ОНЛАЈН БИБЛИОТЕКА Watchtower
ОНЛАЈН БИБЛИОТЕКА
Watchtower
македонски
ѐ
  • Ѐ
  • ѐ
  • Ѝ
  • ѝ
  • БИБЛИЈА
  • ПУБЛИКАЦИИ
  • СОСТАНОЦИ
  • g01 8/9 стр. 24-27
  • Катедрали — споменици на Бог или на луѓето?

За овој материјал нема видео.

Се појави проблем. Видеото не може да се отвори.

  • Катедрали — споменици на Бог или на луѓето?
  • Разбудете се! 2001
  • Поднаслови
  • Сличен материјал
  • Што е катедрала?
  • „Ера на катедралите“
  • „Ќе изградиме толку голема катедрала . . .“
  • Скапи во минатото, скапи и денес
  • Како се граделе
  • „Грешка во приоритетите“
  • „Име што не смее да се изговори“?
    Стражарска кула го објавува Јеховиното Царство 2008
  • Англиската црква — разделен дом
    Разбудете се! 2002
  • Отпадништво — патот до Бог е препречен
    Потрагата на човештвото по Бог
  • Да не го напуштаме заедничкото состанување
    Стражарска кула го објавува Јеховиното Царство 2002
Разбудете се! 2001
g01 8/9 стр. 24-27

Катедрали — споменици на Бог или на луѓето?

ОД ДОПИСНИКОТ НА РАЗБУДЕТЕ СЕ! ВО ФРАНЦИЈА

ВО МОСКВА се случи еден вид воскресение. Катедралата Спасителот Христос, што ја сруши Сталин во 1931, повторно беше изградена со своите златни куполи кои блескаат на руското небо. Во градот Евре, во близината на Париз, работниците ја привршуваа единствената катедрала изградена во Франција во 20-тиот век. Ова се случува само неколку години по посветувањето на катедралата Алмудена во Мадрид. Не смееме да го прескокнеме и Њујорк Сити, кој си има своја катедрала по име Св. Јован Божествениот. Бидејќи се гради подолго од 100 години, честопати е нарекувана и Св. Јован Недовршениот. Па сепак, таа е една од најголемите катедрали во светот, бидејќи зафаќа површина од преку 11.000 квадратни метри.

Во христијанскиот свет, огромните катедрали доминираат во панорамата на многу градови. За верниците, тие се споменик на верата во Бог. Дури и неверниците можеби ги ценат како уметнички дела или како архитектонски примери за изучување. Меѓутоа, постоењето на ваквите грижливо изработени и честопати нечуено скапи домови на обожавање покренува сериозни прашања: Зошто и како се изградени? За каква цел служат?

Што е катедрала?

По Христовата смрт, неговите ученици се организирале во собранија. Многу од нив се состанувале во приватни домови (Филемон 2). Со децении, за овие собранија се грижеле духовни ‚старешини‘ (Дела 20:17, 28; Евреите 13:17). Меѓутоа, по смртта на апостолите дошло до отпад од вистинското христијанство (Дела 20:29, 30). Со текот на времето, некои старешини се воздигнале себеси над другите и станале бискупи кои надгледувале извесен број собранија — иако Исус опоменал против тоа (Матеј 23:9—12). Зборот „црква“, кој првобитно се применувал на самите христијани, тогаш почнал да се применува и на нивното место на обожавање — самата градба. Наскоро некои бискупи посакале да имаат цркви што ќе прилегаат на нивниот ранг. Така бил измислен еден нов термин за да се опише црквата на бискупот — катедрала.

Овој термин доаѓа од грчкиот збор катедра, што значи „столица“. Така, катедрата станала престол на бискупот, симбол на неговата световна власт. Од својата катедрала, бискупот раководел со една јурисдикција, диоцеза.

„Ера на катедралите“

Во 325 н.е., Никејскиот концил формално го признал поставувањето на бискупи во градовите. Сега, со поддршка на римокатоличката црква, бискупите често добивале големи површини земја како подарок од властите. Тие презеле и многу пагански места за обожавање. Кога Римската империја пропаднала, црковните градби преживеале и почнале да доминираат во средниот век. Наскоро, овој период станал она што францускиот историчар Жорж Дибај го нарекол „Ера на катедралите“.

Од 7 до 14 век, бројот на населението во Европа се зголемил три пати. Ваквиот демографски пораст првенствено им користел на градовите, кои забрзано просперирале. Како резултат на тоа, најбогатите епископски градови биле најповолни локации за подигање на колосални катедрали. Зошто? Затоа што овие големи проекти можеле да цветаат само онаму каде што имало постојан прилив на пари.

