ОНЛАЈН БИБЛИОТЕКА Watchtower
ОНЛАЈН БИБЛИОТЕКА
Watchtower
македонски
ѐ
  • Ѐ
  • ѐ
  • Ѝ
  • ѝ
  • БИБЛИЈА
  • ПУБЛИКАЦИИ
  • СОСТАНОЦИ
  • Дали тоа навистина се случило?
    Стражарска кула (За јавност) 2016 | Бр. 2
    • Телото на Исус го симнуваат од столбот, а неговите ученици гледаат од далеку

      ТЕМА ОД НАСЛОВНАТА | ЗОШТО ИСУС СТРАДАЛ И УМРЕЛ?

      Дали тоа навистина се случило?

      Пролетта 33 год. од н.е. бил погубен Исус од Назарет. Тој бил лажно обвинет за побуна, бил сурово измачуван и прикован на столб. Умрел во неподносливи маки. Но, Бог го вратил во живот и, 40 дена подоцна, се вознел на небото.

      Овие необични работи ги дознаваме од четирите евангелија од Христијанските грчки списи, наречени и Нов Завет. Дали тие навистина се случиле? Битно е да го знаеме одговорот на ова прашање. Ако не се случиле, верата на христијаните нема никаква смисла и надежта за вечен живот во рај е само пуста желба (1. Коринќаните 15:14). Од друга страна, ако сето тоа навистина се случило, тогаш на човештвото му претстои светла иднина која можеш да ја доживееш и ти. Како да знаеме дали евангелијата се вистина или измислица?

      ШТО ПОКАЖУВААТ ФАКТИТЕ

      За разлика од измислените легенди, евангелијата изобилуваат со точни и детално прикажани информации. На пример, во нив се спомнуваат многу имиња на вистинити места, од кои голем број постојат и денес. Тие зборуваат и за вистински личности, за кои историчарите потврдуваат дека постоеле (Лука 3:1, 2, 23).

      Самиот Исус го спомнуваат некои световни писатели од првиот и од вториот век.a Она што евангелијата го кажуваат за начинот на кој умрел се совпаѓа со римските методи на погубување од тоа време. Освен тоа, случувањата се изнесени реално и отворено. Запишани се дури и некои од пропустите на учениците на Исус (Матеј 26:56; Лука 22:24-26; Јован 18:10, 11). Сето ова јасно покажува дека писателите на евангелијата биле чесни луѓе и дека она што го напишале за Исус е точно.

      ДАЛИ ИСУС НАВИСТИНА ВОСКРЕСНАЛ?

      Иако повеќето луѓе веруваат дека Исус живеел и умрел, некои се сомневаат дека тој навистина воскреснал. Дури и неговите апостоли не поверувале кога слушнале дека бил повторно жив (Лука 24:11). Но, нивните сомнежи се расчистиле откако и тие и некои други ученици лично го виделе воскреснатиот Исус во повеќе прилики. На пример, во една прилика го виделе повеќе од 500 души (1. Коринќаните 15:6).

      Иако знаеле дека можат да бидат уапсени и убиени, учениците на Исус не се плашеле да кажуваат дека тој воскреснал, па дури и пред оние што го погубиле (Дела 4:1-3, 10, 19, 20; 5:27-32). Дали толку многу ученици ќе можеле да покажат таква огромна храброст ако не биле потполно уверени дека тој навистина воскреснал? Всушност, токму поради тоа што Исус воскреснал, христијанството успеало да изврши толку големо влијание врз луѓето и тогаш и денес.

      Евангелијата што ги опишуваат смртта и воскресението на Исус ги содржат сите обележја на еден точен историски извештај. Ако внимателно ги прочиташ, ќе се увериш дека станува збор за вистински настани. А ако разбереш зошто Исус требало да умре и да воскресне, ќе бидеш уште поуверен дека сето тоа навистина се случило. За тоа зборува следната статија.

      a Тацит, кој е роден околу 55 н.е., напишал: „Христос, од кого доаѓа името [христијани], за време на владеењето на Тибериј беше сурово казнет од раката на еден од нашите управители, Понтиј Пилат“. Исус го спомнуваат и Светониј (прв век), еврејскиот историчар Јосиф (прв век) и Плиниј Помладиот, управител на Витинија (почеток на вториот век).

      Зошто нема повеќе докази од други извори?

      Со оглед на тоа што Исус имал невидено влијание врз светот, зарем не е логично да очекуваме дека, освен Библијата, и други извори од првиот век би потврдиле дека тој постоел и воскреснал? Не мора да значи. Како прво, евангелијата биле напишани пред околу 2.000 години. Од тоа време се зачувани многу малку ракописи (1. Петрово 1:24, 25). Освен тоа, Исус имал многу непријатели. Не е логично да очекуваме тие да напишале било каков извештај за Исус со кој би им помогнале на луѓето да веруваат во него.

