-
Значењето и употребата на Божјето имеШто навистина учи Библијата?
-
-
Бог лично му го објаснил значењето на своето име на својот верен слуга Мојсеј. Кога Мојсеј го прашал Бог како гласи неговото име, Јехова одговорил: „Ќе станам сѐ што ќе посакам да станам“ (2. Мојсеева 3:14). Значи, Јехова може да стане сѐ што е потребно за да ги исполни своите намери. Исто така, тој може да предизвика и неговите созданија да станат сѐ што е потребно за да се исполни неговата намера.
Да речеме дека би можел да станеш сѐ што ќе посакаш. Што би направил за своите пријатели? Ако еден од нив тешко се разболи, би можел да станеш добар доктор и да го излекуваш. Ако некој друг пријател претрпи финансиска загуба, би можел да станеш богат добротвор и да му помогнеш. Но, за жал, ти не можеш да станеш сѐ што ќе посакаш. Истото важи за сите нас. Додека ја проучуваш Библијата, ќе се воодушевиш кога ќе видиш дека Јехова станува сѐ што е потребно за да ги исполни своите ветувања. Освен тоа, тој е секогаш спремен да ја употреби својата сила во полза на оние што го сакаат (2. Летописи 16:9). Овие прекрасни црти на Јеховината личност остануваат скриени за оние што не го знаат неговото име.
Сосема е јасно дека името Јехова треба да стои во Библијата. Тоа што често го користиме ова име и го знаеме неговото значење, многу ќе ни помогне да се зближиме со нашиот небесен Татко, Јехова.a
-
-
Како пророштвото на Даниел го претскажува доаѓањето на МесијатаШто навистина учи Библијата?
-
-
ДОДАТОК
Како пророштвото на Даниел го претскажува доаѓањето на Месијата
ПРОРОКОТ Даниел живеел повеќе од 500 години пред раѓањето на Исус. Сепак, Јехова му открил на Даниел информации врз основа на кои можело точно да се пресмета времето кога Исус ќе биде помазан, односно назначен за Месија, или Христос. На Даниел му било речено: „Знај и разбери дека од часот кога ќе излезе речта да се обнови и повторно да се изгради Ерусалим па до Месијанскиот Водач ќе поминат седум седмици, и уште шеесет и две седмици“ (Даниел 9:25).
За да го пресметаме времето кога требало да дојде Месијата, најнапред треба да дознаеме кога започнал периодот што водел до неговото доаѓање. Според пророштвото, овој период започнал „од часот кога ќе излезе речта да се обнови и повторно да се изгради Ерусалим“. Кога ,излегла речта‘? Библискиот писател Неемија вели дека наредбата повторно да се изградат ѕидовите на Ерусалим излегла „во дваесеттата година на цар Артаксеркс“ (Неемија 2:1, 5-8). Историчарите потврдуваат дека првата полна година во која владеел Артаксеркс била 474 год. пр.н.е. Според тоа, 20-тата година од неговото владеење била 455 год. пр.н.е. Сега ја имаме појдовната точка за Даниеловото пророштво за Месијата, а тоа е 455 год. пр.н.е.
Даниел покажува колку ќе трае тој период што ќе води до доаѓањето на „Месијанскиот Водач“. Во пророштвото се спомнуваат „седум седмици, и уште шеесет и две седмици“ — што значи, вкупно 69 седмици. Колку време е тоа? Некои библиски преводи велат дека не се работи за седмици од по седум дена, туку за седмици што се состојат од години. Тоа значи дека секоја седмица означува седум години. На Евреите од старо време им бил познат овој концепт за седмици што се состојат од години, односно периоди од по седум години. На пример, секоја седма година била година за одмор (2. Мојсеева 23:10, 11). Според тоа, пророчките 69 седмици се состојат од 69 периоди од по 7 години, што вкупно изнесува 483 години.
