-
,О длабочино на Божјата мудрост!‘Приближи му се на Јехова
-
-
ПОГЛАВЈЕ 17
,О длабочино на Божјата мудрост!‘
1, 2. Каква намера имал Јехова со седмиот ден, и како неговата мудрост била ставена на испит на почетокот од тој ден?
ЧОВЕКОТ, најубавото нешто што Јехова го создал во шестиот творечки ден, одеднаш го допрел дното! Бог рекол дека ‚сето она што го направил‘, вклучувајќи го и човекот, е „многу добро“ (1. Мојсеева 1:31). Но, на почетокот од седмиот ден, Адам и Ева избрале да му се придружат на Сатана во побуната против Јехова. А со тоа избрале и грев, несовршенство и смрт.
2 Можеби изгледало дека намерата на Јехова во врска со седмиот ден пропаднала. Тој ден, како и претходните шест, требало да трае илјадници години. Јехова го прогласил седмиот ден за свет и во текот на тој ден целата Земја требало да стане рај населен со совршени луѓе (1. Мојсеева 1:28; 2:3). Но, побуната во рајската градина оставила катастрофални последици. Што можел да направи Бог? Неговата мудрост била ставена на тежок, ако не и на најтешкиот испит.
3, 4. а) Како се гледа мудроста на Јехова од начинот на кој реагирал на побуната во рајската градина? б) Додека проучуваме за мудроста на Јехова, на што треба да нѐ поттикне понизноста?
3 Јехова веднаш реагирал. Им изрекол казна на бунтовниците од рајската градина, а во исто време дал краток увид во нешто прекрасно: неговата намера да им стави крај на неволјите кои штотуку почнале (1. Мојсеева 3:15). Исполнувањето на оваа намера трае еден подолг период кој започнал со настаните во рајската градина, ги опфаќа илјадниците години човечка историја и навлегува длабоко во иднината. Таа е неверојатно едноставна, а сепак толку длабока што можеме цел живот да откриваме детали за неа. Освен тоа, невозможно е намерата на Јехова да не се исполни. Кога таа ќе се оствари, ќе им дојде крај на злото, гревот и смртта, а верните луѓе ќе станат совршени. Сето ова ќе се случи пред да заврши седмиот ден. Така, и покрај сѐ, Јехова ќе ја оствари својата намера со Земјата и човештвото точно навреме!
4 Ваквата мудрост влева страхопочит, зарем не? Апостол Павле бил поттикнат да напише: ‚О длабочино на Божјата мудрост!‘ (Римјаните 11:33). Додека подетално ги разгледуваме разните аспекти на оваа особина на Бог, понизноста треба да нѐ поттикне да задржиме на ум една важна вистина — дека ние луѓето можеме да разбереме само делче од огромната мудрост на Јехова (Јов 26:14). Најпрво, да видиме што е мудроста.
Каква е Божјата мудрост?
5, 6. Каква е врската помеѓу знаењето и мудроста, и колку големо знаење има Јехова?
5 Мудроста не е исто што и знаењето. Компјутерите можат да складираат огромно знаење, но никој не би рекол дека тие машини се мудри. Сепак, знаењето и мудроста се поврзани (Изреки 10:14). На пример, ако ти требаат мудри совети во врска со некој здравствен проблем, дали ќе се посоветуваш со некој што има мали или никакви познавања од полето на медицината? Нормално дека не! Според тоа, за некој да биде вистински мудар, мора да има знаење.
6 Јехова има неограничено знаење. Како ‚Цар на вечноста‘, само тој постои отсекогаш (Откровение 15:3). И во текот на сите тие неброени векови, тој е свесен за сѐ што се случува. Библијата вели: „Нема создание кое е скриено пред неговиот поглед, туку сѐ е голо и откриено пред очите на оној кому ние мораме да му поднесеме сметка“ (Евреите 4:13; Изреки 15:3). Како Творец, Јехова многу добро знае како функционира сето она што го создал и е свесен за сѐ што се случува уште од почетокот на човечкото постоење. Тој го испитува нашето срце и знае сѐ што има во него (1. Летописи 28:9). Бидејќи нѐ создал со слободна волја, на Бог му е мило кога гледа дека донесуваме мудри одлуки во животот. Освен тоа, Јехова „ги слуша молитвите“, и тоа безброј молитви во исто време! (Псалм 65:2). А излишно е да се каже дека Јехова има совршено памтење.
7, 8. Како Јехова покажува разбирање, проникливост и мудрост?
7 Освен што има големо знаење, Јехова има и јасна слика за сѐ затоа што гледа како се поврзани фактите и е свесен за сите детали. Тој ги проценува и ги просудува работите, при што прави разлика помеѓу доброто и лошото, помеѓу важното и неважното. Освен тоа, тој не го гледа само она што е видливо туку продира и во срцето (1. Самоилова 16:7). Значи, Јехова има разбирање и проникливост, особини што го надминуваат знаењето. Но, мудроста ги надминува сите нив.
8 Мудроста е примена на знаењето, проникливоста и разбирањето. Всушност, некои од изворните библиски зборови преведени со „мудрост“ дословно значат „делотворна, практична, применлива мудрост“. Значи, мудроста на Јехова не е само теоретско знаење. Таа е практична и дава резултати. На темел на своето огромно знаење и длабоко разбирање, Јехова секогаш донесува најдобри одлуки и ги остварува на најдобар можен начин. Е, тоа е вистинска мудрост! Исус рекол: „Мудроста ја оправдуваат нејзините дела“ (Матеј 11:19). Ова јасно се гледа кај Јехова. Безбројните дела што ги создал се јасен доказ за неговата мудрост.
Докази за мудроста на Бог
9, 10. а) Каква мудрост има Јехова и како ја покажува? б) Како клетката дава доказ за мудроста на Јехова?
9 Си се восхитувал ли некогаш на генијалноста на некој мајстор кој изработува убави работи што беспрекорно функционираат? Таквата мудрост нѐ плени (2. Мојсеева 31:1-3). Јехова, најмудрата личност што постои, е изворот на таквата мудрост. Во врска со Јехова, цар Давид рекол: „Те фалам, полн со страхопочит, зашто сум чудесно создаден. Твоите дела се чудесни, и мојата душа тоа добро го знае“ (Псалм 139:14). Колку повеќе дознаваме за човечкото тело, толку повеќе мудроста на Јехова нѐ одушевува.
10 Еве еден пример: твојот живот започнал како една единствена клетка — јајце-клетка од мајка ти оплодена со сперматозоид од татко ти. По кратко време, таа клетка почнала да се дели. Крајниот производ си ти, човек што се состои од околу 100 билиони клетки. Овие клетки се толку ситни што на глава од шпенадла би можеле да се соберат околу 10.000 клетки со просечна големина! Сепак, секоја од нив е неверојатно сложена. Клетката е далеку посложена од која и да било машина или фабрика направена од човек. Научниците велат дека клетката е како добро утврден град — град во кој се врши темелна контрола над тоа што влегува и што излегува, кој има транспортен систем, комуникациска мрежа, електрични централи, фабрики, објекти за преработка и рециклирање на отпадните материи, па дури и еден вид централна власт во своето јадро. Освен тоа, за само неколку часа клетката може да направи верна копија на самата себе!
11, 12. а) Зошто клетките во ембрионот почнуваат да вршат различни функции, и како тоа е во склад со Псалм 139:16? б) Како човечкиот мозок е доказ дека сме ‚чудесно создадени‘?
11 Се разбира, сите клетки не се исти. Како што клетките на ембрионот се делат, тие почнуваат да вршат разни функции. Некои стануваат нервни клетки, други коскени, мускулни, крвни клетки итн. Сите овие разлики се програмирани во „библиотеката“ на клетката во која се чува генетскиот план, или ДНК. Интересно е она што го кажал Давид во врска со Јехова: „Твоите очи ме видоа додека бев зародок, во твојата книга сите негови делови беа запишани“ (Псалм 139:16).
12 Некои делови од телото се исклучително сложени. Да го земеме за пример човечкиот мозок. За него се вели дека е најсложеното нешто во вселената. Мозокот содржи околу 100 милијарди нервни клетки — отприлика колку што има ѕвезди во нашата галаксија. Секоја од тие клетки се разгранува и воспоставува илјадници врски со другите клетки. Научниците велат дека човечкиот мозок може да ги собере сите информации содржани во сите библиотеки во светот и дека тој, всушност, има неограничен капацитет за складирање податоци. Иако научниците веќе со децении го изучуваат овој орган кој е „чудесно создаден“, тие признаваат дека можеби никогаш нема потполно да сфатат како функционира.
13, 14. а) Како мравките и другите животинки покажуваат дека „природно се мудри“, и што ни кажува тоа за нивниот Творец? б) Зошто може да се каже дека созданијата, како што е пајажината, се ‚мудро направени‘?
13 Но, луѓето се само еден пример за мудроста на Творецот. Во Псалм 104:24 пишува: „Колку се многубројни твоите дела, Јехова! Сите мудро си ги направил, полна е земјата со твоите творби“. Мудроста на Јехова се гледа во сѐ што создал. На пример, мравката е ‚природно мудра‘ (Изреки 30:24). Факт е дека колониите мравки се високо организирани. Некои колонии добиваат храна од лисни вошки кои ги чуваат и ги одгледуваат како домашни животни. Други мравки се како земјоделци кои одгледуваат и обработуваат „посеви“ со габи. И многу други животинки се создадени инстинктивно да прават неверојатни работи. На пример, мувата прави акробатски летови што не можат да ги изведат ни најсовремените летала направени од човек. Птиците преселници се водат по ѕвездите, по Земјиното магнетно поле или по некој вид внатрешна карта. Биолозите со години ги изучуваат сложените својства што им се вродени на овие суштества. Тогаш, колку мора да е мудар нивниот Творец!
14 Научниците учат многу од мудроста на Јехова што е вткаена во неговите созданија. Постои дури и научна гранка наречена биомиметика, која се труди да ги копира механизмите во природата. На пример, можеби и ти некогаш си се восхитувал на убавината на некоја пајажина. Но, еден научник се восхитува на нејзиниот дизајн. Некои нишки изгледаат толку кревки, а сепак пропорционално се појаки од челик и поцврсти од влакната од кои е направен еден панцир. Но, колку, всушност, се јаки? Кога пајажината сразмерно би ја зголемиле колку голема рибарска мрежа, таа би можела да сопре патнички авион во лет! Да, Јехова ‚мудро ги направил‘ сите овие работи.
Кој ги направил живите суштества ‚природно мудри‘?
Мудрост надвор од границите на Земјата
15, 16. а) Како се гледа мудроста на Јехова во ѕвездите? б) Како тоа што Јехова е Врховен Заповедник над една огромна војска од ангели е доказ за неговата мудрост?
15 Мудроста на Јехова е очигледна и во вселената. Ѕвездите, за кои подетално се зборуваше во петтото поглавје, не се расфрлани низ вселената без никаков ред. Поради Јеховините мудри ‚закони што управуваат со небото‘, вселената е уредно организирана. Во неа има галаксии кои се групирани во јата, а повеќе јата, пак, образуваат суперјата (Јов 38:33). Не е ни чудо што Јехова за небесните тела вели дека се „војска“! (Исаија 40:26). Но, има една друга војска која ни дава уште пожива слика за мудроста на Јехова.
16 Како што видовме во четвртото поглавје, Бог ја носи титулата „Јехова над војските“ затоа што тој е Врховен Заповедник на една огромна војска од стотици милиони духовни суштества. Ова е доказ за моќта на Јехова. Но, каква врска има тоа со неговата мудрост? Размисли: Јехова и Исус никогаш не престануваат да работат (Јован 5:17). Логично е да заклучиме дека и ангелите кои му служат на Севишниот секогаш работат. И да не заборавиме дека тие се супериорни во однос на луѓето — ги надминуваат и во поглед на интелигенцијата и во поглед на моќта (Евреите 1:7; 2:7). Сепак, Јехова веќе милијарди години им дава на ангелите смисловна работа — ‚да ја извршуваат неговата реч и да ја вршат неговата волја‘ (Псалм 103:20, 21). Колку е голема мудроста на Јехова, кој ги организира сите овие суштества!
Јехова е „единствениот мудар“
17, 18. Зошто Библијата вели дека Јехова е „единствениот мудар“, и зошто неговата мудрост треба да ни влее страхопочит?
17 Со оглед на сите овие докази, не треба да нѐ чуди тоа што Библијата ја опишува мудроста на Јехова како ненадминлива. На пример, во неа пишува дека Јехова е „единствениот мудар“ (Римјаните 16:27). Единствено Јехова е мудар во апсолутна смисла. Тој е извор на сета вистинска мудрост (Изреки 2:6). Од таа причина, Исус, најмудрото создание на Јехова, не се потпирал на сопствената мудрост, туку зборувал онака како што го научил неговиот Татко (Јован 12:48-50).