      Во врска со воскресението на Исус, еден од неговите апостоли по име Петар објаснил: „Бог го воскресна на третиот ден и му даде да им се појави на луѓето, но не на целиот народ, туку на сведоци кои Бог однапред ги одреди — нам, кои јадевме и пиевме со него откако стана од мртвите“ (Дела 10:40, 41). Зошто Исус не се појавил пред сите луѓе? Евангелието според Матеј кажува дека неговите непријатели, верските водачи, чуле дека Исус воскреснал, а сепак скроиле план да спречат да се рашири гласот за тоа (Матеј 28:11-15).

      Дали тоа значи дека Исус сакал неговото воскресение да остане тајна? Не, затоа што Петар додал: „Ни заповеда да му проповедаме на народот и да сведочиме темелно дека тоа е оној кого Бог го постави за судија на живите и на мртвите“. Вистинските христијани го направиле токму тоа, а го прават и денес (Дела 10:42).

  • Зошто Исус страдал и умрел?
    Стражарска кула (За јавност) 2016 | Бр. 2
    • Луѓе од различни раси се радуваат на животот во рајот на Земјата

      ТЕМА ОД НАСЛОВНАТА

      Зошто Исус страдал и умрел?

      „Преку еден човек [Адам] гревот влезе во светот и преку гревот смртта“ (Римјаните 5:12)

      Адам и Ева гледаат во забранетиот плод; Адам и Ева остарени; луѓе на гробишта кои носат ковчег

      Што би одговорил ако некој те праша: „Дали би сакал да живееш вечно?“ Повеќето луѓе веројатно би рекле дека сакаат, но дека тоа не е можно. Според нив, смртта е природна работа и, кога-тогаш, на нашето постоење мора да му дојде крај.

      Но, да претпоставиме дека прашањето гласи обратно: „Дали си спремен да умреш?“ Во нормални околности, повеќето луѓе би рекле дека не се. Што покажува тоа? Без разлика низ какви тешкотии минуваме, сите ние имаме природна желба да живееме. Библијата покажува дека луѓето сакаат да продолжат да живеат затоа што Бог ги создал со вродена желба за живот. Како што пишува во неа, Бог „вечноста им ја ставил на луѓето в срце“ (Проповедник 3:11).

      Сепак, реалноста е дека не живееме вечно. Како дошло до тоа да умираме? И дали Бог направил нешто за да го смени тоа? Одговорите на овие прашања се наоѓаат во Библијата. Тие ќе нѐ охрабрат, а ќе ни покажат и зошто Исус страдал и умрел.

      КАКО ДОШЛО ДО ТОА ДА УМИРАМЕ?

      Првите три поглавја од библиската книга 1. Мојсеева кажуваат дека Бог ги создал првите луѓе, Адам и Ева, со можност да живеат вечно и им кажал што треба да прават за да не ја изгубат таа можност. За жал, тие не го послушале и го изгубиле вечниот живот. Ова е опишано на толку едноставен начин што за некои звучи како обична прикаска. Но, исто како евангелијата, и книгата 1. Мојсеева ги содржи сите потребни елементи за еден точен историски извештај.a

      Што се случило откако Адам не го послушал Бог? Библијата кажува: „Преку еден човек [Адам] гревот влезе во светот и преку гревот смртта, и така смртта се прошири на сите луѓе, зашто сите згрешија“ (Римјаните 5:12). Со тоа што не го послушал Бог, Адам направил грев. Така ја изгубил можноста да живее вечно и еден ден умрел. Бидејќи сите ние сме негови потомци, од него сме ја наследиле грешноста и затоа се разболуваме, старееме и умираме. Ваквото објаснување е во склад со научните сознанија дека некои генетски карактеристики се пренесуваат од родителите на децата. Дали Бог направил нешто за да го смени тоа?

      ШТО НАПРАВИЛ БОГ

      Бог се погрижил да ни го врати она што Адам ни го одзел — можноста да живееме вечно. Како успеал во тоа?

      Во Библијата пишува: „Платата за гревот е смрт“ (Римјаните 6:23). Тоа значи дека секој што греши плаќа со смрт. Адам згрешил, и на крајот умрел. И ние грешиме и на крајот мора да умреме. Сите ние се раѓаме во грев, но не по своја вина. Затоа Бог, од љубов го испратил својот Син, Исус, да плати за нашите гревови. Зошто било потребно такво нешто?

      Луѓе од различни раси се радуваат на животот во рајот на Земјата

      Благодарение на смртта на Исус можеме да имаме вечен и среќен живот

      Гревот и смртта ни ги пренел еден совршен човек, Адам, со тоа што бил непослушен. Затоа, од нив можел да нѐ ослободи само друг совршен човек кој ќе му останел послушен на Бог до смрт. Библијата објаснува: „Како што преку непослушноста на еден човек мнозина станаа грешници, така и преку послушноста на еден мнозина ќе станат праведни“ (Римјаните 5:19). Исус бил тој што нѐ спасил со својата послушност. Тој го напуштил небото, станал совршен човекb и умрел за нас. Благодарение на тоа, Бог може да нѐ смета за праведни и имаме можност да живееме вечно.

