Поглавје 122
Откај Пилат кај Ирод и назад
И ПОКРАЈ тоа што Исус не се обидува да скрие пред Пилат дека е цар, тој објаснува дека неговото Царство не е закана за Рим. „Моето царство не е дел од овој свет“, вели Исус. „Ако беше моето царство дел од овој свет, моите слуги ќе се бореа за да не им бидам предаден на Евреите. Но моето царство не е одовде.“ Така Исус трипати потврдува дека тој има Царство иако тоа не е од некој земен извор.
Сепак, Пилат и понатаму врши притисок врз него: „Па, тогаш, цар ли си?“ Или, дали си ти цар и покрај што твоето Царство не е дел од овој свет?
Исус му дава до знаење на Пилат дека дошол до точен заклучок, одговарајќи: „Ти самиот велиш дека сум цар. Јас за тоа се родив и за тоа дојдов на светот, за да сведочам за вистината. Секој кој е на страна на вистината, го слуша мојот глас“.
Да, целта на Исусовото постоење на Земјата е да сведочи за „вистината“, конкретно, за вистината за неговото Царство. Исус е подготвен да ѝ биде верен на таа вистина, дури и ако тоа би го чинело и живот. Иако прашува: „Што е вистина?“, Пилат не чека понатамошно објаснување. Чул доволно за да донесе пресуда.
Пилат се враќа кај мноштвото кое чека надвор од палатата. Очигледно со Исус покрај себе, тој им вели на главните свештеници и на оние со нив: „Не наоѓам никакво злосторство кај овој човек“.
Налутени поради одлуката, мноштвата почнуваат да инсистираат: „Го подбуцнува народот поучувајќи по цела Јудеја, почнувајќи од Галилеја па сѐ до овде“.
Неразумниот фанатизам на Евреите сигурно го зачудува Пилат. Така, додека главните свештеници и постарите мажи продолжуваат да викаат, Пилат се свртува кон Исус и го прашува: „Зарем не слушаш колку многу работи сведочат против тебе?“ Но, Исус не се обидува да одговори. Неговата смиреност наспроти жестоките обвиненија го восхитува Пилат.
Дознавајќи дека Исус е Галилеец, Пилат бара начин да ја избегне одговорноста за него. Во Ерусалим за Пасхата е дојден владетелот на Галилеја, Ирод Антипа (синот на Ирод Велики), па затоа Пилат го испраќа Исус кај него. Претходно Ирод Антипа дал да му се отсече главата на Јован Крстител, и потоа се исплашил кога чул за чудесните дела кои ги правел Исус, плашејќи се Исус да не е всушност Јован кој станал од мртвите.
Сега, Ирод е пресреќен од помислата дека ќе го види Исус. Тоа не е затоа што е загрижен за Исусовото добро или заради тоа што сака навистина да се обиде да дознае дали обвиненијата против Исус се вистинити или не. Напротив, тој само е љубопитен и се надева дека ќе види од Исус некакво чудо.
Меѓутоа, Исус одбива да ја задоволи љубопитноста на Ирод. Всушност, кога Ирод го испрашува, тој не проговорува ни збор. Разочарани, Ирод и неговата воена стража му се исмејуваат на Исус. Го облекуваат во сјајна облека и се подбиваат со него. Потоа го враќаат кај Пилат. Како резултат на овој настан, Ирод и Пилат, кои претходно биле непријатели, стануваат добри пријатели.
Кога Исус се враќа, Пилат ги повикува главните свештеници, еврејските водачи и народот заедно и им вели: „Ми го доведовте овој човек како таков кој го подбуцнува народот на бунт и, ете, пред вас го испитав, но не најдов кај овој човек никаква основа за обвиненијата што вие ги изнесувате против него. Всушност, не најде ни Ирод, бидејќи го испрати назад кај нас; и ете, тој не направил ништо што заслужува смрт. Затоа ќе го казнам и ќе го пуштам“.
Со тоа Пилат двапати го прогласува Исус за невин. Тој е желен да го ослободи бидејќи сфаќа дека свештениците му го предале само од завист. И понатаму во обид да го ослободи Исус, Пилат добива уште посилна мотивација за тоа. Додека тој седи на судската столица, жена му му испраќа порака, поттикнувајќи го: „Немај ништо со тој праведен човек, зашто денес на сон [очигледно од божествено потекло] многу страдав поради него“.
Сепак, како може Пилат да го ослободи овој невин човек, како што и самиот знае дека би требало? Јован 18:36—38; Лука 23:4—16; Матеј 27:12—14, 18, 19; 14:1, 2; Марко 15:2—5.
▪ Како одговара Исус на прашањето во врска со неговото царување?
▪ Што е „вистината“ за која сведочел Исус во текот на својот земен живот?
▪ Каква е пресудата на Пилат, како реагираат луѓето, и што прави Пилат со Исус?
▪ Кој е Ирод Антипа, зошто е пресреќен да го види Исус, и што прави со него?
▪ Зошто Пилат е желен да го ослободи Исус?