-
Сите на мрежа!Разбудете се! 2012 | Февруари
-
-
Сите на мрежа!
● Замисли си ја следнава ситуација. За Славе, луѓето велат дека е скаран со технологијата. Со години одбива да стави приклучок, што инаку би му олеснило да контактира со семејството и пријателите. Сите, па дури и неговите деца кои се тинејџери, сакаат да бидат во тек со новата технологија. Славе на шега ѝ вели на својата 16-годишна ќерка: „Каде е времето кога можеше да се видиш со човек и да си направиш муабет!“
Меѓутоа, по некое време Славе е веќе на два ума. Помислува на луѓето што со години ги нема видено. Помислува и на роднините кои се толку зафатени што полека почнуваат да се отуѓуваат. Славе си вели: ‚Ако сакам да останам во контакт со сите нив, изгледа ќе морам и јас да се навикнам на ова чудо‘. Ова е замислена ситуација од 1950-тите години во Македонија. Славе, иако долго време скаран со технологијата, најпосле решава да стави телефон.
Сега дејството на приказната нѐ сели во 2012 год. Никола, внукот на Славе, разговара по телефон со Роберт и Ангела, негови блиски пријатели што сега живеат на другиот крај на светот. Откако ја спушта слушалката, си вели: ‚Не ми се верува дека поминаа десет години!‘ Не може да се изначуди колку брзо лета времето.
Со години, на Никола му беше доволно одвреме-навреме да се чуе по телефон со роднините и пријателите што живеат далеку. Но сега, се чини дека сите — вклучувајќи ги и децата на Никола кои се тинејџери — одржуваат контакти преку социјални мрежи.
И за Никола луѓето мислат дека е скаран со технологијата затоа што не сака да ги следи најновите трендови. „Каде е времето кога можеше да се чуеш со човек по телефон!“ вели тој. Но, Никола почнува да се премислува. ‚Ако сакам да останам во контакт со сите нив, изгледа ќе морам и јас да се навикнам на ова чудо.‘
Дали и ти се чувствуваш како Никола? Луѓето по природа сакаат да комуницираат меѓу себе (1. Мојсеева 2:18; Изреки 17:17). Бидејќи денес мнозина го прават тоа преку социјалните мрежи, што треба да знаеш за нив?
-
-
Зошто се толку популарни?Разбудете се! 2012 | Февруари
-
-
Зошто се толку популарни?
КОИ од следниве начини на комуникација си ги користел во текот на изминатиот месец?
Разговор лице в лице
Рачно напишано писмо или картичка
Телефонски повик
Имејл
СМС-порака
Месинџер
Видеоврска
Социјални мрежи
Денес, како никогаш порано, има толку многу начини на кои можеш да одржуваш контакт со другите. Секој од нив си има и добри и лоши страни. Да разгледаме неколку примери:
РАЗГОВОР ЛИЦЕ В ЛИЦЕ
Добри страни: Ја забележуваш секоја нијанса во изразите на лицето, во тонот на гласот и во гестовите.
Лоши страни: И двете лица мора да одвојат време за да се сретнат.
РАЧНО НАПИШАНО ПИСМО ИЛИ КАРТИЧКА
Добри страни: Срдечен и личен начин на комуникација.
Лоши страни: Треба време за да се напише и денови за да стигне до примачот.
ИМЕЈЛ
Добри страни: Може брзо да се напише и да се испрати.
Лоши страни: Обично не се пренесуваат чувства или може погрешно да се протолкуваат.
Стигнавме до социјалните мрежи. Некои велат дека тоа е најдобриот начин на комуникација. Постојат стотици социјални мрежи, а најпопуларната — Фејсбук — има околу 800 милиони корисници! Во списанието Time стои: „Да беше Фејсбук држава, ќе беше трета најголема држава во светот, веднаш по Кина и Индија“. Што се социјални мрежи, и зошто станаа толку популарни?
Социјална мрежа е веб-страница која им овозможува на корисниците да разменуваат информации со избрана група пријатели. „Тоа е одличен начин да се одржуваат контакти“, вели Џин (21). „Преку социјалните мрежи е лесно да се покажат слики од патувања и некои настани.“
Зошто едноставно не напишеш писмо? ‚Одзема многу време‘, велат некои. Освен тоа, скапо е да вадиш слики. Тогаш, зошто да не се јавиш по телефон? И тоа одзема време — особено затоа што треба да му ѕвониш на секој посебно, а некои нема да бидат дома или нема да можат да разговараат кога можеш ти. А како е со мејловите? „Никој повеќе не одговара на мејлови“, се жали Даниела (20), „па дури и да одговори, тоа може да биде после неколку седмици. На социјалната мрежа само ставам коментар во кој ќе спомнам што правам, а пријателите можат да стават коментар за да кажат како тие си го поминале денот. Сите сме во тек со сѐ веднаш штом ќе се вклучиме. Супер е!“
Тоа не значи дека на социјалните мрежи се водат само празни разговори. На пример, кога ќе се случи некоја катастрофа — како што беа земјотресот и цунамито што на 11 март 2011 год. опустошија делови од Јапонија — многумина ги користат социјалните мрежи за да дознаат како се нивните блиски.
