ОНЛАЈН БИБЛИОТЕКА Watchtower
ОНЛАЈН БИБЛИОТЕКА
Watchtower
македонски
ѐ
  • Ѐ
  • ѐ
  • Ѝ
  • ѝ
  • БИБЛИЈА
  • ПУБЛИКАЦИИ
  • СОСТАНОЦИ
  • gt погл. 111
  • Знакот на последните денови

За овој материјал нема видео.

Се појави проблем. Видеото не може да се отвори.

  • Знакот на последните денови
  • Најголемиот човек кој некогаш живеел
  • Поднаслови
  • Сличен материјал
  • Доверба во текот на последните денови
  • Мудрите и глупавите девици
  • Илустрацијата со талантите
  • Кога Христос пристигнува во моќта на Царството
  • Поука од споредбата со девиците
    Исус — патот, вистината и животот
  • ,Верниот роб‘ го положува испитот!
    Стражарска кула го објавува Јеховиното Царство 2004
  • Дали обрнуваш внимание на предупредувањата?
    Стражарска кула го објавува Јеховиното Царство (за проучување) 2024
  • Апостолите побарале знак
    Исус — патот, вистината и животот
Повеќе
Најголемиот човек кој некогаш живеел
gt погл. 111

Поглавје 111

Знакот на последните денови

ВЕЌЕ е вторник попладне. Додека Исус седи на Маслинската Гора, гледајќи долу кон храмот, Петар, Андреј, Јаков и Јован доаѓаат кај него насамо. Тие се загрижени за храмот, со оглед на тоа што Исус штотуку претскажал дека од него нема да остане ни камен на камен.

Но, додека му приоѓаат на Исус, тие очигледно имаат нешто повеќе на ум. Неколку седмици пред тоа, тој зборувал за својата „присутност“, време во кое „Синот човечки треба да се открие“. А во една претходна прилика, тој им зборувал за „завршетокот на системот на работи“. Затоа апостолите се многу љубопитни.

„Кажи ни“, велат тие, „кога ќе бидат овие работи [чија последица ќе биде уништувањето на Ерусалим и на неговиот храм], и што ќе биде знакот на твојата присутност и на завршетокот на системот на работи?“ Всушност, нивното прашање се состои од три дела. Како прво, тие сакаат да знаат за крајот на Ерусалим и на неговиот храм, потоа, за Исусовата присутност во моќта на Царството, и конечно, за крајот на целокупниот систем на работи.

Во својот долг одговор, Исус одговара на сите три дела од прашањето. Тој дава знак кој означува кога ќе заврши еврејскиот систем на работи; но кажува и повеќе од тоа. Дава и знак кој ќе ги држи будни неговите идни ученици за да можат да знаат дека живеат во времето на неговата присутност и близу до крајот на целокупниот систем на работи.

Како што годините одминуваат, апостолите го забележуваат исполнувањето на Исусовото пророштво. Да, токму тие работи кои ги претскажал почнале да се случуваат во нивното време. На тој начин, уништувањето на еврејскиот систем и неговиот храм не ги фатило неочекувано христијаните кои биле живи 37 години подоцна, во 70 н.е.

Меѓутоа, Христовата присутност не настапува во 70 н.е. Неговата присутност во моќта на Царството настапува многу подоцна. Но, кога? Разгледувањето на Исусовото пророштво го открива тоа.

Исус претскажува дека ќе има „војни и извештаи за војни“. „Ќе се крене нација против нација“, вели тој, и ќе има недостиг на храна, земјотреси и чуми. Неговите ученици ќе бидат мразени и убивани. Ќе се подигнат лажни пророци и ќе заведат многумина. Беззаконието ќе се зголеми, а љубовта на повеќето ќе се олади. Истовремено, добрата вест за Божјето Царство ќе се проповеда како сведоштво на сите нации.

Иако Исусовото пророштво има ограничено исполнување пред уништувањето на Ерусалим во 70 н.е., неговото главно исполнување се случува за време на неговата присутност и завршетокот на системот на работи. Внимателното разгледување на светските настани од 1914 па наваму открива дека од таа година, Исусовото значајно пророштво го доживува своето главно исполнување.

Друг дел од знакот што го дава Исус е појавувањето на „одвратната работа која предизвикува опустошување“. Во 66 н.е., оваа одвратна работа се појавува во облик на римски „улогорени војски“ кои го опколуваат Ерусалим и го поткопуваат храмскиот ѕид. „Одвратната работа“ стои онаму каде што не треба.

