредено влијание во семејството. Во Библијата се спомнуваат некои богобојазливи жени кои, без да го прекршат начелото за поглаварство, презеле нешто за да ги спречат своите мажи да донесат погрешна одлука (1. Мојсеева 21:9-12; 27:46 — 28:2). Можеби една жена е поостроумна од својот сопруг или поседува други способности што тој ги нема. Сепак, таа треба „длабоко да го почитува својот маж“ и да му биде ‚подложна како на Господарот‘ (Ефешаните 5:22, 33). Ако нејзина цел е да му угоди на Бог, ќе ѝ биде полесно да ги користи своите способности за да му дава поддршка на својот маж наместо да го омаловажува или да се обидува да доминира над него. Таквата ‚вистински мудра жена‘ тесно соработува со својот маж. На тој начин сопругата придонесува нејзиното семејство да биде среќно, а задржува и мир со Бог (Изреки 14:1).
10. а) Каков авторитет им дал Бог на родителите? б) Што значи зборот „стега“, и како треба да се воспитуваат децата? (Види ја и фуснотата.)
10 Бог им дал извесен авторитет и на родителите. Библијата го дава следниов совет: „Татковци, не раздразнувајте ги своите деца, туку воспитувајте ги со стега од Јехова и помагајте им да го усвојат неговиот начин на размислување“ (Ефешаните 6:4). Зборот „стега“ кој се користи во Библијата може да значи „воспитување, обучување, поучување“. На децата им треба некој да ги воспитува. Добро е да добиваат конкретни упатства и правила и да им се поставуваат јасно утврдени граници. Библијата покажува дека таквиот начин на воспитување произлегува од љубов (Изреки 13:24). Според тоа, родителите никогаш не треба да ја користат „прачката на поуката“ за да ги малтретираат своите деца — било емоционално било физичкиa (Изреки 22:15; 29:15). Кога родителите се крути или груби при воспитувањето и не покажуваат љубов, го злоупотребуваат својот авторитет и може да ги потиштат своите деца (Колошаните 3:21). Од друга страна, кога ги воспитуваат децата урамнотежено и на исправен начин, им покажуваат дека ги сакаат и дека им е важно какви личности ќе станат.
11. Како можат децата да ја користат својата сила на исправен начин?
11 А како можат децата да ја користат силата што ја имаат? „Убавина на младичите е нивната сила“, стои во Изреки 20:29. Сигурно нема подобар начин на кој младите можат да ја користат својата енергија од тоа да му служат на нашиот „Величествен Творец“ (Проповедник 12:1). Младите треба да имаат на ум дека со своите постапки можат да ги израдуваат или да ги разжалостат своите родители (Изреки 23:24, 25). Кога децата го прават она што е исправно и им се послушни на своите богобојазливи родители, го радуваат нивното срце (Ефешаните 6:1). Тоа „му се допаѓа на Господарот“ (Колошаните 3:20).
Во собранието
12, 13. а) Како треба да гледаат старешините на авторитетот што го имаат во собранието? б) Наведи пример кој покажува зошто старешините треба да бидат обѕирни кон стадото.
12 Јехова се погрижил во собранијата да има надгледници кои ќе преземаат водство (Евреите 13:17). Овие оспособени мажи треба да го користат авторитетот што им го дал Бог за да му помагаат на стадото и да се грижат за него. Дали таа одговорност им дава право да господарат над своите соверници? Не. Старешините треба да бидат урамнотежени и понизни додека ги извршуваат своите задачи во собранието (1. Петрово 5:2, 3). Библијата им го вели следново на старешините: ‚Пасете го Божјето собрание, кое Бог го купи со крвта на својот Син‘ (Дела 20:28). Затоа, тие треба да постапуваат нежно со секој поединец од Божјето стадо.
13 Да спомнеме еден пример. Да речеме дека еден близок пријател те замолил да му чуваш некој предмет што му е многу драг. Знаеш дека го платил скапо. Зарем нема да го чуваш многу внимателно? Слично на тоа, Бог им дал на старешините одговорност да се грижат за нешто многу скапоцено — собранието, чии членови се споредени со овци (Јован 21:16, 17). На Јехова му се многу драги неговите овци. Толку му се драги што ги купил со скапоцената крв на својот единороден Син, Исус Христос. Јехова ја платил највисоката можна цена. Понизните старешини го имаат тоа на ум додека се грижат за Јеховиното стадо.
„Власта на јазикот“
14. Каква моќ има јазикот?
14 „Смртта и животот се во власта на јазикот“, пишува во Библијата (Изреки 18:21). Навистина, јазикот има голема моќ и може да нанесе огромна штета. Кој од нас никогаш не бил длабоко погоден од некој непромислен збор или навредлива забелешка? Но, јазикот има моќ и да лекува. Во Изреки 12:18 пишува: „Јазикот на мудрите е лек“. Охрабрувачките, изградувачки зборови можат да дејствуваат како мелем кој го лекува срцето. Да разгледаме неколку примери.
15, 16. Како можеме да ги тешиме и да ги храбриме другите со нашиот јазик?
