Демографијата, Библијата и иднината
ОД ДОПИСНИКОТ НА РАЗБУДЕТЕ СЕ! ВО ШВЕДСКА
ОД ПОЧЕТОКОТ па сѐ до крајот на 20-тиот век, бројот на луѓето во светот пораснал од 1,65 на извонредни 6 милијарди. Дали светското население ќе продолжи да расте со такво неверојатно темпо? Дали во овој милениум ќе доживееме демографска експлозија? Стручњаците што се мачат со овие сложени прашања се наречени демографи; нивното поле на изучување се нарекува демографија.
Во Webster’s Dictionary демографијата се дефинира како „статистичко изучување на човечкото население, [особено] во поглед на големината и густината, разместеноста и статистичките податоци во врска со раѓањето, умирањето и бракот“. Стручњаците испитуваат три фактори што имаат неоспорно влијание врз населението — наталитет (број на родени деца); морталитет (број на умрени луѓе); и миграција (број на оние што се селат од една во друга земја).
Историската демографија претставува изучување на порастот и варирањето на бројот на населението во минатото. Историските демографи дознаваат колку што можат повеќе за древните цивилизации внимателно испитувајќи пишани материјали, урнатини, скелети и други артефакти. Историската демографија делумно се заснова на нагаѓање а делумно на наука. Атласот на историјата на светското население (Atlas of World Population History) признава: „Бидејќи со досегашниов степен на развој не можат да се проверат хипотезите на историскиот демограф, статистичарот не може да ги прифати како веродостојни“. Сепак, претпоставките на демографите се од интерес за оние што ја проучуваат Библијата. Всушност, тие честопати се во склад со библиските извештаи.
Пораст на населението по Потопот
Библијата вели дека Потопот од времето на Ное го преживеале само осум луѓе. Некои демографи проценуваат дека околу 1.400 години подоцна, населението на земјата можеби се зголемило на 50 милиони. Дали е можно бројот на жители во рок од 1.400 години да се зголеми од 8 лица на околу 50 милиони луѓе?
Пред сѐ, проценката од 50 милиони е само тоа — проценка. Меѓутоа, интересно е да се забележи што е речено во Библијата во Битие 9:1: „Бог ги благослови Ное и неговите синови и им рече: ‚Плодете се и множете се и наполнете ја земјата‘ “. Потоа, во поглавја 10 и 11 читаме за 70 фамилии што потекнале од Ноевите синови — Сем, Хам и Јафет. Ако читаме понатаму, ќе дојдеме до родословието од Сем до Авраам, кои ‚раѓале синови и ќерки‘. Можеби тоа било период на висок наталитет, во склад со Божјата заповед ‚да се наполни земјата‘.
А каков бил морталитетот? Во истите поглавја од Битие се вели дека во првите неколку стотици години по Потопот луѓето имале многу долг животен век.a Кога во исто време има висок наталитет и низок морталитет, резултатот е брз пораст на населението.
Престојот на Израелците во Египет
На некои истражувачи им е тешко да поверуваат во библискиот извештај за брзиот пораст на израелскиот народ додека се наоѓал во Египет. Библијата наведува дека, освен жените на синовите на Јаков, ‚сите души на Јакововиот дом, кои се населиле во Египет, биле седумдесет‘ (Битие 46:26, 27). Сепак, 215 години подоцна, кога Израелците заминале од Египет, имало зачудувачки „шест стотини илјади пешаци, освен жените и децата“ (Излез 12:37). Ако ги броиме жените и децата, можеби имало сѐ на сѐ околу три милиони Израелци! Дали е возможен таков пораст?
За да одговориме на ова прашање, внимателно забележете што вели Библијата за порастот на израелското население во Египет: „Израелците беа родни, се намножија и многу се засилија, така што ја наполнија земјата“. Во тоа време бројот на Израелците растел необично брзо (Излез 1:7).
Интересно е тоа што сличен пораст има и во денешните народи, како што беше во Кенија во 1980-тите. Меѓутоа, бројот на Израелците растел необично брзо затоа што тоа се одвивало во текот на подолг временски период.