Во главното исполнување на знакот, одвратната работа е Лигата на народите и нејзиниот наследник, Обединетите нации. На оваа организација за светски мир, христијанскиот свет гледа како на замена за Божјето Царство. Колку одвратно! Затоа, со текот на времето, политичките сили здружени со ОН ќе се свртат против христијанскиот свет (противслика на Ерусалим) и ќе го опустошат.

Така Исус претскажува: „Ќе биде голема неволја каква што не била од почетокот на светот па досега, не, ниту повеќе ќе се случи“. Уништувањето на Ерусалим во 70 н.е. е навистина голема неволја со, според кажувањата, повеќе од еден милион убиени. Главното исполнување на овој дел од Исусовото пророштво ќе биде многу поголемо.

Доверба во текот на последните денови

Како што вторник, 11 нисан, привршува, Исус ја продолжува дискусијата со своите апостоли во врска со знакот на својата присутност во моќта на Царството и завршетокот на системот на работи. Тој ги предупредува да не одат по лажни Христоси. Ќе бидат направени обиди, вели тој, ‚да бидат заведени, ако е можно, дури и избраните‘. Но, овие избрани, слично на далековидите орли, ќе се соберат онаму каде што може да се најде вистинската духовна храна, имено, кај вистинскиот Христос во неговата невидлива присутност. Тие нема да бидат заведени и нема да се соберат околу некој лажен Христос.

Лажните Христоси можат да се појават само во видлив облик. За разлика од нив, Исусовата присутност ќе биде невидлива. Исус вели дека откако ќе избие големата неволја „сонцето ќе потемни, и месечината нема да ја дава својата светлина“. Да, тоа ќе биде најцрниот период од постоењето на човештвото. Ќе изгледа како Сонцето да потемнело дење и како месечината да не ја дава својата светлина ноќе.

„Силите на небесата ќе се затресат“, продолжува Исус. На тој начин покажува дека физичките небеса ќе добијат злокобен изглед. Стравот и насилството ќе ги надминат сите поранешни искуства од човечката историја.

Како последица од тоа, вели Исус, ќе биде ‚мака меѓу нациите, кои нема да знаат за излез поради бучавата на морето и неговата разбранетост, додека луѓето губат свест од страв и од исчекување на она што доаѓа врз населената земја‘. Навистина, како што овој најцрн период од човечкото постоење се приближува кон својот крај „на небото ќе се појави знакот на Синот човечки, и тогаш сите племиња на земјата ќе се удираат оплакувајќи“.

Но, сите нема да оплакуваат кога ‚Синот човечки ќе дојде со моќ‘ да го уништи овој злобен систем на работи. ‚Избраните‘, 144.000-те кои ќе учествуваат со Христос во неговото небесно Царство, нема да оплакуваат ниту, пак, тоа ќе го прават нивните придружници, оние кои Исус претходно ги нарече негови „други овци“. И покрај тоа што живеат во најцрниот период од човечката историја, тие се одѕиваат на Исусовото охрабрување: „А кога ќе почнат да се случуваат тие работи, исправете се и подигните ги своите глави, бидејќи се приближува вашето избавување“.

За да можат неговите ученици кои ќе живеат во последните денови да ја одредат близината на крајот, Исус ја дава оваа илустрација: „Погледнете ја смоквата и сите други дрвја; Кога ќе забележите дека веќе распупуваат, и сами знаете дека летото е веќе близу. Така и вие, кога ќе видите дека овие работи се случуваат, знајте дека Божјето царство е близу. Вистина ви велам: Оваа генерација никако нема да помине додека сите овие работи не се случат“.

Така, кога неговите ученици ќе видат дека се исполнуваат многуте различни обележја на знакот, би требало да сфатат дека е близу крајот на системот на работи и дека наскоро Божјето Царство ќе го избрише сето зло. Всушност, крајот ќе се случи во рамките на животниот век на луѓето кои ќе го видат исполнувањето на сите работи што ги претскажува Исус! Опоменувајќи ги тие ученици кои ќе бидат живи во тие значајни последни денови, Исус вели:

„Внимавајте на себе срцата никогаш да не ви отежнат од прејадување и прекумерно пиење и од животните грижи, и тој ден ненадејно да ве затече како замка. Зашто ќе дојде врз сите кои живеат по лицето на целата земја. Затоа, останете будни, преколнувајќи цело време за да успеете да го избегнете сето она што треба да се случи, и да стоите пред Синот човечки“.

Мудрите и глупавите девици

Исус одговара на барањето на неговите апостоли за знак на неговата присутност во моќта на Царството. Сега дава понатамошни обележја на знакот во три параболи, или илустрации.

