-
„Јас сум... со понизно срце“„Појди по мене!“
-
-
ТРЕТО ПОГЛАВЈЕ
„Јас сум... со понизно срце“
„Еве, царот твој доаѓа кај тебе!“
1-3. Како влегол Исус во Ерусалим, и зошто некои од мноштвото набљудувачи можеби биле изненадени?
НА УЛИЦИТЕ на Ерусалим се чувствува силна возбуда. Луѓето се во исчекување — треба да пристигне една мошне важна личност! Надвор од ѕидините, многу народ се собира крај патот што води во градот. Со душа чекаат да му изразат добредојде на овој човек за кого насекаде се зборува дека е наследникот на цар Давид кој има законско право да владее со Израел. Мнозина држат палмови лисја во рацете за да му мавтаат во знак на поздрав, а други простираат облеки и палмови гранки за да му го израмнат патот (Матеј 21:7, 8; Јован 12:12, 13). Сигурно повеќето се прашуваат како ќе изгледа доаѓањето на овој човек.
2 Некои од нив можеби очекуваат да видат голем раскош. Сигурно знаат на каков величествен начин пристигнувале други важни личности. На пример, кога Авесалом, синот на цар Давид, се прогласил за цар, 50 луѓе трчале пред неговата кола (2. Самоилова 15:1, 10). Римскиот владетел Јулиј Цезар сакал неговото пристигнување да биде уште повеличествено. Кога во една прилика јавал на чело на победничка поворка, која се движела кон Капитол (центар на политичкиот живот во Рим), од неговите две страни оделе 40 слонови кои носеле светилки! Но, сега жителите на Ерусалим очекуваат една многу поважна личност. Сеедно дали мноштвата се свесни за тоа или не, оној што го чекаат е Месијата, најголемиот човек кој некогаш живеел на Земјата. Меѓутоа, кога овој иден Цар се појавува, можеби некои се изненадени.
3 Нема кола, нема луѓе што трчаат пред него, нема ни коњи, а камоли слонови! Наместо тоа, човекот јава на магаре, најобично товарно животно.a Овој јавач не носи раскошна облека, а неговото животинче не е украсено со ништо. Наместо скапо седло, на грбот на магарето има само облеки што ги префрлиле неговите најблиски ученици. Зошто Исус решил да влезе во Ерусалим на ваков неупадлив начин, кога други луѓе, далеку побезначајни од него, влегувале со многу поголема помпезност и раскош?
4. Што прорекла Библијата во врска со начинот на кој месијанскиот Цар требало да влезе во Ерусалим?
4 Со ова Исус исполнува едно пророштво: „Радувај се многу... Викај победнички, ќерко ерусалимска! Еве, царот твој доаѓа кај тебе! Тој е праведен и спасен, понизен е и јава на магаре“ (Захарија 9:9). Ова пророштво укажувало дека еден ден, Божјиот Помазаник, Месијата, ќе влезе во Ерусалим како Цар поставен од Бог. Самиот начин на кој ќе го стори тоа, како и животното што ќе избере да го јава, требало да открие дека тој во срцето има една прекрасна особина — понизност.
5. Зошто не можеме да останеме рамнодушни кога размислуваме за понизноста на Исус, и зошто е многу важно да научиме да бидеме понизни како него?
5 Понизноста е една од најубавите особини на Исус. Кога размислуваме за оваа особина, едноставно не можеме да останеме рамнодушни. Како што видовме во претходното поглавје, само Исус е „патот и вистината и животот“ (Јован 14:6). Значи, ниту еден од милијардите луѓе што живееле на Земјата не бил поважен од Божјиот Син. Сепак, Исус никогаш не покажал ни трошка гордост, вообразеност и надуеност — особини што се карактеристични за безброј несовршени луѓе. За да одиме по Христос, и ние мора да водиме борба да не ѝ потклекнеме на гордоста (Јаков 4:6). Не заборавај, Јехова ја мрази вообразеноста! Затоа, многу е важно да научиме да бидеме понизни како Исус.
Понизност — особина што Исус отсекогаш ја имал
6. Каков е оној што е понизен, и од каде знаел Јехова дека Месијата ќе биде понизен?
6 Понизен е оној што не е вообразен и горд. Понизноста извира од срцето и може да се види по тоа како едно лице зборува, како се однесува и како постапува со другите. Од каде знаел Јехова дека Месијата ќе биде понизен? Тој знаел дека Синот го следел Неговиот сопствен совршен пример на понизност (Јован 10:15). Освен тоа, видел како ја покажува оваа особина на дело. Кога?
7-9. а) Како Михаел покажал понизност кога имал спор со Сатана? б) Како можат христијаните да бидат понизни како што бил Михаел?
7 Посланието од Јуда содржи еден многу убав пример за понизноста на Исус: „Кога архангелот Михаел имаше спор со Ѓаволот и се расправаше околу Мојсеевото тело, не се осмели да го осуди со погрдни зборови, туку рече: ‚Јехова нека те прекори!‘“ (Јуда 9). Пред да живее на Земјата, а и потоа, Исус се викал Михаел. Михаел е името што тој го носи како архангел, односно главен ангел на Јеховината небесна војска од ангелиb (1. Солуњаните 4:16). Да видиме како постапил Михаел во овој спор со Сатана.
8 Од извештајот на Јуда не може да се види што сакал да направи Сатана со телото на Мојсеј, но сигурни сме дека имал на ум нешто лошо. Можеби сакал да ги искористи останките на овој верен човек за да ги наведе Израелците да го обожаваат Бог на некој погрешен начин. Освен што се спротивставил на злобниот план на Сатана, Михаел покажал и огромна самоконтрола. Нема сомнение дека Сатана заслужувал прекор, но Михаел, кому во времето на овој спор со Сатана сѐ уште не му бил доверен „сиот суд“, сметал дека само Јехова Бог може да го прекори Ѓаволот за таа работа (Јован 5:22). Бидејќи бил архангел, Михаел имал прилично големи овластувања. Сепак, понизно му ги препуштил работите на Јехова наместо да се обиде да приграби уште поголема власт. Освен понизност, тој покажал и скромност, односно покажал дека е свесен за своите граници.
9 Има причина зошто Јуда бил вдахновен да го опише овој случај. За жал, некои христијани во тоа време не биле понизни. Тие вообразени поединци ‚зборувале погрдно за сето она што всушност не го познавале‘ (Јуда 10). Колку е лесно еден несовршен човек да ѝ потклекне на гордоста! Како реагираме ние кога не разбираме зошто се прави нешто во христијанското собрание — на пример, кога не разбираме зошто старешинството донело некоја одлука? Ако почнеме да зборуваме негативно и да критизираме, иако не ги знаеме сите причини за таа одлука, дали е можеби тоа знак дека ни фали понизност? Многу подобро е да бидеме како Михаел, односно Исус, и да не судиме за работи за кои немаме добиено никакво овластување од Бог.
10, 11. а) Зошто е навистина посебно тоа што Божјиот Син спремно прифатил да дојде на Земјата? б) Како би можеле да бидеме понизни како Исус?
10 Божјиот Син покажал понизност и со тоа што прифатил да дојде на Земјата. Размисли што сѐ морал да остави на небото. Тој бил архангел. Бил и „Речта“ — Јеховин личен Гласноговорник (Јован 1:1-3). Живеел на небото, во Јеховиното „возвишено живеалиште, свето и прекрасно“ (Исаија 63:15). И покрај сето ова, Синот ‚се одрекол од самиот себе и зел облик на роб и станал сличен на луѓето‘ (Филипјаните 2:7). А замисли што вклучувала неговата задача на Земјата! Неговиот живот бил пренесен во матката на една еврејска девица, каде што се развивал девет месеци, сѐ додека не се родил како беспомошно бебе во семејството на еден сиромашен дрводелец. Таму пораснал и станал младич. Иако самиот бил совршен, за сето тоа време им бил послушен на двајца несовршени човечки родители (Лука 2:40, 51, 52). Каква извонредна понизност!
11 Можеме ли да бидеме понизни како Исус со тоа што спремно ќе прифаќаме задачи кои понекогаш ни се чинат ниски? На пример, нашата задача да ја проповедаме добрата вест за Божјето Царство можеби изгледа понижувачка кога луѓето се рамнодушни и кога нѐ исмеваат или нѐ напаѓаат (Матеј 28:19, 20). Сепак, ако истрајно го вршиме ова дело, можеме да помогнеме да се спасат животи. Во секој случај, ќе научиме да бидеме понизни, и ќе ги следиме стапките на нашиот Господар, Исус Христос.
Исус бил понизен и како човек
12-14. а) Како Исус покажал понизност кога луѓето го фалеле? б) На кои начини Исус постапувал понизно со другите? в) Од каде знаеме дека Исус не покажувал понизност само од учтивост или од култура?
