ОНЛАЈН БИБЛИОТЕКА Watchtower
ОНЛАЈН БИБЛИОТЕКА
Watchtower
македонски
ѐ
  • Ѐ
  • ѐ
  • Ѝ
  • ѝ
  • БИБЛИЈА
  • ПУБЛИКАЦИИ
  • СОСТАНОЦИ
  • Повторно раѓање — начин за спасение?
    Стражарска кула 2009 | 1 Април
    • Повторно раѓање — начин за спасение?

      КАКО би одговорил на прашањето: „Дали си повторно роден?“ Милиони верници во светот ќе одговорат со категорично „да!“ Тие веруваат дека сите вистински христијани треба да бидат повторно родени и дека тоа е единствен начин да се спасат. Тие се согласуваат со гледиштето на верските водачи, како што е теологот Роберт Ч. Спраул, кој напишал: „Ако некој не е повторно роден,.. тогаш тој не е христијанин“.

      Дали и ти веруваш дека ќе се спасиш само ако бидеш повторно роден? Ако да, несомнено сакаш да им помогнеш на твоите роднини и пријатели да добијат спасение на истиот начин. Но, за тоа треба да сфатат која е разликата помеѓу оној што е повторно роден и оној што не е повторно роден. Како би им објаснил што значи да се биде повторно роден?

      Многумина веруваат дека изразот ‚повторно роден‘ се однесува на некој што свечено ветил дека ќе им служи на Бог и на Христос и, како резултат на тоа, од духовно мртов станал духовно жив. Всушност, според дефиницијата во еден современ речник, лицето што е повторно родено „обично е христијанин што повторно му се заветувал на Бог, особено откако доживеал некое длабоко духовно искуство“ (Merriam-Webster’s Collegiate Dictionary—Eleventh Edition).

      Ќе се изненадиш ли ако дознаеш дека Библијата не се согласува со таа дефиниција? Би сакал ли да знаеш што навистина учи Божјата реч за повторното раѓање? Ќе биде добро подлабоко да ја разгледаш оваа тема. Зошто? Бидејќи точното разбирање на тоа што значи да се биде повторно роден ќе влијае врз твојот живот и врз она што го очекуваш од иднината.

      Што учи Библијата?

      Изразот ‚повторно роден‘ се наоѓа во Јован 3:1-12, каде што е опишан еден интересен разговор помеѓу Исус и еден верски водач во Ерусалим. Во придружната рамка ќе го најдеш тој извештај од збор до збор. Прочитај го внимателно.

      Од извештајот гледаме дека Исус истакнал неколку аспекти на ‚повторното раѓање‘. Всушност, она што го рекол Исус ни помага да одговориме на пет важни прашања:

      ◼ Колку е важно повторното раѓање?

      ◼ Одлучува ли секој поединец дали ќе биде повторно роден?

      ◼ Која е целта на повторното раѓање?

      ◼ Како некој повторно се раѓа?

      ◼ До какви промени во односите доаѓа како резултат на повторното раѓање?

      Да ги разгледаме овие прашања едно по едно.

      [Рамка/слика на страница 4]

      „Мора да се родите повторно“

      „Меѓу фарисеите имаше еден човек кој се викаше Никодим и беше еден од еврејските поглавари. Тој дојде ноќе кај него и му рече: ‚Учителе, знаеме дека ти си учител дојден од Бог, зашто никој не може да ги прави чудесните знаци што ги правиш ти ако не е со него Бог‘. Исус му рече: ‚Вистина, вистина, ти велам, ако некој не се роди повторно, не може да го види Божјето царство‘. А Никодим го праша: ‚Како може човек да се роди кога е стар? Зар може по вторпат да влезе во утробата на својата мајка и да се роди?‘ Исус одговори: ‚Вистина, вистина, ти велам, ако некој не се роди од вода и дух, не може да влезе во Божјето царство. Роденото од тело е тело‚ а роденото од дух е дух. Не чуди се што ти реков: „Мора да се родите повторно“. Ветрот дува каде што сака, и го слушаш неговиот шум, но не знаеш од каде доаѓа и каде оди. Таков е секој што е роден од духот‘. Тогаш Никодим го праша: ‚Како може да биде тоа?‘ Исус му одговори: ‚Ти си учител на Израел, и не го знаеш тоа? Вистина, вистина, ти велам, го зборуваме она што го знаеме, и сведочиме за она што сме го виделе, но вие не го примате нашето сведоштво. Ако не верувате кога ви зборувам за она што е земно, како ќе верувате ако ви зборувам за она што е небесно?‘“ (Јован 3:1-12).

