Како гледаш на себеси?
ТОЈ бил горделив човек. Кога бил унапреден на една висока владина положба, се насладувал на ласкањето и восхитот со кои бил опсипан. Но, многу го нервирало тоа што еден друг службеник одбивал да му оддаде таква чест. Со цел да се одмазди, вообразениот службеник направил сплетка да ги уништи сите луѓе во царството кои имале иста етничка заднина како престапникот. Какво само искривено чувство на суетност!
Тој сплеткар бил Аман, висок службеник на дворот на персискиот цар Асуир. А кој бил предмет на неговото непријателство? Еден Евреин по име Мардохеј. Иако геноцидната реакција на Аман била екстремна, сепак, тоа ги илустрира опасните и сериозни последици на гордоста. Неговиот арогантен дух не само што создал криза за другите, туку водел и до негово јавно понижување и на крај до негова смрт (Естир 3:1—9; 5:8—14; 6:4—10; 7:1—10).
Вистинските обожаватели не се имуни на гордоста
Јехова бара ‚скромно да одиме со нашиот Бог‘ (Михеј 6:8, NW). Библијата содржи неколку извештаи за поединци кои не задржале скромно гледиште за себеси. Тоа им донело проблеми и тага. Разгледувањето на некои од овие примери може да ни помогне да увидиме колку е глупаво и опасно неурамнотеженото размислување.
Размислувањето на Божјиот пророк Јона станало толку неурамнотежено што тој се обидел да избега кога добил божествен налог да ги предупреди злобните луѓе од Ниневија за Јеховиниот суд против нив (Јона 1:1—3). Подоцна, кога неговата проповедничка активност успеала да ги наведе Ниневијците да се покаат, Јона се налутил. Тој бил толку загрижен за сопствената репутација како пророк што животот на илјадници Ниневијци малку или воопшто не го интересирал (Јона 4:1—3). Ако нескромно си придаваме себеси преголема важност, може да ни биде тешко да задржиме фер и исправна перспектива за луѓето и настаните околу нас.
Размисли и за Озија кој бил добар цар на Јуда. Кога неговото размислување станало неурамнотежено, тој арогантно се обидел да си приграби некои свештенички должности. За своите нескромни и многу дрски постапки, тој платил со своето здравје и со губење на божественото одобрување (2. Летописи 26:3, 16—21).
Неурамнотеженото размислување за малку ќе ги фатело во стапица Исусовите апостоли. Тие станале преокупирани со личната слава и моќ. Кога дошло време за големиот испит, го напуштиле Исус и избегале (Матеј 18:1; 20:20—28; 26:56; Марко 9:33, 34; Лука 22:24). Нивниот недостиг на скромност и суетните мисли речиси предизвикале да ја изгубат од вид Јеховината намера и својата улога во врска со неговата волја.
Штетни последици од суетноста
Неурамнотеженото гледиште за себеси може да предизвика болка и да го наруши нашиот однос со другите. На пример, можеби седиме во една просторија и забележуваме како двајца шепотат и се смеат. Ако сме егоцентрични, можеме неисправно да претпоставиме дека тие се шегуваат на наша сметка бидејќи зборуваат многу тивко. Можеби нашиот ум не ни дозволува да земеме предвид ни едно друго можно објаснување за нивното однесување. Впрочем, за кого друг би можеле да зборуваат? Може да се вознемириме и да одлучиме никогаш повеќе да не зборуваме со нив. На тој начин, неурамнотеженото гледиште за сопствената важност може да доведе до недоразбирање и нарушени односи со пријателите, со членовите на семејството и со другите.
Оние кои себеси си придаваат преголема важност можат да станат фалбаџии, постојано да се фалат со своите наводно големи таленти, дела или поседи. Или може да почнат да доминираат во разговорите, секогаш имајќи да спомнат нешто за себеси. Таквиот говор открива недостиг на вистинска љубов и може да биде многу здодевен. На тој начин вообразените честопати се отуѓуваат од другите (1. Коринтјаните 13:4).
Како Јеховини сведоци, ние можеме да наидеме на исмејување и одбивање во нашата јавна служба. Треба да запомниме дека таквото противење всушност не е насочено против нас лично, туку против Јехова — Изворот на нашата порака. Меѓутоа, искривеното гледиште за нашата важност може да доведе до сериозни последици. Пред неколку години, еден брат дозволил вербалниот напад од еден станар да го вознемири и за возврат зборувал навредливо со него (Ефесјаните 4:29). После тоа, братот никогаш повеќе не учествувал во службата од куќа до куќа. Да, гордоста може да предизвика да ја изгубиме присебноста кога проповедаме. Да се трудиме тоа никогаш да не ни се случи. Наместо тоа, понизно да бараме Јеховина помош за да задржиме исправно ценење за предноста да учествуваме во христијанската служба (2. Коринтјаните 4:1, 7; 10:4, 5).
Суетниот став би можел да нѐ спречи и да ги прифаќаме советите кои ни се многу потребни. Пред неколку години, еден тинејџер од една централноамериканска земја одржал говор во Теократската школа за служба во христијанското собрание. Кога надгледникот за служба му дал некој подиректен совет, раздразнетиот младинец ја фрлил својата Библија на подот и удирал со нозете по подот во Салата на Царството со намера никогаш повеќе да не се врати. Но, по неколку дена, ја проголтал својата гордост, се помирил со надгледникот на школата и понизно го прифатил неговиот совет. Со текот на времето, овој млад човек пораснал до христијанската зрелост.
Ако сме нескромни и себеси си придаваме преголема важност, тоа може да води до нарушување на нашиот однос со Бог. Изреки 16:5 предупредува: „Секој горделив по срце е одвратен пред Господа“.
