ОНЛАЈН БИБЛИОТЕКА Watchtower
ОНЛАЈН БИБЛИОТЕКА
Watchtower
македонски
ѐ
  • Ѐ
  • ѐ
  • Ѝ
  • ѝ
  • БИБЛИЈА
  • ПУБЛИКАЦИИ
  • СОСТАНОЦИ
  • „Сите негови патишта се правда“
    Приближи му се на Јехова
    • Јосиф како затвореник во окови фрлен во затворска јама

      ПОГЛАВЈЕ 11

      „Сите негови патишта се правда“

      1, 2. а) Какви страшни неправди доживеал Јосиф? б) Како Јехова ги исправил неправдите?

      МЛАДИОТ Јосиф бил жртва на страшна неправда. Иако не извршил никакво злодело, тој се нашол на дното на една затворска јама. Но, ова не била првата неправда што ја доживеал. Кога имал само 17 години, бил изневерен од сопствените браќа кои за малку ќе го убиеле. Тие го продале како роб во туѓа земја. Таму жената на неговиот господар упорно го наговарала да легне со неа, но Јосиф решително ја одбил. Поради тоа, таа лажно го обвинила дека се обидел да ја силува, и тој завршил в затвор. За жал, се чинело дека нема никој што би можел да се заземе за него.

      Јосиф доживеал неправда кога бил фрлен во затворска јама

      2 Меѓутоа, сето тоа не поминало незабележано од Богот кој ‚ги сака праведноста и правдата‘ (Псалм 33:5). Јехова гледал што се случува, и презел чекори да ги исправи неправдите што му биле нанесени на Јосиф така што ги водел работите сѐ додека тој не бил ослободен. Освен тоа, овој млад човек кој бил фрлен во затворска јама, подоцна бил поставен на многу одговорна положба и со тоа му била укажана огромна чест (1. Мојсеева 40:15; 41:41-43; Псалм 105:17, 18). На крајот, Бог ја наградил верноста на Јосиф, и тој ја искористил својата висока положба за да ја изврши Божјата волја и да постапи во склад со Неговата намера (1. Мојсеева 45:5-8).

      3. Зошто сите сакаме другите да постапуваат праведно со нас?

      3 Овој извештај навистина е трогателен, зарем не? Кој од нас не бил сведок на неправда или не ја почувствувал на своја кожа? Сите сакаме другите да постапуваат праведно и непристрасно со нас. Ова воопшто не нѐ изненадува, затоа што Јехова нѐ обдарил со особини кои ги поседува самиот тој, а правдата е една од неговите главни особини (1. Мојсеева 1:27). За да можеме добро да го запознаеме Јехова, треба да го разбереме неговото чувство за правда. Така ќе можеме уште повеќе да ги цениме неговите возвишени мерила, и ќе бидеме поттикнати уште повеќе да се зближиме со него.

      Што е правда?

      4. Што е правдата за повеќето луѓе?

      4 За повеќето луѓе, правдата не е ништо друго освен непристрасна примена на утврдени закони и правила. Во една книга се вели дека „правдата е поврзана со законот, обврските, правата и должностите, и дека налага пресудите да бидат донесени непристрасно, односно според заслугите“ (Right and Reason—Ethics in Theory and Practice). Но, Јеховината правда е поинаква. Таа не се сведува на крута примена на правилата и не се спроведува само од некое чувство на должност.

      5, 6. а) Што значат изворните зборови кои во Библијата се преведени со „правда“ или „праведност“? б) Што ни открива Библијата кога вели дека Бог е праведен?

      5 За подобро да ги разбереме ширината и длабочината на Јеховината правда, добро е да го разгледаме значењето на изворните зборови кои во Библијата се користат за оваа особина. Во Хебрејските списи главно се користат три збора. Зборот кој најчесто е преведен со „правда“ може да се преведе и со „она што е исправно“ (Изреки 21:3). Другите два збора обично се преведени со „праведност“. Во Христијанските грчки списи, зборот кој е преведен со „праведност“ укажува на чесност или непристрасност. Може да се каже дека, во основа, нема разлика меѓу зборовите „правда“ и „праведност“ (Амос 5:24).

      6 Според тоа, кога во Библијата се вели дека Бог е праведен, тоа значи дека тој секогаш постапува исправно и чесно, без трошка пристрасност (Римјаните 2:11). Всушност, незамисливо е Јехова да прави нешто на поинаков начин. Верниот Божји слуга Елиу изјавил: „Не е можно вистинскиот Бог да прави зло, Семоќниот да постапува неправедно!“ (Јов 34:10). Зошто е невозможно Бог „да постапува неправедно“? Од две важни причини.

      7, 8. а) Зошто е невозможно Јехова да постапува неправедно? б) Што го поттикнува Јехова да постапува праведно?

      7 Прво, Јехова е свет. Како што видовме во третото поглавје од оваа книга, сѐ што е поврзано со него е бескрајно чисто и беспрекорно. Затоа, тој не може да постапува неправедно. Што значи ова за нас? Светоста на нашиот небесен Татко ни влева доверба дека тој никогаш нема да постапува лошо со своите деца. Исус бил цврсто уверен во тоа. Последната ноќ од својот живот на Земјата, тој се молел: „Свети Татко, чувај ги [учениците] заради своето име“ (Јован 17:11). Во Библијата, изразот ‚Свет Татко‘ се користи само за Јехова. Тоа е сосема на место бидејќи, во поглед на светоста, ниту еден човечки татко не може да се спореди со Него. Исус имал потполна доверба дека неговите ученици ќе бидат најбезбедни под закрилата на неговиот Татко, кој е чист во апсолутна смисла на зборот и кој е потполно одвоен од секаква грешност (Матеј 23:9).

      8 Второ, несебичната љубов е нераздвоен дел од Божјата личност. Таквата љубов го поттикнува да постапува праведно со сите. Од друга страна, коренот на разните неправди — во кои спаѓаат расизмот, дискриминацијата и пристрасноста — обично лежи во алчноста и себичноста, кои се сосема спротивни на љубовта. Библијата нѐ уверува дека Јехова, Богот на љубовта, ‚е праведен и ги сака праведните дела‘ (Псалм 11:7). Самиот тој за себе вели: „Јас, Јехова, ја сакам правдата“ (Исаија 61:8). Зарем не е утешно што знаеме дека Бог со радост го прави она што е праведно? (Еремија 9:24).

      Милоста и Јеховината совршена правда

      9-11. а) Како се поврзани правдата и милоста на Јехова? б) Како се гледаат Јеховината правда и милост во начинот на кој постапува со грешните луѓе?

      9 Јеховината правда, исто како и сите негови други неспоредливи особини, е совршена, ништо не ѝ недостасува. Мојсеј го величал Јехова со следниве зборови: „Тој е Карпа, делото му е совршено, зашто сите негови патишта се правда. Тој е верен Бог, без неправда, праведен е и вистинољубив“ (5. Мојсеева 32:3, 4). Јехова секогаш постапува беспрекорно — никогаш не е ни престрог ни премногу попустлив.

      10 Јеховината правда е тесно поврзана со неговата милост. Псалм 116:5 вели: „Јехова е милостив и праведен, нашиот Бог е милосрден“. Да, Јехова е и праведен и милостив. Но, ова не значи дека Бог покажува милост за да ја ублажи својата правда, како таа да е престрога. Всушност, овие две особини не си противречат, туку совршено се надополнуваат една со друга. Најчесто Божјите постапки се израз и на неговата милост и на неговата правда. Следниов пример ни го потврдува тоа.

      11 Сите луѓе наследиле грев и затоа заслужуваат плата за гревот — смрт (Римјаните 5:12). Но, на Јехова не му е мило да умрат грешниците. Тој е „Бог кој простува, кој е добар и милосрден“ (Неемија 9:17). Сепак, затоа што е свет, Јехова не може да премине преку неправдите. Тогаш, како можел да покаже милост кон грешните луѓе? Одговорот на ова прашање се наоѓа во една од најскапоцените вистини во Божјата Реч — Јехова обезбедил откупнина за да го спаси човештвото. Во 14. поглавје ќе дознаеме нешто повеќе за овој дар што тој со љубов ни го дал. Откупнината е израз и на неговата возвишена правда и на неговата неспоредлива милост. Преку неа, Јехова може да покаже милост кон покајничките грешници без притоа да ги прекрши своите мерила за совршена правда (Римјаните 3:21-26).

      Јеховината правда нѐ допира до срце

      12, 13. а) Зошто сме привлечени кон Јехова поради неговата правда? б) До кој заклучок дошол Давид во врска со Јеховината правда, и зошто тоа е утешно за нас?

      12 Јеховината правда е една прекрасна особина која нѐ привлекува кон него. Зошто? Затоа што таа не е крута и бесчувствителна. Напротив, Библијата јасно потврдува дека сочувството е нераздвоен дел од Божјата правда. Да разгледаме неколку охрабрувачки примери кои покажуваат како Јехова ја спроведува.

      13 Совршената правда го поттикнува Јехова да постапува верно и лојално со своите слуги. Псалмистот Давид од прва рака се уверил во ова обележје на Божјата правда. Откако размислувал за Божјите постапки и за она што го научил од лично искуство, тој изјавил: „Јехова ја сака правдата и нема да ги остави оние што му се лојални. Тие ќе бидат заштитени за навек“ (Псалм 37:28). Колку утешни зборови! Нашиот Бог нема никогаш — ни за миг — да ги остави оние што му се лојални. Може да бидеме сигурни дека тој секогаш ќе биде покрај нас и со љубов ќе ни помага. Неговата правда нѐ уверува во тоа (Изреки 2:7, 8).

      14. Како се гледа Јеховината грижа за беспомошните во Законот што им го дал на Израелците?

      14 Бидејќи е праведен, Јехова ги зема во обѕир потребите на оние што се во неволја. Неговата грижа за сиромашните се гледа во Законот што им го дал на Израелците. На пример, Законот содржел посебни одредби со кои биле згрижени сираците и вдовиците (5. Мојсеева 24:17-21). Бидејќи добро знаел колку може да им биде тежок животот на таквите семејства, самиот Јехова покажал татковска грижа кон нив со тоа што станал нивни Судија и Заштитник, ‚давајќи им правда на детето без татко и на вдовицата‘ (5. Мојсеева 10:18; Псалм 68:5). Тој го предупредил својот народ да не ги искористува беспомошните жени и деца бидејќи сигурно ќе го чуел нивниот повик. Бог изјавил: „Мојот гнев ќе се распали“ (2. Мојсеева 22:22-24). Иако гневот не е една од неговите главни карактеристики, тој со право се гневи кога некој намерно постапува неправедно со презрените и беспомошните (Псалм 103:6).

      15, 16. Кој е еден извонреден доказ за Јеховината непристрасност?

      15 Јехова исто така нѐ уверува дека „не е пристрасен и не прима мито“ (5. Мојсеева 10:17). За разлика од многу моќни и влијателни луѓе, Јехова не дозволува врз него да влијае нечие богатство или надворешен изглед. Кај него нема ни трага од пристрасност или предрасуди. Еден извонреден доказ за неговата непристрасност е тоа што им пружа можност на сите луѓе да станат негови слуги и да живеат вечно. Тој не им ја дава оваа прекрасна надеж само на неколкумина одбрани поединци туку „во секој народ го прифаќа оној што се бои од него и го прави она што е праведно“ (Дела 10:34, 35). Секој човек — без оглед на својата општествена положба и боја на кожата или земјата во која живее — може да стане Божји слуга и да добие вечен живот. Зарем тоа не е правда во вистинска смисла на зборот?

      16 Има уште едно обележје на Јеховината совршена правда кое треба да го разгледаме и да го цениме — начинот на кој постапува со оние што ги кршат неговите праведни мерила.

      Не ослободува од казна

      17. Зошто неправдите во овој свет во никој случај не ја доведуваат во прашање Јеховината правда?

      17 Некои можеби се прашуваат: ‚Ако Јехова не може да премине преку неправдите, тогаш зошто има толку многу страдања и злоба во денешниот свет?‘ Ова во никој случај не ја доведува во прашање Јеховината правда. Многуте неправди во овој злобен свет се последица на гревот кој луѓето го наследиле од Адам. Светот е полн со неправди затоа што несовршените луѓе самите избрале да живеат на грешен начин. Но, тоа нема да трае уште долго (5. Мојсеева 32:5).

      18, 19. Од каде знаеме дека Јехова нема вечно да ги трпи оние што намерно ги кршат неговите праведни закони?

      18 Иако покажува голема милост кон оние што искрено сакаат да се зближат со него, Јехова нема вечно да трпи некој да му нанесува срам на неговото свето име (Псалм 74:10, 22, 23). Со Богот на правдата нема подигрување — тој нема да ги ослободи намерните грешници од казната која ја заслужуваат поради нивниот начин на постапување. Јехова е „Бог милосрден и љубезен, бавен на гнев, полн со милост и вистина... но не ослободува од казна“ (2. Мојсеева 34:6, 7). Во склад со овие зборови, понекогаш Јехова морал да изврши суд врз оние што намерно ги кршеле неговите праведни закони.

      19 Да го земеме за пример начинот на кој Бог постапувал со древните Израелци. Дури и откако се населиле во Ветената земја, тие постојано му биле неверни на Јехова. Но, иако го ‚жалостеле‘ со своите расипани постапки, тој не ги отфрлил веднаш (Псалм 78:38-41). Наместо тоа, милостиво им дал многу шанси да го променат своето постапување. Тој ги молел со следниве зборови: „Не ми е мило да умре злосторникот, туку злосторникот да се одврати од својот пат и да остане жив. Одвратете се, одвратете се од своите зли патишта! Зошто да умрете, доме Израелов?“ (Езекиел 33:11). Бидејќи за Јехова животот е скапоцен, тој секогаш одново ги испраќал своите пророци кај Израелците за да ги поттикне да се вратат од своите лоши патишта. Сепак, народот во целина тврдоглаво одбивал да го послуша и да се покае. На крајот, поради своето свето име и своите праведни мерила, Јехова ги предал во рацете на нивните непријатели (Неемија 9:26-30).

