-
Дали Бог се грижи за тебе?Стражарска кула 2014 | 1 Август
-
-
ТЕМА ОД НАСЛОВНАТА | ДАЛИ СИ МУ ВАЖЕН НА БОГ?
Дали Бог се грижи за тебе?
„А мене ме притискаат неволја и мака. Но Јехова се грижи за мене“a (ДАВИД ОД ИЗРАЕЛ, 11 ВЕК ПР.Н.Е.)
„За него народите се како капка од ведро“ (ИСАИЈА 40:15)
Дали Давид оправдано бил уверен дека Бог се грижи за него? Дали Бог се грижи и за тебе? На многу луѓе им е тешко да веруваат дека еден семоќен Бог е заинтересиран за нив. Зошто?
Една причина е тоа што Бог е далеку повисок облик на живот од луѓето. Гледано од неговата возвишена положба, цели народи „се како капка од ведро, вредат колку правот на вага“ (Исаија 40:15). Еден критичар од поново време дури заклучил дека „нема поголема вообразеност од тоа да мислиш дека постои Бог што искрено се интересира за твојот живот“.
Од друга страна, некои луѓе сметаат дека не се достојни за Божјето внимание затоа што не се добри личности. На пример, еден човек по име Џим раскажува: „Постојано се молев да бидам смирен и да покажувам самоконтрола, но сепак на моменти избувнував. На крајот заклучив дека сум непоправливо злобен и дека не може да ми помогне дури ни Бог“.
Дали Бог е толку далеку од луѓето што воопшто не ги забележува? Како гледа на нас, несовршените луѓе? Ако Бог не ни се открил самиот, ниеден човек не би можел со право да зборува во негово име и да одговори на тие прашања. Сепак, преку Библијата, Бог ни се обраќа нам и нѐ уверува дека тој не е некакво далечно божество без чувства кон луѓето. Всушност, во неа пишува дека тој „не е далеку од никого од нас“ (Дела 17:27). Во следните четири статии ќе видиме како гледа Бог на луѓето и како покажал дека е заинтересиран за секого од нас.
a Псалм 40:17; Јехова е името на Бог, кое го дознаваме од Библијата.
-
-
Бог бдее над тебеСтражарска кула 2014 | 1 Август
-
-
ТЕМА ОД НАСЛОВНАТА | ДАЛИ СИ МУ ВАЖЕН НА БОГ?
Бог бдее над тебе
„[Божјите] очи се насочени кон човековите патишта, сите негови чекори тој ги гледа“ (ЈОВ 34:21)
Колку помало е детето, толку поголема родителска грижа му е потребна
ЗОШТО НЕКОИ СЕ СОМНЕВААТ ВО ТОА: Според едно неодамнешно истражување, само во нашата галаксија веројатно има најмалку 100 милијарди планети. Со оглед на тоа што вселената е бескрајно голема, многу луѓе се прашуваат: ,Зошто еден семоќен Творец би гледал што прават безначајните луѓе на оваа мала планета?‘
ШТО ВЕЛИ БОЖЈАТА РЕЧ: Од грижа кон нас, Бог ни ја дал Библијата. Но, тоа не значи дека повеќе не се интересира за нас. Напротив, тој нѐ уверува: „Ќе те советувам, моето око ќе биде над тебе“ (Псалм 32:8).
Да видиме што се случило со Агара, една Египќанка што живеела пред околу 4.000 години. Таа не покажала почит кон својата господарка Сараја, па затоа Сараја ја понижила и Агара избегала во пустината. Со оглед на тоа што Агара постапила погрешно, дали Бог престанал да се грижи за неа? Библијата вели: „Јеховин ангел подоцна ја најде“. Ангелот ја охрабрил Агара со зборовите: „Јехова чу за твојата мака“. Тогаш Агара му рекла на Јехова: „Ти си Бог што гледа“ (1. Мојсеева 16:4-13).
,Богот што гледа‘ бдее и над тебе. Да наведеме еден пример: Една грижлива мајка посебно внимава на децата кога се мали, затоа што колку помало е детето, толку поголема родителска грижа му е потребна. Слично на тоа, Бог посебно внимава на нас кога сме слаби и ранливи. „Јас живеам во висините и на свето место“, вели Јехова, „а јас сум и со оние што имаат скршен и понизен дух, за да го оживеам духот на понизните, да го оживеам срцето на скршените“ (Исаија 57:15).
