Најпосле — правда за сите
„Ние ќе се стремиме да слушаме на нови начини . . . да ги слушаме ранетите гласови, тегобно загрижените гласови, гласовите кои изгубиле надеж дека ќе бидат чуени . . . Преостанува да му се даде живот на она што е во законот: да се обезбеди конечно тоа – како што сите се родени еднакви во достоинството пред Бог, така сите се родени еднакви во достоинството пред човекот“ (претседателот на Соединетите Држави, Ричард Милхаус Никсон, инаугурално обраќање, 20 јануари 1969).
КОГА цареви, претседатели и премиери стапуваат на функција, склони се да говорат за правдата. Ричард Никсон, поранешен претседател на Соединетите Држави, не бил исклучок. Но, неговите красноречиви зборови го губат својот сјај кога ќе се погледнат во студената светлина на историјата. Иако тој ветил дека ќе му ‚даде живот на законот‘, подоцна било откриено дека Никсон бил виновен за кршење на законот и бил принуден да ја напушти својата положба. После три децении, ‚гласовите кои биле повредени, тегобно загрижени и без надеж‘ продолжиле гласно да викаат за да бидат чуени.
Слушањето на таквите гласови и зафаќањето со нивните жалби не е лесна задача, како што откриле безбројните добронамерни водачи. Се докажало дека ‚правда за сите‘ е една тешко достижна цел. Сепак, пред многу векови било дадено едно ветување кое го заслужува нашето внимание — уникатно ветување во врска со правдата.
Преку својот пророк Исаија, Бог го уверил Својот народ дека ќе му испрати „Слуга“ кој самиот ќе го избере. „Сум го положил мојот дух во него“, им рекол Јехова. „Ќе ја донесе правдата за нациите“ (Исаија 42:1—3, NW). Ниту еден човечки владетел не би се осмелил да даде една таква далекосежна изјава, изјава што би значела трајна правда за секоја нација. Можеме ли да имаме доверба во ова ветување? Би можело ли некогаш да се оствари едно такво извонредно дело?
Ветување во кое можеме да имаме доверба
Ветувањето не е ништо подобро од оној кој го дава. Во овој случај, никој друг туку Семоќниот Бог изјавува дека неговиот „слуга“ ќе воспостави правда ширум светот. За разлика од политичарите, Јехова не дава ветувања лекомислено. „Не е можно Бог да излаже“, нѐ уверува Библијата (Евреите 6:18). „Како што решив, така и ќе стане“, отсечно изјавува Бог (Исаија 14:24).
Нашата доверба во тоа ветување е зајакната и со записот за Божјиот избран „слуга“, Исус Христос. Оној кој ќе воспостави правда мора да ја сака правдата и да живее праведно. Исус оставил досие без дамка — како човек кому му ‚омилела правдата, а му омрзнало беззаконието‘ (Евреите 1:9). Она што тој го кажувал, како тој живеел, па дури и како умрел — сето тоа докажало дека тој навистина бил праведен човек. При Исусовата смрт, еден римски воен чиновник, кој очигледно бил сведок и на Исусовото судење и на неговото погубување, бил трогнат да рече: „Навистина Овој Човек бил праведник!“ (Лука 23:47).
Освен што самиот живеел праведно, Исус се спротивставувал на неправдата која била толку распространета во негово време. Тоа го правел, не преку субверзија или револуција, туку со тоа што го поучувал за вистинската правда секого кој го слушал. Неговата Проповед на гората е мајсторско објаснување за тоа како треба да се практикуваат вистинската правда и праведност (Матеј, поглавја 5—7).
Исус го практикувал она што го проповедал. Тој не ги презирал несреќните лепрозни луѓе, „париите“ на еврејската заедница. Наместо тоа, тој зборувал со нив, ги допирал, дури и ги лекувал (Марко 1:40—42). Сите луѓе кои ги среќавал, вклучувајќи ги и сиромашните и подјармените, му биле важни (Матеј 9:36). „Дојдете при мене сите изморени и обременети и Јас ќе ве успокојам“, им рекол тој (Матеј 11:28).
Над сѐ, Исус не дозволил неправдата околу него да го расипе или да го огорчи. Тој никогаш не враќал зло за зло (1. Петрово 2:22, 23). Дури и кога доживувал многу силна болка, му се молел на својот небесен Татко во корист токму на тие војници кои го приковале. „Оче, прости им“, се молел тој, „оти не знаат што прават!“ (Лука 23:34). Секако, Исус ‚им разјаснил на нациите што е тоа правда‘ (Матеј 12:18, NW). Каков поголем доказ имаме за Божјата желба да воспостави еден праведен свет од живиот пример на неговиот сопствен Син?
Неправдата може да биде победена
Жив доказ дека неправдата може да биде победена има на располагање и во денешниов свет. Поединечно, како и организационо, Јеховините сведоци се стремат да ги придушат предрасудите, пристрасноста, расизмот и насилството. Разгледај го следниов пример.