18 Апостол Павле многу убаво ја опишал неспоредливата мудрост на Јехова: „О длабочино на Божјето богатство, мудрост и знаење! Колку се неистражливи неговите судови и несфатливи неговите патишта!“ (Римјаните 11:33). Почнувајќи со извикот „о“, Павле изразил силно чувство, односно длабока страхопочит. Грчкиот збор што го употребил за „длабочина“ е тесно поврзан со зборот „бездна“. Со тоа, неговите зборови ни доловуваат жива слика. Кога размислуваме за мудроста на Јехова, како да гледаме во една бескрајна провалија која е толку длабока, толку неизмерна што никогаш не би можеле потполно да ја сфатиме нејзината големина, а камоли да го согледаме секој нејзин детаљ (Псалм 92:5). Ова навистина треба да нѐ поттикне да бидеме понизни!
19, 20. а) Зошто орелот е соодветен симбол за мудроста на Бог? б) Како Јехова покажал дека може да ја предвиди иднината?
19 Јехова е „единствениот мудар“ и во друга смисла — само тој може да ја предвиди иднината. Како што веќе беше кажано, Јехова ја споредува својата мудрост со остриот вид на орелот. Златниот орел може да тежи само пет килограми, а сепак очите му се поголеми од очите на возрасен човек. Тој има неверојатно остар вид кој му овозможува да забележи дури и ситен плен на висина од стотици метри, а можеби и километри! Во врска со орелот, самиот Јехова рекол: „Неговите очи гледаат далеку“ (Јов 39:29). Слично, и Јехова може да гледа „далеку“ во времето — во иднината!
20 Библијата содржи многу докази за ова. Во неа се запишани стотици пророштва, кои претставуваат историја напишана однапред. Во Библијата се проречени исходи од војни, подеми и падови на светски сили, па дури и конкретни стратегии на воени заповедници. Во некои случаи, тие пророштва биле кажани стотици години однапред (Исаија 44:25—45:4; Даниел 8:2-8, 20-22).
21, 22. а) Зошто не е логично да заклучиме дека Јехова однапред знае какви одлуки ќе донесеш во животот? Објасни. б) Од каде знаеме дека Јехова не ја користи својата мудрост без чувства?
21 Но, дали ова значи дека Бог веќе знае какви одлуки ќе донесеш во животот? Некои што го застапуваат верувањето во предодреденост тврдат дека е така. Меѓутоа, тоа верување ја поткопува довербата во Јеховината мудрост затоа што наведува на заклучок дека тој не може да ја контролира својата способност да ја предвиди иднината. Да го објасниме тоа со еден пример: да речеме дека имаш прекрасен глас. Дали тоа значи дека немаш друг избор освен да пееш без престан? Тоа би било бесмислено! Слично на тоа, Јехова има способност да ја предвиди иднината, но не ја користи таа способност нонстоп. Доколку го прави тоа, би можел да ни навлезе во слободната волја, дар што никогаш не би ни го одзел (5. Мојсеева 30:19, 20).
22 Што е уште полошо, верувањето во предодреденост би значело дека Јехова ја користи својата мудрост без љубов, милост или сочувство. Но, тоа е далеку од вистината! Библијата вели дека Јехова има „мудро срце“ (Јов 9:4). Тоа не значи дека Јехова има дословно срце. Во Библијата овој збор често укажува на внатрешната личност, во што спаѓаат и мотивите и чувствата, на пример, љубовта. Значи, како што е случај и со останатите негови особини, врз мудроста на Јехова влијае љубовта (1. Јованово 4:8).
23. На што треба да нѐ поттикне ненадминливата мудрост на Јехова?
23 Се разбира, можеме да имаме апсолутна доверба во мудроста на Јехова. Тој е далеку помудар од нас и затоа во Божјата Реч со љубов сме поттикнати: „Имај доверба во Јехова со сето свое срце и не потпирај се на сопствениот разум. На сите свои патишта имај го на ум, и тој ќе ги исправи твоите патеки“ (Изреки 3:5, 6). Сега, да дознаеме нешто повеќе за мудроста на Јехова. Тоа ќе ни помогне уште повеќе да се зближиме со него.
-
-
Мудроста од „Божјата реч“Приближи му се на Јехова
-
-
ПОГЛАВЈЕ 18
Мудроста од „Божјата реч“
1, 2. Какво „писмо“ ни напишал Бог, и зошто?
СЕ СЕЌАВАШ ЛИ на последното писмо што си го добил од некој твој близок што живее далеку? Малку работи можат да нѐ израдуваат како едно топло писмо од некој што ни е драг. Се радуваме да чуеме како е, што му се случува во животот и какви планови има. Таквата комуникација нѐ зближува, иако нѐ дели голема далечина.
2 Тогаш, што би можело да нѐ радува повеќе од тоа да добиеме писмо од нашиот сакан Бог? Јехова на некој начин и ни напишал писмо — неговата Реч, Библијата. Во неа ни кажува кој е тој, што направил, какви му се намерите и многу други работи. Јехова ни ја дал својата Реч затоа што сака да бидеме блиски со него. Нашиот бескрајно мудар Бог го избрал најдобриот начин да комуницира со нас. Во начинот на кој е напишана Библијата и во она што е содржано во неа се гледа неспоредлива мудрост.
Зошто пишана Реч?
3. Како Јехова му го пренел Законот на Мојсеј?
3 Некои можеби се прашуваат: ‚Зошто Јехова не користел некој повпечатлив начин да комуницира со луѓето — на пример, да зборува од небото?‘ Всушност, Јехова понекогаш зборувал од небото преку ангел. Тоа било случај кога му го дал Законот на израелскиот народ (Галатите 3:19). Гласот од небото им влеал толкав страв на Израелците што побарале Јехова да не им зборува ним, туку да им пренесе сѐ што треба преку Мојсеј (2. Мојсеева 20:18-20). Така, Законот, кој се состоел од околу 600 одредби, усно му бил пренесен на Мојсеј.
4. Објасни зошто Божјите закони не биле пренесени усно.
4 Но, што ако Законот никогаш не бил запишан? Ќе можел ли Мојсеј да ги запамти точно сите детали од него и без грешка да му ги пренесе на целиот народ? А што е со следните генерации? Тие ќе морале да се потпираат само на усни преданија. Тоа не би бил баш сигурен начин да се пренесуваат Божјите закони. Можеби ја знаеш играта „расипан телефон“. Вклучени се повеќе луѓе — на првиот му кажуваш некоја информација, па тој му ја кажува на следниот, следниот на тој до него и така сѐ до крај. Она што ќе го чуе последниот најверојатно многу ќе се разликува од она што ти си го кажал. Божјиот Закон не бил доведен во таква опасност.
5, 6. Што му рекол Јехова на Мојсеј во врска со своите зборови, и зошто е за наше добро тоа што ја имаме Јеховината Реч во пишан облик?
5 Било многу мудро од Јехова што одлучил неговите зборови да бидат запишани. Тој му рекол на Мојсеј: „Запиши си ги тие зборови, зашто на темел на овие зборови склучувам сојуз со тебе и со Израел“ (2. Мојсеева 34:27). Така, во 1513 год. пр.н.е., почнало пишувањето на Библијата. Во следните 1.610 години, Јехова ‚многупати и на многу начини им зборувал‘ на околу 40 мажи кои ја напишале Библијата (Евреите 1:1). Во целиот тој период имало посветени писари кои многу прецизно ги препишувале светите списи за да бидат верно зачувани (Езра 7:6; Псалм 45:1).
6 Тоа што Јехова ни ги пренел неговите зборови во пишан облик е навистина за наше добро. Си добил ли некогаш писмо кое те утешило и кое ти е толку драго што уште го чуваш и често го читаш? Такво „писмо“ имаме и од Јехова. Бидејќи тој дозволил неговите зборови да бидат запишани, можеме редовно да ги читаме и да размислуваме за нив (Псалм 1:2). „Утехата од Писмата“ можеме да ја добиеме секогаш кога ни е потребна (Римјаните 15:4).
Зошто ја пишувале луѓе?
7. Како се гледа мудроста на Јехова од тоа што одлучил неговата Реч да ја пишуваат луѓе?
7 Мудроста на Јехова се гледа од тоа што одлучил неговата Реч да ја пишуваат луѓе. Размисли за ова: доколку Јехова одлучел Библијата да ја пишуваат ангели, дали таа ќе имаше ист ефект врз нас? Точно, ангелите ќе можеле да ни го прикажат Јехова од своја гледна точка, да ја изразат својата оддаденост кон него и да ни раскажат за верните луѓе што му служеле на Бог. Но, ќе можевме ли ние да го сфатиме гледиштето на совршените духовни суштества, кои имаат далеку повеќе знаење, искуство и моќ од нас? (Евреите 2:6, 7).
„Целото Писмо е вдахновено од Бог“
8. Во која смисла на писателите им било дозволено да остават свој печат на она што го запишувале? (Види ја и фуснотата.)
8 Со тоа што користел луѓе да ги запишат неговите мисли, Јехова ни го дал токму она што ни е потребно — запис што е ‚вдахновен од Бог‘, а сепак зрачи со човечка топлина (2. Тимотеј 3:16). Како го постигнал ова? Во многу случаи, тој очигледно им дозволил на писателите да остават свој печат и да изберат ‚пријатни зборови и да ги напишат точните зборови на вистината‘ (Проповедник 12:10, 11). Ова објаснува зошто во Библијата може да се сретнат разни стилови — во записите се одразуваат потеклото и личноста на оние што ги запишале.a Сепак, овие мажи ‚ги кажувале зборовите што доаѓале од Бог така како што ги водел светиот дух‘ (2. Петрово 1:21). Затоа, со право може да се каже дека Библијата е „реч Божја“ (1. Солуњаните 2:13).
9, 10. Како тоа што Библијата ја пишувале луѓе ѝ дава топлина и привлечност?
9 Тоа што Библијата ја пишувале луѓе ѝ дава неизмерна топлина и привлечност. И тие имале чувства како нашите. Бидејќи биле несовршени, се бореле со проблеми и притисоци какви што имаме и ние. Во некои случаи, Јеховиниот дух ги поттикнал да пишуваат за своите чувства и тешкотии (2. Коринќаните 12:7-10). Значи, тие пишувале за работи што лично ги доживеале, работи што ниеден ангел не би можел толку добро да ги опише.
10 Да го земеме за пример израелскиот цар Давид. Откако направил неколку тешки гревови, Давид компонирал еден псалм во кој му го излеал срцето на Јехова, молејќи го за прошка. Тој напишал: „Исчисти ме од мојот грев. Зашто, ги знам своите престапи, мојот грев е постојано пред мене. Еве, во престап сум роден, во грев ме зачна мајка ми. Не отфрлај ме од пред своето лице и не одземај ми го својот свет дух. За Бог е жртва скршениот дух. Срце скршено и здробено, о Боже, нема да презреш“ (Псалм 51:2, 3, 5, 11, 17). Просто можеме да ја почувстуваме болката на Давид! Кој друг освен несовршен човек би можел да изрази вакви длабоки чувства?
Зошто книга што зборува за луѓе?
11. Какви реални записи содржи Библијата „за наша поука“?
11 Има уште нешто што ја прави Библијата привлечна. Во неа главно се зборува за луѓе што навистина живееле — и за такви што му служеле на Бог и за такви што не му служеле. Можеме да читаме што им се случувало, какви маки имале и какви радости доживеале. Можеме да видиме до што воделе нивните одлуки. Сите овие работи биле запишани „за наша поука“ (Римјаните 15:4). Преку ваквите реални записи, Јехова нѐ поучува на начин што нѐ допира до срце. Да разгледаме неколку примери.
12. Како ни помагаат библиските записи за неверните луѓе?
12 Во Библијата читаме за неверни, дури и за злобни луѓе, како и за тоа што ги снашло. Преку таквите записи можеме полесно да ги уочиме непожелните особини и да согледаме колку се опасни. На пример, ниедна заповед не би можела толку добро да ни долови што е нелојалност како подмолниот начин на кој Јуда го издал Исус (Матеј 26:14-16, 46-50; 27:3-10). Ваквите извештаи повеќе допираат до срце и ни помагаат да ги препознаеме лошите особини и да ги отфрлиме.
13. Како Библијата ни помага да сфатиме кои особини се пожелни?
13 Но, Библијата зборува и за многу верни слуги на Бог. Во неа читаме за нивната оддаденост и лојалност. Преку нивниот пример гледаме какви особини треба да имаме за да бидеме блиски со Бог. Една таква особина е верата. Библијата дава дефиниција за вера и ни кажува колку е важна оваа особина ако сакаме да му угодиме на Бог (Евреите 11:1, 6). Но, во неа има и примери од кои можеме на дело да видиме што е вера. Размисли за верата што ја покажал Авраам кога требало да го принесе Исак како жртва (1. Мојсеева, 22. поглавје; Евреите 11:17-19). Читајќи вакви извештаи, зборот „вера“ добива поголемо значење и полесно ни е да го сфатиме. Значи, Јехова не само што нѐ поттикнува да стекнеме пожелни особини туку и ни помага да ги видиме преку пример. Колку мудро нѐ поучува нашиот Бог!
14, 15. Што ни кажува Библијата за една жена која дошла во храмот, и што учиме за Јехова од овој извештај?
