-
Дали навистина имаш вера во добрата вест?Стражарска кула 2003 | 15 Јануари
-
-
секој товар и грев кој лесно нѐ заплеткува, и со истрајност да трчаме во трката што стои пред нас, додека внимателно гледаме на Главниот Застапник и Усовршител на нашата вера, Исус“ (Евреите 12:1, 2). Што е ‚гревот кој лесно нѐ заплеткува‘? Тоа е недостигот на вера, дури и губење на верата што човек некогаш ја поседувал. За да задржиме цврста вера, мораме ‚внимателно да гледаме на Исус‘ и да го следиме неговиот пример. Исто така, треба да го отфрлиме неморалот, да се бориме против делата на телото и да избегнуваме материјализам, световни филозофии и небиблиски традиции (Галатите 5:19—21; Колошаните 2:8; 1. Тимотеј 6:9, 10; Јуда 3, 4). Освен тоа, мораме да веруваме дека Бог е со нас и дека советот во неговата Реч навистина е делотворен.
6, 7. Зошто е исправно да се молиме за вера?
6 Не можеме да создадеме вера во себе со силата на сопствената волја. Верата е дел од плодовите на Божјиот свет дух, односно активна сила (Галатите 5:22, 23). Но, што ако треба да ја зајакнеме својата вера? Исус рекол: „Ако вие . . . знаете како да им давате на своите деца добри дарови, колку повеќе Таткото на небото ќе им даде свет дух на оние кои го молат!“ (Лука 11:13). Да, да се молиме за свет дух бидејќи тој може да ја создаде во нас верата што е потребна за да ја извршуваме Божјата волја дури и под најтешки околности (Ефешаните 3:20).
7 Исправно е да молиме за повеќе вера. Непосредно пред Исус да истера демон од едно младо момче, татко му на момчето преколнувал: „Имам вера! Помогни ми таму каде што ми треба вера!“ (Марко 9:24). „Дај ни уште вера“, рекле Исусовите ученици (Лука 17:5). Затоа, да се молиме за вера, уверени дека Бог ќе одговори на таквите молитви (1. Јованово 5:14).
Верата во Божјата реч е многу важна
8. Како може да ни помогне верата во Божјата реч?
8 Кратко пред својата жртвена смрт, Исус им рекол на своите следбеници: „Да не се вознемирува вашето срце. Практикувајте вера во Бог, практикувајте вера и во мене“ (Јован 14:1). Како христијани, ние имаме вера во Бог и во неговиот Син. Но, што е со Божјата реч? Таа може да врши силно позитивно влијание во нашиот живот ако ја проучуваме и ако ја применуваме со целосна увереност дека таа го дава најдобриот совет и водство што ни стои на располагање (Евреите 4:12).
9, 10. Како би го објаснил она што е речено за верата во Јаков 1:5—8?
9 Нашиот живот како несовршени луѓе е исполнет со неволји. Меѓутоа, верата во Божјата реч навистина може да ни помогне (Јов 14:1). На пример, да претпоставиме дека не знаеме како да се справиме со извесен испит. Божјата реч ни го дава следниов совет: „Ако некому од вас му недостига мудрост, постојано нека бара од Бог, зашто тој им дава дарежливо на сите и без прекорување; и ќе му се даде. Но постојано нека бара со вера, не сомневајќи се ни најмалку, зашто оној кој се сомнева е како морски бран кого ветрот го носи и тера ваму-таму. Всушност, тој човек нека не мисли дека ќе добие нешто од Јехова; тој е неодлучен човек, неутврден на сите свои патишта“ (Јаков 1:5—8).
10 Јехова Бог нема да нѐ прекори ако ни недостига мудрост и ако се молиме за неа. Напротив, тој ќе ни помогне исправно да гледаме на испитот. Вниманието може да ни биде насочено кон корисни стихови од страна на соверниците или додека ја проучуваме Библијата. Или, пак, Јеховиниот свет дух би можел да нѐ води на некој друг начин. Нашиот небесен Татко ќе ни даде мудрост да се справиме со испитите ако ‚постојано бараме со вера, не сомневајќи се ни најмалку‘. Ако сме како некој морски бран носен од ветрот, не можеме да очекуваме да добиеме нешто од Бог. Зошто? Затоа што тоа би значело дека сме неодлучни и непостојани во молитвата или на други начини — да, дури и во практикувањето вера. Затоа треба да имаме цврста вера во Божјата реч и во водството што го дава таа. Да разгледаме некои примери за тоа како Библијата ни дава помош и водство.