      20. а) Што учиме од начинот на кој Јехова постапувал со Израелците? б) Зошто лавот е соодветен симбол за Јеховината правда?

      20 Можеме да научиме многу за Јехова од начинот на кој постапувал со Израел. На пример, учиме дека неговите очи, кои гледаат сѐ, ги забележуваат неправдите и дека тоа силно влијае врз него (Изреки 15:3). Освен тоа, утешно е да знаеме дека тој сака да покаже милост секогаш кога има основа за тоа. Исто така, учиме дека Бог никогаш не избрзува кога донесува суд. Затоа што е стрплив и долготрпелив, многумина доаѓаат до погрешен заклучок дека тој никогаш нема да изврши суд над злобните. Но, тоа воопшто не е точно. Од Божјите постапки со Израел гледаме дека неговата стрпливост има граници. Јехова никогаш не отстапува од праведноста. За разлика од луѓето, кои честопати се повлекуваат кога треба да спроведат правда, на Бог никогаш не му недостига храброст да го застапува она што е исправно. Затоа е сосема соодветно што лавот, како симбол на храбро спроведување на правдата, е поврзан со Божјата присутност и со Неговиот престолa (Езекиел 1:10; Откровение 4:7). Од таа причина, можеме да бидеме сигурни дека Бог ќе го исполни своето ветување и ќе ја отстрани сета неправда од Земјата. Начинот на којшто суди Јехова може накратко да се опише вака: Тој никогаш не отстапува од своите праведни мерила, но покажува милост секогаш кога има основа за тоа (2. Петрово 3:9).

      Биди близок со Богот на правдата

      21. Како треба да си го замислиме Јехова кога размислуваме за начинот на кој ја спроведува правдата, и зошто?

      21 Кога размислуваме како Јехова ја спроведува правдата, не треба да си го замислуваме како бесчувствителен и строг судија на кој му е најважно само да ги казни престапниците. Наместо тоа, треба да си го замислиме како грижлив, но решителен татко, кој секогаш постапува на најдобар можен начин со своите деца. Затоа што е справедлив, нашиот Татко не отстапува од она што е праведно, но истовремено покажува нежна сомилост кон нас, како кон свои земни деца на кои им се потребни неговата помош и простување (Псалм 103:10, 13).

      22. Што ни овозможува Јехова затоа што е праведен, и зошто постапува на ваков начин со нас?

      22 Колку сме благодарни што Божјата правда не се сведува само на изрекување суд над престапниците! Затоа што е праведен, Јехова ни овозможува една навистина прекрасна иднина — совршен, бескраен живот во еден свет каде што „ќе живее праведноста“ (2. Петрово 3:13). Нашиот Бог постапува на ваков начин со нас затоа што неговата правда го поттикнува да бара начин да спаси, а не да осуди. Тоа што подобро разбираме што сѐ е вклучено во Јеховината правда ни помага да станеме уште поблиски со него. Во следните поглавја, ќе разгледаме подетално како Јехова ја покажува оваа извонредна особина.

      a Интересно е што Јехова се споредил себеси со лав кога зборувал за судот кој требало да го изврши врз неверните Израелци (Еремија 25:38; Осија 5:14).

      Прашања за размислување

      • Еремија 18:1-11. Како Јехова му помогнал на Еремија да сфати дека Тој не избрзува кога донесува неповолен суд?

      • Авакум 1:1-4, 13; 2:2-4. Како Јехова го уверил Авакум дека нема вечно да трпи неправда?

      • Захарија 7:8-14. Како гледа Јехова на оние што ги газат правата на другите?

      • Римјаните 2:3-11. Врз каква основа им суди Јехова и на поединци и на народи?

  • „Има ли кај Бог неправда?“
    Приближи му се на Јехова
    • Лот и неговите ќерки пристигнуваат безбедно во Сигор. Оган од небото ги уништува Содом и Гомор.

      ПОГЛАВЈЕ 12

      „Има ли кај Бог неправда?“

      1. Како влијаат неправдите врз нас?

      НА ЕДНА остарена вдовица со измама ѝ се одземени парите кои ги штедела цел живот. Една бесчувствителна мајка го напушта своето беспомошно бебенце. Еден човек лежи в затвор за злодело што не го извршил. Какви чувства се будат кај тебе кога слушаш за вакви работи? Веројатно се вознемируваш, и тоа е сосема разбирливо. Ние луѓето имаме силно чувство за исправно и погрешно. Затоа сме лути кога ќе се случи некоја неправда. Сакаме да ѝ се надомести штетата на жртвата, а престапникот да биде изведен пред лицето на правдата. Ако не дојде до тоа, можеби се прашуваме: ‚Па гледа ли Бог што се случува? Зошто не преземе нешто?‘

      2. Како реагирал Авакум на неправдите, и зошто Јехова не го прекорил поради тоа?

      2 Во текот на човечката историја, некои верни слуги на Јехова поставувале слични прашања. На пример, пророкот Авакум во молитва го прашал Бог: „Зошто ме тераш да гледам такви ужасни неправди? Зошто дозволуваш насекаде да беснеат насилство, беззаконие, злосторства и суровост?“ (Авакум 1:3, Contemporary English Version). Јехова не го прекорил Авакум поради тоа што отворено му го поставил ова прашање. Зошто? Бидејќи самиот Тој го всадил во луѓето чувството за правда. Да, Јехова и нам ни подарил мал дел од своето длабоко чувство за правда.

      Јехова ја мрази неправдата

      3. Зошто може да се каже дека Јехова е далеку посвесен за неправдите отколку ние?

      3 Јехова не ги затвора очите пред неправдите. Тој гледа што се случува. Во врска со времето на Ное, Библијата го вели следново: „Јехова виде дека лошотијата на човекот на земјата е голема и дека сите мисли на неговото срце се секогаш насочени само кон зло“ (1. Мојсеева 6:5). Размисли што значат тие зборови. Обично нашата претстава за неправдата се темели на неколку случаи за кои сме чуле или кои лично сме ги доживеале. За разлика од нас, Јехова е сведок на неправдите што се случуваат низ целиот свет. Тој гледа сѐ! Освен тоа, Бог ги гледа и расипаните мисли во срцата на луѓето кои ги тераат да постапуваат неправедно (Еремија 17:10).

      4, 5. а) Како Библијата покажува дека Јехова не е рамнодушен кон оние што се жртви на неправда? б) Каква неправда доживеал и самиот Јехова?

      4 Но, Јехова не е само нем сведок на неправдите. Напротив, тој сочувствува со оние што се погодени од нив. Кога непријателите немилосрдно ги малтретирале и ги угнетувале неговите слуги во минатото, на Бог му било многу тешко додека го слушал нивното офкање (Судиите 2:18). Можеби си забележал дека, кога луѓето се изложени на многу неправди, со текот на времето отрпнуваат на нив. Но, тоа не е случај со Јехова! Иако веќе 6.000 години ја гледа сета неправда на Земјата, тој и понатаму ја мрази од дното на душата. Библијата нѐ уверува дека на Јехова му се одвратни ‚лажливиот јазик‘, ‚рацете што пролеваат невина крв‘ и ‚лажниот сведок што зборува лаги‘ (Изреки 6:16-19).

      5 Размисли и за острите зборови што Јехова им ги упатил на неправедните водачи на Израел. Тој го поттикнал својот пророк да ги праша: „Зар не треба вие да знаете што е правда?“ Откако многу сликовито опишал како овие нечесни луѓе ја злоупотребувале власта, Бог претскажал каков ќе им биде крајот: „Ќе го викаат Јехова за помош, но тој нема да им одговори. Тогаш тој ќе го скрие своето лице од нив, зашто правеа злодела“ (Михеј 3:1-4). Јехова чувствува голема одбивност кон неправдата! Не е ни чудо, затоа што и самиот ја доживеал! Веќе неколку илјади години, Сатана неправедно се подбива со него (Изреки 27:11). Освен тоа, Јехова бил погоден од најстрашната можна неправда кога неговиот Син, кој ‚не направил грев‘, бил погубен како злосторник (1. Петрово 2:22; Исаија 53:9). Нема никакво сомнение дека Јехова е свесен за неволјите на оние што се жртви на неправда и дека не е рамнодушен кон нивното страдање.

      6. Како можеби реагираме кога ќе се соочиме со неправда, и зошто?

      6 Сепак, кога гледаме некоја неправда — или кога некој постапува неправедно со нас — сосема е нормално бурно да реагираме. Ние сме создадени според Божјиот лик, а неправдата е сосема спротивна на самата Јеховина личност (1. Мојсеева 1:27). Тогаш, зошто Бог ги допушта неправдите?

      Дали Бог има право да владее?

      7. Објасни како било оспорено Божјето право да владее.

      7 Одговорот на прашањето „Зошто Бог ги допушта неправдите?“ е поврзан со Божјата врховна власт. Како што видовме, Творецот има право да владее со Земјата и со сите што живеат на неа (Псалм 24:1; Откровение 4:11). Но, уште во почетокот на човечката историја, ова негово право било оспорено. Како дошло до тоа? Јехова му заповедал на првиот човек, Адам, да не јаде од едно дрво во рајската градина. Какви ќе биле последиците ако Адам не послушал? Бог му рекол: „Сигурно ќе умреш“ (1. Мојсеева 2:17). Оваа заповед воопшто не требало да биде тешка за Адам и за неговата жена. Сепак, Сатана ја убедил Ева дека Бог претерано ги ограничува. Што ѝ рекол дека ќе се случи ако јаде од дрвото? Сатана дрско тврдел: „Не, вие нема да умрете. Зашто Бог знае дека, во оној ден кога ќе јадете од него, ќе ви се отворат очите, па ќе станете како Бог и ќе знаете што е добро, а што зло“ (1. Мојсеева 3:1-5).

      8. а) Што сакал да ѝ каже Сатана на Ева со изјавата запишана во 1. Мојсеева 3:4, 5? б) Што оспорил Сатана во врска со Јеховината врховна власт?

      8 Со таа изјава, Сатана сакал да ѝ каже на Ева дека Јехова скрил некои важни информации од неа, па дури и дека ја излажал. Тој внимавал да не го оспори фактот дека Бог е Севишен Владетел. Наместо тоа, ја навел Ева да мисли дека Бог нема право да владее и дека не ја спроведува својата власт на исправен начин. Со други зборови, тој сакал да каже дека Јехова не владее праведно и дека не му е најважно доброто на неговите поданици.

      9. а) Какви последици пожнеале Адам и Ева затоа што биле непослушни, и кои важни прашања биле покренати? б) Зошто Јехова едноставно не ги уништил бунтовниците?

      9 Што се случило потоа? Адам и Ева не го послушале Јехова, и јаделе од забранетото дрво. Бидејќи биле непослушни, морало да бидат казнети со смрт, токму како што им кажал Бог. Со својата лага, Сатана покренал неколку важни прашања. Дали Јехова навистина има право да владее над луѓето или, пак, ќе им биде подобро ако владеат самостојно? Дали Бог владее на најдобар можен начин? Јехова можел да ја употреби својата огромна моќ и веднаш да ги уништи бунтовниците. Но, прашањата што биле покренати не се однесувале на неговата моќ, туку на неговото право да владее. Ако ги уништел Адам, Ева и Сатана, Бог немало да докаже дека има право да владее. Всушност, можело да се случи токму спротивното — да се појави уште поголем сомнеж во врска со Божјиот начин на владеење. Само времето ќе покажело дали луѓето навистина можат успешно да владеат сами, без помош од Бог.

      10. Што покажала историјата во врска со човечкото владеење?

      10 Што покажало времето? Низ вековите, луѓето испробале најразлични облици на владеење, меѓу кои биле автократија, демократија, социјализам и комунизам. Кој бил исходот од сите нив? Библијата кратко и јасно вели: „Човек владее над човек на негова штета“ (Проповедник 8:9). Пророкот Еремија со добра причина напишал: „Добро знам, Јехова, дека патот на земниот човек не е во негова власт. Човекот кој оди не може да управува со своите чекори“ (Еремија 10:23).

      11. Зошто Јехова допуштил луѓето да страдаат?

      11 Уште од самиот почеток, Јехова знаел дека човечката независност, односно самостојност, ќе предизвика многу страдања. Тогаш, дали било неправедно од негова страна што дозволил луѓето да ги трпат последиците? Во никој случај! Да наведеме еден пример: Да речеме дека твоето дете треба да оди на операција бидејќи има некоја смртоносна болест. Свесен си дека поради операцијата ќе има болки, и многу ти е тешко поради тоа. Сепак, знаеш дека таа ќе му помогне подоцна да има подобро здравје. Слично на тоа, Бог знаел — па дури и претскажал — дека луѓето ќе доживеат болка и страдање затоа што ќе им допушти да владеат сами (1. Мојсеева 3:16-19). Но, исто така знаел дека ќе може да донесе вистинско и трајно олеснување само ако дозволи сите да ги видат лошите последици од побуната. На тој начин, спорното прашање можело да биде одговорено еднаш засекогаш.

      Дали човекот ќе му остане верен на Бог?

      12. На кој начин случајот со Јов ни открива какво обвинение изнел Сатана против луѓето?

      12 Со спорното прашање е поврзана уште една работа. Кога ги навел првите луѓе да помислат дека Јехова нема право да биде Севишен Владетел и дека Неговиот начин на владеење не е најдобар, Сатана не само што го наклеветил Бог туку ја довел во прашање и верноста на Неговите слуги. На пример, забележи што му рекол Сатана на Јехова во врска со праведниот Јов: „Зарем ти не ги огради и него и неговата куќа и сѐ што има секаде наоколу? Го благослови делото на неговите раце, и неговата стока се намножи по земјата. Туку, те молам, пружи ја раката и допри сѐ што има, па види дали нема да те проколне в лице!“ (Јов 1:10, 11).

