Поглавје 93
Кога ќе се открие Синот човечки
ДОДЕКА Исус е сѐ уште на север (во Самарија или во Галилеја), фарисеите го прашуваат во врска со доаѓањето на Царството. Тие веруваат дека тоа ќе дојде со голема помпа и церемонија, но Исус вели: „Божјето царство не доаѓа на упадлив начин, ниту ќе велат: ‚Еве овде!‘ или: ‚Таму!‘ Зашто гледај, Божјето царство е во вашата средина“.
Исусовите зборови „во вашата средина“ понекогаш се преведени „во вас“. Така, некои мислеле дека Исус укажува на тоа дека Божјето Царство владее во срцата на Божјите слуги. Но, очигледно, Божјето Царство не е во срцата на овие неверни фарисеи на кои Исус им зборува. Сепак, тоа е во нивната средина во тој поглед што наименуваниот Цар на Божјето Царство, Исус Христос, е токму меѓу нив.
Веројатно откако фарисеите си заминуваат, Исус продолжува да разговара со своите ученици во врска со доаѓањето на Царството. Особено ја има на ум својата идна присутност во моќта на Царството кога предупредува: „И ќе ви велат: ‚Ене онде е!‘ или: ‚Еве овде е!‘ Не излегувајте ниту трчајте по нив [по тие лажни Месии]. Зашто како што молњата со својот блесок засветлува од еден дел под небото до друг дел под небото, така ќе биде и Синот човечки“. Според тоа, Исус покажува дека исто како што молњата се гледа нашироко така и доказот за неговата присутност во моќта на Царството ќе биде јасно видлив за сите кои ќе сакаат да го видат.
Потоа Исус повлекува паралели со древните настани за да покаже какви ќе бидат ставовите на луѓето за време на неговата идна присутност. Тој објаснува: „Освен тоа, токму како што се случи во деновите на Ное, така ќе биде и во деновите на Синот човечки . . . Исто така, како што се случи во деновите на Лот: јадеа, пиеја, купуваа, продаваа, садеа, градеа. Но оној ден кога Лот излезе од Содом, од небото падна дожд од оган и сулфур и ги уништи сите. Истото ќе биде во оној ден кога Синот човечки треба да се открие“.
Исус не вели дека луѓето во времето на Ное и во времето на Лот биле уништени едноставно затоа што вршеле нормални активности — јадење, пиење, купување, продавање, садење и градење. Дури и Ное и Лот со нивните семејства го правеле тоа. Но, другите ги вршеле тие секојдневни активности без да посветат какво и да било внимание на Божјата волја, и поради тоа биле уништени. Од истата причина ќе бидат уништени луѓето кога ќе се открие Христос за време на големата неволја врз овој систем на работи.
Нагласувајќи колку е важно брзото одѕивање на доказот за неговата идна присутност во моќта на Царството, Исус додава: „Во тој ден, кој е на покривот, а работите му се во куќата, да не слегува да ги земе, и кој е на нива, исто така да не се враќа по работите зад себе. Сеќавајте се на Лотовата жена“.
Кога ќе се појави доказот за Исусовата присутност, луѓето не смеат да дозволат приврзаноста кон нивните материјални поседи да ги спречи да преземат брза акција. По патот надвор од Содом, Лотовата жена очигледно се свртела назад копнеејќи по работите што ги оставила зад себе, и станала столб од сол.
Продолжувајќи да ја опишува ситуацијата која ќе постои за време на неговата идна присутност, Исус им вели на своите ученици: „Таа ноќ ќе бидат двајца во еден кревет; едниот ќе биде земен, а другиот ќе биде оставен. Две жени ќе мелат на иста воденица; едната ќе биде земена, а другата ќе биде оставена“.
Да се биде земен одговара на влегувањето на Ное и на неговото семејство во арката и на тоа кога ангелите ги извеле Лот и неговото семејство од Содом. Тоа значи спасение. Од друга страна, пак, да се биде оставен значи да се претрпи уништување.
На тоа учениците прашуваат: „Каде, Господи?“
„Каде што е телото, таму ќе се соберат и орлите“, одговара Исус. Оние што ‚се земени‘ за спасение се како далековиди орли во тој поглед што се собираат кај „телото“. Телото се однесува на вистинскиот Христос при неговата невидлива присутност во моќта на Царството и на духовната гозба која што ја обезбедува Јехова. Лука 17:20—37; Битие 19:26.
▪ Како Царството било во средината на фарисеите?
▪ На кој начин Христовата присутност е како молња?
▪ Зошто луѓето ќе бидат уништени заради своите постапки за време на Христовата присутност?
▪ Што значи да се биде земен, и да се биде оставен?