12 Понизноста била главна карактеристика на Исус од првиот до последниот момент на неговата служба на Земјата. Тој покажал дека е понизен со тоа што му ја припишувал сета фалба и слава на својот Татко. Понекогаш луѓето го фалеле за неговите мудри зборови, за моќните чуда што ги правел, па дури и за неговата добрина. Но, Исус одново и одново нагласувал дека Јехова е Оној што ја заслужува сета слава, а не самиот тој (Марко 10:17, 18; Јован 7:15, 16).
13 Исус покажувал понизност и со начинот на кој постапувал со луѓето. Всушност, тој јасно ставил до знаење дека не дошол на Земјата за да му служат, туку да им служи на другите (Матеј 20:28). Покажал понизност со тоа што постапувал благо и разумно со луѓето. Кога неговите следбеници го изневериле, не им се развикал, туку и понатаму се трудел да им допре до срцето (Матеј 26:39-41). Кога во една прилика сакал малку да се одмори на едно мирно, осамено место, но мноштвата дошле кај него, тој не ги вратил, туку си го жртвувал одморот и продолжил да ги поучува за „многу работи“ (Марко 6:30-34). Кога една не-Израелка упорно го молела да ја излекува нејзината ќерка, тој во почетокот покажал дека нема намера да го стори тоа. Сепак, не ја одбил со лутина и, на крајот, попуштил кога видел колку е голема нејзината вера, како што ќе видиме во 14. поглавје (Матеј 15:22-28).
14 Во секој можен поглед, Исус живеел во склад со она што го кажал за себе: „Јас сум благ и со понизно срце“ (Матеј 11:29). Неговата понизност не била површна — не ја покажувал само од учтивост или од култура. Оваа особина извирала длабоко од него — од неговото срце. Затоа, не е ни чудо што му било многу важно да ги поучи и учениците да бидат понизни!
Ги поучил своите следбеници да бидат понизни
15, 16. На кој начин Исус посочил како треба да се разликува ставот на неговите следбеници од ставот на световните владетели?
15 На апостолите не им било лесно да се научат на понизност. Исус морал секогаш одново да ги поучува да бидат понизни. На пример, еднаш Јаков и Јован ја испратиле мајка си да побара од Исус да им вети дека ќе имаат високи положби во Божјето Царство. Исус скромно одговорил: „Да седите од мојата десна и лева страна, тоа не можам да ви го дадам јас, туку им припаѓа на оние за кои мојот Татко го приготвил“. Другите десет апостоли им се налутиле за ова на Јаков и на Јован (Матеј 20:20-24). Како Исус го решил овој проблем?
16 Тој љубезно ги прекорил сите, велејќи: „Знаете дека владетелите господарат над народите и големците ги држат под своја власт. А меѓу вас нека не биде така. Напротив, кој сака да биде голем меѓу вас, нека ви биде слуга, и кој сака да биде прв меѓу вас, нека ви биде роб“ (Матеј 20:25-27). Апостолите веројатно имале прилика да видат колку можат да бидат горди, амбициозни и себични ‚владетелите на народите‘. Исус покажал дека неговите следбеници мора да се разликуваат од таквите тирани жедни за власт. Тие требало да бидат понизни. Дали апостолите сфатиле што сакал да им каже?
17-19. а) Каква незаборавна поука за понизност им дал Исус на своите апостоли кратко пред својата смрт? б) Која била најважната поука за понизност што Исус ја дал како човек?
17 Не им било лесно да сфатат. Ова не било ни прв ни последен пат Исус да им одржи таква лекција. Кратко пред тоа, кога се расправале кој од нив е најголем, тој повикал кај себе едно дете, го ставил меѓу нив и им рекол дека треба да станат како деца. Децата не се ниту горди, ниту амбициозни, ниту, пак, се преокупирани со тоа што мислат другите за нив, како што обично е случај со возрасните (Матеј 18:1-4). И покрај тоа, ноќта пред да умре, Исус видел дека неговите апостоли сѐ уште имаат проблем со гордоста. Затоа им дал една незаборавна поука. Се опашал со крпа и ја извршил најниската задача која за гостите обично ја вршел еден од слугите во домаќинството. Им ги измил нозете на сите апостоли — дури и на Јуда, кој го предал истата вечер! (Јован 13:1-11).
18 Исус им помогнал јасно да сфатат што значи ова кога рекол: „Ви дадов пример“ (Јован 13:15). Дали оваа поука конечно допрела до нивните срца? Очигледно не, бидејќи, набрзо потоа, меѓу нив повторно настанала препирка околу тоа кој е најголем! (Лука 22:24-27). Но, Исус и понатаму бил стрплив со нив и понизно продолжил да ги поучува. На крајот, тој им ја дал најважната поука: „Се понизи и стана послушен сѐ до смртта, и тоа смрт на маченички столб“ (Филипјаните 2:8). Исус спремно се подложил на срамна смрт, лажно обвинет дека е престапник и дека хули на Бог. Со ова, Божјиот Син навистина докажал дека е посебна личност бидејќи, од сите Јеховини суштества, тој покажал совршена и најголема можна понизност.
19 Можеби токму со таа последна поука за понизност што ја дал како човек, Исус засекогаш им врежал во срцето на апостолите колку е важна понизноста. Библијата ни кажува дека подоцна овие луѓе понизно служеле со години, а некои дури и со децении. Како е со нас?
Ќе го следиш ли примерот на Исус?
20. Како ќе откриеме дали сме понизни во срцето?
20 Павле нѐ советува сите нас: „Размислувајте така како што размислуваше и Христос Исус“ (Филипјаните 2:5). Исто како Исус, ние мора да бидеме понизни. Како ќе откриеме дали сме понизни во срцето? Павле нѐ потсетува ‚да не правиме ништо од честољубие, ниту од суета, туку од понизност да ги сметаме другите за поголеми од себе‘ (Филипјаните 2:3). Значи, клучот е во тоа како гледаме на другите — треба да ги сметаме за подобри, за поважни од нас. Ќе го примениш ли овој совет?
21, 22. а) Зошто христијанските надгледници треба да бидат понизни? б) Како можеме да покажеме дека сме ‚опашани со понизност‘?
21 Многу години по смртта на Исус, апостол Петар сѐ уште размислувал за тоа колку е важна понизноста. Тој ги поучил христијанските надгледници понизно да ги извршуваат своите должности и никогаш да не господарат над Јеховините овци (1. Петрово 5:2, 3). Тоа што некој има поголеми одговорности, не му дава за право да биде горд. Напротив, како што растат одговорностите така расте и потребата од вистинска понизност (Лука 12:48). Се разбира, оваа особина не е важна само за надгледниците туку и за секој христијанин.
22 Петар сигурно никогаш не ја заборавил ноќта кога Исус му ги измил нозете, иако најпрвин воопшто не сакал да му го дозволи тоа! (Јован 13:6-10). Тој им напишал на сохристијаните: „Сите вие, во меѓусебното однесување, опашајте се со понизност“ (1. Петрово 5:5). Изразот „опашајте се“ се однесува на постапката на еден слуга кој обично се опашува со престилка за да заврши некоја физичка работа. Овој израз сигурно нѐ потсетува на ноќта кога Исус се опашал со крпа пред да клекне и да им ги измие нозете на своите апостоли. Ако го следиме Исус, дали ќе биде под нашето достоинство да ја извршиме која и да било задача што ќе ја добиеме од Бог? Понизноста во нашето срце треба да ја видат сите, исто како да сме опашани со неа.
23, 24. а) Зошто треба да ѝ се спротивставиме на вообразеноста? б) Кое погрешно гледиште за понизноста ќе биде исправено во следното поглавје?
23 Вообразеноста е како отров. Последиците од неа можат да бидат разорни. Колку и да е човек надарен, ако е вообразен, за Бог ќе биде бескорисен. Но, ако некој е понизен, макар да е и најбезначаен, Јехова може да го користи во голема мера. Ако секојдневно работиме на оваа скапоцена особина понизно одејќи по стапките на Христос, ќе добиеме прекрасна награда. Петар напишал: „Понизете се под моќната Божја рака за да ве возвиши кога ќе дојде време“ (1. Петрово 5:6). Јехова навистина го возвишил Исус затоа што тој потполно се понизил. На нашиот Бог ќе му биде многу мило да те награди и тебе за твојата понизност.
24 За жал, некои мислат дека понизноста е знак на слабост. Примерот на Исус ни помага да сфатиме колку е погрешно таквото гледиште, бидејќи најпонизниот човек воедно бил и најхрабриот. Ова е темата на следното поглавје.
a Осврнувајќи се на овој настан, една книга вели дека овие животни „не се многу ценети“, а потоа додава: „Тие се бавни, тврдоглави и сиромасите ги користат за секојдневна работа. Освен тоа, не се баш ни убави“.
b Повеќе докази за тоа дека Михаел е Исус можеш да најдеш на страници 218, 219 од книгата Што навистина учи Библијата?, издадена од Јеховините сведоци.