Да видиме што вели Бенџамин кој живее во САД. „По цунамито во Јапонија телефонските врски беа во прекин“, вели тој. „Еден познајник ми кажа дека ѝ испратил мејл на една наша пријателка во Токио, но не добил никаков одговор од неа. Тогаш, го зедов мобилниот телефон, на кој имам пристап на интернет, и го отворив профилот што таа го имаше на една социјална мрежа. Веднаш видов дека ставила кратка порака за да каже дека со неа е сѐ во ред и дека подоцна ќе ни даде повеќе информации.“
Бенџамин понатаму вели: „За да стапам во контакт со моите пријатели што ја познаваат, а немаат профил на социјална мрежа, морав да му пратам мејл на секој од нив поединечно. Ми требаше време за да ги најдам нивните имејл адреси и да му пишам на секој од нив. Некои ми вратија во рок од неколку дена. Еден пријател ми одговори дури по две седмици! Тие пријатели добиваа толку многу мејлови што не стигнуваа да одговорат на сите. Да беа на некоја социјална мрежа ќе се заштедеше многу време. За само неколку минути, сите ќе беа во тек со најновите информации!“
Очигледно, социјалните мрежи имаат добри страни. Но, дали кријат и некакви опасности? Ако да, кои се тие и како можеш да ги избегнеш?
[Рамка/слики на страница 5]
КАКО ФУНКЦИОНИРА
1. Пишуваш порака (правиш апдејт на статус) на твојот профил.
2. Сите од твојот список со пријатели ја добиваат пораката кога ќе го отворат својот профил — и ти ги добиваш нивните пораки кога ќе го отвориш својот профил.
-
-
Четири прашања во врска со социјалните мрежиРазбудете се! 2012 | Февруари
-
-
Четири прашања во врска со социјалните мрежи
Социјалните мрежи — како и речиси сѐ што е поврзано со интернет — си носат опасности.a Имајќи го ова на ум, разгледај ги следниве прашања.
1. Како социјалните мрежи влијаат врз мојата приватност?
„Многуте зборови не остануваат без грев а кој си ги зауздува усните постапува разборито“ (Изреки 10:19)
Што треба да знаеш. Ако не си претпазлив, информациите, сликите, пораките и коментарите што ги ставаш на твојот профил може да откријат премногу детали. На пример, од нив може да се дознае каде живееш, кога си (и кога не си) дома, каде работиш или каде учиш. Ако ја имаш ставено твојата домашна адреса и плус додадеш кратка порака: „Утре одиме на одмор“, е исто како сам да го каниш крадецот да ти дојде дома.
Други детали — како на пример, твојата имејл адреса, датумот на раѓање или телефонскиот број — можат да те изложат на опасност од вознемирување, малтретирање или кражба на идентитет. Сепак, многумина лесно откриваат такви информации на својот профил.
Луѓето брзо забораваат дека, кога ќе стават нешто на интернет, секој има пристап до тоа. Дури и да изберат опција нивните пораки да ги гледаат само пријателите, немаат контрола над она што тие пријатели ќе го направат со информациите. Факт е дека сѐ што се става на социјалните мрежи е достапно за јавност, односно лесно може да стане достапно за јавност.
Што можеш да направиш. Дознај какви опции за заштита на приватноста нуди твојата социјална мрежа, и користи ги. Подеси ги така што твоите пораки и слики ќе можат да ги гледаат само луѓе што ги познаваш и во кои имаш доверба.
Дури и тогаш, биди свесен дека она што го ставаш може да го видат многу повеќе луѓе отколку што си сакал. Редовно проверувај го својот профил и размисли дали нешто од она што си го ставил би можеле да го злоупотребат расипани луѓе за да те лоцираат или за да ти го украдат идентитетот. Дури и кога комуницираш со пријателите од твојот список, не давај информации што би можеле да ја загрозат твојата приватност или приватноста на некој друг (Изреки 11:13). Ако треба да пренесеш доверливи информации, користи друг облик на комуникација. „Разговорот по телефон е далеку поприватен“, вели една млада жена по име Камерон.
