Дали навистина треба да се извиниш?
‚НИКОГАШ не се извинувам‘ — напишал Џорџ Бернард Шо. ‚Што е сторено, сторено е‘ — може да речат други.
Можеби и самите не сме спремни да признаеме некоја грешка од страв да не изгубиме образ. Можеби се оправдуваме дека проблемот лежи кај другото лице. Или, пак, можеби намераваме да се извиниме, но одложуваме сѐ додека не мислиме дека најпосле е преминато преку работата.
Според тоа, дали извинувањата се битни? Можат ли навистина да постигнат нешто?
Љубовта нѐ обврзува да се извиниме
Братската љубов претставува знак за препознавање на вистинските следбеници на Исус Христос. Тој рекол: „По тоа ќе ве познаат сите дека сте Мои ученици, ако имате љубов помеѓу себе“ (Јован 13:35). Писмото ги поттикнува христијаните да ‚се сакаат еден со друг постојано [силно, НС] со чисто срце‘ (1. Петрово 1:22). Силната љубов нѐ обврзува да се извиниме. Зошто? Затоа што човечката несовршеност неизбежно предизвикува повредени чувства што ја спречуваат љубовта доколку истите не се излечат.
На пример, поради лични разлики со некого во христијанското собрание, можеби претпочитаме да не зборуваме со него. Како може да се обнови еден однос полн со љубов ако сме нанеле навреда? Во повеќето случаи, со тоа што ќе се извиниме и потоа ќе вложиме напор да разговараме на еден срдечен начин. Ние им должиме љубов на нашите соверници, и кога ќе речеме дека ни е жал што сме нанеле навреда, исплаќаме нешто од тој долг (Римјаните 13:8).
Да илустрираме: Мари Кармен и Паки се две христијанки кои имале долго пријателство. Меѓутоа, поради тоа што Мари Кармен поверувала во некакво штетно озборување, нејзиното пријателство со Паки се оладило. Без објаснување, таа сосема ја избегнувала Паки. По околу една година, Мари Кармен дознала дека озборувањето било неточно. Каква била нејзината реакција? Љубовта ја поттикнала да отиде кај Паки и понизно да го изрази своето длабоко жалење што се однесувала толку лошо. Обете се изнаплакале и оттогаш наваму се цврсти пријателки.
Иако можеби не мислиме дека сме сториле нешто погрешно, извинувањето може да реши некое недоразбирање. Мануел се присеќава: „Пред многу години, мојата сопруга и јас престојувавме во домот на една наша духовна сестра додека таа беше в болница. Дадовме сѐ од себе за да ѝ помогнеме нејзе и на нејзините деца за време на нејзината болест. Но, откако се врати дома, му се пожалила на еден пријател дека не сме управувале исправно со домашните трошоци.
Ја посетивме и објаснивме дека можеби поради нашата младост и недостигот на искуство не сме се грижеле за работите онака како што би се грижела таа. Таа веднаш реагираше велејќи дека таа е онаа која нам ни е должна и дека навистина е благодарна за сѐ што сме сториле за неа. Проблемот беше решен. Тоа искуство ме научи дека е важно понизно да се бара прошка кога ќе се појават недоразбирања“.
Јехова ја благословил оваа двојка поради тоа што покажувала љубов и ‚го барала она што служи за мир‘ (Римјаните 14:19). Љубовта исто така вклучува свесност за чувствата на другите. Петар нѐ советува да покажуваме ‚жалостивост [сочувство, НС]‘ (1. Петрово 3:8). Ако имаме сочувство, поверојатно е дека ќе ја увидиме болката што сме ја предизвикале со некој непромислен збор или дело и ќе бидеме поттикнати да се извиниме.
„Покорувајте се еден на друг и здобивајте се со понизност“
Дури и верните христијански старешини повремено можат да имаат вжештена размена на мисли. (Спореди Дела 15:37—39.) Постојат околности кога едно извинување би било многу корисно. Но, што ќе му помогне на еден старешина или на кој и да е друг христијанин на којшто му е тешко да се извини?
Клучот е во понизноста. Апостол Петар советувал: „Покорувајте се еден на друг и здобивајте се со понизност“ (1. Петрово 5:5). Иако е точно дека во повеќето расправии обете страни ја делат вината, понизниот христијанин се грижи за сопствените пропусти и спремен е да ги признае (Изреки 6:1—5).
Оној кој прима извинување, треба да го прифати на понизен начин. Преку една илустрација, да претпоставиме дека двајца мажи кои треба да комуницираат, стојат на врвовите од две различни планини. Разговарањето преку бездната што ги дели се покажува невозможно. Меѓутоа, кога едниот од нив ќе се спушти долу во долината а другиот го следи неговиот пример, тие можат лесно да разговараат. На сличен начин, ако двајца христијани треба да решат некаква разлика помеѓу себе, секој понизно нека се состане со другиот во долината, така да се рече, и соодветно нека се извини (1. Петрово 5:6, НС).