Исполнувањето на секоја илустрација ќе го забележат оние кои ќе живеат за време на неговата присутност. Првата од нив ја воведува со зборовите: „Тогаш царството на небесата ќе биде како десет девици, кои ги зедоа своите светилки и излегоа да го пречекаат младоженецот. Пет од нив беа глупави, а пет разборити“.

Со изразот „царството на небесата ќе биде како десет девици“, Исус не мисли дека половината од оние кои ќе го наследат небесното Царство се глупави личности, а другата половина разборити! Не, туку тој мисли дека во врска со Царството на небесата постои вакво или такво обележје, или дека работите во врска со Царството ќе бидат такви и такви.

Десетте девици ги симболизираат сите христијани кои го очекуваат или тврдат дека го очекуваат небесното Царство. На Пентекост 33 н.е. на христијанското собрание му било ветено венчавање со воскреснатиот, прославен Младоженец, Исус Христос. Но, венчавката требало да се изврши на небото во некое неодредено време во иднината.

Во илустрацијата, десетте девици излегуваат со намера да го пречекаат младоженецот и да ѝ се придружат на свадбената поворка. Кога ќе дојде тој, тие ќе го осветлат патот на поворката со своите светилки, искажувајќи му со тоа чест додека тој ја води својата невеста до куќата приготвена за неа. Меѓутоа, Исус објаснува: „Глупавите ги зедоа своите светилки, но не зедоа масло со себе, додека разборитите зедоа масло во садовите заедно со своите светилки. Поради тоа што младоженецот се забави, сите задремаа и заспаа“.

Продолженото забавување на младоженецот покажува дека Христовата присутност како владејачки Цар ќе биде во далечна иднина. Тој конечно доаѓа на својот престол во 1914 година. За време на долгата ноќ пред тоа, сите девици заспале. Но, не биле осудени заради тоа. Осудата на глупавите девици е заради тоа што немаат масло во своите садови. Исус објаснува како девиците се разбудиле пред да пристигне младоженецот: „Точно на полноќ настана викотница: ‚Еве го младоженецот! Излезете да го пречекате‘. Тогаш сите тие девици станаа и ги средија своите светилки. Глупавите им рекоа на разборитите: ‚Дајте ни малку од вашето масло бидејќи нашите светилки само што не се изгаснале‘. Разборитите им одговорија со зборовите: ‚Можеби нема да има доволно за нас и за вас. Наместо тоа, појдете кај оние кои го продаваат и купете си‘“.

Маслото го симболизира она што ги одржува вистинските христијани да светат како светилки. Тоа е инспирираната реч Божја, за која христијаните цврсто се држат, како и светиот дух, кој им помага да ја разберат таа Реч. Духовното масло им овозможува на разборитите девици да фрлаат светлина кога го пречекуваат младоженецот за време на поворката до свадбената гозба. Но, класата на глупави девици го нема во себе, во своите садови, потребното духовно масло. Затоа, Исус опишува што се случува:

„Додека [глупавите девици] одеа да купат [масло], стигна младоженецот, и девиците кои беа подготвени влегоа со него на свадбената гозба; и вратата се затвори. Потоа дојдоа и останатите девици, велејќи: ‚Господине, господине, отвори ни!‘ Одговарајќи, тој рече: ‚Ви ја зборувам вистината — не ве познавам‘“.

Откако Христос пристигнува во своето небесно Царство, класата на разборитите девици, вистинските помазани христијани, се буди за својата предност да фрла светлина во овој мрачен свет, на фалба на Младоженецот кој се вратил. Но, оние кои се претставени со глупавите девици не се подготвени да ја дадат оваа фалба на добредојде. Затоа кога доаѓа време за тоа, Христос ним не им ја отвора вратата за свадбената гозба на небото. Ги остава надвор во темнината на најдлабоката ноќ на светот, да изгинат со сите други вршители на беззаконија. „Затоа, бдејте“, заклучува Исус, „зашто не го знаете ниту денот ниту часот.“

Илустрацијата со талантите

Исус ја продолжува дискусијата со своите апостоли на Маслинската Гора раскажувајќи им уште една илустрација, втора од серијата од три. Неколку дена пред тоа, додека беше во Ерихон, тој раскажа една илустрација за мините за да покаже дека Царството е сѐ уште далеку во иднината. Илустрацијата која ја раскажува сега, иако има доста слични обележја, го опишува исполнувањето на активностите за време на Христовата присутност во моќта на Царството. Таа илустрира дека додека се сѐ уште на Земјата, учениците мора да работат за да го зголемат ‚неговиот имот‘.