Самата Библија дава уште една причина за брзиот пораст на Израел. Додека Израелците живееле во Египет, немало оскудица на храна. Факт е дека, кога ќе настапи глад, многу луѓе умираат во најубавите години. Како резултат на тоа, во текот на тој период се раѓаат помалку деца. Меѓутоа, Библијата покажува дека Израелците имале храна во изобилство. Кога семејството на Јосиф дошло во Египет, фараонот му рекол на Јосиф: „Насели ги татка ти и браќа ти во најубавото место на земјата; тие нека живеат во крајот Гесен“ (Битие 47:6). Изгледа дека Израелците имале доволно храна дури и тогаш кога им биле робови на Египќаните. Всушност, откако биле избавени од ропство, тие размислувале за лебот, рибата, краставиците, лубениците, празот, кромидот, лукот и грнците со месо што ги имале за јадење додека биле во ропство (Излез 16:3; Броеви 11:5).
Во првиот век н.е.
Демографијата може да го зголеми нашето разбирање и за Христијанските грчки списи. На пример, кога читаме дека Исус им заповедал на своите следбеници ‚да прават ученици од луѓето од сите нации‘, можеби ќе се прашаме: ‚Колку опсежна била таа задача да се проповеда?‘ (Матеј 28:19). Колку луѓе живееле во Римската Империја во првиот век? Некои проценуваат дека населението броело од 50 до 60 милиони луѓе. Ако тоа било точно, тие рани христијански евангелизатори имале полни раце работа!
Додека ги читаме понатаму Христијанските грчки списи, дознаваме дека апостол Петар отишол во далечниот Вавилон за да ја проповеда таму добрата вест (1. Петрово 5:13). Зошто баш во Вавилон? Тоа ни го објаснува еден коментар од The New Encyclopædia Britannica: „Главните центри на еврејско население надвор од Палестина биле во Сирија, Мала Азија, Вавилонија и Египет. Се проценува дека во секој од нив имало најмалку 1.000.000 Евреи“. Бидејќи Петар добил задача да им проповеда особено на Евреите, било логично да отиде во некоја енклава на јудаизмот — Вавилон (Галатите 2:9). А бидејќи таму имало бројно еврејско население, јасно е дека имал и доволно големо подрачје!
Што носи иднината?
Како што видовме, демографите се заинтересирани за извесни детали од човечкото минато. Што велат тие за иднината? Се појавуваат важни прашања. Дали ќе има демографска експлозија во текот на овој милениум? Никој не може да каже со сигурност. Бидејќи во некои земји наталитетот опаѓа, некои истражувачи предвидуваат дека бројот на светското население ќе се стабилизира.
Меѓутоа, сите стручњаци не се согласуваат со тоа. Во публикацијата Population Today стои: „Денес има два различни ‚света‘ на пораст на населението: земји каде што една брачна двојка има две или помалку деца и земји со повисок наталитет. Во ‚светот со две или помалку деца‘ спаѓаат Европа, Соединетите Држави, Канада, Јапонија и неколку земји со брз развој на индустријата . . . За разлика од нив, во ‚светот со брз пораст‘ спаѓаат повеќето земји на Африка, Азија и Латинска Америка, каде што наталитетот е повисок од две деца на една брачна двојка. Во овие земји, во кои живее повеќе од половина од светското население, секоја жена има во просек по четири деца“.
Значи, иако во некои земји порастот на населението почнува да се стабилизира, во други земји се зголемува или останува отприлика ист. Во Population Today накратко се известува што се очекува во иднината: „За повеќето земји во развој, брзиот пораст на населението не е завршен. Вистинскиот, а не замислениот крај на ‚демографската експлозија‘ во светот ќе зависи од тоа колку брзо и колку земји ќе инвестираат во програмите за намалување на смртноста на доенчињата и во програмите за образование на жените и планирање на семејството“.
Дали земјата значително ќе го надмине бројот од сегашните шест милијарди жители? Времето ќе покаже. Но, знаеме дека Божјата намера е земјата да биде наполнета — а не преполнета (Битие 1:28). Ја имаме секоја причина да бидеме уверени дека тоа ќе се случи под владата на Божјето Царство (Исаија 55:10, 11).
[Фуснота]
a Подоцна, човечкиот животен век се намалил на 70 или 80 години, како што покажал Мојсеј некаде во 1500 пр.н.е. (Псалм 90:10).
[Слика на страница 12]
Светското население што сега брои над шест милијарди жители потекнува од луѓето што го преживеале Потопот
[Слика на страница 13]
За 215 години, еден мал број Израелци во Египет прераснале на три милиони