Извинувањето значи многу во бракот
Бракот на двајца несовршени луѓе неизбежно дава прилики за извинување. А ако и сопругот и сопругата имаат сочувство, тоа ќе ги поттикне да се извинат доколку се случи да зборуваат или да постапуваат безобѕирно. Изреки 12:18 истакнува: „Празнословецот ранува како меч [Постои некој кој зборува непромислено како со бодежи од меч, НС], а јазикот на мудрите исцелува“. ‚Непромислените бодежи‘ не можат да се поништат, но можат да се излечат со искрено извинување. Се разбира, тоа бара постојана свесност и напор.
Зборувајќи за својот брак, Сузанa вели: „Џек* и јас сме венчани 24 години, но сѐ уште учиме нови работи еден за друг. За жал, пред некое време се разделивме и неколку седмици живеевме одвоено. Меѓутоа, го послушавме библискиот совет од старешините и повторно се вративме еден кај друг. Сега сфаќаме дека поради тоа што имаме многу различни личности, веројатно ќе се случуваат разидувања. Кога тоа ќе се случи, брзо се извинуваме и навистина многу се трудиме да го разбереме гледиштето на другиот. Среќна сум да кажам дека нашиот брак значително се подобри“. Џек додава: „Исто така, научивме да ги препознаваме тие моменти кога сме склони да се вознемириме. Во таквите времиња, еден со друг постапуваме со додатна чувствителност“ (Изреки 16:23).
Дали треба да се извиниш ако мислиш дека грешката не е твоја? Кога се вклучени длабоки чувства, тешко е да се биде објективен околу тоа каде лежи грешката. Но, важното нешто е мирот во бракот. Размисли за Авигеја, една Израелка чиј сопруг лошо постапил со Давид. Иако не можела да биде обвинета за глупавоста на својот сопруг, таа се извинила. „Прости ѝ ја вината на робинката своја“ — молела таа. Давид одговорил така што со неа постапил обѕирно, понизно признавајќи дека да не било заради неа, тој ќе пролеел невина крв (1. Царства 25:24—28, 32—35).
На сличен начин, една христијанка по име Џун, која е венчана 45 години, мисли дека еден успешен брак изискува спремност да се биде првиот кој ќе се извини. Таа вели: „Си велам себеси дека нашиот брак е поважен отколку моите чувства како поединец. Затоа, кога ќе се извинам, чувствувам дека придонесувам за бракот“. Еден постар маж по име Џим, наведува: „Јас ѝ се извинувам на мојата сопруга дури и за тривијални работи. Откако имаше една сериозна операција, таа лесно се ожалостува. Затоа редовно ја прегрнувам и велам: ‚Извини, мила. Не мислев да те вознемирам‘. Како една билка која е наводнувана, таа веднаш живнува“.
Ако сме го навредиле лицето кое најмногу го сакаме, брзото извинување е многу делотворно. Милагрос сесрдно се согласува, велејќи: „Јас страдам од недостиг на самодоверба, и еден остар збор од мојот сопруг ме обесхрабрува. Но, кога тој ќе се извини, веднаш се чувствувам подобро“. Писмото умесно ни кажува: „Пријатните зборови се восочен мед: за душата слатки, а за коските лековити“ (Изреки 16:24).
Вежбај ја уметноста на извинување
Ако ни стане обичај да се извиниме кога е неопходно, веројатно ќе утврдиме дека луѓето ќе реагираат поволно. И можеби дури и самите тие ќе се извинуваат. Кога насетуваме дека сме вознемириле некого, зошто да не ни стане навика да се извиниме наместо да чиниме сѐ за да го избегнеме признавањето на каква и да било грешка? Светот можеби мисли дека извинувањето е знак на слабост, но всушност тоа дава доказ за христијанска зрелост. Се разбира, ние не би сакале да бидеме како оние кои признаваат некаква грешка, но сепак ја минимизираат својата одговорност. На пример, дали некогаш велиме дека ни е жал без да го мислиме тоа? Ако задоцниме и претерано се извинуваме, дали одлучуваме да ја подобриме својата точност?
Значи, дали навистина треба да се извинуваме? Да, треба. Должни сме да го правиме тоа на себеси и на другите. Извинувањето може да помогне да се олесни болката што е предизвикана поради несовршеност и може да ги излечи напнатите односи. Секое извинување што го правиме е една поука за понизност и нѐ школува да станеме поосетливи за чувствата на другите. Како резултат на тоа, соверниците, брачните партнери и другите ќе нѐ сметаат за такви кои ја заслужуваат нивната наклоност и доверба. Ќе имаме умствен мир, а Јехова Бог ќе нѐ благослови.
[Фуснота]
a Не се нивните вистински имиња.
[Слики на страница 23]
Искреното извинување ја унапредува христијанската љубов