Верата и средствата за живот
11. Какво уверување во врска со нашите секојдневни потреби ни дава верата во Божјата реч?
11 Што ако во моментов трпиме оскудица или сиромаштија? Верата во Божјата реч ни го дава осигуреното очекување дека Јехова ќе се грижи за нашите секојдневни потреби и дека, во свое време, изобилно ќе се погрижи за сите што го љубат (Псалм 72:16; Лука 11:2, 3). Ќе биде охрабрувачки да размислиме за тоа како Јехова обезбедил храна за својот пророк Илија во време на еден глад. Подоцна, Бог со чудо снабдувал доволно брашно и масло за да се одржат во живот една жена, нејзиниот син и Илија (1. Цареви 17:2—16). Јехова на сличен начин се погрижил и за пророкот Еремија додека траела вавилонската опсада на Ерусалим (Еремија 37:21). Иако Еремија и Илија немале многу за јадење, Јехова се грижел за нив. Тој го прави истото и за оние што практикуваат вера во него денес (Матеј 6:11, 25—34).
12. Како ќе помогне верата да ги имаме основните работи?
12 Верата, заедно со примената на библиските начела, нема да нѐ направи материјално богати, но ќе ни помогне да ги имаме основните работи. Да илустрираме: Библијата нѐ советува да бидеме чесни, способни, трудољубиви луѓе (Пословици 22:29; Проповедник 5:17, 18; 2. Коринќаните 8:21). Никогаш не треба да ја потценуваме вредноста на тоа да бидеме на добар глас како работници. Дури и во места каде што нема многу добро платени работни места, на чесните, вешти, трудољубиви работници им е подобро отколку на другите. Иако таквите работници можеби имаат малку во материјален поглед, обично ги имаат најосновните работи и го имаат задоволството да јадат храна што ја заработуваат самите (2. Солуњаните 3:11, 12).
Верата ни помага да ја поднесеме жалоста
13, 14. Како ни помага верата да ја поднесеме жалоста?
13 Божјата реч реалистично покажува дека е природно да се жали кога ќе умре некој сакан. Верниот патријарх Авраам ја оплакувал смртта на својата сакана сопруга Сара (Битие 23:2). Давид многу жалел откако чул за смртта на својот син Авесалом (2. Самоил 18:33). Дури и совршениот човек Исус плачел поради смртта на својот пријател Лазар (Јован 11:35, 36). Кога ќе умре некој сакан, можеби доживуваме речиси неподнослива болка, но верата во ветувањата од Божјата реч може да ни помогне да ја поднесеме таквата жалост.
14 „Имам надеж во Бог“, рекол Павле, „дека ќе има воскресение и на праведните и на неправедните“ (Дела 24:15). Треба да имаме вера во Божјата подготовка мноштва луѓе да бидат подигнати во живот (Јован 5:28, 29). Меѓу нив ќе бидат Авраам и Сара, Исак и Ревека, Јаков и Лија — кои сега спијат во смрт и очекуваат воскресение во Божјиот нов свет (Битие 49:29—32). Колкава само ќе биде радоста кога нашите сакани ќе бидат разбудени од смртниот сон за да живеат овде на земјата! (Откровение 20:11—15). Во меѓувреме, верата нема да ја отстрани секоја болка, но ќе нѐ држи близу до Бог, кој ни помага да ја поднесеме загубата (Псалм 121:1—3; 2. Коринќаните 1:3).
Верата ги зајакнува депримираните
15, 16. а) Зошто можеме да речеме дека депресијата кај оние што практикуваат вера не е нешто ново? б) Што можеме да сториме за да се справиме со депресијата?