-
-
„Еве... лавот од Јудиното племе“„Појди по мене!“
-
-
ЧЕТВРТО ПОГЛАВЈЕ
„Еве... лавот од Јудиното племе“
„Јас сум тој“
1-3. Во каква опасност се нашол Исус, и како постапил?
ТОЛПА луѓе сакаат да го фатат Исус. Тие се вооружени со мечеви и стапови, а меѓу нив има и војници. Се движат низ мрачните улици на Ерусалим како слепо да се водени од една иста зла намера. Ја преминуваат долината на потокот Кедрон и се искачуваат на Маслинската Гора. На небото сјае полна месечина, но тие сепак носат факли и светилки. Дали си го осветлуваат патот бидејќи некој облак ја покрива месечината? Или, пак, мислат дека оној што го бараат се крие во сенките? Едно е сигурно: ако некој мисли дека Исус се плаши и се крие, тој воопшто не го познава!
2 Исус е свесен за опасноста што му претстои. И покрај тоа, стои и чека. Толпата се приближува. Ја предводи Јуда, кој до вчера му бил близок пријател на Исус. Сега Јуда го предава својот поранешен господар со лицемерен поздрав и бакнеж. Со ова им покажува на луѓето што ги води дека тоа е човекот што треба да го фатат. Исус останува смирен. Потоа истапува пред толпата и прашува: „Кого барате?“ „Исус Назареќанецот“ — одговараат тие.
3 Многу луѓе би се здрвиле од страв пред една ваква вооружена толпа. Веројатно ова мноштво мисли дека и Исус ќе се стресе од страв. Но, тој не се плаши, не бега и не кажува никакви лаги за да се спаси. Напротив, едноставно вели: „Јас сум тој“. Ова го прави толку смирено и храбро што луѓето се запрепастени. Несигурно зачекоруваат наназад и паѓаат наземи! (Јован 18:1-6; Матеј 26:45-50; Марко 14:41-46).
4-6. а) Со што е спореден Божјиот Син, и зошто? б) На кои три начини Исус покажал храброст?
4 Што му помогнало на Исус да се соочи толку смирено и прибрано со оваа смртна опасност? Одговорот, со еден збор, е — храброста. Храброста е една од особините што се најпотребни и најценети кај еден водач. Слободно може да се каже дека Исус бил најхрабриот човек што некогаш живеел. Во претходното поглавје видовме колку понизен и кроток бил тој. Со право бил наречен „Јагне“ (Јован 1:29). Но, поради својата храброст, тој е опишан и на еден сосем поинаков начин. За Божјиот Син, Библијата вели: „Еве... лавот од Јудиното племе“ (Откровение 5:5).
5 Лавот обично се поврзува со храброст. Дали некогаш си се нашол очи в очи со лав? Ако да, тогаш најверојатно меѓу вас стоеле решетките на неговиот кафез во зоолошката градина — значи, си бил на сигурно место. Како и да е, една таква средба може да ти ја смрзне крвта во жилите. Додека стоиш пред ова огромно и силно животно, а тоа те гледа право в очи без да трепне, тешко е да замислиш дека би побегнало од страв пред кого и да било. Библијата зборува за „лавот, најсилен меѓу ѕверовите, кој не се трга пред никого“ (Изреки 30:30). Таква храброст има Христос.
6 Да видиме како Исус покажал лавовска храброст на три начини: со тоа што ја бранел вистината, со тоа што се залагал за правдата и со тоа што не попуштил кога се соочил со противење. Исто така, ќе видиме дека сите ние можеме да покажуваме храброст како што покажал Исус, сеедно дали по природа сме смели или не.
Храбро ја бранел вистината
7-9. а) Што се случило кога Исус имал 12 години, и од што би се уплашил ти во таа ситуација? б) Како Исус покажал храброст кога разговарал со учителите во храмот?
7 Во овој свет со кој владее Сатана, ‚таткото на лагата‘, честопати е потребна храброст за да се брани вистината (Јован 8:44; 14:30). Исус не чекал да стане полнолетен за да ја брани вистината. Кога имал 12 години, неговите родители го изгубиле во Ерусалим откако поминал празникот Пасха. Цели три дена, Марија и Јосиф избезумено го барале. Конечно го нашле во храмот. Што правел таму? „[Седел] меѓу учителите, слушајќи ги и поставувајќи им прашања“ (Лука 2:41-50). Да видиме што значело тоа.
8 Историчарите велат дека некои од најпознатите верски поглавари имале обичај да остануваат во храмот откако ќе завршеле празниците и да поучуваат во широките тремови. Луѓето седеле крај нивните нозе за да ги слушаат и да им поставуваат прашања. Овие поглавари биле многу учени. Добро го познавале Мојсеевиот закон, како и бескрајно сложените човечки закони и преданија кои, од година во година, станувале сѐ побројни. Како ќе си се чувствувал ти да си седел меѓу нив? Уплашено? Тоа би било најнормално. А како би се чувствувал да си имал само 12 години? Многу деца на таа возраст се срамежливи (Еремија 1:6). Некои дури очајнички се трудат да не им го привлечат вниманието на наставниците — се плашат да не бидат кренати да одговараат и страв им е да не бидат на некој начин издвоени или, пак, засрамени и исмевани.
9 Меѓутоа, Исус седел меѓу тие учени луѓе и бестрашно им поставувал длабоки прашања. Но, тоа не е сѐ! Извештајот вели: „Сите што го слушаа, се восхитуваа на неговата остроумност и на неговите одговори“ (Лука 2:47). Во Библијата не пишува што кажал во таа прилика, но може да бидеме сигурни дека не ги повторувал лагите што сакале да ги слушаат тие верски учители (1. Петрово 2:22). Напротив, тој ја бранел вистината запишана во Божјата реч. Неговите слушатели сигурно не можеле да се изначудат како едно 12-годишно дете може да зборува со толкаво разбирање и храброст.
Голем број млади христијани храбро зборуваат за својата вера со другите
10. Како младите христијани денес покажуваат храброст како Исус?
10 Денес, безброј млади христијани одат по стапките на Исус. Се разбира, тие не се совршени како што бил младиот Исус. Но, исто како него, не чекаат да станат полнолетни за да ја бранат вистината. На училиште или таму каде што живеат, тактично им поставуваат прашања на луѓето, слушаат и со почит им зборуваат за вистината (1. Петрово 3:15). Општо гледано, овие млади им помогнале на многу свои соученици, учители и соседи да станат следбеници на Христос. Нивната храброст сигурно многу го радува Јехова! Во неговата Реч, ваквите млади се споредени со капки роса — освежуваат, пријатни се и многубројни (Псалм 110:3).
11, 12. На кој начин Исус храбро ја бранел вистината кога станал возрасен човек?
11 Како возрасен човек, Исус секогаш одново храбро ја бранел вистината. Всушност, во самиот почеток на својата служба тој имал една средба која на мнозина би им влеала страв во коски. Исус — кој тогаш не бил силен архангел, туку само човек од крв и месо — морал да се соочи со Сатана, најсилниот и најопасниот од сите Јеховини непријатели. Кога Ѓаволот го извртел значењето на зборовите од вдахновеното Писмо, Исус му се спротивставил и го побил. На крајот од разговорот, Исус храбро му заповедал: „Бегај, Сатано!“ (Матеј 4:2-11).
12 Од тој момент натаму, Исус секогаш ја бранел Речта на својот Татко од оние што се обидувале да ја извртат и погрешно да ја толкуваат, и тоа било едно од главните обележја на неговата служба. И тогаш, исто како денес, насекаде цветала нечесност во религијата. На верските водачи кои живееле во тоа време Исус им го рекол следново: „Со своето предание што сте го пренеле на другите, ја обезвреднувате Божјата реч“ (Марко 7:13). Иако народот многу ги ценел тие верски поглавари, Исус бестрашно ги осудил нарекувајќи ги слепи водачи и лицемериa (Матеј 23:13, 16). Како можеме и ние да бидеме храбри како Исус во овој поглед?
13. Што треба да имаме на ум кога го следиме примерот на Исус, но сепак, каква чест имаме?
13 Се разбира, ние не можеме да ги читаме срцата на луѓето како што ги читал Исус, а немаме ни право да им судиме како што имал тој. Сепак, исто како него, можеме храбро да ја браниме вистината. На пример, кога ги разоткриваме верските лаги, односно лажните учења за Бог, за неговите намери и за неговата Реч, ние пуштаме да свети духовна светлина во овој свет што е замрачен од пропагандата на Сатана (Матеј 5:14; Откровение 12:9, 10). Им помагаме на луѓето да се ослободат од ропството на тие лажни учења што им ги полнат срцата со болен страв и им го уништуваат односот со Бог. Навистина имаме голема чест што гледаме како се исполнува Исусовото ветување: „Вистината ќе ве ослободи“! (Јован 8:32).