Заклучок. Една жена по име Ким дава многу добар совет: „Ако пазиш што правиш, ќе успееш да задржиш некаква приватност на социјалната мрежа. Нема да имаш проблеми освен ако сам не си ги направиш“.
2. Како социјалните мрежи влијаат врз моето време?
‚Проценете што е најважно‘ (Филипјаните 1:10)
Што треба да знаеш. Социјалните мрежи можат да ти го украдат времето и да ти го одвлечат вниманието од поважните работи. Како што вели една жена по име Кеј, „колку повеќе контакти имаш толку повеќе време ќе поминуваш на социјалните мрежи и ќе стануваш сѐ позависен од нив“. Да видиме што велат некои што паднале во таа замка.
„Тешко е да решиш да излезеш од некоја социјална мрежа, дури и кога таа не ти се допаѓа. Тоа ти е речиси опсесија“ (Елиза).
„Можеш да правиш толку работи — игри, тестови, да одиш на музички страници — а да не спомнуваме дека треба да ги провериш и профилите на сите твои пријатели“ (Блејн).
„Тоа е како вител кој те носи сѐ подолу и подолу, а не си свесен за тоа сѐ додека мајка ти не дојде дома од работа и те праша зошто не се измиени садовите“ (Ана).
„Едвај чекав да се вратам од училиште за да видам кој одговорил на моите пораки. А потоа морав да им одговорам на сите и да ги разгледам новите слики што ги ставиле. Додека бев на интернет, станував раздразлива и многу се нервирав кога некој ќе ме прекинеше. Некои што ги знам се речиси нон-стоп на интернет, до никое време во ноќта, па дури и кога ќе отидат на гости кај некого!“ (Меган).
Што можеш да направиш. Времето е посед што не можеме да си дозволиме да го трошиме залудно. Зошто не си го распоредиш како што би направил и со парите? Прво, одреди колку време мислиш дека е разумно да поминуваш на социјални мрежи. Потоа еден месец води си евиденција за да видиш колку успешно се придржуваш за планот. Доколку е потребно, смени нешто.
Ако имаш деца на тинејџерска возраст кои премногу време минуваат на социјални мрежи, потруди се да видиш дали можеби има некоја скриена причина за тоа. На пример, во својата книга Cyber-Safe Kids, Cyber-Savvy Teens, Ненси Вилард зборува за безбедноста на интернет и истакнува дека претераното користење на социјални мрежи може да е поврзано со внатрешен немир, стрес и ниска самопочит. „На голем број тинејџери многу им е важно што мислат другите за нив“, пишува таа. „Ако тинејџерите ја мерат својата вредност според тоа колку време минуваат на интернет со пријателите, тоа може да води до зависност.“
Не дозволувај социјалните мрежи — или што и да било друго на интернет — да ти ги наруши односите со другите во семејството. Дон Тапскот во својата книга Grown Up Digital вели: „Точно е дека интернетот помага членовите на семејството да бидат во контакт кога некој од нив е на пат или живее на друго место, но од друга страна ги раздвојува кога се сите дома заедно. Тоа е една од ирониите поврзани со него“.
Заклучок. Една девојка по име Емили вели: „Мислам дека социјалните мрежи се одличен начин да одржуваш контакт со другите. Но, како и со сѐ друго, треба да имаш мерка и да знаеш кога да се одјавиш“.
3. Како социјалните мрежи влијаат врз мојата репутација?
„Угледот е повреден од богатството, достоинството е поскапоцено и од среброто и од златото“ (Изреки 22:1, „Радосна Вест“)
Што треба да знаеш. Со она што го ставаш на социјална мрежа си стекнуваш некаква репутација која може да биде тешко да ја смениш (Изреки 20:11; Матеј 7:17). Изгледа дека мнозина не се свесни за можните опасности. „Кога луѓето се на социјална мрежа, како да го губат разумот“, вели една млада жена по име Ракел. „Кажуваат работи што нормално не би ги кажале. Некои не сфаќаат дека со една невкусна порака, може да си го расипат угледот.“
Кога на некоја социјална мрежа ќе ти биде извалкана репутацијата, тоа може негативно да ти се одрази на многу подрачја од животот. Во книгата Grown Up Digital стои: „Има безброј случаи кога корисниците на некоја социјална мрежа изгубиле работа или не биле примени на некое работно место поради она што го ставиле на интернет“.