  • Повторно раѓање — колку е важно?
    Стражарска кула 2009 | 1 Април
    • Повторно раѓање — колку е важно?

      ВО РАЗГОВОРОТ со Никодим, Исус истакнал дека е многу важно човек да се роди повторно. Како го објаснил тоа?

      Забележи како Исус нагласил колку е важно повторното раѓање додека зборувал со Никодим. Тој рекол: „Ако некој не се роди повторно, не може да го види Божјето царство“ (Јован 3:3). Зборовите „ако“ и „не може“ покажуваат дека повторно раѓање е неопходно. Да го објасниме тоа со еден пример. Кога некој ќе рече: „Ако не грее сонцето, не може да има светлина“, тој мисли дека сончевите зраци се неопходни за да има светлина. Слично на тоа, Исус рекол дека е сосема неопходно некој да биде повторно роден за да го види Божјето царство.

      На крајот, за да отстрани секаков сомнеж во врска со оваа работа, Исус рекол: „Мора да се родите повторно“ (Јован 3:7). Врз основа на Исусовите зборови, јасно е дека човек мора да биде повторно роден за да „влезе во Божјето царство“ (Јован 3:5).

      Бидејќи за Исус повторното раѓање било многу важна работа, христијаните треба да се потрудат добро да разберат што значи тоа. На пример, мислиш ли дека еден христијанин може самиот да одлучи дали ќе биде повторно роден?

      [Истакната мисла на страница 5]

      „Ако не грее сонцето, не може да има светлина“

  • Повторно раѓање — лична одлука?
    Стражарска кула 2009 | 1 Април
    • Повторно раѓање — лична одлука?

      НА КОГО се должи повторното раѓање? Кога ги повикуваат луѓето да станат повторно родени христијани, некои проповедници ги цитираат Исусовите зборови: „Мора да се родите повторно“ (Јован 3:7). Всушност, овие зборови ги користат како заповед: „Родете се повторно!“ Со тоа сакаат да кажат дека останува на секој верник да одлучи дали ќе го слуша Исус и дали ќе ги направи потребните чекори за да биде повторно роден. Според ваквото размислување, повторното раѓање е работа на лична одлука. Но, дали ова гледиште е во склад со она што Исус му го рекол на Никодим?

      Ако внимателно ги прочитаме Исусовите зборови, ќе видиме дека Исус не сакал да каже дека секој човек сам треба да одлучи дали ќе биде повторно роден. Зошто го велиме ова? Грчкиот израз преведен со „да се роди повторно“ може да се преведе и како „треба да се роди одозгора“.a Така, според еден друг превод, повторното раѓање доаѓа „одозгора“ — односно „од Таткото“ (Јован 19:11; Јаков 1:17). Значи, тоа доаѓа од Бог (1. Јованово 3:9).

      Ако го задржиме на ум изразот „одозгора“, нема да ни биде тешко да разбереме зошто некој не може да направи самиот повторно да се роди. Помисли на дословното раѓање. Дали ти си донел одлука да се родиш? Се разбира дека не! Слично на тоа, еден верник не одлучува дали ќе се роди повторно. Можеме да бидеме повторно родени само ако Бог, нашиот небесен Татко, го предизвика тоа (Јован 1:13). Затоа, апостол Петар рекол: „Благословен да е Богот и Таткото на нашиот Господар Исус Христос, зашто според своето големо милосрдие повторно нѐ роди“ (1. Петрово 1:3).

