Читателите прашуваат...
Каде нашол Каин жена?
▪ „Ако Адам и Ева имале два сина, Каин и Авел, од каде нашол Каин жена?“ Ова прашање често го поставуваат оние што ја оспоруваат точноста на Библијата. Сепак, таа ни открива доволно детали што ќе ни помогнат да дојдеме до логичен одговор.
Во 1. Мојсеева поглавја 3 и 4 ни се откриени следниве работи: 1) Ева им била „мајка на сите живи“. 2) Поминало доста време откако се родил Каин и времето кога ја принел жртвата што Бог не ја прифатил. 3) Кога бил протеран како „скитник и бегалец“, Каин се плашел дека ‚секој што ќе го најде‘ би можел да го убие. 4) Бог поставил знак за да го заштити Каин, што покажува дека некој од браќата или другите роднини би можел да се обиде да го убие. 5) Дури после овие настани, Каин легнал со својата жена „во земјата Нод“ (1. Мојсеева 3:20; 4:3, 12, 14-17).
Од сево ова можеме со право да заклучиме дека жената на Каин била потомок на Ева, но не се знае точно кога е родена. Во 1. Мојсеева 5:4 јасно е кажано дека во текот на својот живот, долг 930 години, на Адам ‚му се родиле и други синови и ќерки‘. Се разбира, Библијата не кажува конкретно дека жената на Каин ѝ била ќерка на Ева. Всушност, фактот што таа се спомнува откако Каин бил протеран покажува дека поминало прилично долго време, што значи дека би можела да биде дури и внука на Адам и Ева. Затоа во еден библиски превод едноставно се вели дека жената на Каин била „една од потомците на Адам“ (The Amplified Old Testament).
Библискиот изучувач Адам Кларк од 19 век сметал дека Бог му поставил на Каин знак за некој да не го убие затоа што во тоа време веќе имало неколку поколенија од потомците на Адам — доволно „за да основаат неколку села“.
Во денешно време, во некои општества се смета за незамисливо тоа што Каин се оженил со своја сестра или подалечна роднина, која била дете од брак меѓу синовите и ќерките на Адам. Обично, причина за тоа се општествените табуа или стравот од генетски нарушувања. Сепак, во едно дело Ф. Лагард Смит го вели следново: „Сосема веројатно тие први луѓе, кои биле браќа и сестри, склопувале бракови меѓу себе, иако во следните генерации тоа би се сметало за неисправно“ (The Narrated Bible in Chronological Order). Исто така, интересно е да се забележи дека половите односи меѓу толку блиски роднини биле строго забранети дури откако во 1513 год. пр.н.е. Бог му ги дал на Мојсеј законите за израелскиот народ (3. Мојсеева 18:9, 17, 24).
Денес се поминати илјадници години од совршенството што некогаш го имале нашите прародители. Можеби тогаш не играло никаква улога влијанието што денес го имаат врз нас гените и наследните фактори. Освен тоа, најновите истражувања, како она објавено во списанието Journal of Genetic Counseling, покажуваат дека во браковите меѓу први братучеди ризикот да се родат деца со вродени маани е помал отколку што се мисли. Логично би било дека тие фактори не оставиле сериозни последици во времето додека живеел Адам, па дури ни пред времето на Ное. Затоа, можеме да заклучиме дека Каин се оженил со една од своите роднини.