ОНЛАЈН БИБЛИОТЕКА Watchtower
ОНЛАЈН БИБЛИОТЕКА
Watchtower
македонски
ѐ
  • Ѐ
  • ѐ
  • Ѝ
  • ѝ
  • БИБЛИЈА
  • ПУБЛИКАЦИИ
  • СОСТАНОЦИ
  • „Му падна жал“
    „Појди по мене!“
    • ПЕТНАЕСЕТТО ПОГЛАВЈЕ

      „Му падна жал“

      Слика на страница 151

      „Господару, нека ни се отворат очите“

      1-3. а) Како реагирал Исус кога двајца слепи просјаци го молеле за помош? б) Што значи изразот „му падна жал“? (Види ја фуснотата.)

      ДВАЈЦА слепи луѓе седат крај патот, недалеку од Ерихон. Секој ден доаѓаат на ова прометно место и бараат милостина од минувачите. Но, овој ден ќе им се случи нешто што ќе им го промени животот од корен.

      2 Одеднаш овие просјаци слушаат врева. Бидејќи не можат да видат ништо, едниот од нив прашува што се случува. „Поминува Исус Назареќанецот!“ — му одговараат. Исус за последен пат оди кон Ерусалим. Но, не е сам — по него оди мноштво луѓе. Откако дознаваат кој поминува, просјаците на сет глас извикуваат: „Господару, смилувај ни се, Сине Давидов!“ Мноштвото налутено се обидува да ги замолчи, но тие се очајни и не престануваат да викаат.

      3 И покрај сета врева од мноштвото, Исус го слуша нивното викање. Што ќе направи? Многу работи му се вртат низ главата и му тежат на срцето. Само што не почнала последната седмица од неговиот живот на Земјата. Тој е свесен дека во Ерусалим го чека страдање и свирепа смрт. Сепак, не се прави дека не го слуша ова упорно викање на просјаците. Застанува и заповеда да му ги доведат. Тие го молат: „Господару, нека ни се отворат очите“. ‚На Исус му паѓа жал‘, па им ги допира очите и тие прогледуваат.a Веднаш потоа тргнуваат по него (Лука 18:35-43; Матеј 20:29-34).

      4. Како Исус го исполнил пророштвото дека „ќе се сожали на бедниот“?

      4 Ова не бил единствениот ваков случај. Во многу ситуации и во најразлични околности, Исус покажувал сочувство затоа што бил длабоко трогнат од нечие страдање. Во Библијата е проречено дека тој „ќе се сожали на бедниот“ (Псалм 72:13). Исус навистина бил таков — тој бил свесен за чувствата на другите. Освен тоа, презел чекори да им помага на луѓето. Неговата сомилост го терала да проповеда. Да видиме како евангелијата ни го откриваат длабокото сочувство што стоело зад зборовите и постапките на Исус, и како можеме и ние да покажеме такво сочувство кон другите.

      Имал обѕир кон чувствата на другите

      5, 6. Кои примери покажуваат дека Исус бил многу сочувствителен човек?

      5 Исус бил многу сочувствителен човек. Тој се соживувал со оние што страдале и имал разбирање за нивните чувства. Иако не бил во сосема исти околности како нив, тој навистина ја чувствувал нивната болка во своето срце (Евреите 4:15). Кога излекувал една жена која 12 години страдала од крвавење, рекол дека нејзината болест била „мачна“, и така покажал дека сфаќа низ какви маки и болки мора да поминала во животот (Марко 5:25-34). Кога ги видел Марија и луѓето околу неа како плачат за починатиот Лазар, нивната тага го потресла до дното на душата. Иако знаел дека набрзо ќе го воскресне својот пријател, сето ова толку го погодило што очите му се наполниле со солзи (Јован 11:33, 35).

      6 Во една друга прилика, еден лепрозен човек му пристапил на Исус и го молел: „Ако сакаш, можеш да ме исчистиш“. Што направил Исус кој, како совршен човек, никогаш не бил болен? Му паднало многу тешко кога го видел овој човек што страдал од лепра и ‚го сожалил‘ од срце (Марко 1:40-42). Потоа направил нешто многу необично. Исус добро знаел дека лепрозните биле нечисти според Законот и дека не смееле да се мешаат со другите (3. Мојсеева 13:45, 46). Тој сигурно можел да го излекува овој човек без да го допре (Матеј 8:5-13). Сепак, ја испружил раката и го допрел, велејќи: „Сакам, исчисти се!“ Во истиот миг, ја снемало лепрата кај човекот. Колку длабока сомилост покажал Исус!

      Слика на страница 154

      „Бидете сочувствителни“

      7. Што може да ни помогне да станеме сочувствителни, и како можеме да ја покажуваме оваа особина?

