Младите прашуваат
Кој сум јас?
Бојан гледа дека Роберт иде накај него и почнуваат да му се тресат колената. Знае што го чека. „Кај си бе, Боки! Имам нешто за тебе“, му вели Роберт. Потоа ја отвора дланката и Бојан го здогледува токму она што очекуваше да го види — свежо завиткан џоинт. Не сака да го земе, ама не сака ни да изгледа како смотко. „Ај другпат... важи?“ промрморува Бојан несигурно.
Јасмина гледа дека Роберт иде накај неа и веќе знае што ја чека и што треба да направи. „Кај си бе, Јасминче! Имам нешто за тебе“, ѝ вели Роберт. Потоа ја отвора дланката и Јасмина го здогледува токму она што очекуваше да го види — свежо завиткан џоинт. „Не, фала“, отсечно му одговара Јасмина. „Некако уште ми се живее. И... Знаеш што, Роберт? Мислев дека си доволно паметен за да не пушиш!“
ОД ОВИЕ две сцени гледаме дека Јасмина знае подобро да се спротивстави на притисок. Зошто? Затоа што таа има нешто што Бојан го нема. Знаеш што е тоа? Свое јас. Што значи да имаш свое јас? Тоа е еден внатрешен глас што ти кажува кој си ти и што е важно за тебе. Кога го знаеш тоа, имаш сила да кажеш ‚не‘ на она што сметаш дека е погрешно, односно ти да имаш контрола над својот живот, а не некој друг. Како можеш да стекнеш таква самодоверба? За почеток, од помош може да ти биде ако одговориш на следниве прашања.
1. КОИ МИ СЕ ЈАКИ СТРАНИ?
Зошто е важно: Ако си свесен за своите способности и позитивни страни, ќе имаш поголема самодоверба.
Размисли: Секој си има различни дарби. На пример, некои имаат талент за уметност или музика, а други се повеќе по спортот. Ракел е махер за коли.a Таа вели: „Кога имав околу 15 години, сфатив дека сакам да бидам механичар“.
Библиски пример: Апостол Павле напишал: „И да сум невешт во говорот, не сум во знаењето“ (2. Коринќаните 11:6). Затоа што многу добро ги разбирал светите списи, Павле можел цврсто да остане на своето кога другите го напаѓале. Не дозволувал нивниот негативен став да го расколеба (2. Коринќаните 10:10; 11:5).
Анализирај се. На линијата напиши еден твој талент или вештина.
․․․․․
Сега, опиши една своја јака карактерна црта. (На пример, дали си грижлив? великодушен? точен? човек на кого другите можат да се потпрат?)
․․․․․
„Секогаш се трудам да ги ставам другите пред себе. Ако некој сака да зборува со мене, а јас сум зафатена со нешто, прекинувам и го сослушувам“ (Бриен).
Ако ти е тешко да си најдеш јака карактерна црта, размисли за нешто во што сега си подобар отколку кога беше помал, и напиши го на линијата. (На пример, види ја рамката „Што велат други млади“.)
․․․․․
2. КОИ МИ СЕ СЛАБИ СТРАНИ?
Зошто е важно: Јажето се кине таму каде што е најтенко. Затоа, имај на ум кои се твоите слабости и држи ги под контрола за да не си го погазиш своето јас.
Размисли: Никој не е совршен (Римјаните 3:23). Секој има нешто што би сакал да го смени кај себе. На пример, една девојка по име Сејџа вели: „Зошто дозволувам глупости да ме извадат од кожа? Знам да се изнервирам и да избувнам и за најмала ситница!“
Библиски пример: Павле бил свесен за своите слабости. Тој напишал: „Според својот внатрешен човек навистина уживам во Божјиот закон, но во своите делови на телото гледам друг закон, кој војува против законот на мојот ум и ме заробува со законот на гревот“ (Римјаните 7:22, 23).
Анализирај се. Кои слабости треба да ги контролираш?
․․․․․
„Сум забележала дека, кога гледам романтични филмови, ме фаќа тага и ми доаѓа желба да најдам некој во кого ќе се заљубам. Сега сум свесна дека морам да пазам да не гледам многу такви филмови (Бриџет).
3. КАКВИ ЦЕЛИ ИМАМ?
Зошто е важно: Кога имаш цели, имаш правец и смисла во животот. Освен тоа, поголема е веројатноста дека ќе избегнуваш луѓе и ситуации што би можеле да те спречат да го оствариш она што си го имаш зацртано.