Сепак, можеби се прашуваш: ,Како Бог бдее над мене? Дали ме просудува на темел на она што се гледа на прв поглед или гледа под површината и навистина ме разбира?‘
-
-
Бог те разбираСтражарска кула 2014 | 1 Август
-
-
ТЕМА ОД НАСЛОВНАТА | ДАЛИ СИ МУ ВАЖЕН НА БОГ?
Бог те разбира
„Јехова, ти проникна во мојата внатрешност и ме познаваш“ (ПСАЛМ 139:1)
„Твоите очи ме видоа додека бев зародок“ (ПСАЛМ 139:16)
ЗОШТО НЕКОИ СЕ СОМНЕВААТ ВО ТОА: Многумина мислат дека Бог гледа на луѓето како на обични грешници — нечисти и недостојни да им обрне внимание. Кендра од САД, која имала клиничка депресија, многу се обвинувала себеси затоа што не можела совршено да ги исполни Божјите барања. Како последица на тоа, престанала да се моли.
ШТО ВЕЛИ БОЖЈАТА РЕЧ: Јехова гледа зад твоите маани и многу добро знае каква личност си. Во Библијата пишува: „Тој добро ја познава нашата градба, си спомнува дека сме прав“. Освен тоа, „не постапува со нас според нашите гревови“, туку милостиво ни простува кога се каеме (Псалм 103:10, 14).
Да се потсетиме на Давид, израелскиот цар што го спомнавме во првата статија. Кога го молел Бог, тој рекол: „Твоите очи ме видоа додека бев зародок, во твојата книга сите негови делови беа запишани... Проникни во мојата внатрешност, о Боже, и запознај го срцето мое“ (Псалм 139:16, 23). Давид бил уверен дека, иако направил гревови — па дури и многу сериозни — Јехова можел да види дека искрено се кае.
Јехова те разбира подобро од кој и да е човек. „Човекот го гледа она што го гледаат очите, а Јехова го гледа она што е во срцето“, пишува во Библијата (1. Самоилова 16:7). Бог знае што те прави таков каков што си — ги знае наследните фактори, твоето детство, средината во која живееш и твојот карактер. Тој гледа дека се трудиш да бидеш добра личност и го цени тоа, иако правиш и грешки.
Бог длабоко те познава. Но, на кој начин го користи тоа за да те утеши?
-
-
Бог може да те утешиСтражарска кула 2014 | 1 Август
-
-
ТЕМА ОД НАСЛОВНАТА | ДАЛИ СИ МУ ВАЖЕН НА БОГ?
Бог може да те утеши
„Бог, кој ги теши потиштените, нѐ утеши“ (2. КОРИНЌАНИТЕ 7:6)
„Синот Божји... ме сакаше и се предаде себеси за мене“ (ГАЛАТИТЕ 2:20)
ЗОШТО НЕКОИ СЕ СОМНЕВААТ ВО ТОА: Дури и кога очајно им треба утеха, некои луѓе сметаат дека е себично да го молат Бог да им помогне да излезат на крај со своите проблеми. „Кога ќе помислам на тоа колку луѓе има во светот — и со колку сериозни проблеми се соочуваат“, вели Ракел, „моите грижи ми изгледаат толку безначајни што не сакам да го молам Бог за помош“.
ШТО ВЕЛИ БОЖЈАТА РЕЧ: Бог веќе направил нешто посебно за да ни помогне и да нѐ утеши. Како што знаеме, секој човек на Земјата има наследено грев, што значи дека не може совршено да ги исполни Божјите барања. Сепак, Бог „нѐ сакаше нас и го испрати својот Син [Исус Христос] како жртва помирница за нашите гревови“ (1. Јованово 4:10). Преку жртвената смрт на Исус, Бог ни овозможил да ни бидат простени гревовите и да имаме чиста совест, како и надеж за вечен живот во еден мирољубив нов свет.a Но, дали таа жртва важи само за човечкиот род општо земено или е дадена и за тебе лично?