15 Божјата реч исто така покажува дека дури и оние што практикуваат вера можат да станат жртви на депресија. За време на неговиот тежок испит, Јов се чувствувал како Бог да го напуштил (Јов 29:2—5). Поради тоа што Ерусалим и неговите ѕидини биле разурнати, Неемија бил нерасположен (Неемија 2:1—3). Петар бил толку скршен откако се одрекол од Исус што ‚горко заплакал‘ (Лука 22:62). А Павле ги поттикнал соверниците во собранието во Солун да ‚им зборуваат утешно на депримираните души‘ (1. Солуњаните 5:14). Значи, депресијата на оние што практикуваат вера денес не е нешто ново. Тогаш, што можеме да сториме за да се справиме со депресијата?
16 Можеби сме депримирани затоа што се соочуваме со некои сериозни проблеми. Наместо да гледаме на нив како на една голема неволја, можеби ќе можеме да ги решаваме еден по еден применувајќи ги библиските начела. Тоа може да ни помогне да се намали депресијата. Урамнотежената активност и соодветниот одмор можат исто така да бидат од помош. Едно е сигурно: Верата во Бог и во неговата Реч унапредува духовна благосостојба затоа што го зајакнува нашето уверување дека тој навистина се грижи за нас.
17. Од каде знаеме дека Јехова се грижи за нас?
17 Петар ни го дава ова утешно уверување: „Понизете се под моќната Божја рака за да ве возвиши во вистинско време; додека сета своја тегобна грижа ја фрлате на него, зашто тој се грижи за вас“ (1. Петрово 5:6, 7). Псалмистот пеел: „Господ ги поткрепува сите кои паѓаат и Тој ги исправа наведнатите“ (Псалм 145:14). Треба да веруваме во овие уверувања бидејќи тие се наоѓаат во Божјата реч. Иако депресијата може да потрае, колку само ја зајакнува верата сознанието дека можеме да ја фрлиме сета своја тегобна загриженост врз нашиот љубезен небесен Татко!
Верата и другите искушенија
18, 19. На кој начин верата ни помага да се справиме со болеста и да ги тешиме соверниците што се болни?
18 Можеби ќе доживееме голем испит на нашата вера ако ние или некој наш сакан заболи од некоја сериозна болест. Иако Библијата не известува дека христијаните како што се Епафродит, Тимотеј и Трофим биле излекувани со чудо, Јехова несомнено им помогнал да издржат (Филипјаните 2:25—30; 1. Тимотеј 5:23; 2. Тимотеј 4:20). Освен тоа, во врска со „оној кој мисли на бедниот“, псалмистот пеел: „Господ ќе го поткрепи на леглото при болест, болеста ќе му ја сврти во сила“ (Псалм 41:1—3). Како можат зборовите на псалмистот да ни помогнат да ги тешиме соверниците што се болни?
19 Еден начин да им дадеме духовна помош е да се молиме со и за оние што се болни. Иако денес нема да бараме чудотворни лекувања, можеме да молиме Бог да им даде цврстина да ја поднесат болеста и да им ја даде духовната сила што им е потребна за да ги издржат таквите периоди на слабост. Јехова ќе ги поткрепи, а нивната вера ќе биде зајакната со тоа што ќе гледаат на времето кога „ниеден жител нема да рече: ‚болен сум‘“ (Исаија 33:24). Колку само е утешно сознанието дека преку воскреснатиот Исус Христос и со посредство на Божјето царство, послушното човештво ќе биде трајно ослободено од гревот, болеста и смртта! За овие величествени изгледи му благодариме на Јехова, кој ќе ‚ги исцели сите наши болести‘ (Псалм 103:1—3; Откровение 21:1—5).
20. Зошто може да се рече дека верата може да ни помогне да ги поднесеме ‚лошите денови‘ на староста?
20 Верата исто така може да ни помогне да ги поднесеме ‚лошите денови‘ на староста, кога здравјето и силата се намалуваат (Проповедник 12:1—7). Затоа, оние од нас што се остарени можат да се молат како остарениот псалмист, кој пеел: „Ти Си, Господи, моја надеж . . . Не ме отфрлај на старост: не ме оставај, кога ќе ми се намали силата“ (Псалм 71:5, 9). Псалмистот чувствувал потреба Јехова да го поткрепи, како што чувствуваат и многу сохристијани што остареле во Божјата служба. Заради нивната вера, тие можат да бидат уверени дека ја имаат неисцрпната поддршка од Јеховините вечни раце (Второзаконие 33:27).