      7 Од нас како христијани се очекува да покажуваме сочувство кон другите исто како што покажувал Исус. Библијата нѐ поттикнува да бидеме сочувствителниb (1. Петрово 3:8). Можеби не ни е секогаш лесно да ги разбереме чувствата на оние кои страдаат од хронична болест или кои се во тешка депресија — особено ако самите не сме поминале низ такво нешто. Но, не заборавај дека сочувството не зависи од тоа дали и ние сме биле во иста ситуација. Исус се соживувал со болните иако самиот никогаш не бил болен. Тогаш, како можеме ние да бидеме сочувствителни? Така што стрпливо ќе слушаме кога некој што е потиштен ќе ни го отвори срцето и ќе ни каже како се чувствува. Би можеле да се прашаме: ‚Како би се чувствувал јас да сум во негова кожа?‘ (1. Коринќаните 12:26). Ако секогаш се трудиме да видиме и да разбереме како се чувствуваат другите, ќе можеме подобро да ‚ги тешиме потиштените души‘ (1. Солуњаните 5:14). Понекогаш, можеме да покажеме сочувство не само со зборови туку и со солзи. „Плачете со оние што плачат“, стои во Римјаните 12:15.

      8, 9. Како Исус покажал обѕир кон чувствата на другите?

      8 Исус бил внимателен кон другите и ги земал во обѕир нивните чувства. Спомни си за приликата кога му донеле еден глув човек што едвај можел да зборува. Исус, кој по сѐ изгледа почувствувал дека овој човек се срами, направил нешто што обично не го правел кога ги лекувал другите: ‚Го тргнал настрана од мноштвото‘. Насамо и далеку од погледите на луѓето, тој го излекувал (Марко 7:31-35).

      9 Исус на сличен начин покажал обѕир кога луѓето му донеле еден слеп човек и го замолиле да го излекува. ‚Го зел слепиот за рака‘ и ‚го извел надвор од селото‘. Потоа го излекувал постепено. Веројатно на тој начин мозокот и очите на човекот постепено можеле да се приспособат на силната светлина и на разните облици и бои во светот околу него (Марко 8:22-26). Колку голем обѕир покажал Исус!

      10. На кои начини може да покажеме обѕир кон чувствата на другите?

      10 Бидејќи сме следбеници на Исус, од нас се очекува да покажуваме обѕир кон чувствата на другите. Затоа внимаваме што зборуваме и не забораваме дека, ако зборуваме непромислено, може да ги повредиме оние околу нас (Изреки 12:18; 18:21). Меѓу христијаните, кои се обѕирни кон чувствата на другите луѓе, нема место за остри зборови и за понижувачки и зајадливи забелешки (Ефешаните 4:31). Старешини, како можете да покажете обѕир кон чувствата на другите? Кога давате совет, омекнете ги своите зборови со љубезност и помогнете му на оној што го советувате да го задржи своето достоинство (Галатите 6:1). Родители, како можете да бидете обѕирни кон чувствата на вашите деца? Кога ги карате, трудете се да го правите тоа на таков начин што нема да ги посрамите (Колошаните 3:21).

      Презел чекори да им помага на другите

      11, 12. Кои извештаи од Библијата покажуваат дека Исус не чекал да биде замолен за да покаже сочувство кон другите?

      11 Исус не чекал секогаш некој да го замоли, па да покаже сочувство кон другите. Всушност, сочувството воопшто не е пасивна, туку активна особина која нѐ тера да правиме нешто. Тогаш, не е ни чудо што длабокото сочувство го терало Исус да преземе чекори да им помага на другите. На пример, кога едно големо мноштво луѓе останале три дена со него и немале што да јадат, никој не морал да му каже на Исус дека луѓето се гладни, ниту да му предложи да стори нешто во врска со тоа. Во извештајот се вели: „Исус ги викна кај себе своите ученици и им рече: ‚Жал ми е за народот, зашто веќе три дена се со мене, а немаат што да јадат. Не сакам да ги распуштам гладни, зашто би можеле да премалат по патот‘“. Потоа, без никој ништо да му каже, со чудо го нахранил тоа мноштво (Матеј 15:32-38).

      12 Размисли и за еден друг извештај. Во 31 год. од н.е., додека се приближувал кон градот Наин, Исус наишол на тажна глетка. Од градот излегувала погребна поворка, која веројатно се движела кон гробиштата на блискиот рид. Тие биле на пат да го погребат ‚синот единец на една вдовица‘. Можеш ли да си замислиш каква болка чувствувала оваа мајка во срцето? Таа одела да го закопа својот единец, а немала ни маж со кого би можела да ја сподели тагата. Од сите луѓе во поворката, Исус ‚ја здогледал‘ токму вдовицата која останала без своето чедо. Она што го видел длабоко го трогнало и ‚се сожалил на неа‘. Никој не морал да го моли да стори нешто. Сомилоста во срцето го навела на тоа. Тој ‚се приближил, ја допрел носилката‘ и го оживеал момчето. Што се случило потоа? Исус не побарал од младиот човек да му се придружи и да патува заедно со него и со големото мноштво што го следело. Наместо тоа, ‚го предал на мајка му‘ за повторно да бидат заедно како семејство и да има кој да се грижи за вдовицата (Лука 7:11-15).

