ОНЛАЈН БИБЛИОТЕКА Watchtower
ОНЛАЈН БИБЛИОТЕКА
Watchtower
македонски
ѐ
  • Ѐ
  • ѐ
  • Ѝ
  • ѝ
  • БИБЛИЈА
  • ПУБЛИКАЦИИ
  • СОСТАНОЦИ
  • „Прво тој покажа љубов кон нас“
    Приближи му се на Јехова
    • Исус Христос е погубен на столб

      ПОГЛАВЈЕ 23

      „Прво тој покажа љубов кон нас“

      1-3. Во кој поглед Исусовата смрт се разликува од смртта на секој друг човек?

      ЕДЕН пролетен ден пред речиси 2.000 години, еден недолжен човек бил изведен на суд, бил осуден за злосторства што не ги направил и бил мачен до смрт. Тоа не било првото сурово и неправедно погубување во историјата, а за жал, не било ни последното. Сепак, смртта на тој човек се разликувала од смртта на кој и да е друг.

      2 Додека ги преживувал последните, најмачни часови од својот живот, и самото небо покажало дека се случува нешто значајно. Иако било пладне, ненадејно паднал мрак. Како што напишал еден историчар, ‚исчезнало сонцето‘ (Лука 23:44, 45). Потоа, пред да го испушти својот последен здив, човекот рекол: „Довршено е!“ Со тоа што го дал својот живот, постигнал нешто што заслужува восхит. Тоа е најголемиот чин на љубов што го направил некој човек (Јован 15:13; 19:30).

      3 Тој човек бил Исус Христос. Добро е познато колку страдал пред да умре на тој мрачен ден, 14 нисан 33 год. од н.е. Сепак, често се заборава една многу важна работа. Иако Исус многу страдал, некој друг страдал уште повеќе. Всушност, тој ден некој направил уште поголема жртва — најголемиот чин на љубов во целата вселена. Кој го направил тоа? Јехова Бог. Да кажеме нешто повеќе за неговата најистакната особина: љубовта.

      Најголемиот чин на љубов

      4. Како еден римски војник сфатил дека Исус не бил обичен човек, и до каков заклучок дошол?

      4 Римскиот стотник што го надгледувал погубувањето бил запрепастен од темнината што настапила пред смртта на Исус и од земјотресот што настанал по неговата смрт. „Ова навистина беше Божји Син!“, рекол стотникот (Матеј 27:54). Станало јасно дека Исус не бил обичен човек. Тој војник бил соучесник во погубувањето на единородниот Син на Севишниот Бог! Но, колку драг му бил овој Син на својот Татко?

      5. Со помош на кој пример можеме подобро да си претставиме колку време поминале заедно на небото Јехова и Исус?

      5 Во Библијата, Исус е наречен „првороден од сѐ што е создадено“ (Колошаните 1:15). Замисли си, Јеховиниот Син постоел уште пред да настане вселената! Според тоа, колку долго биле заедно Таткото и Синот? Некои научници велат дека вселената постои 13 милијарди години. Можеш ли да си замислиш колку долго е тоа? За да можат луѓето полесно да си претстават колку долго постои вселената, во еден планетариум е прикажана временска линија долга 110 метри. Додека посетителите одат покрај неа, секој нивни чекор претставува период од околу 75 милиони години од постоењето на вселената. На крајот од временската линија, целокупниот период во кој постои човештвото е претставен само со една црта тенка колку човечко влакно! Дури и ако оваа проценка е точна, за да се прикаже животниот век на Јеховиниот Син нема да биде доволно долга ни целата временска линија! А што правел Синот за сето тоа време?

      6. а) Што правел Јеховиниот Син пред да се роди како човек? б) Колку се приврзани Јехова и неговиот Син?

      6 Синот радосно служел како „вешт градител“ покрај својот Татко (Изреки 8:30). Библијата вели: „Без [Синот] ништо не настана“ (Јован 1:3). Според тоа, Јехова и неговиот Син заедно создале сѐ што постои. Сигурно многу уживале додека работеле! Мнозина ќе се согласат дека љубовта меѓу еден родител и неговото дете е многу силна. Исто така, љубовта ‚совршено поврзува‘ (Колошаните 3:14). Тогаш, може ли некој од нас воопшто да си претстави колку е силна врската што се градела меѓу Јехова и неговиот Син во тој неизмерно долг период? Јасно, нив ги поврзува најсилната љубов што постои.

      7. Како Јехова ги изразил своите чувства кога неговиот Син се крстил?

      7 Таткото го испратил својот Син на Земјата за да се роди како човек. Тоа значело дека, во текот на неколку децении, морал да се откаже од присуството на својот сакан Син на небото. Со големо внимание гледал како детето Исус расте и станува совршен човек. На возраст од околу 30 години, Исус се крстил. Не мора да претпоставуваме како се чувствувал Јехова тогаш. Самиот тој од небото рекол: „Ова е мојот сакан Син, кој ми е по волја“ (Матеј 3:17). Тоа што Исус верно исполнил сѐ што било проречено, односно направил сѐ што се барало од него, сигурно многу го израдувало неговиот Татко! (Јован 5:36; 17:4).

      8, 9. а) Низ што сѐ поминал Исус на 14 нисан 33 год. од н.е., и како се чувствувал неговиот Татко? б) Зошто Јехова дозволил неговиот Син да страда и да умре?

      8 Но, како се чувствувал Јехова на 14 нисан 33 год. од н.е.? Како се чувствувал кога Исус бил предаден и уапсен од една толпа во текот на ноќта? Кога пријателите го напуштиле и кога бил незаконски суден? Кога го исмејувале, го плукале и го удирале со тупаници? Кога го камшикувале толку многу што целиот грб му бил разранет? Кога рацете и нозете му ги приковале на дрвен столб и го оставиле да виси додека луѓето го навредувале? Како се чувствувал Таткото кога неговиот сакан Син повикал кон него во смртни болки? Како се чувствувал Јехова кога Исус издивнал и кога за првпат по толку време неговиот мил Син повеќе го немало? (Матеј 26:14-16, 46, 47, 56, 59, 67; 27:38-44, 46; Јован 19:1).

      „Бог... го даде својот единороден Син“

      9 Тоа не може да се опише со зборови. Бидејќи Јехова има чувства, смртта на неговиот Син му задала неизмерна болка. Но, зошто Јехова дозволил да се случи тоа? Зошто не се поштедил од толкава болка? Одговорот го наоѓаме во Јован 3:16, библиски стих кој е толку важен што е наречен минијатурно евангелие. Тој гласи: „Бог толку многу го сакаше светот што го даде својот единороден Син, за секој што верува во него да не биде уништен, туку да има вечен живот“. Значи, Јехова ја претрпел таа болка од љубов. Тоа што го испратил својот Син да страда и да умре за нас е најголемиот чин на љубов што некогаш бил направен.

      Каква е Божјата љубов

      10. Каква потреба има секој човек, и што се случило со значењето на зборот „љубов“?

      10 Што значи зборот „љубов“? Се вели дека љубовта е најголемата потреба на секој човек. Од лулка до гроб, луѓето копнеат по љубов. Цветаат кога ја чувствуваат нејзината топлина, а венеат, па дури и умираат кога ја немаат. Сепак, необично тешко е да се опише што е тоа љубов. Се разбира, луѓето многу зборуваат за љубовта. Им нема крај на книгите, песните и поемите за неа. И покрај сѐ, не е доволно јасно што е тоа љубов. Всушност, тој збор се употребува толку многу што неговото вистинско значење сѐ повеќе се губи.

      11, 12. а) Од кого учиме многу за љубовта, и на кој начин? б) Кои зборови за љубов постоеле во старогрчкиот јазик, и кој од нив најчесто се користи во Христијанските грчки списи? (Види ја и фуснотата.) в) Што е ага́пи?

      11 Од друга страна, Библијата многу јасно покажува што е љубов. „Љубовта може да се види само од постапките на кои поттикнува“, стои во еден речник (Expository Dictionary of New Testament Words). Библиските извештаи за постапките на Јехова ни кажуваат многу за неговата љубов — неговата добрина и грижа кон сите суштества што ги создал. На пример, тоа што Јехова го дал својот Син за нас може најдобро да ни долови што е тоа љубов. Во следните поглавја ќе разгледаме и други начини на кои Јехова ја покажал својата голема љубов. Освен тоа, можеме да научиме нешто и од изворните зборови за „љубов“ што се користат во Библијата. Во старогрчкиот јазик постоеле четири зборови за „љубов“.a Од нив, во христијанските грчки списи најмногу се користи зборот ага́пи. Еден библиски речник го нарекува „најсилниот збор за љубов што може да се замисли“. Зошто?

      12 Зборот ага́пи означува љубов која се води по начела. Според тоа, оваа љубов не е само емоционална реакција на нешто што некој ни го направил или ни го рекол. Таа вклучува многу повеќе. Во основа е многу длабока особина која бара промисленост и свесно постапување. Што е најважно од сѐ, ага́пи е крајно несебична љубов. На пример, да се навратиме на Јован 3:16. Што е претставено со „светот“ кого Бог толку многу го сакал што го дал својот единороден Син? Тоа се луѓето кои можат да бидат откупени. Во нив спаѓаат многумина што водат погрешен начин на живот. Дали Јехова го сака секого од нив како свој личен пријател, исто како што го сакал верниот Авраам? (Јаков 2:23). Не. Сепак, Јехова е добар кон сите, дури и по цена на големи лични жртви. Тој сака сите луѓе да се покаат и да се променат (2. Петрово 3:9). Многумина го прават токму тоа и затоа ги прифаќа како свои пријатели.

      13, 14. Што покажува дека ага́пи честопати вклучува срдечност и длабока наклоност?

      13 Меѓутоа, некои луѓе имаат погрешна претстава за тоа што означува ага́пи. Тие мислат дека таквата љубов е студено чувство водено само од разумот. Но, факт е дека ага́пи честопати вклучува срдечност и длабока наклоност. На пример, кога Јован напишал дека „Таткото го сака Синот“, употребил еден облик на зборот ага́пи. Дали таа љубов е само некое студено чувство? Не. Кога во една прилика Исус рекол: „Таткото го сака Синот“, тој употребил облик на зборот филе́о (Јован 3:35; 5:20). Љубовта што Јехова ја покажува кон нас честопати вклучува топлина и нежност. Меѓутоа, неговата љубов никогаш не се води само по емоции. Таа секогаш е водена од неговите мудри и праведни начела.

      14 Како што видовме, сите особини на Јехова се извонредни, совршени и привлечни. Но, најпривлечна од сите е љубовта. Ништо друго не нѐ зближува толку со Јехова. Колку сме среќни што љубовта е неговата најистакната особина! Од каде го знаеме тоа?

      „Бог е љубов“

      15. Што пишува во Библијата за Јехова и за неговата љубов, и во која смисла тие зборови се посебни? (Види ја и фуснотата.)

      15 Светото писмо кажува нешто за љубовта што никогаш не го кажува за другите главни особини на Јехова. Библијата не вели дека Бог е моќ, дека Бог е правда или дека Бог е мудрост. Тој ги има овие особини. Тие извираат од неговата личност и никој не ги покажува толку добро како него. Но, во врска со четвртата особина е речено нешто многу подлабоко: „Бог е љубов“b (1. Јованово 4:8). Што значи тоа?

      16-18. а) Зошто Библијата вели дека „Бог е љубов“? б) Зошто од сите суштества на Земјата човекот е најсоодветниот симбол за Јеховината љубов?

      16 Изразот „Бог е љубов“ не е обична математичка равенка, како да велиме „Бог е еднакво на љубов“. Не можеме да им ги смениме местата на зборовите и да кажеме дека „љубовта е Бог“. Јехова е многу повеќе од една апстрактна особина. Тој е личност што покрај љубовта има и многу други особини, а доживува и најразлични чувства. Сепак, љубовта извира многу длабоко од Јеховината личност. Затоа, во врска со изразот „Бог е љубов“, во еден прирачник го пишува следново: „Љубовта е самата суштина на неговата личност“. Општо земено, работите можеме да ги сумираме вака: Моќта му овозможува на Јехова да дејствува. Неговата правда и мудрост го водат додека дејствува. Но, љубовта е таа што го мотивира да дејствува. Љубовта стои зад секоја друга особина што ја покажува Јехова.

      17 Често се вели дека Јехова е олицетворение на љубовта. Затоа, ако сакаме да научиме нешто повеќе за ага́пи, односно за љубовта која се води по начела, треба подобро да го запознаеме Јехова. Се разбира, оваа убава особина можеме да ја видиме и кај луѓето. Но, зошто ја имаат и тие? При создавањето, очигледно обраќајќи му се на својот Син, Јехова рекол: „Да направиме човек според нашиот лик, сличен на нас“ (1. Мојсеева 1:26). Од сите суштества на Земјата, само луѓето се способни свесно да покажуваат љубов и со тоа да се угледаат на нивниот небесен Татко. Сети се дека Јехова употребил различни суштества како симбол за своите четири главни особини. Од нив, Јехова го избрал своето највозвишено создание на Земјата, човекот, како симбол за својата најистакната особина, љубовта (Езекиел 1:10).

      18 Кога покажуваме несебична љубов водена од начела, ја одразуваме Јеховината најистакната особина. Токму како што запишал апостол Јован: „Ние покажуваме љубов, бидејќи прво тој покажа љубов кон нас“ (1. Јованово 4:19). Но, на кои начини Јехова прво покажал љубов кон нас?

      Јехова прв презел чекори

      19. Зошто може да се каже дека Јеховината љубов играла клучна улога при создавањето?

      19 Љубовта не е нешто ново. Таа постоела отсекогаш. На пример, што го поттикнало Јехова да почне да создава? Тој не почнал да создава затоа што бил осамен, па му требало друштво. Јехова не зависи од никого и не му недостасува ништо што би можел да му го даде некој друг. Но, токму поради љубовта, кај него се родила желба да им овозможи и на други да му се радуваат на животот. Затоа создал суштества обдарени со разум кои ќе можат да го ценат животот како дар. Најпрво го создал својот единороден Син — „почетокот на Божјите дела на создавање“ (Откровение 3:14). Потоа го користел овој „вешт градител“ за да ги создаде ангелите, а потоа и сѐ друго (Јов 38:4, 7; Колошаните 1:16). Бидејќи имале слобода, разум и чувства, овие моќни духовни суштества можеле сами да градат врски темелени на љубов — и меѓусебе и со Јехова Бог (2. Коринќаните 3:17). Значи, тие покажувале љубов затоа што прво била покажана љубов кон нив.

      20, 21. Како Јехова им покажал на Адам и Ева колку ги сака, но како возвратиле тие?

      20 Истото важело и за луѓето. Уште од самиот почеток, Адам и Ева биле опсипани со љубов. Сѐ што постоело во нивниот рајски дом било доказ за љубовта што нивниот Татко ја чувствувал кон нив. Обрни внимание на следниве зборови што се запишани во Библијата: „Јехова Бог насади и градина во Еден, кон исток, и таму го смести човекот што го беше направил“ (1. Мојсеева 2:8). Дали некогаш си бил во некоја убава градина или парк? Што те воодушеви најмногу? Сончевите зраци што се пробиваа меѓу листовите на дрвјата? Многубројните бои и нијанси на некоја леа засадена со цвеќиња? Складната симфонија што ја создаваа жуборењето на потокот, птичјиот пој и зуењето на инсектите? А што би кажал за мирисот на дрвјата, на нивните цветови и на нивните плодови? Сепак, ниту еден денешен парк не може да се спореди со рајската градина. Зошто?

      21 Таа градина ја засадил самиот Јехова! Сигурно била неописливо убава. Во неа растеле најразновидни дрвја што изгледале убаво и давале вкусни плодови. Градината била добро наводнета, пространа и полна со најразлични животни. Адам и Ева имале сѐ што било потребно за еден среќен и исполнет живот, вклучувајќи и смисловна работа и совршено друштво. Јехова прв им покажал љубов, па имале добра причина и тие да му возвратат со љубов. Но, не го направиле тоа. Наместо од срце да му бидат послушни на својот небесен Татко, себично се побуниле против него (1. Мојсеева, 2. поглавје).

      22. Како она што го направил Јехова по побуната во рајската градина покажува дека неговата љубов е лојална?

      22 Тоа сигурно му нанело голема болка на Јехова! Но, дали поради таа побуна неговото срце се исполнило со горчина? Не! „Неговата лојална љубов трае довека“ (Псалм 136:1, фуснота). Затоа, Јехова веднаш презел чекори за да можат да бидат спасени сите потомци на Адам и Ева што ќе покажат вера. Како што видовме, во тоа била вклучена и откупната жртва на неговиот сакан Син, која толку многу го чинела Таткото (1. Јованово 4:10).

      23. а) Наведи една причина поради која Јехова е наречен „среќниот Бог“. б) На кое важно прашање ќе добиеме одговор во следното поглавје?

      23 Уште од самиот почеток, Јехова прв презел чекори за да покаже дека ги сака луѓето. На безброј начини ‚прво тој покажал љубов кон нас‘. Бидејќи љубовта води до радост и слога, не сме изненадени што Јехова е наречен „среќниот Бог“ (1. Тимотеј 1:11). Но, се поставува едно важно прашање: дали Јехова нѐ сака и како поединци? За тоа ќе стане збор во следното поглавје.

      a Во Христијанските грчки списи често се користи глаголот филе́о, кој значи „да чувствуваш наклоност кон некого, некој да ти биде мил, да сакаш некого (како близок пријател или брат)“. Еден облик од зборот сторги́, кој означува љубов меѓу членовите на семејството, се користи во 2. Тимотеј 3:3 за да се опише дека во последните денови многу ќе недостасува таква љубов. А зборот е́рос, односно романтична љубов меѓу маж и жена, не се користи во Христијанските грчки списи, иако ваквата љубов е спомната во Библијата (Изреки 5:15-20).

      b Во Библијата се запишани и други слични споредби. На пример, во неа пишува дека „Бог е светлина“ и дека „Бог е... оган што голта“ (1. Јованово 1:5; Евреите 12:29). Но, овие изјави мора да се сфатат како метафори, бидејќи го споредуваат Јехова со физички работи. Јехова е како светлина бидејќи е свет и праведен. Во него нема „темнина“, односно валканост. Исто така, може да се спореди со оган затоа што има моќ да уништува.