      Дали е заповед?

      Меѓутоа, некои можеби ќе се прашаат: ‚Ако е точно дека никој не може сам да одлучи дали ќе биде повторно роден, зошто Исус ја дал заповедта: „Мора да се родите повторно“?‘ Ова прашање е на место. Ако Исусовите зборови навистина се заповед, тоа би значело дека ни заповеда да направиме нешто што не е во наша моќ. Тоа не би било логично. Тогаш, како да ги разбереме зборовите мора да се „родите повторно“?

      Ако подетално ја разгледаме оваа фраза на оригиналниот јазик, ќе видиме дека не е кажана во заповедна туку во исказна форма. Со други зборови, кога Исус рекол мора да се „родите повторно“, изнел факт, а не дал заповед. Тој рекол: „Треба да се родите одозгора“ (Јован 3:7, Превод на МПЦ).

      Да наведеме една споредба за да ја објасниме разликата помеѓу исказна и заповедна реченица. Замисли си еден град во кој има неколку училишта. Едно од нив е училиште само за ученици кои припаѓаат на одредена етничка група што живее далеку од тој град. Еден ден, некој ученик кој не припаѓа на таа етничка група му вели на директорот на училиштето: „Сакам да се запишам во вашето училиште“. Директорот му вели: „За да се запишеш, мора да си од нашата етничка група“. Се разбира, директорот не го кажува тоа како заповед. Тој не му наредува на ученикот: „Биди од таа и таа етничка група!“ Директорот едноставно наведува еден факт — кажува што е потребно за некој да се запише во тоа училиште. Слично, кога Исус рекол „мора да се родите повторно“, едноставно навел еден факт — што е потребно за некој „да влезе во Божјето Царство“.

      Последната мисла — Божјето Царство — е поврзана со уште еден аспект на повторното раѓање. Овој аспект има врска со прашањето ‚Која е целта на повторното раѓање?‘ Одговорот на ова прашање е многу битен за да разбереме што точно значи да се биде повторно роден.

      [Фуснота]

      a Уште неколку библиски преводи го преведуваат Јован 3:3 на овој начин. На пример, во A Literal Translation of the Bible стои: „Ако некој не се роди одозгора, не може да го види Божјето царство“.

      [Слика на страница 6]

      Каква е сличноста помеѓу повторното раѓање и дословното раѓање?

  • Повторно раѓање — која е неговата цел?
    Стражарска кула 2009 | 1 Април
    • Повторно раѓање — која е неговата цел?

      МНОГУ луѓе веруваат дека човек треба да се роди повторно за да добие вечно спасение. Но, забележи што рекол Исус за тоа која е целта на повторното раѓање: „Ако некој не се роди повторно, не може да го види Божјето царство“ (Јован 3:3). Значи, човек треба да биде повторно роден за да влезе во Божјето Царство, а не за да добие спасение. Можеби некој ќе праша: ‚Но, зар овие два израза — да се влезе во Царството и да се добие спасение — не се однесуваат на една иста работа?‘ Не. За да ја разбереме разликата, да видиме најнапред што значи изразот „Божјето царство“.

      Царство е еден облик на влада. Според тоа, изразот „Божјето царство“ значи „Божја влада“. Библијата учи дека Исус Христос, кој е „син човечки“, е Цар на Божјето Царство, но дека има и други што владеат заедно со него (Даниел 7:1, 13, 14; Матеј 26:63, 64). Освен тоа, едно видение што му било дадено на апостол Јован открива дека оние што ќе владеат со Христос се луѓе избрани „од секое племе и јазик и народ и народност“ и дека тие „ќе царуваат над земјата“ (Откровение 5:9, 10; 20:6). Божјата реч понатаму открива дека оние што ќе владеат како цареви сочинуваат едно „мало стадо“ од 144.000 лица кои се „откупени од земјата“ (Лука 12:32; Откровение 14:1, 3).

