Поглавје 116
Ги подготвува апостолите за своето заминување
СПОМЕН-ВЕЧЕРАТА е завршена, но Исус и неговите апостоли сѐ уште се во горната соба. Иако наскоро ќе замине, Исус има да каже уште многу работи. „Да не се вознемирува вашето срце“, ги теши. „Практикувајте вера во Бог.“ Но, додава: „Практикувајте вера и во мене“.
„Во куќата на мојот Татко има многу живеалишта“, продолжува Исус. „Одам да ви приготвам место . . . и вие да бидете таму каде што сум јас. А таму каде што одам јас, го знаете патот“. Апостолите не сфаќаат дека Исус зборува за заминување на небото, па затоа Тома го прашува: „Господи, не знаеме каде одиш. Како го знаеме патот?“
„Јас сум патот и вистината и животот“, одговара Исус. Да, само ако човек го прифати него и го имитира неговиот начин на живеење може да влезе во небесната куќа на Таткото, бидејќи, како што вели Исус: „Никој не доаѓа кај Таткото освен преку мене“.
„Господи, покажи ни го Таткото“, бара Филип, „и тоа ни е доволно!“ Филип очигледно сака Исус да даде видлива манифестација на Бог, какви што во древни времиња преку визии им биле давани на Мојсеј, Илија и на Исаија. Но, всушност, апостолите имаат нешто подобро отколку таквите визии, како што забележува Исус: „Толку време сум со вас, а ти Филипе, уште не си ме запознал? Кој ме видел мене, го видел и Таткото“.
Исус толку совршено ја одразува личноста на својот Татко што да се живее со Исус и да се набљудува тој, всушност, е како вистински да се гледа Таткото. Сепак, Таткото е супериорен во однос на Синот, како што признава Исус: „Она што ви го зборувам, не го зборувам сам од себе“. Целата заслуга за своите учења Исус со право му ја припишува на својот небесен Татко.
Колку мора да е охрабрувачки за апостолите кога го слушаат она што Исус сега им го кажува: „Кој практикува вера во мене, тој и ќе ги врши делата што ги вршам јас; и ќе врши поголеми дела од овие“! Исус не мисли дека неговите следбеници ќе покажат поголема чудесна моќ отколку тој. Не, туку мисли дека тие ќе ја извршуваат службата многу подолго време, на многу поголемо подрачје и кај многу поголем број луѓе.
Исус нема да ги напушти своите ученици по заминувањето. „И што и да замолите во мое име“, ветува тој, „ќе го направам тоа.“ Понатаму, вели: „Ќе го замолам Таткото и тој ќе ви даде друг помошник за да биде со вас засекогаш, духот на вистината“. Подоцна, откако се вознесува на небото, Исус го излева на своите ученици светиот дух, овој друг помошник.
Заминувањето на Исус е близу, како што вели тој: „Уште малку и светот веќе нема да ме гледа“. Исус ќе биде духовно суштество така што ниеден човек не ќе може да го види. Но, тој уште еднаш им ветува на своите верни апостоли: „Вие ќе ме гледате, бидејќи јас живеам, и вие ќе живеете“. Да, Исус не само што ќе им се појави во човечки облик по своето воскресение туку во одредено време ќе ги воскресне и нив како духовни суштества за живот на небото со него.
Исус сега наведува едноставно правило: „Кој ги има моите заповеди и ги држи, тој е оној кој ме љуби. А кој ме љуби мене, ќе биде љубен од мојот Татко, и јас ќе го љубам и јасно ќе му се покажам“.
На тоа апостол Јуда, кој е наречен и Тадеј, го прекинува: „Господи, како тоа имаш намера јасно да ни се покажеш нам, а не на светот?“
„Ако некој ме љуби“, одговара Исус, „ќе ја држи мојата реч, и мојот Татко ќе го љуби . . . Кој не ме љуби, не ги држи моите зборови.“ За разлика од неговите послушни следбеници, светот ги игнорира Христовите учења. Затоа ним не им се покажува.
Во текот на својата земна служба Исус ги поучил своите апостоли за многу работи. Како ќе ги запомнат сите, особено затоа што дури и до тој момент пропуштија да сфатат толку многу? За среќа, Исус им ветува: „А помошникот, светиот дух, кого Таткото ќе го испрати во мое име, тој ќе ве научи на сѐ и ќе ве потсети на сѐ што ви реков“.
