ОНЛАЈН БИБЛИОТЕКА Watchtower
ОНЛАЈН БИБЛИОТЕКА
Watchtower
македонски
ѐ
  • Ѐ
  • ѐ
  • Ѝ
  • ѝ
  • БИБЛИЈА
  • ПУБЛИКАЦИИ
  • СОСТАНОЦИ
  • Нема ништо подобро од вистината
    Стражарска кула 1998 | 1 Јануари
    • Нема ништо подобро од вистината

      Раскажал Г. Н. Ван дер Бил

      Во јуни 1941, му бев предаден на Гестапо и одведен во концентрациониот логор Заксенхаузен, близу Берлин (Германија). Таму, како затвореник број 38190, останав сѐ до злогласниот марш на смртта во април 1945. Но, пред да ги опишам тие настани, да ви објаснам како се случи да станам затвореник.

      РОДЕН сум во 1914 во Ротердам (Холандија), кратко после почнувањето на I светска војна. Татко ми работеше за железницата, а нашиот мал стан беше сместен близу железничката пруга. Кон крајот на војната во 1918, видов како протатнуваа многу таканаречени кризни возови. Несомнено, беа полни со ранети војници кои од фронтот беа носени дома.

      Кога имав 12, го напуштив училиштето за да најдам работа. По осум години, се пријавив за стјуард на еден патнички брод, и следните четири години патував помеѓу Холандија и Соединетите Држави.

      Кога пристигнавме во њујоршкото пристаниште летото 1939, се закануваше една друга светска војна. Така, кога на нашиот брод се качи еден човек и ми ја понуди книгата Government, која зборуваше за една праведна влада, јас радо ја прифатив. Штом се вратив во Ротердам, почнав да барам работа на копно, бидејќи животот на море повеќе не изгледаше безбеден. На 1 септември, Германија ја нападна Полска и нациите се нурнаа во II светска војна.

      Дознавање на библиската вистина

      Едно неделно утро во март 1940, бев во посета кај мојот оженет брат, кога на вратата заѕвони еден Јеховин сведок. Му реков дека веќе ја имам книгата Government и го прашав во врска со небото и кој оди таму. Добив толку јасен и разумен одговор што си реков: ‚Ова е вистината‘. Му ја дадов мојата адреса и го поканив да ме посети во мојот дом.

      После само три посети, во текот на кои имавме темелни библиски дискусии, јас почнав да го придружувам Сведокот во проповедничкото дело од куќа до куќа. Кога стигнавме на подрачјето, тој ми покажа каде да почнам, и јас проповедав сам. На ваков начин мнозина нови беа воведувани во проповедничкото дело во тие денови. Бев посоветуван дека, за да не бидам виден на улица, треба секогаш да бидам внатре во ходникот кога презентирам литература. Постоеше потреба од претпазливост во тие рани денови од војната.

      По три седмици, на 10 мај 1940, германската војска ја нападна Холандија, а на 29 мај, комесарот на Рајхот, Зајс-Инкварт, објави дека организацијата на Јеховините сведоци е забранета. Се среќававме само во мали групи и се водеше грижа нашите места за состанување да ги држиме во тајност. Особено зајакнувачки за нас беа посетите од патувачките надгледници.

      Бев тежок пушач и, кога му понудив цигара на Сведокот кој проучуваше со мене и дознав дека тој не пуши, реков: „Јас никогаш не би можел да се откажам!“ Меѓутоа, кратко потоа, додека одев по улицата, си мислев: ‚Ако станувам Сведок, сакам да бидам вистински Сведок‘. И така, никогаш повеќе не запалив.

      Заземање став за вистината

      Во јуни 1940, за помалку од три месеци откако го сретнав Сведокот на вратата од брат ми, го симболизирав моето предание на Јехова и се крстив. После неколку месеци, во октомври 1940, стапив во полновремената служба како пионер. Во тоа време, ми беше даден таканаречениот пионерски жакет. Тој имаше многу џепови за книги и брошури и можеше да се носи под капутот.

