Прашања од читателите
Кога Бог престанува да ги повикува христијаните на кои им дава небесна надеж?
Библијата не дава конкретен одговор на ова прашање. Знаеме сигурно дека Исусовите ученици за првпат биле помазани со цел да го добијат своето небесно наследство во 33 год. од н.е. (Дела 2:1-4). Исто така, знаеме дека по смртта на апостолите, вистинските помазани христијани, претставени со ‚пченицата‘, растеле ‚заедно‘ со лажните христијани, претставени со ‚каколот‘ (Матеј 13:24-30). Потоа, почнувајќи од крајот на 19 век, помазаните христијани повторно станале многу активни. Во 1919 год. почнала да се жнее „земната жетва“, во која спаѓало собирањето на последните помазаници (Откровение 14:15, 16).
Од крајот на 19 век до 1931 год., главната цел на проповедањето беше да се соберат останатите членови од Христовото тело. Во 1931 год., врз основа на стихови од Светото писмо, Истражувачите на Библијата го усвоија името Јеховини сведоци. Во Стражарска кула од 15 ноември 1933 год. беше објаснето дека ова посебно име го претставува ‚денаријот‘ за кој зборувал Исус во споредбата што е запишана во Матеј 20:1-16. Се сметаше дека 12-те часа што се спомнати во споредбата одговараат на 12-те години од 1919 до 1931 год. Долго потоа се мислеше дека во 1931 год. завршил повикот до христијаните кои треба да имаат удел во небесното Царство, и дека оние што биле повикани да бидат сонаследници со Христос во 1930 и 1931 год. се „последните“ што ги повикал Јехова (Матеј 20:6-8). Меѓутоа, во 1966 год., оваа споредба беше објаснета на поинаков начин. Стана јасно дека таа, всушност, не се однесува на последното повикување на помазаниците.
Во 1935 год. беше разбрано дека ‚големото мноштво‘ од Откровение 7:9-15 се состои од „други овци“, односно во него спаѓаат христијани кои имаат надеж да живеат на Земјата, кои ќе бидат собрани во „последните денови“ и кои како група ќе го преживеат Армагедон (Јован 10:16; 2. Тимотеј 3:1; Откровение 21:3, 4). По таа година, делото на правење ученици беше насочено на собирањето на големото мноштво. Затоа, особено по 1966 год., се сметаше дека небесниот повик завршил во 1935 год. Бидејќи скоро сите што се крстија по 1935 год. велеа дека имаат земна надеж, се чинеше дека ова разбирање е во ред. Кога некој ќе добиеше небесен повик по оваа година, се мислеше дека тој, всушност, е замена за некој од помазаните христијани кој не останал верен до крај.
Без сомнение, ако некој од помазаниците отпадне од вистината и не се кае, Јехова повикува друг поединец на негово место (Римјаните 11:17-22). Но, бројот на вистинските помазаници што станале неверни најверојатно не е голем. Од друга страна, пак, како што одминува времето, на некои христијани што се крстиле по 1935 год. светиот дух им сведочи дека имаат небесна надеж (Римјаните 8:16, 17). Затоа, се чини дека не можеме да дадеме некој конкретен датум кога точно престанале или, пак, ќе престанат да бидат повикувани христијаните кои добиваат небесна надеж.
Како треба да гледаме на некој што е цврсто убеден дека сега е помазан и почнува да зема од симболите на Спомен-свеченоста? Не треба да го осудуваме. Таа работа си е меѓу него и Јехова (Римјаните 14:12). Се разбира, вистинските помазани христијани не бараат посебно внимание. Тие не мислат дека, поради тоа што се помазани, имаат посебен „увид“ и поголемо разбирање дури и од некои членови на големото мноштво кои со години му служат на Јехова. Тие не мислат дека имаат повеќе свет дух од своите придружници, ‚другите овци‘, не очекуваат останатите да се однесуваат со нив на посебен начин и не мислат дека тоа што земаат од симболите им дава право да се постават над именуваните старешини во собранието. Напротив, понизни се и свесни се дека и во првиот век имало помазани мажи кои не ги исполнувале условите да служат како старешини или слуги помошници (1. Тимотеј 3:1-10, 12, 13; Тит 1:5-9; Јаков 3:1). Некои помазани христијани биле дури и духовно слаби (1. Солуњаните 5:14). А сестрите, иако биле помазани, сепак не поучувале во собранието (1. Тимотеј 2:11, 12).
Затоа, помазаните христијани, исто како своите придружници, ‚другите овци‘, се трудат да останат духовно јаки, да ги развиваат плодовите на духот и да придонесуваат да се одржува мирот во собранието. Сите христијани, без разлика дали се од помазаниците или од ‚другите овци‘, се трудат да ја проповедаат добрата вест и да прават ученици следејќи ги упатствата на Водечкото тело. Помазаните христијани се спремни да го прават ова сѐ додека Бог сака да му служат на Земјата.