Задржи вера во Божјата реч
21, 22. Ако имаме вера, како влијае таа врз нашиот однос со Бог?
21 Верата во добрата вест и во целата Божја реч ни помага уште повеќе да му се приближиме на Јехова (Јаков 4:8). Точно, тој е нашиот Суверен Господ, но тој исто така е наш Творец и Татко (Исаија 64:8; Матеј 6:9; Дела 4:24). „Татко мој! Боже мој и карпа на моето спасение“, пеел псалмистот (Псалм 89:26). Ако практикуваме вера во Јехова и во неговата инспирирана Реч, и ние можеме да го сметаме за ‚карпа на нашето спасение‘. Колку само го радува срцето таа предност!
22 Јехова е Татко на христијаните родени со дух и на нивните придружници што имаат земна надеж (Римјаните 8:15). А верата во нашиот небесен Татко никогаш не води до разочарување. Давид рекол: „Ако татко ми и мајка ми ме остават, Господ ќе ме прими“ (Псалм 27:10). Освен тоа, го имаме ова уверување: „Господ нема да го отфрли Својот народ, заради Своето величествено име“ (1. Самоил 12:22).
23. Што се бара од нас за да имаме траен однос со Јехова?
23 Се разбира, за да уживаме траен однос со Јехова мораме да имаме вера во добрата вест и да го прифатиме Писмото како тоа што навистина е — реч Божја (1. Солуњаните 2:13). Мораме да имаме безусловна вера во Јехова и да дозволиме неговата Реч да го осветлува нашиот пат (Псалм 119:105; Пословици 3:5, 6). Нашата вера ќе расте додека го молиме уверени во неговото сочувство, милост и поддршка.
24. Која утешна мисла е изнесена во Римјаните 14:8?
24 Верата нѐ поттикнала да му се предадеме на Бог за сета вечност. Ако имаме цврста вера, дури и да умреме, ние сме негови предадени слуги со надеж во воскресение. Да, „и да живееме и да умираме, на Јехова му припаѓаме“ (Римјаните 14:8). Да ја чуваме во срцето таа утешна мисла додека ја задржуваме нашата доверба во Божјата реч и продолжуваме да имаме вера во добрата вест.
-
-
Колку е силна твојата вера?Стражарска кула 2003 | 15 Јануари
-
-
Колку е силна твојата вера?
„Вие преку вашата вера стоите“ (2. КОРИНЌАНИТЕ 1:24).
1, 2. Зошто мораме да имаме вера, и како може таа да стане посилна?
ЈЕХОВИНИТЕ слуги знаат дека мораат да имаат вера. Всушност, ‚без вера е невозможно да му се угоди на Бог‘ (Евреите 11:6). Затоа, мудро се молиме за свет дух и за вера, која е дел од неговите пожелни плодови (Лука 11:13; Галатите 5:22, 23). Имитирањето на верата на соверниците може исто така да ја зајакне оваа особина кај нас (2. Тимотеј 1:5; Евреите 13:7).
2 Нашата вера ќе стане поцврста ако продолжиме да се стремиме по правецот што им го покажува Божјата реч на сите христијани. Верата може да ни се зголеми ако секојдневно ја читаме Библијата и марливо го проучуваме Писмото со помош на публикациите што ни ги обезбедува ‚верниот настојник‘ (Лука 12:42—44; Исус Навин 1:7, 8). Се храбриме меѓусебно со нашата вера преку редовното присуство на христијанските состаноци, собири и конгреси (Римјаните 1:11, 12; Евреите 10:24, 25). Исто така, нашата вера е зајакната кога им зборуваме на другите во службата (Псалм 145:10—13; Римјаните 10:11—15).
3. Во поглед на верата, каква помош добиваме од христијанските старешини полни со љубов?