      Слика на страница 157

      Преземи чекори за да им помогнеш на оние на кои им треба помош

      13. Како можеме да им помагаме на другите следејќи го примерот на Исус?

      13 Како можеме да бидеме како Исус во овој поглед? Се разбира, не можеме со чудо да направиме храна или да ги оживееме мртвите. Но, ќе бидеме како Исус ако изнаоѓаме начини да им помогнеме на оние на кои им треба помош. Некој соверник може да ја изгуби работата или да се најде во тешка финансиска криза (1. Јованово 3:17). Можеби е потребно итно да се поправи домот на некоја вдовица (Јаков 1:27). Можеби знаеме некое ужалено семејство на кое му треба утеха или практична помош (1. Солуњаните 5:11). Ако некој навистина има потреба од нешто, не треба да чекаме да нѐ замоли, па да му помогнеме (Изреки 3:27). Сочувството ќе нѐ натера да направиме нешто за него, се разбира, колку што ни дозволуваат околностите. Никогаш не заборавај дека со една љубезна постапка или со неколку утешни зборови кажани од срце можеме да покажеме дека навистина сочувствуваме со оние што страдаат (Колошаните 3:12).

      Проповедал поттикнат од сочувство

      14. Зошто проповедањето на добрата вест било најважно за Исус?

      14 Како што видовме во вториот дел од оваа книга, Исус дал извонреден пример со тоа што ја проповедал добрата вест. Тој рекол: „Морам да... ја објавам добрата вест за Божјето царство, бидејќи за тоа сум испратен“ (Лука 4:43). Зошто ова дело било најважно за него? Главно затоа што го сакал Бог. Но, Исус имал и друг мотив: тој искрено сочувствувал со другите, и тоа го терало да стори нешто за нивните духовни потреби. Иако покажал сочувство на најразлични начини, сепак најважно му било да го задоволи духовниот глад на луѓето. Да разгледаме два настана кои откриваат што чувствувал Исус кон луѓето на кои им проповедал. Ова ќе ни помогне да се преиспитаме од кои причини ние ја вршиме службата.

      15, 16. Опиши два настана кои откриваат што чувствувал Исус кон луѓето на кои им проповедал.

      15 Во 31 год. од н.е., откако речиси две години несебично се трошел во службата, Исус почнал да проповеда уште повеќе. Тргнал „да ги обиколува сите градови и села“ во Галилеја. Она што го видел го допрело до срце. Апостол Матеј известува: „Штом ги виде мноштвата, се сожали на нив бидејќи беа измачени и расеани како овци без пастир“ (Матеј 9:35, 36). На Исус му било жал за обичниот народ. Тој бил свесен за бедната духовна состојба во која се наоѓале тие луѓе. Знаел дека се малтретирани и крајно запоставени токму од оние што требало да се грижат за нив — од верските водачи. Затоа, поттикнат од длабока сомилост, Исус давал сѐ од себе да им ја пренесе пораката на надеж. Добрата вест за Божјето Царство било она што најмногу им било потребно на луѓето.

      16 Нешто слично се случило неколку месеци подоцна, околу Пасхата во 32 год. од н.е. Во таа прилика, Исус и неговите апостоли влегле во чамец и отпловиле кон другата страна од Галилејското Море за да најдат осамено место и да се одморат. Но, мноштво луѓе побрзале пеш по брегот и стигнале на другата страна пред да пристигне чамецот. Што направил Исус? „Кога излезе, виде многу народ, па се сожали на нив, зашто беа како овци без пастир. И почна да ги поучува за многу работи“ (Марко 6:31-34). Значи, Исус повторно ‚се сожалил‘ на луѓето поради нивната лоша духовна состојба. Како „овци без пастир“, тие биле духовно изгладнети и препуштени сами на себе. Тој им проповедал од сочувство, а не само затоа што се чувствувал должен да го прави тоа.

      Слика на страница 159

      Проповедај со сочувство

      17, 18. а) Зошто проповедаме? б) Што ќе ни помогне да имаме сочувство кон другите?