      Практично, уште од почетокот на германската окупација, Јеховините сведоци беа систематски гонети и апсени. Едно утро во февруари 1941, бев во служба на теренот со неколкумина други Сведоци. Додека тие ги посетуваа луѓето на едната страна од блокот куќи, јас работев на другата страна во пресрет на нив. Со текот на времето, појдов да видам што ги задржува и сретнав еден човек кој праша: „Дали и Вие имате некоја од овие книшки?“

      „Да“ — одговорив. Во тој момент ме уапси и ме одведе во полициската станица. Бев држан во притвор скоро четири седмици. Повеќето од службениците беа љубезни. Сѐ додека некој не му беше предаден на Гестапо, тој можеше да си обезбеди ослободување едноставно со потпишување на писмена изјава дека повеќе нема да дистрибуира библиска литература. Кога од мене беше побарано да потпишам таква изјава, одговорив: „Да ми понудите дури и еден или два милиона гулдени, пак не би потпишал“.

      Откако бев држан уште малку, му бев предаден на Гестапо. Потоа бев одведен во концентрациониот логор Заксенхаузен во Германија.

      Животот во Заксенхаузен

      Кога пристигнав во јуни 1941, во Заксенхаузен веќе имаше околу 150 Сведоци — главно Германци. Ние новите затвореници бевме одведени во еден дел од логорот наречен изолација. Таму нашите христијански браќа нѐ зедоа под своја закрила и нѐ подготвуваа за она што нѐ очекуваше. По една седмица, пристигна уште една тура Сведоци од Холандија. Отпрвин, ни беше доделено да стоиме на истото место пред бараките од седум часот наутро до шест часот навечер. Повремено, затворениците мораа да го прават тоа секој ден една седмица или подолго.

      И покрај грубиот третман, браќата ја увидоа итната потреба да останеме организирани и да земаме духовна храна. Секој ден, некој беше доделуван да подготвува мисли за некој библиски текст. Подоцна, во собирниот двор, поединечни Сведоци му приоѓаа и слушаа што имаше подготвено. На еден или друг начин, редовно беше шверцувана литература во логорот, а ние се собиравме секоја недела и заеднички ја проучувавме оваа библиска литература.

      Во Заксенхаузен некако беше прошверцуван еден примерок од книгата Children, што беше објавена летото 1941 на конгресот во Сент Луис во Соединетите Држави. За да се минимизира ризикот книгата да биде откриена и уништена, ја разделивме и меѓу браќата циркулираа делови, така што секој по ред можеше да ја чита.

      После некое време, управата на логорот дозна за состаноците што ги одржувавме. Затоа, Сведоците беа разделени и ставени во различни бараки. Тоа ни пружи одлична прилика да им проповедаме на другите затвореници и, како резултат од тоа, многу Полјаци, Украинци и други ја прифатија вистината.

      Нацистите не ја криеја својата намера да ги скршат или убијат Бибелфоршерите, како што тогаш беа нарекувани Јеховините сведоци. Како последица од тоа, притисокот што беше вршен врз нас беше жесток. Ни беше речено дека би можеле да бидеме слободни ако потпишеме изјава со која се одречуваме од нашата вера. Некои браќа почнаа да си рационализираат: „Ако сум слободен, можам да правам повеќе во Јеховината служба“. Иако неколкумина потпишаа, повеќето од нашите браќа останаа верни и покрај сета оскудица, понижување и лошо постапување. За некои кои се компромитираа, не чувме никогаш повеќе. Сепак, за среќа, други подоцна се опоравија и сѐ уште се активни Сведоци.

      Редовно бевме присилувани да гледаме кога затворениците беа подложувани на брутално телесно казнување, како што се 25 удари со стап. Еднаш, бевме натерани да го гледаме погубувањето на четворица мажи со бесење. Тие искуства имаат вистински ефект врз поединецот. Еден брат, висок, убав маж, кој живееше во истата барака со мене, ми рече: „Пред да дојдам овде, не можев да поднесам да гледам крв а да не паднам во несвест на лице место. Но, сега се очеличив“. Сепак, иако можеби се очеличивме, не станавме нечувствителни. Морам да речам дека никогаш не чувствував злоба или не негував омраза спрема нашите прогонители.