      Прашања за размислување

      • Псалм 63:1-11. Со какво ценење треба да гледаме на Јеховината љубов, и каква доверба ни влева таа?

      • Осија 11:1-4; 14:4-8. Како Израел (или Ефрем) покажал непослушност, и на кои начини Јехова сепак покажал татковска љубов кон него?

      • Матеј 5:43-48. Како Јехова покажува татковска љубов кон целото човештво?

      • Јован 17:15-26. Како зборовите што ги кажал Исус кога се молел за своите следбеници ни потврдуваат дека Јехова нѐ сака?

  • Ништо не може „да нѐ одвои од Божјата љубов“
    Приближи му се на Јехова
    • Тажна жена со солзи на лицето

      ПОГЛАВЈЕ 24

      Ништо не може „да нѐ одвои од Божјата љубов“

      1. Со какви чувства се борат многу луѓе, вклучувајќи и некои вистински христијани?

      ДАЛИ Јехова Бог те сака тебе? Некои се согласуваат со тоа дека Бог ги сака луѓето, како што пишува во Јован 3:16. Но, сепак мислат: ‚Не е можно Бог да ме сака мене‘. Такви сомнежи понекогаш можат да се појават дури и кај вистинските христијани. Еден обесхрабрен човек рекол: „Многу ми е тешко да поверувам дека Бог ме сака и мене“. Дали и ти понекогаш го помислуваш истото?

      2, 3. Кој е тој што сака да мислиме дека за Јехова сме безвредни и недостојни да нѐ сака, и како можеме да се бориме со таквите мисли?

      2 Сатана сака да мислиме дека Јехова не чувствува љубов кон нас и дека не сме вредни во Божји очи. Точно, тој често успева да ги заведе луѓето така што им ги храни суетата и гордоста (2. Коринќаните 11:3). Но, Сатана ужива и да им ја руши самодовербата на оние што се ранливи (Јован 7:47-49; 8:13, 44). Тоа особено го прави во овие тешки ‚последни денови‘. Многумина денес растат во семејства во кои нема љубов. Други, пак, постојано се во контакт со луѓе што се сурови, себични и тврдоглави (2. Тимотеј 3:1-5). Поради тоа што со години трпеле малтретирање или биле жртви на предрасуди или омраза, тие се убедени дека се безвредни и дека не заслужуваат некој да ги сака.

      3 Ако и тебе ти доаѓаат такви чувства, не се разочарувај. Одвреме-навреме, многумина од нас знаат да бидат премногу самокритични. Но, сети се дека Божјата Реч е корисна „за поправање“ и „за уривање на она што е цврсто утврдено“ (2. Тимотеј 3:16; 2. Коринќаните 10:4). Библијата вели: „Ќе го увериме своето срце дека тој нѐ сака, ако тоа нѐ осудува за што и да било, бидејќи Бог е поголем од нашето срце и знае сѐ“ (1. Јованово 3:19, 20). Да разгледаме четири начини на кои Библијата ни помага да го „увериме своето срце“ дека Јехова нѐ сака.

      Ти си вреден во Јеховини очи

      4, 5. На кој начин споредбата за врапчињата што ја кажал Исус покажува дека сме вредни во Јеховини очи?

      4 Како прво, Библијата јасно покажува дека за Бог е вреден секој негов слуга. На пример, Исус рекол: „Не се продаваат ли две врапчиња за една паричка? А сепак ниту едно од нив не паѓа на земја без да знае вашиот Татко. А вам и секое влакно на главата ви е изброено. Затоа, не плашете се, вие сте повредни од многу врапчиња“ (Матеј 10:29-31). Да видиме какво значење имале овие зборови за луѓето од првиот век.

      Две врапчиња

      „Вие сте повредни од многу врапчиња“

      5 Можеби се прашуваме зошто некој би купил врапче. Но, во времето на Исус врапчињата служеле за храна и биле најефтините птици. Забележи дека за една паричка со многу мала вредност можеле да се купат две врапчиња. Но, подоцна Исус рекол дека, ако некој бил спремен да даде две парички, наместо четири добивал пет врапчиња. Петтата птичка ја добивал бесплатно, како да немала никаква вредност. Можеби тие птички биле безвредни во очите на луѓето, но како гледал на нив оној што ги создал? Исус рекол: „Ниту едно од нив [дури ни петтото врапче] не е заборавено пред Бог“ (Лука 12:6, 7). Сега сфаќаме што сакал да каже Исус. Ако за Јехова е вредно дури и едно обично врапче, колку повеќе вреди еден човек! Како што објаснил Исус, Јехова го знае и најситниот детаљ за нас. Дури и секое влакно на главата ни е изброено!

      6. Од каде знаеме дека Исус не претерал кога рекол дека и влакната на главата ни се изброени?

      6 Зар навистина ни е изброено секое влакно на главата? Некои ќе речат дека Исус претерал кога го кажал тоа. Но, помисли за момент на воскресението. Замисли колку добро мора да нѐ познава Јехова за да може да нѐ создаде одново! За него вредиме толку многу што памти сѐ во врска со нас, вклучувајќи го нашиот генетски код, сите наши сеќавања и сите искуства што сме ги стекнале во животот.a Во споредба со тоа би било многу лесно да се избројат влакната на нашата глава, кои просечно ги има околу 100.000.

      Што цени Јехова кај нас?

      7, 8. а) На што се радува Јехова додека ги испитува срцата на луѓето? б) Кои се некои добри дела што Јехова ги цени?

      7 Второ, Библијата ни кажува што цени Јехова кај своите слуги. Едноставно кажано, тој ги цени нашите убави особини и трудот што го вложуваме додека му служиме. Цар Давид му рекол на својот син Соломон: „Јехова ги испитува сите срца и ја распознава секоја помисла и желба“ (1. Летописи 28:9). Додека Бог ги испитува срцата на милијардите луѓе во овој свет исполнет со насилство и омраза, сигурно многу се радува кога ќе најде срце кое ги сака мирот, вистината и праведноста! Што прави Јехова кога ќе види срце кое гори од љубов кон него, кое сака да учи за него и кое е спремно да им зборува на другите за она што го учи? Тој им обрнува внимание на оние што им зборуваат на другите за него. Дури има и „книга на сеќавањето за оние што се бојат од Јехова и што размислуваат за неговото име“ (Малахија 3:16). Бог многу ги цени луѓето со такви особини.

      8 А кои добри дела ги цени Јехова? Без сомнение, го цени тоа што се трудиме да се угледаме на неговиот Син, Исус Христос (1. Петрово 2:21). Друга работа што Јехова ја цени е тоа што учествуваме во ширењето на добрата вест за неговото Царство. Во Римјаните 10:15 пишува: „Колку се убави нозете на оние што објавуваат добра вест за она што е добро!“ Зошто во овој стих се вели дека нозете на оние кои ја објавуваат добрата вест се „убави“? Затоа што со нив е претставен трудот што го вложуваат Јеховините слуги додека ја проповедаат добрата вест. Целиот тој труд е нешто многу убаво и вредно во Јеховини очи (Матеј 24:14; 28:19, 20).

      9, 10. а) Зошто можеме да бидеме сигурни дека Јехова ја цени нашата истрајност? б) Со какви очи Јехова никогаш не ги гледа своите верни слуги?

      9 Јехова ја цени и нашата истрајност (Матеј 24:13). Сети се дека Сатана сака да му свртиш грб на Јехова. Со секој изминат ден во кој му остануваш верен на Јехова, ти даваш одговор на подбивањата на Сатана (Изреки 27:11). Понекогаш не е лесно да се истрае. Здравствените проблеми, финансиските тешкотии, емоционалните болки и другите грижи можат да бидат причина секој изминат ден да биде испит на нашата истрајност. Може да се обесхрабриме и од неисполнетите очекувања (Изреки 13:12). Јехова особено цени кога истрајуваме во такви тешки моменти. Затоа, цар Давид му рекол на Јехова да ги чува неговите солзи во „мешина“. А потоа со увереност додал: „Не се ли тие во твојата книга?“ (Псалм 56:8). Навистина, Јехова ги цени и ги памти сите солзи што ги пролеваме и сите страдања што ги доживуваме додека се бориме да му останеме верни. Тие имаат голема вредност во негови очи.

      Јехова цени ако сме истрајни и покрај неволјите

      10 На срцето што е склоно да се осудува може да му е тешко да го прифати ваквиот доказ дека секој од нас многу му значи на Бог. Тоа може упорно да ни шепоти: ‚Другите се многу подобри од мене. Јехова сигурно е многу разочаран кога ме споредува со нив!‘ Но, Јехова не прави споредби и не е строг и крут кон нас (Галатите 6:4). Тој многу внимателно го испитува нашето срце и го цени доброто што ќе го најде во него, макар и да е сосема малку.

      Јехова го издвојува доброто од лошото

      11. Што можеме да научиме за Јехова од начинот на кој постапил со Авија?

      11 Трето, додека го просејува она што е во нашите срца, Јехова внимателно го бара доброто. На пример, кога одлучил да биде погубена целата отпадничка династија на цар Јеровоам, Јехова заповедал еден од царевите синови, Авија, да добие пристоен погреб. Зошто? ‚Зашто само во него се нашло нешто добро пред Јехова, Богот на Израел‘ (1. Царевите 14:1, 10-13). Јехова го испитал срцето на тој млад човек и во него нашол „нешто добро“. Колку и да изгледала мала или безначајна таа ронка добрина што се нашла во него, Јехова сметал дека вреди да биде запишана во неговата Реч. Дури и ја наградил, укажувајќи му извесна милост на Авија, иако сите од неговиот дом биле отпадници.

      12, 13. а) Како случајот со цар Јосафат покажува дека Јехова го бара доброто во нас дури и кога грешиме? б) Во која смисла Јехова е како грижлив родител кога станува збор за нашите добри особини и дела?

      12 Уште еден пример дека Јехова го бара доброто кај нас е она што го направил со добриот цар Јосафат. Кога во една прилика царот постапил немудро, Јеховиниот пророк му рекол: „Затоа Јехова се разгневи на тебе“. Тоа било сериозна работа! Но, Јехова имал да каже уште нешто. Пророкот додал: „Сепак, се најде и нешто добро во тебе“ (2. Летописи 19:1-3). Значи, иако со право бил лут, Јехова не бил слеп за добрите страни на Јосафат. Колку поинаку гледаме на работите ние, несовршените луѓе! Кога некој ќе нѐ налути, честопати стануваме слепи за неговите добри страни. А кога ние ќе згрешиме, разочарувањето, срамот и чувството на вина можат да нѐ заслепат за нашите добри страни. Но, не заборавај дека, ако се покаеме за своите гревови и ако со сите сили се трудиме да не ги повторуваме, Јехова ќе ни прости.

      13 Додека го испитува твоето срце, Јехова ги „фрла“ таквите гревови, исто како што еден трагач по злато ги фрла безвредните камчиња. А што прави Јехова со твоите добри особини и дела? Е, тоа се зрната злато што ги задржува! Дали познаваш родители што грижливо ги чуваат цртежите на своите деца, понекогаш дури и со децении, иако децата одамна заборавиле на нив? Јехова е најдобриот родител. Сѐ додека сме му верни, нема да ги заборави нашите добри особини и дела. Всушност, тој смета дека е неправедно да ги заборави, а Бог никогаш не е неправеден (Евреите 6:10). Јехова прави уште нешто додека го просејува она што е во нашите срца.

      14, 15. а) Зошто Јехова го забележува доброто во нас и покрај тоа што сме несовршени? Наведи пример. б) Што ќе направи Јехова со доброто што го наоѓа во нас, и како гледа на својот верен народ?

      14 Јехова гледа зад нашата несовршеност. Тој гледа какви можеме да бидеме. Да наведеме еден пример: Луѓето што ја ценат уметноста не жалат труд за да поправат некоја оштетена слика или друго уметничко дело. Кога во Националната галерија во Лондон (Англија) некој со огнено оружје оштетил еден цртеж од Леонардо да Винчи вреден 30 милиони долари, никој не предложил цртежот да се фрли заради тоа што бил оштетен. Напротив, веднаш се започнало со реставрација на тоа ремек-дело старо 500 години. Зошто? Затоа што било многу вредно во очите на љубителите на уметноста. Зарем ти не вредиш повеќе од еден цртеж? Во Божји очи сигурно вредиш — колку и да си ‚оштетен‘ поради наследената несовршеност (Псалм 72:12-14). Јехова Бог, вештиот Создател на луѓето, ќе направи сѐ што е потребно за да ги доведе до совршенство сите што ја прифаќаат неговата нежна грижа (Дела 3:21; Римјаните 8:20-22).

      15 Да, Јехова го гледа во нас доброто што можеби ни самите не го гледаме. А додека му служиме, тој ќе ни помогне тоа да расте, сѐ додека еден ден не станеме совршени. Независно од тоа колку лошо се однесува кон нас светот на Сатана, Јехова ги цени своите верни слуги и ги смета за скапоцени (Агеј 2:7).

      Јехова покажува дека нѐ сака

      16. Кој е најголемиот доказ дека Јехова нѐ сака, и од каде знаеме дека тој дар е наменет за секој од нас лично?

      16 Четврто, Јехова на многу начини ни покажува дека нѐ сака. Се разбира, Христовата откупна жртва е најсилниот одговор на лагата на Сатана дека сме безвредни и дека не заслужуваме љубов. Никогаш не треба да заборавиме дека болната смрт што ја претрпел Исус на маченичкиот столб, како и уште поголемата болка што ја претрпел Јехова додека гледал како умира неговиот сакан Син, се доказ за тоа колку многу нѐ сакаат. За жал, на многу луѓе им е тешко да веруваат дека тој дар е наменет и за нив. Се чувствуваат недостојни за него. Но, сети се дека Павле, пред да стане апостол, ги прогонувал Христовите следбеници. Сепак, подоцна напишал: „Синот Божји... ме сакаше и се предаде себеси за мене“ (Галатите 1:13; 2:20).

      17. На кои два начина Јехова нѐ привлекува кон себе и кон својот Син?

      17 Јехова ја покажува својата љубов така што на секого од нас лично му помага да ги почувствува благословите од Христовата жртва. Исус рекол: „Никој не може да дојде кај мене, ако не го привлече Таткото“ (Јован 6:44). Јехова нѐ привлекува кон неговиот Син и ни влева надеж за вечен живот. Како? Преку делото на проповедање, со кое може да се достигне секој поединец, како и преку неговиот свет дух, со чија помош можеме да ги разбереме библиските вистини и да живееме според нив, иако сме несовршени. Така Јехова може и за нас да го каже она што го кажал за Израел: „Те сакам со вечна љубов. Затоа те привлеков со својата милост“ (Еремија 31:3).

      18, 19. а) На кој посебен начин Јехова ни покажал колку длабока љубов има кон нас? б) Како Божјата Реч нѐ уверува дека Јехова се соживува со нас додека ги слуша нашите молитви?

      18 Еден од најголемите докази дека Јехова го сака секого од нас е молитвата. Библијата нѐ поттикнува непрестајно да му се молиме на Бог (1. Солуњаните 5:17). Тој ќе нѐ сослуша. Како што пишува во Псалм 65:2, Јехова „ги слуша молитвите“. Таа одговорност не му ја дал на никој друг, па дури ни на својот Син. Замисли си, Творецот на целата вселена нѐ повикува слободно да му се молиме. А каков е додека нѐ слуша? Дали е студен, рамнодушен и незаинтересиран? Ни најмалку.

      19 Јехова се соживува со нас. Што е тоа соживување? Еден постар верен христијанин рекол: „Соживувањето е твојата болка во моето срце“. Дали Јехова навистина ја чувствува нашата болка? Библијата кажува како се чувствувал Бог додека страдал неговиот народ Израел: „Во сите нивни неволји тој чувствуваше болка“ (Исаија 63:9). Јехова не само што ги гледал нивните неволји туку и сочувствувал со својот народ. Длабочината на неговите чувства се гледа од она што им го рекол на своите слуги: „Кој ве допира вас, ја допира зеницата на моето око“b (Захарија 2:8). Колку болно мора да е тоа! Да, Јехова сочувствува со нас. Кога нешто нѐ боли нас, го боли и него.

      20. Во склад со советот од Римјаните 12:3, каков став не треба да имаме?

      20 Ниеден христијанин што реално гледа на работите нема да го користи ваквиот доказ за Јеховината љубов како оправдување за својата гордост или себичност. Апостол Павле напишал: „Преку незаслужената доброта, која ми е покажана, му велам на секој меѓу вас да не мисли за себе повеќе отколку што треба да мисли, туку да мисли за себе разумно, секој според верата што му ја дал Бог“ (Римјаните 12:3). Колку сме среќни што знаеме дека нашиот небесен Татко многу нѐ сака! Никогаш да не заборавиме дека со ништо не можеме да ја заслужиме Божјата љубов (Лука 17:10).

      21. Кои лаги на Сатана мора да ги отфрламе, и во која вистина од Бог мора да ги уверуваме нашите срца?

      21 Да правиме сѐ што можеме за да ги отфрлиме лагите што ги шири Сатана, вклучувајќи ја и лагата дека сме безвредни и дека не заслужуваме љубов. Дали животот те убедил дека имаш толку слабости и маани што дури ни сета љубов што ја има Бог не може да ги покрие? Мислиш ли дека добрите работи што ги правиш се премногу ситни за да ги забележат дури и неговите очи кои гледаат сѐ? Сметаш ли дека твоите гревови се толку големи што не можат да бидат простени дури ни по цена на откупната жртва на Божјиот најмил Син? Ако е така, тогаш веруваш во лага. Со сите свои сили отфрли ги тие лаги! Постојано уверувај го своето срце во зборовите што ги напишал апостол Павле под водство на светиот дух: „Уверен сум дека ни смртта, ни животот, ни ангелите, ни властите, ни ова што е сега, ни она што ќе дојде, ни силите, ни височината, ни длабочината, ниту кое и да е друго создание не може да нѐ одвои од Божјата љубов, која е во Христос Исус, нашиот Господар“ (Римјаните 8:38, 39).

      a Библијата честопати го поврзува воскресението со Јеховиното сеќавање. Верниот Јов му рекол на Јехова: „О... да ми одредеше рок и потоа да се сетеше на мене!“ (Јов 14:13). Исто така, Исус кажал дека ќе воскреснат сите што се во спомен-гробовите. Тоа можел да го каже затоа што Јехова совршено се сеќава на умрените кои има намера да ги воскресне (Јован 5:28, 29, фуснота).

      b Во некои преводи овој стих е преведен на таков начин што се добива впечаток дека оној што го допира Божјиот народ го допира или своето око или окото на израелскиот народ, а не Божјето око. Оваа грешка ја вовеле некои писари кои сметале дека овој стих покажува непочитување кон Бог, па затоа го измениле. Со тоа скриле колку е големо Јеховиното сочувство.

