ОНЛАЈН БИБЛИОТЕКА Watchtower
ОНЛАЈН БИБЛИОТЕКА
Watchtower
македонски
ѐ
  • Ѐ
  • ѐ
  • Ѝ
  • ѝ
  • БИБЛИЈА
  • ПУБЛИКАЦИИ
  • СОСТАНОЦИ
  • w07 15/1 стр. 17-20
  • Остани верен кога детето ќе стане бунтовно

За овој материјал нема видео.

Се појави проблем. Видеото не може да се отвори.

  • Остани верен кога детето ќе стане бунтовно
  • Стражарска кула го објавува Јеховиното Царство 2007
  • Поднаслови
  • Сличен материјал
  • Кога Јеховините синови станале бунтовни
  • Фрли му ги своите грижи на Јехова
  • Понизи се
  • Спротивстави му се на Ѓаволот
  • Кога треба да се даде строга дисциплинска мерка
  • Јехова ќе ти помогне
  • Воспитувај го своето дете уште од најраното детство
    Тајната на семејната среќа
  • Дали во домот има бунтовник?
    Тајната на семејната среќа
  • Родители, заштитете го вашето скапоцено наследство
    Стражарска кула го објавува Јеховиното Царство 2005
  • Како можете да му помогнете на ‚расипничко‘ дете?
    Стражарска кула го објавува Јеховиното Царство 2001
Повеќе
Стражарска кула го објавува Јеховиното Царство 2007
w07 15/1 стр. 17-20

Остани верен кога детето ќе стане бунтовно

ЕДНА христијанка, која ќе ја наречеме Џој, се трудела да му всади на своето синче љубов кон Јехова Бог. Но, кога син ѝ стигнал во своите доцни тинејџерски години, престанал да ја слуша, станал бунтовен и си заминал од дома. „Тогаш ја доживеав најдлабоката болка во мојот живот“, вели Џој. „Се чувствував изневерена, скршена и разочарана. Во главата постојано ми се вртеа негативни мисли.“

Можеби и ти, при воспитувањето на своите деца, си се трудел да им всадиш љубов кон Бог и желба да му служат — но на крајот едно или повеќе од нив му го свртеле грбот. Како можеш да го пребродиш таквото тешко разочарување? Што ќе ти помогне да продолжиш верно да му служиш на Јехова?

Кога Јеховините синови станале бунтовни

Првата работа е да сфатиш дека Јехова добро знае како се чувствуваш. Во Исаија 49:15 читаме: „Може ли жена да го заборави своето доенче и да не му се смилува на синот на својата утроба? Ако таа и го заборави него, јас нема да те заборавам тебе“. Да, Јехова и самиот се чувствува онака како што се чувствуваат татковците и мајките. Тогаш, замисли си колку мора да се радувал кога сите негови синови на небото, ангелите, го фалеле и му служеле. Кога „од виорот“ му одговарал на семејниот поглавар Јов, Јехова го потсетил на радоста што владеела во времето кога неговата духовна фамилија била обединета, и рекол: „Каде беше ти кога ѝ ги поставив темелите на земјата?.. Додека утринските ѕвезди радосно извикуваа заедно и сите Божји синови воскликнуваа од радост?“ (Јов 38:1, 4, 7).

По некое време, вистинскиот Бог видел како еден од неговите совршени синови на небото станува бунтовен, се свртува против него и заслужува да биде наречен Сатана, што на хебрејски јазик значи „Противник“. Исто така, Јехова гледал како неговиот прв човечки син, Адам, и неговата совршена жена, Ева, му се придружуваат на овој бунтовен ангел (1. Мојсеева 3:1-6; Откровение 12:9). Подоцна, и други Божји духовни синови ‚го напуштиле своето вистинско живеалиште‘ и се свртеле против него (Јуда 6).

Светото писмо не ни кажува како се чувствувал Јехова кога и некои други од неговите совршени синови престанале да му бидат послушни и почнале да стануваат бунтовни. Меѓутоа, Библијата јасно кажува: „И Јехова виде дека лошотијата на човекот на земјата е голема и дека сите мисли на неговото срце се секогаш насочени само кон зло. Тогаш Јехова зажали што го беше направил човекот на земјата, и го доболи во срцето“ (1. Мојсеева 6:5, 6). Непослушноста и бунтовноста на Израел, кој му бил избран народ на Јехова, исто така ‚го ожалостила‘ и ‚му нанела болка‘ (Псалм 78:40, 41).

Нема никакво сомневање дека Јехова знае како им е на родителите што чувствуваат жалост и болка поради постапките на нивното непослушно и бунтовно дете. Во својата Реч, Библијата, тој дал убави совети и охрабрување за да им помогне на таквите родители да издржат. Бог ги повикува да ги фрлат своите грижи на него, да се понизат и да му се спротивстават на Сатана Ѓаволот. Да видиме на кој начин примената на овие совети ќе ти помогне да останеш верен кога твоето дете ќе стане бунтовно.