Друг фактор што го потстрекнал градењето катедрали било популарното обожавање на Дева Марија и на религиозни реликвии. Во 11 и 12 век тоа цветало како никогаш порано. Бискупите го рашириле ваквото обожавање и со тоа ја зголемиле популарноста на нивните катедрали. Називот Нотр-Дам (Богородица) почнал да ги краси катедралите во Франиција во тоа време. „Кој град не ѝ посветил црква, а честопати и својата катедрала?“ прашува католичката енциклопедија Thèo. Така, катедралата Сент Етјен била посветена на Богородица. Катедралата Нотр-Дам во Шартр (Франција) станала најпрочуено светилиште во северна Европа. „Ниту една единствена личност — дури ни самиот Христос — не управувала со животот и мислите на градителите на катедралата толку длабоко како Богородица“, вели The Horizon Book of Great Cathedrals (Книга за доменот на големите катедрали).

„Ќе изградиме толку голема катедрала . . .“

Но, зошто многу вакви згради биле толку големи? Уште во четвртиот век, катедралите во Трир (Германија) и Женева (Швајцарија) зафаќале огромен простор, и покрај релативно малиот број обожаватели. Во 11 век, жителите на Спејер (Германија) не можеле да ја наполнат својата огромна катедрала. Книга за доменот на големите катедрали заклучува дека „димензиите и раскошот [на катедралите] откривале некои сосема световни мотивации“. Во нив спаѓала „арогантната гордост на бискупот или опатот под чие покровителство требало да се гради објектот“.

Во 12 и 13 век, катедралите биле долги просечно по 100-тина метри, и се тежнеело да бидат толку високи колку што биле долги. Винчестерската катедрала во Англија, долга 169 метри, и Миланската Дуомо во Италија, долга 145 метри, се прочуени. „Ќе изградиме толку голема катедрала што оние што ќе ја видат кога ќе биде завршена, ќе помислат дека сме биле луди“, изјавил еден шпански црковен службеник во Севиља во 1402. Впрочем, се вели дека катедралата во Севиља е втора по големина во светот, со свод висок 53 метри. Кулата на катедралата во Стразбур (Франција) е висока 142 метри, што е еднакво на зграда од 40 ката. Во 19 век, кулата на готската Минстерска катедрала во Улм (Германија) се издигнувала 161 метар, со што е највисоката камена кула во светот. „Никакви барања во обожавањето не оправдуваат такви претерувања во џиновските пропорции“, тврди историчарот Пјер ди Коломбјар.

Во 12 и 13 век, поборниците за катедрали искористиле уште една ‚световна мотивација‘ — урбанистичкиот патриотизам. Encyclopædia Britannica вели: „Градовите се натпреварувале меѓусебно да ја изградат највисоката катедрала“. Членовите на градскиот совет, граѓаните и еснафите ги претвориле катедралите во симбол на нивниот град.

Скапи во минатото, скапи и денес

Еден писател ги опишува градежните проекти на катедралите како „финансиски бездни без дно“. Тогаш, како биле финансирани во минатото овие објекти — чие одржување и денес чини сѐ повеќе? Во некои случаи, прелатите, како што бил Морис де Сулеј во Париз, плаќале од свој џеб. Понекогаш сметката ја плаќале политичките владетели, како што бил кралот Хаиме I од Арагон. Меѓутоа, општо земено, за финансирање на катедралите се користел приходот од диоцезата. Овие пари се состоеле од феудалните даноци и приходот од личната сопственост. Всушност, бискупот од Болоња во Италија поседувал 2.000 имоти! Кон ова бил додаден религиозниот приход од прилозите, индулгенциите и казните за гревови. Во Руен (Франција), оние што го купувале правото да јадат млечни производи за време на велигденските пости плаќале за таканаречената Кула од путер на катедралата.

Некои поединечни донатори биле особено дарежливи и им се оддавала чест на тој начин што нивните портрети биле овековечени на црквените прозорци од обоено стакло и во скулптурите. Начелото за анонимно христијанско давање очигледно било заборавено (Матеј 6:2). Бил потребен постојан прилив од готовина, бидејќи трошоците честопати биле поголеми од проценките. Затоа, не изненадува што жарот да се дојде до повеќе пари честопати водел до проневера и изнудување. На пример, обвинението за ерес честопати наложувало конфискација на личната сопственост. Ова овозможило да се пљачкаат таканаречените еретици, како што биле Катарите, и со тоа се финансирала изградбата на неколку цркви.a

Нема потреба да се каже дека црквата требало постојано да врши притисок за да има постојан прилив на пари. Не е така како што тврделе некои историчари, дека народот бил спонтано поттикнат да гради такви зданија. Историчарот Хенри Краус наведува: „Во една толку длабока религиозна ера како што бил средниот век, главен приоритет на луѓето не бил изградбата на цркви“. Затоа, многу историчари ја критикуваат црквата заради нејзината екстравагантност. Книга за доменот на големите катедрали признава: „Парите што црквата ги трошела за изградба, би можеле да се искористат за да се нахранат гладните . . . или за одржување на болниците и училиштата. Затоа, би можело да се рече дека катедралите чинат стотици илјади човечки животи“.