      Прашања за размислување

      • Псалм 139:1-24. Како зборовите на цар Давид покажуваат колку многу се грижи Јехова за секого од нас?

      • Исаија 43:3, 4, 10-13. Какви чувства има Јехова кон оние што му служат како Сведоци, и како ги покажува тие чувства?

      • Римјаните 5:6-8. Зошто можеме да бидеме сигурни дека Јехова нѐ сака и покрај тоа што сме грешни?

      • Јуда 17-25. Како можеме да ја зачуваме Божјата љубов, и кои работи ни го отежнуваат тоа?

  • „Длабокото сочувство на нашиот Бог“
    Приближи му се на Јехова
    • Мајчинско сочувство

      ПОГЛАВЈЕ 25

      „Длабокото сочувство на нашиот Бог“

      1, 2. а) Што прави една мајка кога ќе заплаче нејзиното бебе? б) Кое чувство е уште посилно од мајчинските чувства?

      СРЕДЕ ноќ, бебето почнува да плаче. Мајката веднаш се буди. Од денот на неговото раѓање, таа веќе не спие толку цврсто како некогаш. А може да препознае и зошто плаче нејзиното бебенце. Знае дали плаче затоа што е гладно, за да го земе в раце или поради нешто друго. Но, без оглед на тоа од која причина плаче бебето, таа веднаш реагира. Срцето не ѝ дава да продолжи да спие.

      2 Чувствата што една мајка ги има кон своето дете спаѓаат во најнежните и најдлабоки чувства што ги покажуваат луѓето. Меѓутоа, постои едно многу посилно чувство — длабокото сочувство на нашиот Бог, Јехова. Ако дознаеме нешто повеќе за оваа убава особина, ќе станеме уште поблиски со него. Затоа, да видиме што е сочувството и како Бог го покажува.

      Што е сочувството

      3. Што значи хебрејскиот глагол кој се преведува со изразите „покажува милост“ или „се смилува“?

      3 Во Библијата, сочувството и милоста се тесно поврзани. Има неколку хебрејски и грчки зборови кои означуваат длабоко сочувство. Еден од нив е хебрејскиот глагол раха́м, кој честопати се преведува со изразите „покажува милост“ или „се смилува“. Во една енциклопедија пишува дека глаголот раха́м „означува длабоко и нежно чувство на сожалување, какво што ни се јавува кога ќе видиме дека некој што ни е драг страда или е беспомошен“. Овој хебрејски збор, кој Јехова го користи за себе, е поврзан со зборот „материца“ и може да се опише како „мајчинско сочувство“a (2. Мојсеева 33:19; Еремија 33:26).

      Мајка сочувствително го држи своето бебе

      „Може ли жена да го заборави... синот на својата утроба?“

      4, 5. Како чувствата што една мајка ги има кон своето бебе ни помагаат да сфатиме колкаво е Јеховиното сочувство?

      4 За подобро да сфатиме што е Јеховиното сочувство, во Библијата се спомнуваат чувствата на една мајка кон нејзиното бебе. Во Исаија 49:15 пишува: „Може ли жена да го заборави своето доенче и да не му се смилува [раха́м] на синот на својата утроба? Ако таа и го заборави него, јас нема да те заборавам тебе“. Овој трогателен опис покажува колкаво е Јеховиното сочувство кон неговиот народ. Да видиме како.

      5 Тешко е да се замисли дека една мајка би можела да заборави да го нахрани или да покаже грижа кон своето доенче, кое е толку беспомошно. На едно бебе деноноќно му е потребна мајчинска љубов и внимание. За жал, има мајки што го запоставуваат своето дете, особено во овие ‚последни денови‘ во кои повеќето луѓе се „бесчувствителни кон другите“ (2. Тимотеј 3:1, 3). Но, Јехова вели: „Јас нема да те заборавам тебе“. Длабокото сочувство што го покажува Јехова кон своите слуги нема никогаш да престане. Тоа е неизмерно посилно од најсилното чувство што можеме да си го замислиме — сочувството на мајката кон своето доенче. Воопшто не сме изненадени што за стихот од Исаија 49:15 еден изучувач рекол: „Тоа е еден од најсилните, ако не и најсилниот израз на Божјата љубов што се спомнува во Стариот Завет“.

      6. Како гледаат на сочувството многу луѓе, но во што нѐ уверува Јехова?

      6 Дали сочувството е знак на слабост? Во очите на несовршените луѓе може да изгледа така. На пример, римскиот филозоф Сенека, кој живеел во времето на Исус и бил истакнат интелектуалец во Рим, поучувал дека „сочувството е слабост на умот“. Сенека се залагал за стоицизмот, филозофски правец кој става акцент на спокојството без чувства. Според него, еден мудар човек може да им помогне на оние што се во неволја, но не смее да дозволи да му падне жал за нив бидејќи таквото чувство ќе му го одземе спокојството. Ваквото себично гледиште не остава простор за искрено сочувство. Но, Јехова воопшто не е таков! Во својата Реч тој нѐ уверува дека е „полн со сочувство и милосрден“ (Јаков 5:11). Како што ќе видиме, сочувството не е слабост, туку една силна и многу важна особина. Да видиме како ја покажува Јехова, најдобриот родител.

      Јехова покажува сочувство кон еден народ

      7, 8. Како страдале Израелците во древниот Египет, и како реагирал Јехова?

      7 Сочувството на Јехова многу јасно се гледа од начинот на кој постапувал со Израелците. До крајот на 16 век пр.н.е., милиони Израелци живееле како робови во древниот Египет, каде што биле сурово угнетувани. Египќаните им го загорчувале животот со тешка работа — ги терале да прават тули и малтер од глина (2. Мојсеева 1:11, 14). Во својата неволја, Израелците го молеле Јехова да им помогне. Како реагирал нивниот сочувствителен Бог?

      8 Плачот на Израелците го допрел Јехова до срце. Тој рекол: „Ја видов неволјата на мојот народ во Египет, чув како се жалат од оние што ги тераат на работа и добро ги знам нивните болки“ (2. Мојсеева 3:7). Јехова не можел да го гледа својот народ како страда и да ги слуша неговите молби без да му падне жал. Како што видовме во претходното поглавје, Јехова е Бог што се соживува со нас. А соживувањето — способноста да ја почувствуваш туѓата болка — е тесно поврзано со сочувството. Но, Јехова не само што ја чувствувал болката на Израелците туку и направил нешто за нив. Во Исаија 63:9 пишува: „Во својата љубов и во својата сомилост ги откупи“. Јехова „со силна рака“ ги избавил Израелците од Египет (5. Мојсеева 4:34). Потоа, со чудо им давал храна и ги одвел во плодна земја која станала нивна сопственост.

      9, 10. а) Зошто Јехова постојано ги избавувал Израелците откако се населиле во Ветената земја? б) Од чие угнетување ги избавил Јехова Израелците во времето на Јефтај, и зошто го направил тоа?

      9 Но, тоа не било сѐ. Јехова и понатаму покажувал сочувство кон Израелците. На пример, кога се населиле во Ветената земја, тие често му биле неверни и затоа морале да ги трпат последиците од својата непослушност. Но, штом ќе се покаеле и ќе го повикале Јехова, тој ги избавувал. Зошто? „Зашто му беше жал за својот народ“ (2. Летописи 36:15; Судиите 2:11-16).

      10 Да видиме што се случило во времето на Јефтај. Поради тоа што Израелците почнале да обожаваат лажни богови, Јехова дозволил 18 години да бидат угнетувани од Амонците. На крајот, Израелците се покајале. Во Библијата пишува: „Почнаа да ги отстрануваат туѓите богови од својата средина и да му служат на Јехова, така што неговата душа повеќе не можеше да ја гледа неволјата на Израел“ (Судиите 10:6-16). Бидејќи неговиот народ искрено се покајал, Јехова повеќе не можел да гледа како страда. Затоа, покажал сочувство и го поставил Јефтај да ги избави Израелците од рацете на нивните непријатели (Судиите 11:30-33).

      11. Што учиме за сочувството од начинот на кој Јехова постапувал со Израелците?

      11 Што учиме за сочувството од начинот на кој Јехова постапувал со Израелците? Како прво, гледаме дека сочувството не значи само да бидеш свесен колку им е тешко на другите и да ти биде жал за нив. Сети се на мајката која од сочувство кон своето бебе веднаш реагираше на неговиот плач. Слично на тоа, Јехова не ги затвора ушите кога неговите слуги го молат за помош. Од длабоко сочувство, тој сака да им го олесни страдањето. Освен тоа, од начинот на кој постапувал со Израелците гледаме дека сочувството во никој случај не е знак на слабост. Токму сочувството го поттикнало Јехова решително да преземе нешто во корист на својот народ. Но, дали Јехова покажува сочувство кон своите слуги само како група?

      Јехова покажува сочувство кон поединци

      12. На кој начин од Законот се гледа дека Јехова покажувал сочувство и кон поединци?

      12 Од законот што Бог им го дал на Израелците се гледа дека тој има сочувство и кон луѓето како поединци. Да видиме каква грижа покажал кон сиромашните. Јехова знаел дека можеле да се појават непредвидени околности поради кои еден Израелец можел да осиромаши. Како требало другите да се однесуваат кон сиромашните? Јехова дал јасна заповед: „Нека не ти закорави срцето и не затворај ја раката за својот сиромашен брат. Дај му, и срцето нека не ти биде скржаво кога му даваш, зашто поради тоа Јехова, твојот Бог, ќе те благослови во секое твое дело и во секој твој потфат“ (5. Мојсеева 15:7, 10). Освен тоа, Јехова им заповедал на Израелците да не ги жнеат нивите до меѓите и да не се враќаат да го соберат она што ќе останело. Тоа било за сиромашните (3. Мојсеева 23:22; Рут 2:2-7). Сѐ додека народот се држел за овој закон кој ги штител сиромашните, ниту еден Израелец не морал да проси за леб. Зарем тоа не е доказ за Јеховиното длабоко сочувство?

      13, 14. а) Како зборовите на Давид нѐ уверуваат дека Јехова се грижи за нас како поединци? б) Со која споредба може да се објасни дека Јехова е близу до оние што се „скршени во срцето“ и „со скршен дух“?

      13 Нашиот Бог и денес се грижи за нас како поединци. Можеме да бидеме сигурни дека е потполно свесен за тоа низ што сѐ минуваме. Псалмистот Давид напишал: „Очите на Јехова ги гледаат праведниците и ушите негови го слушаат нивниот повик за помош. Јехова е близу до оние што се скршени во срцето и ги спасува оние со скршен дух“ (Псалм 34:15, 18). Во врска со луѓето за кои станува збор во овие стихови, еден библиски изучувач рекол: „Тие се со скршено срце и длабоко се каат за својот грев, се чувствуваат ниско, безвредно и немаат никаква самопочит“. Таквите луѓе можеби имаат чувство дека Јехова е далеку од нив и дека се премногу безначајни за да ги сака. Но, тоа не е точно. Зборовите на Давид нѐ уверуваат дека Јехова не ги остава оние што „се чувствуваат ниско“. Нашиот сочувствителен Бог знае дека во таквите моменти тој ни е потребен повеќе од кога и да било, и затоа е близу до нас.

      14 Да спомнеме една вистинита случка. Една мајка од Соединетите Држави итно го однела своето двегодишно синче на лекар затоа што имало тежок случај на ангина. По прегледот, докторите ѝ рекле дека таа ноќ детето ќе мора да остане во болница. Каде ја минала мајката ноќта? Во болничката соба, покрај своето болно дете! За неа не било прашање дали ќе остане крај него или не. А нашиот небесен Татко сигурно би направил дури и повеќе за нас! Всушност, ние сме создадени според неговиот лик (1. Мојсеева 1:26). Зборовите од Псалм 34:18 нѐ уверуваат дека, кога сме „скршени во срцето“ и „со скршен дух“, Јехова е „близу“ до нас. Како еден грижлив родител полн со сочувство, тој е спремен да ни помогне.

      15. Што прави Јехова за да му помогне на секого од нас?

      15 На кој начин Јехова му помага на секого од нас? Тој нема секогаш да ја отстрани причината за нашето страдање. Но, направил многу за да им помогне на оние што го молат за помош. Во неговата Реч, Библијата, се запишани совети што можат многу да ни користат. А во собранието, Јехова се погрижил да има духовно зрели мажи, кои се трудат да се угледаат на Бог додека сочувствително им помагаат на своите браќа и сестри (Јаков 5:14, 15). Бидејќи „ги слуша молитвите“, Јехова им дава „свет дух на оние што го молат за тоа“ (Псалм 65:2; Лука 11:13). Тој дух може да ни влее „сила, која ја надминува нормалната“, за да издржиме сѐ додека Божјето Царство не ги отстрани сите проблеми што нѐ мачат (2. Коринќаните 4:7). Зар не сме благодарни за сите овие работи? Никогаш да не заборавиме дека тие се израз на Јеховиното длабоко сочувство.

      16. Кој е најголемиот доказ дека Јехова има длабоко сочувство, и какво значење има тоа за секого од нас?

      16 Се разбира, најголемиот доказ дека Јехова има длабоко сочувство е тоа што го дал својот најмил Син за да нѐ откупи. Јехова го направил тоа од љубов и така ни овозможил да добиеме спасение. Не заборавај, откупнината е наменета за секого од нас. Затоа Захарија, татко му на Јован Крстител, прорекол дека со тој дар се велича „длабокото сочувство на нашиот Бог“ (Лука 1:78).

      Кога нема основа за сочувство

      17-19. а) Како Библијата покажува дека Јеховиното сочувство има граници? б) Зошто Израелците повеќе не заслужувале Јехова да покажува сочувство кон нив?

      17 Дали треба да мислиме дека Јеховиното сочувство нема граници? Не. Напротив, од Библијата јасно гледаме дека Јехова со право не покажува сочувство кон оние што ги отфрлаат неговите праведни начела (Евреите 10:28). За да сфатиме зошто, да се потсетиме на примерот на Израелците.

      18 Иако Јехова многупати ги спасувал Израелците од нивните непријатели, еден ден на неговото сочувство му дошол крај. Тој тврдоглав народ вршел идолопоклонство, па дури и ги донел своите одвратни богови во Јеховиниот храм! (Езекиел 5:11; 8:17, 18). Освен тоа, во Библијата пишува: „Тие постојано им се подбиваа на гласниците на вистинскиот Бог, Јехова, ги презираа неговите зборови и ги исмејуваа неговите пророци, сѐ додека неговиот гнев не дојде врз неговиот народ, та веќе немаше лек“ (2. Летописи 36:16). Израелците грешеле толку многу што повеќе немало основа да им биде покажано сочувство и затоа Јехова со право се разгневил на нив. Со каков резултат?

      19 Јехова повеќе не можел да покажува сочувство кон својот народ. Тој рекол: „Нема да им се смилувам и нема да ги жалам, ќе ги сотрам без милост“ (Еремија 13:14). Така Ерусалим и неговиот храм биле уништени, а Израелците биле одведени во ропство во Вавилон. Колку е трагично кога несовршените луѓе ќе станат толку бунтовни што повеќе не заслужуваат Бог да покажува сочувство кон нив! (Плач Еремиин 2:21).

      20, 21. а) Што ќе се случи кога повеќе нема да има основа Бог да покажува сочувство? б) За што ќе стане збор во следното поглавје?

      20 А како е денес? Јехова не се променил. Затоа што е сочувствителен, на своите Сведоци им дал задача да ја проповедаат добрата вест за Царството по целиот свет (Матеј 24:14). Кога луѓето со искрени срца ќе покажат интерес за пораката за Царството, Јехова им помага да ја разберат (Дела 16:14). Но, тоа дело нема да трае вечно. Не би било сочувствително од страна на Јехова да дозволи овој свет, кој е преполн со беда и страдања, да постои бесконечно. Кога повеќе нема да има основа да покажува сочувство, Бог ќе го уништи овој злобен свет. Со тоа Јехова сепак ќе покаже сочувство — од обѕир кон своето „свето име“ и кон своите верни слуги (Езекиел 36:20-23). Ќе го отстрани злото и ќе воспостави еден праведен нов свет. А во врска со злобните, Јехова вели: „Моето око нема да се сожали и нема да се смилувам. Нивните дела ќе им ги фрлам на нивна глава“ (Езекиел 9:10).

      21 Сѐ дотогаш, Јехова покажува сочувство кон сите луѓе, дури и кон оние што ги чека уништување. Но, на оние што искрено се каат за своите гревови, тој им простува. Простувањето е уште еден доказ за тоа колку е сочувствителен Јехова. Во следното поглавје ќе разгледаме неколку библиски споредби кои на многу убав начин покажуваат до кој степен простува Јехова.

      a Интересно е што во Псалм 103:13, хебрејскиот глагол раха́м ја означува милосрдноста, односно сочувството што го покажува еден татко кон своите деца.

      Прашања за размислување

      • Еремија 31:20. Какви чувства има Јехова кон својот народ, и какви чувства кон Бог буди тоа во тебе?

      • Јоил 2:12-14, 17-19. Што требало да направи Јеховиниот народ за да му биде покажана милост, и што учиме од тоа?

      • Јона 4:1-11. Како Јехова му покажал на Јона колку е важно сочувството?