Фрли му ги своите грижи на Јехова

Јехова знае дека ретко која друга работа им причинува поголема грижа на родителите од чувството дека постои опасност нивните деца да си наштетат себеси или, пак, другите да им наштетат ним. Апостол Петар кажува кој е еден начин да се излезе на крај со оваа и со други причини за загриженост. Тој пишува: „Сите свои грижи фрлете ги на [Јехова], зашто тој се грижи за вас“ (1. Петрово 5:7). Зошто овој совет и уверувањето што е дадено важат особено за родителите на едно непослушно и бунтовно дете?

Додека твоето дете сѐ уште било мало, будно си го штител од опасностите, и веројатно детето го следело твоето грижливо водство. Но, кога пораснало, твоето влијание врз него можеби се намалило, но не се намалила и твојата силна желба да го заштитиш од лошо. Всушност, таа желба веројатно се зголемила.

Како резултат на тоа, кога твоето дете ќе стане бунтовно и ќе си наштети во духовен, емоционален или физички поглед, можеби имаш чувство дека вината лежи врз тебе. Џој, што ја спомнавме претходно, се чувствувала така. Таа вели: „Секој ден, измачена од чувство дека ништо не сум постигнала, постојано во главата ми се вртеа настани од минатото“. Особено во таквите моменти Јехова сака ‚да ги фрлиш сите свои грижи на него‘. Ако го направиш тоа, тој ќе ти помогне. „Фрли го своето бреме на Јехова“, рекол псалмистот, „и тој ќе те поткрепи. Никогаш нема да дозволи праведникот да се сопне“ (Псалм 55:22). Џој почувствувала таква утеха. Таа објаснува: „Му кажував на Јехова за сѐ што чувствував длабоко во себе. Едноставно му ги излевав чувствата, и тоа најмногу ми помогна да ми стане полесно“.

Како несовршен родител, можеби си направил грешки додека си го воспитувал своето дете. Но, зошто мораш постојано да се навраќаш на нив? Јасно е дека Јехова не го прави тоа, бидејќи го вдахновил псалмистот да напише: „Ако гледаш на престапите, о Јах, о Јехова, кој ќе опстане?“ (Псалм 130:3). Дури и да си бил совршен родител, можно е твоето дете сепак да стане бунтовно и да престане да те слуша. Затоа, во молитва излеј му ги своите чувства на Јехова, и тој ќе ти помогне да издржиш. Меѓутоа, за да можеш ти да продолжиш верно да му служиш на Јехова и да не станеш жртва на Сатана, мораш да направиш нешто повеќе.

Понизи се

„Понизете се под моќната Божја рака“, напишал Петар, „за да ве возвиши кога ќе дојде време“ (1. Петрово 5:6). Зошто е потребно да бидеш понизен ако твоето дете станало бунтовно? Освен тоа што чувствуваш вина и болка затоа што твоето дете е бунтовно, можеби си ставен и во ситуација да се срамиш. Можеби те мачи тоа што постапките на твојот син или ќерка го расипале добриот глас на семејството, особено ако морале да бидат исклучени од христијанското собрание. Тоа што постојано си префрлаш себеси и понижувањето што го чувствуваш можеби ти ја одземаат силата да одиш на христијанските состаноци.

Во една таква ситуација, треба да постапиш мудро. Во Изреки 18:1 е запишана опомената: „Оној што се изолира, оди по своите себични желби, се спротивставува на секоја мудрост“. Со тоа што редовно ќе одиш на христијанските состаноци и покрај тоа што чувствуваш длабока болка, ќе можеш да црпиш од еден важен извор на поука и охрабрување. „Во почетокот едноставно не сакав да се видам со никого“, признава Џој. „Но, се потсетував на тоа колку е важно да продолжам редовно да ги извршувам духовните активности. Освен тоа, ако останев дома, постојано ќе мислев на проблемите што ги имав. Состаноците ми помогнаа мислите да ги насочам на изградувачките духовни работи. Многу сум благодарна што не се изолирав од другите и што не се лишив од грижливата поддршка што ми ја дадоа моите браќа и сестри“ (Евреите 10:24, 25).

Исто така, не заборавај дека секој поединец во едно семејство мора да „го носи својот товар“ на одговорност што ја има како христијанин (Галатите 6:5). Јехова очекува родителите да ги сакаат и да ги воспитуваат своите деца. Исто така, очекува од децата да ги слушаат и да ги почитуваат своите родители. Ако родителите даваат сѐ од себе за да ги воспитаат своите деца ‚со стега од Јехова и да им помагаат да го усвојат неговиот начин на размислување‘, и самите родители ќе стекнат добро име пред Бог (Ефешаните 6:1-4). Ако едно дете се побуни против грижливата стега што ја добива од родителите, самото тоа си го нарушува својот добар глас. „Детето се познава по она што го прави, дали е неговото дело чисто и исправно“, пишува во Изреки 20:11. Со побуната на Сатана сигурно не бил нарушен добриот глас на Јехова во очите на оние што точно знаеле што се случило.

