-
Неподнослива тага и болкаРазбудете се! 2018 | Бр. 3
-
-
ПОМОШ ЗА УЖАЛЕНИТЕ
Неподнослива тага и болка
„Со Софијаa бевме во брак повеќе од 39 години. Таа почина по долго боледување. Пријателите ми пружија голема поддршка, и се трудев да бидам зафатен. Сепак, цела година се чувстував како да умрел дел од мене. Во еден момент се чувстував добро, а веќе во следниот момент лошо. Дури и сега, речиси три години по нејзината смрт, одвреме-навреме ми се појавува силна емоционална болка, и тоа обично одненадеж“ (Костас).
Дали ти починал некој близок? Ако да, можеби се пронаоѓаш себеси во зборовите на Костас. Смртта на брачен другар, роднина или драг пријател е една од работите кои предизвикуваат најголема болка и стрес. Стручњаците кои ги проучуваат тагата и болката што ги носи смртта на некој близок се сложуваат со ова. Во едно списание пишува дека „смртта очигледно е траен и многу тежок вид загуба“ (The American Journal of Psychiatry). Поради неподносливата болка што ја носи таквата загуба, оној што е ужален може да се прашува: „До кога ќе се чувствувам вака? Дали некогаш пак ќе бидам среќен? Што може да ми ја ублажи болката?“
Одговорите на овие прашања можеш да ги најдеш во овој број на Разбудете се! Во следната статија се зборува за тоа што можеш да очекуваш ако неодамна ти починал некој близок. Во останатите статии се наведени некои практични работи кои можат да ти помогнат полесно да се справиш со тагата.
Се надеваме дека овие статии ќе ги утешат и практично ќе им помогнат на оние што чувствуваат неподнослива тага и болка поради смртта на некој близок.
a Некои имиња во овие статии се сменети.
-
-
Што да очекувашРазбудете се! 2018 | Бр. 3
-
-
ПОМОШ ЗА УЖАЛЕНИТЕ
Што да очекуваш
Иако некои експерти велат дека периодот на тагување се состои од неколку фази, секој човек тагува на поинаков начин. Дали тоа што луѓето се справуваат со тагата на различен начин значи дека некои се помалку погодени од загубата или дека ги потиснуваат чувствата? Не мора да значи. Точно е дека, кога некој ја прифаќа и ја изразува тагата, тоа може да има позитивен ефект. Сепак, не постои еден „исправен начин“ на тагување. Како некој се справува со тагата зависи од неговиот карактер, културата од која потекнува, искуствата во животот, а и од тоа како го изгубил својот близок.
ПОСЛЕДИЦИ ШТО ГИ НОСИ ТАГАТА
Оние на кои им починал некој близок можеби не знаат што да очекуваат. Сепак, повеќето се борат со некои слични чувства и потешкотии. Еве некои од нив:
Силен емоционален притисок. Ужалените можат често да се расплакуваат, да чувствуваат силен копнеж по тој што им починал и да доживуваат нагли промени во расположението. Сеќавањата и соништата можат уште повеќе да ги засилат ваквите чувства. Сепак, на почеток можеби ќе бидат во шок и неверување. Тина се сеќава како се чувствувала кога нејзиниот сопруг, Тимо, неочекувано починал. Таа вели: „Отпрвин бев во шок. Не можев дури ни да плачам. Чувстував толку силен притисок што на моменти ми беше тешко да дишам. Едноставно не можев да поверувам дека тоа се случи“.