      • Евреите 10:26-31. Зошто не треба да ја злоупотребуваме милоста, односно сочувството на Јехова?

  • Бог кој е ‚спремен да прости‘
    Приближи му се на Јехова
    • Човек горливо му се моли на Јехова Бог

      ПОГЛАВЈЕ 26

      Бог кој е ‚спремен да прости‘

      1-3. а) Каков тежок товар носел псалмистот Давид, и што го утешило? б) Каква тежина може да чувствуваме кога ќе згрешиме, но во што нѐ уверува Јехова?

      „МОИТЕ престапи ми се прелија преку глава“, напишал псалмистот Давид. „Како тежок товар, претешки се за мене. Премален сум и потполно скршен“ (Псалм 38:4, 8). Давид знаел колку тежок товар може да биде нечистата совест. Но, нашол утеха. Сфатил дека Јехова го мрази гревот, но не го мрази грешникот што искрено се кае и престанува да греши. Потполно уверен дека Јехова е спремен да покаже милост кон оние што се каат, Давид рекол: „Ти, Јехова, си... спремен да простиш“ (Псалм 86:5).

      2 Кога ќе згрешиме, и ние можеби ја чувствуваме тежината на нечистата совест. Добро е да чувствуваме грижа на совеста ако згрешиме. Тоа може да нѐ поттикне да преземеме нешто за да си ги поправиме грешките. Од друга страна, постои опасност чувството на вина претерано да нѐ притиска. Можеби нашето срце нѐ осудува и упорно ни вели дека Јехова нема да ни прости, колку и да се каеме. Ако чувството на вина нѐ „скрши“, Сатана може да нѐ наведе да кренеме раце од сѐ и да мислиме дека за Јехова сме безвредни и дека сме недостојни да му служиме (2. Коринќаните 2:5-11).

      3 Дали Јехова навистина мисли така? Не! Со тоа што простува, Јехова ја покажува својата голема љубов кон нас. Во својата Реч, тој нѐ уверува дека ќе ни прости ако искрено се каеме (Изреки 28:13). За да не мислиме дека е невозможно Јехова да ни прости, да видиме зошто и како простува тој.

      Зошто Јехова е ‚спремен да прости‘

      4. Што не заборава Јехова, и како тоа влијае врз начинот на кој постапува со нас?

      4 Јехова е свесен за нашите ограничувања. Во Псалм 103:14 пишува: „Тој добро ја познава нашата градба, си спомнува дека сме прав“. Бог не заборава дека сме направени од прав и дека имаме слабости затоа што сме несовршени. Библијата го споредува Јехова со грнчар, а нас со глинени садови што тој ги обликуваa (Еремија 18:2-6). Додека нѐ обликува, Големиот Грнчар прави потези во склад со тоа колку сме слаби и кршливи поради гревот и во зависност од тоа како реагираме на неговото водство.

      5. Како писмото до Римјаните го опишува стисокот на гревот?

      5 Јехова добро знае колку е моќен гревот. Во неговата Реч гревот е опишан како моќна сила што го држи човекот во својот смртоносен стисок. Колку силно нѐ притиска? Во своето писмо до Римјаните, апостол Павле објаснува дека ние сме „под грев“, односно дека сме му потчинети на гревот како што војниците му се потчинети на својот заповедник (Римјаните 3:9), дека гревот „царува“ над човештвото (Римјаните 5:21), дека тој „живее“ во нас (Римјаните 7:17, 20) и дека неговиот „закон“ постојано дејствува во нас, обидувајќи се да управува со нашите постапки (Римјаните 7:23, 25). Значи, гревот многу силно влијае врз нашето несовршено тело! (Римјаните 7:21, 24).

      6, 7. а) Како гледа Јехова на оние што се каат и го молат да им прости? б) Зошто не треба да ја злоупотребуваме Божјата милост?

      6 Според тоа, Јехова знае дека, колку и да се трудиме, не можеме да му бидеме совршено послушни. Затоа, со љубов нѐ уверува дека, ако го молиме за милост и ако од срце се каеме за гревот, тој ќе ни прости. Во Псалм 51:17 стои: „За Бог е жртва скршениот дух. Срце скршено и здробено, о Боже, нема да презреш“. Јехова нема никогаш да отфрли срце што е „скршено и здробено“ од чувство на вина.

      7 Но, дали тоа значи дека можеме да ја злоупотребуваме Божјата милост и намерно да грешиме, а потоа да ја користиме нашата несовршеност како изговор? Во никој случај! Јехова не се поведува по чувства. Неговата милост има граници. Тој нема да им прости на оние што упорно и намерно прават грев и воопшто не се каат (Евреите 10:26). Од друга страна, кога ќе забележи некој што се кае од срце, Јехова е спремен да му прости. Да видиме на кои живописни начини Библијата го опишува овој прекрасен аспект на Јеховината љубов.

      Јехова простува потполно

      8. Што, всушност, прави Јехова кога ќе ни ги прости гревовите, и каква доверба ни влева тоа?

      8 Откако се покајал, Давид му рекол на Јехова: „Конечно ти го признав гревот и не ја прикрив вината... И ти ја прости вината за моите гревови“ (Псалм 32:5). Изразот „прости“ е превод на еден хебрејски збор чие основно значење е „крева“ или „носи“. Овде е употребен со значење: да се тргне „вината, гревот, престапот“. Значи Јехова, така да се каже, ги подигнал гревовите на Давид и ги однел. Тоа несомнено му го олеснило товарот на вина што го чувствувал (Псалм 32:3). И ние можеме да имаме потполна доверба во нашиот Бог, кој ги носи гревовите на оние што го молат да им прости на темел на нивната вера во откупната жртва на Исус (Матеј 20:28).

      9. Колку далеку ги трга Јехова нашите гревови?

      9 Давид употребил уште еден сликовит израз за да ни долови до која мера простува Јехова: „Колку што е исток далеку од запад толку ги оддалечува од нас нашите престапи“ (Псалм 103:12). Колку е оддалечен исток од запад? Во некоја смисла, исток секогаш е на најголемата можна оддалеченост од запад. Тие две точки никогаш не можат да се спојат. Еден изучувач вели дека тој израз значи „колку што е можно подалеку; најголемото растојание што може да се замисли“. Од зборовите што Давид ги напишал под водство на светиот дух гледаме дека, кога Јехова простува, тој ги носи, односно ги трга нашите гревови најдалеку што можеме да си замислиме.

      Планини покриени со снег

      „Вашите гревови... ќе станат бели како снег“

      10. Зошто не треба да мислиме дека до крајот на животот ќе треба да ја носиме дамката од гревовите што Јехова ни ги простил?

      10 Дали некогаш си се обидел да отстраниш дамка од некоја светла облека? Колку и да си се трудел, можеби не си успеал да ја отстраниш потполно. Забележи што вели Јехова за тоа колку потполно простува тој: „Ако бидат вашите гревови како црвено платно, ќе станат бели како снег; ако бидат румени како пурпур, ќе станат како волна“ (Исаија 1:18). За да се истакне за каква црвена боја станува збор во овој стих, во некои библиски преводи се користи зборот скерлет.b И ‚пурпурот‘ е многу јака боја (Наум 2:3). Со свои напори никогаш нема да можеме да ја отстраниме дамката на гревот што ја носиме на себе. Но, Јехова може да ги земе нашите гревови што се како црвено платно и како пурпур, и да ги направи бели како снег или волна. Откако Јехова ќе ни ги прости гревовите, не треба да мислиме дека до крајот на животот ќе мора да ги носиме како дамка.

      11. Во која смисла Јехова ги фрла нашите гревови зад својот грб?

      11 Во својата трогателна песна на благодарност што ја напишал откако бил спасен од смртоносна болест, Езекија му рекол на Јехова: „Сите мои гревови ти ги фрли зад грб“ (Исаија 38:17). Во овој стих, Јехова е претставен како некој што ги зема гревовите на оној што се кае и ги фрла зад себе, така што повеќе не ги гледа и не им обрнува внимание. Еден речник наведува дека смислата на овие зборови може да се изрази на следниов начин: „Ти направи [моите гревови] како да не се ни случиле“. Зар тоа не е утешно?

      12. Како пророкот Михеј покажал дека, кога Јехова простува, засекогаш ги отстранува нашите гревови?

      12 Во едно ветување за обнова, пророкот Михеј покажал увереност дека Јехова ќе му прости на својот народ што се каел: „Кој Бог е како тебе, кој... преминува преку престапот на остатокот од своето наследство?.. Сите нивни гревови ќе ги фрлиш во морските длабочини“ (Михеј 7:18, 19). Замисли што значеле тие зборови за луѓето од библиски времиња. Имало ли некаква шанса да се врати она што било фрлено „во морските длабочини“? Не. Според тоа, зборовите на Михеј покажуваат дека, кога Јехова простува, тој засекогаш ги отстранува нашите гревови.

      13. Што значат Исусовите зборови: „Прости ни ги нашите долгови“?

      13 За да објасни како простува Јехова, Исус се осврнал на односот што постои меѓу еден заемодавач и еден должник. Исус нѐ поттикнал да се молиме со зборовите: „Прости ни ги нашите долгови“ (Матеј 6:12). На тој начин, гревовите ги споредил со долгови (Лука 11:4). Кога ќе згрешиме, му стануваме ‚должници‘ на Јехова. Во еден прирачник стои дека грчкиот глагол преведен со зборот „прости“ значи „да се откажеш од долг, да не бараш да ти го вратат“. Кога простува, Јехова во извесна смисла го поништува долгот што инаку би бил ставен на наша сметка. Тоа е големо олеснување за оние што се каат за своите гревови. Јехова нема никогаш да побара да платиме долг што веќе го поништил! (Псалм 32:1, 2).

      14. Каква слика создава изразот „да ви бидат избришани гревовите“?

      14 И во Дела 3:19 е опишано до која мера простува Јехова: „Покајте се и обратете се за да ви бидат избришани гревовите“. Изразот „избришани“ е превод на еден грчки глагол кој може да значи „да се отстрани... поништи или уништи“. Според некои изучувачи, овој израз опишува бришење на нешто што било напишано со рака. Како можело да се направи тоа? Мастилото што обично се користело во старо време било направено од смеса во која имало јаглерод, смола и вода. Кратко откако некој ќе пишувал со такво мастило, можел да земе мокар сунѓер и да го избрише она што го напишал. Ова ни дава прекрасна слика за тоа колку е милостив Јехова. Кога ни ги простува гревовите, тоа е исто како да зема сунѓер и да ги брише.

      Јехова сака да знаеме дека тој е ‚спремен да прости‘

      15. Што сака Јехова да знаеме за него?

      15 Кога размислуваме за овие различни споредби, до каков заклучок доаѓаме? Зарем не е јасно дека Јехова сака да знаеме колку е спремен да ги прости нашите гревови ако искрено се каеме? Не треба да се плашиме дека во иднина повторно ќе ги изнесе тие гревови против нас. Тоа се гледа од уште една работа што Библијата ни ја открива за Јеховината голема милост — кога простува, тој заборава.

      „Повеќе нема да се сеќавам на нивниот грев“

      16, 17. Во која смисла Јехова ги заборава нашите гревови, и од каде го знаеме тоа?

      16 Во врска со оние што се вклучени во новиот сојуз, Јехова ветил: „Ќе им го простам нивниот престап и повеќе нема да се сеќавам на нивниот грев“ (Еремија 31:34). Дали ова значи дека, откако Јехова ќе прости, повеќе не може да се сети на гревовите што ги простил? Секако дека не. Во Библијата можеме да прочитаме за многу луѓе на кои Јехова им простил, меѓу кои бил и Давид (2. Самоилова 11:1-17; 12:13). Нема сомнение дека Јехова и понатаму е свесен за грешките што ги направиле тие луѓе. Извештаите за тоа како згрешиле, како се покајале и како Бог им простил се запишани за наша корист (Римјаните 15:4). Тогаш, зошто Библијата вели дека Јехова повеќе нема да ‚се сеќава‘ на гревовите на луѓето на кои им простил?

      17 Хебрејскиот глагол кој е преведен со изразот „се сеќавам“ значи многу повеќе отколку само да се памти нешто од минатото. Во еден речник пишува дека тој глагол вклучува и „да се преземе соодветна постапка“ (Theological Wordbook of the Old Testament). Според тоа, во оваа смисла, да ‚се сеќаваш‘ на некој грев значи да преземеш нешто против оној што згрешил (Осија 9:9). Но, кога Бог вели „нема да се сеќавам на нивниот грев“, нѐ уверува дека, штом им простил на грешниците што се каат, никогаш повеќе нема да преземе нешто против нив поради тие гревови (Езекиел 18:21, 22). Значи, Јехова заборава во таа смисла што не се навраќа на нашите гревови за постојано да нѐ обвинува и да нѐ казнува. Зарем не е утешно да се знае дека нашиот Бог простува и заборава?

      Што е со последиците од нашите гревови?

      18. Дали тоа што на еден грешник му е простено значи дека ќе биде поштеден од сите последици од својот грев? Објасни.

      18 Дали тоа што Јехова е спремен да прости значи дека оној што се кае ќе биде поштеден од сите последици од својот грев? Воопшто не. Не можеме да грешиме неказнето. Павле напишал: „Човек што ќе си посее, тоа и ќе си пожнее“ (Галатите 6:7). Можеби ќе се соочиме со извесни последици од нашите постапки. Тоа не значи дека Јехова ни враќа за гревот и покрај тоа што ни простил. Кога ќе се појават проблеми, еден христијанин не треба да мисли: ‚Можеби Јехова ме казнува за гревовите‘ (Јаков 1:13). Од друга страна, Јехова нема да нѐ поштеди од сите последици од нашите неисправни постапки. Некои од жалните неизбежни последици од гревот може да бидат разводот, несаканата бременост, сексуално преносливите болести и изгубената доверба или почит. Сети се дека, иако Јехова му простил на Давид за она што го направил со Витсавеа и Урија, не го заштитил од тешките последици од гревот (2. Самоилова 12:9-12).

      19-21. а) На кој начин законот запишан во 3. Мојсеева 6:1-7 бил во прилог и на оштетениот и на престапникот? б) Што очекува Јехова да направиме ако некој претрпел штета од некоја наша постапка?

      19 Нашите гревови можат да имаат и други последици, особено ако некој претрпел штета од она што сме го направиле. На пример, да го спомнеме извештајот од 3. Мојсеева, 6. поглавје. Во овој дел од Мојсеевиот закон се зборува за случај кога некој човек прави тежок грев со тоа што присвојува нешто туѓо со крадење, изнудување или измама. Грешникот не признава дека е виновен. Толку е дрзок што дури и лажно се колне. Настанува ситуација кога двајца луѓе даваат спротивни изјави. Меѓутоа, подоцна престапникот почнува да го пече совеста и го признава својот грев. За да добие простување од Бог, мора да направи три работи — да го врати она што го зел, да му плати на оштетениот парична казна во висина од една петтина од вредноста на она што го украл и да принесе овен како жртва за вина. Законот потоа пропишувал: „Свештеникот нека изврши за него обред на очистување пред Јехова, и ќе му биде простено“ (3. Мојсеева 6:1-7).

      20 Од овој закон се гледа колку е милостив Јехова. Законот бил во прилог на оштетениот затоа што тој повторно го добивал она што му било украдено, а без сомнение чувствувал и големо олеснување кога престапникот ќе го признаел гревот. Во исто време, законот бил во прилог и на грешникот, кого совеста сепак го наведувала да си ја признае вината и да ја исправи својата грешка. Ако не го направел тоа, Бог немало да му прости.

      21 Иако ние не сме под Мојсеевиот закон, тој ни помага да видиме како размислува Јехова, меѓу другото и каков став има кон простувањето (Колошаните 2:13, 14). Ако со нашите гревови сме повредиле некого, Бог се радува кога правиме сѐ што можеме за да ја поправиме штетата (Матеј 5:23, 24). Тоа можеби ќе значи да кажеме за нашиот грев, да ја признаеме вината и да му се извиниме на оној кому сме му згрешиле. Потоа ќе можеме да му се молиме на Јехова на темел на Исусовата жртва и да бидеме сигурни дека Бог ни простил (Евреите 10:21, 22).

      22. Што друго прави Јехова освен што простува?

      22 Како и секој родител што си ги сака децата, Јехова може да нѐ укори до одредена мера, иако ни простил (Изреки 3:11, 12). Христијанинот што се кае можеби ќе треба да престане да служи како старешина, слуга-помошник или полновремен проповедник. Можеби ќе му биде тешко што извесно време ќе мора да престане да ги врши задачите што многу ги ценел. Сепак, тоа не значи дека Јехова не му простил. Не смееме да заборавиме дека Јехова нѐ кара затоа што нѐ сака. За наше добро е да ги прифатиме и да ги примениме опомените што доаѓаат од него (Евреите 12:5-11).

      23. а) Зошто никогаш не треба да мислиме дека Јехова ќе престане да покажува милост кон нас? б) Зошто треба да простуваме како Јехова?

      23 Колку е убаво да се знае дека нашиот Бог е ‚спремен да прости‘! И покрај тоа што правиме грешки, никогаш не треба да заклучиме дека Јехова ќе престане да покажува милост кон нас. Ако вистински се покаеме, ако се потрудиме да ја поправиме грешката и ако искрено се молиме да ни бидат простени гревовите на темел на Исусовата пролеана крв, можеме да имаме целосна доверба дека Јехова ќе ни прости (1. Јованово 1:9). И ние треба да им простуваме на другите како што простува тој. Ако Јехова, кој никогаш не греши, може со толку љубов да ни прости нам, зар не треба и ние, како грешни луѓе, да си простуваме едни на други?

      a Хебрејскиот збор што во Псалм 103:14 е преведен со „нашата градба“ се користи и во врска со глинените садови што ги обликува еден грнчар (Исаија 29:16).

      b Еден изучувач вели дека скерлетната „била трајна, односно постојана боја. Не ја отстранувале ниту росата, ниту дождот, ниту перењето, ниту долгото користење“.

      Прашања за размислување

      • 2. Летописи 33:1-13. Зошто Јехова му простил на Манасија, и што ни кажува тоа за Јеховината милост?

