ОНЛАЈН БИБЛИОТЕКА Watchtower
ОНЛАЈН БИБЛИОТЕКА
Watchtower
македонски
ѐ
  • Ѐ
  • ѐ
  • Ѝ
  • ѝ
  • БИБЛИЈА
  • ПУБЛИКАЦИИ
  • СОСТАНОЦИ
  • Како започна судскиот спор
    Разбудете се! 2003 | 8 Јуни
    • Како започна судскиот спор

      СТРАТОН (ОХАЈО, САД), мало местенце во близина на реката Охајо, која ја дели државата Охајо од Западна Вирџинија. Се води како селска општина и има градоначалник. Ова мало местенце со помалку од 300 жители, одеднаш стана центар на една полемика во 1999 кога локалните власти се обидоа да им наметнат на Јеховините сведоци, а и на други, обврска да бараат дозвола пред да одат во домовите на мештаните со својата библиска порака.

      Зошто овој спор е толку важен? Додека читате како се одвиваа настаните, ќе видите дека ваквата одредба и контрола од страна на властите всушност би го ограничила правото на слобода на говор не само на Јеховините сведоци туку и на сите луѓе што живеат во Соединетите Држави.

      Како дојде до конфликтот

      Министри од локалното собрание на Јеховините сведоци во Велзвил, кои веќе со години ги посетуваа жителите на Стратон, имаа проблеми со неколку локални службеници во врска со таквата служба од куќа до куќа уште од 1979. Во почетокот на 1990-тите, еден локален полицаец избрка од градот група Сведоци со зборовите: „Не ми е гајле за вашите права“.

      Работите најмногу се влошија во 1998, кога градоначалникот на Стратон лично се соочи со четири жени Јеховини сведоци. Тие си заминувале од селото откако повторно ги посетиле жителите што покажале интерес за библиски дискусии. Според една од жените со кои градоначалникот се соочил, тој им рекол дека, да биле мажи, ќе ги ставел в затвор.

      Причина за последниот конфликт беше една одредба издадена од општината за „Регулирање на непожелно продавање по куќи и агитирање на приватен имот“, со која се бараше секој што сака да учествува во некаква активност од врата до врата да добие бесплатна дозвола од градоначалникот. Јеховините сведоци ја сметаа оваа одредба за кршење на слободата на говорот, слободното практикување на религија и слободата на печатот. Затоа поднесоа тужба до државниот суд откако селото одби да ја преиначи оваа одредба.

      На 27 јули 1999, се одржа судски претрес пред судијата на окружниот суд на САД, надлежен за јужниот округ Охајо. Тој ја поддржа уставноста на општинската одредба во врска со дозволите. Потоа, на 20 февруари 2001, и американскиот Апелационен суд за шестиот округ ја потврди уставноста на одредбата.

      За да се реши спорот, Watchtower Bible and Tract Society of New York, заедно со локалното собрание на Јеховините сведоци во Велзвил, побара случајот да биде разгледан од Врховниот суд на САД.

  • Врховниот суд го прифаќа случајот
    Разбудете се! 2003 | 8 Јуни
    • Врховниот суд го прифаќа случајот

      ВО ИЗМИНАТИВЕ ГОДИНИ, од повеќе од 7.000 барања, Врховниот суд прифатил само околу 80 до 90 случаи за формално писмено мнение — нешто повеќе од 1 процент!

      Во мај 2001, Јеховините сведоци поднесоа до Врховниот суд молба за преиспитување на правосилната одлука, прашувајќи: „Дали според уставот религиозните министри што учествуваат во со векови старата библиска пракса да ги пренесуваат своите религиозни верувања од врата до врата се исто што и продавачите на трговска стока, и дали се обврзани да го почитуваат ограничувањето да набават дозвола од општината пред да можат да разговараат за Библијата или бесплатно да нудат библиска литература?“

      На 15 октомври 2001, правното одделение на Watchtower беше известено дека Врховниот суд на САД прифатил повторно да го разгледа случајот Watchtower Bible and Tract Society of New York, Inc. и другите против селото Стратон и другите.