14 Од вистинските случки запишани во Библијата многу често можеме да дознаеме нешто повеќе за тоа каква личност е Јехова. Размисли за еден настан поврзан со една жена што Исус ја видел во храмот. Тој седел во близина на садовите за прилози и гледал како луѓето пуштаат пари во нив. Дошле мнозина богати луѓе кои пуштиле „од својот вишок“. Но, на Исус му паднала в очи една сиромашна вдовица која пуштила само „две парички“.b Тоа биле последните пари што ги имала. Исус, кој размислувал исто како Јехова, рекол: „Оваа сиромашна вдовица пушти повеќе од сите што пуштаат пари во садовите за прилози“. Според зборовите на Исус, таа дала повеќе отколку сите други заедно (Марко 12:41-44; Лука 21:1-4; Јован 8:28).
15 Зарем не е интересно што од сите луѓе кои дошле во храмот тој ден, само вдовицата е спомната во Библијата? Преку овој пример, Јехова ни помага да сфатиме дека тој е благодарен Бог. Тој со радост ги прифаќа даровите што му ги даваме од срце, колку и да се мали во споредба со она што го даваат другите. Преку примерот на вдовицата, Јехова го избрал најдобриот начин да нѐ поучи за овој утешен факт!
Што не е вклучено во Библијата
16, 17. Како мудроста на Јехова се гледа дури и во тоа што одлучил да не вклучи некои информации во својата Реч?
16 Кога му пишуваш писмо на некој близок, не можеш да го вклучиш секој детаљ. Затоа, внимателно размислуваш и одлучуваш што ќе напишеш. Слично на тоа, Јехова одлучил во својата Реч да спомне некои поединци и настани. Но, во тие извештаи не се вклучени сите детали (Јован 21:25). На пример, она што е запишано во Библијата во врска со Божјиот суд можеби не дава одговор на секое наше прашање. Мудроста на Јехова се гледа дури и во тоа што одлучил да не вклучи некои информации во својата Реч. Во која смисла?
17 Начинот на кој е напишана Библијата открива што имаме во срцето. Во Евреите 4:12 пишува: „Речта [или, пораката] Божја е жива и делотворна, поостра е од секој меч со две сечила и продира дури дотаму што ги разделува душата и духот... па може да ги процени мислите и намерите на срцето“. Пораката на Библијата продира длабоко и ги разоткрива нашите вистински мисли и мотиви. Оние што ја читаат Божјата Реч со предрасуди и со неисправни мотиви често се фаќаат за извештаи кои, според нив, би требало да содржат повеќе информации. Можеби дури се сомневаат дека Јехова е мудар, праведен и полн со љубов.
18, 19. а) Зошто не треба да се вознемируваме ако некој конкретен извештај повлече прашања за кои не можеме веднаш да најдеме одговор? б) Што е потребно за да ја разбереме Божјата Реч, и како ова ја потврдува огромната мудрост на Јехова?
18 Од друга страна, кога ја проучуваме Библијата внимателно и со искрени мотиви, го запознаваме Јехова земајќи предвид сѐ што пишува за него во неа. Затоа, не се вознемируваме ако некој конкретен извештај повлече прашања за кои не можеме веднаш да најдеме одговор. Да наведеме еден пример: кога составуваме голема сложувалка, можеби нема веднаш да најдеме некое конкретно делче или, пак, делчето го имаме, ама не можеме да видиме каде се вклопува. Сепак, можеби сме составиле доволно делчиња кои ни даваат претстава како ќе изгледа целата слика. Слично на тоа, кога ја проучуваме Библијата, постепено дознаваме каков Бог е Јехова и добиваме јасна претстава за него. Дури и ако во почетокот не можеме да разбереме конкретен извештај или не можеме да го поврземе со личноста на Јехова, проучувајќи ја Библијата, ние веќе сме дознале доволно за него за да бидеме уверени дека тој секогаш постапува праведно и со љубов.
19 Значи, за да ја разбереме Божјата Реч, мораме да ја читаме и да ја проучуваме непристрасно и со искрени мотиви. Зарем ова не е уште еден доказ за огромната мудрост на Јехова? Интелигентните луѓе пишуваат книги што можат да ги разберат само „мудрите и умните“. Но, да се напише книга што ќе ја разберат само луѓе со искрени мотиви — за тоа е потребна мудроста на Бог! (Матеј 11:25).
Книга со „практична мудрост“
20. Зошто само Јехова може да ни каже кој е најдобриот начин на живот, и каква помош наоѓаме во Библијата?
20 Во својата Реч, Јехова ни покажува кој е најдобриот начин на живот. Како наш Творец, тој знае што ни е потребно подобро и од нас самите. А основните човечки потреби — желбата да бидеме сакани, да бидеме среќни, да имаме добри односи со другите и слично — не се смениле до ден-денес. Библијата е вистинска ризница на „практична мудрост“ која може да ни помогне да имаме исполнет живот (Изреки 2:7, фуснота). Во секој дел од оваа книга има поглавје од кое учиме како да ги применуваме мудрите совети од Библијата, но овде ќе разгледаме само еден пример.
21-23. Кои мудри совети ни помагаат да не држиме лутина и огорченост?
21 Си забележал ли дека луѓето што држат лутина и огорченост обично си наштетуваат себеси? Огорченоста е тежок товар. Таа може да ни ги преокупира мислите, да ни го одземе спокојот и да ни ја задуши радоста. Научните истражувања покажуваат дека, ако држиме лутина, има поголем ризик да добиеме срцеви заболувања и многу други хронични болести. Меѓутоа, долго пред ваквите истражувања, Библијата го дала следниов мудар совет: „Отфрли го гневот и остави ја лутината“ (Псалм 37:8). Но, како можеме да го постигнеме ова?
22 Во Божјата Реч се запишани овие мудри зборови: „Разбирањето го спречува човекот да се гневи, и чест му е да премине преку престапот“ (Изреки 19:11). Да имаме разбирање меѓу другото значи да имаме увид во работите, да гледаме зад очигледното. Разбирањето ни помага да сфатиме зошто некој кажал или направил нешто. Кога се трудиме да ги согледаме неговите вистински мотиви, чувства и околности, ќе може полесно да ги отфрлиме негативните мисли и чувства што ги имаме кон него.
23 Библијата го дава и овој совет: „Поднесувајте се еден со друг и спремно простувајте си еден на друг“ (Колошаните 3:13). Изразот „поднесувајте се еден со друг“ укажува на тоа дека треба да бидеме стрпливи со другите, да ги толерираме нивните особини што можеби нѐ нервираат. Таквата стрпливост ни помага да не се лутиме за сѐ и сешто. Зборовите „простувајте си“ ја пренесуваат мислата да не останеме огорчени. Нашиот мудар Бог знае дека треба да им простуваме на другите кога имаме основа за тоа. Ова ќе биде добро за нив, но и ние ќе имаме внатрешен мир (Лука 17:3, 4). Божјата Реч навистина содржи голема мудрост!
24. Кој е резултатот кога се трудиме да живееме во склад со Божјата мудрост?
24 Поттикнат од неизмерна љубов, Јехова сакал да комуницира со нас. За таа цел го избрал најдобриот можен начин — ни оставил „писмо“ што го запишале луѓе под водство на светиот дух. Затоа може да се каже дека во него е содржана Јеховината мудрост. Оваа мудрост е ‚достојна за доверба‘ (Псалм 111:7). Кога се трудиме да живееме во склад со неа и да им ја пренесуваме на другите, уште повеќе се зближуваме со нашиот бескрајно мудар Бог. Во следното поглавје ќе зборуваме за еден друг впечатлив пример за мудроста на Јехова: неговата способност да ја претскаже иднината и да ја исполни својата намера.
a На пример, Давид бил пастир и спомнува работи поврзани со животот на еден пастир (Псалм 23). Матеј, кој бил даночник, во повеќе наврати спомнува бројки и пари (Матеј 17:27; 26:15; 27:3). Како лекар, Лука користел зборови од кои се гледа неговото познавање на медицината (Лука 4:38; 14:2; 16:20).
b Тие две парички биле лепти, монети со најмала вредност во тоа време. Две лепти имале вредност колку шеесет и четврти дел од една дневница. Со тие две парички не можело да се купи ни едно врапче, најевтината птица што им служела како храна на сиромашните.
-
-
„Божјата мудрост изразена во светата тајна“Приближи му се на Јехова
-
-
ПОГЛАВЈЕ 19
„Божјата мудрост изразена во светата тајна“
1, 2. За која ‚света тајна‘ треба да сме заинтересирани, и зошто?
ТАЈНИТЕ ни ја будат љубопитноста и нѐ интересираат, и најчесто не ни е лесно да ги чуваме. Меѓутоа, Библијата вели: „За Бог е слава да чува некоја работа во тајност“ (Изреки 25:2). Да, како Севишен Владетел и Творец, Јехова има право да не им открие некои тајни на луѓето сѐ додека не дојде времето што го одредил за тоа.
2 Но, има една интересна тајна што Јехова ја открил во својата Реч. Таа е наречена „светата тајна на [Божјата] волја“ (Ефешаните 1:9). Тоа што ќе ја дознаеш оваа тајна не само што ќе ја задоволи твојата љубопитност туку може да значи и спасение за тебе. Освен тоа, ќе добиеш и претстава за огромната мудрост на Јехова.
Тајната се разоткрива постепено
3, 4. Каква надеж дало пророштвото запишано во 1. Мојсеева, и која „света тајна“ била содржана во него?
3 Кога Адам и Ева згрешиле, можеби изгледало дека пропаднала намерата на Јехова целата Земја да стане рај во кој ќе живеат совршени луѓе. Но, Бог веднаш презел чекори да го реши проблемот. Тој рекол: „Ќе ставам непријателство помеѓу тебе [змијата] и жената, и помеѓу твоето потомство и нејзиното потомство. Тој ќе ти ја смачка главата, а ти ќе го раниш во петицата“ (1. Мојсеева 3:15).
4 Ова биле нејасни, загадочни зборови. Која е жената? Која е змијата? Кое е тоа „потомство“ што ќе ѝ ја згази главата на змијата? Адам и Ева можеле само да нагаѓаат. Иако тие не му останале верни на Бог, неговите зборови му дале надеж на секој нивни потомок што ќе му биде верен. Правдата сепак ќе победи и намерата на Јехова ќе се оствари. Но, како? Тоа било тајна! Во Библијата таа е наречена „Божјата мудрост изразена во светата тајна... скриената тајна“ (1. Коринќаните 2:7).
5. Објасни зошто Јехова ја разоткривал својата тајна постепено.
5 Бидејќи Јехова е Бог кој „ги открива тајните“, тој на крајот ќе ги откриел сите важни детали во врска со оваа тајна (Даниел 2:28). Но, тоа ќе го правел постепено. Да објасниме со пример. Како реагира еден татко кога синчето ќе го праша од каде доаѓаат децата? Мудар татко ќе му каже на синчето само толку колку што тоа може да разбере. Како што синот расте, таткото му кажува повеќе информации. Слично на тоа, Јехова проценува кога на своите слуги да им открие детали во врска со својата волја и намера (Изреки 4:18; Даниел 12:4).
6. а) Која е целта на еден сојуз, или договор? б) Зошто е значајно тоа што Јехова склучувал сојузи со луѓе?
6 Како Јехова ги откривал деталите? Голем дел од нив открил преку низа сојузи, или договори. Најверојатно и ти некогаш си склучил некаков договор — можеби за да купиш куќа или за да земеш или да дадеш пари на заем. Таквиот договор служи како правна гаранција дека условите изнесени во него ќе бидат испочитувани. Но, зошто имало потреба Јехова да склучи официјални сојузи, или договори со луѓе? Точно, неговиот збор е доволна гаранција дека ќе си ги исполни ветувањата. Сепак, Бог во неколку прилики му дал уште поголема тежина на својот збор со тоа што склучил законски договори. Овие обврзувачки договори ни даваат нам, несовршените луѓе, уште поцврста основа да имаме доверба во Јеховините ветувања (Евреите 6:16-18).
Сојузот со Авраам
7, 8. а) Каков сојуз склучил Јехова со Авраам, и што открил тој сојуз во врска со светата тајна? б) Како Јехова постепено откривал преку која лоза ќе дојде ветеното Потомство?
7 Повеќе од две илјади години откако човекот бил истеран од Рајот, Јехова му рекол на својот верен слуга Авраам: „Навистина ќе те благословам и навистина ќе го намножам твоето потомство како ѕвездите на небото... и преку твоето потомство ќе се благословат сите народи на земјата затоа што го послуша мојот глас“ (1. Мојсеева 22:17, 18). Ова било повеќе отколку само ветување — Јехова го изнел во облик на правна спогодба и го поткрепил со својата неотповиклива заклетва (1. Мојсеева 17:1, 2; Евреите 6:13-15). Навистина е значајно тоа што Севишниот Господар се обврзал со договор дека ќе ги благослови луѓето!