      • Матеј 6:12, 14, 15. Зошто треба да им простуваме на другите кога има основа за тоа?

      • Лука 15:11-32. Како оваа споредба покажува колку спремно простува Јехова, и какви чувства буди тоа во тебе?

      • 2. Коринќаните 7:8-11. Што треба да правиме за Бог да ни прости?

  • „Колку е голема твојата добрина“
    Приближи му се на Јехова
    • Лозница со зрели гроздови

      ПОГЛАВЈЕ 27

      „Колку е голема твојата добрина“

      1, 2. Кој сѐ има корист од Божјата доброта, и што рекол еден библиски писател за оваа особина на Бог?

      ОБЛЕАНИ со нежните зраци на зајдисонцето, неколку блиски пријатели уживаат додека заедно јадат, се смеат, си разговараат и се восхитуваат на глетката. Некаде далеку, еден земјоделец погледнува кон своите полиња и задоволно се насмевнува затоа што над нив се насобрале облаци и првите капки дожд веќе ја натопуваат жедната земја. На некое друго место, таткото и мајката радосно го гледаат своето детенце додека ги прави првите, несигурни чекори.

      2 Сеедно дали се свесни за тоа или не, овие луѓе се радосни благодарение на една иста работа — добротата на Јехова Бог. Мнозина се согласуваат со тоа дека Бог е добар. Еден библиски писател дури рекол: „Колку е голема твојата добрина“ (Псалм 31:19). Но, изгледа дека денес само малкумина го сфаќаат точното значење на овие зборови. Што, всушност, опфаќа добрината на Јехова Бог, и како оваа негова особина влијае врз секого од нас?

      Извонреден аспект на Божјата љубов

      3, 4. Што е добрина, и зошто таа најубаво може да се опише како израз на Јеховината љубов?

      3 Во многу современи јазици, зборот добрина го изгубил своето длабоко значење и станал вообичаен збор. Но, во Библијата тој означува голема доблест. Јехова е преполн со добрина. Зад сите негови особини — вклучувајќи ги моќта, правдата и мудроста — стои добрината. Сепак, најточно би било да се каже дека добрината е израз на Јеховината љубов. Зошто?

      4 Добрината не е пасивна особина. Таа се гледа од начинот на кој постапуваме со другите. Апостол Павле укажал дека оваа особина е попривлечна дури и од правдата (Римјаните 5:7). Праведниот човек строго се држи за барањата на законот, но добриот човек прави нешто повеќе. Тој го презема првиот чекор, постојано барајќи начини да им помогне на другите. Како што ќе видиме, Јехова навистина покажува таква добрина. Се разбира, таа добрина произлегува од неговата безгранична љубов.

      5-7. Зошто Исус не сакал да биде наречен ‚добар Учител‘, и која важна вистина ја потврдил?

      5 Освен тоа, никој не е толку добар како Јехова. Кратко пред смртта на Исус, еден човек му поставил прашање обраќајќи му се со зборовите „Учителе добар“. Исус му одговорил: „Зошто ме нарекуваш добар? Никој не е добар, освен еден, Бог“ (Марко 10:17, 18). Можеби овие зборови те збунуваат. Зошто Исус го исправил тој човек? Зар не било вистина дека бил ‚добар Учител‘?

      6 Очигледно, тој човек го употребил изразот „Учителе добар“ како ласкава титула. Исус скромно му ја припишал таа слава на својот небесен Татко, кој е добар во најпотполна смисла на зборот (Изреки 11:2). Но, со тоа Исус потврдил и една важна вистина — Јехова е единственото мерило за тоа што е добро. Само тој има право да одреди што е добро, а што лошо. Со тоа што Адам и Ева се побуниле и јаделе од дрвото на спознанието на доброто и злото, се обиделе тоа право да си го присвојат за себе. За разлика од нив, Исус понизно му препушта на својот Татко да ги одредува мерилата за исправно и погрешно.

      7 Освен тоа, Исус знаел дека Јехова е изворот на сѐ што е вистински добро. Од него доаѓа „секој добар дар и секој совршен подарок“ (Јаков 1:17). Да видиме како Јехова ја покажува својата доброта со тоа што е дарежлив.

      Докази за огромната добрина на Јехова

      8. Како Јехова покажал добрина кон сите луѓе?

      8 Секој човек што некогаш живеел на Земјата, лично ја почувствувал Јеховината добрина. Во Псалм 145:9 пишува: „Јехова е добар кон сите“. Кои се некои докази за неговата огромна добрина? Библијата вели: „Не ве остави без сведоштво за себе: правеше добро, ви даваше дожд од небото и плодоносни времиња и ги полнеше вашите срца со храна и веселост“ (Дела 14:17). Дали некогаш си почувствувал како ти се подига расположението додека уживаш во некој вкусен оброк? Затоа што е добар, Јехова ја снабдил Земјата со обновливи извори на питка вода, како и со годишни времиња. Благодарение на тоа имаме изобилство храна. Јехова ја покажал таа добрина кон сите, а не само кон оние што го сакаат. Исус рекол: „Тој дава неговото сонце да изгрева над злите и над добрите и да паѓа дожд на праведните и на неправедните“ (Матеј 5:45).

      Јехова дава „дожд од небото и плодоносни времиња“

      9. Како јаболкото сведочи за Јеховината добрина?

      9 Бидејќи Сонцето, дождот и годишните времиња постојано си ја исполнуваат својата цел, многу луѓе ја земаат здраво за готово Божјата голема дарежливост. Како пример да го спомнеме јаболкото. Во земјите со умерена клима, јаболкото го има во изобилство и обично не се смета за некое посебно овошје. Сепак, тоа изгледа убаво, вкусно е, сочно и богато со хранливи состојки. Дали си знаел дека во светот постојат околу 7.500 сорти јаболка? Ги има во најразлични бои — жолти, црвени, зелени. Ги има и во најразлични големини — од малку поголеми од цреша па сѐ до голем портокал. Ако во раката ставиш едно семче од јаболко, тоа изгледа многу ситно. Но, од тоа семче расте едно од најубавите дрвја (Песна над песните 2:3). Секоја пролет јаболкницата е украсена со преубава круна од цветови, а секоја есен дава прекрасни плодови. Едно просечно дрво дава род 75 години, а секоја година раѓа доволно јаболка за да се наполнат 19 кутии со тежина од по 20 килограми!

      Ситно семче од јаболко и многу јаболкници натежнати од богат род

      Од ова семче расте дрво кое со децении може да дава вкусни плодови

      10, 11. Како нашите сетила покажуваат дека Бог е добар?

      10 Бидејќи е бескрајно добар, Јехова ни дал тело кое е ‚чудесно создадено‘ — со сетила што ни помагаат да ги забележуваме неговите созданија и да уживаме во нив (Псалм 139:14). Размисли повторно за сцените што беа опишани во почетокот на ова поглавје. Кои глетки ги исполнуваат со радост тие моменти? Румените обравчиња на веселото детенце. Дождот кој обилно ги напојува жедните полиња. Црвените, златните и виолетовите нијанси на зајдисонцето. Човечкото око може да распознае над 300.000 бои! А нашето сетило за слух може да ги распознава и најмалите разлики во гласот на саканата личност, да го чуе шумот на ветрот кој минува низ крошните на дрвјата и да ја слушне радосната смеа на малото детенце. Зошто можеме да уживаме во таквите глетки и звуци? Библијата ни го дава одговорот: „Увото што слуша и окото што гледа — обете ги направил Јехова“ (Изреки 20:12). Но, тоа се само две од нашите сетила.

      11 Сетилото за мирис е уште еден доказ за тоа колку е добар Јехова. Човечкиот нос може да разликува околу 10.000 миризби. Размисли за само неколку од нив: мирисот на твоето омилено јадење, на цвеќињата, на паднатите лисја и на дрвцата што горат во топлото огниште. А твоето сетило за допир ти овозможува да почувствуваш кога срдечно те прегрнува некој што те сака, како ветрот нежно те гали по лицето и колку е мазно овошјето што го држиш во раката. Кога ќе гризнеш од него, се активира твоето сетило за вкус. Додека папилите на твојот јазик ги регистрираат состојките што се ослободуваат од сочниот плод, го чувствуваш богатиот вкус на овошјето. Имаме добри причини да му кажеме на Јехова: „Колку е голема твојата добрина, која ја чуваш за оние што се бојат од тебе“! (Псалм 31:19). Но, на кој начин Јехова ‚ја чува‘ добрината за оние што се бојат од него?

      Добрина која ќе донесе вечни благослови

      12. Кои дарови од Јехова се најважни, и зошто?

      12 Исус рекол: „Напишано е: ‚Човек не смее да живее само од леб, туку треба да живее и од секој збор што излегува од Јеховината уста‘“ (Матеј 4:4). Духовните дарови од Јехова се многу поважни од материјалните, затоа што водат до вечен живот. Во осмото поглавје од оваа книга видовме дека во овие последни денови Јехова ја користел својата моќ за да создаде духовен рај. Едно многу важно обележје на тој рај е изобилството духовна храна.

      13, 14. а) Какво видение добил пророкот Езекиел, и какво значење има тоа за нас денес? б) Какви животоважни духовни дарови им дава Јехова на своите верни слуги?

      13 Во едно значајно библиско пророштво за обнова, на пророкот Езекиел му било дадено видение за еден обновен, величествен храм. Од тој храм течела река која се проширувала и се продлабочувала сѐ додека не станала „двапати поголема“. Секаде каде што течела, таа река носела благослови. На нејзините брегови растеле дрвја што служеле за храна и за лекување. Реката внесувала живот дури и во соленото, безживотно Мртво Море! (Езекиел 47:1-12). Но, што значело сето тоа?

      14 Видението покажувало дека Јехова ќе се погрижи луѓето повторно да му служат на исправен начин, како што било претставено со храмот што го видел Езекиел. Слично на таа река, Божјите дарови што носат живот ќе течат кон неговиот народ во сѐ поголема мера. Откако било обновено чистото обожавање во 1919 год., Јехова го благословил својот народ со дарови што носат живот. Како? Благодарение на тоа што се печатат Библии и библиска литература, а се одржуваат и состаноци и конгреси, животоважните вистини им се пренесуваат на милиони луѓе. На тој начин, Јехова ги поучува луѓето за најважниот дар кој носи живот — Христовата откупна жртва. Преку неа, сите што го сакаат Бог и имаат страхопочит кон него можат да бидат чисти во Божји очи и да имаат надеж за вечен живот.a Затоа, додека светот во овие последни денови страда од духовен глад, Јеховиниот народ ужива во духовна гозба (Исаија 65:13).

      15. На кој начин Јехова ќе покаже добрина кон верните луѓе во текот на илјадагодишното владеење на Христос?

      15 Но, реката од видението на Езекиел нема да престане да тече кога ќе му дојде крај на овој свет. Напротив, таа ќе тече уште повеќе за време на илјадагодишното владеење на Христос. Тогаш, преку месијанското Царство, Јехова потполно ќе ја примени вредноста на Исусовата откупна жртва и постепено ќе ги доведе верните луѓе до совршенство. Колку само ќе ѝ се радуваме на Јеховината доброта!

      Уште некои аспекти на Јеховината добрина

      16. Како Библијата покажува дека Јеховината добрина опфаќа и други особини, и кои се некои од нив?

      16 Јеховината добрина не вклучува само дарежливост. Јехова му рекол на Мојсеј: „Ќе направам сета моја добрина да помине пред твоето лице и ќе го објавам пред тебе името Јехова“. Малку понатаму, во извештајот стои: „Јехова помина пред него објавувајќи: ‚Јехова! Јехова! Бог милосрден и љубезен, бавен на гнев, полн со милост и вистина‘“ (2. Мојсеева 33:19; 34:6). Значи, Јеховината добрина опфаќа повеќе особини. Да спомнеме само две од нив.

      17. Како Јехова се однесува со несовршените луѓе, и која особина го наведува на тоа?

      17 „Љубезен.“ Оваа особина ни покажува како Јехова се однесува со луѓето. Тој не е груб, студен или суров, какви што обично се моќните личности, туку е благ и нежен. На пример, на Авраам му рекол: „Те молам, подигни ги очите и, од местото на кое стоиш, погледни на север, на југ, на исток и на запад“ (1. Мојсеева 13:14). Во многу преводи, изразот „те молам“ е испуштен. Но, библиските изучувачи велат дека на изворниот хебрејски јазик текстот од овој стих содржи едно зборче со кое заповедта станува љубезна молба. Библијата содржи и други слични примери (1. Мојсеева 31:12; Езекиел 8:5). Замисли си, Севишниот на целата вселена им вели „те молам“ на обични луѓе! Бидејќи живееме во свет во кој грубоста и неучтивоста се секојдневна појава, не е ли прекрасно кога ќе помислиме на тоа колку е љубезен нашиот Бог, Јехова?

      18. Во која смисла Јехова е „полн со... вистина“, и зошто тие зборови се утешни?

      18 „Полн со... вистина.“ Денес, нечесноста навлегла во секоја пора од животот. Но, Библијата нѐ потсетува: „Бог не е човек да лаже“ (4. Мојсеева 23:19). А во Тит 1:2 пишува дека „Бог... не може да лаже“. Тој е премногу добар за да го прави тоа. Затоа, можеме да имаме потполна доверба дека ќе ги исполни сите свои ветувања. Јехова дури е наречен и ‚Бог на вистината‘ (Псалм 31:5). Тој не кажува лаги. Напротив, великодушно ја шири вистината. Јехова не е затворен и таинствен, туку ги просветлува своите верни слуги со мудроста од својата богата ризница.b Тој ги учи да ‚живеат според вистината‘ што доаѓа од него (3. Јованово 3). Како треба да влијае Јеховината доброта врз секого од нас?

      „Ќе блескаат поради добрината на Јехова“

      19, 20. а) На кој начин Сатана ѝ ја поткопал довербата на Ева во Јеховината добрина, и со какви последици? б) Како треба да влијае врз нас Јеховината добрина, и зошто?

      19 Во рајската градина, кога Сатана ѝ пристапил на Ева за да ја искуша, најпрво лукаво ѝ ја поткопал довербата во Јеховината добрина. Јехова претходно му рекол на Адам: „Од секое дрво во градината можеш да јадеш до ситост“. Иако таа градина ја краселе илјадници дрвја, Јехова им забранил да јадат само од едно дрво. Сепак, забележи со кои зборови Сатана ѝ го поставил на Ева првото прашање: „Навистина ли рекол Бог дека не смеете да јадете од секое дрво во градината?“ (1. Мојсеева 2:9, 16; 3:1). Сатана ги извртел Јеховините зборови за да ја наведе Ева да помисли дека Јехова ѝ скратува нешто добро. За жал, успеал во тоа. Ева, како и многу мажи и жени по неа, почнала да се сомнева дека Бог е добар, иако од него добила сѐ што имала.

      20 Добро знаеме колку страдања и болки произлегле од тие сомневања. Затоа, да обрнеме внимание на зборовите од Еремија 31:12, каде што стои: „Ќе блескаат поради добрината на Јехова“. Навистина, треба да блескаме од радост поради добрината на Јехова. Никогаш не треба да се сомневаме во мотивите на нашиот Бог, кој е преполн со добрина. Мора да имаме целосна доверба во него, бидејќи тој им го мисли само доброто на оние што го сакаат.

      21, 22. а) На кои начини би можел да покажеш благодарност за Јеховината добрина? б) За која особина ќе стане збор во следното поглавје, и по што се разликува таа од добрината?

      21 Освен тоа, се радуваме кога имаме можност да зборуваме со другите за Божјата добрина. Во врска со Јеховините слуги, во Псалм 145:7 пишува: „Восхитено ќе раскажуваат за изобилството на твојата добрина“. Секој ден од нашиот живот ја чувствуваме добрината на Јехова на разни начини. Зошто да не ни стане навика секојдневно да му благодариме за неговата доброта, и притоа да бидеме што поконкретни? Ако размислуваме за добрината на Јехова, ако секојдневно му благодариме за оваа особина и ако им кажуваме и на другите колку е добар, ќе ни биде полесно да се угледаме на него. А додека бараме начини да правиме добро како што прави Јехова, ќе стануваме сѐ поблиски со него. Кога апостол Јован бил во поодминати години, напишал: „Сакан, не земај пример од она што е зло, туку од она што е добро. Кој прави добро, потекнува од Бог“ (3. Јованово 11).

      22 Јеховината добрина е поврзана и со други особини. На пример, Бог е „полн со милост“, односно со лојална љубов (2. Мојсеева 34:6). За разлика од добрината, оваа особина Јехова ја покажува првенствено кон своите верни слуги. Во следното поглавје ќе дознаеме како го прави тоа.

      a Откупнината е најголемиот доказ за тоа колку е добар Јехова. Од милионите духовни суштества на небото, Јехова го избрал својот сакан, единороден Син да умре за нас.

      b Со добра причина, Библијата ја споредува вистината со светлина. Псалмистот пеел: „Испрати ги својата светлина и својата вистина“ (Псалм 43:3). Јехова испраќа изобилство духовна светлина врз оние што сакаат да бидат поучени, односно просветлени од него (2. Коринќаните 4:6; 1. Јованово 1:5).

      Прашања за размислување

      • 1. Царевите 8:54-61,66. Како Соломон го изразил своето ценење за Јеховината добрина, и како тоа влијаело врз Израелците?

      • Псалм 119:66,68. Како може од нашите молитви да се види дека сакаме да покажуваме добрина како што покажува Јехова?

      • Лука 6:32-38. Што може да нѐ мотивира да бидеме дарежливи како Јехова?

      • Римјаните 12:2, 9, 17-21. Како можеме секојдневно да покажуваме добрина?

  • „Само ти си лојален“
    Приближи му се на Јехова
    • Месечината на ноќно небо

      ПОГЛАВЈЕ 28

      „Само ти си лојален“

      1, 2. Зошто може да се каже дека цар Давид знаел како е да бидеш изневерен?