      17 Што нѐ мотивира нас, како следбеници на Исус, да проповедаме? Како што видовме во деветтото поглавје од оваа книга, ние имаме налог, односно должност да проповедаме и да правиме ученици (Матеј 28:19, 20; 1. Коринќаните 9:16). Но, не треба да го вршиме ова дело само затоа што должноста нѐ тера на тоа. Љубовта кон Јехова е главната причина поради која ја објавуваме добрата вест за Неговото Царство. Освен тоа, проповедаме затоа што сочувствуваме со оние што имаат поинакви верувања од нашите (Марко 12:28-31). Што ќе ни помогне да имаме такво сочувство кон другите?

      18 Треба да ги гледаме луѓето како што ги гледал Исус — „измачени и расеани како овци без пастир“. Замисли дека си нашол едно беспомошно јагне кое се изгубило. Кутрото животинче е гладно и жедно бидејќи нема пастир кој ќе го води на зелени пасишта и на поило. Зарем нема да ти падне жал за тоа јагненце? Зар нема да сториш сѐ што можеш да му дадеш храна и вода? Многу луѓе кои сѐ уште не ја чуле добрата вест се како тоа јагненце. Запоставени од пастирите на лажните религии, тие се гладни и жедни во духовна смисла, и немаат никаква надеж за иднината. Ние го имаме она што им е потребно — здравата духовна храна и освежителните води на вистината од Божјата реч (Исаија 55:1, 2). Кога размислуваме за духовните потреби на луѓето околу нас, ни паѓа жал за нив. Ако и ние, како Исус, сочувствуваме со другите, ќе направиме сѐ што можеме да им ја пренесеме надежта за Царството.

      19. Што можеме да сториме за да поттикнеме некој интересент, кој ги исполнува условите да проповеда, да започне со службата?

      19 Како можеме да ги поттикнеме другите да го следат примерот на Исус? Да речеме дека сакаме да поттикнеме некој интересент, кој ги исполнува условите да проповеда, да започне со службата. Или, пак, сакаме да му помогнеме на некој неактивен објавител повторно да почне да проповеда. Како можеме да го сториме тоа? Треба да најдеме начин да им допреме до срцето. Сети се дека Исус најпрво ‚се сожалил‘ на луѓето, а потоа ги поучувал (Марко 6:34). Според тоа, ако можеме да им помогнеме да развијат сочувство, тогаш нивното срце сигурно ќе ги поттикне да бидат како Исус и да им зборуваат за добрата вест на другите. Би можеле да ги прашаме: „Како ти се подобри животот откако ја прифати добрата вест? Зарем таа вест не им е потребна и на луѓето што уште не слушнале за неа? Како можеш да им помогнеш?“ Се разбира, најсилен мотив за да проповедаме е љубовта кон Бог и желбата да му служиме.

      20. а) Што значи да се биде следбеник на Исус? б) Што ќе разгледаме во следното поглавје?

      20 Како вистински следбеници на Исус, ние не треба само да ги повторуваме неговите зборови и да постапуваме како него, туку мора и да размислуваме ‚како што размислувал‘ тој (Филипјаните 2:5). Колку треба да сме благодарни што Библијата ни ги открива мислите и чувствата што стоеле зад зборовите и постапките на Исус! Ако постојано го запознаваме „Христовиот ум“, ќе чувствуваме уште поголема сомилост и искрено сочувство, а тоа ќе нѐ поттикне и да постапуваме со другите исто како што постапувал тој (1. Коринќаните 2:16). Во следното поглавје ќе видиме на кои сѐ начини Исус покажувал љубов, особено кон своите следбеници.

      a За грчкиот збор што е преведен со „му падна жал“ се вели дека е еден од најсилните зборови за сочувство во грчкиот јазик. Во една книга пишува дека тој „не означува само болка што некој ја чувствува кога ќе види дека друг страда, туку и силна желба која го тера да му го олесни и да му го отстрани тоа страдање“.

      b Грчката придавка што е преведена со „сочувствителни“ дословно значи „страдаат заедно со (некого)“.

      Како би можел да бидеш како Исус?

      • Како покажал Исус сочувство со начинот на кој го користел својот авторитет, и како можеме да бидеме како него во овој поглед? (Матеј 11:28-30).

      • Зошто е важно да покажуваме милост, односно сочувство кон другите исто како што покажувал Исус? (Матеј 9:9-13; 23:23).

      • Со што покажал Исус дека ги разбира чувствата на другите, и како можеме да го следиме неговиот пример? (Лука 7:36-50).

      • Како споредбата за милосрдниот Самарјанин покажува дека сочувството е пофална особина, и како можеме да ја примениме главната поука од оваа приказна? (Лука 10:29-37).

  • „Исус... им покажуваше љубов до крај“
    „Појди по мене!“
    • ШЕСНАЕСЕТТО ПОГЛАВЈЕ

      „Исус... им покажуваше љубов до крај“

      1, 2. Како Исус ја поминал својата последна вечер со апостолите, и зошто тие последни мигови толку многу му значеле?