Храбро се залагал за правдата
14, 15. а) На кој начин Исус разјаснил „што е тоа правда“? б) Кои предрасуди ги скршил Исус кога разговарал со Самарјанката?
14 Во едно библиско пророштво било претскажано дека Месијата ќе им разјасни на народите „што е тоа правда“ (Матеј 12:18; Исаија 42:1). Исус навистина го правел ова додека бил на Земјата. Покажувајќи огромна храброст, тој секогаш постапувал праведно и непристрасно со луѓето. На пример, не сакал да ги прифати небиблиските предрасуди и нетрпеливост, кои биле раширени во тогашниот свет.
15 Неговите ученици биле изненадени кога виделе како Исус зборува со една Самарјанка на бунарот во Сихар. Зошто? Во тоа време, Евреите како народ не ги сакале Самарјаните. Оваа нетрпеливост помеѓу нив постоела со години наназад, долго пред Исус да живее на Земјата (Езра 4:4). Освен тоа, некои рабини ги омаловажувале жените. Според рабинските правила, кои подоцна биле запишани, не било во ред еден маж да разговара со жена на јавно место. Рабините дури и укажувале дека жените не се достојни да бидат поучувани за Божјиот закон. Особено Самарјанките биле сметани за нечисти. Но, Исус не дозволил таквите предрасуди да влијаат врз него. Тој на јавно место ја поучил Самарјанката (која живеела неморално), па дури ѝ открил дека е Месијата (Јован 4:5-27).
16. Зошто на христијаните им треба храброст за да немаат предрасуди?
16 Дали некогаш си се нашол во друштво на луѓе кои имаат страшни предрасуди? Можеби тие со презир се шегуваат на сметка на лица од друга раса или народ, ги омаловажуваат припадниците на спротивниот пол или ги потценуваат оние што имаат поинаква економска или општествена положба од нив. Следбениците на Христос не дозволуваат таквите негативни ставови да влијаат врз нив и многу се трудат да ги искоренат сите предрасуди од своето срце (Дела 10:34). На секого од нас му треба храброст за да биде праведен во овој поглед.
17. Што направил Исус во храмот, и зошто?
17 Храброста исто така го навела Исус да дава сѐ од себе за да биде зачувана духовната чистота на Божјиот народ и за да се обожава Бог на исправен начин. Уште во почетокот на својата служба, кога влегол во храмот во Ерусалим, тој се згрозил кога видел дека трговците и менувачите на пари тргуваат на тоа место. Исполнет со праведен гнев, ги истерал од храмот тие алчни луѓе и стоката со која тргувале (Јован 2:13-17). Слично нешто направил и подоцна, при крајот на својата служба (Марко 11:15-18). Иако со овие постапки си стекнал големи непријатели, Исус не се двоумел ни за миг. Зошто? Уште како дете, тој го сметал храмот за дом на својот Татко — така го нарекувал, и тоа навистина го мислел (Лука 2:49). Затоа, за него било голема неправда кога видел дека некои го загадуваат чистото обожавање што требало да се врши таму, и никако не можел да премине преку тоа. Ревноста му дала храброст да го направи она што било потребно.
18. Како можат христијаните денес да покажат храброст кога се работи за духовната чистота на собранието?
18 И денес Христовите следбеници се многу заинтересирани да се зачува духовната чистота на Божјиот народ и да се обожава Бог на исправен начин. Ако гледаат дека некој сохристијанин прави тежок грев, тие не се прават како ништо да не виделе. Ќе разговараат со него храбро и отворено (1. Коринќаните 1:11). А ќе се потрудат и собраниските старешини да дознаат за тоа. Старешините можат да им помогнат на оние што се духовно болни, а можат и да ги преземат потребните чекори за Јеховиното стадо да остане чисто (Јаков 5:14, 15).
19, 20. а) Какви неправди цветале во времето на Исус, и под каков притисок се нашол тој? б) Зошто Христовите следбеници не се мешаат во политика и не учествуваат во насилство, и која е наградата за таквиот став?
19 Но, дали од сето ова треба да заклучиме дека Исус се борел против неправдите во светот? Нема сомнение дека неправди имало насекаде околу него. Неговата земја била окупирана од туѓинци. Силната римска војска ги угнетувала Евреите, и тие морале да им плаќаат големи даноци на Римјаните, кои си зеле право да се мешаат дури и во нивните верски обичаи. Затоа, не е чудно што многу луѓе сакале Исус да се вклучи во политичкиот живот од тоа време (Јован 6:14, 15). Тој повторно морал да покаже храброст.
20 Исус објаснил дека неговото Царство не е дел од светот. Со пример ги поучил своите следбеници да не се мешаат во тогашните политички судири, туку целосно да се посветат на проповедањето на добрата вест за Божјето Царство (Јован 17:16; 18:36). Тој им дал незаборавна поука за неутралноста кога толпата дошла да го уапси. Петар веднаш скокнал, брзоплето замавнал со мечот и ранил еден човек. Не ни е тешко да го разбереме Петар. Ако воопшто некогаш имало оправдана причина да се примени сила, тогаш тоа било токму таа ноќ, кога Божјиот невин Син бил нападнат. Сепак, во тој момент Исус го дал мерилото што до ден-денес важи за неговите следбеници на Земјата: „Врати го својот меч на неговото место, зашто сите што ќе се фатат за меч, од меч ќе загинат“ (Матеј 26:51-54). На Христовите следбеници навистина им била потребна храброст за да останат мирољубиви — како тогаш, така и денес. Бидејќи остануваат неутрални како христијани, Божјите слуги во нашево време не сносат никаква вина за безбројните денешни војни, за масовните колежи, за побуните и за други видови насилство. Ова беспрекорно чисто досие е награда за нивната храброст.
Храбро се соочил со противење
21, 22. а) Каква помош добил Исус пред да се соочи со најтешкото искушение? б) Како Исус останал храбар до крај?
21 Јеховиниот Син знаел доста однапред дека ќе се соочи со сурово противење кога ќе дојде на Земјата (Исаија 50:4-7). Животот му бил во опасност во повеќе ситуации, а најстрашната од нив беше опишана во почетокот на ова поглавје. Како Исус останал храбар во тие моменти? Па, што правел тој пред да дојде толпата да го уапси? Горливо му се молел на Јехова. И што направил Јехова? Библијата ни кажува дека Исус ‚бил услишен‘ (Евреите 5:7). Јехова испратил ангел од небото за да го зајакне неговиот храбар Син (Лука 22:42, 43).
22 Кратко потоа, Исус им рекол на своите апостоли: „Станете, да одиме!“ (Матеј 26:46). Колкава храброст зрачи од овие зборови! Тој рекол „Да одиме!“, иако многу добро знаел што сѐ го чека — знаел дека ќе бара од толпата да ги пушти неговите пријатели, знаел дека тие ќе го напуштат и ќе побегнат, и знаел дека ќе мора сам да помине низ најтешките мигови од својот живот. Сам се соочил со незаконско и неправедно судење, и сам претрпел потсмевање, мачење и страшна смрт. Низ сето ова страдање, тој не ја изгубил храброста.
23. Објасни зошто Исус не бил невнимателен кога животот му бил доведен во опасност.
23 Дали Исус бил невнимателен? Не, невнимателноста нема никаква врска со вистинската храброст. Всушност, Исус ги поучил своите следбеници да бидат внимателни, односно претпазливи, и мудро да се повлечат од опасни ситуации за да можат и понатаму да ја вршат Божјата волја (Матеј 4:12; 10:16). Но, во овој случај, Исус бил свесен дека нема место за повлекување. Тој знаел што очекува Бог од него и бил решен да остане беспрекорен. Во оваа ситуација не му преостанувало ништо друго освен директно да се соочи со испитот на својата вера.
Јеховините сведоци храбро се соочија со прогонство
24. Зошто можеме да бидеме сигурни дека ќе имаме храброст сеедно со какви искушенија ќе се соочиме?
24 Колку често следбениците на Исус храбро оделе по стапките на својот Господар! Навистина е голем бројот на оние што не попуштиле кога биле исмевани, прогонувани, апсени, затворани, мачени, па дури и убивани. Од каде таква храброст кај несовршени луѓе? Таа во никој случај не извира од нив. Следбениците на Исус добиваат помош одозгора, исто како што добил и тој (Филипјаните 4:13). Затоа, никогаш не плаши се од она што може да го донесе иднината. Биди решен да останеш беспрекорен, а Јехова ќе ти ја даде потребната храброст. И понатаму црпи сила од примерот на нашиот Водач, Исус, кој рекол: „Бидете храбри, јас го победив светот!“ (Јован 16:33).
a Историчарите потврдуваат дека гробниците на рабините биле сметани за свети исто како гробовите на пророците и патријарсите.