      Каде е седиштето на Божјето Царство? „Царството Божје“ е наречено и „царството небесно“, што покажува дека Исус и неговите соцареви владеат од небото (Лука 8:10; Матеј 13:11). Значи, Божјето Царство е небесна влада составена од Исус Христос и една група луѓе што се избрани да владеат со него.

      Тогаш, што мислел Исус кога рекол дека човек мора да биде повторно роден за да „влезе во Божјето царство“? Мислел дека човек треба повторно да се роди за да може да владее заедно со него на небото. Едноставно кажано, целта на повторното раѓање е да се подготви една мала група луѓе за да владеат од небото.

      Досега видовме дека повторното раѓање е многу важно, дека доаѓа од Бог и дека со него се подготвува една група луѓе за да владеат од небото. Но, како некој повторно се раѓа?

      [Истакната мисла на страница 7]

      Целта на повторното раѓање е да се подготви една мала група луѓе за да владеат од небото

      [Слика на страница 7]

      Божјето Царство го сочинуваат Исус Христос и една група луѓе избрани да владеат заедно со него

  • Повторно раѓање — како некој повторно се раѓа?
    Стражарска кула 2009 | 1 Април
    • Повторно раѓање — како некој повторно се раѓа?

      ИСУС не зборувал со Никодим само за тоа колку е важно повторното раѓање, од кого доаѓа и која е неговата цел туку и за тоа како некој се раѓа повторно. Исус рекол: „Ако некој не се роди од вода и дух, не може да влезе во Божјето царство“ (Јован 3:5). Значи, човек повторно се раѓа преку вода и дух. Но, на што се однесува изразот „вода и дух“?

      „Вода и дух“ — што се тие?

      Како еврејски верски учител, Никодим несомнено добро знаел на кој начин во Хебрејските списи се користи терминот „духот Божји“ — силата со која се служи Бог и со која може да им помогне на луѓето да извршат посебни задачи (1. Мојсеева 41:38; 2. Мојсеева 31:3; 1. Самоилова 10:6). Значи, кога Исус го употребил зборот „дух“, Никодим сигурно сфатил дека мисли на светиот дух, на силата со која се служи Бог.

      На што мислел Исус кога спомнал вода? Размисли за настаните непосредно пред и по разговорот со Никодим. Тие покажуваат дека и Јован Крстител и Исусовите ученици крштавале во вода (Јован 1:19, 31; 3:22; 4:1-3). Овој обичај бил добро познат во Ерусалим. Затоа, кога Исус зборувал за вода, Никодим сфатил дека Исус не мислел општо на вода, туку на крштавање во вода.a

      Крстени „со свет дух“

      Ако изразот „се роди од вода“ се однесува на крштавање во вода, што значи тоа некој да „се роди од... дух“? Пред да разговараат Никодим и Исус, Јован Крстител објавил дека во крштавањето ќе игра улога не само водата туку и духот. Тој рекол: „Јас ве крстив со вода, а [Исус] ќе ве крсти со свет дух“ (Марко 1:7, 8). Марко, писателот на истоименото евангелие, опишал кога првпат било извршено такво крштавање. Тој пишува: „Во тие денови дојде Исус од Назарет во Галилеја, и Јован го крсти во Јордан. И веднаш, кога излегуваше од водата, виде како небесата се разделуваат и како духот, во вид на гулаб, слегува на него“ (Марко 1:9, 10). Кога Исус бил нурнат во Јордан, бил крстен со вода. Во моментот кога примил свет дух од небото, тој бил крстен со свет дух.

      Околу три години по крштавањето, Исус ги уверил своите ученици: „Ќе бидете крстени со свет дух, и нема да поминат многу дни по ова“ (Дела 1:5). Кога се случило тоа?

