-
Родители, на што учи вашиот пример?Стражарска кула 1999 | 1 Јули
-
-
Родители, на што учи вашиот пример?
„Угледајте се на Бога, како чеда возљубени, и живејте [одете и понатаму, NW] во љубов“ (ЕФЕСЈАНИТЕ 5:1, 2).
1. Какви упатства му дал Јехова на првиот човечки пар?
ЈЕХОВА е Основачот на семејното уредување. Секое семејство своето постоење му го должи нему бидејќи тој го основал првото семејство и на првиот човечки пар му дал способност за размножување (Ефесјаните 3:14, 15, NW). Тој им дал на Адам и Ева основни поуки што се однесува до нивните одговорности и им дал многу прилики да преземат лична иницијатива во нивното спроведување (1. Мојсеева 1:28—30; 2:6, 15—22). После гревот на Адам и Ева, ситуациите со кои морале да се справуваат семејствата станувале сѐ покомплицирани. Сепак, Јехова со љубов обезбедил упатства кои ќе им помогнат на неговите слуги да се справат со таквите ситуации.
2. а) На кој начин Јехова го зајакнал пишаниот совет со усните поуки? б) Кое прашање треба да си го постават родителите?
2 Како наш Голем Поучувач, Јехова сторил многу повеќе отколку само да даде пишани упатства во однос на тоа што треба да правиме, а што да избегнуваме. Во старо време, тој ги споил пишаните со усните поуки преку свештениците, пророците и преку семејните поглавари. Кого го користи тој за да обезбеди такво усно поучување во наше време? Христијанските старешини и родители. Ако си родител, дали го правиш својот дел за да го поучиш семејството за Јеховините патишта? (Изреки 6:20—23).
3. Што можат да научат семејните поглавари од Јехова во врска со делотворното поучување?
3 Како треба да се даде ваквата поука во кругот на семејството? Јехова го поставува образецот. Тој јасно наведува што е добро а што зло, и во голема мера користи повторување (2. Мојсеева 20:4, 5; 5. Мојсеева 4:23, 24; 5:8, 9; 6:14, 15; Исус Навин 24:19, 20). Тој користи прашања кои поттикнуваат на размислување (Јов 38:4, 8, 31). Преку илустрации и вистински примери ги побудува нашите емоции и го обликува нашето срце (1. Мојсеева 15:5; Даниил 3:1—23, 91—96). Родители, дали кога ги поучувате своите деца, се обидувате да го имитирате тој образец?
4. Што учиме од Јехова во врска со спроведувањето стега, и зошто стегата е важна?
4 Јехова е цврст за она што е исправно, но ги разбира и последиците од несовршеноста. Затоа, пред да изврши казна, тој поучува и секогаш одново им дава предупредувања и потсетници на несовршените луѓе (1. Мојсеева 19:15, 16; Јеремија 7:23—26). Кога дава стега, тоа го прави во исправна мера, а не претерано (Псалм 102:10, 11; Исаија 28:26—29). Ако постапуваме со нашите деца на ваков начин, тоа дава доказ дека го познаваме Јехова, а исто така и ним ќе им биде полесно да го запознаат (Јеремија 22:16; 1. Јованово 4:8).
5. Што можат родителите да научат од Јехова во врска со слушањето?
5 Извонредно е тоа што Јехова слуша како небесен Татко кој е полн со љубов. Тој не издава само наредби. Нѐ охрабрува да му го излееме срцето (Псалм 62:8, NW). И доколку чувствата кои ги изразуваме не се баш вистинските, тој не згрмува од небото со укор. Стрпливо нѐ поучува. Затоа, колку само е пригоден советот на апостол Павле: „Угледајте се на Бога, како чеда возљубени“! (Ефесјаните 4:31—5:1). Колку само убав пример им дава Јехова на родителите додека настојуваат да ги поучуваат своите деца! Тоа е пример кој ги допира нашите срца и нѐ наведува да сакаме да одиме по неговиот пат на живот.
Влијание кое се врши со пример
6. Како ставот и примерот на родителите влијае врз нивните деца?
6 Освен вербалната поука, и примерот има длабоко влијание врз младите. Без разлика дали родителите сакаат или не, нивните деца ќе ги имитираат. На родителите може да им биде пријатно — а понекогаш може и да ги шокира — кога слушаат како нивните деца кажуваат работи што самите тие ги рекле. Кога и однесувањето и ставот на родителите одразуваат длабоко ценење за духовните работи, тоа има позитивно влијание врз децата (Изреки 20:7).
7. Каков пример како родител ѝ дал Јефтај на својата ќерка, и со каков исход?
7 Ефектот од родителскиот пример е добро илустриран во Библијата. Јефтај, кого Јехова го употребил да го предводи Израел во победа над Амонците, бил и татко. Записот за неговиот одговор на царот на Амон покажува дека Јефтај сигурно често ја читал историјата на Јеховините постапки со Израел. Можел слободно да ја цитира таа историја, а покажал и силна вера во Јехова. Несомнено, со својот пример ѝ помогнал на својата ќерка да развие вера и дух на самопожртвуваност кои ги покажала кога презела доживотна служба како самица оддадена на Јехова (Судии 11:14—27, 34—40; спореди Исус Навин 1:8).
8. а) Каков убав став покажале родителите на Самуил? б) На кој начин Самуил извлекол корист?