Сега треба само уште да пресметаме. Ако на 455 год. пр.н.е. додадеме 483 години, ќе дојдеме до 29 год. од н.е. Токму таа година Исус се крстил и станал Месија!a (Лука 3:1, 2, 21, 22). Зарем не сме воодушевени од ваквото исполнување на ова библиското пророштво?
a Од 455 год. пр.н.е. до 1 год. пр.н.е. поминале 454 години. Од 1 год. пр.н.е. до 1 год. од н.е. поминала една година (бидејќи не постои нулта година). А од 1 год. од н.е. до 29 год. од н.е. поминале 28 години. Кога ќе ги собереме овие три броја, добиваме вкупно 483 години. Исус бил „погубен“ во 33 год. од н.е., додека траела 70-тата седмица од години (Даниел 9:24, 26). Види во книгите Обрни внимание на Даниеловото пророштво!, 11. поглавје, и Увид во Светото писмо, том 2, страници 899-901 (англ.). Двете публикации се издадени од Јеховините сведоци.
-
-
Исус Христос — ветениот МесијаШто навистина учи Библијата?
-
-
ДОДАТОК
Исус Христос — ветениот Месија
ЗА ДА можеме полесно да препознаеме кој е Месијата, Јехова Бог вдахнал многу библиски пророци да запишат детали во врска со раѓањето, службата и смртта на овој ветен Избавител. Сите овие библиски пророштва се исполниле на Исус Христос. Тие се неверојатно точни и детални. За да го потврдиме ова, да разгледаме неколку пророштва во кои се претскажани некои настани поврзани со раѓањето и со детството на Месијата.
Пророкот Исаија прорекол дека Месијата ќе биде потомок на цар Давид (Исаија 9:7). Исус навистина бил роден во лозата на Давид (Матеј 1:1, 6-17).
Михеј, еден друг Божји пророк, прорекол дека тоа дете ќе се роди во ,Витлеем Ефрата‘ и дека еден ден ќе стане владетел (Михеј 5:2). Кога се родил Исус, во Израел имало два града што се викале Витлеем. Едниот се наоѓал во близината на Назарет, во северниот дел на земјата, а другиот бил сместен во близината на Ерусалим, во Јуда. Градот Витлеем што се наоѓал во близината на Ерусалим порано се викал Ефрата. Исус се родил во тој град, токму како што било речено во пророштвото! (Матеј 2:1).
Според едно друго библиско пророштво, Божјиот Син требало да биде повикан „од Египет“. Кога бил дете, Исус бил одведен во Египет. Се вратил оттаму по смртта на Ирод, и со тоа било исполнето ова пророштво (Осија 11:1; Матеј 2:15).
На табелата со наслов „Пророштва во врска со Месијата“, во колоната „Пророштво“, наведени се библиски стихови што содржат детали во врска со Месијата. Спореди ги со стиховите што се наведени во колоната „Исполнување“. Така уште повеќе ќе се зајакне твојата вера во вистинитоста на Божјата Реч.
Додека ги разгледуваш овие стихови, имај на ум дека овие пророштва биле напишани стотици години пред раѓањето на Исус. Тој рекол: „Мора да се исполни сѐ што е напишано за мене во Мојсеевиот закон, во Пророците и во Псалмите“ (Лука 24:44). Како што можеш да провериш во својата Библија, тие навистина се исполниле — и тоа во најситни детали!
-
-
Вистината за Таткото, Синот и светиот духШто навистина учи Библијата?
-
-
ДОДАТОК
Вистината за Таткото, Синот и светиот дух
ЛУЃЕТО што веруваат во учењето за тројство, или Света Троица, велат дека Бог се состои од три личности — Таткото, Синот и светиот дух. Се вели дека сите три личности се еднакви, дека сите се семоќни и дека немаат почеток. Значи, според доктрината за тројството, Таткото е Бог, Синот е Бог и светиот дух е Бог, а сепак има само еден Бог.
-