      Откако некое време работев со еден командо (работна група), бев примен в болница со висока треска. Ми помогнаа еден љубезен норвешки лекар и еден чехословачки болничар, а нивната љубезност веројатно ми го спаси животот.

      Маршот на смртта

      До април 1945, беше јасно дека Германија ја губи војната. Западните сојузници брзо напредуваа од запад, а Советите од исток. Беше невозможно нацистите да ги ликвидираат стотиците илјади во концентрационите логори и да ги отстранат нивните тела за само неколку дена без да остават никаква трага зад себе. Затоа, одлучија да ги испоубијат болните, а останатите затвореници да ги префрлат до најблиските морски пристаништа. Таму планираа да ги натоварат на бродови, а бродовите да ги потопат во морето.

      Маршот на околу 26.000 затвореници од Заксенхаузен започна ноќта на 20 април. Пред да го напуштиме логорот, беа спасени нашите болни браќа од болницата. Беше набавена една количка со која можеа да бидат превезувани. Сѐ на сѐ, нѐ имаше 230 од шест различни земји. Меѓу болните беше и брат Артур Винклер, кој многу беше придонел за ширењето на делото во Холандија. Ние Сведоците ја сочинувавме заднината на маршот, и постојано се храбревме еден со друг да продолжиме.

      На почетокот, марширавме 36 часа без пауза. Додека одев, заспивав од правата мизерија и уморот. Но, заостанување или одморање не доаѓаше во обѕир, бидејќи со тоа се ризикуваше да бидеш стрелан од стражарите. Ноќе спиевме на отворено поле или во шумите. Таму имаше малку или воопшто никаква храна. Кога канџите на гладот станаа неподносливи, ја лижев пастата за заби што ни ја беше дал шведскиот Црвен крст.

      Во еден момент, поради тоа што германските стражари беа збунети околу тоа каде се руските и американските трупи, четири дена логорувавме во шумите. Ова беше преку провидение, бидејќи како резултат од тоа, не стигнавме на време до Либечкиот Залив за да се качиме на бродовите што требаше да нѐ однесат во нашиот воден гроб. Конечно, после 12 дена и марш од околу 200 километри, стигнавме до шумата Кривиц. Тоа беше недалеку од Шверин, град на 50-тина километри од Либек.

      Советите ни беа оддесно, а Американците одлево. Од пукањето на тешките топови и непрестајните рафали од пушки знаевме дека сме близу до линиите на фронтот. Германските стражари ги фати паника; некои побегнаа, а други ги заменија своите униформи со затвореничка униформа што им ја беа соблекле на умрените, надевајќи се дека нема да бидат препознаени. Среде конфузијата, ние Сведоците се собравме за да се помолиме за водство.

      Одговорните браќа решија дека треба да заминеме утредента во раните утрински часови и да одиме во правец на американските линии. Иако скоро половината од затворениците, кои го почнаа маршот на смртта, умреа или беа испоубиени долж патот, сите Сведоци преживеаја.

      Некаков канадски воен персонал ме префрли до градот Најмеген, каде што живееше сестра ми. Но, кога стигнав до местото, дознав дека таа се иселила. Затоа, почнав да одам пеш кон Ротердам. За среќа, патем ме зедоа во едно приватно возило што ме однесе право до моето одредиште.

      Вистината е мојот живот

      Истиот ден кога стигнав во Ротердам, повторно се пријавив во пионерското дело. По три седмици, бев на мојата доделба во градот Зутфен, каде што служев наредната година и пол. За тоа време, малку ми се поврати телесната сила. Потоа бев наименуван за покраински надгледник, како што се наречени патувачките слуги. Неколку месеци подоцна, бев поканет во Библиска школа Гилеад на Watchtower во Саут Ленсинг (Њујорк). После дипломирањето во 12-тиот клас на таа школа во февруари 1949, бев доделен во Белгија.