Размисли: Дали ќе влезеш во такси и ќе му речеш на шоферот да те вози околу зградата сѐ додека не снема бензин? Тоа би било глупаво — и скапо! Кога имаш цели, не луташ во животот како мува без глава. Знаеш каде одиш и имаш план како да стигнеш до таму.
Библиски пример: Павле напишал: „Јас не трчам бесцелно“ (1. Коринќаните 9:26). Наместо во животот да оди таму каде што го носи ветрот, Павле си поставувал цели и живеел во склад со нив (Филипјаните 3:12-14).
Анализирај се. На празните линии напиши три цели што би сакал да ги постигнеш во рок од една година.
1) ․․․․․
2) ․․․․․
3) ․․․․․
А сега, види која од овие цели ти е најважна тебе, и напиши што можеш да направиш сега за да почнеш да ја остваруваш.
․․․․․
„Сум забележал дека, ако не сум зафатен со нешто, така си го трошам времето. Многу е подобро да имаш цели и да работиш на нив“ (Хозе).
4. КАКВИ УБЕДУВАЊА ИМАМ?
Зошто е важно: Ако немаш свои убедувања, ќе играш како што ти свират. Како камелеон, ќе ги менуваш боите за да се претопиш со своите врсници — што е сигурен показател дека немаш свое јас.
Размисли: Библијата ги поттикнува христијаните ‚да утврдат која е Божјата волја — што е добро, прифатливо и совршено‘ (Римјаните 12:2). Кога ги правиш работите на темел на своите убедувања, остануваш верен на себеси — без разлика што прават другите.
Библиски пример: Кога бил на тинејџерски години, пророкот Даниел ‚одлучил во своето срце‘ да се држи за Божјите закони, иако бил далеку од семејството и соверниците (Даниел 1:8). На тој начин, останал верен на себеси. Даниел живеел според своите убедувања.
Анализирај се. Какви убедувања имаш ти? На пример:
● Веруваш ли во Бог? Ако веруваш, зошто? Кои докази те уверуваат тебе дека има Бог?
● Уверен ли си дека Божјите морални мерила се за твое добро? Ако си уверен, зошто? На пример, што те уверува дека ќе бидеш посреќен ако се држиш за Божјите закони во врска со сексот отколку ако го прифатиш „слободниот“ живот на твоите врсници?
Ова не се прашања на кои треба брзо да одговориш. Размисли кои се причините за твоите верувања. Така ќе можеш подобро да ги браниш (Изреки 14:15; 1. Петрово 3:15).
„На училиште, кога децата ќе видат дека не си сигурен за нешто, баш таму те чепкаат, а јас не сакав да бидам несигурна во врска со мојата вера. Затоа решив да најдам јасни, цврсти причини за моите верувања. Дојдов до степен кога, наместо да речам: ‚А, не смеам така зашто тоа е спротивно на мојата религија‘, можев да речам: ‚Јас сметам дека тоа не е исправно‘. Тоа беа мои верувања“ (Даниела).
После сето ова, на што би сакал да личиш ти — на паднат лист што може да го дувне и најслабо ветре или на дрво што може да издржи и најсилни бури? Изгради си свое јас и ќе бидеш како едно такво дрво. А тоа ќе ти помогне да дојдеш до одговорот на прашањето: Кој сум јас?
[Фуснота]
a Некои имиња во оваа статија се сменети.
[Рамка/слики на страница 27]
ШТО ВЕЛАТ ДРУГИ МЛАДИ
„Со текот на времето научив дека, кога донесувам одлуки, било големи било мали, треба да ги земам предвид сите фактори и дека многу е важно да внимавам да не направам нешто што ќе го разочара Бог“
„Како помала, го сметав за чуден секој што беше поинаков од мене. Сега ми се допаѓа тоа што не сме сите исти и ме интересираат гледиштата на другите“
[Слики]
Џеремаја
Џенифер
[Рамка на страница 28]
ЗОШТО НЕ ГИ ПРАШАШ РОДИТЕЛИТЕ?
За што сметате дека имам талент? Кои карактерни црти сметате дека треба да ги поправам? Што ви помогна да се уверите дека Божјите мерила се за наше добро?
[Графикон на страница 26]
(Види во публикацијата)
ЈАКИ СТРАНИ
СЛАБИ СТРАНИ
ЦЕЛИ
УБЕДУВАЊА
[Слика на страница 28]
Кога имаш свое јас, ти си како дрво со цврсти корења кое може да издржи силни бури