Повторно утешувајќи ги, Исус им вели: „Мир ви оставам, ви го давам својот мир . . . Нека не се вознемирува вашето срце“. Навистина, Исус заминува, но објаснува: „Ако ме љубевте, ќе се радувавте што си заминувам кај Таткото, зашто Таткото е поголем од мене“.
Исусовото преостанато време со нив е кратко. „Нема веќе многу да зборувам со вас“, вели тој, „зашто доаѓа владетелот на светот. И тој нема власт над мене.“ Владетелот на светот е Сатана Ѓаволот, оној кој имаше можност да влезе во Јуда и да завладее со него. Но, кај Исус нема грешна слабост која Сатана би можел да ја искористи за да го одвои од служењето на Бог.
Уживање присен однос
По спомен-вечерата, Исус ги охрабрува своите апостоли во еден неформален отворен разговор. Можеби е веќе после полноќ. Затоа Исус ги поттикнува: „Станете, ајде да одиме одовде!“ Но, пред да заминат, Исус, поттикнат од љубов кон нив, продолжува да зборува, давајќи една мотивирачка илустрација.
„Јас сум вистинската лоза, а мојот Татко е лозарот“, почнува тој. Големиот Лозар, Јехова Бог, ја засадил оваа симболична лоза кога го помазал Исус со светиот дух при неговото крштавање, есента 29 н.е. Но, Исус продолжува да објаснува дека лозата симболизира нешто повеќе отколку само него, забележувајќи: „Секоја гранка на мене која не носи плод, тој ја отстранува, а секоја која носи плод, ја чисти, за да донесе повеќе плод . . . Како што гранката не може сама од себе да донесе плод ако не остане на лозата, така не можете ни вие ако не останете во обединетост со мене. Јас сум лозата, вие сте гранките“.
На Пентекост, после 51 ден, апостолите и други станале гранки на лозата кога врз нив бил излеан светиот дух. На крајот, 144.000 лица стануваат гранки на таа симболична лоза. Заедно со нејзиното стебло, Исус Христос, тие ја сочинуваат симболичната винова лоза која ги донесува плодовите на Божјето Царство.
Исус го објаснува клучот за донесување плодови: „Кој останува во обединетост со мене и јас во обединетост со него, тој донесува многу плод; зашто одвоени од мене не можете да направите воопшто ништо“. Меѓутоа, ако човек пропушти да донесува плод, вели Исус, „тој се исфрла надвор како гранка и се суши; таквите гранки ги собираат и ги фрлаат в оган и ќе изгорат“. Од друга страна, пак, Исус ветува: „Ако останете во обединетост со мене и моите зборови останат во вас, замолете што сакате, и ќе ви се случи“.
Понатаму, Исус им вели на своите апостоли: „Со тоа мојот Татко е прославен, да донесувате многу плод и да се покажете дека сте мои ученици“. Плодот што го бара Бог од гранките е да покажуваат особини слични на Христовите, а особено љубов. Освен тоа, бидејќи Христос беше објавител на Божјето Царство, бараниот плод ја вклучува и нивната активност во правењето ученици, како што правел и тој.
„Останете во мојата љубов“, поттикнува сега Исус. Но, како можат неговите апостоли да го сторат тоа? „Ако ги држите моите заповеди“, вели тој, „ќе останете во мојата љубов.“ Продолжувајќи, Исус објаснува: „Ова е мојата заповед, да се љубите еден со друг како што јас ве љубев вас. Никој нема поголема љубов од оваа, некој да ја положи својата душа за своите пријатели“.
За неколку часа, Исус ќе ја покаже оваа ненадминлива љубов давајќи си го животот за своите апостоли, како и за сите други кои ќе покажат вера во него. Неговиот пример требало да ги поттикне следбениците да имаат иста таква самопожртвувана љубов еден кон друг. Таа љубов ќе ги идентификува, како што Исус навел претходно: „По тоа сите ќе знаат дека сте мои ученици, ако имате љубов меѓу себе“.
Идентификувајќи ги своите пријатели, Исус вели: „Вие сте мои пријатели ако го вршите она што ви го заповедам. Не ве нарекувам веќе робови, зашто робот не знае што прави неговиот господар. Туку ве нареков пријатели, зашто ви објавив сѐ што чув од мојот Татко“.
