Како да се пронајде радост во правењето ученици
ЕДНА од најдлабоките радости што некој може да ги доживее е радоста да се биде соработник на Бог. Денес, Божјето дело го вклучува собирањето на праведно настроените луѓе во христијанското собрание и нивно обучување за живот како христијани уште сега, но и за преживување во еден нов свет (Михеј 4:1-4; Матеј 28:19, 20; 2. Петрово 3:13).
За Јеховините сведоци во Латинска Америка беше голема радост да видат како од 1980 година наваму, милион луѓе стануваат ученици на Исус Христос. На ова плодно поле, каде што многумина ја почитуваат и ѝ веруваат на Библијата, некои полновремени слуги биле во состојба да им помогнат на десетици лица да му ги предадат своите животи на Јехова. Со толкаво искуство, можеби тие можат да ни кажат нешто за радоста која произлегува од правењето ученици. Некои од нивните предлози би можеле да ти помогнат и ти да најдеш радост во правењето ученици таму каде што живееш.
Препознавање на потенцијалните „овци“
„А штом влезете во некој град или село, распрашајте кој е во него достоен“, рекол Исус кога ги испратил своите ученици да проповедаат (Матеј 10:11). Кога ги посетуваш луѓето, како можеш да ги препознаеш оние на кои може да им се помогне духовно? Едвард, кој повеќе од 50 години е полновремен слуга, вели: „Тие го покажуваат тоа преку своите искрени прашања и преку нивното задоволство кога ќе им се дадат одговори од Библијата“. Керол додава: „Ако некое лице ми довери некој личен проблем или грижа, тоа всушност претставува повик за помош. Се трудам да најдам корисна информација во публикациите на Друштвото Стражарска кула. Таквиот личен интерес честопати води до библиска студија“. Па сепак, искрените лица не можат секогаш лесно да се препознаат. Луис раскажува: „Некои кои изгледаа многу заинтересирани, се покажаа дека воопшто не се такви, но други за кои отпрвин изгледаше дека се противат, се променија кога слушнаа што навистина вели Библијата“. Со оглед на тоа дека многу Латиноамериканци ја почитуваат Библијата, тој додава: „Оние на кои може да им се помогне духовно ги препознавам по тоа што спремно го прифаќаат она што го учи Библијата откако ќе им го покажам“. Помагањето на таквите „достојни“ духовно да напредуваат, донесува вистинска радост и задоволство. Како можеш да го сториш тоа?
Започнување на библиски студии
Користењето на помошните средства за проучување на Библијата, подготвени од ‚верниот и разумен роб‘, обично е најдобриот начин да им се помогне на луѓето да ја разберат библиската вистина (Матеј 24:45, НС). Како можеш да изградиш ценење за вредноста на таквите помошни средства за проучување на Библијата? Едвард вели: „Со оглед на тоа што околностите, личностите и гледиштата на луѓето толку многу се разликуваат, се трудам да бидам флексибилен при започнувањето на студиите“. Не може да се употреби истиот метод кај секого.
Кај некои, можеби се потребни неколку неформални дискусии за Светото писмо пред да се воведе некој прирачник за библиска студија. Меѓутоа, една мисионерска двојка известува: „Обично, уште на првата посета нудиме студија“. На сличен начин, еден Сведок кој им помогнал на 55 лица да дојдат до предание, вели: „Мојот главен метод за започнување на библиски студии е да настапам директно со книгата Ти можеш засекогаш да живееш во рајот на Земјата“. Иако на некои не им се допаѓа идејата да проучуваат што и да било, други се желни да го проучуваат сето она за кое мислат дека ќе им помогне во животот. Понудата на бесплатни домашни библиски часови на таквите честопати им звучи привлечно. Некои мисионери ја изнесуваат оваа понуда, а потоа велат: „Би сакал да Ви покажам како го правиме тоа. Ако ви се допаѓа, можете да продолжите. Ако не, не морате“. Ако вака се понуди, луѓето нема да се плашат да прифатат.
Еден друг Сведок кој им помогнал на многумина кои имале мали приходи и ниско образование, вели: „Заклучив дека трактатите се особено корисни за започнување на библиски студии“. Сеедно која публикација ја користат, полновремените учители се трудат главниот нагласок да го стават на Библијата. Карола вели: „На првата студија ги користам само сликите и околу пет библиски стихови, и на тој начин главните точки се истакнуваат, а Библијата не изгледа тешка“.
