Пријатели на Бог од „Пријателските Острови“
Во 1932 еден брод донел скапоцено семе на Тонга. Капетанот на бродот му ја дал на Чарлс Вете џебната брошура “Where Are the Dead?” („Каде се мртвите?“). Чарлс бил уверен дека ја нашол вистината. Некое време подоцна, седиштето на Јеховините сведоци го одобрило барањето на Чарлс да ја преведе оваа брошура на својот мајчин јазик. Откако ја завршил таа задача, добил 1.000 печатени брошури и почнал да им ги дели на луѓето. Така почнала да се објавува пораката за Јеховиното Царство во кралството Тонга.
НА КАРТАТА на Јужниот Пацифик, Тонга се наоѓа само малку позападно од меѓународната датумска граница, онаму каде што таа го сече јужниот напоредник. Најголемиот остров, Тонгатапу, се наоѓа 2.000 километри североисточно од Окленд (Нов Зеланд). Тонга ја сочинуваат 171 остров, од кои 45 се населени. Џејмс Кук, познатиот британски истражувач од 18 век, ги нарекол овие далечни острови Пријателски Острови.
Тонга, која има околу 106.000 жители, ја сочинуваат три островски групи — главни се Тонгатапу, Хаапаи и Вавау. Три од петте локални собранија на Јеховините сведоци се наоѓаат во најнаселената група Тонгатапу, едно во Хаапаи, и уште едно во Вавау. За да им помогнат на луѓето да станат пријатели на Бог, Јеховините сведоци имаат мисионерски дом и преведувачка канцеларија во близина на главниот град Нукуалофа (Исаија 41:8).
Од 1930-тите, Чарлс Вете нашироко бил познат како Јеховин сведок, иако се крстил дури во 1964. И други му се приклучиле во делото на сведочење, и во 1966 била изградена една Сала на Царството со 30 места за седење. Во 1970, во Нукуалофа било формирано собрание со 20 објавители на Царството.
Оттогаш, на островите Тонга јасно се гледа исполнувањето на зборовите од пророштвото на Исаија: „Нека Му даваат слава на Господа и нека му ја возвестуваат фалбата по островите!“ (Исаија 42:12). Делото на Царството продолжи да напредува и на мнозина им беше помогнато да си изградат однос со Јехова. На обласниот конгрес во Нукуалофа во 2003, имаше најголем број од 407 присутни и петмина се крстија. На Меморијалот имаше 621 присутен, што покажува дека има изгледи за пораст.
Едноставен живот
Меѓутоа, далеку од главниот град, сѐ уште има значителна потреба од објавители на Царството. На пример, 8.500 луѓе што живеат на 16-те населени острови од групата Хаапаи треба да чујат повеќе за библиската вистина. Хаапаи главно се состои од низински острови со палми и со долги бели песочни плажи. Водата на океанот е неверојатно бистра, со видливост од над 30 метри. Прекрасно доживување е да пливаш меѓу коралните гребени и меѓу повеќе од сто видови разнобојни тропски риби. Селата обично се мали. Иако се скромни, куќите се изградени така, што можат да ги издржат тропските циклони.
Лебните дрвја и дрвјата на манго даваат сенка и храна. Собирањето и подготвувањето на храна опфаќа голем дел од секојдневниот живот. Освен свинско месо, островјаните имаат и богата жетва од океанот. Во семејните бавчи се одгледуваат корења за јадење и зеленчук. Растат диви агруми; има изобилство кокосови дрвја и банани. Локалното знаење за лековити билки, лисја, кора и корења се пренесува од генерација на генерација.
Се разбира, најубавото нешто на Хаапаи се пријателски настроените луѓе што се вклопуваат во мирната околина. Овде се живее едноставно. Повеќето жени се занимаваат со занаети — изработуваат кошници, ткаенина „тапа“ и рогозини. Додека работат, Тонгајките седат, разговараат, пеат и се смеат заедно под сенката на некое дрво, а честопати децата и бебињата си играат или спијат во близина. И, обично жените се тие што кога е осека собираат од гребените школки и други морски животни за јадење, како и крцкава морска трева од која се прави вкусна салата.