      Судот го ограничи разгледувањето на случајот на едно конкретно прашање во врска со слободата на говорот, т.е. дали слободата на говорот загарантирана со првиот амандман го вклучува и правото луѓето да разговараат со другите за нешто без прво да треба да се легитимираат кај државните власти.

      Сега за овој случај требаше усно да се расправа пред девет судии на Врховниот суд на САД. Сведоците беа застапувани од свои адвокати; а селото Стратон од сопернички тим адвокати. Како се одвиваа работите на судот?

      [Рамка на страница 5]

      ШТО Е ПРВИОТ АМАНДМАН?

      „ПРВ АМАНДМАН (ОСНОВАЊЕ НА РЕЛИГИЈА; СЛОБОДА НА РЕЛИГИЈА, ГОВОР, ПЕЧАТ, СОБИРАЊЕ, ПОДНЕСУВАЊЕ МОЛБА). Конгресот нема да донесува закони во врска со основањето на некоја религија, ниту ќе забрани таа слободно да се практикува; нема да ја ускрати слободата на говорот или печатот; ниту правото на луѓето мирољубиво да се собираат, и да поднесуваат молби до владата за поволно решавање на жалби“ (Устав на САД).

      „Првиот амандман е темелот на демократскиот процес во Соединетите Држави. Со првиот амандман му се забранува на Конгресот да донесува закони што би ја ограничиле слободата на говор, печат, на мирољубиво собирање или поднесување молби. Многу луѓе ја сметаат слободата на говорот за најважна слобода и темел на сите други слободи. Првиот амандман исто така му забранува на Конгресот да донесува закони кои би воделе до основање на државна религија или со кои би се ограничила верската слобода“ (The World Book Encyclopedia). Интересно, во случајот Кантвел против Конектикат, 310 U.S. 296 (1940), кој претставува една историска пресуда во која беа вклучени и Јеховините сведоци, Врховниот суд на САД одреди дека гаранциите што ги дава првиот амандман не само што му забрануваат на „Конгресот“ (федералната влада) туку и на локалните власти (државните и општинските) да донесуваат закони што неуставно ги повредуваат правата изнесени во првиот амандман.

      [Слики на страница 5]

      Овој судски спор влијае на различни облици на контактирање од врата до врата

      [Извор на слика на страница 4]

      Фотографија на Франц Јанцен, Collection of the Supreme Court of the United States

  • Првата пречка — усна расправа пред врховниот суд
    Разбудете се! 2003 | 8 Јуни
    • Првата пречка — усна расправа пред врховниот суд

      ДАТУМОТ ОДРЕДЕН за усна расправа пред претседателот на Врховниот суд, Вилијам Ренквист, и уште осуммина други судии на Врховниот суд, беше 26 февруари 2002. Интересите на Јеховините сведоци ги застапуваше еден тим од четворица адвокати.

      Главниот адвокат на Сведоците ја започна својата расправа со еден впечатлив увод: „Сабота е, 11 часот, во Стратон. [Потоа трипати тропна на пултот.] ‚Добро утро. Поради неодамнешните настани, се потрудив да дојдам кај Вас за да разговараме за она што пророкот Исаија го нарекол нешто подобро. Тоа е добрата вест за која зборувал Христос Исус, добрата вест за Божјето Царство‘ “.

      Тој продолжи: „Во Стратон, се смета за кривично дело да одите од врата до врата и да ја пренесувате таа порака доколку најпрво не добиете дозвола од селото“.

      ‚Зарем не барате пари?‘

      Судијата Стивен Џ. Брејер им постави неколку директни прашања на Сведоците. Тој праша: „Дали е точно дека Вашите клиенти не бараат пари, ниту пени, и [дека] не продаваат Библии, дека не продаваат ништо, туку само велат: ‚Би сакал да зборувам со вас во врска со религијата‘?“

      Адвокатот на Сведоците одговори: „Почитуван судијо, извештаите јасно кажуваат дека во селото Стратон Јеховините сведоци не барале пари. Во другите области извештаите исто толку јасно кажуваат дека тие понекогаш само ќе спомнат за доброволен прилог . . . Ние не бараме финансиски средства. Само сакаме да разговараме со луѓето за Библијата“.