3 Давајќи библиски совети и охрабрување, христијанските старешини полни со љубов ни помагаат да ја изградиме верата. Тие имаат дух како оној на апостол Павле, кој им рекол на коринќаните: „[Ние] сме соработници на вашата радост, бидејќи вие преку вашата вера стоите“ (2. Коринќаните 1:23, 24). Еден друг превод гласи: „Работиме со вас за да ве израдуваме, затоа што вашата вера е силна“ (Contemporary English Version). Праведните живеат поради верата. Се разбира, никој друг не може да практикува вера наместо нас или да нѐ направи лојални чувари на интегритетот. Во овој поглед, мораме да ‚го носиме својот сопствен товар‘ (Галатите 3:11; 6:5).
4. Како можат библиските извештаи за верните Божји слуги да ни помогнат да ја зајакнеме својата вера?
4 Писмото изобилува со извештаи за оние што имале вера. Можеби сме запознати со многу нивни извонредни дела, но што е со верата што ја покажувале од ден на ден, можеби во текот на еден долг животен век? Ако сега размислиме за тоа како ја покажале оваа одлика во околности слични на нашите, тоа може да ни помогне да си ја зајакнеме верата.
Верата ни дава храброст
5. Каков доказ од Писмото постои дека верата нѐ зајакнува храбро да ја објавуваме Божјата реч?
5 Верата нѐ зајакнува да ја објавуваме Божјата реч со храброст. Енох храбро го претскажал извршувањето на божествениот суд. „Гледај!“, рекол тој, „Јехова дојде со своите свети миријади за да изврши суд над сите, и да ги прогласи за виновни сите безбожни поради сите нивни безбожни дела што ги извршија на безбожен начин и поради сите шокантни работи што ги зборуваа безбожните грешници против него“ (Јуда 14, 15). Кога ги слушнале тие зборови, безбожните непријатели на Енох сигурно сакале да го убијат. Сепак, тој со смелост зборувал отворено со вера, а Бог ‚го зел‘ заспивајќи го во смрт, веројатно без да дозволи тој да ги доживее нејзините болки (Битие 5:24; Евреите 11:5). Ние не доживуваме такви чуда, но Јехова одговара на нашите молитви за да можеме да ја објавуваме неговата Реч со вера и храброст (Дела 4:24—31).
6. Како му помогнале на Ное верата и храброста што му ги дал Бог?
6 Со вера Ное ‚изградил арка за спасение на своето домаќинство‘ (Евреите 11:7; Битие 6:13—22). Ное бил и ‚проповедник на праведноста‘, кој храбро им го објавувал Божјето предупредување на луѓето што живееле во негово време (2. Петрово 2:5). Тие сигурно се потсмевале на неговата порака за некаков претстоен Потоп, исто како што некои луѓе се потсмеваат кога им даваме библиски доказ дека сегашниов систем на работи наскоро ќе биде уништен (2. Петрово 3:3—12). Меѓутоа, исто како Енох и Ное, и ние можеме да објавуваме таква порака поради нашата вера и храброста што ни ја дава Бог.
Верата нѐ прави стрпливи
7. На кој начин Авраам и други личности покажале вера и стрпливост?
7 Потребна ни е вера и стрпливост, особено додека го очекуваме крајот на овој злобен систем. Меѓу оние ‚кои преку вера и стрпливост ќе ги наследат ветувањата‘ е богобојазливиот патријарх Авраам (Евреите 6:11, 12). Со вера тој го напуштил градот Ур, со сите негови предности, и станал странец во една туѓа земја што му ја ветил Бог. Исак и Јаков биле наследници на истото ветување. Меѓутоа, ‚сите овие умреле во вера, иако не го добиле исполнувањето на ветувањата‘. Со вера тие ‚тежнееле по едно подобро место, односно она кое му припаѓа на небото‘. Затоа, Бог ‚им подготвил град‘ (Евреите 11:8—16). Да, Авраам, Исак и Јаков — како и нивните побожни сопруги — стрпливо го чекале Божјето небесно Царство, под кое ќе бидат воскреснати за живот на земјата.
8. И покрај кои работи покажале стрпливост и вера Авраам, Исак и Јаков?
