Поглавје 101
Во Витанија, во куќата на Симон
КОГА го напушта Ерихон, Исус се упатува кон Витанија. Патувањето трае поголем дел од денот, бидејќи тоа е угорнина од околу 19 километри по тежок терен. Ерихон се наоѓа на околу 250 метри под морското ниво, а Витанија е на околу 750 метри над морското ниво. Во Витанија, ако се сеќаваш, живеат Лазар и неговите сестри. Тоа селце се наоѓа на оддалеченост од околу три километри од Ерусалим, и е сместено на источната падина на Маслинската Гора.
Многумина веќе стигнале во Ерусалим за Пасхата. Тие дошле порано за да се исчистат церемонијално. Можеби допреле мртво тело или направиле нешто друго поради што се нечисти. Затоа ги следат постапките за очистување за да можат да ја слават Пасхата на прифатлив начин. Додека оние кои дошле порано се собираат во храмот, многумина шпекулираат дали Исус ќе дојде на Пасхата.
Ерусалим е легло на полемика околу Исус. Општо познато е дека верските водачи сакаат да го фатат за да го убијат. Всушност, издале наредба секој кој ќе дознае каде се наоѓа, да ги извести. Во изминатите месеци овие водачи трипати се обиделе да го убијат — на празникот Сеници, на празникот Посветување и откако го воскреснал Лазар. Затоа луѓето се прашуваат дали Исус уште еднаш ќе се појави во јавноста. „Какво е вашето мислење?“ — се прашуваат еден со друг.
Во меѓувреме, Исус стигнува во Витанија, шест дена пред Пасхата, која според еврејскиот календар се паѓа на 14 нисан. Исус влегува во Витанија некаде в петок навечер, кога започнува 8 нисан. Во сабота не можел да патува кон Витанија бидејќи патувањето на Сабат — од зајдисонце в петок до зајдисонце в сабота — е ограничено со еврејскиот закон. Исус веројатно оди во домот на Лазар, како што правел и порано, и ноќта во петок ја поминува таму.
Меѓутоа, еден друг жител на Витанија ги поканува Исус и неговите придружници на оброк во сабота навечер. Тој човек е Симон, некогаш лепрозен, кого Исус можеби порано го излекувал. Во склад со својот марлив карактер, Марта ги послужува гостите. Како и обично, Марија е внимателна кон Исус, овојпат на начин кој поттикнува полемика.
Марија отвора еден сад од алабастер, или мало шише, кое содржи околу половина килограм мирисливо масло, „вистински нард“. Тоа е многу скапоцено. Навистина, неговата вредност изнесува приближно колку едногодишна плата! Кога Марија го излива маслото врз Исусовата глава и нозе и му ги брише нозете со својата коса, ароматичниот мирис ја исполнува целата куќа.
Учениците се лути и прашуваат: „Зошто ова расипување?“ Тогаш Јуда Искариот вели: „Зошто не беше продадено ова мирисливо масло за триста денарии и не им беше дадено на сиромашните луѓе?“ Но, Јуда всушност не е загрижен за сиромашните, затоа што краде од кутијата за пари која ја имале учениците.
Исус застанува во одбрана на Марија. „Оставете ја“, заповеда тој. „Зошто ѝ досадувате? Таа ми направи добро дело. Зашто сиромасите секогаш ги имате со вас и можете да им правите добро кога ќе посакате, а мене ме немате секогаш. Таа направи што можеше; однапред го излеа мирисливото масло на моето тело за погреб. Вистина ви велам: Секаде каде што ќе се проповеда добрата вест по целиот свет, ќе се кажува и тоа што го направи оваа жена, во нејзин спомен.“
Исус е во Витанија повеќе од 24 часа, и веста за неговото присуство се проширува наоколу. Затоа, многумина доаѓаат во Симоновата куќа да го видат Исус, но да го видат и Лазар кој е исто така присутен. Затоа, главните свештеници се советуваат да го убијат не само Исус туку и Лазар. Ова го прават затоа што многу луѓе поверуваа во Исус бидејќи го гледаат жив оној кого тој го подигнал од мртвите! Навистина, колку само се злобни овие верски водачи! Јован 11:55—12:11; Матеј 26:6—13; Марко 14:3—9; Дела 1:12.
▪ Каква дискусија се води во храмот во Ерусалим, и зошто?
▪ Зошто Исус сигурно пристигнал во Витанија в петок навечер, а не во сабота?
▪ Каде Исус веројатно го поминува Сабатот кога стигнува во Витанија?
▪ Која постапка на Марија поттикнува полемика, и како Исус ја брани?
▪ Што ја покажува големата злоба на главните свештеници?