Спротивстави му се на Ѓаволот

„Бидете трезвени, бдејте!“, опоменува Петар. „Вашиот противник, Ѓаволот, оди наоколу како разрикан лав и бара некого да проголта“ (1. Петрово 5:8). Како некој лав, Ѓаволот честопати ги зема на мета младите и неискусните. Во старо време, во Израел имало лавови кои претставувале опасност за домашните животни. Ако едно јагненце се одвоело од стадото, ќе станело лесен плен за грабливците. Овцата инстинктивно ќе си го ризикувала животот за да го заштити јагнето. Меѓутоа, дури и една возрасна овца не му е рамна на еден лав. Затоа биле потребни храбри пастири што ќе го заштитат стадото (1. Самоилова 17:34, 35).

За да ги заштити своите симболични овци од ‚разриканиот лав‘, Јехова се погрижил да има духовни пастири што ќе се грижат за стадото под водство на „врховниот пастир“, Исус Христос (1. Петрово 5:4). Петар им ја упатува следнава опомена на тие именувани мажи: „Пасете го Божјето стадо кое ви е доверено — не со сила, туку доброволно; не поради нечесна добивка, туку горливо“ (1. Петрово 5:1, 2). Со соработка од ваша страна како родители, овие пастири можат да успеат да му помогнат на еден млад човек да се врати на правиот пат.

Кога христијанските пастири треба да му дадат совет на твоето бунтовно и непослушно дете, можеби ти доаѓа желба да го заштитиш од дисциплинската мерка. Но, тоа би било сериозна грешка. Петар вели: „Спротивставете му се“ на Ѓаволот — а не на духовните пастири (1. Петрово 5:9).

Кога треба да се даде строга дисциплинска мерка

Ако твоето дете не се кае а е крстен христијанин, може да ја добие најстрогата дисциплинска мерка — да биде исклучено од собранието. Тогаш, од неговата возраст и од други околности ќе зависи колку ќе можеш да контактираш со него.

Ако детето е малолетно и живее дома, секако дека ќе продолжиш да се грижиш за неговите физички потреби. Исто така, ќе му треба морално воспитување и стега, и ти имаш одговорност да се погрижиш за тоа (Изреки 1:8-18; 6:20-22; 29:17). Може да проучуваш со него, при што детето активно ќе учествува. Може да му посочиш различни библиски стихови и публикации што ги обезбедува „верниот и разборит роб“ (Матеј 24:45). Исто така, може да доаѓа на христијанските состаноци, каде што ќе седи до тебе. Сето ова ќе можеш да го правиш со надеж дека ќе го прифати библискиот совет.

Ситуацијата е поинаква ако исклучениот не е малолетник и не живее дома. Апостол Павле ги опоменал христијаните во древниот Коринт: „Да престанете да се дружите со секој што се нарекува брат, а е блудник, или алчен, или идолопоклоник, или зборува погрдно, или е пијаница, или изнудувач — со таков дури и да не јадете!“ (1. Коринќаните 5:11). Иако поради грижата за потребните семејни работи ќе треба да се одржуваат извесни контакти со оној што е исклучен, родителот што е христијанин треба да се труди да избегнува непотребно да биде во друштвото на својот син или ќерка што е исклучен.

Кога христијанските старешини ќе преземат дисциплинска мерка против твоето дете што згрешило, не би било мудро да ја отфрлиш или да ја потцениш нивната библиска постапка. Со тоа што ќе застанеш на страната на своето бунтовно дете, нема да му обезбедиш никаква вистинска заштита од Ѓаволот. Всушност, така само ќе си го загрозиш сопственото духовно здравје. Од друга страна, пак, со тоа што ќе соработуваш со чекорите што ги презеле старешините, ќе останеш ‚цврст во верата‘ и најмногу ќе му помогнеш на своето дете (1. Петрово 5:9).

Јехова ќе ти помогне

Ако твоето дете стане бунтовно и престане да те слуша, мисли на тоа дека твојот случај не е единствен. Истото им се случило и на други христијански родители. Без оглед на неволјите што ги доживуваме, Јехова може да ни помогне (Псалм 68:19).

Постојано моли го Јехова за поткрепа. Редовно оди во христијанското собрание. Прифати ги дисциплинските мерки што ги презеле именуваните старешини. Тоа ќе ти помогне да останеш верен. А твојот добар пример може да му помогне на твоето дете да го прифати нежниот повик од Јехова да му се врати (Малахија 3:6, 7).

[Слики на страница 18]

Црпи сила од молитвите и од христијанското собрание

    Публикации на македонски јазик (1991 — 2025)
    Одјави се
    Најави се
    • македонски
    • Сподели
    • Подесување
    • Copyright © 2025 Watch Tower Bible and Tract Society of Pennsylvania
    • Услови за користење
    • Полиса за приватност
    • Поставки за приватност
    • JW.ORG
    • Најави се
    Сподели