„Ќе го намножам твоето потомство како ѕвездите на небото“
8 Сојузот со Авраам открил дека ветеното Потомство ќе биде човек, затоа што ќе потекнува од Авраам. Но, кој ќе биде тоа? Со текот на времето, Јехова открил преку кој син на Авраам ќе дојде Потомството — преку Исак. А од двата сина на Исак, како предок на Потомството бил избран Јаков (1. Мојсеева 21:12; 28:13, 14). Подоцна, Јаков ги кажал следниве пророчки зборови во врска со еден од своите 12 синови: „Жезолот нема да се оддели од Јуда, ниту заповедничката палка од нозете негови додека не дојде Сило [„оној кому му припаѓа“] — и нему ќе му се покоруваат народите“ (1. Мојсеева 49:10). Од ова веќе било јасно дека Потомството ќе биде цар и дека ќе потекнува од Јуда.
Сојузот со Израел
9, 10. а) Каков сојуз склучил Јехова со Израелците, и каква заштита претставувал тој? б) Како Законот нагласувал дека на луѓето им е потребна откупнина?
9 Во 1513 год. пр.н.е., Јехова склучил сојуз со потомците на Авраам, израелскиот народ. На тој начин, почнал да открива уште детали од светата тајна. Иако повеќе не е на сила, сојузот на Законот склучен преку Мојсеј бил многу важен дел од Јеховината намера во врска со ветеното Потомство. Зошто го велиме ова? Да разгледаме три причини. Прво, Законот бил како заштитен ѕид (Ефешаните 2:14). Неговите праведни одредби служеле како преграда помеѓу Евреите и другите народи. На тој начин, Законот помогнал да се зачува лозата од која требало да дојде ветеното Потомство. Благодарение на ваквата заштита, израелскиот народ сѐ уште постоел кога дошло времето во кое Бог одредил Месијата да се роди во племето на Јуда.
10 Второ, од Законот се гледало дека на луѓето им е потребна откупнина. Бидејќи овој Закон бил совршен, било јасно дека грешните луѓе не се способни потполно да се држат за него. Така, послужил ‚да се направат очигледни престапите, додека не дојде потомството на кое му било дадено ветувањето‘ (Галатите 3:19). Животинските жртви пропишани со Законот овозможувале само привремено очистување на гревовите. А бидејќи, како што напишал Павле, „крвта на јунци и јарци не може да ги однесе гревовите“, тие жртви биле само сенка на Христовата откупна жртва (Евреите 10:1-4). Така, за верните Евреи тој сојуз станал ‚воспитувач кој ги водел до Христос‘ (Галатите 3:24).
11. Каква прекрасна надеж им дал сојузот на Законот на Израелците, но зошто, како народ, ја изгубиле таа можност?
11 Трето, тој сојуз им дал на Израелците прекрасна надеж. Јехова им рекол дека, ако верно се држат за сојузот, ќе станат „царство на свештеници и свет народ“ (2. Мојсеева 19:5, 6). Кога дошло време за тоа, од израелскиот народ биле избрани првите членови на небесното царство на свештеници. Меѓутоа, како народ, Израелците се побуниле против сојузот на Законот, го отфрлиле ветеното Потомство, односно Месијата, и ја изгубиле таа можност. Тогаш, кој ќе го дополнел бројот на оние што ќе го сочинуваат царството на свештеници? И во каква врска со ветеното Потомство ќе бил тој благословен народ? Тие детали од светата тајна требало да бидат откриени во времето што Бог го одредил за тоа.
Сојузот за Царство со Давид
12. Каков сојуз склучил Јехова со Давид, и што открил овој сојуз во врска со Божјата света тајна?
12 Во 11 век пр.н.е., Јехова открил уште детали од светата тајна кога склучил еден друг сојуз. На верниот цар Давид му ветил: „Ќе подигнам по тебе твој потомок... и ќе го зацврстам неговото царство... јас ќе го утврдам за навек престолот на неговото царство“ (2. Самоилова 7:12, 13; Псалм 89:3). Со ова било јасно кажано дека ветеното Потомство ќе дојде од лозата на Давид. Но, зарем би можел еден обичен човек да владее „за навек“? (Псалм 89:20, 29, 34-36). И би можел ли еден таков цар да го избави човештвото од гревот и смртта?
13, 14. а) Според 110. Псалм, што му ветил Јехова на својот помазан Цар? б) Што друго открил Јехова во врска со Потомството преку своите пророци?
13 Под водство на светиот дух, Давид напишал: „Јехова му рече на мојот Господар: ‚Седи од мојата десна страна додека не ги положам твоите непријатели за подножје на твоите нозе!‘ Јехова се заколна, и нема да зажали: ‚Ти ќе бидеш довека свештеник сличен на Мелхиседек!‘“ (Псалм 110:1, 4). Зборовите на Давид се однесувале директно на ветеното Потомство, односно Месијата (Дела 2:35, 36). Овој Цар немало да владее од Ерусалим, туку од небото, седејќи од „десната страна“ на Јехова. Со тоа ќе имал власт не само над Израел туку и над целата Земја (Псалм 2:6-8). Но, било откриено уште нешто. Забележи дека Јехова се заколнал дека Месијата ќе биде „свештеник сличен на Мелхиседек“. Исто како Мелхиседек, кој во времето на Авраам служел и како цар и како свештеник, и ветеното Потомство ќе било поставено од Бог да служи и како Цар и како Свештеник! (1. Мојсеева 14:17-20).
14 Низ годините, Јехова откривал детали во врска со својата света тајна преку своите пророци. На пример, открил дека Потомството ќе го даде својот живот како жртва (Исаија 53:3-12). Михеј прорекол каде ќе се роди Месијата (Михеј 5:2). А Даниел дури прорекол кога точно ќе се појави Потомството и кога ќе умре (Даниел 9:24-27).
Светата тајна е разоткриена!
15, 16. а) Како се случило Јеховиниот Син да биде „роден од жена“? б) Што наследил Исус од своите родители, и кога станало јасно дека тој е ветеното Потомство?
15 Како требало да се исполнат овие пророштва останало тајна сѐ додека не дошло Потомството. Во Галатите 4:4 пишува: „Кога се наврши времето, Бог го испрати својот Син, роден од жена“. Во втората година пр.н.е., на една млада Еврејка по име Марија еден ангел ѝ рекол: „Ќе забремениш и ќе родиш син. Дај му го името Исус. Тој ќе биде голем и ќе биде наречен Син на Севишниот. Јехова Бог ќе му го даде престолот на Давид, неговиот татко... Светиот дух ќе дојде врз тебе и силата на Севишниот ќе те засени. Затоа детето што ќе го родиш ќе биде свето, Син Божји“ (Лука 1:31, 32, 35).
16 Подоцна, Јехова го пренел животот на својот Син од небото во матката на Марија, па така бил роден од жена. Иако Марија била несовршена, Исус не наследил несовршенство од неа затоа што бил „Син Божји“. Освен тоа, Исус бил потомок на Давид и од биолошка и од законска гледна точка, затоа што и двајцата негови родители биле од лозата на Давид (Дела 13:22, 23). Кога Исус се крстил во 29 год. од н.е., Јехова го помазал со свет дух и рекол: „Ова е мојот сакан Син“ (Матеј 3:16, 17). Конечно било јасно кој е ветеното Потомство! (Галатите 3:16). Дошло време да се откријат уште детали од светата тајна (2. Тимотеј 1:10).
17. Како било разјаснето значењето на зборовите од 1. Мојсеева 3:15?
17 Во текот на својата служба, Исус открил дека змијата од 1. Мојсеева 3:15 е Сатана и дека потомството на змијата се следбениците на Сатана (Матеј 23:33; Јован 8:44). Подоцна било откриено како змијата и нејзиното потомство ќе бидат уништени засекогаш (Откровение 20:1-3, 10, 15). Било откриено и дека жената е „горниот Ерусалим“, односно небесниот дел од Јеховината организација, кој се состои од духовни суштества и кој е како Негова женаa (Галатите 4:26; Откровение 12:1-6).
Новиот сојуз
18. Која е целта на „новиот сојуз“?
18 Можеби највпечатливиот детаљ од светата тајна бил откриен вечерта пред да умре Исус кога на своите следбеници им кажал за „новиот сојуз“ (Лука 22:20). Исто како претходниот сојуз, односно сојузот на Законот даден преку Мојсеј, и новиот сојуз бил склучен за да се воспостави „царство на свештеници“ (2. Мојсеева 19:6; 1. Петрово 2:9). Меѓутоа, со овој сојуз немало да се формира дословен, туку духовен народ, „Израелот Божји“, кој ќе го сочинувале само верни помазани следбеници на Христос (Галатите 6:16). Заедно со Исус, учесниците во новиот сојуз ќе го благословат целото човештво!
19. а) Зошто новиот сојуз ја постигнува целта да се воспостави „царство на свештеници“? б) Зошто помазаните христијани се наречени „ново создание“, и колкумина ќе служат на небото заедно со Христос?
19 Но, зошто новиот сојуз ја постигнува целта да се воспостави „царство на свештеници“ кое ќе го благослови човештвото? Затоа што, наместо да ги осудува Христовите ученици како грешници, новиот сојуз овозможува да им бидат простени гревовите преку Христовата жртва (Еремија 31:31-34). Откако Јехова ги прогласува за праведни, тој ги посвојува како членови на неговото небесно семејство и ги помазува со свет дух (Римјаните 8:15-17; 2. Коринќаните 1:21). На тој начин, тие се ‚родени за жива надеж зачувана на небесата‘ (1. Петрово 1:3, 4). Бидејќи ваквата возвишена положба е нешто сосема ново за луѓето, христијаните помазани со свет дух се наречени „ново создание“ (2. Коринќаните 5:17). Библијата открива дека бројот на оние што од небото ќе владеат над откупеното човештво изнесува 144.000 (Откровение 5:9, 10; 14:1-4).
20. а) Кој детаљ од светата тајна бил откриен во 36 год. од н.е.? б) Кој ќе ги добие благословите што му биле ветени на Авраам?
20 Заедно со Исус, овие помазаници стануваат „потомство на Авраам“b (Галатите 3:29). Првите луѓе што биле помазани со свет дух биле Израелци. Но, во 36 год. од н.е. бил откриен уште еден детаљ од светата тајна: небесна надеж ќе имаат и луѓе од другите народи (Римјаните 9:6-8; 11:25, 26; Ефешаните 3:5, 6). Но, дали само помазаните христијани ќе ги добијат благословите што му биле ветени на Авраам? Не, зашто жртвата на Исус била дадена за целото човештво (1. Јованово 2:2). Со текот на времето, Јехова открил дека едно неброено „големо мноштво“ ќе го преживее крајот на Сатановиот свет (Откровение 7:9, 14). Огромен број други луѓе ќе бидат воскреснати и ќе имаат можност да живеат вечно во Рајот! (Лука 23:43; Јован 5:28, 29; Откровение 20:11-15; 21:3, 4).
Божјата мудрост и светата тајна
21, 22. Како мудроста на Јехова се гледа во светата тајна?
21 Светата тајна е извонреден доказ за „Божјата разнолика мудрост“ (Ефешаните 3:8-10). Колкава мудрост покажал Јехова со начинот на кој ја осмислил оваа тајна и со тоа што постепено ја откривал! Тој мудро ги зел предвид ограничувањата на луѓето, давајќи им можност да покажат што навистина имаат во срцето (Псалм 103:14).
22 Јехова покажал неспоредлива мудрост и со тоа што го избрал Исус за Цар. Во Јеховиниот Син можеме да имаме доверба повеќе отколку во кое и да било друго суштество создадено од Јехова. Како човек од крв и месо, Исус доживеал разни неволји. Тој потполно ги разбира проблемите на луѓето (Евреите 5:7-9). Но, што е со оние што ќе владеат заедно со него? Низ вековите биле помазани мажи и жени со најразлично потекло и од сите раси и јазици. Не постои проблем со кој не се изборил барем некој од нив (Ефешаните 4:22-24). Ќе биде вистинско задоволство да имаме такви милосрдни цареви и свештеници!
23. Каква чест имаат христијаните во поглед на Јеховината света тајна?
23 Апостол Павле напишал: „Светата тајна, која беше скриена во минатите векови и поколенија... им е објавена на неговите свети“ (Колошаните 1:26). Да, Јеховините свети, односно помазаниците, разбрале многу детали од светата тајна и им го пренесуваат тоа и на милиони други. Навистина имаме огромна чест! Јехова ни ја ‚објавил светата тајна на својата волја‘ (Ефешаните 1:9). Да им ја кажуваме оваа тајна на другите за да им помогнеме и тие да сфатат колку е голема мудроста на Јехова Бог!
a И „светата тајна на оддаденоста на Бог“ била откриена во Исус (1. Тимотеј 3:16). Долго време било тајна дали некој воопшто ќе успее да му остане совршено послушен на Јехова. Исус дал доказ дека тоа е возможно. Тој останал верен без разлика на каков испит го ставил Сатана (Матеј 4:1-11; 27:26-50).
b Со истата група луѓе Исус склучил и „сојуз за царство“ (Лука 22:29, 30). Всушност, со ова „мало стадо“ Исус склучил сојуз според кој тие ќе владеат заедно со него од небото како спореден дел од потомството на Авраам (Лука 12:32).