-
-
„Сите богатства на мудроста“„Појди по мене!“
-
-
ПЕТТО ПОГЛАВЈЕ
„Сите богатства на мудроста“
1-3. Во какви околности Исус одржал проповед еден пролетен ден во 31 год. од н.е., и зошто неговите слушатели биле восхитени?
ПРОЛЕТЕН ден е, 31 година од нашата ера. Исус Христос се наоѓа во близина на Капернаум, прометен град на северозападниот брег на Галилејското Море. Откако цела ноќ се молел сам на блиската планина, сега, в зори, ги повикува своите ученици и од нив избира 12-мина, кои ги нарекува апостоли. Во меѓувреме, големото мноштво луѓе кои го следеле до ова место веќе се собрани и го чекаат на една висорамнина. Многумина од нив поминале долг пат за да стигнат до тука. Тие со нетрпение очекуваат да слушнат што ќе им каже Исус и да бидат излекувани од своите болести. И навистина, тој нема да ги разочара (Лука 6:12-19).
2 Исус оди кај нив и ги лекува сите болни. На крајот, кога ниту еден од мноштвото не чувствува болка од некоја тешка болест, Исус седнува да ги поучи.a Луѓето сигурно се изненадени од зборовите што ги слушаат тоа свежо пролетно утро. Всушност, тие никогаш не чуле некој друг да поучува на таков начин. Исус не се повикува на усните преданија и на познатите еврејски рабини за да им даде тежина на своите учења. Наместо тоа, постојано цитира од вдахновените Хебрејски списи. Зборува директно, едноставно и јасно. Кога завршува, мноштвата се восхитени. И треба да бидат, затоа што го слушале најмудриот човек што некогаш живеел! (Матеј 7:28, 29).
„Мноштвата беа восхитени од неговото поучување“
3 Оваа проповед, а и многу други работи што Исус ги кажал и ги направил се запишани во Божјата реч. Би било добро да испитаме што вели Библијата, бидејќи во Исус се собрани „сите богатства на мудроста“ (Колошаните 2:3). Од каде ја стекнал таа мудрост, односно способност да го примени во пракса она што го знаел и го разбирал? Како ја покажал, и како можеме и ние да го следиме неговиот пример?
‚Од каде има мудрост?‘
4. Кое прашање го поставиле луѓето што го слушале Исус во Назарет, и зошто?
4 Откако започнал да проповеда, Исус дошол во Назарет, градот каде што пораснал, и влегол да поучува во тамошната синагога. Многу од неговите слушатели биле восхитени и се прашувале: „Од каде има овој мудрост?“ Тие го познавале неговото семејство — неговите родители и неговите браќа и сестри — и добро знаеле дека се сиромашни (Матеј 13:54-56; Марко 6:1-3). Без сомнение, знаеле и дека овој дрводелец што зборува толку убаво не одел во ниту една од прочуените рабински школи (Јован 7:15). Затоа, нивното прашање било на место.
5. Според Исус, кој бил изворот на неговата мудрост?
5 Мудроста што ја покажал Исус не била производ само на неговиот совршен ум. Нешто подоцна во текот на својата служба, кога јавно поучувал во храмот, Исус открил дека неговата мудрост доаѓа од многу повозвишен извор. Тој рекол: „Она за кое поучувам не е мое, туку доаѓа од оној што ме испрати“ (Јован 7:16). Да, Таткото, кој го испратил Синот, бил вистинскиот извор на Исусовата мудрост (Јован 12:49). Но, како Јехова му дал таква мудрост?
6, 7. Како Јехова му дал мудрост на својот Син?
6 Јеховиниот свет дух дејствувал врз срцето и врз умот на Исус. Во врска со Исус — ветениот Месија — Исаија прорекол: „Врз него ќе почива Јеховиниот дух, духот на мудроста и разборитоста, духот на советот и на силата, духот на знаењето и на стравот од Јехова“ (Исаија 11:2). Значи, Јеховиниот дух почивал врз Исус и влијаел врз неговото размислување и врз неговите одлуки. Затоа воопшто не е чудно што неговите зборови и постапки откривале дека тој поседува ненадминлива мудрост!
7 Јехова му дал мудрост на Исус на уште еден посебен начин. Како што видовме во второто поглавје, пред да се роди како човек, Исус живеел неброени години покрај својот Татко и можел да ги впива Неговите мисли. Не можеме ни да си замислиме колку голема мудрост стекнал Синот служејќи како „вешт градител“ покрај својот Татко додека заедно создавале сѐ друго — и живиот и неживиот свет. Со добра причина за Синот се вели дека, уште пред да живее како човек, бил вистинско олицетворение на мудроста (Изреки 8:22-31; Колошаните 1:15, 16). Во текот на целата своја служба, Исус можел да црпи од мудроста што ја стекнал додека бил со својот Татко на неботоb (Јован 8:26, 28, 38). Затоа, ни најмалку не треба да нѐ изненади тоа што неговите зборови откривале огромно знаење и длабоко разбирање, а неговите постапки ја откриле неговата способност непогрешливо да ги процени работите.
8. На кој начин ние, како следбеници на Исус, можеме да стекнеме мудрост?
8 Како следбеници на Исус, и ние треба да бараме мудрост од Јехова бидејќи Тој е нејзиниот вистински Извор (Изреки 2:6). Се разбира, Јехова не ја дава преку чудо. Сепак, тој нѐ услишува кога искрено го молиме да ни ја даде мудроста што ни е потребна за да се справиме со проблемите во животот (Јаков 1:5). Треба да вложиме многу труд за да ја стекнеме таа мудрост. Мора да ја бараме како „скриено богатство“ (Изреки 2:1-6). Мора да продолжиме длабоко да копаме во Библијата, каде што ни е откриена Божјата мудрост, а потоа да живееме во склад со она што го учиме. Примерот на Јеховиниот Син може многу да ни помогне да станеме мудри. Да видиме како Исус покажал мудрост на неколку полиња од животот, и да дознаеме како можеме да го следиме неговиот пример во овој поглед.
Мудри зборови
Божјата мудрост е откриена во Библијата
9. Зошто учењата на Исус биле толку мудри?
9 Безброј луѓе доаѓале кај Исус само за да го слушаат како зборува (Марко 6:31-34; Лука 5:1-3). А не е ни чудо, зашто зборовите што излегувале од неговата уста откривале невидена мудрост! Од она што го поучувал Исус јасно можело да се види дека тој многу добро ја разбира Божјата реч и дека има извонредна способност да продре во суштината на работите. Неговите учења им се допаѓаат на луѓето низ целиот свет и важат во секое време. Да разгледаме некои од мудрите зборови што ги кажал Исус, проречениот „Прекрасен Советник“ (Исаија 9:6).
10. Кои добри особини нѐ советува Исус да ги развиеме, и зошто?
10 Проповедта на гората, која беше спомната во почетокот, е најголемата збирка поуки од Исус кои се запишани без меѓу нив да биде вметнато раскажување или зборови што ги кажал некој друг. Во оваа проповед, Исус не нѐ советува само да зборуваме и да се однесуваме како што треба. Тој укажува на нешто многу подлабоко. Свесен дека во коренот на зборовите и постапките, всушност, лежат мислите и чувствата, Исус советува да развиваме добри особини во умот и во срцето. Некои од тие особини се благост, жед за праведност, милосрдие, мирољубивост и љубов кон другите (Матеј 5:5-9, 43-48). Ако ги развиваме ваквите особини во нашето срце, тогаш нашиот говор ќе биде изградувачки и исправно ќе постапуваме. Ова не само што го радува Јехова, туку ни помага да имаме и добри односи со другите луѓе (Матеј 5:16).
11. Како Исус објаснил каде лежи коренот на проблемот кога давал совети за грешното постапување?
11 Кога дава совети во врска со грешното постапување, Исус објаснува каде, всушност, лежи коренот на проблемот. Тој не вели само дека не треба да постапуваме насилно, туку нѐ предупредува да не дозволиме во нашето срце да тлее гнев (Матеј 5:21, 22; 1. Јованово 3:15). Тој не вели само дека не смееме да вршиме прељуба, туку нѐ предупредува да не дозволиме во срцето да се роди страст која ќе доведе до прељуба. А за да не се родат кај нас страст и неисправни желби, нѐ опоменува да внимаваме што гледаме (Матеј 5:27-30). Исус го свртува вниманието на причините, а не само на последиците. Тој зборува за ставовите и за желбите кои лежат во самиот корен на грешните постапки (Псалм 7:14).
12. Што претставуваат Исусовите совети за неговите следбеници, и зошто?
12 Колку се мудри зборовите на Исус! Не е ни чудо што ‚мноштвата биле восхитени од неговото поучување‘ (Матеј 7:28). За нас, неговите следбеници, тие мудри совети претставуваат упатство за живот. Ние се трудиме да ги развиваме добрите особини на кои нѐ поттикнал тој, како што се милосрдие, мирољубивост и љубов, бидејќи знаеме дека тие особини ќе ни помогнат да постапуваме онака како што сака Бог. Освен тоа, се трудиме да ги искорениме од срцето сите непожелни чувства на кои предупредил тој, како што се гневот, огорченоста и неморалните желби, затоа што знаеме дека тие можат да нѐ наведат на грев (Јаков 1:14, 15).