8 Авраам, Исак и Јаков не ја изгубиле верата. Тие не ја добиле во посед Ветената земја и не доживеале сите нации да бидат благословени преку семето на Авраам (Битие 15:5—7; 22:15—18). Иако ‚градот чиј градител е Бог‘ требало да стане реалност дури откако ќе поминеле векови, овие мажи продолжиле да покажуваат вера и стрпливост во текот на целиот свој живот. Сигурно дека треба да го правиме истото сега, кога месијанското Царство веќе е реалност на небото (Псалм 42:5, 11; 43:5).
Верата ни дава највозвишени цели
9. Како влијае верата врз целите?
9 Верните патријарси никогаш не го усвоиле изопачениот ханански начин на живот, бидејќи имале многу повозвишени цели. На сличен начин, верата и нам ни дава духовни цели што ни помагаат да се спротивставиме на тоа да се претопиме во светот што лежи во моќта на злобниот, Сатана Ѓаволот (1. Јованово 2:15—17; 5:19).
10. Од каде знаеме дека Јосиф се стремел по една многу повозвишена цел отколку да стекне углед во светот?
10 Со божествено водство, Јакововиот син Јосиф служел како управител над храната во Египет, но тој немал цел да биде славен човек во овој свет. Со вера во исполнувањето на Јеховините ветувања, 110-годишниот Јосиф им рекол на своите браќа: „Еве, јас ќе умрам скоро, но Бог, навистина, ќе се сети за вас и ќе ве изведе од земјава во земјата што им ја вети, под заклетва, на Авраама, Исака и Јакова“. Јосиф замолил да биде погребан во земјата на ветувањето. Кога умрел, бил балсамиран и положен во мртовечки сандак во Египет. Но, кога Израелците биле избавени од египетското ропство, пророкот Мојсеј наредил да се понесат Јосифовите коски за да се погребат во Ветената земја (Битие 50:22—26; Излез 13:19). Верата како онаа на Јосиф треба да нѐ поттикне да се стремиме по далеку повозвишени цели отколку да стекнеме углед во светот (1. Коринќаните 7:29—31).
11. На кој начин Мојсеј дал доказ дека имал духовни цели?
11 Мојсеј ‚избрал да биде малтретиран заедно со Божјиот народ наместо да го има привременото уживање на гревот‘ како високо образован член на египетското кралско семејство (Евреите 11:23—26; Дела 7:20—22). Поради тоа изгубил углед во светот и можеби величествен погреб во накитен мртовечки сандак во некое прочуено место во Египет. Но, од каква вредност би било тоа во споредба со предноста да се биде ‚Божји човек‘, посредник на сојузот на Законот, Јеховин пророк и писател на Библијата? (Езра 3:2). Дали посакуваш угледен напредок во светот или, пак, верата ти дала многу повозвишени духовни цели?
Верата води до наградувачки живот
12. Како влијаела верата врз животот на Раав?
12 Верата не само што им дава на луѓето највозвишени цели туку им дава и наградувачки живот. Раав од Јерихон сигурно не наоѓала голема смисла во својот живот на блудница. Сепак, колку само се променило тоа кога почнала да практикува вера! Таа била ‚прогласена за праведна со дела [на вера], откако гостољубиво ги примила гласниците [од Израел] и ги испратила по друг пат‘, така што тие им избегале на своите ханански непријатели (Јаков 2:24—26). Признавајќи го Јехова како вистински Бог, Раав покажала вера и на тој начин што го напуштила својот живот на проституција (Исус Навин 2:9—11; Евреите 11:30, 31). Таа се омажила за слуга на Јехова, а не за неверен Хананеец (Второзаконие 7:3, 4; 1. Коринќаните 7:39). Раав имала величествена предност да стане предок на Месијата (1. Летопис 2:3—15; Рут 4:20—22; Матеј 1:5, 6). Исто како другите, од кои некои напуштиле неморален живот, таа ќе добие уште една награда — воскресение за живот на рајска земја.
13. Каков грев направил Давид во поглед на Витсавеја, но каков став покажал?