-
-
„Има мудро срце“, а сепак е понизенПриближи му се на Јехова
-
-
ПОГЛАВЈЕ 20
„Има мудро срце“, а сепак е понизен
1-3. Зошто можеме да бидеме сигурни дека Јехова е понизен?
ЕДЕН татко сака да го поучи своето детенце за нешто важно и таа поука да допре до неговото срце. Како да му пристапи? Дали треба да застане над него и грубо да му се обрати? Или, пак, да клекне до него и да му зборува благо и љубезно? Еден мудар и понизен татко би го избрал љубезниот начин.
2 Каков татко е Јехова — вообразен и груб или понизен и благ? Јехова има бескрајно знаење и мудрост. Но, дали си забележал дека знаењето и интелигенцијата обично не ги прават луѓето понизни? Тоа го потврдува и Библијата, која вели: „Знаењето го прави човек надуен“ (1. Коринќаните 3:19; 8:1). Но, Јехова „има мудро срце“, а сепак е понизен (Јов 9:4). Тоа не значи дека има пониска положба или дека не е величествен, туку дека не е вообразен. Зошто можеме да бидеме сигурни во ова?
3 Вообразеноста е особина што го прави некого нечист. Но, бидејќи Јехова е свет, не е можно таа да биде дел од него (Марко 7:20-22). Ова го потврдуваат и зборовите на пророкот Еремија, кој за Јехова рекол: „Душата твоја сигурно ќе се сети и ќе се наведне над мене“a (Плач Еремиин 3:20). Замисли си! Јехова, Севишниот Господар на вселената, е спремен да „се наведне“, т.е. да се спушти на нивото на Еремија за да покаже милост кон овој несовршен човек (Псалм 113:7). Да, Јехова е понизен. Но, каква е понизноста што ја покажува Бог? Како е поврзана со мудроста? И зошто треба многу да ја цениме?
Како Јехова покажува дека е понизен
4, 5. а) Што е понизност, како се покажува и зошто никогаш не треба да ја сметаме за знак на слабост или плашливост? б) Како Јехова покажал понизност кон Давид, и зошто за нас е важно тоа што Јехова е понизен?
4 Понизноста е спротивна на вообразеноста и гордоста. Таа може да се види по тоа дали некој е благ, стрплив и разумен (Галатите 5:22, 23). Но, овие особини кои ги поседува Бог не покажуваат дека тој е слаб или плашлив. Напротив, токму со својата понизност и благост Јехова докажал колку е силен, односно способен совршено да се совладува (Исаија 42:14). Освен тоа, во некои ситуации тој изразил оправдан гнев и ја користел својата моќ за да уништува. А како понизноста е поврзана со мудроста? Во еден библиски прирачник стои: „Понизноста се сведува на... несебичност и е темел на мудроста“. Според тоа, ако некој не е понизен, не може да биде вистински мудар. Зошто е важно за нас тоа што Јехова е понизен?
Еден мудар татко е понизен и благ кон своето дете
5 Цар Давид му пеел на Јехова: „Ти ми го даваш својот штит на спасението, твојата десница ме поддржува, твојата понизност ме прави голем“ (Псалм 18:35). Всушност, Јехова како да се наведнувал за да го заштитува и да му помага на овој несовршен човек. Давид сфатил дека ќе биде спасен од своите неволји — па дури и дека еден ден ќе стане голем, односно славен цар — само затоа што Јехова е понизен. Кој од нас би се надевал на спасение ако Јехова не беше понизен, ако не беше спремен да се „наведне“ за да ни помага како еден благ и љубезен Татко?
6, 7. а) Зошто никаде во Библијата не е спомнато дека Јехова е скромен? б) Како се поврзани благоста и мудроста, и кој е најдобар пример во овој поглед?
6 За многу луѓе, скромноста и понизноста се една иста особина. Сепак, меѓу нив има разлика. Скромноста е прекрасна особина што треба да ја има секој верен Божји слуга. Исто како понизноста, и таа е поврзана со мудроста. На пример, во Изреки 11:2 се вели дека „мудроста е кај скромните“. Меѓутоа, никаде во Библијата не пишува дека Јехова е скромен. Зошто? Светото писмо го употребува овој збор за да укаже дека некој е свесен за своите ограничувања. Бидејќи е Семоќен, Бог нема никакви ограничувања, освен оние што сам си ги поставува заради своите праведни мерила (Марко 10:27; Тит 1:2). Исто така, како Севишен, тој има неограничен авторитет. Затоа, не може да се каже дека Јехова е скромен.
7 Меѓутоа, Јехова е понизен и благ. Тој ги учи своите слуги дека благоста е неопходна за да се биде вистински мудар. Неговата Реч вели дека ‚благоста ѝ е својствена на мудроста‘b (Јаков 3:13). Да видиме каков пример ни дава Јехова во овој поглед.
Јехова доделува задачи и ги слуша другите
8-10. а) Зошто е впечатливо тоа што Јехова е спремен да ги слуша другите и да им доделува задачи? б) Како Бог покажал понизност кон своите ангели?
8 Доказ дека Јехова е понизен е тоа што доделува задачи и ги слуша другите. Ова само по себе е нешто неверојатно, бидејќи на Јехова не му треба ни помош ни совет (Исаија 40:13, 14; Римјаните 11:34, 35). Сепак, Библијата на повеќе места потврдува дека Бог покажува ваква понизност.
9 Да земеме за пример еден несекојдневен настан од животот на Авраам. Му дошле тројца гости кои, всушност, биле ангели. На еден од нив Авраам му се обраќал со „Јехова“ затоа што дошол и дејствувал во името на Јехова. Кога ангелот ќе кажел или ќе направел нешто, тоа на некој начин било како Јехова да го кажувал или да го правел тоа. Преку овој ангел, Јехова му кажал на Авраам дека чул силна ‚поплака против Содом и Гомор‘. Јехова рекол: „Решив да слезам за да видам дали навистина го прават тоа поради кое доаѓа поплаката до мене, а ако не е така, да знам“ (1. Мојсеева 18:3, 20, 21). Се разбира, пораката од Јехова не значела дека лично тој ‚ќе слезе‘. Наместо тоа, повторно испратил ангели како свои застапници (1. Мојсеева 19:1). Зошто? Зарем Јехова, кој гледа сѐ, не можел самиот да дознае какви се жителите на тоа место? Се разбира дека можел. Сепак, понизно им дал на овие ангели задача да ја испитаат ситуацијата и да отидат кај Лот и неговото семејство во Содом.
10 Освен тоа, Јехова е спремен да ги слуша другите. Во една прилика ги прашал ангелите како да го наведат злобниот цар Ахав да падне во битка. Иако на Јехова не му требала таква помош, го прифатил предлогот на еден ангел и му рекол да постапи така (1. Царевите 22:19-22). Каква понизност!
11, 12. Како Авраам видел дека Јехова е понизен?
11 Јехова е спремен да ги сослуша дури и несовршените луѓе кои сакаат да му кажат што ги загрижува. На пример, кога Јехова му кажал на Авраам дека има намера да ги уништи Содом и Гомор, овој верен слуга бил збунет. Авраам рекол: „Ти никогаш не би го направил тоа! Зарем Судијата на целата земја нема да го прави она што е праведно?“ Тој прашал дали Јехова ќе ги поштеди овие градови ако во нив се најдат 50 праведници. Јехова го уверил дека во таков случај би ги поштедил. Но, Авраам му го поставувал ова прашање уште неколку пати, намалувајќи го бројот на 45, па на 40 итн. Иако на секое прашање Јехова му го давал истиот одговор, Авраам продолжил да го прашува додека не стигнал до бројот 10. Можеби Авраам сѐ уште не разбирал колку милостив е Јехова. Во секој случај, Јехова стрпливо и понизно дозволил неговиот пријател и слуга да каже што го загрижува (1. Мојсеева 18:23-33).
12 Колкумина интелигентни и образовани луѓе би биле спремни стрпливо да сослушаат некого со многу помала интелигенција?c Всушност, Јехова го прави токму тоа. Тој покажува огромна понизност. Преку разговорот со Јехова, Авраам видел и дека тој е „бавен на гнев“ (2. Мојсеева 34:6). Веројатно свесен дека нема право да ги доведува во прашање одлуките на Севишниот, Авраам двапати го молел: „Те молам, Јехова, немој да се разгневиш“ (1. Мојсеева 18:30, 32). Се разбира, Јехова не се разгневил. Тој навистина има „благост која ѝ е својствена на мудроста“.
Јехова е разумен
13. Што значи зборот кој во Библијата е преведен со „разумен“, и зошто може да се каже дека Јехова е разумен?
13 Понизноста на Јехова се гледа од уште една прекрасна особина — разумноста. За жал, оваа особина е реткост меѓу несовршените луѓе. За разлика од нив, Јехова не само што е спремен да ги слуша своите созданија обдарени со разум туку и да попушти кога тоа го дозволуваат неговите праведни мерила. Зборот кој во Библијата е преведен со „разумен“ дословно значи „спремен да попушти“. И оваа особина е својствена за Божјата мудрост. Во Јаков 3:17 стои: „Мудроста одозгора пред сѐ е... разумна“. Што покажува дека Јехова, најмудрата личност што постои, е разумен? Меѓу другото, тоа што е приспособлив. Самото негово име ни открива дека Јехова станува сѐ што е потребно за да ја исполни својата намера (2. Мојсеева 3:14). Зарем тоа не е доказ дека тој е приспособлив и разумен?
14, 15. а) Што можеме да научиме за небесниот дел од Јеховината организација преку видението на Езекиел? б) Како се разликува Јеховината организација од световните организации?
14 Едно впечатливо видение што му било дадено на Езекиел ни помага донекаде да сфатиме колку приспособлив е Јехова. Во ова видение бил прикажан небесниот дел од Јеховината организација што го сочинуваат духовни суштества. Тој видел една неверојатно голема кочија со која управува самиот Јехова. Најинтересно е како се движела таа кочија. Големите тркала можеле да се движат на сите четири страни и биле полни со очи. Можеле да гледаат насекаде и да го менуваат правецот веднаш, без запирање или свртување. За разлика од некои гломазни превозни средства направени од човек, оваа огромна кочија можела да се движи со молскавична брзина, па дури и да го менува правецот под прав агол! (Езекиел 1:1, 14-28). Да, Јеховината организација, исто како и семоќниот Владетел што управува со неа, е совршено приспособлива, спремна брзо да реагира на секоја нова ситуација и потреба.
15 Луѓето ни оддалеку не можат да бидат толку приспособливи. Најчесто, луѓето и нивните организации повеќе се крути и неразумни отколку флексибилни и спремни да попуштат. Нив би можеле да ги споредиме со танкер или со товарен воз. Овие превозни средства се огромни и многу моќни. Но што ќе се случи ако излезе нешто непредвидено? Ако на шините се најде некаква препрека, возот не би можел да сврти или веднаш да запре. Дури и откако ќе се активираат сопирачките, на еден натоварен воз му требаат и до 2 километри за да застане! Нешто слично се случува и со еден танкер, кој може да продолжи да плови уште 8 километри откако ќе се исклучат моторите. Дури и ако пропелерите почнат да вртат во обратен правец, танкерот би продолжил да плови и до 3 километри! Слично е и со човечките организации кои обично се крути и неразумни. Бидејќи се горди, луѓето честопати не се приспособуваат на новонастанатите потреби и околности. Таквата крутост довела до тоа многу фирми да банкротираат и многу влади да пропаднат (Изреки 16:18). За среќа, ниту Јехова ниту неговата организација не се такви!
Како Јехова покажува разумност
16. Како Јехова покажал разумност пред да ги уништи Содом и Гомор?
16 Да се вратиме повторно во времето кога биле уништени Содом и Гомор. Лот и неговото семејство добиле конкретни упатства од еден ангел: „Бегај во планините“. Меѓутоа, ова не му се допаднало на Лот, и затоа рекол: „Те молам, Јехова, немој така!“ Убеден дека ќе умре ако мора да бега во планините, Лот молел тој и неговото семејство да пребегаат во блискиот град Сигор. Но, Јехова имал намера да го уништи и тој град. Освен тоа, стравовите на Лот биле неосновани бидејќи Јехова сигурно можел да му помогне да преживее во планините. Сепак, му го исполнил барањето и го поштедил Сигор. „Еве, и во ова ќе имам обѕир кон тебе“, му рекол ангелот на Лот (1. Мојсеева 19:17-22). Зарем со тоа Јехова не покажал разумност?
17, 18. Како Јехова покажал разумност во случајот со Ниневијците?
17 Јехова зема предвид и кога некој искрено се кае, при што секогаш постапува милостиво и праведно. Да го земеме за пример она што се случило кога пророкот Јона бил испратен во Ниневија — град што бил полн со злоба и насилство. Минувајќи низ улиците на Ниневија, Јона објавувал едноставна порака од Бог: овој голем град ќе биде уништен за 40 дена. Меѓутоа, ситуацијата драматично се сменила. Жителите на Ниневија се покајале! (Јона, 3. поглавје).