Мудар начин на живот
13, 14. Што покажува дека Исус исправно ги проценил работите кога одлучил како да го живее својот живот?
13 Мудроста на Исус не се гледала само во неговите зборови туку и во неговите постапки. Во целиот негов живот — во одлуките што ги донесувал, во начинот на кој гледал на себеси и во постапките со другите — јасно можеле да се видат многуте прекрасни аспекти на мудроста. Да разгледаме некои примери што покажуваат дека Исус го воделе „мудроста и способноста за расудување“ (Изреки 3:21).
14 Мудрото лице знае исправно да ги процени работите. Исус добро проценил кој е најдобриот начин на живот. Можеш ли да замислиш каков живот можел да има тој? Можел да направи најубава куќа, да има одличен бизнис и да стекне голем углед во светот. Но, Исус знаел дека таквиот живот „е суета и трчање по ветар“ (Проповедник 4:4; 5:10). Тој начин на живот би бил чиста глупост, сосема спротивно на мудроста. Исус решил да води едноставен живот. Не сакал да заработи пари или да си трупа материјално богатство (Матеј 8:20). Постапил како што поучувал — задржал бистро око, односно потполно се посветил на вршењето на Божјата волја (Матеј 6:22). Тој мудро ги трошел своето време и сила за Царството, нешто што е многу поважно и носи многу поголеми благослови од материјалните работи (Матеј 6:19-21). Така ни оставил пример што вреди да го следиме.
15. Како следбениците на Исус можат да покажат дека имаат бистро око, и зошто тоа е мудро?
15 Денес, следбениците на Исус сфаќаат зошто е мудро да задржат бистро око. Затоа не се оптоваруваат со непотребни долгови и со световни активности кои одземаат премногу сила и внимание (1. Тимотеј 6:9, 10). Мнозина презеле чекори да си го поедностават животот за да имаат повеќе време за христијанската служба, можеби дури и да служат како полновремени проповедници на Царството. Нема помудар начин на живот, бидејќи тој што ќе го стави Царството на исправното место ќе биде многу среќен и задоволен (Матеј 6:33).
16, 17. а) Како покажал Исус дека е скромен и реалистичен во она што го очекувал од себеси? б) Како можеме и ние да покажеме дека сме скромни и реалистични во она што го очекуваме од себеси?
16 Библијата ја поврзува мудроста со скромноста, а скромен е оној што е свесен за сопствените ограничувања (Изреки 11:2). Исус бил скромен и реалистичен во она што го очекувал од себеси. Знаел дека нема да ги преобрати сите што ќе ја слушнеле неговата порака (Матеј 10:32-39). Освен тоа, сфаќал дека бројот на луѓе што лично ќе може да ги достигне е ограничен. Затоа мудро ги овластил своите следбеници да продолжат да ги поучуваат другите (Матеј 28:18-20). Скромно признал дека тие ќе ‚прават и поголеми дела‘ од неговите, бидејќи ќе проповедаат на повеќе луѓе, на поголемо подрачје, и тоа ќе го прават многу подолго од него (Јован 14:12). Исус исто така признавал дека му треба помош. Ја прифатил помошта од ангелите кои дошле да му служат во пустината и од ангелот што дошол да го зајакне во градината Гетсиманија. Во најтешките моменти од својот живот, Божјиот Син силно повикал за помош (Матеј 4:11; Лука 22:43; Евреите 5:7).
17 И ние треба да бидеме скромни и реалистични во она што го очекуваме од себеси. Се разбира, сакаме со сета душа и со сета сила да се напрегаме да проповедаме и да поучуваме (Лука 13:24; Колошаните 3:23). Но, не треба да заборавиме дека Јехова не нѐ споредува со другите, па затоа и самите не треба да се споредуваме (Галатите 6:4). Мудроста ќе ни помогне да си поставиме достижни цели во склад со нашите способности и околности. Освен тоа, мудроста ќе ги води оние што се на одговорни положби да си признаат дека имаат ограничувања и дека одвреме-навреме им треба помош и поддршка. Скромноста ќе им помогне со благодарност да ја прифатат таквата помош, бидејќи сфаќаат дека Јехова може да употреби некој соверник за да ги зајакне (Колошаните 4:11).
18, 19. а) Од каде знаеме дека Исус постапувал разумно и позитивно со своите ученици? б) Зошто имаме многу причини да бидеме позитивни и разумни во меѓусебните односи, и како можеме да постапуваме така?
18 ,Мудроста одозгора е разумна‘, стои во Јаков 3:17. Исус постапувал разумно со своите ученици и имал позитивен став кон нив. Иако бил свесен за нивните грешки, тој го барал доброто кај нив (Јован 1:47). Знаел дека ќе го остават сам ноќта кога бил уапсен, но сепак, не се сомневал во нивната верност (Матеј 26:31-35; Лука 22:28-30). Петар дури трипати одрекол дека го познава, а Исус сепак сесрдно се молел за него и покажал дека има доверба во верноста на својот апостол (Лука 22:31-34). Последната ноќ од неговиот живот на Земјата, кога му се молел на својот Татко, Исус воопшто не ги спомнал грешките што ги направиле неговите ученици. Напротив, гледал позитивно на сето она што го правеле до таа ноќ, и рекол: „Тие ја држеа твојата реч“ (Јован 17:6). И покрај тоа што биле несовршени, тој им го доверил делото на проповедање и поучување (Матеј 28:19, 20). Нема сомнение, верата и довербата што Исус ги покажал во своите ученици ги зајакнала да го извршат налогот што им го дал.
19 Следбениците на Исус имаат причини да го следат неговиот пример во овој поглед. Ако совршениот Божји Син бил стрплив со своите несовршени ученици, колку повеќе треба ние, како грешни луѓе, да постапуваме разумно едни со други! (Филипјаните 4:5). Наместо постојано да мислиме на слабостите на нашите духовни браќа, би било убаво да ги бараме нивните добри страни. Мудро е да не забораваме дека Јехова ги привлекол кон себе (Јован 6:44). Значи, сигурно гледа нешто добро во нив, па затоа треба да гледаме и ние. Ако сме позитивни, не само што ќе успееме да ‚преминеме преку престапите‘, односно грешките на другите, туку ќе размислуваме и за кои работи можеме да ги пофалиме (Изреки 19:11). Кога покажуваме доверба во нашите браќа и сестри, им помагаме да дадат сѐ од себе за да му служат на Јехова и да се радуваат на таа служба (1. Солуњаните 5:11).
20. Што треба да правиме со ризницата на мудрост која се наоѓа во евангелијата, и зошто?
20 Евангелијата, во кои се опишани животот и службата на Исус, се вистинска ризница на мудрост! Што да правиме со ова бесценето богатство кое ни е подарено? На крајот од Проповедта на гората, Исус ги поттикнал своите слушатели не само да ги слушаат неговите мудри зборови туку и да ги извршуваат, односно да ги применат во пракса (Матеј 7:24-27). Ако ги обликуваме нашите мисли, мотиви и постапки според мудрите зборови и дела на Исус, ќе водиме најдобар можен живот сега, и ќе останеме на патот што води до вечен живот (Матеј 7:13, 14). Навистина, ова е најдобрата и најмудрата одлука што човек може да ја донесе!
a Говорот што Исус го одржал тој ден е познат како Проповед на гората. Запишан е во Матеј 5:3 — 7:27 и содржи 107 стихови. Веројатно му биле потребни дваесетина минути за да го изнесе.
b Библијата вели дека, кога се крстил Исус, ‚се отвориле небесата‘. Се чини дека тогаш му се вратило сеќавањето на времето пред да се роди како човек (Матеј 3:13-17).
-
-
„Се научи на послушност“„Појди по мене!“
-
-
ШЕСТО ПОГЛАВЈЕ
„Се научи на послушност“
1, 2. Зошто еден добар татко е задоволен кога гледа дека синот е послушен, и како неговите чувства ни помагаат да разбереме како се чувствува Јехова?
ТАТКОТО погледнува низ прозорецот кон своето синче кое си игра надвор со другарчињата. Одеднаш, топката им се стркалува од дворот и за миг завршува на улица. Малото жално гледа по неа. Едно од другарчињата му вели да отрча на улица и да ја земе, но тоа одмавнува со главата и вели: „Не смеам“. Таткото задоволно се насмевнува.