      13. Што сакал да каже Сатана со обвиненијата кои ги изнел против Јов, и во која смисла тие се однесуваат на сите луѓе?

      13 Сатана тврдел дека Јехова ја користи својата заштитничка моќ за да го поткупи Јов да му биде верен. Со други зборови, сакал да каже дека овој човек се преправа дека му е верен на Бог но, всушност, му служи само од корист. Сатана изјавил дека дури и Јов ќе го проколне својот Творец ако Бог му го одземе својот благослов. Ѓаволот многу добро знаел дека Јов е извонреден човек — „беспрекорен и праведен, кој се бои од Бога и го одбегнува злото“.a Затоа, ако успеел да ја скрши беспрекорноста на Јов, зар не би можел да го постигне тоа и кај сите други луѓе? На тој начин, Сатана, всушност, ја довел во прашање верноста на сите оние што сакаат да му служат на Бог. Тоа го потврдуваат и следниве зборови кои му ги кажал на Јехова: „Човекот [а не само Јов] ќе даде сѐ што има за својата душа“ (Јов 1:8; 2:4).

      14. Што покажала историјата во врска со обвиненијата кои Сатана ги изнел против луѓето?

      14 Историјата покажала дека многу луѓе, слично на Јов, му останале верни на Јехова кога се соочиле со неволји, и така ги побиле обвиненијата на Сатана. Тие го израдувале Бог со тоа што му останале верни до крајот на својот живот. На тој начин, Јехова можел да му одговори на Сатана кој дрско му се подбивал тврдејќи дека луѓето ќе престанат да му служат кога ќе се најдат во мака (Евреите 11:4-38). Искрените лица одбиле да му свртат грб на Јехова. Дури и кога се нашле во крајно тешки ситуации, тие уште повеќе се потпирале на Бог, уверени дека тој ќе им ја даде потребната сила да издржат (2. Коринќаните 4:7-10).

      15. Кое прашање би можело да се постави во врска со пресудите што Бог ги донесувал во минатото и ќе ги донесе во иднина?

      15 Но, Јехова постапува праведно и во други ситуации, а не само кога станува збор за спорните прашања во врска со неговата врховна власт и со верноста на човекот. Во Библијата се известува и за пресуди кои Јехова ги извршувал над поединци и над цели народи. Освен тоа, во неа се запишани и пророштва за пресуди што тој ќе ги изврши во иднина. Зошто може да бидеме сигурни дека Јеховините пресуди секогаш биле и ќе бидат праведни?

      Зошто Божјата правда е возвишена

      Жената на Лот станува столб од сол. Лот и неговите ќерки пристигнуваат безбедно во Сигор. Оган од небото ги уништува Содом и Гомор.

      Јехова никогаш нема ,да го погуби праведниот заедно со злиот‘

      16, 17. Од кои примери гледаме дека луѓето имаат ограничено гледиште за тоа што значи вистинска правда?

      16 Во врска со Јехова, со право може да се каже: „Сите негови патишта се правда“ (5. Мојсеева 32:4). Никој од нас не може да го тврди тоа за себе, бидејќи честопати нашето ограничено гледиште за работите ја замаглува нашата претстава за она што е исправно. На пример, размисли за Авраам. Тој го молел Јехова да не го уништи Содом иако таму била раширена злобата. Авраам го прашал Бог: „Дали навистина ќе го погубиш праведниот заедно со злиот?“ (1. Мојсеева 18:23-33). Се разбира, одговорот бил „не“. Дури откако праведниот Лот стигнал на безбедно во градот Сигор заедно со своите две ќерки, Јехова ‚пуштил на Содом дожд од сулфур и оган‘ (1. Мојсеева 19:22-24). Спротивно на Авраам, Јона ‚се разгневил‘ кога Бог покажал милост кон жителите на Ниневија. Тој веќе им објавил дека ќе бидат уништени и — иако тие се покајале од срце — му било многу криво што Јехова не го сторил тоа (Јона 3:10 — 4:1).

      17 Јехова го уверил Авраам дека, кога ја извршува својата правда, целта не му е само да ги уништи злобните, туку и да ги спаси праведните. Од друга страна, Јона морал да научи дека Јехова е милостив. Бог е ‚спремен да прости‘ доколку злобните го променат своето постапување (Псалм 86:5). За разлика од некои луѓе кои се загрижени за својот углед, Јехова не донесува неповолна пресуда само за да покаже колку е моќен ниту, пак, се колеба да биде сочувствителен од страв дека другите ќе го сметаат за слаб и неодлучен. Тој покажува милост секогаш кога има основа за тоа (Исаија 55:7; Езекиел 18:23).

      18. Како Библијата покажува дека Јехова не се поведува слепо по своите чувства?

      18 Сепак, Јехова не се поведува слепо по своите чувства. Кога неговиот народ западнал во идолопоклонство, Бог одлучно му рекол: „Ќе ти судам според твоите дела и ќе ги фрлам врз тебе сите твои гадости. Моето око нема да се сожали на тебе и нема да ти се смилувам, зашто твоите дела ќе ги фрлам врз тебе“ (Езекиел 7:3, 4). Ова покажува дека Јехова донесува неповолна пресуда кога луѓето остануваат закоравени и продолжуваат да постапуваат лошо. Меѓутоа, неговите пресуди се темелат на цврсти докази. Затоа, кога до неговите уши стигнала голема „поплака“ во врска со Содом и Гомор, тој изјавил: „Решив да слезам за да видам дали навистина го прават тоа поради кое доаѓа поплаката до мене“ (1. Мојсеева 18:20, 21). Колку сме благодарни што Јехова не е како многу луѓе кои избрзано донесуваат заклучок без да ги сослушаат сите факти! Навистина, тој е токму таков каков што го опишува Библијата — „верен Бог, без неправда“ (5. Мојсеева 32:4).

      Имај доверба во Јеховината правда

      19. Што може да правиме ако нѐ збунуваат некои прашања во врска со начинот на кој Јехова ја спроведува својата правда?

      19 Библијата не дава одговор на секое прашање во врска со начинот на кој Јехова постапувал во минатото. А не го дава ни секој детаљ за тоа како ќе им суди на одредени поединци или групи во иднина. Кога не разбираме некои извештаи или пророштва од Библијата во кои не се откриени сите поединости, можеме да покажеме иста верност како пророкот Михеј, кој рекол: „Готов сум да го чекам Богот на моето спасение“ (Михеј 7:7).

      20, 21. Зошто може да бидеме сигурни дека Јехова секогаш ќе постапува на исправен начин?

      20 Можеме да бидеме сигурни дека Јехова ќе постапи на исправен начин во секоја ситуација. Дури и кога ни се чини дека луѓето затвораат очи пред некоја неправда, Јехова ветува: „Одмаздата е моја, јас ќе вратам“ (Римјаните 12:19). Ако сме спремни да чекаме, ќе покажеме иста увереност како апостол Павле, кој рекол: „Има ли кај Бог неправда? Никако!“ (Римјаните 9:14).

      21 Дотогаш, продолжуваме да живееме во „особено тешки времиња“ (2. Тимотеј 3:1). Поради неправдите и ‚угнетувањата‘, многу луѓе се изложени на сурово малтретирање до ден-денес (Проповедник 4:1). Но, Јехова не се променил. Тој сѐ уште ја мрази неправдата, и многу се грижи за оние што биле нејзини жртви. Ако му останеме верни и ако ја поддржуваме неговата врховна власт, Бог ќе ни даде сила да истраеме сѐ додека не дојде времето што го одредил за да ги исправи сите неправди преку своето Царство (1. Петрово 5:6, 7).

      a Јехова го рекол следново за Јов: „На земјата нема таков како него“ (Јов 1:8). Според тоа, Јов очигледно живеел во периодот по смртта на Јосиф, а пред Мојсеј да биде поставен за водач на Израел. Затоа со право можело да се каже дека во тоа време немало човек на Земјата кој бил беспрекорен како Јов.

      Прашања за размислување

      • 5. Мојсеева 10:17-19. Зошто може да бидеме сигурни дека Јехова секогаш постапува непристрасно?

      • Јов 34:1-12. Како можат зборовите на Елиу да ја зајакнат твојата доверба во Божјата праведност кога ќе се соочиш со неправда?

      • Псалм 1:1-6. Зошто е утешно тоа што знаеме дека Јехова внимателно ги проценува постапките и на праведните и на злобните?

      • Малахија 2:13-16. Што чувствувал Јехова кога гледал како мажите неправедно и без никаква основа се разведуваат од своите жени?

  • „Јеховиниот закон е совршен“
    Приближи му се на Јехова
    • Мојсеј држи две камени плочи на кои биле запишани десетте заповеди

      ПОГЛАВЈЕ 13

      „Јеховиниот закон е совршен“

      1, 2. Зошто многу луѓе гледаат со презир на законите, но какви чувства може да имаме ние кон Божјите закони?

      „ПРАВНИОТ систем е провалија без дно... тој голта сѐ“. Оваа изјава стоела во една книга издадена во 1712 год. Во неа писателот го критикувал правосудството затоа што понекогаш судските спорови со години се влечеле по судниците и ги доведувале до питачки стап оние што барале правда. И денес во многу земји законодавните и правосудните системи се сложени и проткаени со неправди, предрасуди и неправилности. Поради тоа, луѓето насекаде во светот гледаат со презир на законите.

      2 За разлика од нив, забележи што напишал псалмистот пред околу 2.700 години: „Колку го сакам твојот закон!“ (Псалм 119:97). Зошто овој Божји слуга толку многу го сакал Божјиот закон? Затоа што законот на кој му се восхитувал не потекнувал од некоја човечка влада, туку од самиот Јехова Бог. Додека ги проучуваш Јеховините закони, најверојатно и твоите чувства ќе стануваат сѐ послични на чувствата на овој псалмист. Таквото проучување ќе ти помогне да сфатиш како размислува најголемиот Законодавец во вселената.

      Врховниот Законодавец

      3, 4. На кои начини Јехова покажал дека е Законодавец?

      3 Библијата вели: „Еден е законодавец и судија“ (Јаков 4:12). Навистина, Јехова е единствениот вистински Законодавец. Дури и небесните тела се движат според неговите ‚закони што управуваат со небото‘ (Јов 38:33). И мноштвата свети ангели постапуваат во склад со Божјите закони. Тие имаат точно утврдени положби и ги извршуваат своите должности како Јеховини слуги слушајќи ги неговите заповеди (Псалм 104:4; Евреите 1:7, 14).

      4 Јехова им дал закони и на луѓето. Тој ни го всадил своето чувство за правда со тоа што ни подарил совест — еден вид внатрешен закон — што може да ни помогне да разликуваме исправно од погрешно (Римјаните 2:14). Нашите прародители, Адам и Ева, имале совршена совест и затоа не им биле потребни многу закони (1. Мојсеева 2:15-17). Меѓутоа, на несовршениот човек му требаат повеќе закони за да може да ја врши Божјата волја. Семејните поглавари во минатото, како што биле Ное, Авраам и Јаков, добиле закони од Бог и им ги пренеле на своите семејства (1. Мојсеева 6:22; 9:3-6; 18:19; 26:4, 5). Но, Јехова станал Законодавец на еден посебен начин кога, преку Мојсеј, му дал една збирка закони на израелскиот народ. Мојсеевиот закон ни помага да стекнеме длабок увид во Јеховиното чувство за правда.

      Краток преглед на Мојсеевиот закон

      5. Објасни дали Мојсеевиот закон бил една опсежна и сложена збирка правила.

      5 Многумина сметаат дека Мојсеевиот закон бил една опсежна и сложена збирка правила. Но, тоа е далеку од вистината. Овој законик се состои од околу 600 поединечни закони. Иако можеби тоа се чини многу, размисли за следново: До крајот на 20 век, сојузните закони на САД опфаќале повеќе од 150.000 страници. А на секои две години, се додаваат уште 600 закони! Всушност, во споредба со огромниот број човечки закони, Мојсеевиот закон е само капка во море! Сепак, Божјиот закон содржел упатства за некои полиња од животот кои денешните закони не ги ни спомнуваат. Да го разгледаме накратко овој законик.

      6, 7. а) По што се разликува Мојсеевиот закон од другите закони, и која била најголема заповед во него? б) Како можеле Израелците да покажат дека го прифаќаат Јехова како Севишен Владетел?

      6 Законот ја величал Јеховината врховна власт. Во овој поглед, ниту една друга збирка закони не може да се спореди со Мојсеевиот закон. Една од најголемите заповеди во него била: „Чуј, Израеле: Јехова, нашиот Бог, е еден Јехова! Сакај го Јехова, својот Бог, со сето свое срце, со сета своја душа и со сета своја сила“. Како можеле Израелците да ја покажат својата љубов кон Јехова? Тие требало да му служат, подложувајќи се на неговата врховна власт (5. Мојсеева 6:4, 5; 11:13).

      7 За да покаже дека го прифаќа Јехова како Севишен Владетел, секој Израелец требало да им биде подложен на луѓето на кои Бог им дал авторитет. Јехова ги користел како свои застапници родителите, поглаварите, судиите, а на крајот и царот. Ако некој се побунел против оние што предводеле, за Јехова тоа било исто како да се бунат против него лично. Од друга страна, и оние што имале авторитет ќе морале да се соочат со Божјиот гнев ако постапувале неправедно или безобѕирно кон неговиот народ (2. Мојсеева 20:12; 22:28; 5. Мојсеева 1:16, 17; 17:8-20; 19:16, 17). Според тоа, и едните и другите имале одговорност да го поддржуваат Бог како Севишен Владетел.

      8. Како Законот ги поддржувал Божјите мерила за светост?

      8 Законот ги поддржувал Јеховините мерила за светост. Изворните зборови кои најчесто се преведени со „свет“ и „светост“ се појавуваат над 280 пати во Мојсеевиот закон. Законот му помагал на Божјиот народ да прави разлика меѓу чисто и нечисто со тоа што наведувал околу 70 работи поради кои еден Израелец можел да стане нечист. Некои од овие закони се однесувале на личната хигиена, исхраната, па дури и на отстранувањето на изметот, и многу придонесувале за подобро здравје.a Но, тие имале повозвишена цел — да им помогнат на Израелците да останат во Божјата милост и да ги заштитат од грешното постапување на расипаните народи кои ги опкружувале. Да разгледаме еден пример.