18 Можеме многу да научиме ако разгледаме како реагирал Јехова, а како Јона на новата ситуација. Јехова се приспособил и, наместо „храбар воин“, станал Бог кој простува гревовиd (2. Мојсеева 15:3). Јона, пак, не бил ниту флексибилен ниту милосрден. Наместо да биде разумен како Јехова, тој повеќе наликувал на товарниот воз и на танкерот што ги спомнавме претходно. Им објавил уништување и сега по секоја цена морало да има уништување! Но, Јехова бил стрплив со овој нестрплив пророк и му дал незаборавна поука за разумноста и милосрдноста (Јона, 4. поглавје).
Јехова е разумен и ги разбира нашите ограничувања
19. a) Зошто можеме да бидеме сигурни дека Јехова има разумни очекувања од нас? б) Како Изреки 19:17 покажува дека Јехова е ‚добар и разумен‘ Господар и дека е многу понизен?
19 Јехова е разумен и во она што го очекува од нас. Цар Давид рекол: „Тој добро ја познава нашата градба, си спомнува дека сме прав“ (Псалм 103:14). Јехова ги разбира нашите ограничувања и несовршености подобро од нас самите. Тој никогаш не очекува од нас повеќе отколку што можеме да направиме. Во врска со луѓето, Библијата прави разлика помеѓу ‚добрите и разумни‘ господари и „оние на кои е тешко да им се угоди“ (1. Петрово 2:18). Каков Господар е Јехова? Според Изреки 19:17, оној што „е милостив кон сиромавиот, му дава заем на Јехова“. Штом Јехова го забележува секое добро дело кон некој сиромав, можеме да бидеме сигурни дека е добар и разумен Господар. Исто така, од овој стих учиме дека Творецот на вселената, всушност, се смета себеси за должник кон еден обичен човек што прави такви милосрдни дела. Каква понизност!
20. Зошто можеме да бидеме сигурни дека Јехова ги слуша нашите молитви и дека одговара на нив?
20 Јехова е исто толку благ и разумен и кон своите слуги денес. Кога со вера му се обраќаме во молитва, тој нѐ слуша. Иако не испраќа ангели за да ни пренесе пораки, не треба да мислиме дека не одговара на нашите молитви. Во една прилика апостол Павле ги замолил своите соверници да се молат тој да биде пуштен од затвор. Зошто? „За да ви се вратам што поскоро“, рекол тој (Евреите 13:18, 19). Значи, нашите молитви можат да го поттикнат Јехова да го направи она што инаку не би го направил! (Јаков 5:16).
21. а) Иако Јехова е понизен, што нема никогаш да направи? б) Зошто Јеховината понизност е толку впечатлива?
21 Се разбира, тоа што Јехова е понизен — односно благ, спремен да ги слуша другите, стрплив и разумен — не значи дека ги погазува своите праведни начела. Многу свештеници во христијанскиот свет мислат дека е разумно да ги разводнуваат Јеховините морални мерила за да им угодат на своите верници (2. Тимотеј 4:3). Но, склоноста на човекот да ги погази своите принципи кога тоа повеќе му одговара нема ништо заедничко со разумноста на Бог. Јехова е свет и нема никогаш да ги прекрши своите праведни мерила (3. Мојсеева 11:44). Од срце да ја цениме Јеховината разумност, која е доказ дека е понизен. Зарем не нѐ восхитува тоа што Јехова Бог, најмудрата личност во вселената, е неверојатно понизен? Каква чест е што можеме да бидеме блиски со овој величествен, а сепак благ, стрплив и разумен Бог!
a Во старо време, писарите познати како соферими го смениле овој стих за да изгледа дека Еремија е оној што се наведнува, а не Јехова. Изгледа сметале дека не е соодветно на Бог да му се припише таков понизен чин. Од таа причина, многу преводи ја промашуваат смислата на овој прекрасен стих. Меѓутоа, преводот The New English Bible точно ги пренесува зборовите на Еремија: „Сети се, о сети се и наведни се над мене“.
b Во некои преводи, оваа фраза гласи: „понизноста која произлегува од мудроста“ и „благоста која е знак за мудрост“.
c Интересно е тоа што во Библијата стрпливоста е наведена како особина која е спротивна на вообразеноста (Проповедник 7:8). Стрпливоста на Јехова е уште еден доказ дека е понизен (2. Петрово 3:9).
d Во Псалм 86:5 за Јехова се вели дека е ‚добар и спремен да прости‘. На грчки, изразот „спремен да прости“ бил преведен со епиики́с, односно „разумен“.
-
-
Исус ја покажувал ,мудроста од Бог‘Приближи му се на Јехова
-
-
ПОГЛАВЈЕ 21
Исус ја покажувал ,мудроста од Бог‘
1-3. Како поранешните соседи на Исус реагирале на неговото поучување, и што не сфатиле во врска со него?
СИТЕ присутни во синагогата биле зачудени. Го слушале Исус и не можеле да поверуваат колку мудри зборови излегуваат од неговата уста. Тој не им бил непознат бидејќи пораснал во нивниот град и со години работел како дрводелец таму. Можеби некои од нив живееле во куќи што тој помогнал да се изградат, или ја обработувале земјата со плугови и јареми што тој ги изработил.a Но, дали ги прифатиле учењата на овој поранешен дрводелец?
2 Повеќето од оние што го слушале биле восхитени и се прашувале: „Од каде има овој мудрост?“ Но потоа додале: „Не е ли ова дрводелецот, синот на Марија?“ (Матеј 13:54-58; Марко 6:1-3). За жал, некогашните соседи на Исус си мислеле: ,Овој дрводелец е само обичен човек како и секој од нас‘. Иако давал мудри поуки, тие го отфрлиле. Не сфатиле дека таа мудрост не е негова.
3 Тогаш, од каде Исус имал ваква мудрост? „Она за кое поучувам не е мое, туку доаѓа од оној што ме испрати“, рекол тој (Јован 7:16). Апостол Павле објаснил дека Исус „нам ни стана мудрост од Бог“ (1. Коринќаните 1:30). Јеховината мудрост можела да се види кај неговиот Син, Исус, и тоа до тој степен што Исус можел да рече: „Јас и Таткото сме едно“ (Јован 10:30). Да разгледаме три подрачја на кои Исус ја покажувал ,мудроста од Бог‘.
Неговите учења
4. а) Која била главната порака што ја објавувал Исус, и зошто било многу важно луѓето да ја чујат? б) Зошто советите на Исус секогаш биле практични и корисни?
4 Најпрво, да видиме за што поучувал Исус. Главната порака што ја објавувал била „добрата вест за Божјето царство“ (Лука 4:43). Било многу важно луѓето да чујат за Божјето Царство бидејќи тоа ќе го оправда Јехова како Севишен Владетел и ќе им донесе вечни благослови на луѓето. Кога поучувал, Исус давал и мудри совети за секојдневниот живот. Тој покажал дека е проречениот „Прекрасен Советник“ (Исаија 9:6). Но, зошто бил толку добар советник? Исус многу добро ги познавал волјата на Бог и Неговата Реч, имал длабоко разбирање за човечката природа и многу ги сакал луѓето. Затоа, неговите совети секогаш биле практични и корисни. Исус ги имал „зборовите на вечниот живот“. Да, ако живееме според неговите совети, ќе бидеме спасени (Јован 6:68).
5. Кои се некои работи за кои Исус поучувал во Проповедта на гората?
5 Проповедта на гората е одличен пример за неспоредливата мудрост содржана во учењата на Исус. Нему веројатно му требале само 20-ина минути за да ја изнесе оваа проповед, која е запишана во Матеј 5:3—7:27. Меѓутоа, советите што ги наоѓаме во неа никогаш не застаруваат — денес се исто толку практични колку што биле и во првиот век. Исус поучувал за многу работи: како да имаме добри односи со другите (5:23-26, 38-42; 7:1-5, 12), како да останеме морално чисти (5:27-32) и како да водиме исполнет живот (6:19-24; 7:24-27). Но, Исус не им кажал на присутните само како треба да постапуваат туку и објаснил зошто е најдобро така да постапуваат.
6-8. а) Кои уверливи аргументи на Исус покажуваат зошто да не бидеме претерано загрижени? б) Што покажува дека советите на Исус биле одраз на мудроста одозгора?
6 Да го земеме за пример мудриот совет на Исус во 6. поглавје од Матеј во врска со тоа како да излеземе на крај со грижите околу материјалните работи. Тој рекол: „Не бидете загрижени за својот живот, што ќе јадете или што ќе пиете, или за своето тело, што ќе облечете“ (25. стих). Храната и облеката се основни потреби и затоа е сосема нормално да мислиме на тоа како да ги обезбедиме. Но, Исус овде ни вели ,да не бидеме загрижени‘ за тие работи.b Зошто?
7 Исус понатаму навел уверливи аргументи зошто ова е мудро. Бидејќи Јехова ни дал живот и тело, зарем не може да ни даде и храна што ќе нѐ одржи во живот и облека што ќе ни го покрие телото? (25. стих). Ако Бог им дава храна на птиците и ги облекува цвеќињата со убавина, колку повеќе ќе се грижи за луѓето кои му служат! (Стихови 26, 28-30). Навистина е бесмислено да бидеме претерано загрижени. Тоа ни малку нема да ни го продолжи живототc (27. стих). А што ќе ни помогне да не бидеме претерано загрижени? Советот на Исус е: Бог секогаш да ни биде на прво место во животот. Оние што го следат овој совет можат да бидат сигурни дека нивниот небесен Татко ќе ги задоволи нивните основни потреби (33. стих). На крајот Исус дал уште еден многу практичен совет — да се справуваме со проблемите како што доаѓаат. Зошто на денешниот ден да ги додаваме грижите од утрешниот ден? (34. стих). Освен тоа, зошто непотребно да се грижиме за работи што можеби нема никогаш да се случат? Ако го следиме овој совет, ќе се поштедиме од многу маки во овој свет полн со стресови.
8 Јасно е дека советите на Исус се исто толку практични денес колку што биле и пред околу 2.000 години. Зарем тоа не е доказ за мудроста одозгора? Дури и најдобрите совети што ги даваат луѓето обично брзо застаруваат, па мора да се менуваат. За разлика од нив, учењата на Исус го положиле испитот на времето. Тоа не треба да нѐ изненади затоа што овој Прекрасен Советник ги кажувал „Божјите зборови“ (Јован 3:34).
Начинот на кој поучувал
9. Што рекле некои војници за начинот на кој поучувал Исус, и зошто ова не било преувеличување?
9 Второ подрачје на кое Исус ја покажувал Божјата мудрост бил начинот на кој поучувал. Во една прилика, неколку војници биле испратени да го уапсат Исус, но на крај немале срце да го сторат тоа. Тие рекле: „Никој никогаш не зборувал така“ (Јован 7:45, 46). Ова не било преувеличување. Исус, кој дошол „одозгора“, имал далеку повеќе знаење и искуство од кој и да било човек што некогаш живеел на Земјата (Јован 8:23). Навистина, никој не поучувал како него. Да разгледаме само две методи на овој мудар Учител.
„Мноштвата беа восхитени од неговото поучување“
10, 11. a) Зошто нѐ восхитува начинот на кој Исус користел споредби? б) Кој пример покажува колку вешто Исус поучувал со приказни?
10 Вешто користел споредби. Библијата вели: „Сето тоа Исус му го зборуваше на народот користејќи споредби. Секогаш им зборуваше со споредби“ (Матеј 13:34). Не можеме а да не се восхитуваме на неговата неспоредлива способност да пренесе длабоки вистини преку примери од секојдневниот живот. Во своите споредби тој зборувал за работи што им биле добро познати на луѓето: земјоделец што сее семе, жена што меси леб, деца што си играат по плоштадите, рибари кои извлекуваат мрежи, пастир кој бара загубена овца. Бидејќи Исус ги поврзувал важните вистини со познати работи, тие вистини брзо и длабоко им се врежувале во умот и срцето на оние што го слушале (Матеј 11:16-19; 13:3-8, 33, 47-50; 18:12-14).
11 Исус честопати користел кратки приказни за да даде морални или духовни поуки. Бидејќи се сфаќаат и се помнат многу полесно од апстрактните идеи, приказните помогнале да се зачуваат учењата на Исус. Во многу приказни, Исус го опишал својот Татко со сликовити зборови кои не можат лесно да се заборават. На пример, секој може да ја сфати поуката од приказната за расипничкиот син: ако некој што згрешил искрено се кае, Јехова ќе се сожали и љубезно ќе го прими назад (Лука 15:11-32).
12. а) Со која цел Исус користел прашања кога поучувал? б) Како Исус ги замолчил верските водачи?