2 Зошто е толку задоволен? Затоа што му кажал на малиот да не излегува сам на улица. Кога синчето послушно останува во дворот — иако не знае дека татко му го гледа — таткото знае дека тоа се учи на послушност и дека не може да му се случи ништо лошо. Таткото се чувствува исто како што се чувствува нашиот небесен Татко, Јехова. Бог знае дека, ако сакаме да останеме верни и да ја доживееме прекрасната иднина што ни ја подготвува, мора да научиме да имаме доверба во него и да го слушаме (Изреки 3:5, 6). За да ни помогне во тоа, Бог ни го испратил најдобриот учител.
3, 4. На кој начин Исус ‚се научил на послушност‘, и како бил „направен совршен“? Наведи пример.
3 Библијата ни кажува нешто извонредно за Исус: „Иако беше Син Божји, се научи на послушност од она што го претрпе. Кога беше направен совршен, стана носител на вечното спасение на сите оние што му се послушни“ (Евреите 5:8, 9). Овој Син живеел неброени векови на небото. Иако бил сведок на непослушноста на Сатана и на другите бунтовни ангели, првородениот Син не им се придружил. Во едно вдахновено пророштво, кое се однесува на Исус, тој за себе вели: „Јас не се бунев“ (Исаија 50:5). Тогаш, како можел овој совршено послушен Син да „се научи на послушност“? И како е можно едно такво веќе совршено суштество подоцна да се усоврши, односно да биде ‚направено совршено‘?
4 Размисли за следниов пример. Еден војник има железен меч. Иако никогаш не бил користен во битка, мечот е изработен многу добро и има совршен облик. Сепак, војникот решава да го размени за друг меч, кој е направен од појак метал, од кален челик. Вториов меч веќе бил користен во битка и се видело дека навистина е добар. Зарем ова не е мудра размена? На сличен начин, пред да дојде на Земјата, Исус покажал беспрекорна послушност. Но, откако живеел овде, неговата послушност била доведена до совршенство. Била проверена, така да се каже, прекалена, и ги издржала испитите што Исус никогаш не би ги имал на небото.
5. Зошто било многу важно Исус да биде послушен, и што ќе видиме во ова поглавје?
5 За да ја изврши задачата за која дошол на Земјата, Исус морал да биде послушен. Тој, како „последниот Адам“, дошол да го направи она што не му успеало на нашиот прв родител — да му остане послушен на Јехова Бог по секоја цена (1. Коринќаните 15:45). Исус не му бил послушен на Бог само површно. Тој му бил послушен со сиот свој ум, срце и душа, и тоа го правел со радост. За него вршењето на волјата на неговиот Татко било поважно и од храна! (Јован 4:34). Што ќе ни помогне да бидеме послушни како Исус? Да видиме прво зошто бил послушен. Ако и ние се трудиме да бидеме послушни од истите причини, ќе можеме да им се спротивставиме на искушенијата и ќе успееме да ја вршиме Божјата волја. Потоа ќе разгледаме кои благослови ќе ги добиеме ако сме послушни како Христос.
Зошто Исус бил послушен
6, 7. Зошто Исус бил послушен?
6 Исус бил послушен затоа што имал убави особини во срцето. Како што видовме во третото поглавје, тој имал понизно срце. Горделивоста ги тера луѓето да гледаат со презир на послушноста, но понизноста ни помага спремно да го слушаме Јехова (2. Мојсеева 5:1, 2; 1. Петрово 5:5, 6). Друго нешто што го поттикнало Исус да биде послушен било она што го сакал и она што го мразел.
7 Пред сѐ, Исус го сакал својот небесен Татко, Јехова. За оваа љубов ќе зборуваме повеќе во 13. поглавје. Таа му помогнала на Исус да стане богобојазлива личност. Бидејќи толку многу го сакал Јехова и чувствувал толкава страхопочит кон него, тој се плашел да не го разочара својот Татко. Стравот од Јехова бил една од причините што неговите молитви биле услишени (Евреите 5:7). Стравот од Јехова е, исто така, значајно обележје на Исусовото владеење како месијански Цар (Исаија 11:3).
Дали забавата што ја избираш покажува дека го мразиш злото?
8, 9. Во склад со она што било проречено, што чувствувал Исус кон праведноста и кон злото, и како ги покажал овие чувства?
8 Да се сака Јехова значи и да се мрази она што тој го мрази. Размисли, на пример, за следново пророштво кое се однесува на месијанскиот Цар: „Ја сакаш праведноста и го мразиш злото. Затоа Бог, твојот Бог, те помаза со масло на радоста повеќе отколку твоите другари“ (Псалм 45:7). Исусовите „другари“ се другите цареви од семејната лоза на цар Давид. Исус има причина да се радува на своето помазание повеќе од сите нив. Зошто? Затоа што неговата награда е многу поголема од нивната, а неговото Царство ќе им донесе бескрајно поголеми благослови на луѓето. Тој е награден бидејќи неговата љубов кон праведноста и омразата кон злото му помогнале да му биде послушен на Бог во сѐ.
9 Како покажал Исус што чувствува кон праведноста и кон злото? На пример, како реагирал кога учениците ги послушале неговите упатства да проповедаат и биле благословени поради тоа? Бил многу радосен! (Лука 10:1, 17, 21). А како се чувствувал кога жителите на Ерусалим одново и одново одбивале да го слушаат, иако со љубов се трудел да им помогне? Тој плачел поради бунтовноста на луѓето во овој град (Лука 19:41, 42). Значи, Исус длабоко ги доживувал работите — сеедно дали луѓето се однесувале добро или лошо.
10. Какви чувства треба да имаме кон добрите дела, а какви кон погрешните постапки, и што може да ни помогне во тоа?
10 Ако размислуваме за чувствата на Исус, ќе можеме и самите да се преиспитаме зошто сме му послушни на Јехова. Иако сме несовршени, ние можеме од сѐ срце да ги сакаме добрите дела и од дното на душата да го мразиме погрешното постапување. Треба да му се молиме на Јехова и да бараме од него да ни помогне да го чувствуваме истото што го чувствуваат Тој и неговиот Син (Псалм 51:10). Но, исто така, треба да внимаваме врз нас да не влијаат работи кои можат да ги ослабнат таквите чувства. Многу е важно внимателно да ги избираме друштвото и забавата (Изреки 13:20; Филипјаните 4:8). Ако и ние, слично како Христос, учиме да го сакаме доброто и да го мразиме злото, тогаш нема да бидеме послушни само колку да нѐ видат другите. Ќе го правиме она што е исправно затоа што сакаме да го правиме, и ќе ги избегнуваме погрешните постапки, не затоа што се плашиме дека некој ќе нѐ фати, туку затоа што навистина ги мразиме.
„Тој не направи грев“
11, 12. а) Што му се случило на Исус во почетокот на неговата служба? б) Како Сатана најпрво го искушал Исус, и која лукава тактика ја користел?
11 Уште во почетокот на својата служба, Исус бил испитан дали го мрази гревот. По своето крштавање, тој поминал 40 дена и ноќи во пустината без храна. На крајот на тој период, Сатана дошол да го искуша. Обрни внимание колку лукаво постапил Ѓаволот (Матеј 4:1-11).
12 Најпрво му рекол на Исус: „Ако си Божји син, кажи им на овие камења да станат лебови!“ (Матеј 4:3). Како се чувствувал Исус по долгиот пост? Библијата јасно вели: „Огладне“ (Матеј 4:2). Значи, Сатана се обидел да ја искористи неговата нормална желба за храна и, без сомнение, намерно чекал Исус да се истошти физички. Освен тоа, забележи го зајадливиот начин на кој Сатана му се обратил: „Ако си Божји син“. Тој добро знаел дека Исус е „првороден од сѐ што е создадено“ (Колошаните 1:15). И покрај сето ова, Исус не дозволил Сатана да го наведе да му биде непослушен на Јехова. Иако Бог му дал моќ, Исус знаел дека не смее да ја користи за себични цели. Затоа одбил да го стори тоа, и така покажал дека понизно се потпира на Јехова и за храна и за водство (Матеј 4:4).
13-15. а) Како Сатана го искушал Исус по вторпат и по третпат, и како реагирал Исус? б) Од каде знаеме дека Исус морал постојано да се пази од Сатана?
13 Кога го искушал Исус по вторпат, Сатана го качил на врвот од храмскиот бедем. Лукаво извртувајќи ја Божјата реч, Ѓаволот се обидел да го наведе Исус да се стави себеси во центарот на вниманието. Му рекол да се фрли од високиот ѕид за ангелите да мораат да го спасуваат. Кога мноштвата во храмот би виделе такво чудо, зарем подоцна некој би се осмелил да каже дека Исус не е ветениот Месија? И кога би го прифатиле како Месија само врз таа основа, зарем не би се поштедил од многу неволји и проблеми? Можеби. Но, Исус знаел дека Јеховина волја е Месијата понизно да ја изврши својата служба, а не да ги натера луѓето да веруваат во него така што ќе прави чуда само за да покаже дека е некој и нешто (Исаија 42:1, 2). Исус повторно одбил да му биде непослушен на Јехова. Тој немал никаква желба да биде славен.