Исус започнува: „Зашто тоа [односно, околностите поврзани со Царството] е како кога човек, кој се готвеше да отпатува во туѓина, ги повика своите робови и им го довери својот имот“. Исус е човекот кој, пред да отпатува во туѓина на небото, им го доверува имотот на своите робови — учениците кои го очекуваат небесното Царство. Тој имот не се материјални поседи туку обработливо поле во кое вградил потенцијал за создавање повеќе ученици.

Исус им го доверува својот имот на робовите кратко пред да се вознесе на небото. Како го прави тоа? Поучувајќи ги да продолжат да работат на обработливото поле проповедајќи ја пораката за Царството до најоддалечените делови од Земјата. Како што Исус вели: „И на еден му даде пет таланти, на друг два, на друг еден; секому според неговата способност, и замина в туѓина“.

Осумте таланти — Христовиот имот — на тој начин се поделени според способностите, или духовните можности на робовите. Робовите претставуваат класи ученици. Во првиот век, класата која ги примила петте таланти, очигледно ги вклучувала апостолите. Исус понатаму раскажува дека робовите кои примиле пет и два таланти ги удвоиле талантите со своето проповедање на Царството и правење ученици. Но, робот кој примил еден талант го скрил во земјата.

„После долго време“, продолжува Исус, „дојде господарот на тие робови и ги среди сметките со нив.“ Христос се вратил да ги среди сметките дури во 20 век, 1.900 години подоцна, така што тоа навистина било „после долго време“. Потоа Исус објаснува:

„Оној што беше примил пет таланти пристапи и донесе уште пет таланти, велејќи: ‚Господару, ти ми довери пет таланти; еве, заработив уште пет таланти‘. Неговиот господар му рече: ‚Арно сторено, добар и верен робу! Беше верен над малку. Ќе те поставам над многу. Влези во радоста на својот господар‘“. Робот кој примил два таланта исто така ги удвоил своите таланти, и ја примил истата пофалба и награда.

Но, како овие верни робови влегуваат во радоста на својот Господар? Па, радоста на нивниот Господар, Исус Христос, е тоа што кога отишол во туѓина, кај својот Татко на небото, го добил во посед Царството. Што се однесува до верните робови во денешно време, тие имаат голема радост бидејќи им се доверени понатамошни одговорности за Царството, и со завршувањето на нивниот земен пат нивната радост ќе достигне кулминација со тоа што ќе бидат воскреснати за небесното Царство. Но, што е со третиот роб?

„Господару, знаев дека ти си тежок човек“, се жали овој роб. „Затоа се исплашив, па отидов и го скрив твојот талант в земја. Еве ти што е твое.“ Робот намерно одбил да работи на обработливото поле со тоа што би проповедал и би правел ученици. Затоа господарот го нарекува ‚зол и мрзлив роб‘ и ја објавува осудата: „Одземете му го талантот . . . И исфрлете го бескорисниот роб надвор во темнината. Таму ќе биде неговото плачење и чкртање со заби“. Со тоа што се исфрлени надвор, лицата од оваа класа на зол роб се лишени од секаква духовна радост.

Ова им дава сериозна поука на сите кои тврдат дека се следбеници на Христос. Ако сакаат да се радуваат на неговата пофалба и награда, и да избегнат да бидат фрлени надвор во темнината и во конечното уништување, мораат да работат на зголемувањето на имотот на својот небесен Господар со тоа што ќе имаат потполно учество во делото на проповедање. Дали си ти марлив во овој поглед?

Кога Христос пристигнува во моќта на Царството

Исус е сѐ уште со своите апостоли на Маслинската Гора. Во одговорот на нивното барање знак на неговата присутност и завршетокот на системот на работи, тој сега им ја кажува последната од серијата од три илустрации. „Кога Синот човечки ќе пристигне во својата слава, и сите ангели со него“, почнува Исус, „тогаш ќе седне на својот славен престол.“

Пристигнувањето се случува кога крајот на системот на работи е многу близу. Но, со каква цел? Исус објаснува: „Сите нации ќе се соберат пред него, и тој ќе ги одвои луѓето едни од други, како што пастирот ги одвојува овците од козите. И ќе ги постави овците откај својата десница, а козите откај левицата“.

Опишувајќи што ќе се случи со оние што се одвоени на повластената страна, Исус вели: „Тогаш царот ќе им рече на оние од неговата десна страна: ‚Дојдете, вие кои сте благословени од мојот Татко, наследете го царството кое е подготвено за вас од основањето на светот‘“. Овците од оваа илустрација нема да владеат со Христос на небото туку ќе го наследат Царството во таа смисла што ќе бидат негови земни поданици. „Основањето на светот“ било кога Адам и Ева првпат добиле деца кои можеле да извлечат корист од Божјата подготовка да го откупи човештвото.