      ИСУС ги собрал апостолите во горната соба на една куќа во Ерусалим, свесен дека тоа е последната вечер што ќе ја помине заедно со нив. Наближува времето кога тој ќе се врати кај својот Татко. За неколку часа, Исус ќе биде уапсен и неговата вера ќе биде испитана како никогаш порано. Но, иако знае дека наскоро ќе умре, тој сепак не ги занемарува потребите на своите апостоли.

      2 Исус веќе им зборувал на апостолите за своето заминување, но сега има да им каже уште нешто за да ги подготви за она што ги чека. Затоа ги минува овие последни скапоцени мигови давајќи им многу важни поуки кои ќе им помогнат да останат верни. Со она што им го кажува, тој им става до знаење, повеќе од кога и да било порано, колку му се тие блиски и драги. Но, зошто Исус е повеќе загрижен за своите апостоли отколку за себеси? Зошто овие последни часови што ги минува заедно со нив толку му значат? Со неколку збора, затоа што ги сака. Тој чувствува многу голема љубов кон нив.

      3. Од каде знаеме дека Исус не чекал до последната вечер за да им покаже на своите следбеници дека ги сака, и што ќе разгледаме во ова поглавје?

      3 Со децении подоцна, кога под вдахновение седнал да ги опише настаните што се случиле таа вечер, апостол Јован напишал: „Пред Пасхата, Исус знаеше дека дошол неговиот час да си замине од овој свет кај Таткото. Бидејќи ги сакаше своите кои беа во светот, им покажуваше љубов до крај“ (Јован 13:1). Но, Исус не чекал да дојде таа последна вечер за да им покаже љубов на „своите“. Во текот на целата своја служба, на секој можен начин, тој покажал дека ги сака учениците. Добро е да разгледаме на кои начини им покажал љубов бидејќи, ако и ние го правиме истото, ќе докажеме дека сме негови вистински ученици.

      Бил стрплив

      4, 5. а) Зошто Исус морал да биде стрплив со своите ученици? б) Како реагирал Исус кога тројца негови апостоли не останале будни во градината Гетсиманија?

      4 Љубовта и стрпливоста одат рака под рака. „Љубовта е долготрпелива“, стои во 1. Коринќаните 13:4, а долготрпеливоста значи стрпливо да ги поднесуваме другите. Дали на Исус му требала стрпливост додека бил со своите ученици? Му требала, и тоа како! Во третото поглавје видовме дека на апостолите не им било баш лесно да се научат на понизност. Тие многупати се расправале за тоа кој од нив е најголем. Што сторил Исус? Дали се налутил? Дали реагирал нервозно или нетрпеливо? Не, тој стрпливо разговарал со нив, дури и кога таа последна вечер пак почнале жестоко да се препираат за истата работа! (Лука 22:24-30; Матеј 20:20-28; Марко 9:33-37).

      5 Подоцна во текот на таа последна ноќ, кога Исус отишол во градината Гетсиманија заедно со 11-те верни апостоли, неговата стрпливост повторно била ставена на испит. Оставајќи осум од своите апостоли, Исус ги зел Петар, Јаков и Јован и ги повел подлабоко во градината. „Душата ми е нажалена до смрт“, им рекол тој. „Останете овде и бдејте со мене.“ Потоа се оддалечил малку од нив и почнал горливо да се моли. Откако долго се молел, се вратил кај тројцата апостоли. И, имал што да види! Во овој час, кога тој се наоѓал на најголем испит, тие цврсто спиеле! Дали ги прекорил затоа што не останале будни? Не, тој стрпливо ги поттикнал да бдеат. Со своите љубезни зборови тој покажал дека сфаќа под каков стрес се наоѓаат и дека разбира зошто се премалени.a „Духот, навистина, е спремен, но телото е слабо“, рекол тој. Исус останал стрплив таа вечер, дури и кога се вратил и ги нашол како спијат, не само еднаш туку трипати! (Матеј 26:36-46).

      6. Како можеме да постапуваме со другите како што постапувал Исус?

      6 Охрабрувачки е да се знае дека Исус не кренал раце од своите апостоли. На крајот, неговата стрпливост родила плод, затоа што овие верни мажи научиле колку е важно да бидат и понизни и будни (1. Петрово 3:8; 4:7). Како можеме да постапуваме со другите како што постапувал Исус? Особено старешините треба да бидат стрпливи. Можеби некои соверници ќе дојдат кај старешината за да му кажат за некој свој проблем кога тој е уморен или преокупиран со свои грижи. Понекогаш, оние на кои им треба помош нема брзо да го прифатат и да го применат советот што ќе им се даде. И покрај тоа, стрпливите старешини поучуваат „со благост“ и имаат „обѕир кон стадото“ (2. Тимотеј 2:24, 25; Дела 20:28, 29). Добро е и родителите да бидат стрпливи како што бил Исус, бидејќи децата одвреме-навреме не го прифаќаат или не го применуваат брзо советот или исправката што им се дава. Љубовта и стрпливоста ќе им помогнат на родителите да не кренат раце од своите деца и да продолжат да ги воспитуваат. Таквата стрпливост сигурно ќе биде наградена (Псалм 127:3).

