-
Прашања од читателитеСтражарска кула 1997 | 1 Април
-
-
Прашања од читателите
Што треба да стори еден христијанин кога е повикан на поротна должност?
Во некои земји, правниот систем користи пороти избрани од редовите на граѓаните. Онаму каде што ова преовладува, христијанинот мора да одлучи како да одговори кога ќе му биде наредено да се јави на поротна должност. Многумина христијани со чиста совест заклучиле дека библиските начела не ја исклучуваат можноста да се појавиш, исто онака како што Седрах, Мисах и Авденаго се подложиле на наредбата на вавилонската влада да се појават во рамнината Деир и како што Јосиф и Марија отишле во Витлеем по наредба на римските власти (Даниил 3:1—12; Лука 2:1—4). Но, постојат фактори кои искрените христијани можат да ги разгледаат.
Користењето пороти не е општа практика. Во некои земји, за граѓанските и за кривичните случаи одлучува професионален судија или одбор од судии. На други места, пак, преовладува она што е познато како непишан закон, при што поротите се дел од судскиот процес. Сепак, повеќето луѓе имаат само нејасна претстава за тоа како се избираат поротите и што прават тие. Затоа, еден општ преглед на тоа ќе биде корисен, без оглед дали се соочуваш со поротна должност или не.
Божјиот народ го признава Јехова како Врховен Судија (Исаија 33:22). Во древниот Израел, искусните мажи кои биле чесни и непристрасни служеле како судии во решавањето спорови и во одлучувањето за разни прашања од законот (2. Мојсеева 18:13—22; 3. Мојсеева 19:15; 5. Мојсеева 21:18—21). До времето кога Исус бил на Земјата, судската функција ја извршувал Синедрионот, еврејскиот виш суд (Марко 15:1; Дела 5:27—34). Не постоела подготовка еден просечен Евреин да биде во граѓанската порота.
Други земји користеле пороти составени од граѓани. Сократ бил суден од 501 поротник. Судењето од порота постоело и во Римската република, иако тоа било укинато за време на императорите. Подоцна, Хенри III, кралот на Англија, направил подготовка обвинетиот да биде суден од своите соседи. Се сметало дека, поради тоа што го познаваат обвинетиот, нивната пресуда би била поправедна отколку процедурата во која тој би се обидувал да ја докаже својата невиност со борба или со тоа што ќе помине низ некакво измачување. Како што минувало времето, поротниот систем се изменил во подготовка во која група граѓани го сослушувале случајот и доаѓале до решение темелено на докази. Еден професионален судија ги водел во работите што се однесувале на доказот.
Има разлика во видовите пороти, во бројот на поротници и во она што е вклучено при доаѓањето до решение. На пример, во Соединетите Држави, големата порота која се состои од 12 до 23 членови одлучува дали постојат доволно докази за една личност да биде обвинета за криминален престап; таа не одлучува дали тој е виновен или е невин. Слично на тоа, во поротата за смртни случаи (истражна порота), поротниците ги одмеруваат доказите за да одлучат дали е извршено злосторство.
Кога повеќето луѓе ќе помислат на порота, тие имаат на ум одбор од 12 граѓани вклучени во едно сослушување — сеедно дали е граѓански спор или кривичен случај — кои го слушаат сведоштвото за да одлучат дали некој е виновен или е невин. Ова е споредна (мала) порота, за разлика од големата порота. Општо земено, судот испраќа известувања до граѓаните избрани од списокот на гласачи, возачи со дозвола или слично да се појават на поротна должност. Некои може да бидат автоматски дисквалификувани, како што се осудени криминалци и оние што се ментално неспособни. Во зависност од локалниот закон, други — како што се лекарите, свештениците, правниците или сопствениците на мали бизниси — може да полагаат право на исклучок. (Некои може да бидат изземени поради тоа што имаат силни лични приговори на совеста во поглед на поротната должност.) Сепак, властите сѐ повеќе ги отстрануваат исклучоците така што сите се обврзани да се јават за поротна должност, можеби секогаш одново во текот на годините.
Не мора да значи дека сите оние што се пријавени на поротна должност ќе заседаваат како поротници во едно судење. Од групата луѓе кои се повикани на поротна должност, некои се избрани случајно како потенцијални поротници за некој посебен случај. Потоа, судијата ги идентификува страните и нивните адвокати и ја опишува природата на случајот. Тој и адвокатите го испитуваат секој потенцијален поротник. Сега е време да се зборува доколку некој има причина да одбие да служи поради совеста, зависно од природата на тој случај.