12 Вешто користел прашања. Исус користел прашања за да им помогне на слушателите да ги преиспитаат своите мотиви, сами да дојдат до исправен заклучок или да донесат исправна одлука (Матеј 12:24-30; 17:24-27; 22:41-46). Кога верските водачи го прашале со каква власт ги врши моќните дела, Исус одговорил: „Дали крштавањето со кое крштаваше Јован беше од небото или од луѓето?“ Изненадени од неговото прашање, тие почнале да се договараат: „Ако речеме: ,Од небото‘ ќе ни рече: ,Зошто тогаш не му верувавте?‘ А ако речеме: ,Од луѓето‘ треба да се плашиме од народот бидејќи сите го сметаат Јован за пророк“. На крај му одговориле: „Не знаеме“ (Марко 11:27-33; Матеј 21:23-27). Со едно едноставно прашање, Исус ги оставил без зборови и ја разоткрил нивната лукавост.
13-15. Како од приказната за добриот Самарјанин се гледа колку мудар бил Исус?
13 Понекогаш Исус ги комбинирал овие две методи така што во своите споредби употребувал и прашања. Кога еден еврејски законик го прашал Исус што е потребно за да добие вечен живот, Исус му го свртел вниманието на Мојсеевиот закон, во кој се барало да го сакаме Бог и ближниот. Бидејќи сакал да се покаже праведен, човекот го прашал: „А кој е мојот ближен?“ Во својот одговор, Исус му раскажал една приказна. Еден Евреин, кој патувал сам, го нападнале разбојници и го оставиле полумртов. Покрај него поминале двајца Евреи — најпрво еден свештеник, а потоа еден Левит. Ниту еден од нив не му обрнал внимание. Но, тогаш се појавил еден Самарјанин кој се сожалил. Љубезно му ги преврзал раните и го однел на безбедно во еден конак каде што можел да закрепне. Откако ја раскажал приказната, Исус го прашал законикот: „Кој од овие тројца му беше ближен на човекот кој налета на разбојниците?“ Човекот едноставно морал да одговори: „Оној што му покажа милосрдие“ (Лука 10:25-37).
14 Како од оваа приказна се гледа колку мудар бил Исус? Во негово време, Евреите ги сметале за ближни само оние што се држеле за нивните традиции, а тоа во никој случај не биле Самарјаните (Јован 4:9). Дали Исус ќе ги срушел овие предрасуди ако во неговата приказна жртва бил Самарјанин, а оној што му помогнал бил Евреин? Исус мудро одлучил да раскаже приказна во која Самарјанин љубезно ќе му пружи помош на Евреин. Интересно е и како Исус го поставил прашањето на крајот од приказната. Тој му помогнал да гледа на поимот „ближен“ од друг агол. Законикот, всушност, прашал: ,Кого треба да го сакам како мој ближен?‘ Но, Исус го прашал: „Кој од овие тројца му беше ближен на човекот кој налета на разбојниците?“ Исус не се концентрирал на оној кон кого била покажана љубезност, односно на жртвата, туку на оној што покажал љубезност, на Самарјанинот. Дали некој е ближен во вистинска смисла на зборот се гледа по тоа дали покажува љубов кон другите, без оглед на нивната етничка припадност. На колку извонреден начин Исус ја пренел оваа поука!
15 Не е ни чудо што луѓето биле „восхитени од неговото поучување“ и што сакале да го слушаат (Матеј 7:28, 29). Во една прилика, кај Исус се собрал „многу народ“. Овие луѓе биле спремни да го слушаат три дена, иако на крајот останале без храна! (Марко 8:1, 2).
Начинот на кој живеел
16. На кој начин Исус покажал дека постапува во склад со Божјата мудрост?
16 Трето подрачје на кое Исус ја покажувал Јеховината мудрост е неговиот начин на живот. Мудроста се гледа од постапките. „Кој меѓу вас е мудар?“, прашал ученикот Јаков. А потоа додал: „Со своето примерно однесување нека го покаже тоа“ (Јаков 3:13, The New English Bible). Со својот начин на живот, Исус покажал дека постапува во склад со Божјата мудрост. Да разгледаме како покажал разборитост со својот начин на живот и во односите со другите.
17. Што покажува дека Исус бил совршено урамнотежен?
17 Си забележал ли дека луѓето што не знаат добро да ги проценуваат работите обично одат во крајности? Да, за да се биде урамнотежен, потребна е мудрост. Бидејќи имал мудрост од Бог, Исус бил совршено урамнотежен. За него духовните работи биле на прво место во животот. Тој давал сѐ од себе за да ја објавува добрата вест. „За тоа и дојдов“, рекол тој (Марко 1:38). Материјалните работи не му биле најважни. Всушност, по сѐ изгледа немал многу во материјален поглед (Матеј 8:20). Меѓутоа, не бил ни испосник. По примерот на својот Татко, „среќниот Бог“, Исус бил ведра личност, а ги правел среќни и другите околу себе (1. Тимотеј 1:11; 6:15). Кога бил на свадба — веселба на која има музика, песни и радост — не отишол таму за да го расипе доброто расположение. Напротив, кога снемало вино, тој ја претворил водата во квалитетно вино, пијалак што „го весели срцето на смртниот човек“ (Псалм 104:15; Јован 2:1-11). Многу луѓе го канеле Исус на гости, и тој честопати ги користел таквите прилики за да поучува (Лука 10:38-42; 14:1-6).
18. Како Исус покажал беспрекорна мудрост во начинот на кој постапувал со своите ученици?
18 Исус покажал беспрекорна мудрост и во начинот на кој постапувал со другите. Тој многу добро ја познавал човечката природа и затоа имал реално гледиште за своите ученици. Знаел дека тие не се совршени. Но, ги гледал и добрите особини на овие мажи кои ги привлекол Јехова, и гледал какви луѓе можеле да станат со текот на времето (Јован 6:44). И покрај нивните слабости, Исус бил спремен да ја полага својата доверба во нив. На пример, тој им ја доверил големата одговорност да ја проповедаат добрата вест и бил уверен дека ќе можат да ја исполнат (Матеј 28:19, 20). Во книгата Дела наоѓаме потврда дека верно ја извршувале задачата што им ја дал (Дела 2:41, 42; 4:33; 5:27-32). Според тоа, Исус не згрешил што имал доверба во нив.
19. Како Исус покажал дека е „благ и со понизно срце“?
19 Како што беше кажано во 20. поглавје, Библијата ги поврзува понизноста и благоста со мудроста. Се разбира, Јехова е најдобар пример во овој поглед. Но, како е со Исус? Тој покажувал голема понизност во односите со своите ученици. Како совршен човек, ги надминувал во секој поглед. Па сепак, тој не гледал од високо на нив. Никогаш не ги омаловажувал и не им наметнувал чувство дека се неспособни. Напротив, ги земал предвид нивните ограничувања и стрпливо ги поднесувал нивните слабости (Марко 14:34-38; Јован 16:12). Дури и децата биле опуштени со Исус. Зарем ќе сакале да одат кај него ако тој не бил „благ и со понизно срце“? (Матеј 11:29; Марко 10:13-16).
20. Како Исус покажал разумност во случајот со Феничанката чија ќерка била демонизирана?
20 Исус покажал понизност на уште еден начин. Тој бил разумен, односно бил спремен да попушти секогаш кога милоста го налагала тоа. Еден таков пример е случајот кога една Феничанка го молела да ја излекува нејзината демонизирана ќерка. Исус на три начини ѝ покажал дека нема да ѝ помогне. Прво, ништо не ѝ одговорил. Второ, отворено ѝ кажал дека е испратен само кај Евреите, а не кај другите народи. И трето, ѝ дал споредба во која љубезно го нагласил истото. Меѓутоа, жената била упорна и со тоа покажала дека има голема вера. Како реагирал Исус кога ја видел нејзината вера? Го направил токму она што рекол дека нема да го направи. Ја излекувал нејзината ќерка (Матеј 15:21-28). Каква понизност! Да не заборавиме дека понизноста е основа за вистинската мудрост.
21. Зошто треба да зборуваме како Исус, да постапуваме како него и да ги покажуваме неговите особини?
21 Колку благодарни треба да бидеме што преку евангелијата можеме да дознаеме како зборувал и како постапувал најмудриот човек што некогаш живеел! Исус совршено ја отсликувал личноста на својот Татко. Ако се трудиме да зборуваме како Исус, да постапуваме како него и да ги покажуваме неговите особини, тогаш и во нашиот живот ќе се гледа мудроста одозгора. Во следното поглавје ќе разгледаме нешто повеќе за тоа како можеме да ја покажуваме Божјата мудрост.
a Во библиски времиња, дрводелците правеле мебел, изработувале земјоделски алатки и помагале при изградба на куќи. Зборувајќи за Исус, Јустинијан Маченик, кој живеел во вториот век од н.е., напишал: „Додека бил меѓу луѓето, работел како дрводелец и изработувал плугови и јареми“.
b Грчкиот збор преведен со „да бидеш загрижен“ значи „вниманието да ти биде одвлечено“. Во Матеј 6:25, овој збор укажува на грижа и страв што ги окупираат мислите и ја одземаат радоста во животот.
c Всушност, научните истражувања покажуваат дека претераната загриженост и стресот можат да водат до срцеви заболувања и до многу други болести што го скратуваат животот.
-
-
Дали те води „мудроста одозгора“?Приближи му се на Јехова
-
-
ПОГЛАВЈЕ 22
Дали те води „мудроста одозгора“?
1-3. a) Како Соломон покажал извонредна мудрост при еден спор помеѓу две мајки? б) Што ветува Јехова дека ќе ни даде, и кои прашања се поставуваат?
СЕ РАБОТЕЛО за тежок спор — две жени се расправале за едно бебе. Жените живееле во иста куќа и секоја од нив родила син — најпрво едната, а по неколку дена и другата. Едното бебе умрело, и сега секоја жена тврдела дека е мајка на живото бебе. Немало сведоци што би потврдиле што точно се случило. Најверојатно нивниот случај веќе го разгледувале други судии, но не можеле да го решат. Најпосле, дошле и кај Соломон, царот на Израел. Дали тој успеал да ја открие вистината?
2 Соломон некое време ги слушал како се караат, а потоа побарал меч. Тогаш, заповедал детето да биде пресечено на два дела, и на секоја од нив да ѝ се даде по еден дел. Вистинската мајка веднаш почнала да го преколнува царот да ѝ го даде нејзиното мило чедо на другата жена. Но, другата жена упорно барала бебето да биде пресечено на половина. Тогаш на Соломон му станало јасно која е вистината. Знаел колку длабока милост чувствува една мајка кон своето сопствено дете, и тоа го искористил за да го реши овој спор. Замисли си колку ѝ олеснало на мајката кога Соломон ѝ го дал бебето и рекол: „Таа му е мајка“ (1. Царевите 3:16-27).
3 Извонредна мудрост, зарем не? Кога луѓето дознале како Соломон го решил спорот, биле восхитени ‚зашто виделе дека во него има Божја мудрост‘. Да, мудроста на Соломон му била дар од Бог. Јехова му дал „мудро и разумно срце“ (1. Царевите 3:12, 28). Но, како е со нас? Можеме ли и ние да добиеме мудрост од Бог? Да, можеме. Под водство на светиот дух, Соломон напишал: „Јехова дава мудрост“ (Изреки 2:6). Јехова ветува дека ќе им даде мудрост — способност исправно да се применат знаењето, разбирањето и проникливоста — на оние што искрено ја бараат. Како можеме да ја стекнеме мудроста одозгора? И како ќе се види дека таа нѐ води?
Како да ‚стекнеме мудрост‘?
4-7. Кои четири работи се предуслов за да стекнеме мудрост?
4 Мора ли да сме многу интелигентни или да имаме високо образование за да добиеме мудрост од Бог? Не. Јехова е спремен да му даде мудрост на секој човек, без разлика на неговите околности, потекло, воспитување и образование (1. Коринќаните 1:26-29). Но, Библијата нѐ поттикнува да ‚стекнеме мудрост‘, што значи дека и ние мораме да направиме нешто (Изреки 4:7). Да видиме што.
5 Како прво, треба да имаме страв од Бог. Во Изреки 9:10 се вели: „Стравот од Јехова е првото нешто кое е потребно за да се стекне мудрост“. Зошто стравот од Бог е толку важен за да бидеме вистински мудри? Како што веќе спомнавме, мудроста е способност да се примени знаењето. А што значи да имаме страв од Бог? Тоа не значи да чувствуваме некаков болен страв, туку да имаме длабока страхопочит кон него. Таквиот страв е поврзан со довербата во Бог и позитивно влијае врз нас. Тој може силно да нѐ мотивира да го доведеме нашиот живот во склад со Божјата волја. А нема ништо помудро од тоа да живееме според Божјите мерила затоа што тие секогаш се за наше добро.
6 Како второ, за да добиеме мудрост од Бог мора да сме понизни и скромни (Изреки 11:2). Зошто? Ако сме понизни и скромни, ќе бидеме спремни да признаеме дека не знаеме сѐ, дека не сме секогаш во право и дека ни треба водство од Бог. Јехова „им се спротивставува на вообразените“, а на оние што се понизни во срцето им дава мудрост (Јаков 4:6).