      Се грижел за нивните потреби

      7. Како се грижел Исус за материјалните потреби на своите ученици?

      7 Љубовта се гледа во несебичните дела (1. Јованово 3:17, 18). Таа „не ја бара својата корист“ (1. Коринќаните 13:5). Љубовта го поттикнала Исус да се грижи за материјалните потреби на своите ученици. Тој честопати правел нешто за нив дури и пред да му кажат што им треба. Кога видел дека се уморни, предложил да појдат заедно со него ‚на едно осамено место и да се одморат малку‘ (Марко 6:31). Кога забележал дека се гладни, презел нешто за да ги нахрани — како нив, така и илјадниците други кои дошле да го слушаат како поучува (Матеј 14:19, 20; 15:35-37).

      8, 9. а) Што покажува дека Исус ги забележувал и ги задоволувал духовните потреби на своите ученици? б) Додека бил на столбот, како Исус покажал дека многу му е важно мајка му да биде добро згрижена?

      8 Исус ги забележувал и ги задоволувал и духовните потреби на своите ученици (Матеј 4:4; 5:3). Кога поучувал, ним им обрнувал посебно внимание. Тој ја одржал Проповедта на гората првенствено за своите ученици (Матеј 5:1, 2, 13-16). Кога поучувал со споредби, ‚на своите ученици им објаснувал сѐ кога бил насамо со нив‘ (Марко 4:34). Исус прорекол дека ќе постави ‚верен и разборит роб‘ кој требало да се погрижи неговите следбеници да добиваат добра духовна храна во овие последни денови. Овој „роб“, кој го сочинува една мала група помазани браќа на Исус кои се на Земјата, верно обезбедува духовна „храна во вистинско време“ уште од 1919 год. од н.е. (Матеј 24:45).

      9 Дента кога умрел, Исус покажал на трогателен начин колку многу му значи духовното добро на неговите најмили. Замисли си ја следнава сцена. Прикован на столбот, Исус чувствувал неподнослива болка. За да може да диши, очигледно морал да се поткрева со нозете. Ова сигурно му било многу болно бидејќи, поради тежината на телото, шајките му го раскинувале месото на стапалата, а неговиот крвав и разранет грб се гребел од столбот. Освен тоа, сигурно му било многу тешко и мачно да зборува, бидејќи при зборувањето човек мора да го контролира дишењето. Сепак, неколку моменти пред да умре, тој успеал да каже неколку збора од кои се гледа колку многу ја сакал својата мајка, Марија. Кога видел како Марија и апостол Јован стојат во близина, Исус ѝ ги рекол следниве зборови на мајка си, и тоа доволно гласно да го слушнат и другите што стоеле таму: „Жено, еве ти син!“ А на Јован му рекол: „Еве ти мајка!“ (Јован 19:26, 27). Исус знаел дека овој верен апостол нема да се грижи само за материјалните потреби на Марија туку и за нејзиното духовно добро.b

      Слики на страници 164 и 165

      Добрите родители се стрпливи и се грижат за потребите на своите деца

      10. Како родителите можат да бидат како Исус во тој поглед што ќе се грижат за потребите на своите деца?

      10 Добрите родители сфаќаат дека е многу корисно да размислуваат за примерот на Исус. Еден татко кој навистина си го сака семејството ќе се труди да бидат задоволени материјалните потреби на неговите членови (1. Тимотеј 5:8). Мажите, кои се урамнотежени поглавари полни со љубов, одвојуваат време и за повремен одмор и рекреација. Но, што е уште поважно, христијанските родители се грижат за духовните потреби на своите деца. На кој начин? Тие редовно ја проучуваат Библијата како семејство и притоа се трудат децата нешто да научат и да им биде убаво (5. Мојсеева 6:6, 7). Со збор и со пример, родителите ги поучуваат децата дека е многу важно редовно да проповедаме, а и да се подготвуваме за христијанските состаноци и да присуствуваме на нив, бидејќи тоа е многу битен начин на кој го славиме Бог (Евреите 10:24, 25).

      Бил спремен да прости

      11. Какви поуки им дал Исус на своите следбеници во врска со простувањето?