13 Откако го напуштила својот грешен живот, изгледа дека Раав продолжила да живее праведно. Меѓутоа, некои што долго време му биле предадени на Бог направиле тешки гревови. Цар Давид извршил прељуба со Витсавеа, дал да се убие нејзиниот сопруг во битка и потоа ја зел за жена (2. Самоил 11:1—27). Каејќи се со голема болка, Давид го молел Јехова: „Не одземај го Твојот Свет Дух од мене“. Давид не го изгубил Божјиот дух. Тој имал вера дека Јехова, во својата милост, нема да презре „скршено и здробено срце“ поради гревот (Псалм 51:11, 17, NW; 103:10—14, NW). Поради нивната вера, Давид и Витсавеја имале наградувачко место во лозата на Месијата (1. Летописи 3:5; Матеј 1:6, 16; Лука 3:23, 31).
Вера зајакната со уверување
14. Какви уверувања добил Гедеон, и како може да влијае овој извештај врз нашата вера?
14 Иако одиме по вера, понекогаш може да ни биде потребно уверување во божествената помош. Тоа било случај со судијата Гедеон, еден од оние „кои со вера поразија царства“ (Евреите 11:32, 33). Кога Мадијамците и нивните сојузници го нападнале Израел, Божјиот дух го обзел Гедеон. Сакајќи да добие уверување дека Јехова е со него, тој предложил да го испита Бог со едно волнено руно оставено на гумно во текот на ноќта. При првиот испит, роса се појавила само на руното, додека земјата останала сува. При вториот испит било обратно. Зајакнат од овие уверувања, претпазливиот Гедеон дејствувал со вера и ги поразил непријателите на Израел (Судии 6:33—40; 7:19—25). Ако бараме уверување кога се соочуваме со некоја одлука, тоа не значи дека ни недостига вера. Ние, всушност, покажуваме вера консултирајќи ја Библијата и христијанските публикации и молејќи се за водство од светиот дух кога донесуваме одлуки (Римјаните 8:26, 27).
15. Како може да ни помогне тоа што ќе размислуваме за верата на Варак?
15 Верата на судијата Варак била зајакната со уверување во облик на охрабрување. Пророчицата Девора го поттикнала да преземе иницијатива да ги ослободи Израелците од угнетувањето на хананскиот цар Јавин. Со вера и со уверување во божествената поддршка, Варак повел 10.000 слабо опремени мажи во битка и ги победил Јавиновите многу поголеми сили со кои командувал Сисар. Победата била прославена со восхитувачката песна на Девора и Варак (Судии 4:1—5:31). Девора го охрабрила Варак да дејствува како израелски водач наименуван од Бог, и тој бил еден од Јеховините слуги кои преку вера ‚ги растерале војските на туѓинци‘ (Евреите 11:34). Размислувањето за тоа како Бог го благословил Варак затоа што дејствувал со вера може да нѐ поттикне на акција ако сме малку колебливи во врска со исполнувањето на некоја предизвикувачка доделба во Јеховината служба.
Верата унапредува мир
16. Каков добар пример дал Авраам стремејќи се по мир со Лот?
16 Исто како што верата ни помага да исполниме тешки доделби во Божјата служба, таа унапредува мир и спокојство. Остарениот Авраам му дозволил на својот помлад внук Лот да ги избере најдобрите пасишта кога нивните овчари се карале и станало неопходно тие да се поделат (Битие 13:7—12). Авраам сигурно се молел со вера за Божја помош во решавањето на овој проблем. Наместо да ги стави на прво место своите сопствени интереси, тој мирољубиво ги средил работите. Ако се најдеме во расправија со некој наш христијански брат, да се молиме со вера и ‚да бараме мир‘, имајќи го на ум примерот за љубезен обѕир што го дал Авраам (1. Петрово 3:10—12).
17. Зошто можеме да речеме дека еден очигледен расцеп во кој биле вклучени Павле, Варнава и Марко бил надминат на мирољубив начин?