Каков само скапоцен однос е тоа — да бидат присни пријатели на Исус! Но, за да продолжат да го уживаат овој однос, неговите следбеници мора ‚да донесуваат плод‘. Ако го прават тоа, вели Исус, ‚што и да побараат од Таткото во негово име, тој ќе им даде‘. Секако, тоа е величествена награда за донесувањето на плодовите на Царството! Откако уште еднаш ги поттикнува апостолите да ‚се љубат еден со друг‘, Исус објаснува дека светот ќе ги мрази. Сепак, ги теши: „Ако светот ве мрази, знајте дека мене ме мразеше пред да ве мрази вас“. Исус понатаму открива зошто светот ги мрази неговите следбеници, велејќи: „Бидејќи не сте дел од светот, туку јас ве избрав од светот, затоа светот ве мрази“.
Објаснуваќи ја понатаму причината за омразата од светот, Исус продолжува: „Сето тоа ќе го прават против вас заради моето име, бидејќи не го познаваат оној [Јехова Бог] кој ме прати“. Исусовите чудесни дела всушност ги осудуваат оние кои го мразат, како што тој забележува: „Да не ги направев меѓу нив делата кои никој друг не ги направи, немаше да имаат грев; но сега и видоа и ме замразија и мене и мојот Татко“. Со тоа, како што вели Исус, се исполнува стихот од Писмото: „Ме мразеа без причина“.
Како што направи и порано, Исус повторно ги теши со тоа што им ветува дека ќе им го испрати помошникот, светиот дух, а тоа е Божјата моќна активна сила. „Тој ќе сведочи за мене; а и вие треба да сведочите за мене.“
Понатамошни опомени на заминување
Исус и апостолите се готови да ја напуштат горната соба. „Ова ви го кажав за да не се спрепнете“, продолжува тој. Потоа им дава сериозно предупредување: „Ќе ве истеруваат од синагогата. Всушност, доаѓа часот кога секој кој ве убива ќе мисли дека му врши света служба на Бог“.
Апостолите очигледно длабоко се вознемируваат од ова предупредување. Иако и претходно им кажал дека светот ќе ги мрази, Исус не им открил толку директно дека ќе бидат убивани. „Ова не ви го кажав во почетокот“, објаснува Исус, „бидејќи бев со вас.“ Сепак, колку е само добро што однапред ги подготвил со овие информации пред да замине!
„Но сега“, продолжува Исус, „одам кај оној кој ме испрати, а сепак никој од вас не ме прашува: ‚Каде одиш?‘“ Пред тоа, истата вечер, тие го распрашувале каде ќе оди, но сега се толку потресени од она што им го рекол, што пропуштаат да го прашаат понатаму околу тоа. Како што вели Исус: „Бидејќи ви го кажав ова, жалост ги исполни вашите срца“. Апостолите се ожалостени не само затоа што дознале дека ќе претрпат сурово прогонство и ќе бидат убивани туку и затоа што нивниот Учител ги напушта.
Затоа, Исус им објаснува: „За ваше добро е тоа што јас си одам. Зашто ако не си одам, помошникот сигурно нема да дојде кај вас; но ако си одам, ќе ви го испратам“. Како човек, Исус може во исто време да биде само на едно место, но кога е на небото, може да им го испрати помошникот, Божјиот свет дух, на своите следбеници сеедно каде се наоѓаат на Земјата. Затоа, Исусовото заминување ќе биде корисно.
Светиот дух, вели Исус, „на светот ќе му даде уверлив доказ во поглед на гревот и во поглед на праведноста и во поглед на судот“. Гревот на светот, а тоа е неговиот пропуст да покаже вера во Божјиот Син, ќе биде разоткриен. Освен тоа, уверлив доказ за Исусовата праведност ќе се покаже преку неговото вознесување кај Таткото. Неуспехот на Сатана и на неговиот злобен свет да го скршат Исусовиот интегритет е исто така уверлив доказ дека владетелот на светот бил неповолно осуден.
„Имам уште многу да ви кажам“, продолжува Исус, „но сега не можете да носите.“ Затоа Исус ветува дека кога ќе го излее светиот дух, а тоа е Божјата активна сила, тој ќе ги води во разбирањето на овие работи во склад со нивната способност да ги сфатат.
Апостолите посебно пропуштаат да разберат дека Исус ќе умре и дека откако ќе биде воскреснат, ќе им се појави. Затоа се прашуваат еден со друг: „Што значи тоа што ни вели: ‚Уште малку, и нема да ме гледате, и пак, уште малку, и ќе ме видите‘ и ‚бидејќи одам кај Таткото‘?“
Исус сфаќа дека сакаат да го прашаат, па затоа им објаснува: „Вистина, вистина ви велам: Вие ќе плачете и ќе тажите, а светот ќе се радува; вие ќе се жалостите, но вашата жалост ќе се претвори во радост“. Подоцна истиот ден попладнето, кога е убиен Исус, световните верски водачи се радуваат, но учениците тагуваат. Меѓутоа, нивната жалост се претворила во радост кога Исус воскреснал! А нивната радост продолжува кога на Пентекост тој ги ополномоштува да бидат негови сведоци така што врз нив го излева Божјиот свет дух!