14 Но, дали можеби имал желба за власт? Обидувајќи се да го искуша и по третпат, Сатана му ветил дека ќе му ги даде сите царства на светот само ако му се поклони. Дали успеал да го заинтересира Исус за таа понуда? Не, Исус му одговорил: „Бегај, Сатано!“ Потоа додал: „Зашто, напишано е: ‚Јехова, својот Бог, обожавај го и само нему служи му!‘“ (Матеј 4:10). Ништо не можело да го наведе Исус да му служи на друг бог. Ниту една понуда за моќ или власт во овој свет не можела да го натера на каков и да е чин на непослушност.
15 Дали Сатана се откажал? Кога Исус му заповедал да бега, тој навистина си заминал. Но, во евангелието по Лука пишува дека Ѓаволот ‚го оставил, чекајќи друг поволен момент‘ (Лука 4:13). Всушност, Сатана го испитувал и го искушувал Исус и во други прилики, сѐ до крајот. Библијата ни кажува дека Исус бил ‚испитан во сѐ‘ (Евреите 4:15). Значи, тој постојано морал да се пази од Сатана, а мораме да се пазиме и ние.
16. Како Сатана ги искушува Божјите слуги денес, и како можеме да му се спротивставиме?
16 Сатана до ден-денес ги искушува Божјите слуги. За жал, поради несовршеноста, ние честопати сме лесен плен. Сатана знае лукаво да ги искористи себичноста, гордоста и жедта за власт. А преку материјализмот, Сатана може да ги користи сите овие работи истовремено! Затоа, многу е важно одвреме-навреме да застанеме и искрено да се преиспитаме. Би било добро да размислиме за зборовите од 1. Јованово 2:15-17. Притоа, би можеле да се прашаме дали можеби телесните желби што му се својствени на овој свет, копнежот по материјални работи и желбата да оставиме добар впечаток кај другите не ни ја ослабнале љубовта кон нашиот небесен Татко. Не треба да заборавиме дека времето на овој свет, како и на неговиот владетел, Сатана, истекува. Затоа, да му се спротивставиме секогаш кога лукаво се обидува да нѐ фати во замката на гревот! Да го следиме примерот на нашиот Господар, кој „не направи грев“ (1. Петрово 2:22).
„Јас секогаш го правам она што нему му е по волја“
17. Како гледал Исус на послушноста кон својот Татко, но што можеби велат некои?
17 Но, да бидеме послушни, не значи само да не правиме грев, туку и секогаш да го правиме она што нашиот небесен Татко го бара од нас. Христос ни е пример и во ова. Тој изјавил: „Јас секогаш го правам она што нему му е по волја“ (Јован 8:29). Ваквата послушност му била извор на голема радост. Се разбира, некои можеби ќе речат дека на Исус му било лесно да биде послушен. Можеби си мислат дека тој морал да му се подложува само на Јехова, кој е совршен, додека ние честопати мора да им бидеме подложни на несовршени луѓе. Но, факт е дека и Исус им бил послушен на несовршени луѓе.
18. Каков пример за послушност дал Исус кога бил мал?
18 Додека растел како човек на Земјата, Исус морал да им се подложува на своите несовршени родители, Јосиф и Марија. Веројатно многу повеќе од другите деца, тој можел да ги забележи недостатоците на своите родители. Дали приговарал поради тоа? Дали ги пречекорил границите што Бог им ги поставува на децата и им држел лекции како треба да се грижат за семејството? Забележи што стои во Лука 2:51 во врска со 12-годишниот Исус: „Им беше послушен“. Со ваквата послушност, тој дал извонреден пример за младите христијани кои се трудат да ги слушаат своите родители и да им укажуваат должна почит (Ефешаните 6:1, 2).
19, 20. а) Со какви тешки ситуации се соочил Исус кога морал да им биде послушен на несовршени луѓе? б) Зошто вистинските христијани денес треба да им бидат послушни на оние што предводат во собранието?
19 На Исус не му било лесно да им биде послушен на несовршени луѓе и од една друга причина. Тој живеел во едно посебно време и во околности кои биле многу потешки од нашите. Иако Јехова со векови го користел еврејскиот верски поредок, во кој спаѓале храмот и свештенството во Ерусалим, наскоро требало да го отфрли и да го замени со христијанското собрание (Матеј 23:33-38). Во меѓувреме, многу верски водачи поучувале лаги кои влечеле корени од грчката филозофија. Корупцијата во храмот била толку раширена што Исус рекол дека го претвориле во „разбојничка пештера“ (Марко 11:17). Сепак, дали поради тоа престанал да оди во храмот и во синагогите? Не! Јехова сѐ уште ги користел. Сѐ додека Бог не се вмешал за да ги смени работите, Исус послушно одел на празниците што се славеле во храмот, а одел и во синагогите (Лука 4:16; Јован 5:1).
20 Ако Исус бил послушен во такви околности, тогаш колку повеќе треба ние, како вистински христијани, да бидеме послушни денес! Всушност, ние живееме во многу поинакви времиња, во одамна претскажаниот период на обнова на вистинската религија. Бог нѐ уверува дека никогаш нема да му дозволи на Сатана да го расипе Неговиот обновен народ (Исаија 2:1, 2; 54:17). Сепак, христијанското собрание се состои од несовршени луѓе кои понекогаш грешат. Дали треба да ги користиме грешките на другите како изговор да му бидеме непослушни на Јехова? Дали поради тоа ќе престанеме да одиме на христијанските состаноци или, пак, ќе ги критикуваме старешините? Во никој случај! Наместо тоа, од сѐ срце ги поддржуваме оние што предводат во собранието. Послушно одиме на христијанските состаноци и на собирите, и ги применуваме библиските совети што ги добиваме таму (Евреите 10:24, 25; 13:17).
Послушно го применуваме она што го учиме на христијанските состаноци
21. Како реагирал Исус кога другите го ставиле под притисок да му биде непослушен на Бог, и каков пример оставил за нас?
21 Исус никогаш не им дозволил на другите, па дури ни на своите добронамерни пријатели, да го наведат да му биде непослушен на Јехова. На пример, апостол Петар се обидел да го убеди својот Господар дека нема потреба да страда и да умре, и го советувал да биде милостив кон себеси. Исус одлучно го отфрлил овој добронамерен, но лош совет (Матеј 16:21-23). И ние денес, како следбениците на Исус, може да се најдеме во слична ситуација. Некои добронамерни роднини можеби се обидуваат да нѐ наведат да не ги слушаме Божјите закони и начела. Исто како Исусовите следбеници во првиот век, ние сметаме дека „мораме да му се покоруваме на Бог, а не на луѓето“ (Дела 5:29).
Благословени ако сме послушни како Христос
22. На кое прашање дал одговор Исус, и како?
22 Кога Исус се нашол очи в очи со смртта, неговата послушност била ставена на најтежок испит. Во тој мрачен час, ‚се научил на послушност‘ во потполна смисла на зборот. Тој ја извршил волјата на својот Татко, а не својата (Лука 22:42). Исус му останал верен во секој можен поглед (1. Тимотеј 3:16). Така го дал конечниот одговор на долговековното прашање: Може ли совршен човек да му остане послушен на Јехова дури и кога ќе биде ставен на испит? Адам не останал, а не останала ни Ева. Потоа дошол Исус, живеел, умрел и ги расчистил работите еднаш засекогаш. Највозвишеното од сите Јеховини суштества дало непобитен одговор. Исус останал послушен, иако морал скапо да плати за тоа.
23-25. а) Како е поврзана послушноста со верноста и непорочноста? Наведи пример. б) Што ќе разгледаме во следното поглавје?
23 Верноста, односно оддаденоста на Јехова со сето срце, се покажува со послушност. Бидејќи бил послушен, Исус останал верен, и тоа било за доброто на целото човештво (Римјаните 5:19). Јехова богато го благословил. Ако сме му послушни на нашиот Господар Христос, Јехова ќе нѐ благослови и нас. Поради таквата послушност, ќе добиеме ‚вечно спасение‘! (Евреите 5:9).
24 Верноста како особина е поврзана со непорочноста, а непорочноста е благослов сама по себе. Изреки 10:9 вели: „Кој живее непорочно, живее без страв“. Ако ја споредиме непорочноста со голема палата направена од убави цигли, тогаш секоја наша постапка со која сме покажале послушност може да се спореди со една поединечна цигла. Можеби една цигла не е ништо посебно, но сепак, секоја си има свое место, своја вредност. А кога многу цигли се редат една врз друга, се гради нешто уште поскапоцено. Кога послушните постапки се додаваат една на друга и се множат од ден на ден и од година во година, нашата непорочност станува како една прекрасна палата.
25 Кога некој покажува послушност подолго време, помислуваме на уште една особина — истрајност. Тој аспект од примерот на Исус ќе го разгледаме во следното поглавје.
-