Чувство на вознемиреност, гнев и вина. Иван вели: „Некое време по смртта на нашиот 24-годишен син, Ерик, јас и жена ми, Јоланда, бевме многу лути. Бевме изненадени бидејќи никогаш не сме чувствувале толку голема лутина и гнев. Нѐ измачуваа и чувства на вина. Се прашувавме дали можевме да направиме нешто повеќе за да му помогнеме на нашиот син“. И Алехандро, чија жена починала по долго боледување, се измачувал со чувства на вина. Тој вели: „На почетокот си мислев дека, штом Бог дозволува толку многу да страдам, мора да сум лош човек. Потоа се чувствував виновен затоа што на некој начин како да го обвинував Бог за она што се случи“. А Костас, кој го спомнавме во претходната статија, вели: „Понекогаш дури ѝ се лутев на Софија затоа што умре. Потоа, се чувстував виновен поради тоа. Всушност, таа не беше крива што почина“.
Нарушени мисли. Одвреме-навреме, оние што изгубиле некого можат да ги мачат несредени и нелогични мисли. На пример, може да си замислуваат дека го слушаат или гледаат починатиот или, пак, дека го чувствуваат неговото присуство. Може да им биде тешко да се концентрираат на нешто или да запомнат некои работи. Тина вели: „Понекогаш, кога разговарав со некој, мислите воопшто не ми беа тука. Во главата само ми се вртеа настаните околу смртта на Тимо. Самото тоа што не можев да се концентрирам ми создаваше стрес“.
Желба за повлекување од другите. Ужалените може да се чувствуваат нервозно или непријатно кога се со други луѓе. Костас вели: „Кога бев со брачни парови, имав чувство како да сум вишок, а некако не се вклопував ни со самците“. Жена му на Иван, Јоланда, вели: „Ми беше тешко кога бев со луѓе кои се жалеа за проблеми кои изгледаа безначајни во споредба со нашите. А некои, пак, ни кажуваа дека на нивните деца многу добро им оди во животот. Се радував за нив, но во исто време ми беше тешко да ги слушам. Јас и маж ми знаевме дека животот продолжува, но едноставно немавме ни желба ни трпение да разговараме со другите“.
Здравствени проблеми. Оние на кои им починал близок честопати доживуваат промени во апетитот, телесната тежина и навиките на спиење. Арон се сеќава на првата година откако починал татко му. Тој вели: „Не можев добро да спијам. Секоја ноќ се будев во исто време и размислував за татко ми“.
Алехандро се сеќава дека имал некои необични физички симптоми. Тој вели: „Неколку пати отидов на лекар и ми рекоа дека сѐ е во ред. Претпоставував дека тагата ми предизвикуваше такви симптоми“. Со текот на времето, симптомите исчезнале. Сепак, било добро тоа што Алехандро отишол на лекар. Тагата може да го намали имунитетот, да влоши некој здравствен проблем или дури да предизвика нов здравствен проблем.
Потешкотии во извршувањето на секојдневните обврски. Иван вели: „По смртта на Ерик, требаше да ги известиме роднините, пријателите, но и некои други луѓе, како што беа неговиот работодавец и газдата на станот во кој живееше. Требаше да пополниме голем број документи. Потоа требаше да ги средиме личните работи на Ерик. Сето тоа бараше од нас сила и концентрација во период кога бевме психички, физички и емоционално исцрпени“.
На други, пак, најтешко им е подоцна кога треба да прават некои работи кои претходно ги правел нивниот близок кој починал. Ова било случај и со Тина. Таа кажува: „Тимо водеше сметка за финансиите и за некои други деловни работи. Сега јас требаше да го правам тоа. Ова ми создаваше уште поголем стрес. Се прашував дали ќе успеам да направам сѐ како што треба“.
Емоционалните, психичките и физичките потешкотии, кои ги спомнавме претходно, можат да создадат слика дека е премногу тешко да се поднесе тагата. Точно е дека болката по смртта на некој близок може да биде многу силна. Но, тоа што однапред ќе бидат свесни за овој факт може да им помогне на оние што доживеале загуба полесно да ја поднесат. Имај на ум дека секој не ги доживува сите можни негативни последици од тагата. Освен тоа, ужалените до некоја мера може да ги утеши тоа што знаат дека таквите силни чувства се нормални.