      Дали е потребна дозвола од владата?

      Судијата Антонин Скалија проникливо праша: „Зарем не го застапувате гледиштето дека не треба да одите кај градоначалникот и да побарате дозвола за да разговарате со некој сосед за нешто интересно?“ Адвокатот на Сведоците одговори: „Мислиме дека овој суд не би требало да одобри некој владин пропис со кој се бара еден граѓанин да набави дозвола за да зборува со друг граѓанин во неговиот дом“.

      Промена на аргументите, промена на расположението

      Сега беше редот на селото да ја изнесе својата страна на случајот. Главниот адвокат ја објасни стратонската одредба, велејќи: „Стратон постапува во склад со своите законски овластувања кога настојува да ја заштити приватноста на своите жители и кога настојува да го спречи криминалот. Одредбата за забрана на агитирање или тргување на приватен имот едноставно налага лицето однапред да се пријави и да носи дозвола во текот на активноста од врата до врата“.

      Судијата Скалија веднаш премина на главното кога праша: „Дали ви е познат некој друг случај [на Врховниот суд] во кој била вклучена ваква одредба што опфаќа толку широко подрачје, што се однесува на агитирање, но не барање пари, ниту продавање стока, туку само, знаете, ‚Сакам да разговарам за Исус Христос‘ или ‚Сакам да зборувам за заштитата на животната средина?‘ Сме имале ли некој таков случај?“

      Судијата Скалија продолжи: „Не се сеќавам дека имало таков случај во последниве два века“. На тоа, претседателот на Врховниот суд, Ренквист, духовито дофрли: „Вие не сте ни биле на свет толку долго“. Во судницата се разлеа смеа. Судијата Скалија остана на својот аргумент: „Опсежноста на овој случај е нешто ново за мене“.

      Одлична идеја?

      Судијата Ентони М. Кенеди го постави ова остроумно прашање: „Вие мислите дека е одлична идеја да морам да побарам од владата дозвола пред да поминам низ маалото, каде што можеби не ги познавам сите луѓе [и] да речам: ‚Сакам да разговарам со Вас зашто сум загрижен за собирањето на ѓубрето, зашто сум загрижен за нашиот конгресмен‘, или нешто слично. Морам ли да ја прашам владата пред да го направам тоа?“ Тој додаде: „Тоа е запрепастувачки“.

      Потоа судијата Сандра Деј О‘Конор се вклучи во расправата, прашувајќи: „Што да правиме тогаш со коледарите? Дали и ним им треба дозвола?“ И судијата О‘Конор и судијата Скалија се држеа за овој правец на аргументирање. Судијата О‘Конор изнесе уште еден аргумент: „Што ако сакате да позајмите малку шеќер од сосетката? Дали ми треба дозвола за да позајмам малку шеќер од сосетката?“

      Дали Сведоците се агитатори?

      Судијата Дејвид Х. Сутер праша: „Зошто оваа одредба се однесува на Јеховините сведоци? Дали се тие агитатори, аквизитери, улични продавачи или патувачки трговци? Тие не спаѓаат во ниедна од овие групи, зарем не?“ Адвокатот што го застапуваше селото во детали ја цитираше одредбата и додаде дека нижиот суд ги окарактеризирал Јеховините сведоци како агитатори. На ова судијата Сутер одговори: „Тогаш Вие имате една многу опсежна дефиниција за агитатори, штом во неа се вбројани и Јеховините сведоци“.

      Потоа судијата Брејер ја цитираше од речник дефиницијата за изразот агитатор за да покаже дека таа не се однесува на Сведоците. Тој додаде: „Во вашето писмено излагање не прочитав ништо што укажува на тоа зошто се бара од овие луѓе [Јеховините сведоци] кои не се заинтересирани за пари, не се заинтересирани да продадат нешто, кои не се заинтересирани дури ни за собирање гласови, да одат во градското собрание и да се пријават. Која е целта на Стратон?“

      „Предноста“ да се комуницира

      Потоа адвокатот на селото тврдеше дека „целта на селото е да се спречи луѓето да бидат вознемирувани на својот имот“. Тој објасни дека целта била да се заштитат жителите од измамници и криминалци. Судијата Скалија ја цитираше одредбата за да покаже дека градоначалникот може да бара натамошни иформации во врска со лицето што се пријавува и во врска со неговите намери за „да добие точен опис на предноста што тоа лице ја бара“. Тој додаде: „Велите дека е предност да одите кај своите сограѓани за да ги убедите во врска со некоја работа — е, тоа едноставно не можам да го сфатам“.