      Во Белгија служев во различни аспекти на службата, вклучувајќи скоро осум години во канцеларијата на подружницата, како и децении во патувачкото дело и како покраински и како обласен надгледник. Во 1958 се оженив со Жустин, која стана мој патувачки придружник. Сега, додека годините почнуваат силно да ми натежнуваат, сѐ уште ја имам радоста што сум способен да служам на ограничен начин како заменик покраински надгледник.

      Кога ќе погледнам назад на мојата служба, навистина можам да речам: „Нема ништо подобро од вистината“. Се разбира, не беше секогаш лесно. Ја открив потребата да учам од своите грешки и недостатоци. Затоа, кога зборувам со млади луѓе, честопати им велам: „И вие ќе правите грешки и можеби дури ќе правите сериозни престапи, но немојте да лажете околу тоа. Разговарајте за работата со своите родители или со некој старешина, а потоа направете ги потребните исправки“.

      Во моите скоро 50 години во полновремената служба во Белгија, ја имав предноста да видам некои кои некогаш ги знаев уште од деца, а сега служат како старешини и покраински надгледници. И видов како приближно 1.700-те објавители на Царството во земјата пораснаа на преку 27.000.

      Јас прашувам: „Има ли некој поблагословен начин на живот отколку да му се служи на Јехова?“ Никогаш немало, сега нема и никогаш нема ни да има. Се молам Јехова и понатаму да нѐ води и да нѐ благословува мојата сопруга и мене за да можеме да продолжиме да му служиме засекогаш.

      [Слика на страница 26]

      Со мојата сопруга кратко после нашата венчавка во 1958

  • „Правете ученици од луѓето од сите нации“
    Стражарска кула 1998 | 1 Јануари
    • „Правете ученици од луѓето од сите нации“

      „ОДЕТЕ и правете ученици од луѓето од сите нации, крштавајќи ги во името на Таткото и на Синот и на светиот дух.“ Вака New World Translation ја преведува Исусовата заповед од Матеј 28:19. Меѓутоа, овој превод е критизиран. На пример, еден религиозен памфлет тврди: „Грчкиот текст дозволува само еден превод: ‚Правете ученици од сите нации!‘“ Дали ова е точно?

      Овој превод: „Правете ученици од сите нации“ се појавува во многу верзии на Библијата и е дословен превод од грчки. Тогаш, кој е темелот за преводот: „Правете ученици од луѓето од сите нации, крштавајќи ги“? Контекстот. Изразот „крштавајќи ги“ јасно се однесува на поединци, а не на нации. Германскиот научник Ханс Брунс наведува: „[Зборот] ‚ги‘ не се однесува на народите (во грчкиот разликата е јасна), туку на луѓето во народите“.

      Понатаму, треба да се земе во обѕир начинот на кој била извршувана Исусовата заповед. Во врска со службата на Павле и на Варнава во Дерва, еден град во Мала Азија, читаме: „И, откако го проповедаа Евангелието во тој град и мнозина придобија и научија [направија прилично ученици, NW], тие се вратија во Листра, Иконија и Антиохија“ (Дела 14:21). Забележи дека Павле и Варнава направиле ученици не од градот Дерва, туку од некои луѓе од Дерва.

      На сличен начин, во врска со времето на крајот, книгата Откровение не претскажала дека цели нации ќе му служат на Бог, туку дека едно „големо мноштво . . . од сите племиња и колена, народи и јазици“ ќе го прави тоа (Откровение 7:9). Според тоа, New World Translation е оправдан како доверлив превод на ‚целото Писмо, вдахновено од Бога‘ (2. Тимотеј 3:16).

Публикации на македонски јазик (1991 — 2025)
Одјави се
Најави се
  • македонски
  • Сподели
  • Подесување
  • Copyright © 2025 Watch Tower Bible and Tract Society of Pennsylvania
  • Услови за користење
  • Полиса за приватност
  • Поставки за приватност
  • JW.ORG
  • Најави се
Сподели