      9, 10. Кои одредби за половите односи и за раѓањето биле вклучени во сојузот на Законот, и каква била користа од нив?

      9 Според одредбите во Законот, кога некоја жена ќе родела дете или, пак, кога маж и жена ќе имале полови односи, некое време биле сметани за нечисти (3. Мојсеева 12:2-4; 15:16-18). Со овие одредби не се омаловажувале таквите чисти дарови од Бог (1. Мојсеева 1:28; 2:18-25). Напротив, со нив се поддржувала Јеховината светост, бидејќи тие им помагале на Божјите слуги да останат неизвалкани. Народите околу Израел имале обичај да го мешаат обожавањето на своите богови со ритуали во кои се величале половите односи и плодноста. На пример, машката и женската проституција биле дел од религијата на Ханаан и, како резултат на тоа, Ханаанците станале крајно расипан народ. Но, Мојсеевиот закон во потполност го одвоил обожавањето на Јехова од сѐ што било поврзано со половите односи.b Имало и други користи.

      10 Преку тие закони, Јехова сакал да ги поучи своите слуги за една важна вистина.c Тоа е дека негативните последици од гревот на Адам се пренесуваат од едно на друго поколение токму преку половите односи и раѓањето (Римјаните 5:12). Така Божјиот закон ги потсетувал Израелците дека гревот сѐ уште е сурова реалност. Всушност, сите ние се раѓаме во грев (Псалм 51:5). За да му се приближиме на нашиот свет Бог, на секој од нас му се потребни простување и откупнина.

      11, 12. а) Кое важно начело за правда го застапувал Мојсеевиот закон? б) Кои заштитни мерки во Законот спречувале да се извртува правдата?

      11 Законот ја поддржувал Јеховината совршена правда. Мојсеевиот закон го застапувал начелото на еднаквост во судските случаи. Во него пишувало: „Душа за душа, око за око, заб за заб, рака за рака, нога за нога“ (5. Мојсеева 19:21). Во склад со тоа, кога некој ќе извршел злосторство, казната морала да биде еднакво тешка како и престапот. Ова обележје на Божјата правда се проткајува низ целиот Закон. Всушност, тоа е од пресудна важност за да го разбереме значењето на откупната жртва на Исус Христос, како што ќе видиме во 14. поглавје (1. Тимотеј 2:5, 6).

      12 Во Законот биле вклучени и заштитни мерки кои спречувале да се извртува правдата. На пример, биле потребни најмалку двајца сведоци за да се потврди вистинитоста на некое обвинение. Казната за лажно сведочење била многу тешка (5. Мојсеева 19:15, 18, 19). Освен тоа, митото и корупцијата биле строго забранети (2. Мојсеева 23:8; 5. Мојсеева 27:25). Дури и во деловните зделки, Божјите слуги требало да се држат за Јеховините високи мерила за правда (3. Мојсеева 19:35, 36; 5. Мојсеева 23:19, 20). Овој возвишен и непристрасен законик навистина претставувал голем благослов за израелскиот народ!

      Закони што ја истакнуваат Божјата милост и непристрасност

      13, 14. На кој начин Законот овозможувал да се постапува праведно и непристрасно со крадецот и со жртвата?

      13 Дали Мојсеевиот закон претставувал список на строги и безмилосни правила? Во никој случај! Под водство на светиот дух, цар Давид напишал: „Јеховиниот закон е совршен“ (Псалм 19:7). Тој добро знаел дека Законот поттикнувал на милост и непристрасност. На кој начин?

      14 Се чини дека денес во некои земји законите се пообѕирни кон криминалците и повеќе ги штитат нив отколку жртвите. На пример, можеби некои крадци се осудени на затворска казна. Во меѓувреме, жртвите не само што остануваат без своите украдени поседи, туку мораат да продолжат и да ги плаќаат даноците кои делумно се користат за да се издржуваат такви криминалци. Во древниот Израел немало затвори како денес. Освен тоа, имало ограничувања и во поглед на строгоста на казната (5. Мојсеева 25:1-3). Крадецот морал да го надомести она што го украл. Но, требало да плати и повеќе. Колку? Судиите имале овластување да го одредат тоа, при што можеле да земат предвид повеќе фактори, како што е каењето на престапникот. Ова покажува зошто, според 3. Мојсеева 6:1-7, крадецот морал да даде многу помала отштета од онаа што била пропишана во 2. Мојсеева 22:7.

      15. Како Законот гарантирал и милост и правда кога некој случајно ќе убиел некого?

      15 Законот милосрдно го земал предвид фактот дека сите престапи не биле намерни. На пример, кога некој случајно ќе убиел некого, не морало да плати со својот живот ако ги преземел потребните чекори така што ќе побегнел во некој од градовите-прибежишта кои биле расеани низ целиот Израел. Откако овластени судии во тој град-прибежиште ќе го испитале неговиот случај, тој морал да живее таму сѐ до смртта на првосвештеникот, а потоа бил слободен да живее каде што сака. На тој начин имал корист од Божјата милост. Овој закон истовремено нагласувал колку е скапоцен човечкиот живот (4. Мојсеева 15:30, 31; 35:12-25).

      16. Како Законот штител одредени човекови права?

      16 Законот ги штител и човековите права. Размисли на кои начини ги заштитувал должниците. Законот забранувал заемодавачот да влезе во куќата на должникот за да му заплени дел од имотот како залог. Тој требало да чека надвор додека оној што зел заем од него не му изнел нешто како залог. На тој начин, домот на должникот бил заштитен. Ако заемодавачот зел во залог облека, требало да му ја врати на должникот до вечерта за да не му биде ладно во текот на ноќта (5. Мојсеева 24:10-14).

      17, 18. Како Израелците се разликувале од другите народи во поглед на војувањето, и зошто?

      17 Дури и војувањето било регулирано со Законот. Божјите слуги не смееле да водат војна за да ја заситат својата желба за моќ или власт, туку требало да го застапуваат Јехова во Неговите војни (4. Мојсеева 21:14). Во многу случаи, Израелците најпрво требало да му дадат можност на градот што сакале да го нападнат да се предаде под одредени услови. Ако одбиел, тогаш требало да го опсадат, но според правилата кои ги одредувал Бог. За разлика од многуте војници низ историјата, мажите во израелската војска не смееле да силуваат жени или да убиваат кого ќе стигнат. Требало дури и да водат сметка за околината и да не ги сечат родните дрвја.d Ниедна друга војска немала такви ограничувања (5. Мојсеева 20:10-15, 19, 20; 21:10-13).

      18 Дали се згрозуваш кога ќе слушнеш дека во некои земји се обучуваат деца за војници? Во древниот Израел, ниту еден маж под 20 години не смеел да биде регрутиран за војска (4. Мојсеева 1:2, 3). Дури и возрасните мажи кои претерано се плашеле не биле земани за војници. Мажот кој само што стапил во брак не требало да оди во војска цела година за да може да го види својот наследник пред да започне со една ваква опасна служба. Законот објаснувал дека на тој начин младиот сопруг ќе можел „да ја развеселува“ својата жена (5. Мојсеева 20:5, 6, 8; 24:5).

      19. Кои одредби во Законот ги штителе жените, децата, семејствата, вдовиците и сираците?

      19 Исто така, Законот ги штител жените, децата и семејствата, и се грижел за нив. Тој им заповедал на родителите постојано да им посветуваат внимание на своите деца и да ги поучуваат за духовни работи (5. Мојсеева 6:6, 7). Забранувал секаков вид инцест, кој се казнувал со смрт (3. Мојсеева, поглавје 18). Освен тоа, забранувал и прељуба, која е една од главните причини за распад на семејството, и која ги уништува сигурноста и достоинството на неговите членови. Законот се грижел и за вдовиците и сираците, и најстрого забранувал да се постапува лошо со нив (2. Мојсеева 20:14; 22:22-24).

      20, 21. а) Зошто Мојсеевиот закон дозволувал полигамија меѓу Израелците? б) Во поглед на разводот, зошто Законот се разликувал од мерилото кое Исус подоцна повторно го воспоставил?

      20 Меѓутоа, некој би можел да праша: ‚Зошто Законот допуштал полигамија?‘ (5. Мојсеева 21:15-17). За да го разбереме ова, мора да ги земеме предвид околностите во тоа време. Оние што донесуваат заклучоци за Мојсеевиот закон според денешните сфаќања и култури, сигурно нема исправно да го разберат (Изреки 18:13). Јехова уште во рајската градина го одредил мерилото за брак, според кое бракот требало да биде трајна врска меѓу еден маж и една жена (1. Мојсеева 2:18, 20-24). Но, до времето кога му го дал Законот на Израел, полигамијата веќе со векови била длабоко вкоренета. Јехова добро знаел дека неговиот „непокорен народ“ често ќе ги крши и најосновните заповеди, како што била забраната за идолопоклонство (2. Мојсеева 32:9). Затоа, навистина било мудро што во тоа време не ги сменил сите нивни обичаи поврзани со бракот. Иако не ја вовел полигамијата, Јехова дал одредби во Мојсеевиот закон за да спречи таа да биде злоупотребена.

      21 Слично на тоа, Мојсеевиот закон дозволувал еден маж да се разведе од својата жена поради повеќе сериозни причини (5. Мојсеева 24:1-4). Но, Исус рекол дека тоа било отстапка што Бог ја направил за Евреите ‚поради закоравеноста на нивното срце‘. Таквите отстапки биле привремени. За своите следбеници, Исус повторно го воспоставил Јеховиното првобитно мерило за брак (Матеј 19:8).

      Законот ја воздигнувал љубовта

      22. На кој начин Мојсеевиот закон поттикнувал на љубов, и кон кого?

      22 Дали можеш да замислиш правен систем денес кој ги поттикнува луѓето да се сакаат едни со други? Мојсеевиот закон ја воздигнувал љубовта над сѐ друго. Само во 5. Мојсеева, глаголот „сака“ се појавува во различен облик десетици пати. Втората по важност заповед во целиот Закон била: „Сакај го својот ближен како самиот себе“ (3. Мојсеева 19:18; Матеј 22:37-40). Божјите слуги требало да покажуваат таква љубов не само еден кон друг туку и кон туѓинците што биле меѓу нив, имајќи на ум дека и самите порано биле туѓинци. Требало да покажуваат љубов кон сиромашните и кон оние што биле во неволја така што ќе им помагале во материјален поглед и немало да ја искористуваат нивната тешка ситуација. Им било заповедано да постапуваат обѕирно дури и кон домашните животни (2. Мојсеева 23:6; 3. Мојсеева 19:14, 33, 34; 5. Мојсеева 22:4, 10; 24:17, 18).

      23. На што бил поттикнат писателот на Псалм 119, и на што треба да бидеме решени и ние?

      23 Има ли друг народ што бил благословен со таков закон? Ништо чудно што псалмистот напишал: „Колку го сакам твојот закон!“ Но, неговата љубов не била само чувство во неговото срце. Таа го поттикнувала на дела, бидејќи тој се трудел да му биде послушен на Божјиот закон и да го применува во својот живот. Понатаму тој рекол: „Цел ден размислувам за него“ (Псалм 119:11, 97). Да, псалмистот редовно одвојувал време да ги проучува Јеховините закони. Нема сомнение дека, додека го правел тоа, неговата љубов кон нив уште повеќе растела, а со тоа растела и неговата љубов кон Јехова Бог, кој ги дал тие закони. Слично на овој псалмист, биди решен и понатаму да го проучуваш Божјиот закон и станувај сѐ поблизок со Јехова — Големиот Законодавец и Богот на правдата.

      a На пример, законите со кои било пропишано да се закопува човечкиот измет, да се ставаат болните во карантин и да се капе секој што допрел мртво тело, биле далеку пред своето време (3. Мојсеева 13:4-8; 4. Мојсеева 19:11-13, 17-19; 5. Мојсеева 23:13, 14).

      b Во своите храмови, Ханаанците имале посебни простории наменети за полови односи. Но, според Мојсеевиот закон, оние што биле нечисти не смееле да влезат во храмот. Со оглед на тоа што Израелците одреден период биле сметани за нечисти ако имале полови односи, било незамисливо такво нешто да биде дел од службата која се вршела во Јеховиниот дом.

      c Главна цел на Законот била да го поучи народот. Всушност, според една енциклопедија, хебрејскиот збор тора́, кој е преведен со „закон“, значи „поука“ (Encyclopaedia Judaica).

      d Во Законот стоело следново прашање: „Зар е дрвото во полето човек за да го опсадиш?“ (5. Мојсеева 20:19). Филон, еврејски изучувач од првиот век, го навел овој закон објаснувајќи дека за Бог е „неправедно гневот кон луѓето да се истура врз работи кои не се виновни за ништо“.

      Прашања за размислување

      • 3. Мојсеева 19:9,10; 5. Мојсеева 24:19. Што чувствуваш ти кон Богот кој донесува вакви закони?

      • Псалм 19:7-14. Што чувствувал Давид кон „Јеховиниот закон“, и колку треба ние да ги цениме Божјите закони?

      • Михеј 6:6-8. Како овие стихови ни помагаат да сфатиме дека нема причина да мислиме дека Јеховините закони се тешки?

      • Матеј 23:23-39. Како фарисеите покажале дека ја промашиле целта на Законот, и зошто тоа е предупредување за нас?

  • Јехова обезбедува „откупнина за мнозина“
    Приближи му се на Јехова
    • За да се задоволи Божјата совршена правда, Исус спремно го дал својот живот како соодветна откупнина

      Поглавје 14

      Јехова обезбедува „откупнина за мнозина“

      1, 2. Како Библијата ја опишува состојбата во која се наоѓаат луѓето, и кој е единствениот излез од неа?

