Поглавје 106
Разоткриени преку илустрациите со лозјето
ИСУС е во храмот. Тој штотуку ги збунил верските водачи кои барале да знаат со каква власт ги прави тие работи. Пред да се соземат од збунетоста, Исус ги прашува: „Што мислите?“ И потоа со помош на една илустрација им покажува какви личности се всушност тие.
„Еден човек имаше две деца“, раскажува Исус. „Му пристапи на првото и му рече: ‚Дете, оди денес да работиш во лозјето‘. А тоа, одговарајќи, му рече: ‚Ќе појдам, господине‘, но не отиде. Пристапувајќи му на второто, му го рече истото. А тоа, одговарајќи, му рече: ‚Не одам‘. Потоа се покаја и отиде. Кое од тие две ја изврши волјата на својот татко?“, прашува Исус.
„Она второто“, одговараат неговите противници.
Потоа, Исус објаснува: „Вистина ви велам дека даночниците и блудниците одат пред вас во Божјето царство“. Даночниците и блудниците, всушност, во почетокот одбивале да му служат на Бог. Но, потоа, слично на второто дете, се покајале и му служеле. Од друга страна, пак, верските водачи, слично на првото дете, изјавувале дека му служат на Бог, па сепак, како што Исус забележува: „Јован [кој крштавал] дојде кај вас по патот на праведноста, но вие не му верувавте. Меѓутоа, даночниците и блудниците му веруваа, а вие, иако го видовте тоа, не се покајавте потоа за да му верувате“.
Исус понатаму покажува дека пропустот на тие верски водачи не е само тоа што го запоставиле служењето на Бог. Не, туку тие се всушност лоши, злобни луѓе. „Си беше еден човек, домаќин“, раскажува Исус, „кој насади лозје и постави ограда околу него и во него ископа место за винско гмечало и подигна кула, па го даде под закуп на лозари, и отпатува во туѓина. Кога дојде времето на плодовите, ги испрати своите робови кај лозарите за да му ги донесат плодовите. Меѓутоа, лозарите ги фатија неговите робови, и еден претепаа, друг убија, а трет каменуваа. Тој пак испрати други робови, повеќе од првите, но и ним им го направија истото.“
‚Робовите‘ се пророците кои ‚домаќинот‘, Јехова Бог, ги испратил кај „лозарите“ на неговото „лозје“. Лозарите се водечките претставници на израелската нација, која Библијата ја поистоветува со Божје „лозје“.
Со оглед на тоа дека „лозарите“ лошо постапуваат со ‚робовите‘ и ги убиваат, Исус објаснува: „Најпосле [сопственикот на лозјето] го испрати кај нив својот син, велејќи: ‚Ќе го почитуваат син ми‘. Кога го видоа синот, лозарите си рекоа меѓу себе: ‚Ова е наследникот; ајде да го убиеме па да го земеме неговото наследство!‘ Тогаш го фатија и го исфрлија од лозјето и го убија“.
Сега, обраќајќи им се на верските водачи, Исус прашува: „Кога ќе дојде сопственикот на лозјето, што ќе им направи на тие лозари?“
„Затоа што се зли“, одговараат верските водачи, „тој ќе донесе зло уништување врз нив, а лозјето ќе им го даде под закуп на други лозари, кои ќе му ги даваат плодовите кога ќе им биде време“.
На тој начин тие несвесно ја објавуваат осудата врз самите себе, бидејќи спаѓаат во израелските „лозари“ на Јеховиното „лозје“, нацијата Израел. Плодот кој го очекува Јехова од тие лозари е вера во неговиот Син, вистинскиот Месија. Поради нивниот пропуст да донесат таков плод, Исус ги предупредува: „Зарем никогаш не сте читале во Писмото [во Псалм 118:22, 23]: ‚Каменот што го отфрлија градителите, стана главен аголен камен. Тоа е од Јехова, и прекрасно е во нашите очи‘? Затоа ви велам: Божјето царство ќе се одземе од вас и ќе ѝ се даде на нација која ги донесува неговите плодови. Исто така, кој падне на овој камен, ќе се разбие. А на кого ќе падне тој, ќе го столчи во прав“.
Книжниците и главните свештеници сега сфаќаат дека Исус зборува за нив, и сакаат да го убијат него, законскиот ‚наследник‘. Затоа, предноста да бидат владетели во Божјето Царство ќе се одземе од нив како нација, и ќе биде создадена една нова нација на ‚лозари на лозјето‘, која ќе донесува соодветни плодови.
Плашејќи се од мноштвата, кои го сметаат Исус за пророк, верските водачи не се обидуваат да го убијат во таа прилика. Матеј 21:28—46; Марко 12:1—12; Лука 20:9—19; Исаија 5:1—7.
▪ Кого го претставуваат двете деца од првата илустрација на Исус?
▪ Кој, во втората илустрација, е претставен со ‚домаќинот‘, „лозјето“, „лозарите“, ‚робовите‘ и ‚наследникот‘?
▪ Што ќе се случи со ‚лозарите на лозјето‘, и кој ќе ги замени?