      ЗОШТО ИСУС СТРАДАЛ И УМРЕЛ

      Но, зар морало Исус да умре за да се постигне сето тоа? Зар Семоќниот Бог не можел едноставно да одлучи потомците на Адам да живеат вечно? Да, Бог имал право да го направи тоа. Но, така би го погазил законот што самиот го дал — дека плата за гревот е смрт. Тој закон не бил едно небитно правило што лесно би можело да се смени или занемари. Без тој закон нема вистинска правда (Псалм 37:28).

      Ако Бог не се држел за правдата во овој случај, со право би можеле да помислиме дека истото ќе го направи и во друга прилика. На пример, дали би бил праведен кога ќе треба да одреди кој од потомците на Адам ќе живее вечно? Дали ќе си ги исполни и другите ветувања? Тоа што Бог не ја погазил правдата во начинот на кој се погрижил да бидеме спасени е гаранција дека секогаш ќе го прави она што е праведно.

      Со тоа што го испратил Исус да умре, Бог ни дал можност да живееме вечно во рај на Земјата. Во Јован 3:16 Исус рекол: „Бог толку многу го сакаше светот што го даде својот единороден Син, за секој што верува во него да не биде уништен, туку да има вечен живот“. Смртта на Исус не само што ни покажува дека Бог никогаш не ја извртува правдата туку е и доказ дека многу ги сака луѓето.

      Но, зошто Исус морал да страда и да умре на таков тежок начин како што пишува во евангелијата? Со тоа што прифатил да биде испитан до краен степен и останал верен, Исус еднаш засекогаш го побил тврдењето на Сатана дека луѓето нема да му останат верни на Бог под искушение (Јов 2:4, 5). Навидум изгледало дека Сатана имал право да тврди такво нешто затоа што му успеало да го наведе на грев совршениот Адам. Но, Исус бил совршен како Адам, а сепак му останал послушен на Бог и покрај тоа што бил сурово измачуван (1. Коринќаните 15:45). Со тоа покажал дека и Адам можел да му остане послушен на Бог доколку сакал. Истрајноста на Исус е пример и за нас денес (1. Петрово 2:21). Бог го наградил својот Син за неговата совршена послушност и му подарил бесмртен живот на небото.

      КАКВА МОЖНОСТ СТОИ ПРЕД ТЕБЕ

      Смртта на Исус не е нешто измислено. Таа ни дава можност да живееме засекогаш. Дали би сакал да живееш вечно? Исус кажал што треба да направиме: „За да добијат вечен живот, треба добро да те запознаат тебе, единствениот вистински Бог, и оној кого го испрати, Исус Христос“ (Јован 17:3).

      Издавачите на ова списание сакаат да дознаеш повеќе за Јехова, вистинскиот Бог, и за неговиот Син, Исус Христос. Јеховините сведоци во твоето место со задоволство ќе ти помогнат во тоа. Корисни информации можеш да најдеш и на нашата интернет-страница www.jw.org/mk.

      a Види ја статијата „Дали навистина постоела рајската градина?“ во Стражарска кула од 1 јануари 2011, страница 4, издадена од Јеховините сведоци.

      b Кога Бог го пренел животот на својот Син од небото во матката на Марија таа забременила, а светиот дух спречил Исус да наследи несовршеност од Марија (Лука 1:31, 35).

      Бесквасен леб се подава од рака на рака за време на Спомен-свеченост

      „Правете го ова“

      Ноќта пред да го даде својот живот, Исус бил заедно со своите верни апостоли и воспоставил свеченост со која требало да се одбележува неговата смрт. Во таа прилика рекол: „Правете го ова за мој спомен“ (Лука 22:19). Од почит кон овие негови зборови, Јеховините сведоци низ целиот свет еднаш годишно се собираат за да ја одбележат неговата смрт. Минатата година, на овој настан присуствуваа 19.862.783 лица.

      Оваа година, смртта на Исус ќе се одбележи по зајдисонце во среда, 23 март. Секој е добредојден. Ќе можете да слушнете библиски говор во кој ќе биде објаснето од какво значење е смртта на Исус и што овозможува таа за секого од нас. Влезот е бесплатен и нема да се бараат прилози. За времето и локацијата прашајте ги Јеховините сведоци од Вашето место или проверете на нашата интернет-страница www.jw.org/mk.

Публикации на македонски јазик (1991 — 2025)
Одјави се
Најави се
  • македонски
  • Сподели
  • Подесување
  • Copyright © 2025 Watch Tower Bible and Tract Society of Pennsylvania
  • Услови за користење
  • Полиса за приватност
  • Поставки за приватност
  • JW.ORG
  • Најави се
Сподели