      На Педесетница 33 год. од н.е., во една куќа во Ерусалим биле собрани околу 120 ученици на Исус. „Одеднаш настана шум од небото, како при налет на силен ветар, и ја исполни целата куќа во која седеа. И здогледаа нешто како пламени јазици... И сите се исполнија со свет дух“ (Дела 2:1-4). Истиот ден и други во Ерусалим биле охрабрени да се крстат во вода. Апостол Петар му рекол на едно мноштво: „Покајте се и секој од вас нека се крсти во името на Исус Христос за да му бидат простени гревовите, и ќе го примите бесплатниот дар на светиот дух“. Како реагирале луѓето? „Оние што со сето срце го прифатија она што тој го зборуваше, беа крстени, и тој ден на учениците им се придружија околу три илјади души“ (Дела 2:38, 41).

      Двоен процес

      Што ни откриваат овие крштавања во врска со повторното раѓање? Покажуваат дека повторното раѓање се одвива преку еден двоен процес. Забележи дека Исус прво се крстил со вода. Потоа го примил светиот дух. Слично, и првите ученици најнапред се крстиле во вода (некои од нив ги крстил Јован Крстител), а потоа го примиле светиот дух (Јован 1:26-36). Слично, и оние 3.000 нови ученици најнапред се крстиле со вода, а потоа го примиле светиот дух.

      Ако ги земеме предвид крштавањата на Педесетница 33 год. од н.е., како би требало некој денес да биде повторно роден? Исто онака како што било во случајот со Исусовите апостоли и првите ученици. Најнапред лицето се кае за своите гревови, се поправа, му го заветува својот живот на Јехова за да му служи, и тоа јавно го покажува со крштавање во вода. Потоа, ако Бог го избере да служи како владетел во Неговото Царство, го помазува со свет дух. Првиот дел од овој двоен процес (крштавање во вода) е на иницијатива на поединецот, а вториот дел (крштавање со дух) е од Бог. Кога некој ќе се крсти со двете крштавања, тој е повторно роден.

      Но, зошто во разговорот со Никодим Исус го употребил изразот „се роди од вода и дух“? За да нагласи дека оние што се крштаваат со вода и дух ќе доживеат една значајна промена. Во следната статија ќе биде објаснет тој аспект на повторното раѓање.

      [Фуснота]

      a И апостол Петар еднаш го рекол следново при нечие крштавање: „Може ли некој да ја забрани водата“? (Дела 10:47).

      [Слика на страница 9]

      Јован ги крштавал со вода Израелците што се каеле

  • Повторно раѓање — што се постигнува со него?
    Стражарска кула 2009 | 1 Април
    • Повторно раѓање — што се постигнува со него?

      ЗОШТО Исус го употребил изразот „се роди од... дух“ кога зборувал за крштавање со свет дух? (Јован 3:5). Кога се користи во преносна смисла, зборот „раѓање“ значи „почеток“, како што покажува изразот „раѓањето на еден народ“. Значи, изразот ‚повторно раѓање‘ укажува на еден „нов почеток“. Затоа, симболичните изрази „роден“ и „повторно раѓање“ истакнуваат дека ќе има еден нов почеток во односот помеѓу Бог и оние што се крстени со свет дух. Како настанува таа потполна промена во нивниот однос?

      За да објасни како Бог подготвува луѓе да владеат од небото, апостол Павле употребил една споредба од семејниот живот. Тој им напишал на христијаните во тоа време дека ќе бидат ‚усвоени како синови‘, па затоа Бог ќе може да постапува со нив „како со синови“ (Галатите 4:5; Евреите 12:7). За да видиме како примерот со усвојувањето ни помага да сфатиме до каква промена доаѓа кога некој е крстен со свет дух, да се вратиме уште еднаш на споредбата со ученикот кој сака да се запише во училиште за ученици од одредена етничка група.