Задржи го интересот жив
Луѓето се радуваат на чувството на напредок, па затоа Џенифер препорачува: „Направи ја студијата жива. Нека биде напредна“. Ако студијата се води редовно без да се пропуштаат некои седмици, тоа исто така им помага на библиските ученици да чувствуваат дека напредуваат. Еден специјален пионер кој пораснал на село, ја објаснува важноста од поедноставените објаснувања и сосредоточувањето на главните точки, така што дури и оние со ниско образование можат да напредуваат. Тој вели: „Во моето село откако ќе го посеевме семето, моравме да ја попрскуваме земјата со вода. Ако ги преплавевме нивите, почвата формираше тврда кора, низ која из’ртеното семе не можеше да пробие и затоа изгинуваше. На сличен начин, ако ги преплавиш новозаинтересираните со многу главни точки, може да им изгледа претешко и тие се откажуваат“. Дури и луѓето со испитувачки умови мораат да научат да се сконцентрираат само на една тема за да напредуваат во разбирањето. Исус им рекол на своите апостоли: „Имам уште многу да ви кажувам, но сега не можете да носите“ (Јован 16:12).
Еден друг начин како да се задржи интересот жив е да ги охрабруваш оние кои ги посетуваш да продолжат да размислуваат за Божјата Реч откако ти си заминал. Јоланда препорачува: „Остави некое прашање неодговорено. Дај им некаква домашна работа, на пример, да прочитаат некој дел од Библијата или да истражат некоја тема која ги интересира“.
Развивај љубов кон Јехова
Твојата радост ќе расте додека им помагаш на твоите ученици да станат „извршители на словото, а не само слушатели“ (Јаков 1:22). Како можеш да го сториш тоа? Вистинските христијани се мотивирани од љубов кон Јехова. Педро од Мексико објаснува: „Луѓето не можат да сакаат некоја личност која не ја познаваат, и затоа уште од самиот почеток на студијата ги поучувам за Божјето име од Библијата и барам прилики да ги нагласам Јеховините особини“. Во разговорот можеш да изградиш ценење за Јехова така што ќе ги изразиш своите чувства кон него. Елизабет вели: „Секогаш се трудам да ја споменувам Јеховината доброта. Во текот на моите студии, ако видам прекрасен цвет, убава птица или некое разиграно маченце, секогаш споменувам дека тоа е Јеховино дело“. „Зборувај за Божјиот ветен нов свет како за реалност за која знаеш дека ќе се исполни“, предлага Џенифер. „Прашај ги што би сакале да прават во новиот свет.“
Кога едно лице размислува со ценење за она што го учи за Јехова, тоа продира во неговото срце и го поттикнува на акција. Но, лицето не ќе може да медитира доколку не се сеќава. Краткото повторување на три-четири главни точки после секое проучување служи како помош за помнење. Многу библиски учители им велат на новите да си ги запишат на задниот дел во својата Библија клучните библиски стихови со една забелешка. Една мисионерка од Англија објаснува уште една корист од повторувањата: „Јас ги прашувам на кој начин им користела информацијата. Тоа ги наведува да медитираат со ценење за Јеховините патишта и закони“.
Една верна жена Сведок која дипломирала во третиот клас на Гилеад, вели: „Мораме да бидеме воодушевени. Нашите ученици мораат да сфатат дека ние веруваме во она што го поучуваме“. Верата која те направила среќен „извршител на делото“, може да биде заразна ако ја изразиш (Јаков 1:25).
„Забележувам дека луѓето се чувствуваат поблиски до Бог ако им помогнам да ги препознаат одговорите на нивните молитви“, вели една жена Сведок која им помогнала на многумина да го обожаваат Јехова. „Им наведувам примери од моето лично искуство, како што е ова: Кога мојата партнерка и јас пристигнавме на новата доделба како пионерки, имавме само неколку парчиња зеленчук и еден маргарин, а пари немавме. Ја изедовме вечерата и рековме: ‚Сега немаме ништо за утре‘. Се помоливме за тоа и си легнавме. Рано изутрината нѐ посети еден локален Сведок и претставувајќи се, рече: ‚Се молев Јехова да испрати пионери. Сега можам да ве придружувам во поголемиот дел од денот, но бидејќи живеам на село, ќе морам да ручам со вас и затоа ја понесов оваа храна за сите нас‘. Тоа беше една голема количина говедско месо и зеленчук. Секогаш им велам на моите ученици дека Јехова никогаш не нѐ остава ако најпрво го бараме неговото Царство“ (Матеј 6:33).