ДАЛИ НЕКОГАШ ПАК ЌЕ БИДАМ СРЕЌЕН?
Што да очекуваш: Силното чувство на тага не трае засекогаш, туку постепено избледнува. Тоа не значи дека оној што тагува потполно ќе се „опорави“ или дека ќе го заборави својот близок кој починал. Сепак, острата болка со текот на времето се намалува. Таа може повторно да се појави кога неочекувано ќе му се вратат некои сеќавања или на некои значајни денови како што се годишниците. Меѓутоа, по некое време, повеќето ужалени повторно стекнуваат емоционална рамнотежа и можат нормално да ги извршуваат секојдневните обврски. Ова особено е случај доколку имаат поддршка од семејството или пријателите и преземаат некои практични чекори за да се соочат со ситуацијата.
Колку долго ќе се чувствуваш така? Некои можеби чувствуваат неподнослива тага само неколку месеци. Многумина велат дека се чувствуваат подобро дури по една или две години. А на некои, пак, им е потребно уште повеќе време.a Алехандро вели: „Околу три години се борев со силна тага“.
Биди стрплив со себеси. Не грижи се за утрешниот ден, биди свесен за своите граници и не заборавај дека неподносливата тага и болка не остануваат засекогаш. Сепак, кои работи можат да ти помогнат да ја ублажиш тагата која ја чувствуваш во моментов или да спречиш таа непотребно да трае подолго време?
Силните чувства на тага се нормални
a Мал број на луѓе можат долго време да чувствуваат многу силна тага која може да премине во таканаречена „комплицирана“ или „хронична“ тага. На таквите лица можеби ќе им биде потребна стручна медицинска помош.
-
-
Како да ја поднесеш тагата — што можеш да направишРазбудете се! 2018 | Бр. 3
-
-
ПОМОШ ЗА УЖАЛЕНИТЕ
Како да ја поднесеш тагата — што можеш да направиш
Ако бараш совети за тоа како полесно да ја поднесеш тагата, веројатно ќе наидеш на безброј идеи. Некои се корисни, а некои не толку. Можеби тоа е затоа што, како што спомнавме претходно, секој човек тагува на различен начин. Нешто што му помага на еден, не значи дека ќе му помогне и на друг.
Сепак, постојат некои практични совети кои им помогнале на многумина. Тие честопати се спомнувани од стручњаците за ментално здравје. Мудрите начела кои стојат зад овие совети никогаш не застаруваат. Тие потекнуваат од една древна книга, Библијата.
1. ПРИФАТИ ЈА ПОДДРШКАТА ОД СЕМЕЈСТВОТО И ПРИЈАТЕЛИТЕ
Некои стручњаци сметаат дека ова е најважната работа која може да ти помогне да ја пребродиш загубата. Но, понекогаш, можеби ќе сакаш да бидеш сам. Можеби оние што сакаат да ти помогнат дури ќе ти одат на нерви. Ова е сосем нормално.
Немој да мислиш дека секогаш мора да бидеш со луѓе. Од друга страна, немој целосно да се повлечеш од другите. Можеби во иднина ќе ти треба нивната помош. На љубезен начин кажи им што ти е потребно во моментот, а што не.
Биди урамнотежен и, според твоите потреби, одреди колку време е добро да поминуваш со други луѓе, а колку сам.
БИБЛИСКО НАЧЕЛО: „Подобро им е на двајца отколку на еден... Зашто, ако падне едниот, другиот ќе го подигне другарот свој“ (Проповедник 4:9, 10).
2. ВНИМАВАЈ НА ИСХРАНАТА И РЕДОВНО ВЕЖБАЈ
Разновидната исхрана ќе ти помогне да се справиш со стресот кој го предизвикува загубата. Труди се да јадеш различни видови овошје, зеленчук и немасни протеини.
Пиј многу вода и други здрави напитоци.