      Судијата Скалија повторно инсистираше: „Значи, треба ли да се бара од секого што ќе поѕвони на нечија врата да му се земат отпечатоци во градското собрание пред да го направи тоа? Дали тој мал ризик од криминал е доволна причина за секој што сака да поѕвони на некоја врата да мора да се пријави во градското собрание? Секако дека не е“.

      Граѓаните заштитени?

      Кога му истекоа дозволените 20 минути, адвокатот на селото му даде збор на заменикот на јавниот обвинител на државата Охајо. Тој тврдеше дека оваа одредба ги заштитува граѓаните од посетите на некој странец, „што во секој случај е непокането лице, [кое] е тука на мојот имот . . . и мислам дека селото има право да каже: ‚Нѐ загрижува таквиот вид активност‘ “.

      Потоа судијата Скалија забележа: „Селото вели дека дури и оние што ги примаат Јеховините сведоци, кои можеби се и сосем сами и сакаат да поразговараат за нешто со некого, дури и тогаш овие луѓе [Јеховините сведоци] мораат да се пријават кај градоначалникот за да ја имаат таа предност да поѕвонат на нивната врата“.

      „Многу скромно ограничување“

      За време на испрашувањето, судијата Скалија даде силен аргумент кога рече: „Сите можеме да се согласиме дека најбезбедни општества во светот се тоталитарните диктатури. Таму има многу малку криминал. Тоа е познат факт, но една од цените на слободата е донекаде поголем ризик од беззаконие, и прашањето овде е дали со оваа одредба ќе се спречи беззаконието во толкава мера што вреди да побараш дозвола да поѕвониш на нечија врата“. На ова заменикот на јавниот обвинител одговори дека „тоа е многу скромно ограничување“. Судијата Скалија возврати дека е толку скромно што „не можеме да најдеме ниеден случај во кој се известува дека некоја општина донела слична одредба. Јас не мислам дека е толку скромно!“

      На крајот, под притисок на еден од судиите, заменикот на јавниот обвинител мораше да признае: „Не би сакал да признаам, но навистина не може туку-така да се забрани да се поѕвони или да се чукне на нечија врата“. Со тоа заврши неговото излагање.

      За време на побивањето на доказите, адвокатот на Сведоците укажа дека одредбата не содржи механизам за да се потврди точноста на изјавата. „Можам да отидам до градското собрание и да речам: ‚Јас сум [тој и тој]‘, и да добијам дозвола и да одам од врата до врата“. Тој, исто така, укажа дека градоначалникот има овластување да одбие да му издаде дозвола на лице кое вели дека не е поврзано со некоја организација. „Сметаме дека овде се работи за чисто самоволие“, рече тој, и додаде: „Со сета должна почит, морам да напоменам дека нашата [на Јеховините сведоци] активност навистина лежи во сржта на првиот амандман.“

      Кратко потоа, претседателот на Врховниот суд, Ренквист, ја заклучи усната расправа, велејќи: „Случајот се предава [на Врховниот суд]“. Целиот процес траеше нешто повеќе од еден час. Колку важен беше тој час, се покажа во писмената пресуда што беше објавена во јуни.