      ЦАР ДАВИД добро знаел како е да бидеш изневерен. Во еден период од неговото владеење бил жртва на многу сплетки — луѓе од неговиот сопствен народ ковале завери против него. Освен тоа, го издале некои од оние што ги сметал за најблиски пријатели. Меѓу нив била и Михала, неговата прва жена. Во почетокот, таа била „вљубена во Давид“ и сигурно му давала поддршка додека ги извршувал своите должности како цар. Но, подоцна ‚го презрела во своето срце‘, па дури и го сметала за ‚безумен‘ (1. Самоилова 18:20; 2. Самоилова 6:16, 20).

      2 Друг пример е Ахитофел, личниот советник на Давид. Советот на Ахитофел се ценел како да доаѓа директно од Јехова (2. Самоилова 16:23). Меѓутоа, по некое време овој доверлив човек станал предавник и се приклучил на една организирана побуна против Давид. А кој стоел зад тој заговор? Авесалом, неговиот сопствен син! Овој сплеткар ‚ги придобивал срцата на Израелците‘ и се однесувал како тој да е цар. Бунтот на Авесалом зел толкав замав што цар Давид морал да бега за да си го спаси животот (2. Самоилова 15:1-6, 12-17).

      3. Во што бил уверен Давид?

      3 Зар никој не му останал лојален на Давид? Додека минувал низ сите тие неволји, тој знаел дека некој сепак останал на негова страна. Кој бил тој? Јехова Бог! „Со лојалниот постапуваш лојално“, му рекол Давид на Јехова (Псалм 18:25). Што е лојалност, и како Јехова покажал дека е најголемиот пример за лојалност?

      Што е лојалност?

      4, 5. а) Што означува зборот „лојалност“ во хебрејскиот јазик? б) Зошто само живите суштества можат да покажуваат лојалност?

      4 Зборот „лојалност“ во Хебрејските списи означува добрина со која една личност со многу љубов се приврзува кон некого (или нешто) и не го напушта сѐ додека не се исполни целта што ја има во врска со тоа лице (или тоа нешто). Во хебрејскиот јазик, зборовите „верност“ и „лојалност“ немаат сосема исто значење. Верноста понекогаш се темели само на чувство на должност. Но, лојалноста за која се зборува во Библијата секогаш произлегува од љубов. На пример, псалмистот ја нарекол Месечината „верен сведок“ бидејќи таа редовно се појавува на ноќното небо (Псалм 89:37). Но, Месечината не е опишана како лојална. Зошто? Затоа што лојалноста е израз на љубов, а неживите работи не можат да покажуваат љубов.

      Иако Месечината е наречена верен сведок, само суштествата обдарени со разум можат да покажуваат лојалност како Јехова

      5 Лојалноста за која се зборува во Библијата е срдечна особина. Кога една личност покажува лојалност кон друга личност, тоа значи дека меѓу нив постои блискост. Таквата лојалност не е непостојана. Таа не е како морските бранови кои се носени ваму-таму од променливите ветрови. Напротив, лојалноста е толку постојана и цврста особина што може да ги совлада дури и најголемите препреки.

      6. а) Колку е ретка лојалноста кај луѓето, и како Библијата го потврдува тоа? б) Како можеме најдобро да дознаеме што опфаќа лојалноста?

      6 Мора да се признае, денес ретко се сретнува таква лојалност. Има многу „луѓе што се готови да го уништат својот другар“. Исто така, сѐ повеќе се случува едниот брачен другар да го напушти другиот (Изреки 18:24; Малахија 2:14-16). Измамите се толку честа појава што можеби и ние го помислуваме она што го кажал пророкот Михеј: „Исчезна лојалниот од земјата“ (Михеј 7:2). Иако луѓето ретко покажуваат лојалност, таа е истакната карактеристика на Јехова. Всушност, најдобар начин да дознаеме што точно опфаќа лојалноста е да видиме како Јехова ја покажува оваа прекрасна особина.

      Никој не е лојален како Јехова

      7, 8. Зошто може да се каже дека само Јехова е лојален?

      7 Библијата го вели следново за Јехова: „Само ти си лојален“ (Откровение 15:4). Како е можно тоа? Зар не покажале голема лојалност и некои луѓе и ангели? (Јов 1:1; Откровение 4:8). Исто така, зар Исус не е наречен Божјиот „лојален слуга“? (Псалм 16:10). Тогаш, зошто може да се каже дека само Јехова е лојален?

      8 Имај на ум дека лојалноста е израз на љубов. Бидејќи „Бог е љубов“, односно олицетворение на љубовта, може ли некој да покажува поголема лојалност од него? (1. Јованово 4:8). Точно е дека ангелите и луѓето можат да ги покажуваат Божјите особини, но само Јехова е лојален во најпотполна смисла на зборот. Бидејќи постои отсекогаш, тој покажува лојална љубов подолго од секое друго суштество на небото и на Земјата (Даниел 7:9). Според тоа, Јехова е најголем пример за лојалност. Никој друг не може да ја покажува оваа особина како него. Да наведеме неколку примери.

      9. Во која смисла Јехова е „лојален во сите свои дела“?

      9 Јехова е „лојален во сите свои дела“ (Псалм 145:17). Во која смисла? Одговорот го наоѓаме во 136. Псалм. Таму се спомнуваат многу ситуации во кои Јехова му помогнал на својот народ, како што било впечатливото преминување на Израелците низ Црвеното Море. Значајно е тоа што секој стих од овој псалм го содржи изразот: „Зашто неговата милост [или „лојална љубов“, фуснота] трае довека“. Овој псалм е вклучен во прашањата за размислување на 289. страница. Додека ги читаш тие стихови, сигурно ќе те одушеви тоа што Јехова покажал лојална љубов кон својот народ на најразлични начини. Значи, Јехова покажува лојалност кон своите верни слуги со тоа што ги слуша нивните молитви и им помага кога ќе дојде време за тоа (Псалм 34:6). Јехова ќе биде лојален кон своите слуги сѐ додека тие му се лојални нему.

      10. Како мерилата на Јехова покажуваат дека тој е лојален?

      10 Освен тоа, Јехова покажува лојалност кон своите слуги и на тој начин што секогаш се држи за своите мерила. За разлика од некои непостојани луѓе, кои се водат по моменталните желби и чувства, Јехова не го менува своето гледиште за тоа што е исправно, а што погрешно. Неговото гледиште за спиритизмот, идолопоклонството и убиството не се променило илјадници години. Преку својот пророк Исаија, тој рекол: „И до вашата старост јас ќе бидам истиот“ (Исаија 46:4). Значи, можеме да бидеме сигурни дека ќе биде за наше добро да ги следиме јасните морални упатства што се наоѓаат во Божјата Реч (Исаија 48:17-19).

      11. Од каде знаеме дека Јехова секогаш ги исполнува своите ветувања?

      11 Јехова покажува лојалност и со тоа што секогаш ги одржува своите ветувања. Кога ќе прорече нешто, тоа сигурно ќе се исполни. Затоа, Јехова рекол: „Мојата реч што излегува од мојата уста... нема да се врати кај мене без плод, туку ќе го направи она што го сакам и ќе го изврши она поради кое сум ја испратил“ (Исаија 55:11). Со тоа што секогаш си стои на зборот, Јехова покажува лојалност кон својот народ. Тој не ги остава своите слуги желно да се надеваат на нешто што нема намера да го направи. Јехова беспрекорно ги исполнува сите свои ветувања. Затоа, неговиот слуга Исус Навин можел да рече: „Не остана неисполнето ниту едно ветување од сите добри ветувања што му ги даде Јехова на Израеловиот дом. Сѐ се исполни“ (Исус Навин 21:45). Можеме да бидеме сосема сигурни дека никогаш нема да се разочараме од Јехова бидејќи ќе го исполни секое ветување што го дал (Исаија 49:23; Римјаните 5:5).

      12, 13. Во која смисла Јеховината лојална љубов „трае довека“?

      12 Како што веќе беше спомнато, Библијата вели дека Јеховината лојална љубов „трае довека“ (Псалм 136:1). Во која смисла? Како прво, кога Јехова ни ги простува гревовите, ги простува засекогаш. Како што видовме во 26. поглавје, тој не ги спомнува грешките од минатото што веќе ни ги простил. Бидејќи ‚сите грешат и не ја одразуваат Божјата слава‘, секој од нас треба да биде благодарен што Јеховината лојална љубов трае вечно (Римјаните 3:23).

      13 Но, може да се каже дека Јеховината лојална љубов „трае довека“ и во една друга смисла. Во Божјата Реч пишува дека праведниот ќе биде „како дрво посадено крај води што течат, кое својот плод го донесува во свое време и на кое лисјето не му венеат, и во сѐ што прави, ќе биде успешен“ (Псалм 1:3). Замисли си едно разгрането дрво чии лисја не венеат! Ако вистински уживаме во Божјата Реч, и нашиот живот ќе биде долг, спокоен и исполнет. Благословите што Јехова лојално ги излева врз своите верни слуги ќе траат вечно. Во праведниот нов свет што ќе го воспостави Јехова, послушните луѓе во сета вечност ќе ја чувствуваат неговата лојална љубов (Откровение 21:3, 4).

      Јехова „нема да ги остави оние што му се лојални“

      14. Како Јехова покажува дека ја цени лојалноста на своите слуги?

      14 Јехова многупати покажал дека е лојален. Бидејќи тој никогаш не се менува, лојалноста што ја покажува кон своите верни слуги никогаш не се намалува. Псалмистот напишал: „Бев млад и остарев, но никогаш не видов праведник да биде оставен, ниту неговите деца да просат за леб. Зашто, Јехова ја сака правдата и нема да ги остави оние што му се лојални“ (Псалм 37:25, 28). Како Творец на сѐ што постои, Јехова заслужува да го обожаваме (Откровение 4:11). А затоа што е лојален, тој не го заборава она што го правиме за да му бидеме верни (Малахија 3:16, 17).

      15. Како она што Јехова го направил за Израелците ни покажува колку е лојален?

      15 Поради својата лојална љубов, Јехова никогаш не престанува да им помага на своите слуги кога се во неволја. Псалмистот ни кажува: „Тој ги чува душите на оние што му се лојални, од раката на злите тој ги избавува“ (Псалм 97:10). Да се потсетиме што направил Јехова за Израелците. Откако со чудо ги избавил така што ги разделил водите на Црвеното Море, тие му пееле: „Со својата милост [или „лојална љубов“, фуснота] го водеше народот што го беше избавил“ (2. Мојсеева 15:13). Со тоа што ги спасил Израелците, Јехова покажал лојална љубов кон нив. Затоа, Мојсеј им рекол: „Јехова не ви покажа наклоност и не ве избра вас затоа што бевте најголем од сите народи, зашто вие бевте најмалиот од сите народи. Јехова ве избра затоа што ве сакаше и за да ја одржи заклетвата со која им се заколна на вашите прататковци. Затоа Јехова ве изведе со силна рака и ве откупи од куќата на ропството, од раката на фараонот, царот на Египет“ (5. Мојсеева 7:7, 8).

      16, 17. а) Колку голема неблагодарност покажале Израелците, но каква милост покажал Јехова кон нив? б) Како повеќето Израелци покажале дека веќе ‚им немало лек‘, и какво предупредување е тоа за нас?

      16 Како што знаеме, Израелците како народ не покажале благодарност за Јеховината лојална љубов. Откако биле избавени, тие уште повеќе му грешеле на Јехова, „бунејќи се против Севишниот“ (Псалм 78:17). Со векови, секогаш одново се бунтувале така што го напуштале Јехова и се свртувале кон лажни богови и валкани пагански обичаи. Сепак, Јехова не го раскинал својот сојуз со нив. Напротив, преку пророкот Еремија го преколнувал својот народ: „Врати се, одметничке, Израеле... Нема да се гневи моето лице на вас, зашто јас сум лојален“ (Еремија 3:12). Меѓутоа, како што видовме во 25. поглавје, овие зборови не допреле до срцето на повеќето Израелци. Во Библијата пишува: „Тие постојано им се подбиваа на гласниците на вистинскиот Бог, Јехова, ги презираа неговите зборови и ги исмејуваа неговите пророци“. До кога го правеле тоа? „Сѐ додека неговиот гнев не дојде врз неговиот народ, та веќе немаше лек“ (2. Летописи 36:15, 16).

      17 Што учиме ние од ова? Учиме дека Јехова не е лекомислен кога покажува лојалност. Точно е дека тој е полн со лојална љубов и сака да покажува милост кога има основа за тоа. Но, што се случува кога некој грешник никако не сака да се промени? И во тој случај Јехова се држи за своите праведни мерила и го казнува. Како што му било кажано на Мојсеј, Јехова „не ослободува од казна“ (2. Мојсеева 34:6, 7).

      18, 19. а) Како Јехова покажува дека е лојален со тоа што ги казнува злобните? б) Како Јехова ќе покаже лојалност кон своите верни слуги што биле прогонувани и убиени?

      18 Тоа што Бог ги казнува злобните исто така покажува дека е лојален. Како? Еден доказ наоѓаме во библиската книга Откровение. Во неа пишува дека на седум ангели Јехова им заповедал: „Одете и излејте ги на земјата седумте садови на Божјиот гнев“. Кога третиот ангел го излеал својот сад „во реките и во изворите на вода“, тие се претвориле во крв. Тогаш ангелот му рекол на Јехова: „Праведен си, ти кој си и кој беше, Боже лојален, бидејќи така пресуди. Зашто, тие ја пролеаја крвта на твоите свети слуги и на пророците, па ти им даде да пијат крв. Тоа и го заслужија“ (Откровение 16:1-6).

      Затоа што е лојален, Јехова ги помни и ќе ги воскресне оние што останале лојални до смрт

      19 Додека ја пренесувал таа порака на осуда, ангелот рекол дека Јехова е „лојален“. Зошто? Бидејќи со тоа што ќе ги уништи злобните, Јехова ќе покаже лојалност кон своите слуги, од кои многумина биле прогонувани и убиени. Затоа што е лојален, Јехова живо се сеќава на нив и копнее по денот кога повторно ќе ги види тие верни луѓе. Библијата нѐ уверува дека тој ќе ги награди така што ќе ги воскресне (Јов 14:14, 15). Јехова не ги заборава своите лојални слуги само затоа што умреле. Напротив, „за него сите тие се живи“ (Лука 20:37, 38). Тоа што Јехова има намера да ги врати во живот оние што се во неговото сеќавање е голем доказ дека е лојален.

      Фотографии на верни слуги на Јехова што му останале лојални до смрт: Бернард Лимес, Волфганг Кусеров, Мозес Нијамусуа

      Бернард Лимес (горе) и Волфганг Кусеров (во средина) биле погубени од нацистите

      Мозес Нијамусуа бил избоден до смрт од една политичка група

      Спасени благодарение на Јеховината лојална љубов

      20. Кои се „садовите на милосрдноста“, и како Јехова покажува лојалност кон нив?

      20 Јехова отсекогаш покажувал голема лојалност кон оние што му биле верни. Всушност, илјадници години тој ‚ги поднесува садовите на гневот, кои се подготвени за уништување‘. Зошто? „За да го разгласи богатството на својата слава врз садовите на милосрдноста, кои однапред ги подготви за слава“ (Римјаните 9:22, 23). Овие ‚садови на милосрдноста‘ се луѓе кои се помазани со светиот дух за да владеат заедно со Христос во неговото Царство (Матеј 19:28). Со тоа што им овозможил спасение, Јехова покажал лојалност кон Авраам, на кого му ветил: „Преку твоето потомство ќе се благословат сите народи на земјата затоа што го послуша мојот глас“ (1. Мојсеева 22:18).

      Група среќни и верни слуги на Јехова Бог денес

      Бидејќи Јехова е лојален, сите негови верни слуги можат да се надеваат на прекрасна иднина

      21. а) Како Јехова покажува лојалност кон едно „големо мноштво“ луѓе што ќе ја преживеат „големата неволја“? б) На што те мотивира лојалноста што ја покажува Јехова?

      21 Јехова покажува слична лојалност и кон едно „големо мноштво“ луѓе што ќе ја преживеат „големата неволја“ и ќе можат да живеат вечно во рај на Земјата (Откровение 7:9, 10, 14). Иако неговите слуги се несовршени, Јехова им дава можност да живеат вечно на една рајска Земја. Како го овозможил тоа? Преку откупнината, која е најголем доказ дека Јехова е лојален (Јован 3:16; Римјаните 5:8). Јеховината лојалност ги привлекува оние чии срца копнеат по праведност (Еремија 31:3). Зар не се чувствуваш поблизок со Јехова поради длабоката лојалност што ја покажува денес и ќе продолжи да ја покажува и во иднина? Бидејќи наша цел е да се зближиме со Бог, да возвратиме на неговата љубов со тоа што ќе продолжиме да му служиме лојално.

      Прашања за размислување

      • 1. Самоилова 24:1-22. Како Давид покажал лојалност каква што цени Јехова?

      • Естира 3:7-9; 4:6-14. На кој начин Естира покажала лојалност кон својот народ дури и по цена на својот живот?

      • Псалм 136:1-26. Што учиме за Јеховината лојална љубов од овој псалм?

      • Авдија 1-4, 10-16. Како лојалноста кон својот народ го поттикнала Јехова да ги казни нелојалните Едомци?

  • „Да ја спознаете Христовата љубов“
    Приближи му се на Јехова
    • Исус Христос покажува сочувство

      ПОГЛАВЈЕ 29

      „Да ја спознаете Христовата љубов“

      1-3. а) Што го поттикнало Исус да биде како неговиот Татко? б) Кои аспекти на Исусовата љубов ќе ги разгледаме?

      ДАЛИ некогаш си видел детенце што се обидува да биде како својот татко? Можеби го имитира во одењето, во зборувањето и во постапките. А со текот на времето можеби дури и ќе ги усвои неговите морални и духовни вредности. Љубовта и восхитот што синчето ги чувствува кон својот грижлив татко го поттикнуваат да биде како него.

      2 А каков е односот меѓу Исус и неговиот небесен Татко? „Го сакам Таткото“, рекол Исус (Јован 14:31). Никој не може да го сака Јехова повеќе од неговиот Син, кој бил со својот Татко долго време пред создавањето на кое и да е друго живо суштество. Токму таа љубов го поттикнала овој верен Син да биде како неговиот Татко (Јован 14:9).