Ако ти е намален апетитот, јади помали оброци, но почесто. Би можел да го прашаш својот лекар дали да земеш некои додатоци во исхраната.a
Брзото одење и други физички вежби можат да ти помогнат да се чувствуваш подобро. Некои гледаат на вежбањето како на прилика во која можат да размислуваат за загубата и за промената во животот. А на други, пак, вежбањето им помага да ги оттргнат мислите од смртта на својот близок.
БИБЛИСКО НАЧЕЛО: „Никој не го мрази сопственото тело, туку го храни и се грижи за него“ (Ефешаните 5:29, Радосна вест).
3. СПИЈ ДОВОЛНО
Сонот е важен за секого, но особено е важен за оние на кои им починал некој затоа што поради тагата можат да чувствуваат многу поголем умор.
Внимавај колкава количина на кофеин и алкохол внесуваш бидејќи тие можат да влијаат врз сонот.
БИБЛИСКО НАЧЕЛО: „Подобар е еден грст одмор отколку два грста труд и трчање по ветар“ (Проповедник 4:6).
4. БИДИ ПРИСПОСОБЛИВ
Имај на ум дека секој тагува на различен начин. Ти треба да видиш кој начин е најдобар за тебе.
Многумина сфатиле дека им помага тоа што ќе ја споделат тагата со некого, а други не сакаат да ја изразат својата тага. Експертите имаат различни мислења за тоа дали изразувањето на чувствата е неопходно за полесно да се поднесе тагата. Доколку чувствуваш потреба да зборуваш со некого, но се колебаш, можеби ќе ти биде полесно ако почнеш малку по малку да ги споделуваш своите чувства со некој близок пријател.
Некои луѓе сфатиле дека плачењето им помага да се справат со тагата, а се чини дека други добро се справуваат иако не плачат многу.
БИБЛИСКО НАЧЕЛО: „Секој ја знае својата неволја и својата болка“ (2. Летописи 6:29).
5. ЧУВАЈ СЕ ОД ШТЕТНИ НАВИКИ
Некои што изгубиле близок се обидуваат да си ја олеснат емоционалната болка преку злоупотреба на алкохол, дрога или лекови. Со ваквиот „излез“ само си наштетуваат себеси. Можеби моментално се чувствуваат подобро, но долгорочните последици ќе бидат катастрофални. Труди се да се справиш со болката на некои побезопасни начини.
БИБЛИСКО НАЧЕЛО: „Да се исчистиме од секоја валканост“ (2. Коринќаните 7:1).
6. ОДВОЈ СИ ВРЕМЕ ЗА ДРУГИ АКТИВНОСТИ
Многумина увиделе дека им користи тоа што наместо цело време да тагуваат (да ги доживуваат чувствата и да се справуваат со нив) ќе си одредат повремени паузи (активности кои привремено ќе им ги оттргнат мислите од болката и тагата).
На пример, можеш да се трудиш да склопиш нови пријателства или да ги зајакнеш старите, да стекнеш нови вештини или да се рекреираш.
Како што минува времето, ќе забележиш промена. Можеби ќе видиш дека сѐ помалку време и сѐ поретко чувствуваш силна тага. Тоа е природен дел од процесот на закрепнување.
БИБЛИСКО НАЧЕЛО: „Сѐ си има свое време... време за плачење и време за смеење; време за тагување и време за танцување“ (Проповедник 3:1, 4).
7. ВОСПОСТАВИ РУТИНА
Труди се колку што е можно поскоро да воспоставиш една нормална рутина.
Ако имаш утврден распоред за работа, за спиење и за други активности, веројатно ќе почувствуваш дека полека работите си доаѓаат на свое место.
Тоа што ќе бидеш зафатен со позитивни активности ќе ти помогне да ги ублажиш тагата и болката.
БИБЛИСКО НАЧЕЛО: „Добро користете го времето што го имате“ (Ефешаните 5:16, фуснота).