      ,ЦЕЛОТО создание заедно воздивнува и во болка е сѐ досега‘ (Римјаните 8:22). Со овие зборови, апостол Павле ја опишал очајната состојба во која се наоѓаме. Од гледна точка на луѓето, кои имаат ограничена моќ и способности, се чини дека нема никаков излез од страдањата, гревот и смртта. Но, има ли нешто невозможно за Јехова? (4. Мојсеева 23:19). Богот на правдата ни обезбедил излез од нашите неволји. Тоа е откупнината.

      2 Откупнината е најголемиот дар што Јехова им го дал на луѓето. Таа може да нѐ ослободи од гревот и од смртта (Ефешаните 1:7). На откупнината се темели и надежта за вечен живот, било на небото било во рајот на Земјата (Лука 23:43; Јован 3:16; 1. Петрово 1:4). Но, што точно претставува откупнината? Што учиме од неа за Јеховината неспоредлива правда?

      Како се јавила потреба од откупнина

      3. а) Зошто се јавила потреба од откупнина? б) Зошто Бог едноставно не ја заменил смртната казна над потомците на Адам со некоја поблага пресуда?

      3 Потребата од откупнина се јавила затоа што Адам направил грев. Бидејќи не го послушал Бог, тој им оставил бедно наследство на своите потомци — болести, тага, болка и смрт (1. Мојсеева 2:17; Римјаните 8:20). Бог не можел едноставно да се поведе по чувствата и да ја замени смртната казна со некоја поблага пресуда. Со тоа би го прекршил сопствениот закон, според кој „платата за гревот е смрт“ (Римјаните 6:23). Ако Јехова ги погазел сопствените мерила за правда, тогаш би завладеале општ хаос и беззаконие!

      4, 5. а) Како Сатана го наклеветил Бог, и зошто Јехова се чувствувал должен да одговори на неговите обвиненија? б) Кое обвинение го изнел Сатана против верните Јеховини слуги?

      4 Како што видовме во 12. поглавје, со побуната во рајската градина се покренале многу важни спорни прашања. Сатана го оцрнил Божјето добро име обвинувајќи го Јехова дека е лажливец и суров диктатор кој им ја ограничува слободата на своите созданија (1. Мојсеева 3:1-5). Тој исто така го прикажал Бог како неспособен со тоа што навидум го спречил да ја исполни својата намера Земјата да биде населена со праведни луѓе (1. Мојсеева 1:28; Исаија 55:10, 11). Ако Јехова ги оставел тие прашања нерасчистени, можеби многу од неговите суштества обдарени со разум ќе изгубеле доверба во неговиот начин на владеење.

      5 Сатана ги наклеветил и верните Божји слуги, обвинувајќи ги дека му служат на Јехова само од себични мотиви, и дека ниту еден од нив нема да му остане верен ако биде ставен под притисок (Јов 1:9-11). Овие спорни прашања биле далеку поважни од тешката ситуација во која се нашле луѓето. Јехова со право се чувствувал должен да одговори на ваквите злобни клевети на Сатана. Но, како можел Бог да ги разреши овие прашања и воедно да го спаси човештвото?

      Откупнина со еднаква вредност

      6. Кои изрази се користат во Библијата за да се опише начинот на кој Бог решил да ги спаси луѓето?

      6 Решението на Јехова било многу милосрдно и сосема праведно. Такво решение не можел да смисли ниту еден човек. Сепак, тоа било и многу едноставно. За него се користат различни изрази како, на пример, очистување и помирување (Даниел 9:24; Колошаните 1:20; Евреите 2:17). Но, самиот Исус употребил еден израз кој најдобро опишува за што станува збор. Тој рекол: „Синот човечки не дојде да му служат, туку да служи и да го даде својот живот како откупнина [грчки: ли́трон] за мнозина“ (Матеј 20:28).

      7, 8. а) Што значи зборот „откупнина“ во Библијата? б) Во која смисла откупнината укажува на нешто со еднаква вредност?

      7 Што е откупнина? Грчкиот збор што се користи овде е изведен од глагол кој значи „пушта, ослободува“. Со тој израз се укажувало на цената која се плаќала за да бидат ослободени воени заробеници. Според тоа, откупнината може да се дефинира како цена која се плаќа за да се откупи нешто. Во Хебрејските списи, зборот преведен со „откупнина“ (ко́фер) е изведен од глагол кој значи „покрива“. На пример, Бог му рекол на Ное дека треба да ја „премачка“ (дословно на хебрејски: „покрие“) арката со смола (1. Мојсеева 6:14). Ова ни помага да сфатиме дека откупнината значи и покривање на гревовите (Псалм 65:3).

      8 Интересно е што во еден речник стои дека овој збор (ко́фер) „секогаш укажува на нешто што има еднаква вредност“, односно во потполност одговара на нешто друго (Theological Dictionary of the New Testament). На пример, поклопецот на ковчегот на сојузот имал облик што одговарал на самиот ковчег. На сличен начин, за да се откупи или покрие гревот, било неопходно да се плати цена која била потполно еднаква на штетата што тој ја предизвикал. Затоа, во Законот што Бог му го дал на Израел стоело: „Душа за душа, око за око, заб за заб, рака за рака, нога за нога“ (5. Мојсеева 19:21).

      9. Зошто верните луѓе во минатото принесувале животински жртви, и како гледал Јехова на тие жртви?

      9 Уште од времето на Авел, верните луѓе му принесувале животински жртви на Бог. Со тоа покажувале дека се свесни за гревот и за потребата од откупнина. Исто така, ја покажувале и својата вера во Божјето ветување дека ќе бидат ослободени преку „потомството“ кое ќе го обезбеди Тој (1. Мојсеева 3:15; 4:1-4; 3. Мојсеева 17:11; Евреите 11:4). Јехова ги прифаќал таквите жртви и им дозволил на оние што му ги принесувале да бидат во добар однос со него. Сепак, животинските жртви имале само симболична вредност. Со нив не можел да се покрие гревот на човекот, бидејќи животните имаат помала вредност од луѓето (Псалм 8:4-8). Затоа, Библијата вели: „Крвта на јунци и јарци не може да ги однесе гревовите“ (Евреите 10:1-4). Тие жртви биле само претслика за вистинската откупна жртва која требало да биде принесена во иднина.

      „Соодветна откупнина“

      10. а) На кого требало да биде соодветна откупнината, и зошто? б) Зошто било потребно само еден човек да го даде својот живот како жртва?

      10 „Во Адам сите умираат“, рекол апостол Павле (1. Коринќаните 15:22). Затоа, како откупна жртва морало да умре некој што бил потполно еднаков на Адам, односно совршен човек (Римјаните 5:14). Ниту едно друго создание не можело да ги израмни двата таса на вагата на правдата. Само совршен човек, кој не подлежел на смртната казна на Адам, можел да понуди „соодветна откупнина“ која совршено одговарала на првиот човек (1. Тимотеј 2:6). Немало потреба неброени милиони поединци да бидат жртвувани во замена за секој потомок на Адам. Апостол Павле објаснил: „Преку еден човек [Адам] гревот влезе во светот и преку гревот смртта“ (Римјаните 5:12). Бидејќи ‚смртта дошла преку еден човек‘, Бог се погрижил човештвото да биде откупено ‚преку еден човек‘ (1. Коринќаните 15:21; Римјаните 5:19). Како?

      „Соодветна откупнина за сите“

      11. а) На кој начин откупителот требало „да ја вкуси смртта за секого“? б) Зошто Адам и Ева не можеле да извлечат корист од откупнината? (Види ја фуснотата.)

      11 Според Римјаните 6:23, „платата за гревот е смрт“. Со тоа што ќе умрел како жртва, откупителот — односно, совршениот човек кој ќе го жртвувал својот живот — требало „да ја вкуси смртта за секого“. Со други зборови, тој требало да плати за гревот на Адам (Евреите 2:9; 2. Коринќаните 5:21; 1. Петрово 2:24). Од правна гледна точка, ова имало големо значење. Бидејќи со откупнината се поништува смртната казна над потомците на Адам, таа во потполност ќе ја отстрани разорната моќ на гревотa (Римјаните 5:16).

      12. Наведи една споредба која покажува како отплаќањето на долгот на еден човек може да им користи на многу луѓе.

      12 Да наведеме една споредба: Замисли си дека живееш во град каде што повеќето жители се вработени во една голема фабрика. Ти и твоите соседи сте добро платени и водите удобен живот. Но, еден ден фабриката се затвора. Зошто? Директорот бил нечесен, и затоа фабриката мора да оди под стечај. Бидејќи одненадеж останувате без работа, ти и твоите соседи повеќе не можете да си ги плаќате сметките. Сите вработени и нивните брачни другари и деца трпат поради нечесноста на еден човек. Дали има излез од оваа тешка ситуација? Да! Еден богат добротвор одлучува да помогне. Тој е свесен колку вреди фабриката. Освен тоа, сочувствува со луѓето што работеле таму и со нивните семејства. Затоа го исплаќа долгот и повторно ја отвора фабриката. Поништувањето на долгот на еден човек им носи олеснување на многуте вработени и на нивните семејства. На сличен начин, од поништувањето на долгот на Адам имаат корист неброени милиони луѓе.

      Кој ја обезбедува откупнината?

      13, 14. а) Како Јехова обезбедил откупнина за човештвото? б) Кому му се плаќа откупнината, и зошто тоа е неопходно?

      13 Само Јехова можел да го обезбеди ‚Јагнето, кое го отстранува гревот на светот‘ (Јован 1:29). Но, Тој не го испратил било кој ангел за да го спаси човештвото. Напротив, го испратил Оној што можел да даде конечен и непобитен одговор на обвиненијата кои ги изнел Сатана против Божјите слуги. Да, Јехова ја дал најголемата можна жртва кога го испратил својот единороден Син, оној што ‚му бил посебна радост‘ (Изреки 8:30). Божјиот Син доброволно ‚се одрекол‘ од својот живот на небото (Филипјаните 2:7). Јехова со чудо го пренел животот и личноста на својот првороден небесен Син во матката на еврејската девица Марија (Лука 1:27, 35). Како човек, тој се викал Исус. Но, во правна смисла, можел да се нарече вториот Адам бидејќи совршено одговарал на првиот човек (1. Коринќаните 15:45, 47). Поради тоа, Исус можел да се принесе како откупна жртва за грешните луѓе.

      14 Кому требало да му се плати таа откупнина? Псалм 49:7 јасно вели дека откупнината му се плаќа „на Бог“. Но, зарем самиот Јехова не е тој што ја дава откупнината? Да. Сепак, тоа не е исто како некој да си ги извади парите од едниот џеб и да си ги стави во другиот. Плаќањето на откупнината, всушност, е чин кој има правна вредност. Со тоа што ја платил, дури и по голема лична цена, Јехова докажал дека непоколебливо се држи за своите совршени праведни мерила (1. Мојсеева 22:7, 8, 11-13; Евреите 11:17; Јаков 1:17).

      15. Зошто било неопходно Исус да страда и да умре?

      15 Во пролетта 33 год. од н.е., пред конечно да ја плати откупнината, Исус Христос доброволно се изложил на тешко страдање. Тој дозволил да биде уапсен под лажни обвиненија, да биде осуден и да биде погубен така што бил прикован на столб. Дали навистина имало потреба толку многу да страда? Да, затоа што требало да се реши спорното прашање кое било поврзано со верноста и беспрекорноста на Божјите слуги. Интересно е тоа што Бог не дозволил Ирод да го убие Исус додека уште бил бебе (Матеј 2:13-18). Но, како возрасен човек, Исус можел да ги поднесе жестоките напади на Сатана потполно свесен за значењето и сериозноста на спорните прашања.b Со тоа што и покрај тешкото мачење останал ‚лојален, незлоблив, неизвалкан и одвоен од грешниците‘, Божјиот Син докажал на еден впечатлив и непобитен начин дека Јехова навистина има слуги кои ќе му останат верни под искушенија (Евреите 7:26). Ништо чудно што пред да го испушти последниот здив, Исус победнички извикал: „Довршено е!“ (Јован 19:30).

      Ја завршува својата задача како откупител

      16, 17. а) На кој начин Исус продолжил да ја извршува својата задача како откупител? б) Зошто било неопходно Исус да се појави пред Бог за нас?

      16 Но, кога умрел, Исус сѐ уште ја немал завршено својата задача како откупител. Третиот ден по неговата смрт, Јехова го подигнал од мртвите (Дела 3:15; 10:40). Со овој величествен чин, Бог го наградил својот Син за неговата верна служба, но воедно му дал и можност, како Првосвештеник, да ја заврши својата задача во поврзаност со откупнината (Римјаните 1:4; 1. Коринќаните 15:3-8). Апостол Павле објаснува: „Кога Христос дојде како првосвештеник... еднаш засекогаш влезе во светото место, но не со крвта на јарци и јунци, туку со својата крв, и така ни прибави вечно избавување. Зашто, Христос не влезе во свето место направено со раце, кое е претслика на она вистинското, туку во самото небо, за сега да се појави пред Божјето лице за нас“ (Евреите 9:11, 12, 24).

      17 Исус не можел да ја понесе својата дословна крв на небото (1. Коринќаните 15:50). Наместо тоа, тој го понел она што го симболизирала неговата крв — правната вредност на совршениот човечки живот кој го дал како жртва. Исус му ја принел на Бог вредноста на тој живот како откупнина во замена за грешното човештво. Дали Јехова ја прифатил неговата жртва? Да. Ова станало очигледно на Педесетница 33 год. од н.е., кога светиот дух бил излеан врз околу 120 ученици во Ерусалим (Дела 2:1-4). Тоа било само почеток на многуте прекрасни благослови што требало да ги донесе откупнината.

      Благослови од откупнината

      18, 19. а) Кои две групи извлекуваат корист од помирувањето што го овозможил Бог преку крвта на Христос? б) Наведи некои сегашни и идни благослови кои им ги носи откупнината на членовите на ‚големото мноштво‘.