Но, зошто овците се одвоени од повластената десница на Царот? „Зашто огладнев“, одговара царот, „и ми дадовте нешто да јадам; ожеднев и ми дадовте нешто да пијам. Бев странец и ме примивте гостољубиво; гол и ме облековте. Се разболев и вие се грижевте за мене. Бев в затвор и дојдовте кај мене.“

Бидејќи овците се на Земјата, сакаат да знаат како можеле да сторат такви добри дела за својот небесен Цар. „Господи, кога те видовме гладен и те нахранивме“, прашуваат тие, „или жеден и ти дадовме нешто да пиеш? Кога те видовме како странец и те примивме гостољубиво, или гол и те облековме? Кога те видовме болен или во затвор и дојдовме кај тебе?“

„Вистина ви велам“, одговара Царот, „онолку колку што му го направивте тоа на еден од најмалите од овие мои браќа, мене ми го направивте.“ Христовите браќа се преостанатите од 144.000-те на Земјата кои ќе владеат со него на небото. А да им се прави добро ним, вели Исус, е исто како да му се прави добро нему.

Царот потоа им се обраќа на козите. „Одете од мене вие кои сте проколнати, во вечниот оган подготвен за Ѓаволот и за неговите ангели. Зашто огладнев, но вие не ми дадовте ништо да јадам, и ожеднев, но не ми дадовте ништо да пијам. Бев странец, но не ме примивте гостољубиво; гол, но вие не ме облековте; болен и в затвор, но не се грижевте за мене.“

Меѓутоа, козите приговараат: „Господи, кога те видовме гладен или жеден или како странец или гол или болен или в затвор, и не ти служевме?“ Козите се пресудени неповолно врз истата основа врз која овците се пресудени поволно. „Онолку колку што не сте му го направиле тоа на еден од овие најмали [мои браќа]“, одговара Исус, „ни мене не сте ми го направиле.“

Значи, Христовата присутност во моќта на Царството, токму пред крајот на овој зол систем на работи во големата неволја, ќе вклучува време на суд. Козите „ќе отидат во вечно отсечување, а праведниците [овците] во вечен живот“. Матеј 24:2—25:46; 13:40, 49; Марко 13:3—37; Лука 21:7—36; 19:43, 44; 17:20—30; 2. Тимотеј 3:1—5; Јован 10:16; Откровение 14:1—3.

▪ Што го поттикнува прашањето на апостолите, но што друго изгледа имаат тие на ум?

▪ Кој дел од Исусовото пророштво се исполнил во 70 н.е., но што тогаш не се случило?

▪ Кога Исусовото пророштво има прво, а кога главно исполнување?

▪ Што е одвратната работа во првото и во конечното исполнување?

▪ Зошто големата неволја го нема своето конечно исполнување со уништувањето на Ерусалим?

▪ Кои светски околности ја одбележуваат Христовата присутност?

▪ Кога ‚сите племиња на земјата ќе се удираат оплакувајќи‘, но што ќе прават Христовите следбеници?

▪ Која илустрација ја дава Исус за да им помогне на своите идни ученици да распознаат кога е близу крајот?

▪ Каква опомена им дава Исус на оние свои ученици кои ќе бидат живи во текот на последните денови?

▪ Кој е симболизиран со десетте девици?

▪ Кога на христијанското собрание му е ветено венчавање со младоженецот, но кога пристигнува младоженецот за да ја поведе својата невеста на свадбената гозба?

▪ Што претставува маслото, и што можат да сторат разборитите девици поради тоа што го поседуваат?

▪ Каде се одвива свадбената гозба?

▪ Каква величествена награда губат глупавите девици, и каква е нивната судбина?

▪ Каква поука може да се извлече од илустрацијата со талантите?

▪ Кои се робовите, и што е имотот кој им е доверен?

▪ Кога доаѓа господарот за да ги среди сметките, и што наоѓа тој?

▪ Што е радоста во која влегуваат верните робови, и што му се случува на третиот, зол роб?

▪ Какво дело на судење извршува Исус за време на својата присутност?

▪ Во која смисла овците го наследуваат Царството?

▪ Кога се случило „основањето на светот“?

▪ Врз која основа им се суди на луѓето дали се овци или кози?

    Публикации на македонски јазик (1991 — 2025)
    Одјави се
    Најави се
    • македонски
    • Сподели
    • Подесување
    • Copyright © 2025 Watch Tower Bible and Tract Society of Pennsylvania
    • Услови за користење
    • Полиса за приватност
    • Поставки за приватност
    • JW.ORG
    • Најави се
    Сподели