Како се граделе

Катедралите се сведоштво за човечката генијалност. Навистина зачудува што толку огромни објекти биле градени со примена на примитивна технологија. Прво, се цртале детални планови на објектот. Во каменоломот се користеле калапи за да се обезбедат еднакви декоративни карактеристики и исправни димензии на камените блокови. Блоковите внимателно се одбележувале за да се означи нивното точно место во зданието. Транспортот бил многу бавен и скап, но и покрај сето тоа, според францускиот историчар Жан Жампел, ‚помеѓу 1050 и 1350, во Франција бил ископан повеќе камен отколку во древниот Египет‘.

На самото градилиште, работниците правеле големи потфати користејќи ја примитивната опрема за подигање што постоела во тоа време — чекрк и дигалка, честопати придвижувани од луѓе што оделе по дрвено тркало. Во тоа време не биле познати математичките формули што ги користат денешните инженери. Градителите морале да се потпираат на инстинктот и искуството. Не изненадува што се случиле многу сериозни несреќни случаи. На пример, во 1284, сводовите на катедралата во Бове, во Франција, биле прешироки и се срушиле. Меѓутоа, иновативните карактеристики како што се потпорните ѕидови, потпорните столбови, ребрастите сводови и кубињата им овозможиле на градителите да достигнат нови височини.

Градбата траела од 40 години за најбрзите (Солзбери, Англија) до неколку века. Некои, како што се катедралите во Бове и Стразбур (Франција), никогаш не биле завршени.

„Грешка во приоритетите“

Овие ‚убави и затоа скапи структури‘, како што рекол папата Хонориј III, уште од самиот почеток предизвикувале полемики. Во самата црква се кренале гласови против работата и против феноменалните суми што биле вклучени. Пјер ле Шантр, прелат од 13 век на црквата Нотр-Дам во Париз, изјавил: „Грев е да се градат цркви како што се прави сега“.

Дури и денес, катедралата во Евре, да спомнеме само една, дава повод за остри критики. Како што известува францускиот весник Le Monde, многу луѓе сметаат дека катедралите одразуваат „грешка во приоритетите“ и дека црквите „треба да инвестираат во луѓето и евангелизацијата наместо во камењата и декорацијата“.

Несомнено, многумина што учествувале во изградбата на овие огромни зданија искрено го сакале Бог. Јасно е дека тие имале „ревност за Бог“, но тоа не било „според точно спознание“ (Римјаните 10:2). Исус Христос никогаш не рекол дека неговите следбеници треба да градат раскошни домови за обожавање. Тој ги поттикнал вистинските обожаватели да ‚обожаваат со дух и со вистина‘ (Јован 4:21—24). И покрај тоа што се убави, моќните катедрали на христијанскиот свет воопшто не се совпаѓаат со ова начело. Тие можеби се споменици на луѓето што ги изградиле, но не го прославуваат Бог.

[Фуснота]

a Видете ја статијата „Катарите — дали биле христијански маченици?“ во изданието на Стражарска кула од 1 септември 1995, издадено од Јеховините сведоци, страници 27—30.

[Слика на страница 25]

Катедралата Сантјаго де Компостела (Шпанија)

[Слики на страница 27]

Најгоре: Прозорец од обоено стакло во облик на ружа во црквата Нотр-Дам (Шартр, Франција) Горе: Детаљ од каменорезец, Нотр-Дам (Париз)

[Слика на страница 27]

Катедралата Нотр-Дам од 12 век (Париз)

[Слика на страница 27]

Внатрешноста на катедралата Нотр-Дам (Амијен). Таа е најголемиот религиозен објект во Франција, со сводови високи 43 метри

    Публикации на македонски јазик (1991 — 2025)
    Одјави се
    Најави се
    • македонски
    • Сподели
    • Подесување
    • Copyright © 2025 Watch Tower Bible and Tract Society of Pennsylvania
    • Услови за користење
    • Полиса за приватност
    • Поставки за приватност
    • JW.ORG
    • Најави се
    Сподели