Групата треба да се сведе на бројот што навистина ќе заседава во судењето на тој случај. Судијата ќе го отпушти секој оној чија непристрасност може да биде доведена во прашање поради можен интерес во тој случај. Исто така, адвокатите на секоја страна имаат право да отпуштат по неколку поротници. Сите што се отпуштени од тој одбор поротници, се враќаат на групата поротници кои чекаат случајно одбирање за други случаи. Некои христијани во оваа ситуација го искористиле тоа време за да дадат неформално сведоштво. После неколку дена, нечија поротна должност е исполнета, без оглед на тоа дали тој навистина заседавал како поротник или не.
Христијаните настојуваат ‚да си ја гледаат работата‘, да не се мешаат „во туѓи работи“ (1. Солунјаните 4:11; 1. Петрово 4:15). Кога некој Евреин го запрашал Исус да даде суд за една работа во врска со наследството, тој одговорил: „Човеку, кој Ме постави да ви судам или да ве делам?“ (Лука 12:13, 14). Исус дошол да ја објави добрата вест за Царството, а не да пресудува правни работи (Лука 4:18, 43). Одговорот на Исус можеби го поттикнал човекот да го примени оној метод за средување на споровите што бил изнесен во Божјиот закон (5. Мојсеева 1:16, 17). Колку и да се полноважни таквите точки, одѕивот на заповедта лицето да се пријави на поротна должност е поинаква од тоа некој да се меша во работите на другите. Тоа е поблиску до ситуацијата на тројцата другари на Даниил. Вавилонската влада им заповедала да се појават во рамнината Деир, а нивната постапка не го прекршила Божјиот закон. Она што го сториле потоа било друга работа, како што покажува Библијата (Даниил 3:16—18).
Откако Божјите слуги престанале да бидат под Мозаитскиот закон, тие морале да се справат со световни судови во различни земји. Апостол Павле ги поттикнал „светиите“ во Коринт да ги средуваат несогласувањата во рамките на собранието. Иако се осврнал на правосудството на световните судови како ‚неправедно‘, Павле не одрекол дека тие имаат свое место во средувањето на световните работи (1. Коринтјаните 6:1). Тој се бранел себеси во рамките на Римското правосудство, за својот случај се жалел дури и кај Цезарот. Тоа значи дека световните судови не се потполно погрешни (Дела 24:10; 25:10, 11).
Световните судови се функција на „претпоставените власти“. Тие „се поставени од Бог во нивните релативни положби“ (НС) и донесуваат и спроведуваат закони. Павле напишал: „Таа е слугинка Божја, за твое добро. Ако, пак, правиш зло, тогаш страхувај, бидејќи тој не носи залудо оружје; тој е служител Божји и со гнев се одмаздува на оној што прави зло“. Христијаните ‚не се противат на власта‘ додека таа извршува такви легални функции, бидејќи не сакаат ‚да ѝ се противат‘ и да примат осуда (Римјаните 13:1—4; Тит 3:1).
Кога ги урамнотежуваат факторите, христијаните треба да размислат дали можат да се подложат на извесни барања од цезарот. Павле советувал: „Дајте секому [на вишите власти], што сте му должни: кому данок — данок; кому давачка — давачка; кому страв — страв; кому чест — чест“ (Римјаните 13:7). Тоа директно се однесува на паричните даноци (Матеј 22:17—21). Ако цезарот вели дека граѓаните мораат да го вложуваат своето време и напори за да чистат патишта или за да извршуваат друга работа што е во функциите на цезарот, секој христијанин мора да одлучи дали ќе се подложи на тоа (Матеј 5:41).
Некои христијани сметале дека поротната служба е давање на цезарот она што му припаѓа на цезарот (Лука 20:25). Во поротната должност задачата е да се слушнат доказите и да се понуди чесно мислење за точките од фактот или законот. На пример, поротниците од големата порота одлучуваат дали доказите оправдуваат некој да биде изнесен на судење; тие не одредуваат вина. Што е со вообичаеното судење? Во еден цивилен случај, поротата би можела да додели плаќање штета или компензација. Во еден кривичен случај, треба да одреди дали доказите го поддржуваат решението за вина. Понекогаш препорачува која пресуда, што ја пропишува законот, треба да се примени. Потоа, владата го користи својот авторитет за да се „одмаздува на оној што прави зло“, односно ‚да ги казни злочинците‘ (1. Петрово 2:14).