15 Во 1. Солуњаните 5:14 стои: „Тешете ги потиштените души“. Дури и верните слуги на Јехова понекогаш можат да се чувствуваат потиштено. Како можеш да им помогнеш? Искрено пофали ги за нешто конкретно и помогни им да видат дека се многу вредни во очите на Јехова. Би можел да им прочиташ некои охрабрувачки стихови од Библијата кои покажуваат дека Јехова ги сака и се грижи за оние кои се „скршени во срцето“ и имаат „скршен дух“ (Псалм 34:18). Секогаш кога го користиме нашиот јазик за да ги тешиме другите, покажуваме дека го следиме примерот на нашиот сочувствителен Бог, „кој ги теши потиштените“ (2. Коринќаните 7:6).
16 Нашиот јазик можеме да го користиме и за да ги храбриме другите. Дали на некој брат или сестра им починал некој од најблиските? Неколку сочувствителни зборови со кои ќе покажеш грижа можат да го утешат ужалениот. Дали некој постар брат или сестра се чувствува бескорисно? Со нашите обѕирни и промислени зборови можеме да ги увериме дека ги сакаме и дека многу ги цениме. Дали некој страда од хронична болест? Неколку љубезни зборови кажани преку телефон или лично можат да го разведрат болниот. Без сомнение, нашиот Творец многу се радува кога со јазикот го зборуваме она што е добро и што „ги изградува другите“ (Ефешаните 4:29).
Најдобар начин на кој можеме да ја користиме нашата сила е да ја проповедаме добрата вест
17. За која важна работа треба да го користиме нашиот јазик, и зошто?
17 Што е уште поважно, јазикот можеме да го користиме за да им ја кажуваме на другите добрата вест за Божјето Царство. „Немој да им скратуваш некакво добро на оние на кои им е потребно, кога твојата рака може да го стори тоа“, стои во Изреки 3:27. Бидејќи добрата вест може да им го спаси животот на луѓето, имаме должност да ја објавуваме. Не би било исправно да ја чуваме за себе важната порака што Јехова толку великодушно ни ја дал (1. Коринќаните 9:16, 22). Но, до која мера треба да бидеме вклучени во објавувањето на таа порака?
Да му служиме на Јехова со „сета своја сила“
18. Што очекува Јехова од нас?
18 Љубовта кон Јехова нѐ поттикнува да даваме сѐ од себе во христијанската служба. Во Колошаните 3:23 пишува: „Што и да работите, правете го тоа со сета душа како за Јехова, а не како за луѓето“. А кога го прашале која е најголемата заповед, Исус рекол: „Сакај го Јехова, својот Бог, со сето свое срце, и со сета своја душа, и со сиот свој ум, и со сета своја сила“ (Марко 12:30). Според тоа, што очекува Јехова од нас? Очекува нешто што можеме да му го дадеме сите ние без оглед на околностите — да го сакаме и да му служиме со сета душа.
19, 20. а) Зошто во Марко 12:30 се спомнуваат срцето, умот и силата, иако сите тие се опфатени со зборот душа? б) Што значи да му служиме на Јехова со сета душа?
19 Што значи тоа да му служиме на Јехова со сета душа? Душата ја означува целата личност, со сите физички и умствени способности. Со оглед на тоа што душата ги вклучува срцето, умот и силата, зошто тие се поединечно спомнати во Марко 12:30? Да наведеме една споредба. Во библиски времиња, еден човек можел да се продаде себеси (својата душа) во ропство. Сепак, можело да се случи робот да не служи со сето свое срце, да не ја вложува сета своја сила или да не ги користи сите свои умствени способности додека работел за својот господар (Колошаните 3:22). Според тоа, Исус очигледно ги спомнал срцето, умот и силата за да нагласи дека не треба да се штедиме во службата за Бог. Да му служиме на Бог со сета душа значи да даваме од нашата сила и енергија најмногу што можеме во службата за него.
20 Дали тоа што треба да му служиме на Бог со сета душа значи дека секој од нас мора да посвети подеднакво време и енергија во службата на проповедање? Тоа не е можно, бидејќи сите ние имаме различни околности и способности. На пример, една млада енергична личност со добро здравје веројатно може да помине повеќе време во службата на проповедање отколку некој што е исцрпен поради староста. Некој што не е во брак веројатно може да прави повеќе отколку некој што има семејни одговорности. Треба да бидеме многу благодарни ако силата и околностите ни дозволуваат да правиме повеќе во службата! Се разбира, никогаш не треба да ги критикуваме другите и да се споредуваме со нив (Римјаните 14:10-12). Напротив, сакаме да ја користиме нашата сила за да ги храбриме.
21. Кој е најдобриот и најважниот начин на кој можеме да ја користиме нашата моќ?
21 Со тоа што исправно ја користи својата моќ, Јехова ни дава совршен пример. Ние сакаме да се угледаме на него најдобро што можеме како несовршени луѓе. Можеме исправно да ја користиме нашата моќ така што ќе го почитуваме достоинството на оние над кои имаме некаков авторитет. Освен тоа, треба да го извршуваме со сета душа животоважното дело на проповедање што ни го доверил Јехова (Римјаните 10:13, 14). Не заборавај дека Јехова се радува кога му го даваш најдоброто од себе. Зар срцето не те поттикнува да правиш сѐ што можеш додека му служиш на нашиот разумен Бог кој толку нѐ сака? Не постои подобар и поважен начин на кој можеш да ја користиш својата моќ.
a Хебрејскиот збор кој во овој стих е преведен со ‚прачка‘, во библиски времиња се однесувал на стап каков што користеле овчарите за да ги водат своите овци (Псалм 23:4). На сличен начин, „прачката на поуката“ се однесува на водството што со љубов го даваат родителите, а не на сурово казнување и тепање.
-