Понуди практична помош
Во правењето ученици на Христос е вклучено повеќе отколку само водење на библиска студија. Еден мисионер кој служел многу години како патувачки надгледник, вели: „Одвој време за нив. Не брзај да си заминеш од студијата веднаш штом таа ќе заврши. Ако е умесно, остани и поразговарај малку“. Елизабет вели: „Покажувам интерес за нив затоа што се работи за живот. Многупати се грижам за нив како за свои деца“. Други Сведоци ги дадоа овие предлози: „Посети ги кога се болни“. „Кога си близу нивниот дом, на пример во служба на подрачјето, посети ги накратко за да ги запознаеш со други Сведоци.“ Ева вели: „Слушај внимателно за да разбереш какво минато има лицето и каква е неговата ситуација во животот. Сето тоа влијае на начинот како луѓето реагираат на вистината и може да го спречи нивниот напредок. Биди им пријател и така ќе имаат доверба да зборуваат за своите проблеми“. Керол додава: „Искрениот интерес за лицето е важен, затоа што промените коишто вистината ќе ги донесе во неговиот живот, понекогаш ќе значат губиток на семејството и пријателите. Општо земено, добро е ученикот да знае каде живееме и да има доверба да дојде кај нас во секое време“. Помогни му да го смета собранието за свое ново семејство (Матеј 10:35; Марко 10:29, 30).
„Биди спремен да понудиш практична помош. Седи до нив на состаноците и помогни им околу децата“, вели Јоланда. Покажи им на новите како да ги обучуваат своите деца, како да ги подобрат своите мерила за чистота, како да подготвуваат коментари за состаноците и да држат говори во Теократската школа за проповедање, зашто сето тоа спаѓа во делото на правење ученици. Една друга сестра додава: „Важно е новите да ги обучуваме за службата. Ако се превиди овој аспект на обучувањето, некои остануваат исплашени од делото на проповедање, ја губат радоста во служењето на Јехова и не истрајуваат“. Затоа, грижливо обучувај ги во делото од куќа до куќа, во правењето повторни посети и во започнувањето библиски студии. Твојата радост ќе биде голема кога ќе видиш како твојот ученик напредува со твоја помош и водство.
Зајакнувај ги да истраат
„Постои тенденција да се запостави проучувањето штом ученикот ќе се крсти“, предупредува една сестра која е искусна во правењето ученици. И учителот и ученикот мораат да запомнат дека еден новокрстен христијанин е далеку од тоа да е духовно зрел. Тој треба сѐ уште да расте во својата вера, во своето ценење за Божјиот закон и во својата љубов кон Јехова. Многу е важно да го охрабруваш да развие добри навики за лична студија за да продолжи да напредува (1. Тимотеј 4:15).
Можеби на новиот му треба помош за да напредува и да стане гостољубив член на братството. Можеби му е потребно водство во справувањето со несовршеностите на браќата додека се зближува со нив (Матеј 18:15-35). Можеби му е потребна помош да стане вешт учител, кој е способен сам да истражува. Една мисионерка раскажува: „После нејзиното крштавање, една ученичка сакаше да ја подобри својата способност како учител, па ми рече: ‚Следната седмица треба да почнам една нова студија, но треба да го освежам моето сеќавање за претходните поглавја што ги проучував. Те молам, дали би можела повторно да ги поминеш овие поглавја со мене, едно по едно, за да можам да ги забележам објаснувањата на стиховите и илустрациите, а потоа да можам да ги употребам кога ќе отидам на мојата студија?‘ Таа стана извонреден учител и на еден конгрес се крстија четворица нејзини ученици“.
Зошто правењето ученици е вредно за труд
„Да се прават ученици значи да се добијат повеќе фалители на Јехова. Тоа значи живот за оние кои ја прифаќаат вистината“, вели Памела. „Многу сакам да ги поучувам другите за вистината — тоа е прекрасно! Гледаш како учениците постепено растат, како прават промени во својот живот и како совладуваат препреки кои би им изгледале несовладливи да не е Јеховиниот дух. Многумина од оние кои го засакаа Јехова, ми станаа многу драги пријатели.“
„Кога размислувам за оние на кои сум им помогнала да станат ученици“, раскажува една мисионерка од Германија, „гледам некои многу плашливи луѓе кои толку многу напредуваа како Божји слуги, што едвај можам да поверувам. Гледам луѓе кои совладуваат застрашувачки препреки, очигледно со Јеховина помош. Гледам семејства кои некогаш беа распаднати, но сега се обединети — среќни деца со одговорни родители. Гледам луѓе кои се радуваат на еден смисловен живот и кои го фалат Јехова. Тоа е радоста која доаѓа од правењето ученици.“
Да, да се биде соработник на Јехова Бог во делото на правење ученици, претставува извор на неспоредлива радост. Искуствата на мисионерите и пионерите го докажуваат тоа. И ти можеш да ја најдеш истата радост и задоволство ако ги применуваш предлозите и ако работиш на тоа со сета душа. Со Јеховин благослов, твојата радост ќе изобилува (Изреки 10:22; 1. Коринтјаните 15:58).