      18 Во своето послание до Колошаните, Павле објаснува дека Бог сакал преку Христос да помири со себе сѐ, со тоа што воспоставил мир преку крвта што Исус ја пролеал на маченичкиот столб. Павле исто така објаснува дека во тоа помирување се вклучени две групи — „она што е на небесата“ и „она што е на земјата“ (Колошаните 1:19, 20; Ефешаните 1:10). Во првата група спаѓаат 144.000 христијани кои имаат надеж дека ќе служат како небесни свештеници и ќе владеат заедно со Исус Христос како цареви над Земјата (Откровение 5:9, 10; 7:4; 14:1-3). Преку нив, постепено ќе бидат излеани благословите од откупнината врз послушните луѓе во период од илјада години (1. Коринќаните 15:24-26; Откровение 20:6; 21:3, 4).

      19 „Она што е на земјата“ се луѓето кои ги очекува совршен живот во Рајот на Земјата. Според Откровение 7:9-17, во нив спаѓа ‚големото мноштво‘ кое ќе ја преживее претстојната ‚голема неволја‘. Но, тие уште денес имаат многу благослови од откупнината. На пример, веќе ‚ги испрале своите долги облеки и ги обелиле во крвта на Јагнето‘. Затоа што покажуваат вера во откупнината, членовите на ‚големото мноштво‘ уште сега имаат духовни благослови од тој прекрасен дар од Бог. Тие се прогласени за праведни како Божји пријатели! (Јаков 2:23). Како резултат на жртвата на Исус, можат ‚да пристапат со слобода на говорот кон престолот на незаслужената доброта‘ (Евреите 4:14-16). Кога грешат, добиваат вистинско простување (Ефешаните 1:7). Иако се несовршени, имаат чиста совест (Евреите 9:9; 10:22; 1. Петрово 3:21). Значи, тие уште денес се помирени со Бог — не мора да чекаат тоа да се случи во иднина! (2. Коринќаните 5:19, 20). А во текот на илјадата години, постепено ‚ќе бидат ослободени од робувањето на распадливоста‘ и конечно ‚ќе ја добијат славната слобода на Божјите деца‘ (Римјаните 8:21).

      20. Како влијае врз тебе лично тоа што размислуваш за откупнината?

      20 Од сѐ срце ‚му благодариме на Бог преку Исус Христос‘ за откупнината! (Римјаните 7:25). Иако се темели на едноставно начело, таа е толку длабока што нѐ исполнува со восхит (Римјаните 11:33). Кога со ценење размислуваме за неа, нѐ допира до срце и ни помага уште повеќе да се зближиме со Богот на правдата. Исто како псалмистот, и ние имаме многу причини да го фалиме Јехова — Богот што „ги сака праведноста и правдата“ (Псалм 33:5).

      a Адам и Ева не можеле да извлечат корист од откупнината. Во врска со намерното убиство, во Мојсеевиот закон стоела следнава заповед: „Не земајте откупнина за животот на убиецот што заслужил смрт, зашто тој мора да биде погубен“ (4. Мојсеева 35:31). Адам и Ева заслужувале да умрат затоа што намерно и свесно одлучиле да не го послушаат Бог. На тој начин, самите се одрекле од можноста да живеат вечно.

      b За да го поништи гревот на Адам, Исус морал да умре како совршен човек, а не како совршено дете. Имај на ум дека гревот на Адам бил намерен. Тој го направил иако бил потполно свесен за сериозноста на тој чин и за последиците од него. Затоа, за да стане „последниот Адам“ и да го покрие тој грев, Исус морал, како возрасен човек, свесно да одлучи да ја зачува својата беспрекорност и да му остане верен на Јехова (1. Коринќаните 15:45, 47). Според тоа, целиот живот во кој Исус верно му служел на својот Татко — вклучувајќи ја и неговата жртвена смрт — претставувал „еден чин на оправдување“ (Римјаните 5:18, 19).

      Прашања за размислување

      • 4. Мојсеева 3:39-51. Зошто е важно откупнината да има потполно еднаква вредност на она што го покрива?

      • Псалм 49:7, 8. Зошто сме должни да му благодариме на Бог за откупнината?

      • Исаија 43:25. Како овој стих ни помага да сфатиме дека главната причина зошто Јехова ја обезбедил откупнината не е спасението на човекот?

      • 1. Коринќаните 6:20. Како треба откупнината да влијае врз нашето однесување и врз нашиот живот?

  • Исус ‚воспоставува правда на земјата‘
    Приближи му се на Јехова
    • Исус им ги превртува масите на менувачите на пари, и им заповеда да не тргуваат во храмот

      ПОГЛАВЈЕ 15

      Исус ‚воспоставува правда на земјата‘

      1, 2. Во која прилика се разгневил Исус, и зошто?

      ИСУС пламтел од гнев, и тоа со право. Можеби не ти е лесно да си го замислиш таков затоа што знаеш дека бил многу благ човек (Матеј 21:5). Се разбира, неговиот гнев бил праведен, и тој задржал совршена контрола над себеси.a Но, што било тоа што толку го разгневило овој мирољубив човек? Една голема неправда.

      2 Храмот во Ерусалим му бил посебно драг на Исус. Тоа било единственото свето место на Земјата кое било наменето за обожавање на неговиот небесен Татко. Евреите патувале од далечни земји за да го слават Јехова во него, а доаѓале дури и богобојазливи луѓе од другите народи, кои имале пристап во храмскиот двор што бил одвоен само за нив. Но, кога влегол во храмот во почетокот на својата служба, Исус се запрепастил од она што го видел. Храмот повеќе личел на пазар отколку на свето место! Бил преполн со трговци и менувачи на пари. Зошто ова било неправедно? Затоа што, за овие луѓе, Божјиот храм бил само место каде што ги искористувале, па дури и ги пљачкале луѓето. На кој начин го правеле тоа? (Јован 2:14).

      3, 4. На кој начин луѓето биле искористувани во Јеховиниот дом, и што презел Исус за да го исправи тоа?

      3 Верските водачи барале храмскиот данок да се плаќа само со еден вид монета. Оние што доаѓале во храмот морале да ги сменат своите пари во такви монети. Затоа менувачите поставиле маси во самиот храм, при што земале голема провизија за секоја размена. И продажбата на животни носела огромна заработка. Се разбира, оние што доаѓале во храмот можеле да купат животно за жртва од кој и да било трговец во градот. Иако ова не било погрешно, често се случувало храмските службеници да речат дека тоа животно има недостаток и да не го прифатат. Меѓутоа, секогаш ги прифаќале животните кои биле купени во храмот. Бидејќи на тој начин народот бил оставен на нивна милост и немилост, храмските трговци понекогаш ги продавале животните за огромни цени.b Тоа не само што било безобѕирно туку било чист грабеж!

      „Носете го тоа одовде!“

      4 Исус не можел да трпи таква неправда. Тоа бил домот на неговиот Татко! Затоа направил бич од јажиња и ги истерал од храмот стадата овци и говеда. Потоа тргнал кон менувачите на пари и им ги испревртел масите. Замисли си како сите тие монети се распрснале по мермерниот под! Тој строго им заповедал на оние што продавале гулаби: „Носете го тоа одовде!“ (Јован 2:15, 16). Очигледно, никој не се осмелил да му се спротивстави на овој храбар човек.

      „Каков татко, таков син“

      5-7. а) Како Исус бил поучен за правдата уште пред да дојде на Земјата, и што може да научиме од неговиот пример? б) Како Христос се борел против неправдите кои му биле нанесени на Јеховиното име и на Неговото право да владее?

      5 Се разбира, трговците повторно се вратиле во храмот. По три години, Исус морал да се справи со истата неправда. Во таа прилика ги цитирал зборовите што лично Јехова ги кажал кога ги осудил оние што го претвориле Неговиот дом во „разбојничка пештера“ (Матеј 21:13; Еремија 7:11). Ова јасно покажува дека Исус имал исти чувства како својот Татко кога видел на колку алчен начин биле искористувани луѓето и како бил осквернуван Божјиот храм. Тоа воопшто не треба да нѐ чуди. Во текот на неброени милиони години, Исус бил поучуван од својот небесен Татко. Поради тоа, го имал истото чувство за правда како и Јехова. Во неговиот случај, се потврдила вистинитоста на изреката: „Каков татко, таков син“. Затоа, ако сакаме да стекнеме јасна слика за Јеховината правда, треба длабоко да размислуваме за примерот на Исус Христос (Јован 14:9, 10).

      6 Божјиот единороден Син чул кога Сатана неправедно го нарекол Јехова Бог лажливец, и кога го довел во прашање Неговото право да владее. Тоа било чиста клевета! Синот слушал и кога подоцна Сатана тврдел дека никој нема да му служи на Јехова несебично и од љубов. Без сомнение, овие лажни обвиненија му причиниле голема болка на Божјиот праведен Син. Затоа, сигурно бил пресреќен кога дознал дека ќе има клучна улога во побивањето на тие лаги на Сатана! (2. Коринќаните 1:20).

      7 Како што видовме во 14. поглавје, Исус Христос дал конечен и непобитен одговор на обвинението со кое Сатана ја довел во прашање верноста и беспрекорноста на Јеховините созданија. Со тоа Исус го поставил темелот за еднаш засекогаш да се посвети Божјето име и да се докаже дека само Јехова има право да биде Севишен Владетел. Како Божји Главен Застапник, Исус ќе ја воспостави Јеховината правда низ целата вселена (Дела 5:31). Тој ја одразувал Божјата правда и со начинот на кој живеел додека бил на Земјата. Во врска со својот Син, Јехова рекол: „На него ќе го ставам својот дух, и тој јасно ќе им покаже на народите што е тоа правда“ (Матеј 12:18). Како Исус ги исполнил овие зборови?

      Исус јасно покажува „што е правда“

      8-10. а) Како усните преданија на еврејските верски водачи ги поттикнувале Израелците да ги презираат не-Евреите и жените? б) На кој начин усните закони го отежнале држењето на Јеховиниот закон за саботата?

      8 Исус го сакал Јеховиниот закон и живеел според него. Но, верските водачи во негово време го извртувале и погрешно го применувале тој Закон. Затоа Исус им рекол: „Тешко вам, книжници и фарисеи, лицемери, бидејќи... го занемаривте она што е поважно во Законот: правдата, милосрдноста и верноста!“ (Матеј 23:23). Тие учители на Божјиот закон не им објаснувале на луѓето „што е правда“. Напротив, ја замаглувале Божјата правда. Како? Да разгледаме неколку примери.

      9 Јехова му заповедал на својот народ да не се меша со околните народи (1. Царевите 11:1, 2). Меѓутоа, некои фанатични верски водачи ги поучувале луѓето да ги презираат сите не-Евреи. Во Мишната стоело дури и следново правило: „Стоката не смее да се остава во конаците на незнабошците затоа што постои сомнеж дека тие имаат полови односи со животни“. Таквата општа предрасуда против сите не-Евреи била неправедна и сосема спротивна на духот на Мојсеевиот закон (3. Мојсеева 19:34). Некои други човечки правила ги понижувале жените. На пример, според усниот закон, жената смеела да оди само зад мажот, а никако покрај него. Еден маж не смеел да разговара со жена на јавно место — дури ни со својата сопруга! Исто како на робовите, и на жените не им било дозволено да сведочат на суд. Имало дури и една одредена молитва со која мажите му благодареле на Бог што не се родиле како жени.

      10 Верските водачи го затрупале Божјиот закон со безброј човечки правила и одредби. На пример, Мојсеевиот закон забранувал да се работи во сабота затоа што тој ден требало да биде одвоен за обожавање на Бог, за духовно зајакнување и за одмор. Но, фарисеите многу го отежнале држењето на овој закон. Тие си зеле за право да кажат што конкретно смеело, а што не смеело да се работи во сабота. Во „работа“ спаѓале 39 активности, како што биле жетвата или ловот. Но, со тоа се покренале еден куп прашања. Ако некој убиел болва на денот за одмор, дали тоа било лов? Ако скинел неколку зрна жито за да ги изеде додека одел по патот, дали тоа било жетва? Ако излекувал некого што бил болен, дали тоа било работа? Овие прашања се решавале со поставување на крути и детални правила.

      11, 12. Како Исус се спротивставил на небиблиските преданија на фарисеите?

      11 Во такви услови, како можел Исус да им помогне на луѓето да разберат што е правда? Со своите учења и начин на живот, тој храбро им се спротивставил на тогашните верски водачи. Да разгледаме најпрво некои од неговите учења. Тој отворено ги осудил безбројте правила кои ги измислиле тие наводни учители на Божјиот закон, кога рекол: „Со своето предание што сте го пренеле на другите, ја обезвреднувате Божјата реч“ (Марко 7:13).

      12 Исус храбро поучувал дека фарисеите погрешно го разбираат законот за саботата и дека потполно ја промашиле целта на овој закон. Тој објаснил дека Месијата е „Господар на саботата“, и затоа има право да ги лекува луѓето на денот за одмор (Матеј 12:8). За да го нагласи ова, тој јавно ги лекувал луѓето во сабота (Лука 6:7-10). Таквите чудотворни лекувања биле претслика на лекувањето што ќе го врши на целата Земја во текот на своето илјадагодишно владеење. Всушност, тие илјада години ќе бидат најголемата Сабота бидејќи тогаш верните луѓе конечно ќе се одморат после толку векови макотрпна работа под товарот на гревот и смртта.

      13. Кој закон стапил на сила откако Христос ја завршил својата служба на Земјата, и како се разликувал од Мојсеевиот закон?

      13 Исус јасно покажал што е правдата и преку еден нов закон, „законот Христов“, кој стапил на сила откако тој ја завршил својата служба на Земјата (Галатите 6:2). За разлика од Мојсеевиот закон, овој нов закон не се темелел на низа пишани заповеди, туку на начела. Сепак, вклучувал и неколку директни заповеди. Една од нив е наречена „нова заповед“. Исус ги поучил сите свои следбеници да се сакаат еден со друг како што тој ги сакал нив (Јован 13:34, 35). Самопожртвуваната љубов требало да биде главното обележје на сите што ќе живеат според „Христовиот закон“.