      [Слики на страница 6]

      Ренквист, претседател на Врховниот суд

      Судијата Брејер

      Судијата Скалија

      [Извори на слики]

      Ренквист: Collection, The Supreme Court Historical Society/Dane Penland; Брејер: Collection, The Supreme Court Historical Society/Richard Strauss; Скалија: Collection, The Supreme Court Historical Society/Joseph Lavenburg

      [Слики на страница 7]

      Судијата Кенеди

      Судијата О‘Конор

      Судијата Сутер

      [Извори на слики]

      Кенеди: Collection, The Supreme Court Historical Society/Robin Reid; О‘Конор: Collection, The Supreme Court Historical Society/Richard Strauss; Сутер: Collection, The Supreme Court Historical Society/Joseph Bailey

      [Слика на страница 8]

      Судница

      [Извор на слика]

      Фотографија на Франц Јанцен, Collection of the Supreme Court of the United States

  • Врховниот суд донесува пресуда во корист на слободата на говорот
    Разбудете се! 2003 | 8 Јуни
    • Врховниот суд донесува пресуда во корист на слободата на говорот

      РЕШАВАЧКИОТ ДЕН беше 17 јуни 2002, кога Врховниот суд го објави своето писмено мнение. Каква беше одлуката? Насловите во весниците известија за исходот. The New York Times објави: „Судот ги отфрла ограничувањата наметнати врз посетите на Јеховините сведоци“. The Columbus Dispatch од Охајо наведе: „Врховниот суд го поништи барањето на дозвола“. The Plain Dealer од Кливленд, Охајо, едноставно рече: „На агитаторите не им треба зелено светло од градското собрание“. Во USA Today стоеше: „Победа на слободата на говорот“.

      Одлуките на нижиот суд против Јеховините сведоци беа поништени со гласање 8 спрема 1! Судијата Џон Пол Стивенс го напиша официјалното мнение на судот на 18 страници. Одлуката беше силна потврда на заштитата што ја дава првиот амандман за јавната служба на Јеховините сведоци. Во образложението, судот објасни дека Сведоците не барале дозвола бидејќи тврдат дека „своето право да проповедаат го добиваат од Писмото“. Потоа судот го цитираше сведочењето наведено во писменото излагање на Сведоците: „Сметаме дека би било речиси навреда за Бог кога би морале да бараме дозвола од општината за да проповедаме“.

      Во мнението на судот стоеше: „Веќе повеќе од 50 години судот ги отфрла ограничувањата во врска со агитирањето и делењето на брошури од врата до врата. Не е само чиста историска случајност тоа што во повеќето од овие случаи се вклучени спорови во врска со првиот амандман покренати од страна на Јеховините сведоци, зашто нивната религија бара да се агитира од врата до врата. Како што може да се забележи во случајот Мердок против Пенсилванија . . . (1943), Јеховините сведоци ‚тврдат дека го следат примерот на Павле, поучувајќи „јавно и од куќа до куќа“. Дела 20:20. Тие дословно ја сфаќаат заповедта од Писмото: „Одете по целиот свет и проповедајте му ја добрата вест на сето создание“. Марко 16:15. Со тоа што постапуваат така, тие веруваат дека се послушни на заповедта од Бог‘ “.

      Потоа во мнението повторно се цитираше од случајот во 1943: „Според првиот амандман, овој облик на религиозна активност има исто толку голема важност колку и обожавањето во црквите и проповедањето од проповедалниците. Има исто право на заштита како и поортодоксното и поконвенционалното практикување на религија“. Цитирајќи еден случај од 1939, во мнението стоеше: „Барањето на цензура, со тоа што ќе мора да се набави дозвола која би го оневозможила слободното и непречено дистрибуирање на брошури, удира во самиот темел на гаранциите од уставот“ (курзивот е од нас).

      Потоа Судот изнесе една важна забелешка: „Овие случаи покажуваат дека напорите на Јеховините сведоци да се спротивстават на обидите да се ограничи говорот не се борба само за нивните права“. Во мнението беше објаснето дека Сведоците „не се единствените ‚обични луѓе‘ што се соочуваат со опасноста да бидат замолчени со одредби како онаа од Стратон“.

      Во мнението понатаму се велеше дека одредбата „е навреда — не само за вредностите што ги заштитува првиот амандман туку и за самиот концепт за слободно општество — бидејќи во рамките на секојдневните јавни разговори еден граѓанин би морал најпрво да ја информира владата за својата желба да разговара со соседите и потоа да добие дозвола да го стори тоа . . . Еден закон според кој би била потребна дозвола да се води таков разговор претставува драстично отстапување од нашето национално наследство и уставна традиција“. Потоа во мнението се зборуваше за „крајно штетните последици од барањето на таква дозвола“.