Што ако еден христијанин смета дека неговата совест не му допушта да служи во некоја одредена порота? Поради тоа што Библијата не споменува поротна должност, тој не може да рече: ‚Против мојата религија е да служам во некоја порота‘. Во зависност од случајот, би можел да изјави дека служењето на поротата за некој одреден случај е против неговата лична совест. Би можело да биде така доколку случајот вклучува сексуален неморал, абортус, убиство или некое друго спорно прашање по кое неговото размислување е обликувано според библиското спознание, а не само според световниот закон. Но, во реалноста е сосема возможно судењето за кое е избран да не вклучува такви спорни прашања.
Еден зрел христијанин би размислувал и за тоа дали би учествувал во некаква одговорност за пресудата што ја донесуваат судиите. (Спореди 1. Мојсеева 39:17—20; 1. Тимотеј 5:22.) Доколку решението за виновност е погрешно и се воведе смртна казна, дали еден христијанин во поротата ќе учествува во вината за крв? (2. Мојсеева 22:2; 5. Мојсеева 21:8; 22:8; Јеремија 2:34; Матеј 23:35; Дела 18:6). На Исусовото судење, Пилат сакал да биде ‚невин од крвта на тој праведник‘. Евреите спремно рекле: „Крвта Негова нека падне на нас и на нашите деца“ (Матеј 27:24, 25).
Ако еден христијанин се јавил на поротна должност, како што му наредила владата, но поради неговата лична совест одбил да служи во некој одреден случај, и покрај инсистирањето на судијата, христијанинот треба да биде спремен да се соочи со последиците — без оглед дали тоа е парична казна или затвор (1. Петрово 2:19).
Во конечната анализа, секој христијанин што е соочен со поротна должност мора да одлучи каков правец да следи, на темел на неговото разбирање на Библијата и на темел на неговата совест. Некои христијани се јавиле на поротна должност и служеле во извесни пороти. Други се чувствувале принудени да одбијат, дури и покрај извесна казна. Секој христијанин треба сам да одлучи што ќе прави, а другите не треба да ја критикуваат неговата одлука (Галатјаните 6:5).
-
-
Јеховините сведоци ќе одржат меѓународни конгресиСтражарска кула 1997 | 1 Април
-
-
Јеховините сведоци ќе одржат меѓународни конгреси
Водечкото тело на Јеховините сведоци планира во текот на 1998 година да одржи меѓународни конгреси. Ова известување наиде на одушевен одѕив на годишниот состанок на Watch Tower Bible and Tract Society of Pennsylvania, што се одржа на 5 октомври 1996 година во Конгресната сала во Џерси Сити.
Покрај вообичаените обласни конгреси, кон средината на 1998 година во Северна Америка ќе се одржат и извесен број меѓународни конгреси. Се очекува на овие собири да се соберат илјадници Сведоци од многу делови на Земјината топка. За да се овозможи да бидат застапени колку што е можно повеќе земји, секоја од над 100-те подружници на Watch Tower Society ќе има одреден број делегати за еден од градовите на меѓународните конгреси во Северна Америка.
Очигледно, не сите кои сакаат да патуваат во Северна Америка ќе бидат во можност да го сторат тоа. Меѓутоа, можеби е можно илјадници да присуствуваат на некој меѓународен конгрес што е поблиску до нивниот дом. Се прават подготовки да се одржат меѓународни конгреси во две или три земји во Европа, а другите во Африка, Азија, Латинска Америка, Јужниот Пацифик и на Карибите.
Во погодно време, подружниците на Заедницата ќе им дадат упатства на собранијата што се на нивните подрачја во врска со конгресниот град или градови во кои се поканети. Ќе бидат дадени информации во врска со датумите на конгресите и со подготовките за избирање на делегатите. Оние кои имаат на ум да пополнат молби за избирање на делегати, можеби ќе сакаат да почнат да штедат нешто од своите средства во исчекување на овие посебни настани.
Сите Јеховини сведоци ширум светот можат радосно да го исчекуваат она што нѐ очекува на овие меѓународни собири за 1998 година. Обласните конгреси во сите земји ќе содржат слична програма.
-