Педроa верувал дека субверзивната дејност е единствениот начин да се донесе правда во баскиската покраина — регионот од Шпанија каде што тој живеел. За таа цел, станал член на една терористичка организација која му дала паравоена обука во Франција. Штом ја завршил обуката, му било наредено да формира терористичка единица и да дигне во воздух една полициска касарна. Неговиот тим веќе подготвувал експлозиви кога полицијата го уапсила. Поминал в затвор 18 месеци, но дури и зад решетките продолжил со својата политичка активност, учествувајќи во штрајкови со глад и пресекувајќи си ги рачните зглобови во една прилика.
Педро мислел дека се бори за правда. Тогаш, го запознал Јехова и неговите намери. Додека Педро бил в затвор, неговата сопруга почнала да ја проучува Библијата со Јеховините сведоци, а кога тој бил ослободен, таа го поканила да присуствува на еден од нивните состаноци. Толку многу уживал во таа прилика што замолил за библиска студија, студија која го навела да направи големи промени во неговото гледиште и во неговиот начин на живот. Конечно, во 1989, и Педро и неговата сопруга се крстиле.
„Му благодарам на Јехова што никогаш не сум убил некого во текот на моите години како терорист“, вели Педро. „Сега го користам мечот на Божјиот дух, Библијата, за да им пренесам на луѓето порака за вистински мир и правда — добрата вест за Божјето Царство.“ Неодамна, Педро, кој сега служи како старешина на Јеховините сведоци, ја посетил истата касарна која имал намера да ја уништи. Овојпат отишол со цел да им проповеда порака за мир на семејствата кои живеат таму.
Јеховините сведоци ги прават овие промени бидејќи копнеат по еден праведен свет (2. Петрово 3:13). Иако безрезервно имаат доверба во Божјето ветување дека тој ќе го предизвика тоа, тие сфаќаат дека нивна обврска исто така е да живеат во склад со правдата. Библијата не нѐ остава во сомнение дека Бог очекува од нас да го сториме нашиот дел.
Да се сее правда
Точно, кога се соочуваме со неправда, можеби сме склони да извикаме: „Каде е Богот на правдата?“ (NW). Тоа бил извикот на Евреите од времето на Малахија (Малахија 2:17). Дали Бог сериозно го сфатил нивното жалење? Напротив, тоа го направило да се чувствува „заморен“ (NW) бидејќи, меѓу другото, самите тие постапувале неверно со своите сопруги кои остареле, разведувајќи се од нив за најбезначајни изговори. Јехова ја изразил својата грижа поради ‚жените од нивната младост, спрема кои постапиле вероломно, иако тие им биле нивни помошнички и нивни законски жени‘ (Малахија 2:14).
Можеме ли ние со право да се жалиме во врска со неправдата доколку и самите постапуваме неправедно? Од друга страна, пак, доколку се обидуваме да го имитираме Исус со тоа што ги искоренуваме предрасудите и расизмот од своите срца, со тоа што сме непристрасни и ги љубиме сите и со тоа што не враќаме зло за зло, тогаш покажуваме дека навистина ја љубиме правдата.
Доколку сакаме да пожнееме правда, Библијата нѐ поттикнува да ‚сееме правда‘ (Осија 10:12). Без разлика на тоа колку изгледа мала, секоја лична победа над неправдата е важна. Како што напишал Мартин Лутер Кинг, Помладиот, во своето Letter From Birmingham Jail, „неправдата некаде е закана за правдата насекаде“. Оние кои ‚ја бараат правдата‘ се луѓе кои Бог ги избира за да го наследат неговиот праведен нов свет кој наскоро ќе дојде (Софонија 2:3).
Ние не можеме да ја изградиме нашата надеж за правда на разнишаниот темел на човечки ветувања, но сепак можеме да имаме доверба во речта на нашиот Творец полн со љубов. Поради тоа Исус им кажал на своите следбеници и понатаму да се молат да дојде Божјето Царство (Матеј 6:9, 10). Исус, наименуваниот Цар на тоа Царство, „ќе го ослободи сиромашниот кој вика на помош, и измачениот и секој кој нема помошник. Ќе се сожали на понижениот и на сиромашниот, и ќе ги спаси душите на сиромашните“ (Псалм 72:12, 13, NW).
Јасно, неправдата нема да биде трајна. Христовото владеење над целата Земја ќе ја победи неправдата засекогаш, како што Бог нѐ уверува преку својот пророк Јеремија: „Доаѓа време, вели Господ, кога ќе го исполнам ветувањето, што го дадов . . . Во оние денови и во она време ќе направам да изникне Давидовиот вистински ’ркулец. Тој ќе го врши она што е право и праведно на Земјата“ (Јеремија 33:14, 15, Dr. Ivan Šarić).
[Фуснота]
a Името е сменето.