      11 Простувањето е едно обележје на љубовта (Колошаните 3:13, 14). Љубовта „не го памти злото“, стои во 1. Коринќаните 13:5. Во многу ситуации Исус ги поучил своите следбеници колку е важно да се простува. Ги поттикнал да простуваат „не... до седумпати, туку до седумдесет и седум пати“ — што значи, неограничено (Матеј 18:21, 22). Ги советувал да му простат на оној што згрешил доколку тој се каел откако бил укорен за нешто (Лука 17:3, 4). Но, Исус не бил како лицемерните фарисеи, кои поучувале само со збор — тој поучувал и со пример (Матеј 23:2-4). Да видиме како Исус покажал спремност да прости дури и кога еден негов добар пријател го изневерил.

      Слика на целата страница 166

      12, 13. а) Како Петар го изневерил Исус ноќта кога Исус бил уапсен? б) Откако воскреснал, како покажал Исус дека не поучувал за простувањето само со збор?

      12 Исус бил многу близок со апостол Петар, срдечен човек кој понекогаш знаел да реагира брзо и непромислено. Исус увидел дека овој апостол има добри особини и му доверил посебни одговорности. Петар, заедно со Јаков и Јован, со свои очи видел некои чуда што не ги виделе останатите апостоли (Матеј 17:1, 2; Лука 8:49-55). Веќе беше спомнато дека Петар бил близу до својот Господар во градината Гетсиманија ноќта кога Исус бил уапсен. Сепак, истата таа ноќ кога Исус бил предаден и фатен, Петар и другите апостоли го оставиле и побегнале. Подоцна Петар собрал храброст да дојде близу до зградата каде што Исус бил незаконски суден. Но, во еден момент овој апостол се исплашил и сериозно згрешил — трипати рекол дека воопшто не го познава Исус! (Матеј 26:69-75). Како реагирал Исус? Како би реагирал ти кога некој добар пријател би те изневерил на ваков начин?

      13 Исус бил спремен да му прости на својот апостол, бидејќи знаел дека Петар го здоболело до срце кога сфатил колку голем грев направил. Всушност, апостолот се покајал и ‚скршен, силно заплакал‘ (Марко 14:72). Исус му се појавил на Петар на денот кога воскреснал, веројатно за да го утеши и да го охрабри (Лука 24:34; 1. Коринќаните 15:5). По неполни два месеца, на празникот Педесетница, Исус му ја дал таа чест на Петар прв да стане и да му посведочи на мноштвото во Ерусалим (Дела 2:14-40). Да не заборавиме дека Исус не им се налутил ни на другите апостоли затоа што го оставиле. Напротив, по своето воскресение, тој сѐ уште ги нарекувал ‚мои браќа‘ (Матеј 28:10). Зарем не е очигледно дека Исус не поучувал за простувањето само со збор?

      14. Зошто треба да научиме да им простуваме на другите, и како можеме да покажеме дека сме спремни да простиме?

      14 Како ученици на Христос, и ние треба да научиме да им простуваме на другите. Зошто? За разлика од Исус, ние сме несовршени — исто како и оние што ни грешат. Понекогаш сите ние грешиме во зборовите и во постапките (Римјаните 3:23; Јаков 3:2). Ако им простуваме на другите кога навистина има место да бидеме милостиви, си правиме пат и Бог да ни прости кога ние ќе згрешиме (Марко 11:25). Тогаш, како можеме да покажеме дека сме спремни да им простиме на оние што можеби ќе ни згрешат? Во многу случаи, љубовта ни помага да преминеме преку малите грешки и слабостите на другите (1. Петрово 4:8). Ако оние што ни згрешиле навистина се каат за тоа, како што се каел Петар, сигурно би сакале спремно да им простиме како што простувал Исус. Наместо да држиме лутина, мудро е едноставно да преминеме преку грешката (Ефешаните 4:32). Така ќе придонесеме да се зачува мирот во собранието, а ќе си го зачуваме и нашиот душевен мир (1. Петрово 3:11).

      Имал доверба во другите

      15. Зошто Исус имал доверба во своите ученици и покрај нивните слабости?

      15 Љубовта и довербата се тесно поврзани. Љубовта „сѐ верува“c (1. Коринќаните 13:7). Поттикнат од љубов, Исус спремно покажал доверба во своите ученици иако тие биле несовршени. Тој имал доверба во нив и верувал дека длабоко во срцето навистина го сакаат Јехова и сакаат да ја вршат Неговата волја. Дури и кога грешеле, Исус не се сомневал во нивните мотиви. На пример, кога апостолите Јаков и Јован, по сѐ изгледа, ја натерале мајка си да бара од Исус тие да седат покрај него во неговото Царство, Исус не се посомневал во нивната верност и не рекол дека поради тоа не можат да му служат како апостоли (Матеј 20:20-28).

      16, 17. Какви одговорности им дал Исус на учениците?