      3 Во некои од претходните поглавја видовме како Исус совршено ги одразувал моќта, правдата и мудроста на Јехова. А како ја одразувал неговата љубов? Сега ќе разгледаме три аспекти на љубовта што ја покажувал Исус. Тоа се самопожртвуваноста, длабокото сочувство и спремноста да прости.

      „Никој нема поголема љубов од оваа“

      4. Како Исус покажал самопожртвувана љубов подобро од кој и да е друг човек?

      4 Исус дал прекрасен пример на самопожртвувана љубов. Оној што е самопожртвуван несебично ги става потребите на другите пред своите. Како Исус покажал самопожртвувана љубов? Самиот тој објаснил: „Никој нема поголема љубов од оваа: да го даде својот живот за своите пријатели“ (Јован 15:13). Исус без колебање го дал својот совршен живот за нас. Тоа бил најголемиот израз на љубов од страна на некој човек. Но, Исус покажал самопожртвувана љубов и на други начини.

      5. Зошто може да се каже дека Божјиот единороден Син покажал голема љубов со тоа што дошол на Земјата?

      5 Пред да се роди како човек, Божјиот единороден син имал многу висока положба на небото. Тој бил заедно со Јехова и со огромен број духовни суштества. И покрај тоа, овој сакан Син ‚се одрекол од самиот себе, зел облик на роб и станал сличен на луѓето‘ (Филипјаните 2:7). Спремно дошол да живее меѓу грешни луѓе во свет што е „под власта на Злобниот“ (1. Јованово 5:19). Зарем тоа не било жртва што Божјиот Син ја направил затоа што многу нѐ сака?

      6, 7. а) Како Исус покажал самопожртвувана љубов додека бил на Земјата? б) Кој трогателен пример за несебична љубов е запишан во Јован 19:25-27?

      6 Во текот на својата служба на Земјата, Исус покажувал самопожртвувана љубов на различни начини. Тој бил крајно несебичен. Толку ѝ се посветил на службата што се одрекол од материјалните удобности вообичаени за луѓето. „Лисиците имаат дувла и птиците небесни имаат гнезда, а Синот човечки нема каде глава да потпре“, рекол тој (Матеј 8:20). Бидејќи бил добар дрводелец, Исус можел да си направи удобен дом или, пак, да изработува убав мебел за продажба. Но, тој не ги користел своите способности за да стекнува материјални работи.

      7 Еден трогателен пример за самопожртвуваната љубов на Исус е запишан во Јован 19:25-27. Замисли на што сѐ сигурно помислувал Исус попладнето пред да умре. Додека страдал на столбот, мислел на своите ученици, на проповедничкото дело, а особено на тоа дали ќе остане беспрекорен и како тоа ќе се одрази врз името на неговиот Татко. Иднината на целото човештво зависела од него! Сепак, кратко пред да умре, покажал грижа и за својата мајка, Марија, која по сѐ изгледа останала вдовица. Исус му рекол на апостол Јован да се грижи за неа како за своја мајка, и Јован ја зел во својот дом. На тој начин Исус се погрижил за физичките и за духовните потреби на неговата мајка. Каква несебична љубов!

      „Се сожали на нив“

      8. Што означува грчкиот збор со кој во Библијата се опишува Исусовото сочувство?

      8 Исто како својот Татко, Исус бил сочувствителен. Во Библијата тој е претставен како човек кој им помагал на оние што биле во неволја затоа што му паѓало жал за нив. Сочувството на Исус е опишано со еден грчки збор кој е преведен со изразот „се сожали“. Еден изучувач рекол: „Овој израз означува... чувство што го допира човекот до дното на душата. Тој е најсилниот грчки збор за сочувство“. Да спомнеме некои ситуации во кои Исус презел нешто бидејќи бил поттикнат од длабоко сочувство.

      9, 10. а) Зошто Исус и неговите апостоли сакале да заминат на мирно место? б) Како реагирал Исус кога мноштвото му ја нарушило приватноста, и зошто?

      9 Ги задоволувал духовните потреби на луѓето. Од извештајот во Марко 6:30-34 дознаваме што првенствено го поттикнувало Исус да се сожали. Замисли си ја следнава сцена. Апостолите се возбудени бидејќи штотуку се вратиле од едно проповедничко патување. Доаѓаат кај Исус и одушевено му раскажуваат за сѐ што виделе и чуле. Но, се собира големо мноштво, па Исус и апостолите немаат време ни да јадат. Острото око на Исус брзо забележува дека апостолите се уморни. „Дојдете со мене на едно осамено место и одморете се малку“, им вели. Се качуваат на чамец и, одминувајќи ја најсеверната точка на Галилејското Море, продолжуваат кон едно мирно место од другата страна на брегот. Но, мноштвото гледа дека заминуваат, а за тоа слушаат и други луѓе. Сите тие брзо тргнуваат покрај северниот брег на морето и доаѓаат на тоа место уште пред да стигне чамецот!

      10 Дали Исус се вознемирил затоа што му ја нарушиле приватноста? Воопшто не! Тој бил трогнат кога видел дека го чекаат илјадници луѓе. Марко напишал: „Виде многу народ, па се сожали на нив, зашто беа како овци без пастир. И почна да ги поучува за многу работи“. Исус ги гледал тие луѓе како поединци со духовни потреби. Тие биле како овци кои беспомошно талкаат затоа што немаат овчар што ќе ги води и штити. Исус знаел дека бесчувствителните верски водачи, кои требало да бидат грижливи пастири, го запоставиле обичниот народ (Јован 7:47-49). Но, тој сочувствувал со луѓето и затоа почнал да ги поучува „за Божјето царство“ (Лука 9:11). Забележи дека Исус се сожалил на луѓето уште пред да види како ќе реагираат на неговите поуки, а не потоа. Значи, сочувството било мотивот од кој поучувал.

      Исус Христос сочувствително допира еден лепрозен човек за да го излекува

      ‚Ја протегна раката и го допре‘

      11, 12. а) Како се гледало на лепрозните во библиски времиња, но како постапил Исус со еден човек „полн со лепра“? б) Како можеби се почувствувал лепрозниот човек кога Исус го допрел, и која случка од денешно време го потврдува тоа?

      11 Им ги олеснувал страдањата на луѓето. Луѓе со најразлични болести забележувале дека Исус бил сочувствителен, па затоа оделе кај него. На пример, во една прилика кога го следело мноштво луѓе, му пристапил еден човек кој бил „полн со лепра“ (Лука 5:12). Во библиски времиња, болните од лепра живееле во изолација за да не се заразат другите (4. Мојсеева 5:1-4). Меѓутоа, со текот на времето, рабинските водачи станале безмилосни кон лепрозните и почнале да наметнуваат бездушни правила во врска со нив.a Но, забележи како постапил Исус со болниот од лепра: „И дојде кај него еден лепрозен и го молеше на колена: ‚Ако сакаш, можеш да ме исчистиш‘. Тој го сожали, ја протегна раката, го допре и му рече: ‚Сакам, исчисти се!‘ И лепрата веднаш му се изгуби, и тој стана чист“ (Марко 1:40-42). Исус знаел дека, според Законот, човекот не смеел ни да биде таму. Сепак, наместо да го избрка, Исус толку се сожалил на него што направил нешто незамисливо — го допрел лепрозниот!

      12 Можеш ли да замислиш колку му значел на лепрозниот тој допир? За полесно да го сфатиме тоа, ќе ја спомнеме следнава случка. Д-р Пол Бренд, специјалист за болеста лепра, кажува што се случило додека лекувал еден лепрозен човек во Индија. За време на прегледот, докторот ја ставил раката на рамото на болниот и преку преведувач му објаснил како ќе го лекува. Одеднаш, лепрозниот почнал да плаче. „Да не кажав нешто погрешно?“, прашал докторот. Преведувачот му го превел тоа прашање на младиот човек, а потоа рекол: „Не, докторе. Тој вели дека плаче затоа што сте му ја ставиле раката на рамото. Пред да дојде кај вас, со години никој го немал допрено“. За лепрозниот што му пристапил на Исус, допирот имал уште поголемо значење — по тој допир, болеста поради која бил отфрлен од другите повеќе ја немало!

      13, 14. a) На каква поворка наишол Исус во околината на Наин, и зошто глетката била особено потресна? б) Поттикнат од сожалување, што направил Исус за вдовицата од Наин?

      13 Ја отстранувал тагата на ужалените. Исус не бил рамнодушен кон тагата на ужалените. Тој сочувствувал со нив. Да го земеме за пример извештајот од Лука 7:11-15. Настанот што е опишан се случил некаде во средината на Исусовата служба, кога дошол во околината на галилејскиот град Наин. Кога се приближил до градската порта, наишол на погребна поворка. Глетката била многу потресна. На една вдовица ѝ умрел единствениот син, кој бил многу млад. Еднаш таа веќе била во таква поворка — кога умрел нејзиниот маж. Но, сега ѝ починал синот, кој веројатно бил единствениот што го прехранувал семејството. Во мноштвото што одело крај неа можеби имало оплакувачи кои ределе тажачки и луѓе кои свиреле погребна музика (Еремија 9:17, 18; Матеј 9:23). Но, Исус го насочил погледот кон мајката. Таа била скршена од болка и веројатно одела покрај погребната носилка на која било положено телото на нејзиниот син.

      14 Исус ‚се сожалил‘ на уплаканата мајка. Со утешен тон на гласот ѝ рекол: „Не плачи“. Потоа дошол до носилката и ја допрел. Луѓето што ја држеле, а можеби и сите останати, застанале. Со одлучен глас, Исус му рекол на безживотното тело на починатиот: „Момче, тебе ти велам, стани!“ Што се случило тогаш? ‚Мртовецот седнал и почнал да зборува‘, како да бил разбуден од длабок сон! Извештајот продолжува со следниве трогателни зборови: „А Исус го предаде на мајка му“.

      15. a) Каква е врската меѓу сочувството и постапките? б) Како можеме да бидеме сочувствителни како Исус?

      15 Што учиме од овие извештаи? Од нив може да се види дека вистинското сочувство вклучува постапки. Исус не можел да ја гледа маката на другите без да се сожали, а не можел да се сожали без да направи нешто во врска со тоа. Како можеме да се угледаме на него? Како христијани, имаме обврска да ја проповедаме добрата вест и да правиме ученици. На тоа првенствено нѐ мотивира љубовта кон Бог. Но, да не заборавиме дека тоа дело го вршиме и од сочувство. Ако и ние се соживуваме со луѓето како Исус, срцето ќе нѐ поттикне да правиме сѐ што можеме за да им ја пренесеме добрата вест (Матеј 22:37-39). А како можеме да покажеме сочувство кон нашите браќа и сестри кои имаат некоја болест или тагуваат затоа што им починал некој близок? Не можеме со чудо да ја отстраниме физичката болка ниту да ги воскреснеме умрените. Сепак, можеме да покажеме сочувство со тоа што ќе бидеме вистински заинтересирани за оној што страда и ќе се понудиме да му помогнеме (Ефешаните 4:32).

      „Татко, прости им“

      16. Како Исус покажал дека бил спремен да прости дури и кога се наоѓал на маченичкиот столб?

      16 Исус совршено ја одразувал љубовта на својот Татко на уште еден важен начин — тој бил ‚спремен да прости‘ (Псалм 86:5). Тоа јасно можело да се види дури и кога се наоѓал на маченичкиот столб, прободен со шајки во рацете и нозете. За што зборувал додека го очекувала срамна смрт? Дали го молел Јехова да ги казни оние што го погубиле? Не. Напротив, меѓу последното што го кажал биле зборовите: „Татко, прости им, зашто не знаат што прават!“b (Лука 23:34).

      17-19. Како Исус покажал дека му простил на апостол Петар за тоа што трипати се одрекол од него?

      17 Можеби уште потрогателен пример за тоа колку простувал Исус наоѓаме во начинот на кој постапил со апостол Петар. Нема сомнение дека Петар многу го сакал Исус. На 14 нисан, на последната ноќ од Исусовиот живот на Земјата, Петар му рекол: „Господару, готов сум да одам со тебе и во затвор и во смрт!“ Сепак, само неколку часа подоцна, тој трипати рекол дека воопшто не го познава Исус! Во Библијата читаме што се случило кога по третпат се одрекол од него: „Тогаш Господарот се заврте и го погледна Петар“. Скршен од тежината на својот грев, Петар ‚излегол надвор и горко плачел‘. Кога подоцна тој ден Исус умрел, апостолот веројатно се прашувал: ‚Дали Господарот ми прости?‘ (Лука 22:33, 61, 62).

      18 Петар не морал да чека долго за да го дознае одговорот. Исус воскреснал утрото на 16 нисан и лично му се појавил на Петар, очигледно истиот ден (Лука 24:34; 1. Коринќаните 15:4-8). Зошто Исус му обрнал такво посебно внимание на апостолот кој без многу двоумење се откажал од него? Можеби сакал да го увери Петар, кој се каел, дека сѐ уште го сака и го цени. Но, Исус направил уште нешто за да го утеши.

      19 По некое време, им се појавил на учениците на Галилејското Море. Тогаш трипати го прашал Петар (кој претходно трипати се одрекол од својот Господар) дали го сака. По третото прашање, Петар одговорил: „Господару, ти знаеш сѐ, ти знаеш дека те сакам“. И навистина, Исус — кој можел да види што има секој човек во своето срце — бил потполно уверен дека Петар многу го сака. Сепак, му дал можност да го потврди тоа. Исто така, му дал задача да ги пасе и да ги храни неговите „овчички“ (Јован 21:15-17). Претходно, Петар добил задача да проповеда (Лука 5:10). Но, сега Исус покажал уште поголема доверба во него со тоа што му дал уште една многу одговорна задача — да се грижи за оние што ќе станат Христови следбеници. Кратко потоа, Исус му дал на Петар значајна улога во делото што требало да го вршат учениците (Дела 2:1-41). На Петар сигурно му паднал камен од срце кога сфатил дека Исус му простил и дека сѐ уште имал доверба во него!

      Дали си ја ‚спознал Христовата љубов‘?

      20, 21. Како можеме потполно да ја ‚спознаеме Христовата љубов‘?

      20 Во Јеховината Реч, љубовта на Христос е опишана на многу убав начин. А како треба ние да реагираме на неговата љубов? Библијата нѐ поттикнува: „Да ја спознаете Христовата љубов, која го надминува знаењето“ (Ефешаните 3:19). Како што видовме, извештаите од евангелијата што зборуваат за животот и службата на Исус ни откриваат многу за неговата љубов. Меѓутоа, за потполно да ја ‚спознаеме Христовата љубов‘ потребно е повеќе отколку само да знаеме што ни кажува Библијата за него.

      21 Грчкиот збор кој е преведен со изразот „да ја спознаете“ значи нешто да знаеме „практично, од искуство“. Ако покажуваме љубов како што покажувал Исус — со тоа што несебично ќе се жртвуваме за другите, сочувствително ќе им помагаме и од срце ќе им простуваме — ќе можеме потполно да ги разбереме неговите чувства. На тој начин, од лично искуство ќе ја ‚спознаеме Христовата љубов, која го надминува знаењето‘. Никогаш да не заборавиме дека, колку послични стануваме со Христос, толку поблиски ќе стануваме со нашиот добар Бог, Јехова, чии особини Исус совршено ги одразувал.

      a Според рабинските правила, никој не смеел да се приближи до лепрозен на растојание помало од четири лакти (речиси 2 метри). Но, ако дувало ветар, лепрозниот морал да биде оддалечен најмалку 100 лакти (скоро 45 метри). Во една збирка еврејски записи наречена Мидраш Раба се спомнува дека еден рабин се криел од лепрозните, а друг фрлал камења по нив за да ги истера што подалеку. Според тоа, лепрозните добро знаеле како е да се чувствуваш отфрлен, презрен и непожелен.

      b Во некои древни ракописи е испуштен првиот дел од Лука 23:34. Но, тие зборови се наоѓаат во многу други признати ракописи. Затоа се вклучени во Преводот Нов свет, како и во многу други преводи. Кога ги кажал тие зборови, Исус очигледно мислел на римските војници што го приковале. Тие не знаеле што прават бидејќи не биле свесни за тоа кој навистина бил Исус. За разлика од нив, верските водачи по чија иницијатива бил убиен Исус сноселе многу поголема вина затоа што сѐ направиле свесно и злонамерно. На многу од нив немало никаква основа да им биде простен гревот (Јован 11:45-53).

      Прашања за размислување

      • Матеј 9:35-38. На кој важен начин Исус покажувал сочувство кон луѓето, и како треба тоа да влијае врз нас?

      • Јован 13:34,35. Зошто е неопходно да покажуваме љубов каква што покажувал Христос?

      • Римјаните 15:1-6. Како можеме и ние да бидеме несебични како Христос?

      • 2. Коринќаните 5:14,15. Како нашата благодарност за откупнината треба да влијае врз нашите гледишта и цели и врз нашиот живот?

  • „Живејте во љубов“
    Приближи му се на Јехова
    • Меѓу браќата и сестрите во христијанското собрание владее љубов

      ПОГЛАВЈЕ 30

      „Живејте во љубов“

      1-3. Што се постигнува кога покажуваме љубов по примерот на Јехова?

      „ПОВЕЌЕ усреќува давањето отколку примањето“ (Дела 20:35). Овие зборови што ги кажал Исус нагласуваат еден многу важен факт: несебичната љубов не останува без награда. Иако сме многу среќни кога примаме љубов, уште посреќни сме кога даваме, односно покажуваме љубов кон другите.

      2 Нашиот небесен Татко најдобро знае дека тоа е така. Како што видовме во претходните поглавја, Јехова ни дал најубав пример за тоа како да покажуваме љубов. Никој не покажувал љубов повеќе или подолго од него. Затоа, не сме изненадени што Јехова е наречен „среќниот Бог“ (1. Тимотеј 1:11).