17 Разгледај како применувањето на христијанските начела со вера може да ни помогне да унапредуваме мир. Токму пред Павле да тргне на своето второ мисионерско патување, Варнава се согласил на предлогот повторно да ги посетат собранијата во Кипар и Мала Азија. Меѓутоа, Варнава сакал да го поведат со себе и неговиот братучед Марко. Павле не се согласил затоа што Марко ги напуштил во Памфилија. Дошло до „жесток излив на гнев“ и таа расправија довела до тоа да се одвојат. Варнава го повел Марко со себе на Кипар, додека Павле го избрал Сила како свој придружник и ‚поминал низ Сирија и Киликија, јакнејќи ги собранијата‘ (Дела 15:36—41). Со текот на времето, очигледниот расцеп бил надминат, бидејќи Марко бил со Павле во Рим и апостолот зборувал позитивно за него (Колошаните 4:10; Филемон 23, 24). Кога Павле бил затвореник во Рим, некаде во 65 н.е., му рекол на Тимотеј: „Земи го Марко и доведи го со себе зашто ми е корисен во службата“ (2. Тимотеј 4:11). Изгледа дека Павле го направил својот однос со Варнава и Марко предмет на неговите молитви со вера, а од тоа произлегло спокојството што е поврзано со „мирот Божји“ (Филипјаните 4:6, 7).
18. Што веројатно се случило во случајот со Еводија и Синтихија?
18 Се разбира, бидејќи сме несовршени, „сите ние се спрепнуваме многу пати“ (Јаков 3:2). Се појавиле проблеми помеѓу две христијанки, за кои Павле напишал: „Еводија ја поттикнувам и Синтихија ја поттикнувам да бидат со ист ум во Господ . . . помагај им на тие жени кои рамо до рамо со мене се бореа во добрата вест“ (Филипјаните 4:1—3). Најверојатно овие побожни жени го решиле својот проблем на мирољубив начин применувајќи го советот како што е оној запишан во Матеј 5:23, 24. Примената на библиските начела со вера многу ќе придонесе да унапредуваме мир денес.
Верата ни помага да истраеме
19. Која тешка ситуација никогаш не ја уништила верата на Исак и Ревека?
19 Со вера можеме да истраеме и во неволји. Можеби сме вознемирени затоа што некој крстен член на нашето семејство покажал непослушност кон Бог стапувајќи во брак со неверник (1. Коринќаните 7:39). Исак и Ревека страдале затоа што нивниот син Исав се оженил со безбожни жени. Хетејките им ‚станале извор на огорчение‘ — и тоа толку многу што Ревека рекла: „Ми здодеа мојот живот заради овие жени Хетејки. Ако и Јаков се ожени со некоја Хетејка, какви што се домороткиве, зошто ми е тогаш животот!“ (Битие 26:34, 35; 27:46). Сепак, оваа тешка ситуација никогаш не ја уништила верата на Исак и Ревека. Да задржиме силна вера ако некои тешки околности ни станат предизвик.
20. Кои примери на вера ги имаме во Рут и Ноемина?
20 Остарената вдовица Ноемина била Јудејка и знаела дека извесни Јудејки ќе родат синови што ќе бидат прататковци на Месијата. Меѓутоа, бидејќи нејзините синови умреле без деца а таа ја одминала возраста кога може да роди дете, можноста нејзиното семејство да биде дел од лозата на Месијата навистина била сосема недостижна. Сепак, нејзината овдовена снаа, Рут, му станала сопруга на остарениот Воз, му родила син и станала предок на Исус, Месијата! (Битие 49:10, 33; Рут 1:3—5; 4:13—22; Матеј 1:1, 5). Верата на Ноемина и Рут ги надживеала неволјите и им донела радост. И ние ќе имаме огромна радост ако задржиме вера наспроти неволји.
21. Што прави за нас верата и на што треба да бидеме решени?
21 Иако не можеме да кажеме што ќе донесе новиот ден за секого од нас, со вера можеме да излеземе на крај со секаков предизвик. Верата нѐ прави храбри и стрпливи. Ни дава највозвишени цели и наградувачки живот. Верата има позитивно влијание врз нашиот однос со другите и ги надживува неволјите. Затоа, да бидеме „од оние кои имаат вера за сочувување на душата во живот“ (Евреите 10:39). Со сила од нашиот љубезен Бог, Јехова, и на негова слава, да продолжиме да практикуваме силна вера.
Како би одговорил?
• Кој библиски доказ го имаме дека верата може да нѐ направи храбри?
• Зошто можеме да речеме дека верата ни дава наградувачки живот?
• Како верата унапредува мир?
• Кој доказ го имаме дека верата ни помага да истраеме во неволји?
-