      Жив пример за правда

      14, 15. Како Исус покажал дека е свесен оти има ограничени овластувања, и зошто е утешно да го знаеме тоа?

      14 Освен што поучувал за „Христовиот закон“, Исус покажал на дело што значи да се живее според него. Да разгледаме три начини на кои Христос, со својот пример, јасно покажал што е правда.

      15 Прво, тој совесно се трудел никогаш да не постапува неправедно. Можеби си забележал дека причината за многу неправди е тоа што несовршените луѓе често пати знаат да бидат вообразени и да ги пречекорат своите овластувања. Исус не го правел тоа. На пример, во една прилика, еден човек дошол кај него и му рекол: „Учителе, речи му на брат ми да го подели наследството со мене!“ Што му одговорил Исус? „Човеку, кој ме поставил мене да судам или да делам меѓу вас?“ (Лука 12:13, 14). Неверојатно, зарем не? Никој на Земјата не бил толку мудар и не можел толку добро да ги процени работите како него. А никој немал добиено ни толку голем авторитет од Бог. Сепак, Исус одбил да се вмеша во спорот меѓу браќата затоа што не бил овластен за тоа. Тој секогаш покажувал скромност во овој поглед, дури и во текот на илјадниците години пред да дојде на Земјата (Јуда 9). Оваа прекрасна особина јасно се гледа од тоа што секогаш понизно остава Јехова да одреди што е праведно.

      16, 17. а) Како Исус покажал дека е праведен со начинот на кој ја проповедал добрата вест за Божјето Царство? б) Како Исус покажал дека неговата правда е проткаена со милост?

      16 Второ, Исус покажал дека е праведен и со начинот на кој ја проповедал добрата вест за Божјето Царство. Тој бил непристрасен и искрено се трудел да им проповеда на најразлични луѓе — и на богати и на сиромашни. За разлика од него, фарисеите гледале од високо на обичниот народ и со презир го нарекувале ам хаа́рец, односно „народ од земјата“. Исус храбро ја исправил таа неправда. Кога ги поучувал луѓето за добрата вест, а и кога јадел со нив, кога ги хранел, кога ги лекувал, па дури и кога ги воскреснувал, тој ја застапувал правдата на својот Татко, кој сака „најразлични луѓе да се спасат“c (1. Тимотеј 2:4).

      17 Трето, правдата на Исус била проткаена со милост и сочувство. Тој се трудел да им помага на грешниците (Матеј 9:11-13). Спремно се грижел за оние што биле беспомошни и незаштитени. За разлика од верските водачи во тоа време, Исус не го поттикнувал народот да гледа со недоверба на сите не-Евреи. Иако бил испратен главно кај Евреите, тој во неколку прилики милостиво им помогнал на некои од другите народи. На пример, Исус со чудо го излекувал слугата на еден римски стотник, велејќи: „Вистина, ви велам, кај никого во Израел не најдов толкава вера“ (Матеј 8:5-13).

      18, 19. а) На кој начин Исус им укажувал чест на жените? б) Како примерот на Исус ни помага да сфатиме каква е врската меѓу храброста и правдата?

      18 Исус не го поддржувал мислењето за жените кое преовладувало во негово време. Наместо тоа, храбро го правел она што е праведно. Самарјанките биле сметани за нечисти, исто како не-Евреите. Но, Исус без колебање ѝ сведочел на Самарјанката која дошла на бунарот во Сихар. Всушност, оваа жена била првата личност на која тој отворено ѝ кажал дека е ветениот Месија (Јован 4:6, 25, 26). Фарисеите сметале дека жените не треба да бидат поучувани за Божјиот закон. Но, Исус вложил многу време и сила за да ги поучува (Лука 10:38-42). Освен тоа, според преданијата, сведочењето на една жена не се сметало за веродостојно. Но, Исус им укажал чест на неколку жени со тоа што по своето воскресение првпат им се појавил ним. Дури им рекол да појдат и да им ја кажат таа важна вест на мажите кои биле негови ученици! (Матеј 28:1-10).

      19 Исус навистина јасно им покажал на народите што е правда. Во многу случаи, тој го правел тоа на сопствен ризик. Од неговиот пример учиме дека ни е потребна храброст за да ја застапуваме вистинската правда. Затоа, Исус соодветно бил наречен „лавот од Јудиното племе“ бидејќи, како што видовме, лавот е симбол на храброто спроведување на правдата (Откровение 5:5). А што ќе се случи во блиска иднина? Исус ќе донесе уште поголема правда. Всушност, тој ќе „воспостави правда на земјата“ во вистинска смисла на зборот (Исаија 42:4).

      Месијанскиот Цар ‚воспоставува правда на земјата‘

      20, 21. а) Како месијанскиот Цар ја застапува правдата на Земјата денес? б) Како Исус ја застапува правдата и во христијанското собрание?

      20 Откако станал Цар на месијанското Царство во 1914 год., Исус ја застапува правдата на Земјата. Како? Така што помага да се исполни неговото пророштво запишано во Матеј 24:14. Низ целиот свет, неговите следбеници ги поучуваат луѓето за вистината за Јеховиното Царство. Исто како Исус, тие проповедаат непристрасно и праведно така што им даваат можност на сите — и на млади и на стари, и на богати и на сиромашни, и на мажи и на жени — да го запознаат Јехова, Богот на правдата.

      21 Исус ја застапува правдата и во христијанското собрание. Како Глава на собранието, и во склад со пророштвото, тој дал „луѓе како дарови“, односно верни христијански старешини кои се грижат за скапоценото Божје стадо на Земјата (Ефешаните 4:8-12). Додека го прават ова, тие го следат примерот на Исус Христос така што ја застапуваат правдата во собранието. Старешините секогаш имаат на ум дека Исус сака со неговите овци да се постапува праведно — без оглед на нивната општествена положба, углед или материјална состојба.

      22. Што чувствува Јехова кога ги гледа сите неправди во денешниов свет, и каква задача му дал на својот Син?

      22 Но, наскоро Исус ќе воспостави правда на Земјата на досега невиден начин. Во овој расипан свет има неправди на секој чекор. Секое дете што умира од глад е жртва на неопростлива неправда, особено ако се земе предвид колку пари и време се трошат за да се произведува оружје и за да се задоволат незаситните желби на себичните луѓе. Тоа што секоја година непотребно умираат милиони е само една од многуте неправди на кои Јехова со право се гневи. Тој го овластил својот Син да поведе праведна војна со целиот овој злобен свет, и да им стави крај на сите неправди еднаш засекогаш (Откровение 16:14, 16; 19:11-15).

      23. Откако ќе заврши војната Армагедон, на кој начин Исус ќе ја застапува правдата во сета вечност?

      23 Меѓутоа, кога ја извршува својата правда, целта на Јехова не е само да ги уништи злобните. Тој го поставил својот Син да владее и како „Кнез на Мирот“. Откако ќе заврши војната Армагедон, Исус, чија власт ќе ‚се темели врз правдата‘, ќе воспостави мир на целата Земја (Исаија 9:6, 7). Тогаш тој со задоволство ќе ги исправи сите неправди што му донеле толку многу маки и страдање на човечкиот род. Исус верно ќе ја застапува Јеховината совршена правда во сета вечност. Затоа е многу важно и ние да постапуваме во склад со Јеховината правда уште денес. Во следното поглавје, ќе видиме како може да го правиме тоа.

      a Исус бил исполнет со праведен гнев затоа што е сличен на Јехова, кој многу „се гневи“ на сета злоба (Наум 1:2). На пример, во една прилика Бог им кажал на тврдоглавите Израелци дека го претвориле неговиот дом во „разбојничка пештера“, а потоа рекол: „Еве, мојот гнев и мојата јарост се излеваат врз ова место“ (Еремија 7:11, 20).

      b Според еврејската Мишна, неколку години подоцна народот кренал бунт поради високите цени на гулабите што се продавале во храмот. Цената веднаш била намалена за 99 отсто! Кој имал најголема заработка од ваквата трговија? Некои историчари сметаат дека храмските пазари му припаѓале на домаќинството на првосвештеникот Ана и дека му носеле огромно богатство на тоа свештеничко семејство (Јован 18:13).

      c Фарисеите сметале дека обичниот народ, кој не го познавал Законот, бил „проклет“ (Јован 7:49). Тие велеле дека човек не треба ниту да ги поучува, ниту да тргува, ниту да јаде, ниту да се моли заедно со таквите луѓе. Според фарисеите, подобро било некој да им ја фрли ќерката на ѕверови, отколку да дозволи да се омажи за некој од обичниот народ. Овие верски водачи сметале дека тие луѓе не се достојни за воскресение.

      Прашања за размислување

      • Псалм 45:1-7. Зошто може да бидеме уверени дека месијанскиот Цар ќе ја застапува совршената правда?

      • Матеј 12:19-21. Според пророштвото, како ќе постапува Месијата со бедните и угнетените?

      • Матеј 18:21-35. Како Исус ги поучувал луѓето дека вистинската правда е тесно поврзана со милоста?

      • Марко 5:25-34. Како покажал Исус дека Божјата правда ги зема предвид личните околности на луѓето?

  • ‚Постапувај праведно‘ додека одиш со Бог
    Приближи му се на Јехова
    • Двајца старешини се на посета кај една сестра и нејзините две деца за да ги охрабрат

      ПОГЛАВЈЕ 16

      ‚Постапувај праведно‘ додека одиш со Бог

      1-3. а) Зошто сме му должници на Јехова? б) Што очекува нашиот грижлив Спасител од нас?

      ЗАМИСЛИ СИ дека се наоѓаш на брод што тоне. Токму кога помислуваш дека веќе нема никаква надеж, се појавува еден спасувач. Сигурно ти паѓа камен од срце кога тој те извлекува од опасната ситуација, и ти вели: „Сега си на безбедно!“ Зар нема да се чувствуваш како негов должник? Всушност, ти дословно му го должиш својот живот!

      2 На некој начин, овој пример покажува што сторил Јехова за нас. Ние сме негови должници затоа што тој ја обезбедил откупнината, и со тоа ни овозможил да бидеме избавени од канџите на гревот и смртта. Се чувствуваме безбедни бидејќи знаеме дека, сѐ додека покажуваме вера во таа скапоцена жртва, нашите гревови се простени и нашата надеж за вечен живот е сигурна (1. Јованово 1:7; 4:9). Како што видовме во 14. поглавје, откупнината е најголемиот израз на Јеховината љубов и правда. Како треба да му возвратиме на нашиот Бог за тој бесценет дар?

      3 Добро е да размислиме за она што нашиот грижлив Спасител го очекува од нас. Преку пророкот Михеј, Јехова рекол: „Тој ти кажа, земен човеку, што е добро. Бара ли Јехова, твојот Бог, од тебе нешто друго, освен да постапуваш праведно, да ја сакаш добротата и скромно да одиш со него?“ (Михеј 6:8). Забележи дека една работа што Бог ја бара од нас е да ‚постапуваме праведно‘. Како можеме да го правиме тоа?

      Барај ја ‚вистинската праведност‘

      4. Од каде знаеме дека Јехова очекува да живееме во склад со неговите праведни мерила?

      4 Јехова очекува да живееме во склад со неговите мерила за исправно и погрешно. Бидејќи тие мерила се праведни, ние ја бараме правдата кога се држиме за нив. Во Исаија 1:17 пишува: „Учете се да правите добро, барајте правда“. Божјата Реч нѐ поттикнува да ‚ја бараме праведноста‘ (Софонија 2:3). Исто така, нѐ советува ‚да ја облечеме новата личност, која е создадена по Божја волја во вистинска праведност‘ (Ефешаните 4:24). Вистинската праведност или правда нема ништо заедничко со насилството, нечистотијата и неморалот, бидејќи тие го валкаат она што е свето (Псалм 11:5; Ефешаните 5:3-5).

      5, 6. а) Зошто не ни е претешко да живееме во склад со Јеховините мерила? б) На кој начин Библијата покажува дека треба постојано да се напрегаме за да постапуваме праведно?

      5 Дали е претешко да живееме според Јеховините праведни мерила? Не. Божјите заповеди не се никаков товар за оној што во своето срце чувствува силна љубов кон Јехова. Затоа што го сакаме Јехова и неговите мерила, ние имаме голема желба да го радуваме со својот живот (1. Јованово 5:3). Сети се дека тој „ги сака праведните дела“ (Псалм 11:7). Но, за да можеме навистина да постапуваме во склад со Божјата правда, мора да научиме да го сакаме она што го сака Јехова и да го мразиме она што го мрази тој (Псалм 97:10).

      6 Поради нашата грешна природа, не ни е секогаш лесно да постапуваме праведно. Мора да се трудиме ја соблечеме старата личност и нејзините дела, и да ја облечеме новата личност. Библијата вели дека новата личност „се обновува“ преку доброто познавање на Божјата волја (Колошаните 3:9, 10). Зборот „обновува“ покажува дека облекувањето на оваа ‚нова личност‘ е постојан процес и дека тоа од нас бара напор. Затоа што сме несовршени, колку и да се трудиме да го правиме она што е исправно, понекогаш сепак грешиме во мислите, во зборовите или во постапките (Римјаните 7:14-20; Јаков 3:2).

      7. Како треба да реагираме кога нема да успееме да постапиме праведно?

      7 Како треба да реагираме кога понекогаш нема да успееме да постапиме праведно? Се разбира, не би сакале да ја омаловажиме сериозноста на гревот. Но, не смееме ни да одиме во другата крајност и да кренеме раце од себе мислејќи си дека поради нашите маани не сме достојни да му служиме на Јехова. Нашиот сочувствителен Бог им овозможува на сите што искрено се каат да ја стекнат неговата милост. Размисли за следниве утешни зборови што ги кажал апостол Јован: „Ова ви го пишувам за да не направите грев“. Сепак, тој реалистично додал: „Но, ако некој и направи грев [поради наследената несовршеност], имаме помошник кај Таткото — Исус Христос, праведникот“ (1. Јованово 2:1). Јехова ја дал откупната жртва на Исус за да можеме да му служиме на прифатлив начин иако сме грешни. Зарем тоа не нѐ поттикнува да даваме сѐ од себе за да го радуваме Јехова?