      Закана од криминал

      Што е со гледиштето дека дозволата е заштита од провалници и други криминалци? Судот аргументираше: „И покрај тоа што сфаќаме дека оваа загриженост е оправдана, нашето досегашно искуство јасно покажува дека мора да има рамнотежа помеѓу оваа загриженост и последиците што овие одредби би ги имале врз правата загарантирани со првиот амандман“.

      Судското мнение понатаму гласеше: „Звучи неверојатно дека само затоа што немаат дозвола, криминалците нема да тропнат на нечија врата и да почнат да разговараат за работи што не се спомнати во одредбата. На пример, тие би можеле да Ве замолат да им кажете како да стигнат до некаде, или да се послужат со вашиот телефон . . . или би можеле да се пријават под лажно име и да си поминат неказнето“.

      Навраќајќи се на одлуките од 1940-те, Судот напиша: „Јазикот што се користел во судските мненија во времето на Втората светска војна со кои соверниците на подносителите на молбата [Watch Tower Society] секогаш одново биле ослободувани од плитки обвиненија, ја одразува вредноста што овој суд им ја придава на слободите загарантирани со првиот амандман, во кои спаѓа и овој случај“.

      Каква беше конечната одлука на судот? „Пресудата на апелациониот суд се поништува, и случајот се враќа во апелациониот суд на повторна расправа во склад со ова мнение. Ова е нашата одлука“.

      Така, конечниот исход од овој случај беше, како што наведе Chicago Sun⁠-​Times, „Судот ги поддржува Јеховините сведоци“, и тоа со мнозинство од 8 спрема 1.

      Што да се каже за иднината?

      Како гледаат Јеховините сведоци од блиското собрание Велзвил на оваа победа извојувана на Врховниот суд? Секако, нема причина да се фалат со тоа на сметка на жителите на Стратон. Сведоците не им се лутат на добрите луѓе од селото. Грегори Кухар, локален Сведок, рече: „Не сакавме да дојде до ваков судски случај. Одредбата едноставно сама по себе беше неисправна. Она што го направивме не беше само за нас туку за сите“.

      Фактите покажуваат дека Сведоците особено внимавале да не го провоцираат локалното население. Еден друг Сведок, Џин Кунц, објасни: „Последен пат кога проповедавме во Стратон беше на 7 март 1998, пред повеќе од четири години“. Тој додаде: „Мене лично ми беше кажано дека ќе бидам уапсен. Низ годините имаше многу случаи кога полицијата ни се закануваше дека ќе нѐ уапси. Потоа побаравме да видиме писмен примерок од одредбата, но никогаш не ни беше покажан“.

      Кунц додаде: „Ние повеќе би сакале да бидеме во добри односи со нашите соседи. Ако некои не сакаат да ги посетуваме, ќе ја почитуваме нивната одлука. Но, има и други што се пријателски настроени и што сакаат да разговараат за Библијата“.

      Грегори Кухар објасни: „Овој случај не го покренавме за да ги вознемириме жителите на Стратон. Ние само сакавме законски да ја установиме нашата слобода на говор што е загарантирана со уставот“.

      Тој продолжи: „Се надеваме дека на крај ќе можеме повторно да одиме во Стратон. Би бил среќен да бидам првиот што ќе тропне на нечија врата кога ќе се вратиме. Во склад со Христовата заповед, ние мораме да се вратиме“.

      Исходот на случајот „Watchtower против селото Стратон“ има далекосежни последици. Откако ја дознаа одлуката на Врховниот суд, голем број општински службеници во САД сфатија дека локалните одредби повеќе не можат да се користат за да го ограничат делото на евангелизирање на Јеховините сведоци. До денес, проблемите околу проповедањето од куќа до куќа се решени во околу 90 општини во Соединетите Држави.

Публикации на македонски јазик (1991 — 2025)
Одјави се
Најави се
  • македонски
  • Сподели
  • Подесување
  • Copyright © 2025 Watch Tower Bible and Tract Society of Pennsylvania
  • Услови за користење
  • Полиса за приватност
  • Поставки за приватност
  • JW.ORG
  • Најави се
Сподели