За да ја стекнеме мудроста одозгора, мораме да вложиме напор и да истражуваме во Библијата
7 Трета важна работа е да ја проучуваме Божјата пишана Реч, која ја содржи мудроста на Јехова. За да стекнеме таква мудрост, мораме да вложиме напор и да истражуваме во Библијата (Изреки 2:1-5). Четврто барање е молитвата. Ако искрено бараме мудрост од Бог, тој великодушно ќе ни ја даде (Јаков 1:5). Ако го молиме да нѐ води со својот свет дух, тој сигурно ќе ни ги услиши молитвите. А светиот дух може да ни помогне во неговата Реч да најдеме скапоцени совети што ќе ни помогнат да ги решаваме проблемите, да ги избегнуваме опасностите и да донесуваме мудри одлуки (Лука 11:13).
8. Како ќе се види дали сме стекнале мудрост од Бог?
8 Како што беше кажано во 17. поглавје, мудроста на Јехова е практична, а не само некакво теоретско знаење. Затоа, ако навистина сме стекнале мудрост од Бог, тоа ќе се види по нашето однесување. Ученикот Јаков го дал следниов опис на мудроста: „Мудроста одозгора пред сѐ е чиста, потоа мирољубива, разумна, спремна да послуша, полна со милосрдие и со добри плодови, непристрасна, нелицемерна“ (Јаков 3:17). Додека ги разгледуваме сите овие аспекти на мудроста, би можеле да се прашаме: ‚Дали се гледа дека мудроста одозгора ме води во животот?‘
„Чиста, потоа мирољубива“
9. Што значи да се биде чист, и зошто е соодветно тоа што чистотата е спомната прва од сите карактеристики на мудроста?
9 „Пред сѐ е чиста.“ Да бидеш чист значи да не си извалкан — не само однадвор туку и однатре. Библијата ја поврзува мудроста со срцето, но небесната мудрост нема да влезе во срце што е извалкано со злобни мисли, желби и мотиви (Изреки 2:10; Матеј 15:19, 20). Но, ако нашето срце е чисто — колку што тоа е можно за несовршени луѓе — ‚ќе се тргаме од злото и ќе правиме добро‘ (Псалм 37:27; Изреки 3:7). Тоа што чистотата е спомната прва од сите карактеристики на мудроста е сосема на место. На крајот на краиштата, ако не сме морално и духовно чисти, како ќе можеме да ги покажуваме другите обележја на мудроста одозгора?
10, 11. а) Зошто е важно да бидеме мирољубиви? б) Ако сфатиш дека си навредил некој соверник, како ќе покажеш дека си миротворец? (Види ја и фуснотата.)
10 „Потоа мирољубива.“ Небесната мудрост нѐ поттикнува да го зачуваме мирот, кој е уште еден плод на Божјиот дух (Галатите 5:22). Не сакаме да го нарушуваме мирот кој придонесува за единство меѓу Јеховиниот народ (Ефешаните 4:3). Исто така, правиме сѐ што можеме за да ги поправаме нарушените односи со соверниците. Зошто ова е важно? Библијата вели: „Живејте во мир, па Богот на љубовта и на мирот ќе биде со вас!“ (2. Коринќаните 13:11). Значи, сѐ додека се трудиме да бидеме во мир со другите, Богот на мирот ќе биде со нас. Начинот на кој постапуваме со соверниците директно влијае врз нашиот однос со Јехова. Но, како ќе покажеме дека сме миротворци? Да разгледаме еден пример.
11 Што треба да направиш ако сфатиш дека си повредил некој соверник? Исус рекол: „Ако го носиш својот дар на жртвеникот и таму се сетиш дека твојот брат има нешто против тебе, остави го својот дар таму пред жртвеникот, па појди и прво помири се со братот, а потоа врати се и принеси го својот дар“ (Матеј 5:23, 24). Овој совет ќе го примениш ако прво ти му пристапиш на братот. Но, со каква цел треба да му пристапиш? Со цел да се помириш со него.a За да го постигнеш тоа, веројатно ќе треба да признаеш, а не да негираш дека си го повредил. Ако отидеш кај него со цел да се помирите и ако го задржиш тој став, најверојатно ќе го расчистиш секое недоразбирање, ќе се извините и ќе си простите. Ако ти си спремен да го преземеш првиот чекор, покажуваш дека те води Божјата мудрост.
„Разумна, спремна да послуша“
12, 13. a) Што значи зборот кој во Јаков 3:17 е преведен со „разумна“? б) Како можеме да покажеме дека сме разумни?
12 „Разумна.“ Што значи да се биде разумен? Според библиските изучувачи, изворниот грчки збор кој во Јаков 3:17 е преведен со „разумна“ тешко се преведува. Некои преведувачи ги користат зборовите „нежна“, „воздржлива“ и „обѕирна“. Според фуснотата во Преводот Нов свет, дословното значење на овој збор е „спремна да попушти“. Како може да го покажеме овој аспект на мудроста одозгора во нашиот живот?
13 Во Филипјаните 4:5 стои: „Вашата разумност нека им биде позната на сите луѓе“. Забележи дека акцентот не е ставен на тоа како ние се гледаме себеси, туку како другите нѐ гледаат нас. Еден разумен човек не инсистира круто да се применуваат правилата и не бара секогаш да биде по негово. Тој е спремен да ги слуша другите и, кога тоа е соодветно, да попушти. Со другите постапува благо, а не грубо. Иако вакво нешто се очекува од сите христијани, ова особено важи за браќата што служат како старешини. Кога старешините се благи, другите се чувствуваат слободни и можат лесно да им пристапат (1. Солуњаните 2:7, 8). Добро е секој од нас да се праша: ‚Дали другите ме сметаат за обѕирен, разумен и благ?‘
14. Како можеме да покажеме дека сме ‚спремни да послушаме‘?
14 „Спремна да послуша.“ Грчкиот збор преведен со „спремна да послуша“ го нема на ниедно друго место во Христијанските грчки списи. Според еден изучувач на Библијата, овој збор „честопати се користи во поврзаност со војничка дисциплина“. Смислата на изразот е „лесно да бидеш убеден“ и „подложен“. Оној што дозволува да го води мудроста одозгора спремно се подложува на она што го вели Светото писмо. Не е познат како човек кој, ако науми нешто, не дозволува врз него да влијаат фактите што покажуваат дека не е во право. Наместо тоа, веднаш прави промени кога ќе му се изнесат јасни библиски докази дека има погрешен став или дека донел погрешен заклучок. Дали си познат кај другите како таков?
„Полна со милосрдие и со добри плодови“
15. Што е милосрдие и зошто е сосема на место тоа што во Јаков 3:17 ‚милосрдието‘ и ‚добрите плодови‘ се спомнати заедно?
15 „Полна со милосрдие и со добри плодови.“b Милосрдието е важен дел од мудроста одозгора затоа што за оваа мудрост се вели дека е „полна со милосрдие“. Забележи дека ‚милосрдието‘ е спомнато заедно со ‚добрите плодови‘. Ова е сосема на место, бидејќи во Библијата милосрдието честопати е поврзано со активна грижа за другите, сочувство кое нѐ поттикнува на љубезни постапки. Една книга го дефинира милосрдието како „чувство на жалост поради нечија тешка ситуација и обид да се помогне“. Значи, Божјата мудрост не е само студена, интелектуална особина. Таа е срдечна и сочувствителна. Како ќе покажеме дека сме полни со милосрдие?
16, 17. а) Освен љубовта кон Бог што друго нѐ мотивира да проповедаме, и зошто? б) На кои начини можеме да покажеме дека сме полни со милосрдие?
16 Еден важен начин на кој покажуваме милосрдие е така што ја пренесуваме добрата вест за Божјето Царство. Што нѐ мотивира да го правиме тоа? Главниот мотив е љубовта кон Бог. Но, на тоа нѐ поттикнува и милосрдието, односно сочувството кон другите (Матеј 22:37-39). Многу луѓе денес се „измачени и расеани како овци без пастир“ (Матеј 9:36). Пастирите од лажните религии ги запоставуваат и, во духовна смисла, ги заслепуваат своите верници. Како последица на тоа, луѓето не се свесни ниту за мудрите совети во Божјата Реч ниту за благословите што Царството наскоро ќе ги излее врз целата Земја. Според тоа, кога длабоко размислуваме за нивните духовни потреби, искреното сочувство нѐ поттикнува да направиме сѐ што можеме за да ја дознаат Јеховината прекрасна намера.
Кога кон другите покажуваме милосрдие, односно сочувство, ја одразуваме „мудроста одозгора“
17 На кои други начини можеме да покажеме дека сме полни со милосрдие? Сети се на приказната што ја кажал Исус за Самарјанинот кој наишол на еден човек што лежел покрај патот ограбен и претепан. Од сочувство, Самарјанинот ‚му покажал милосрдие‘ со тоа што му ги преврзал раните и се погрижил за него (Лука 10:29-37). Зарем ова не покажува дека милосрдието вклучува да им помагаме на другите кога тоа им е потребно? Библијата нѐ поттикнува „да им правиме добро на сите, а особено на своите браќа по вера“ (Галатите 6:10). Кои се некои ситуации во кои би можеле да го примениме овој стих? На некој постар соверник можеби му треба превоз за да оди на состаноците. На некоја вдовица од собранието можеби треба да ѝ се поправи нешто дома (Јаков 1:27). На некој што е обесхрабрен можеби му треба ‚добар збор‘ што ќе го разведри (Изреки 12:25). Кога покажуваме милосрдие на вакви начини, се гледа дека нѐ води мудроста одозгора.
„Непристрасна, нелицемерна“
18. Ако нѐ води мудроста одозгора, што ќе се трудиме да искорениме од нашето срце, и зошто?
18 „Непристрасна.“ Божјата мудрост нема ништо заедничко со расните предрасуди и со националната гордост. Ако нѐ води ваквата мудрост, ќе се трудиме да ја искорениме пристрасноста од срцето (Јаков 2:9). Не дозволуваме врз нашето гледиште за другите да влијаат нивното образование, финансиска состојба или одговорности во собранието и не гледаме од високо на нашите соверници, сеедно колку безначајно можеби изгледаат. Ако Јехова смета дека се достојни тој да ги сака, колку повеќе заслужуваат ние да ги сакаме.
19, 20. а) Кое е значењето на грчкиот збор за „лицемер“? б) Како покажуваме ‚нелицемерна братска љубов‘, и зошто ова е важно?
19 „Нелицемерна.“ Грчкиот збор за „лицемер“ може да укажува на „глумец“. Во стари времиња, грчките и римските актери настапувале со големи маски. Од таа причина, грчкиот збор за „лицемер“ почнал да се користи за некој што се преправа, односно се прави дека е нешто што не е. Овој аспект на Божјата мудрост треба да влијае не само врз тоа како постапуваме со другите туку и каков став имаме спрема нив.
20 Апостол Петар рекол дека треба да покажуваме ‚нелицемерна братска љубов‘ од ‚послушност кон вистината‘ (1. Петрово 1:22). Да, нашата љубов кон браќата не смее да биде само фасада. Не сакаме да глумиме со цел да оставиме лажен впечаток кај другите. Нашата љубов мора да биде искрена, да ја покажуваме од срце. А ако е искрена, другите ќе стекнат доверба во нас затоа што ќе се уверат дека не сме дволични. Таквата искреност води до вистински пријателства и придонесува во собранието да владее доверба.
„Зачувај ја мудроста“
21, 22. a) Зошто Соломон не ја зачувал мудроста? б) Како можеме да ја зачуваме мудроста, и каква корист ќе имаме од тоа?
21 Вистинската мудрост е дар од Јехова, дар што треба да го чуваме. Соломон рекол: „Сине мој... зачувај ја мудроста и способноста за расудување“ (Изреки 3:21). За жал, самиот Соломон не го направил тоа. Бил мудар сѐ додека имал послушно срце. Но, на крајот, многуте негови жени од другите народи го навеле да им служи на лажни богови (1. Царевите 11:1-8). Случајот со Соломон покажува дека знаењето нема вредност ако не се употребува.
22 Како можеме ние да ја зачуваме мудроста? Треба редовно да ги читаме Библијата и библиските публикации од „верниот и разборит роб“, но и да се трудиме да го применуваме она што го учиме (Матеј 24:45). Имаме многу причини да ја применуваме мудроста од Бог. Таа овозможува да водиме подобар живот уште сега и ‚да го освоиме вистинскиот живот‘ во иднина (1. Тимотеј 6:19). Што е најважно, тоа што ќе се трудиме да ја покажуваме мудроста одозгора ќе нѐ зближи со Јехова Бог — изворот на сета мудрост.
a Грчкиот израз преведен со „помири се“ доаѓа од еден глагол што значи „,да промени, да замени‘, па оттаму и ‚да помири‘“. Според тоа, нашата цел треба да биде да ја промениме, односно да ја отстраниме огорченоста од срцето на оној што сме го навредиле, доколку тоа е можно (Римјаните 12:18).
b Еден друг превод на ова место гласи: „Полна со сочувство и добри дела“ (A Translation in the Language of the People, од Чарлс Б. Вилијамс).
-