8. НЕ НОСИ ВАЖНИ ОДЛУКИ ВО СКОРО ВРЕМЕ
Многумина кои донеле важни одлуки кратко време откако нивниот близок починал подоцна се покајале.
Ако е можно, дозволи да помине еден разумен временски период пред да се преселиш, да ја смениш работата или пред да одлучиш што ќе правиш со личните работи на твојот близок.
БИБЛИСКО НАЧЕЛО: „Плановите на трудољубивиот сигурно донесуваат корист, а секој што избрзува, сигурно оди кон немаштија“ (Изреки 21:5, фуснота).
9. ПРИСЕТУВАЈ СЕ НА МОМЕНТИТЕ СО ТВОЈОТ БЛИЗОК
Многумина од оние кои изгубиле некој близок увиделе дека е корисно да прават работи кои им помагаат да ги зачуваат спомените.
Тоа што ќе собираш слики или предмети, или ќе си напишеш споменар со настани и моменти кои не сакаш да ги заборавиш може да ти помогне да се чувствуваш подобро.
Чувај ги работите кои ти навраќаат убави спомени и подоцна, кога ќе се чувствуваш спремен, разгледувај ги.
БИБЛИСКО НАЧЕЛО: „Сети се на старите денови“ (5. Мојсеева 32:7, Превод на МПЦ).
10. ИЗЛЕЗИ ОД СЕКОЈДНЕВИЕТО
Можеби е добро да отидеш на одмор.
Ако не можеш да одиш на подолг одмор, би можел барем ден или два да правиш нешто интересно, на пример, да отидеш на планинарење, да посетиш некој музеј или да отидеш на излет.
Тоа што дури и за кратко ќе излезеш од секојдневието може да ти помогне полесно да ја поднесеш тагата.
БИБЛИСКО НАЧЕЛО: „Дојдете со мене на едно осамено место и одморете се малку“ (Марко 6:31).
11. ПОМАГАЈ ИМ НА ДРУГИТЕ
Имај на ум дека тоа што ќе одвоиш време за другите, ќе ти помогне да се чувствуваш подобро.
На почетокот би можел да им помагаш на оние кои исто така се погодени од загубата на твојот близок, како што се пријателите и роднините на кои им е потребен некој со кој ќе ја споделат својата тага.
Ако им помагаш на другите и ги тешиш, може повторно да почувствуваш радост и да добиеш мотивација да продолжиш понатаму.
БИБЛИСКО НАЧЕЛО: „Повеќе усреќува давањето отколку примањето“ (Дела 20:35).
12. ПРЕИСПИТАЈ ГИ СВОИТЕ ЦЕЛИ
Загубата може да ти помогне да сфатиш што е навистина важно.
Искористи го овој период за да размислиш на што го трошиш животот.
Доколку е потребно, направи промена во твоите цели.
БИБЛИСКО НАЧЕЛО: „Подобро е да одиш во куќа каде што плачат отколку во куќа каде што се гоштаваат, бидејќи таков му е крајот на секој човек. Кој е жив, нека го земе тоа присрце“ (Проповедник 7:2).
Точно е дека не постои нешто што може целосно да ја избрише болката што ја чувствуваш. Сепак, многумина на кои им починал некој близок, можат од искуство да потврдат дека некои практични работи, како што се советите спомнати во оваа статија, им помогнале да најдат утеха. Се разбира, постојат и многу други работи кои можат да ти помогнат полесно да ја поднесеш тагата. Но, доколку примениш некои од овие совети, може да почувствуваш големо олеснување.
a Разбудете се! не се залага за одреден вид здравствена грижа.