      Промена што се должи на усвојувањето

      Ученикот од споредбата не може да се запише во училиштето затоа што не припаѓа на бараната етничка група. Сега, замисли си дека еден ден доаѓа до една голема промена. Законски го усвојува некој човек што припаѓа на таа етничка група и сега тој човек му станува татко. Како се одразува ова врз ученикот? Па, затоа што е усвоен како син, сега може да ги има истите права како и другите ученици од таа етничка група — вклучувајќи го и правото да се запише во училиштето. Усвојувањето потполно ја променило неговата положба.

      Ова ни помага да разбереме нешто многу поважно — што се случува со оние што се повторно родени. Да наведеме неколку сличности. Ученикот од споредбата ќе биде примен во училиштето само ако го исполни барањето за прием — да припаѓа на конкретната етничка група. Сепак, сам од себе не може да го задоволи тоа барање. Слично, некои луѓе ќе добијат положба во небесната влада, или Божјето Царство, но само ако го задоволат барањето за прием — да бидат ‚повторно родени‘. Меѓутоа, сами од себе не можат да го исполнат тоа барање затоа што повторното раѓање зависи од Бог.

      Што ја променило положбата на ученикот? Законскиот процес на усвојување. Се разбира, тој процес не го променил карактерот на ученикот. Откако бил усвоен, тој си останал истата личност. Па сепак, откако биле задоволени законските барања за усвојување, ученикот добил нов статус. Всушност, тој имал еден нов почеток — повторно раѓање, така да се каже. Бил посинет, што му дало право да оди во училиштето и да биде дел од семејството на таткото што го усвоил.

      Слично на тоа, Јехова ја променил положбата на една група несовршени луѓе со тоа што започнал една законска процедура да ги усвои како свои деца. Апостол Павле, кој припаѓал на таа група, им напишал на своите соверници: „Вие... примивте дух на посинувањето, кој нѐ поттикнува да викаме: ‚Ава, Татко!‘ Тој дух сведочи со нашиот дух дека сме деца Божји“ (Римјаните 8:15, 16). Да, преку процесот на усвојување, тие христијани станале дел од Божјето семејство, односно „деца Божји“ (1. Јованово 3:1; 2. Коринќаните 6:18).

      Се разбира, тоа усвојување од Божја страна не го променило карактерот на усвоените лица, бидејќи тие и понатаму останале несовршени (1. Јованово 1:8). Сепак, како што понатаму објаснил Павле, откако биле исполнети законските барања за усвојување, тие добиле нов статус. Во исто време, Божјиот дух им всадил на овие усвоени синови уверување дека ќе живеат со Христос на небото (1. Јованово 3:2). Поради оваа цврста гаранција што ја добиле од светиот дух, почнале сосем поинаку да гледаат на животот (2. Коринќаните 1:21, 22). Да, тие имале еден нов почеток — повторно раѓање, така да се каже.

      Во врска со Божјите усвоени синови, Библијата вели: „Ќе бидат свештеници на Бог и на Христос, и ќе царуваат со Христос илјада години“ (Откровение 20:6). Заедно со Христос, Божјите усвоени синови ќе добијат положба на цареви во Божјето Царство, односно небесна влада. Апостол Петар им рекол на своите соверници дека ќе добијат ‚наследство што е нераспадливо и неизвалкано и кое не венее‘, наследство кое е „зачувано на небесата“ за нив (1. Петрово 1:3, 4). Колку скапоцено наследство добиле!

      Меѓутоа, оваа тема во врска со владеењето покренува едно прашање. Ако оние што се повторно родени станат цареви на небото, над кого ќе владеат? Ова прашање ќе го одговориме во следната статија.

      [Слика на страница 10]

      Што рекол Павле за усвојувањето?

Публикации на македонски јазик (1991 — 2025)
Одјави се
Најави се
  • македонски
  • Сподели
  • Подесување
  • Copyright © 2025 Watch Tower Bible and Tract Society of Pennsylvania
  • Услови за користење
  • Полиса за приватност
  • Поставки за приватност
  • JW.ORG
  • Најави се
Сподели