      3 Нашиот грижлив Бог сака да се трудиме да бидеме како него, особено во покажувањето љубов. Во Ефешаните 5:1, 2 ни е кажано: „Угледајте се на Бог, како негови љубени деца, и живејте во љубов“. Кога покажуваме љубов по примерот на Јехова, лично се уверуваме дека навистина повеќе усреќува давањето отколку примањето. Освен тоа, задоволни сме затоа што знаеме дека така го радуваме Јехова, кој во својата Реч нѐ поттикнува ‚да се сакаме еден со друг‘ (Римјаните 13:8). Но, има и други причини зошто треба да ‚живееме во љубов‘.

      Зошто е многу важно да покажуваме љубов

      4, 5. Зошто е важно да покажуваме самопожртвувана љубов кон нашите браќа и сестри?

      4 Зошто е важно да покажуваме љубов кон нашите браќа и сестри? Едноставно кажано, затоа што љубовта е самата суштина на вистинското христијанство. Ако немаме љубов, не можеме да бидеме блиски со нашите соверници, а што е уште полошо, така стануваме безвредни во Јеховини очи. Да видиме како тоа е нагласено во Божјата Реч.

      5 Во последната ноќ од својот живот на Земјата, Исус им рекол на своите следбеници: „Нова заповед ви давам: сакајте се еден со друг! Како што јас ве сакав, така и вие сакајте се еден со друг. По тоа сите ќе знаат дека сте мои ученици, ако се сакате еден со друг“ (Јован 13:34, 35). „Како што јас ве сакав“ — значи, дадена ни е заповед да покажуваме љубов каква што покажувал Исус. Во 29. поглавје видовме дека Исус дал извонреден пример за самопожртвувана љубов со тоа што потребите на другите ги ставал пред своите. И ние треба да покажуваме несебична љубов. Тоа треба да биде толку очигледно што јасно ќе го видат дури и оние што не се дел од христијанското собрание. Навистина, самопожртвуваната братска љубов е главното обележје по кое се препознаваат вистинските следбеници на Христос.

      6, 7. а) Од каде знаеме дека Јеховината Реч јасно истакнува колку е важно да покажуваме љубов? б) За каква љубов зборува Павле во 1. Коринќаните 13:4-8?

      6 А што ако немаме доволно љубов? Апостол Павле напишал: „Да немам љубов... би бил бакар што ечи или чинела што ѕвечи“ (1. Коринќаните 13:1). Чинелата е инструмент кој дава продорен звук. А што значи изразот „бакар што ечи“? За овој израз, во други преводи пишува „гласен гонг“ или „гонг што одекнува“. Колку соодветни споредби! Оној што нема љубов е како музички инструмент кој дава гласен, остар звук што делува одбивно. Зар таквиот човек може да биде близок со другите и да има добри односи со нив? Павле исто така рекол: „Да [ја] имам... сета вера, така што и планини да преместувам, а љубов немам, ништо не сум“ (1. Коринќаните 13:2). Замисли, личноста што нема љубов ‚не вреди ништо‘, без оглед на тоа какви дела прави! (Радосна Вест). Зар не е очигледно дека Јеховината Реч јасно истакнува колку е важно да покажуваме љубов?

      7 Но, како можеме да ја покажуваме оваа особина во нашиот однос со другите? За да одговориме на ова прашање, ќе ги разгледаме зборовите на апостол Павле од 1. Коринќаните 13:4-8. Во овие стихови не се зборува ниту за Божјата љубов кон нас ниту за нашата љубов кон Бог. Напротив, Павле зборува за тоа како треба да покажуваме љубов еден кон друг. Тој опишал каква е љубовта, а каква не е.

      Каква е љубовта

      8. Како може долготрпеливоста да ни помогне во односите со другите?

      8 „Љубовта е долготрпелива.“ Да се биде долготрпелив значи стрпливо да се поднесуваат другите (Колошаните 3:13). Дали ни е потребна таква стрпливост? Да. Бидејќи сите сме несовршени и служиме рамо до рамо, не треба да се изненадиме ако понекогаш нашите браќа и сестри нѐ налутат или ако ние ги налутиме нив. Но, стрпливоста и самосовладувањето можат да ни помогнат да излеземе накрај со малите несогласувања до кои доаѓа во нашите односи со другите, без притоа да се наруши мирот во собранието.

      9. Како можеме да покажеме љубезност и добрина кон другите?

      9 „Љубовта е... љубезна.“ Љубезноста се покажува со добри дела и со обѕирни зборови. Љубовта нѐ мотивира да бараме начини да покажуваме љубезност и добрина, особено кон оние на кои најмногу им треба нашата помош. На пример, некој постар соверник можеби е осамен и чувствува потреба некој да го посети и охрабри. На една самохрана мајка или на некоја сестра чиј сопруг не е соверник можеби ѝ треба некаква услуга. Некој што е болен или се бори со тежок проблем можеби има силна потреба да чуе љубезни и сочувствителни зборови од некој верен пријател (Изреки 12:25; 17:17). Кога на вакви и други слични начини покажуваме љубезност и добрина, докажуваме дека искрено ги сакаме другите (2. Коринќаните 8:8).

      10. Како љубовта ни помага да стоиме на страната на вистината, дури и кога тоа не е лесно?

      10 „Љубовта... ѝ се радува на вистината.“ Во еден друг превод пишува: „Љубовта... радосно стои на страната на вистината“. Љубовта нѐ мотивира да се залагаме за она што е вистинито и да ја ‚зборуваме вистината еден со друг‘ (Захарија 8:16). На пример, ако некој од нашите најблиски направил тежок грев, љубовта кон Јехова — и кон оној што згрешил — ќе ни помогне да се држиме за Божјите мерила наместо да го криеме престапот, да го оправдуваме или, пак, да лажеме во врска со она што се случило. Мора да се признае, понекогаш може да биде тешко да се прифатат работите такви какви што се. Но, ако му го мислиме најдоброто на оној што згрешил, ќе сакаме да добие — и да прифати — исправка која е израз на Божјата љубов (Изреки 3:11, 12). Исто така, љубовта ќе нѐ поттикне „во сѐ да постапуваме чесно“ (Евреите 13:18).

      11. Со оглед на тоа што љубовта „сѐ поднесува“, како треба да реагираме на грешките и пропустите на нашите соверници?

      11 „Љубовта... сѐ поднесува.“ Овој израз буквално значи „сѐ покрива“ (Превод на МПЦ — ревидирано издание). Во 1. Петрово 4:8 пишува: „Љубовта покрива мноштво гревови“. Навистина, оној што ги сака другите нема едвај да чека да ги изнесе на виделина мааните и слабостите на своите браќа и сестри. Грешките и пропустите на нашите соверници честопати не се толку сериозни и љубовта може лесно да ги покрие (Изреки 10:12; 17:9).

      Еден постар христијанин изразува доверба во еден помлад соверник.

      Ако ги сакаме нашите браќа, ќе имаме доверба во нив

      12. Како апостол Павле покажал дека „верува во најдоброто“ во врска со Филимон, и што можеме да научиме од примерот на Павле?

      12 „Љубовта... сѐ верува.“ Во преводот на Џејмс Мофат стои дека љубовта „секогаш сака да верува во најдоброто“. Ние не сме претерано сомничави кон нашите соверници и не го доведуваме во прашање секој нивен мотив. Љубовта ни помага да ‚веруваме во најдоброто‘ кога станува збор за нашите браќа и сестри и да имаме доверба во нив.a Да го земеме за пример писмото што апостол Павле му го напишал на Филимон. Во тоа писмо Павле го поттикнал Филимон љубезно да го прими назад својот побегнат роб Онисим, кој станал христијанин. Павле не го присилувал да постапи така, туку го замолил да го направи тоа од љубов. Изразил доверба дека Филимон ќе постапи исправно, па затоа му рекол: „Со надеж дека ќе го исполниш моето барање ти пишувам уверен дека ќе сториш и повеќе од ова што те молам“ (Филимон 21). Кога покажуваме таква доверба во нашите браќа затоа што ги сакаме, им помагаме да го даваат најдоброто од себе.

      13. Како можеме да покажеме дека се надеваме на најдоброто во врска со нашите браќа?

      13 „Љубовта... на сѐ се надева.“ Исто како што е полна со доверба, љубовта е полна и со надеж. Ако сме мотивирани од љубов, ќе им го посакуваме најдоброто на нашите браќа. На пример, ако некој брат ненамерно згреши, се надеваме дека ќе ја прифати исправката што ќе му биде дадена (Галатите 6:1). Исто така, се надеваме дека оние што се слаби во верата пак ќе застанат на здрави нозе. Со таквите сме стрпливи и правиме сѐ што можеме за да им помогнеме да си ја зајакнат верата (Римјаните 15:1; 1. Солуњаните 5:14). Дури и ако некој што ни е близок скршне од правиот пат, нема да престанеме да се надеваме дека еден ден ќе се вразуми и ќе му се врати на Јехова, исто како расипничкиот син од споредбата што ја кажал Исус (Лука 15:17, 18).

      14. Како нашата истрајност може да биде испитана во рамките на собранието, и како љубовта ќе ни помогне во тие моменти?

      14 „Љубовта... сѐ трпи.“ Истрајноста ни помага да не потклекнеме кога се соочуваме со разочарувања или тешкотии. Испити на нашата истрајност нема да имаме само надвор од собранието. Понекогаш, такви испити ќе доживееме и во рамките на собранието. Затоа што се несовршени, нашите браќа понекогаш можеби ќе нѐ разочараат. Нивните непромислени зборови можат да предизвикаат во нас повредени чувства (Изреки 12:18). Можеби некој проблем во собранието не бил решен како што сме очекувале. Можеби сме вознемирени поради нешто што направил некој почитуван брат и затоа се прашуваме: ‚Како може еден христијанин да се однесува така?‘ Кога ќе се најдеме во такви ситуации, дали ќе престанеме да одиме на состаноците и да му служиме на Јехова? Ако имаме љубов, нема да постапиме така. Значи, љубовта ќе ни помогне да не бидеме толку заслепени од недостатоците на некој брат што повеќе нема да гледаме ништо добро во него или во собранието. Ако имаме љубов, ќе им останеме верни на Бог и на собранието без оглед на тоа што ќе рече или направи некој друг несовршен човек (Псалм 119:165).

      Каква не е љубовта

      15. Што е завист, и како љубовта ни помага да не бидеме завидливи?

      15 „Љубовта не е завидлива.“ Не треба да им завидуваме на другите поради она што го имаат, како што се материјалните работи, одговорностите и способностите. Зависта е себична, негативна емоција која, ако не се држи под контрола, може да го наруши мирот во собранието. Што ќе ни помогне да не бидеме завидливи? (Јаков 4:5). Љубовта. Оваа прекрасна особина може да нѐ поттикне да се радуваме со оние кои имаат нешто што можеби ние го немаме (Римјаните 12:15). Ако ги сакаме другите, нема да се чувствуваме навредени кога некој ќе биде пофален за своите способности или за добро извршените задачи.

      16. Ако вистински ги сакаме нашите браќа, зошто нема да се фалиме со она што го правиме во службата за Јехова?

      16 „Љубовта... не се фали, не се возвишува.“ Ако имаме љубов, нема да се фалиме со нашите таленти и постигнувања. Ако вистински ги сакаме нашите браќа, нема претерано да го нагласуваме она што го правиме во службата или во собранието. Со таквото фалење би можеле да ги обесхрабриме другите и да им наметнеме чувство на ниска вредност, како да вредат помалку од нас. Љубовта нема да ни дозволи да се фалиме со она што Бог ни дава да го правиме во службата за него (1. Коринќаните 3:5-9). Освен тоа, љубовта „не се возвишува“, или, како што стои во еден друг превод, нема „превисоко мислење за себе“. Ако ги сакаме другите, нема да мислиме дека сме нешто повеќе од нив (Римјаните 12:3).

      17. На каква обѕирност нѐ мотивира љубовта, и како тоа ќе влијае врз нашето однесување?

      17 „Љубовта... не се однесува непристојно.“ Оној што е непристоен постапува на недоличен начин, кој им е одбивен на другите. Со таквото однесување не покажува љубов туку крајно непочитување кон чувствата и доброто на другите. За разлика од тоа, љубовта нѐ мотивира да бидеме обѕирни. Таа нѐ поттикнува да покажуваме добри манири, да се однесуваме онака како што му се допаѓа на Бог и да покажуваме почит кон нашите соверници. Според тоа, ако имаме љубов, нема да се однесуваме „срамотно“, односно нема да правиме ништо што би можело да ги запрепасти или вознемири нашите браќа (Ефешаните 5:3, 4).

      18. Зошто оној што е полн со љубов не бара сѐ да биде по негово?

      18 „Љубовта... не ја бара својата корист.“ Еден друг превод вели: „Љубовта не инсистира да биде по нејзино“. Оној што е полн со љубов не бара сѐ да биде по негово, како неговото мислење да е секогаш исправно. Не манипулира со другите, убедувајќи ги по секоја цена да ги прифатат неговите гледишта. Таквата тврдоглавост открива извесна мера гордост, а Библијата вели дека „гордоста оди пред пропаста“ (Изреки 16:18). Ако вистински ги сакаме браќата, ќе ги почитуваме нивните гледишта и, кога е можно, ќе попуштаме. Кога сме спремни да попуштиме, постапуваме во склад со следниве зборови на апостол Павле: „Никој нека не ја бара својата корист, туку користа на другиот“ (1. Коринќаните 10:24).

      19. Како љубовта ни помага исправно да реагираме кога некој ќе нѐ навреди?

      19 „Љубовта... не се раздразнува, не го памти злото.“ Оној што има љубов не се лути веднаш поради она што ќе го речат или направат другите. Се разбира, нормално е да се вознемириме кога некој ќе нѐ навреди. Но, дури и ако имаме право да се лутиме за нешто, љубовта ќе ни помогне да не држиме лутина (Ефешаните 4:26, 27). Нема да ги памтиме зборовите и постапките со кои некој нѐ навредил — како да ги запишуваме во книга за случајно да не ги заборавиме. Наместо тоа, љубовта ќе нѐ поттикне да постапиме како нашиот Бог, кој е полн со љубов. Како што видовме во 26. поглавје, Јехова простува кога има основа за тоа. А кога ќе прости, тој заборава, што значи дека нема никогаш повторно да ги изнесе тие гревови против нас. Зарем не сме благодарни што Јехова не го памти злото?

      20. Како треба да реагираме ако некој соверник направи грев и трпи последици поради тоа?

      20 „Љубовта... не ѝ се радува на неправдата.“ Во еден друг превод пишува: „Љубовта... не се сити на гревовите на другите“, а во преводот на Џејмс Мофат стои: „Љубовта не се радува кога другите ќе згрешат“. Ако имаме љубов, ќе ни биде одбивно кога некој постапува неправедно. Затоа, нема да ја потценуваме сериозноста на неморалот. А како ќе реагираме ако некој соверник направи грев и трпи последици поради тоа? Љубовта нема да ни дозволи да се радуваме и да си велиме: ‚Така му требаше! Си го заслужи тоа!‘ (Изреки 17:5). Меѓутоа, ќе се радуваме кога оној што згрешил ќе преземе чекори за да се поправи и духовно да закрепне.

      „Еден уште повозвишен пат“

      21-23. а) Што сакал да каже Павле кога рекол дека „љубовта никогаш не престанува“? б) За што ќе стане збор во последното поглавје од оваа книга?

      21 „Љубовта никогаш не престанува.“ Што сакал да каже Павле со овие зборови? Како што можеме да видиме од контекстот, тој зборувал за даровите на духот што им биле дадени на христијаните во првиот век. Тие дарови биле знак дека Бог го прифатил новоформираното собрание. Но, сите христијани не можеле да лекуваат, да пророкуваат или да зборуваат на разни јазици. Сепак, тоа не било толку важно — и онака тие чудотворни дарови требало да исчезнат. Меѓутоа, нешто друго требало да остане — нешто што можел да го има секој христијанин. Тоа било повредно и потрајно од кој и да е чудотворен дар, а Павле го нарекол „еден уште повозвишен пат“ (1. Коринќаните 12:31). Што било тоа? Љубовта.

      Јеховините слуги се препознатливи по тоа што се сакаат

      22 Навистина, љубовта што ја опишал Павле „никогаш не престанува“. И во денешно време, Исусовите вистински следбеници се препознатливи по самопожртвуваната братска љубов. Зар доказ за тоа не гледаме во собранијата на Јеховините сведоци низ целиот свет? Таквата љубов ќе трае засекогаш бидејќи Јехова им ветил вечен живот на своите верни слуги (Псалм 37:9-11, 29). Да даваме сѐ од себе за да ‚живееме во љубов‘. Така лично ќе се увериме дека повеќе усреќува давањето отколку примањето. Што е уште поважно, ќе можеме да живееме и да покажуваме љубов вечно, како нашиот Бог, Јехова.

      23 Во ова поглавје, со кое го завршуваме делот за љубовта, видовме како можеме да покажуваме љубов еден кон друг. Но, со оглед на тоа што чувствуваме толку многу благослови од Јеховината љубов, како и од неговата моќ, правда и мудрост, секој од нас треба да се праша: ‚Како да му покажам на Јехова дека вистински го сакам?‘ На ова прашање ќе одговориме во последното поглавје од оваа книга.

      a Се разбира, христијанската љубов не е лековерна. Библијата нѐ предупредува: „Бидете претпазливи поради оние што создаваат поделби и ги наведуваат другите да се спрепнуваат... и избегнувајте ги“ (Римјаните 16:17).

      Прашања за размислување

      • 2. Коринќаните 6:11-13. Што значи изразот „широко отворете ги своите срца“, и како можеме да го примениме овој совет?

      • 1. Петрово 1:22. Како овие зборови покажуваат дека нашата љубов кон соверниците мора да биде вистинска, искрена и срдечна?

      • 1. Јованово 3:16-18. Како можеме да покажеме дека „љубовта кон Бог“ останува во нас?

      • 1. Јованово 4:7-11. Што треба најмногу да нѐ мотивира да покажуваме љубов кон нашите браќа и сестри?

Публикации на македонски јазик (1991 — 2025)
Одјави се
Најави се
  • македонски
  • Сподели
  • Подесување
  • Copyright © 2025 Watch Tower Bible and Tract Society of Pennsylvania
  • Услови за користење
  • Полиса за приватност
  • Поставки за приватност
  • JW.ORG
  • Најави се
Сподели