На повеќето мажи деновите им минуваат во градинарство, риболов, резбарење, правење чамци и поправање на рибарски мрежи. Мажите, жените и децата патуваат од остров на остров во мали, покриени рибарски чамци за да ги посетат роднините, за да одат на лекар и за да тргуваат и да продаваат производи.
Ниедно место не е премногу далеку за добрата вест
Токму во ваква идилична атмосфера, за време на сезоната на Меморијалот 2002, пристигнаа двајцата мисионери и двајцата пионери. Претходно имало некои повремени контакти и луѓето на Хаапаи добивале литература што ја издаваат Јеховините сведоци, дури и ја проучувале Библијата со Сведоците.
Четворицата гостувачки библиски учители имаа три цели: да остават библиска литература, да започнат домашни библиски студии и да ги поканат заинтересираните на одбележувањето на Господовата вечера. Ги постигнаа сите три цели. Деведесет и седум души се оѕваа на поканата да присуствуваат на Меморијалот на Исусовата смрт. Некои од нив патуваа во отворени чамци и покрај поројниот дожд и силните ветрови. Поради лошото време, мнозина ја поминаа ноќта на местото каде што се одбележуваше Меморијалот и се вратија дома наредниот ден.
И ситуацијата на говорникот за Меморијалот не беше ништо полесна. „Не морам да ви кажам колку е застрашувачки во иста вечер да одржиш два говора за Меморијалот на странски јазик“, си спомнува мисионерот што го имаше говорот. „Можете да си замислите колку бев загрижен. Колку само ми помогна молитвата! Се сетив на зборови и состав на реченици што не бев ни свесен дека ги знам.“
Како резултат на тоа што евангелизаторите го негуваа интересот на островите Хаапаи, се крстија два брачни пара од таа област. Во едниот случај, мажот се заинтересирал за литературата на Сведоците додека се школувал да стане свештеник во локалната црква.
Иако сиромашни, овој човек и неговата жена давале прилично голем паричен прилог кога нивните имиња ќе биле прочитани во црквата за време на годишната служба за собирање средства. Еден Сведок, кој имал доаѓано и претходно, го замолил човекот да ја отвори својата Библија и да прочита 1. Тимотеј 5:8. Апостол Павле напишал: „Ако некој не се грижи за своите, а особено за своите домашни, тој се одрекол од верата и полош е од оној без вера“. Ова библиско начело допрело до срцето на овој човек. Сфатил дека, со тоа што се согласува да ги задоволи огромните суми што ги бара црквата, пропушта да ги обезбеди основните потреби на своето семејство. На следната годишна служба за собирање средства, иако ги имал парите в џеб, не можел да го заборави 1. Тимотеј 5:8. Кога било прочитано неговото име, смело го известил свештеникот дека потребите на неговото семејство имаат предност. Како последица од тоа, црковните старешини јавно го омаловажиле и го укориле овој брачен пар.
Откако ја проучувале Библијата со Јеховините сведоци, овој човек и неговата жена станале објавители на добрата вест. Мажот вели: „Библиската вистина ме промени. Повеќе не сум суров и груб со моето семејство. Повеќе не пијам претерано. Луѓето од моето село можат да видат каква промена направи вистината во мојот живот. Се надевам дека и тие ќе ја засакаат вистината како што ја сакам јас“.
Во потрагата се користи Квест
Неколку месеци по Меморијалот во 2002, еден друг брод донесе скапоцен товар до далечниот Хаапаи. Осумнаесет метри долгата јахта Квест од Нов Зеланд пловеше низ островите Тонга. На бродот беа Гери и Хети и нивната ќерка Кејти. На двете патувања им се придружија деветмина браќа и сестри од Тонга и двајца мисионери. Локалните Сведоци помогнаа во вештото управување со бродот, понекогаш и низ необележани гребени. Тоа не беа крстосувања за забава. Оние што беа на бродот беа таму за да поучуваат за библиската вистина. Поминаа големо пространство од океанот и посетија 14 острови. Добрата вест за Царството никогаш порано не била проповедана на некои од тие острови.