      16 Исус ја покажал својата доверба во учениците со тоа што им дал различни одговорности. Кога во две ситуации со чудо ја умножил храната и им дал на мноштвата да јадат, тој им ја доверил на своите ученици должноста да ја разделат храната (Матеј 14:19; 15:36). Додека течеле подготовките за неговата последна Пасха, тој ги задолжил Петар и Јован да појдат во Ерусалим и да приготват сѐ што било потребно. Тие ги набавиле јагнето, виното, бесквасниот леб, горчливото зелје и сите други неопходни работи. Ова не било некоја ниска задача, бидејќи со Мојсеевиот закон се барало Пасхата да се одбележи на исправен начин, а Исус морал да го држи тој Закон. Освен тоа, подоцна истата вечер, кога го вовел Споменот за својата смрт, Исус ги употребил виното и бесквасниот леб како многу важни симболи (Матеј 26:17-19; Лука 22:8, 13).

      17 Исус сметал дека може да им довери на своите ученици уште поважни одговорности. Како што веќе видовме, на една мала група од своите помазани следбеници на Земјата тој им ја доверил важната задача да делат духовна храна (Лука 12:42-44). Освен тоа, сети се дека на своите следбеници им го дал и важниот налог да проповедаат и да прават ученици (Матеј 28:18-20). Денес Исус е невидлив и владее од небото. Но, тој остава за неговото собрание на Земјата да се грижат духовно оспособените луѓе, кои се „како дарови“ (Ефешаните 4:8, 11, 12).

      18-20. а) Како можеме да покажеме доверба во соверниците? б) Како можеме спремно да им доверуваме одговорности на другите како што правел Исус? в) Што ќе разгледаме во следното поглавје?

      18 Како можеме да бидеме како Исус во нашите односи со другите? Довербата што ја покажуваме во нашите соверници е вистински показател дека ги сакаме. Никогаш да не заборавиме дека љубовта е позитивна, а не негативна особина. Кога другите ќе нѐ разочараат, што сигурно ќе се случи одвреме-навреме, љубовта нема да ни дозволи брзо да им припишеме погрешни мотиви (Матеј 7:1, 2). Ако ги гледаме добрите страни кај нашите сообожаватели, меѓусебно ќе се изградуваме и нема да се уриваме (1. Солуњаните 5:11).

      19 Можеме ли, исто како Исус, спремно да им доверуваме одговорности на другите? Добро е оние што се на одговорни положби во собранието да им даваат соодветни и корисни задолженија на другите, со целосна доверба дека тие ќе дадат сѐ од себе да ги извршат како што треба. На тој начин, искусните старешини ќе им ја дадат потребната и важна обука на способните мажи кои ‚сакаат да служат‘ и да му помагаат на собранието (1. Тимотеј 3:1; 2. Тимотеј 2:2). Многу е важно тие да бидат оспособени на ваков начин. Додека Јехова и понатаму го забрзува делото што го вршиме за неговото Царство, ќе има потреба од вакви оспособени мажи кои ќе можат да преземаат сѐ поголеми одговорности (Исаија 60:22).

      20 Исус ни дал извонреден пример за тоа како да покажуваме љубов кон другите. Од сите работи во кои можеме да се угледаме на него, најважно од сѐ е да покажуваме љубов како што покажал тој. Во следното поглавје ќе го видиме најголемиот доказ за неговата љубов — неговата спремност да го даде својот живот за нас.

      a Апостолите не заспале само од умор. Паралелниот извештај во Лука 22:45 вели дека Исус ‚ги нашол како спијат од жалост‘.

      b По сѐ изгледа, Марија тогаш веќе била вдовица, а се чини и дека другите нејзини деца сѐ уште не биле ученици на Исус (Јован 7:5).

      c Се разбира, ова не значи дека љубовта е наивна или лековерна, туку дека не е сомничава и ситничава. Ако ги сакаме другите, нема брзо да им судиме на мотивите и нема да заклучиме дека прават нешто со задни намери.

      Како би можеле да бидеме како Исус?

      • Зошто е важно да ги слушаме Исусовите совети во врска со простувањето? (Матеј 6:14, 15).

      • Како можеме да ја примениме поуката од Исусовата споредба во која нагласил дека треба да простуваме? (Матеј 18:23-35).

      • Како Исус покажал обѕир кон своите ученици, и како би можеле да бидеме како него во тој поглед? (Матеј 20:17-19; Јован 16:12).

      • Како Исус му ставил до знаење на Петар дека има доверба во него, и како може и ние да покажеме дека имаме доверба во другите? (Лука 22:31, 32).

Публикации на македонски јазик (1991 — 2025)
Одјави се
Најави се
  • македонски
  • Сподели
  • Подесување
  • Copyright © 2025 Watch Tower Bible and Tract Society of Pennsylvania
  • Услови за користење
  • Полиса за приватност
  • Поставки за приватност
  • JW.ORG
  • Најави се
Сподели