Урамнотежено гледиште за себеси
Јасно, не треба себеси да си придаваме преголема важност. Секако, ова не значи дека не треба да бидеме сериозни во врска со она што го правиме или кажуваме. Библијата покажува дека надгледниците, слугите помошници — всушност, сите во собранието — треба да бидат сериозни (1. Тимотеј 3:4, 8, 11; Тит 2:2). Тогаш, како можат христијаните да развијат и да задржат скромно, урамнотежено и сериозно гледиште за себеси?
Библијата дава многу охрабрувачки примери за поединци кои задржале урамнотежено гледиште за себеси. Извонреден е примерот на понизност на Исус Христос. За да ја изврши волјата на својот Татко и за да му донесе спасение на човештвото, Божјиот Син спремно ја напуштил својата небесна положба и станал понизен човек на Земјата. И покрај навредите, малтретирањето и срамната смрт, тој задржал самосовладување и достоинство (Матеј 20:28; Филипјаните 2:5—8; 1. Петрово 2:23, 24). Како можел Исус да го прави тоа? Целосно се ослонувал на Јехова и бил одлучен да ја врши божествената волја. Исус марливо ја проучувал Божјата реч, горливо се молел и енергично се напрегал во службата (Матеј 4:1—10; 26:36—44; Лука 8:1; Јован 4:34; 8:28; Евреите 5:7). Следењето на Исусовиот пример може да ни помогне да развиеме и да задржиме урамнотежено гледиште за себеси (1. Петрово 2:21).
Разгледај го и прекрасниот пример на Јонатан, синот на цар Саул. Поради непослушноста на татка си, Јонатан ја изгубил можноста да го наследи Саул како цар (1. Царства 15:10—29). Дали Јонатан се огорчил заради својата загуба? Дали станал љубоморен на Давид, младичот кој требало да владее на негово место? Иако Јонатан бил многу постар и веројатно поискусен од Давид, тој скромно и понизно се повинил на Јеховината подготовка и лојално го поддржувал Давид (1. Царства 23:16—18). Јасната перспектива за Божјата волја и спремноста да ѝ се подложиме ќе ни помогнат ‚да не мислиме за себе повеќе отколку што треба да мислиме‘ (Римјаните 12:3, NW).
Исус поучувал за вредноста на покажувањето скромност и понизност. Тоа го илустрирал на тој начин што на своите ученици им рекол дека кога одат на свадба, не би требало да седнуваат „на првото место“ бидејќи може да дојде некој со поголема чест и може да доживеат понижување со тоа што ќе мора да одат на најниското место. За да ја направи поуката уште појасна, Исус додал: „Зашто, секој што се издига, ќе биде понизен; а тој што се понизува, ќе биде издигнат“ (Лука 14:7—11). Ќе бидеме мудри ако внимаваме на Исусовиот совет и ако се облечеме во „понизност на умот“ (Колосјаните 3:12, NW; 1. Коринтјаните 1:31).
Благослови од урамнотеженото гледиште
Скромниот и понизен дух им овозможува на Јеховините слуги да најдат вистинска радост во својата служба. Старешините се попристапливи кога „нежно постапуваат со стадото“ на понизен начин (Дела 20:28, 29, NW). Тогаш сите во собранието ќе се чувствуват попријатно кога разговараат со нив и бараат помош. На тој начин, членовите на собранието можат да бидат привлечени уште поблизу меѓу себе во духот на љубов, срдечност и доверба.
Ако не си придаваме себеси преголема важност, тоа ќе ни овозможи да стекнеме добри пријатели. Скромноста и понизноста ќе нѐ сочуваат од развивањето натпреварувачки дух и од обидот да ги надминеме другите со делата или со материјалните работи. Овие побожни особини ќе ни помогнат да станеме пообѕирни, а со тоа ќе бидеме во подобра положба да ги тешиме и поддржуваме оние кои се во неволја (Филипјаните 2:3, 4). Кога луѓето се трогнати од љубов и љубезност, обично добро реагираат. И зарем таквиот несебичен однос не станува темел на кој се градат цврсти пријателства? Колкав само благослов е тоа што не си придаваме себеси преголема важност на нескромен начин! (Римјаните 12:10).
Исто така, урамнотеженото гледиште за себеси ни олеснува да ја признаеме својата грешка кога ќе навредиме некого (Матеј 5:23, 24). Тоа има за резултат подобри односи, овозможувајќи помирување и взаемна почит. Ако се понизни и скромни, оние кои имаат положби на надгледување како, на пример, христијанските старешини, имаат прилика да им направат многу добро на другите (Изреки 3:27; Матеј 11:29). Исто така, на едно понизно лице ќе му биде полесно да им прости на другите кои му згрешиле (Матеј 6:12—15). Тој нема да реагира претерано на навредите кои ги забележал и ќе има доверба дека Јехова ќе ги расчисти работите кои не можат да се исправат на ниеден друг начин (Псалм 36:5; Изреки 3:5, 6).
Најголемиот благослов стекнат од скромното и понизното гледиште за себеси е уживањето Јеховина наклоност и одобрување. „Бог им се противи на горделивите, а на смирените [понизните, NW] им дава благодат“ (1. Петрово 5:5). Нека никогаш не паднеме во замката да размислуваме дека сме подобри отколку што навистина сме. Наместо тоа, понизно да ја признаеме својата положба во Јеховиното уредување на работите. Големи благослови ги очекуваат сите оние кои го задоволуваат неговото барање ‚скромно да одат со својот Бог‘.
[Слика на страница 22]
Јонатан понизно го поддржувал Давид