Како реагираа луѓето? Обично, овие поморски проповедници беа пречекувани со мешавина од љубопитност, срдечност и традиционална гостољубивост типична за островјаните. Штом островјаните ќе разбереа која е целта на посетата, ќе изразеа длабока благодарност. На овие Сведоци што патуваа низ земјата им беше јасно дека жителите на островите ја почитуваат Божјата реч и дека се свесни за своите духовни потреби (Матеј 5:3).
Многупати посетителите ќе седнеа под тропските дрвја опкружени со луѓе што имаа многу прашања за Библијата. Кога ќе се стемнеше, библиските дискусии продолжуваа во домовите. Луѓето од еден остров повикаа по Сведоците што си заминуваа: „Не одете си! Кој ќе ни ги одговори прашањата кога ќе си заминете?“ Една жена Сведок забележа: „Секогаш ни беше тешко што оставаме толку многу луѓе слични на овци кои беа гладни за вистината. Беше посадено многу семе на вистината“. Кога Квест пристигнал на еден остров, Сведоците виделе дека сите се облечени во облека за жалење. Умрела жената на градскиот службеник. Тој лично им се заблагодарил на браќата што му донеле порака на утеха од Библијата.
До некои од островите не е лесно да се дојде. Хети објаснува: „Еден остров немаше добар пристап до копното, само карпи што се издигаа метар или повеќе веднаш над океанот. Можевме да се приближиме само со нашиот мал гумен чамец. Прво, моравме да им ги фрлиме нашите торби на многуте спремни раце на брегот. Потоа, кога чамецот се издигна до работ на карпата, моравме да скокнеме пред морските бранови пак да го спуштат“.
Меѓутоа, сите што беа на бродот не беа бестрашни морнари. По две седмици пловење, во врска со патувањето назад до главниот остров Тонгатапу, капетанот напишал: „Имаме уште 18 часови пловење. Не можеме да ги поминеме наеднаш затоа што неколкумина имаат морска болест. Среќни сме што си одиме дома, но и тажни сме што оставаме зад нас мнозина што сега ја чуја пораката за Царството. Оставаме Јехова да се грижи за нив, да им помогне да растат духовно со помошта од неговиот свет дух и ангелите“.
Острови што ветуваат
Околу шест месеци по заминувањето на Квест, двајца специјални пионери, Стивен и Малаки, беа доделени да проповедаат на островите од групата Хаапаи. Таму, во поучувањето за Библијата, тие им се придружија на двата штотуку крстени брачни пара. Се водат живи дискусии во врска со доктринарни работи и објавителите добро ја користат Библијата.
На 1 декември 2003, во Хаапаи беше основано собрание, петто во Тонга. Меѓу присутните има многу деца. Тие се научени да внимаваат. Мирно седат и одвај чекаат да учествуваат во точките во кои има учество на присутните. Покраинскиот надгледник забележал дека „знаењето што го имаат од Моја книга со библиски приказни покажува дека родителите сериозно си ја сфаќаат одговорноста да ја всадат библиската вистина во своите деца“. Очигледно, овие острови ветуваат голема жетва на уште повеќе пријатели на Јехова.
Пред повеќе од 70 години, кога Чарлс Вете ја превел џебната брошура Каде се мртвите? на својот мајчин тонгаски јазик, не бил ни свесен колкави корења ќе пушти семето на Царството во срцата на неговите сонародници. Од тие мали почетоци, Јехова продолжи да го благословува објавувањето на добрата вест која сѐ повеќе се шири во тој дел од земјината топка. Денес, може со право да се рече дека Тонга е меѓу далечните острови што, така да се каже, се свртуваат кон Јехова (Псалм 97:1; Исаија 51:5). На „Пријателските Острови“ сега живеат голем број пријатели на Јехова.
[Слика на страница 8]
Чарлс Вете, 1983
[Слика на страница 9]
Изработка на ткаенина „тапа“
[Слика на страница 10]
„Квест“ беше користена за да се шири добрата вест во Тонга
[Слика на страница 11]
Преведувачкиот тим, Нукуалофа
[Извори на слики на страница 9]
Изработка на ткаенина „тапа“: © Jack Fields/CORBIS; позадина на страници 8 и 9, и рибарење: © Fred J. Eckert