-
-
Најдобрата помош за ужаленитеРазбудете се! 2018 | Бр. 3
-
-
ПОМОШ ЗА УЖАЛЕНИТЕ
Најдобрата помош за ужалените
БОЛКАТА ШТО ЈА ПРЕДИЗВИКУВА СМРТТА НА НЕКОЈ БЛИЗОК Е ПРЕДМЕТ НА ГОЛЕМ БРОЈ ИСТРАЖУВАЊА ВО ПОСЛЕДНИВЕ ГОДИНИ. Сепак, како што веќе видовме, најдобрите совети од експертите честопати се во склад со мудрите совети запишани во Библијата. Ова покажува дека, иако Библијата е многу стара книга, нејзините совети никогаш не застаруваат. Но, освен што содржи проверени совети, во неа има и информации кои не можат да се најдат на ниту едно друго место и кои можат да им дадат неизмерна утеха на оние на кои им починал некој близок.
Библијата нѐ уверува дека нашите блиски кои починале не страдаат
Во Проповедник 9:5 стои: „Мртвите не се свесни за ништо“, а Псалм 146:4 вели дека нивните мисли пропаѓаат. Всушност, Библијата ја споредува смртта со длабок сон (Јован 11:11, 13).
Силната вера во Бог носи утеха
Во Псалм 34:15 пишува: „Очите на Јеховаa ги гледаат праведниците и ушите негови го слушаат нивниот повик за помош“. Тоа што во молитва ќе му ги изразиме нашите чувства на Бог е повеќе отколку само добра терапија или начин на кој ќе си ги средиме мислите. Всушност, молитвата ни помага да изградиме близок однос со нашиот Творец, кој има моќ да нѐ утеши.
Библијата ни дава надеж за подобра иднина
Замисли си го времето кога оние што починале повторно ќе бидат вратени во живот овде на Земјата. Во Библијата повеќе пати се спомнува она што ќе се случи во иднина. Во врска со условите кои тогаш ќе владеат на Земјата, во неа пишува: „[Бог] ќе ја избрише секоја солза од нивните очи и смрт нема да има веќе, ни тага, ни пискот, ниту болка“ (Откровение 21:3, 4).
Многумина кои веруваат во Јехова Бог, можат полесно да ги поднесат тагата и болката затоа што имаат надеж дека повторно ќе ги видат своите блиски што починале. На пример, Ен, која го изгубила својот сопруг по 65 години брак вели: „Библијата ме уверува дека нашите блиски кои починале не страдаат и дека Бог ќе ги воскресне сите кои се во неговото сеќавање. Секогаш кога ќе помислам на загубата, овие мисли ме тешат и затоа можам да се соочам со најужасната работа која некогаш ми се случила“.
Тина, која беше спомната претходно, вели: „Од денот кога Тимо почина, чувствувам дека Бог е со мене. Тој ми помагаше кога ми беше најтешко. И библиското ветување за воскресението ми е многу реално. Тоа ми дава сила да продолжам понатаму сѐ до денот кога повторно ќе го видам Тимо“.
Милиони лица кои се уверени дека Библијата е достојна за доверба ги делат истите чувства и истата надеж. Дури и ако сметаш дека она што е запишано во Библијата е само сон, нема ништо да изгубиш ако ги испиташ доказите кои покажуваат дека можеме да имаме доверба во нејзините совети и ветувања. Можеби ќе откриеш дека Библијата ја нуди најдобрата помош за ужалените.
ДОЗНАЈ НЕШТО ПОВЕЌЕ ЗА ВОСКРЕСЕНИЕТО
Гледај видеоклипови поврзани со оваа тема на нашата интернет-страница jw.org
Библијата ветува дека во иднина ќе ги пречекаме нашите блиски кои починале
ШТО СЕ СЛУЧУВА СО ЛУЃЕТО ПО СМРТТА?
Што се случува по смртта? Одговорот што го дава Библијата ни влева утеха и надеж.
Оди на БИБЛИОТЕКА > ВИДЕОСОДРЖИНИ (Видеотека: БИБЛИЈА)
Во овој свет кој е полн со лоши вести, можеме ли да најдеме добра вест?
Оди на БИБЛИСКИ УЧЕЊА > МИР И СРЕЌА
a Јехова е името на Бог, кое го дознаваме од Библијата.
-