Да го спомнеме како пример апостол Павле. Тој бил толку трогнат од жртвата на Исус што напишал: „Живеам поради верата во Синот Божји, кој ме сакаше и се предаде себеси за мене“ (Галатите 2:20). Точно, Исус умрел уште пред Павле да стане христијанин. Сепак, Павле гледал на таа жртва како на Божји дар наменет лично за него.
Жртвата што ја направил Исус со тоа што умрел претставува Божји подарок и за тебе. Тој дар покажува колку си скапоцен во Божји очи. Може да ти даде „вечна утеха и прекрасна надеж“ и ,да те зацврсти во секое добро дело и збор‘ (2. Солуњаните 2:16, 17).
Но, Исус го дал својот живот како жртва пред речиси 2.000 години. Како можеме да знаеме дека Бог и во денешно време сака да биде близок со нас?
a За да дознаеш нешто повеќе за жртвата на Исус, види во поглавје 5 од книгата Што навистина учи Библијата?, издадена од Јеховините сведоци.
-
-
Бог сака да бидеш близок со негоСтражарска кула 2014 | 1 Август
-
-
ТЕМА ОД НАСЛОВНАТА | ДАЛИ СИ МУ ВАЖЕН НА БОГ?
Бог сака да бидеш близок со него
„Никој не може да дојде кај мене, ако не го привлече Таткото, кој ме испрати“ (ЈОВАН 6:44)
ЗОШТО НЕКОИ СЕ СОМНЕВААТ ВО ТОА: Многу луѓе што веруваат во Бог, не се чувствуваат блиски со него. „За мене тој беше Бог што создал сѐ“, вели Кристина од Ирска, која секоја недела одела во црква. „Но, не го познавав. Во ниту еден момент не се почувствував блиска со него.“
ШТО ВЕЛИ БОЖЈАТА РЕЧ: Кога се наоѓаме во тешка ситуација и не гледаме никаков излез, Јехова не нѐ напушта. Исус го рекол следново за да ни покаже колку се грижи Бог за нас: „Ако некој човек има сто овци и една од нив залута, нема ли да ги остави оние деведесет и девет в планина и да тргне да ја бара залутаната?“ Каква поука сакал да даде Исус? „Така и мојот Татко, кој е на небото, не сака да загине ниту еден од овие маливе“ (Матеј 18:12-14).
Секој ,еден од тие мали‘, односно секој човек, е скапоцен за Јехова. А како Бог ги бара оние што ,залутале‘? Стихот што е цитиран над сликата покажува дека Јехова ги привлекува луѓето кон себе.
Кој денес ги бара луѓето во нивните домови или на јавни места за да им ја пренесе библиската вистина за Бог?
Да видиме некои примери што покажуваат како Бог го презел првиот чекор за да им се приближи на поединци. Во првиот век од н.е., Бог го испратил христијанскиот ученик Филип да стигне една етиопска службена кола и да разговара со етиопскиот службеник за значењето на едно библиско пророштво што тој го читал (Дела 8:26-39). Во една друга прилика, Бог му рекол на апостол Петар да отиде во домот на еден римски службеник по име Корнелиј, кој му се молел на Бог и сакал да му служи (Дела 10:1-48). Исто така, Бог ги водел апостол Павле и неговите соработници до една река во близина на градот Филипи. Таму сретнале една жена по име Лидија ,која го почитувала Бог‘ и на која ,Јехова ѝ го отворил срцето да го прифати она што го зборувал Павле‘ (Дела 16:9-15).
Во секој од овие случаи, Јехова се погрижил оние што го барале да имаат прилика да го запознаат. А кој денес ги бара луѓето во нивните домови или на јавни места за да им ја пренесе библиската вистина за Бог? Мнозина би рекле „Јеховините сведоци“. Прашај се: ,Дали можеби Бог ги користи нив за да ми се приближи?‘ Те поттикнуваме да го молиш Бог да ти помогне да се зближиш со него.a
a За да дознаеш нешто повеќе, погледни го видеоклипот Зошто да ја проучуваш Библијата? на www.jw.org/mk.
-