Што можеш да направиш. Оди на својот профил и пробај да го видиш онака како што другите го гледаат. Размисли: ‚Дали навистина сакам другите вака да ме гледаат? Ако некој ми ги види сликите и ако на темел на нив треба да го опише мојот карактер, што ќе му дојде прво на ум? „Флертувач“? „Секси“? „Журкаџија“? Ако да, дали сакам другите да ме гледаат како таков, на пример, кога барам работа и кога потенцијалниот работодавач ќе ја погледне мојата страница? Дали од овие слики се гледа според кои вредности живеам?‘
Ако си млад, прашај се: ‚Што ако моите родители, некој наставник или друго возрасно лице што го почитувам го погледне мојот профил? Ќе ми биде ли срам од она што ќе го види и ќе го прочита таму?‘
Заклучок. Кога станува збор за твојата репутација, имај ги на ум зборовите на апостол Павле: „Човек што ќе си посее тоа и ќе си пожнее“ (Галатите 6:7).
4. Како социјалните мрежи влијаат врз моите пријателства?
„Кој оди со мудрите ќе стане мудар а кој си има работа со безумни лошо ќе си помине“ (Изреки 13:20)
Што треба да знаеш. Твоите пријатели влијаат врз начинот на кој размислуваш и на кој постапуваш (1. Коринќаните 15:33). Според тоа, логично е да внимаваш кого ќе избереш за пријател на социјална мрежа. На пример, некои прифаќаат десетици, па дури и стотици покани за пријател од луѓе што не ги познаваат добро или воопшто не ги познаваат. Други подоцна сфаќаат дека не сите што се на нивниот список се добро друштво. Да видиме што рекле некои.
„Ако го прифатиш за пријател секој Рајко, Петко, Трајко, сам си ја бараш бељата“ (Ана).
„Знам многумина што прифаќаат за пријатели луѓе што не ги познаваат, под изговор дека тоа го прават за да не ги повредат“ (Лиен).
„Кога се дружиш со некој на социјална мрежа е исто како да си лично со него. Мора да внимаваш со кого се дружиш“ (Алексис).
Што можеш да направиш. Постави си правила во врска со тоа кого ќе прифатиш за пријател. На пример, некои си имаат поставено вакви правила:
„За пријатели ги прифаќам оние што ги познавам — не оние што ги знам само по име, туку оние што навистина ги познавам“ (Џин).
„На својот список со пријатели ги ставам само оние што долго време ги познавам. Никогаш не прифаќам непознати“ (Моника).
„На списокот ги додавам само оние што прилично добро ги познавам и кои имаат исти мерила како мене“ (Реј).
„Едноставно ги игнорирам поканите за пријател од луѓе што не ги познавам. Сите на мојот список со пријатели се луѓе што лично ги познавам и кои ми се пријатели и надвор од мрежа“ (Мари).
„Ако некој пријател почне да става слики или коментари што сметам дека не се пристојни, го бришам од списокот без око да ми трепне. Дури и ако само го разгледуваш она што го ставаат, ти си во лошо друштво“ (Ким).
„Кога имав профил, користев опции за максимална заштита на приватноста. Не дозволував пријателите на моите пријатели да гледаат што ставам на профилот. Тоа им беше дозволено само на моите пријатели. Ова го направив зашто не бев сигурна дали пријателите на моите пријатели се добро друштво за мене. Не ги познавав, а не знаев ништо ни за нивната репутација“ (Хедер).
Заклучок. Гвен Шурген О’Киф во својата книга CyberSafe пишува: „Најдобро правило е за пријатели да ги имаш само оние што ги познаваш и со кои контактираш и кога не си на интернет“.b
[Фусноти]
a Разбудете се! ниту застапува ниту осудува која и да било социјална мрежа. Христијаните треба да внимаваат она што го прават на интернет да не ги прекршува библиските начела (1. Тимотеј 1:5, 19).
b Нешто повеќе за социјалните мрежи можеш да прочиташ во Разбудете се! од јули 2011, страници 24-27 и од август 2011, страници 10-13.
[Рамка на страница 8]
ОДЈАВИ СЕ!
Кога го исклучуваш компјутерот, ако не се одјавиш, ризикуваш другите да стават разни работи на твојата страница. Според адвокатот Роберт Вилсон, тоа е „исто како да си го оставиш паричникот или мобилниот телефон на јавно место. Секој може да седне и да почне да става информации на твојата страница“. Што советува тој? „Не заборавај да се одјавиш.“
[Рамка на страница 8]
СИ ЈА БАРАШ БЕЉАТА?
Според една анкета во списанието Consumer Reports, многу корисници на социјални мрежи „ризикуваат да им биде украден идентитетот и да станат жртви на провалници или на сексуални напасници. Меѓу анкетираните, 15% дале информации за тоа каде се или каде планираат да патуваат, 34% го кажале датумот на раѓање, а 21% од родителите ги навеле имињата на децата и ставиле нивни фотографии“.
-