Споредувајќи ја состојбата на апостолите со состојбата на жена кога има породилни болки, Исус вели: „Жена, кога раѓа, има жалост зашто ѝ дошол часот“. Но, Исус забележува дека откако ќе се роди детето таа повеќе не се сеќава на својата неволја, па ги охрабрува апостолите, велејќи: „Така и вие, вистина сега имате жалост; но повторно ќе ве видам [кога ќе бидам воскреснат] и вашите срца ќе се радуваат, и никој нема да ви ја одземе вашата радост“.
Дотогаш, апостолите никогаш не барале нешто во Исусово име. Но, сега тој им вели: „Што и да побарате од Таткото, ќе ви даде во мое име . . . Зашто самиот Татко има наклоност кон вас, бидејќи вие имавте наклоност кон мене и поверувавте дека јас излегов како претставник на Таткото. Јас излегов откај Таткото и дојдов на светот. Понатаму, го напуштам светот и заминувам кај Таткото“.
Исусовите зборови се големо охрабрување за апостолите. „По тоа веруваме дека дојде откај Бог“, му велат тие. „Сега ли верувате?“ — ги прашува Исус. „Еве, доаѓа часот, всушност, веќе дошол, кога ќе бидете распрснати секој во својата куќа и ќе ме оставите сам.“ Колку и да изгледа неверојатно, ова се случува уште пред да заврши ноќта!
„Ова ви го реков за преку мене да имате мир.“ Исус заклучува: „Во светот имате неволја, но бидете храбри! Јас го победив светот“. Исус го победил светот на тој начин што верно ја извршил Божјата волја наспроти сѐ што пробале Сатана и неговиот свет за да го скршат Исусовиот интегритет.
Заклучна молитва во горната соба
Поттикнат од длабоката љубов кон своите апостоли, Исус ги подготвува за своето неизбежно заминување. Сега, после опширното советување и утешување, тој ги подига своите очи кон небото и го моли својот татко: „Прослави го својот син, за твојот син да те прослави тебе, како што си му дал власт над сето тело, за на сите оние кои си му ги дал, да им даде вечен живот“.
Каква возбудлива тема воведува Исус — вечен живот! Бидејќи му е дадена ‚власт над секое тело‘, Исус може да ја примени користа од својата откупна жртва на целото смртно човештво. Сепак, тој им дава „вечен живот“ само на оние кои ги одобрува Таткото. Развивајќи ја таа тема за вечен живот, Исус ја продолжува својата молитва:
„Ова значи вечен живот, да примаат спознание за тебе, единствениот вистински Бог, и за оној кого го испрати, Исус Христос“. Да, спасението зависи од нашето примање спознание за Бог и за неговиот Син. Но, потребно е повеќе отколку само да се има спознание во главата.
Човек мора присно да ги запознае, развивајќи со нив пријателство полно со разбирање. Мора да ги има нивните чувства во врска со работите, и да гледа на работите со нивни очи. А пред сѐ, лицето мора да настојува во постапките со другите да ги имитира нивните неспоредливи особини.
Исус понатаму се моли: „Јас те прославив тебе на земјата и го довршив делото што ми го даде да го извршам“. Исполнувајќи ја со тоа својата задача до тој момент и уверен во својот иден успех, тој моли: „Татко, прослави ме крај себе со славата што ја имав крај тебе пред да биде светот“. Да, сега тој моли да биде вратен во својата поранешна слава преку воскресение.
Резимирајќи го своето најважно дело на Земјата, Исус вели: „Им го објавив твоето име на луѓето што ми ги даде од светот. Твои беа, и ми ги даде мене, и тие ја држеа твојата реч“. Исус во својата служба го користел Божјето име, Јехова, и покажал како точно се изговара, но сторил и повеќе отколку да им го покаже Божјето име на своите апостоли. Тој исто така го зголемил нивното спознание и ценење за Јехова, за неговата личност и за неговите намери.
Оддавајќи му на Јехова заслуга како на свој Поглавар, Оној под чие водство служи, Исус понизно признава: „Зборовите што ми ги даде им ги дадов ним, и тие ги примија и навистина спознаа дека излегов како твој претставник, и поверуваа дека ти ме испрати“.