      Добрата вест и Божјата правда

      8, 9. Зошто може да се каже дека објавувањето на добрата вест е доказ за Божјата правда?

      8 Ние постапуваме во склад со Божјата правда кога ревносно им ја проповедаме добрата вест за Царството на другите. Како е поврзана Божјата правда со добрата вест?

      9 Јехова нема да го уништи овој злобен свет без пред тоа да ги предупреди луѓето. Кога претскажал што ќе се случува во времето на крајот, Исус рекол: „Кај сите народи најпрво мора да се проповеда добрата вест“ (Марко 13:10; Матеј 24:3). Зборот „најпрво“ укажува дека добрата вест ќе се проповеда низ целиот свет пред да се случат други настани, во кои спаѓа и проречената голема неволја, кога ќе бидат уништени злобните и ќе се расчисти патот за Бог да го воспостави својот праведен нов свет (Матеј 24:14, 21, 22). Според тоа, никој нема оправдана причина да го обвини Јехова дека е неправеден кон злите. Со тоа што дозволува да се разгласи предупредувањето, тој им дава можност да ги направат потребните промени и да не бидат уништени (Јона 3:1-10).

      Една сестра им сведочи на еден хендикепиран постар човек и на едно девојче

      Постапуваме во склад со Божјата правда кога непристрасно им ја проповедаме добрата вест на другите

      10, 11. Како постапуваме во склад со Божјата правда кога ревносно ја проповедаме добрата вест?

      10 На кој начин постапуваме во склад со Божјата правда кога ја проповедаме добрата вест? Како прво, сосема е нормално да сакаме да направиме сѐ што можеме за да им помогнеме на другите да се спасат. Да размислиме повторно за споредбата со бродот која беше спомната во почетокот. Откако ќе влезеш во чамецот за спасување, сигурно ќе сакаш да им помогнеш и на другите кои сѐ уште се во водата. Слично на тоа, ние сакаме да им подадеме рака на оние што сѐ уште се борат со разбрануваните „води“ на овој злобен свет. Точно, мнозина не сакаат да ја прифатат пораката што ја проповедаме. Сепак, сѐ додека Јехова покажува стрпливост, ние сме должни да им помагаме на луѓето „да дојдат до покајание“ за да можат да се спасат (2. Петрово 3:9).

      11 Кога им ја проповедаме добрата вест на сите што ги среќаваме, ние постапуваме праведно на уште еден важен начин — покажуваме дека сме непристрасни. Не заборавај дека „Бог не е пристрасен, туку во секој народ го прифаќа оној што се бои од него и го прави она што е праведно“ (Дела 10:34, 35). Ако сакаме да постапуваме во склад со Јеховината правда, не смееме да дозволиме во нашето срце да тлеат предрасуди кон луѓето. Наместо тоа, треба да ја споделуваме библиската порака со другите без оглед на нивната раса, општествена положба или материјална состојба. Така им даваме можност на сите да ја слушнат и да ја прифатат добрата вест (Римјаните 10:11-13).

      Како постапуваме со другите

      12, 13. а) Зошто не треба брзо да им судиме на другите? б) Што сакал да каже Исус со зборовите „не судете“? (Види ја и фуснотата.)

      12 Можеме да го правиме она што е праведно и така што ќе постапуваме со другите онака како што Јехова постапува со нас. Многу е лесно да ги осудуваме луѓето, да им наоѓаме маани и да им припишуваме погрешни мотиви. Но, кој од нас би сакал Јехова да му ги стави под лупа слабостите и мотивите, и да му изрече безмилосен суд? Бог не постапува на таков начин со нас. Псалмистот напишал: „Ако гледаш на престапите, о Јах, о Јехова, кој ќе опстане?“ (Псалм 130:3). Зарем не сме благодарни што нашиот праведен и милостив Бог избира да не се задржува на нашите слабости и грешки? (Псалм 103:8-10). Тогаш, како треба да постапуваме ние со другите?

      13 Ако сфаќаме дека Божјата правда секогаш е проткаена со милост, нема веднаш да ги осудуваме другите за работи што не нѐ засегаат или што не се толку важни. Во својата Проповед на гората, Исус предупредил: „Не судете, за да не бидете судени“a (Матеј 7:1). Тој бил свесен дека несовршените луѓе се склони строго да ги осудуваат другите. Секој што имал ваква лоша навика, требало да ја искорени.

      14. Зошто мора да ‚престанеме да им судиме‘ на другите?

      14 Зошто мора да ‚престанеме да им судиме‘ на другите? Една причина е што немаме право на тоа. Ученикот Јаков нѐ потсетува: „Еден е законодавец и судија“ — Јехова. Затоа, Јаков отворено прашува: „Кој си ти да го осудуваш својот ближен?“ (Јаков 4:12; Римјаните 14:1-4). Освен тоа, бидејќи сме несовршени, лесно може да донесеме погрешен суд. Нашите ставови и мотиви, како и предрасудите, повредената гордост, љубомората и самоправедноста, можат да влијаат врз нас и да нѐ наведат да стекнеме погрешна слика за другите. Имаме и други ограничувања и, доколку размислуваме за нив, нема брзо да им бараме маани на луѓето. На пример, не можеме да ги читаме срцата и немаме целосен увид во нечии околности. Тогаш, кои сме ние да им припишуваме лоши мотиви на соверниците или да го критикуваме она што го прават во службата за Бог? Многу подобро е да се угледаме на Јехова и да го бараме доброто кај нашите браќа и сестри наместо да размислуваме само за нивните слабости и недостатоци.

      15. За какви зборови и постапки нема место меѓу Божјите слуги, и зошто?

      15 А како е со нашето семејство? За жал, во денешниов свет, најострите осуди понекогаш се изрекуваат токму во домот, кој треба да биде топло катче во кое владее мир. Многу често слушаме за насилни мажи, жени или родители кои постојано ги изложуваат членовите на своето семејство на вербално, па дури и физичко малтретирање. Но, меѓу Божјите слуги нема место за груби и зајадливи зборови ниту за какво и да било насилно однесување (Ефешаните 4:29, 31; 5:33; 6:4). Советот „престанете да судите“, кој го дал Исус, не престанува да важи во нашиот дом. Имај на ум дека, за да го правиме она што е праведно, треба да постапуваме со другите онака како што Јехова постапува со нас. А нашиот Бог никогаш не е груб и суров кон нас. Напротив, тој „е полн со сочувство“ кон оние што го сакаат (Јаков 5:11). Јехова е навистина извонреден пример кој треба да го следиме!

      Старешини кои служат „по правдата“

      16, 17. а) Што очекува Јехова од старешините? б) Што треба да се преземе кога некој што направил грев не покажува дека искрено се кае, и зошто?

      16 Сите ние имаме одговорност да постапуваме праведно, но ова особено важи за старешините во христијанското собрание. Размисли како се опишани ‚кнезовите‘, односно старешините, во пророштвото на Исаија: „Еве, царот ќе царува праведно и кнезовите ќе владеат по правдата“ (Исаија 32:1). Значи, Јехова очекува од старешините да ја застапуваат правдата. Како можат да го прават тоа?

      17 Овие духовно зрели луѓе се свесни дека правдата налага собранието да биде чисто. Понекогаш тие мора да донесуваат одлуки во случаи кога некој направил тежок грев. Во такви ситуации, имаат на ум дека, кога ја спроведува својата правда, Бог настојува да покаже милост секогаш кога е можно. Поради тоа, и тие се трудат да го поттикнат оној што направил грев да се покае. Но, што ако тој не се кае искрено и покрај нивните обиди да му помогнат? За да се покаже совршена правда и во таков случај, Јеховината реч заповеда да се преземат решителни мерки. Таа вели: „Отстранете го злобниот од својата средина!“ Ова значи дека тој треба да биде исклучен од собранието (1. Коринќаните 5:11-13; 2. Јованово 9-11). На старешините им е жал што мора да постапат така, но сфаќаат дека тоа е неопходно за да се зачува моралната и духовната чистота на собранието. Сепак, дури и тогаш тие не губат надеж дека еден ден грешникот ќе се вразуми и ќе се врати во собранието (Лука 15:17, 18).

      18. Што имаат на ум старешините кога им даваат библиски совети на соверниците?

      18 Старешините ја застапуваат правдата и така што даваат библиски совети секогаш кога е потребно. Се разбира, тие не бараат маани кај другите ниту, пак, гледаат да ја искористат секоја прилика за да ги исправаат. Сепак, некој соверник може ‚ненамерно да згреши‘. Бидејќи се свесни дека Божјата правда не е сурова и бесчувствителна, старешините се трудат ‚да го исправат таквиот во дух на благост‘ (Галатите 6:1). Затоа, не се расправаат со оној што згрешил ниту, пак, зборуваат грубо со него. Наместо тоа, со љубов го советуваат затоа што така можат најмногу да го охрабрат. Дури и кога мора строго да го укорат — со тоа што отворено ќе му кажат кои се последиците од неговиот грев — старешините не забораваат дека соверникот што згрешил е овчичка од Јеховиното стадоb (Лука 15:7). Ако му го дадат укорот или советот од љубов и на љубезен начин, има многу поголеми шанси да му помогнат.

      19. Какви одлуки честопати мораат да донесуваат старешините, и на што мора да ги темелат?

      19 Старешините честопати мораат да донесуваат одлуки што влијаат врз нивните соверници. На пример, тие повремено имаат состаноци на кои разгледуваат дали и други браќа во собранието ги исполнуваат условите за да бидат старешини или слуга-помошници. Бидејќи знаат колку е важно да бидат непристрасни, старешините не се потпираат на своите чувства туку се придржуваат кон Божјите барања кога препорачуваат некого за вакви одговорности. На тој начин, тие ‚не донесуваат суд однапред, и ништо не прават од пристрасност‘ (1. Тимотеј 5:21).

      20, 21. а) Што се трудат да бидат старешините за своите соверници, и зошто? б) Како можат старешините да им помагаат на „потиштените души“?

      20 Старешините ја спроведуваат Божјата правда и на други начини. Откако прорекол дека тие ќе служат „по правдата“, Исаија додал: „Секој ќе биде како засолниште од ветар и како прибежиште од бура, како водни потоци во безводна земја, како сенка од голема карпа во исушена земја“ (Исаија 32:2). Во склад со овие зборови, старешините се трудат да бидат извор на утеха и охрабрување за своите соверници.

      21 Денес на многумина им треба охрабрување затоа што се соочуваат со најразлични проблеми. Старешини, како можете да им помагате на „потиштените души“? (1. Солуњаните 5:14). Слушајте ги сочувствително (Јаков 1:19). Можеби имаат потреба да ја споделат загриженоста во срцето со некого во кого имаат доверба (Изреки 12:25). Уверете ги дека Јехова и нивните браќа и сестри многу ги сакаат и ги ценат (1. Петрово 1:22; 5:6, 7). Освен тоа, можете да ги спомнувате во своите лични молитви, а и да се молите заедно со нив. Тие можат многу да се утешат кога ќе чујат како некој старешина се моли за нив (Јаков 5:14, 15). Богот на правдата сигурно ќе го забележи сето она што со љубов го правите за своите потиштени браќа.

      Старешините ја одразуваат Јеховината правда кога ги храбрат потиштените души

      22. На кои начини можеме да постапуваме во склад со Јеховината правда, и каков ќе биде резултатот?

      22 Додека се трудиме да постапуваме во склад со Јеховината правда, стануваме уште поблиски со него. Кога се држиме за неговите праведни мерила, кога им ја проповедаме животоспасувачката добра вест на луѓето и кога размислуваме за добрите страни на другите наместо да ги бараме нивните маани, ние постапуваме праведно. Старешини, кога се грижите за чистотата на собранието, кога давате корисни библиски совети и кога ги охрабрувате потиштените, вие ја одразувате Божјата правда. Јехова сигурно многу се радува кога гледа од небото како неговите слуги даваат сѐ од себе за да ‚постапуваат праведно‘ додека одат со Него!

      a Во главниот текст на Библијата, овој израз е преведен со „не судете“, што би можело да се сфати и како ‚не почнувајте да судите‘. Меѓутоа, како што се гледа од фуснотата за овој стих во Преводот Нов свет, овој израз може да се преведе и со „престанете да судите“. Ова покажува дека тоа дејство, всушност, веќе било во тек и требало да престане.

      b Во 2. Тимотеј 4:2, Библијата вели дека старешините понекогаш мора да ‚укоруваат, прекоруваат и опоменуваат‘. Грчкиот збор преведен со ‚опоменува‘ (паракале́о), може да значи ‚охрабрува‘. Еден друг сроден грчки збор, пара́клетос, може да се однесува на помошник или застапник во правни работи. Според тоа, дури и кога старешините даваат строг укор, целта е да им помогнат на оние што се духовно болни.

      Прашања за размислување

      • 5. Мојсеева 1:16, 17. Што очекувал Јехова од судиите во Израел, и што можат да научат старешините од тоа?

      • Еремија 22:13-17. Кои неправедни постапки не ги сака Јехова, и што мора да правиме за да постапуваме во склад со неговата правда?

      • Матеј 7:2-5. Зошто не треба да бараме маани кај нашите соверници?

      • Јаков 2:1-9. Како гледа Јехова на пристрасното постапување, и како можеме да го примениме овој совет во нашето однесување со другите?

Публикации на македонски јазик (1991 — 2025)
Одјави се
Најави се
  • македонски
  • Сподели
  • Подесување
  • Copyright © 2025 Watch Tower Bible and Tract Society of Pennsylvania
  • Услови за користење
  • Полиса за приватност
  • Поставки за приватност
  • JW.ORG
  • Најави се
Сподели