Правејќи разлика помеѓу своите следбеници и останатото човештво, Исус понатаму се моли: „Јас молам за нив; не молам за светот, туку за оние кои ми ги даде . . . Кога бев со нив, ги чував . . . и ги сочував, и ниеден од нив не е уништен, освен синот на уништувањето“, имено, Јуда Искариот. Токму во тој момент, Јуда се наоѓа на својата подмолна мисија да го предаде Исус. На тој начин, Јуда незнаејќи го исполнува Писмото.
„Светот ги замрази“, продолжува Исус да се моли. „Не те молам да ги земеш од светот, туку да ги чуваш од злобниот. Тие не се дел од светот, како што јас не сум дел од светот.“ Исусовите следбеници се во светот, ова организирано човечко општество со кое владее Сатана, но тие се одвоени од него и од неговата злоба, и такви мораат да останат засекогаш.
„Освети ги преку вистината“, продолжува Исус, „твојата реч е вистина.“ Овде Исус се повикува на „вистината“, инспирираните Хебрејски списи, од кои постојано цитирал. Но, она за кое ги учел своите ученици и кое тие подоцна го запишале под инспирација како Христијански грчки списи исто така е „вистината“. Оваа вистина може да освети некое лице, во потполност да го промени неговиот живот и да го направи личност одвоена од светот.
Исус сега се моли ‚не само за нив, туку и за оние кои веруваат [во него] преку нивната реч‘. Така Исус се моли за оние кои ќе бидат негови помазани следбеници и за други идни ученици кои допрва ќе бидат собрани во „едно стадо“. Што бара тој за сите нив?
„Да бидат сите едно, како што ти, Татко, си во обединетост со мене и јас во обединетост со тебе . . . за да бидат едно како што сме ние едно.“ Исус и неговиот Татко не се буквално една личност туку се согласуваат во сите работи. Исус моли неговите следбеници да уживаат исто такво единство за да може ‚светот да спознае дека [Бог] го испратил и дека ги љубел нив како што го љубел [Исус]‘.
Исус сега го моли својот небесен Татко во корист на оние кои ќе бидат негови помазани следбеници. За што? „Сакам и тие да бидат со мене, таму каде што сум јас, за да ја гледаат мојата слава што ми ја даде ти, зашто ме љубеше пред основањето на светот“, т.е. пред Адам и Ева да зачнат потомство. Долго пред тоа, Бог го љубел својот единороден Син, кој станал Исус Христос.
Завршувајќи ја својата молитва, Исус повторно нагласува: „Им го објавив твоето име и ќе го објавувам, за љубовта со која ме љубеше ти да биде со нив и јас во обединетост со нив“. За апостолите учењето на Божјето име вклучувало лично запознавање на Божјата љубов. Јован 14:1—17:26; 13:27, 35, 36; 10:16; Лука 22:3, 4; Излез 24:10; 1. Царства 19:9—13; Исаија 6:1—5; Галатите 6:16; Псалм 35:19; 69:4; Пословици 8:22, 30.
▪ Каде оди Исус, и каков одговор добива Тома во врска со патот дотаму?
▪ Што очигледно сака Филип со своето барање од Исус?
▪ Зошто оној кој го видел Исус го видел и таткото?
▪ Како следбениците на Исус ќе прават поголеми дела од него?
▪ Во која смисла Сатана нема власт над Исус?
▪ Кога Јехова ја засадил симболичната лоза, и кога и како другите стануваат дел од неа?
▪ Колку гранки на крај има таа симболична лоза?
▪ Каков плод бара Бог од гранките?
▪ Како можеме да бидеме Исусови пријатели?
▪ Зошто светот ги мрази Исусовите следбеници?
▪ Кое Исусово предупредување ги вознемирува неговите апостоли?
▪ Зошто апостолите пропуштаат да го прашаат Исус каде оди?
▪ Што посебно пропуштиле апостолите да разберат?
▪ Како Исус илустрира дека состојбата на апостолите ќе се промени од жалост во радост?
▪ Што наскоро ќе прават апостолите според Исусовите зборови?
▪ Како Исус го победува светот?
▪ Во која смисла на Исус му е дадена „власт над секое тело“?
▪ Што значи да се прима спознание за Бог и за неговиот Син?
▪ На кој начин Исус го покажува Божјето име?
▪ Што е „вистината“, и на кој начин таа го „осветува“ христијанинот?
▪ Во кој поглед Бог, неговиот Син и сите вистински обожаватели се едно?
▪ Кога било „основањето на светот“?