8 Самуил бил примерен како дете и верен на Бог како пророк низ целиот живот. Дали би сакал и твоите деца да бидат такви? Анализирај го примерот кој го дале Самуиловите родители Елкана и Ана. Иако ситуацијата во нивното домаќинство не била совршена, тие редовно оделе во Силом заради обожавање — во местото каде што бил сместен светиот табернакул (1. Царства 1:3—8, 21). Забележи ја длабочината на чувствата со кои се молела Ана (1. Царства 1:9—13). Забележи што чувствувале обајцата за важноста на исполнувањето на секое ветување што му го дале на Бог (1. Царства 1:22—28). Несомнено, нивниот убав пример му помогнал на Самуил да ги развие особините кои му овозможиле да се стреми во исправен правец — дури и кога луѓето околу него, кои наводно му служеле на Јехова, не покажувале никакво почитување кон Божјите патишта. Со текот на времето, Јехова му доверил на Самуил одговорност како Негов пророк (1. Царства 2:11, 12; 3:1—21).
9. а) Кои домашни влијанија имале добар ефект врз Тимотеј? б) Каква личност станал Тимотеј?
9 Дали би сакал твојот син да стане како Тимотеј кој уште како млад му станал придружник на апостол Павле? Таткото на Тимотеј не бил верник, но неговата мајка и баба дале добар пример во ценењето на духовните работи. Ова несомнено помогнало да се постави добар темел во животот на Тимотеј како христијанин. Се вели дека неговата мајка Евника и баба му Лоида имале „нелицемерна вера“. Нивниот живот како христијанки не бил глума; тие навистина живееле во склад со она во кое исповедувале вера и го поучиле младиот Тимотеј да го прави истото. Тимотеј покажал дека е доверлив и дека вистински се грижи за благосостојбата на другите (2. Тимотеј 1:5; Филипјаните 2:20—22).
10. а) Кои примери надвор од домот можат да влијаат врз нашите деца? б) Како треба да реагираме кога овие влијанија ќе се видат во говорот или ставот на нашите деца?
10 Сите примери кои влијаат врз нашите деца не се во домот. Тука се и децата со кои тие одат на училиште, наставниците чија работа е да ги обликуваат умовите на младите, луѓето кои се силно уверени дека секој треба да се повини на длабоко утврдените племенски или општествени обичаи, спортските ѕвезди чии достигнувања се нашироко величани и државните службеници чие однесување се прикажува на вестите. Милиони деца се изложени и на бруталноста на војната. Дали треба да се изненадиме ако овие влијанија се видат во говорот или во ставот на нашите деца? Како реагираме кога тоа е случај? Дали еден остар укор или строго предавање го решава проблемот? Наместо брзо да реагираме со нашите деца, зарем нема да биде подобро да се запрашаме: ‚Дали во Јеховиниот начин на постапување со нас постои нешто што би можело да ни помогне во проникнувањето како да излеземе на крај со оваа ситуација?‘ (Спореди Римјаните 2:4.)
11. Како може да влијае врз ставот на децата тоа што и родителите прават грешки?
11 Секако, несовршените родители нема секогаш да се справуваат со ситуациите на најдобар начин. Ќе прават грешки. Дали кога децата ќе го увидат тоа, ќе се нагризе нивното почитување кон родителите? Можеби, особено ако родителите се обидуваат да ги ублажат сопствените грешки на тој начин што строго ќе инсистираат на својот авторитет. Но, исходот може да биде многу поинаков доколку родителите се понизни и отворено ги признаат своите грешки. Со тоа можат да им дадат скапоцен пример на своите деца кои треба да научат да го прават истото (Јаков 4:6).
На што може да учи нашиот пример
12, 13. а) Што треба децата да научат за љубовта, и како може тоа најделотворно да се научи? б) Зошто е важно децата да научат за љубовта?
12 Постојат многу драгоцени лекции кои можат најделотворно да се дадат кога усната поука ќе се спои со добриот пример. Разгледај неколку.
13 Изразување несебична љубов: Една од најважните лекции кои треба да се зајакнат со пример е значењето на љубовта. „Ние Го сакаме, бидејќи [Бог] порано нѐ засака“ (1. Јованово 4:19). Тој е Изворот и највисокиот пример на љубов. Оваа начелна љубов, ага́пе, се спомнува во Библијата повеќе од 100 пати. Тоа е особина која ги идентификува вистинските христијани (Јован 13:35). Таква љубов треба да покажеме кон Бог и кон Исус Христос, но треба да ја покажуваме и еден кон друг — дури и кон оние луѓе кон кои можеби не чувствуваме наклоност (Матеј 5:44, 45; 1. Јованово 5:3). Оваа љубов мора да ни биде во срцето и да биде очигледна во нашиот живот пред да можеме делотоворно да ги поучуваме своите деца за неа. Постапките зборуваат погласно од зборовите. Во семејството, децата треба да ја видат и да ја доживеат љубовта и нејзините сродни особини, како што е наклоноста. Без овие работи, може да се спречи развојот на детето во физички, умствен и во емоционален поглед. Исто така, децата треба да видат како на исправен начин се покажуваат љубов и наклоност кон сохристијаните надвор од семејството (Римјаните 12:10; 1. Петрово 3:8).
14. а) Како може децата да бидат поучени добро да работат на начин кој ќе им донесе задоволство? б) Како можете да го правите тоа во вашата семејна ситуација?
14 Учење како да се работи: Работата е основен аспект на животот. За да има чувство на самопочит, едно лице треба да научи како добро да работи (Проповедник 2:24; 2. Солунјаните 3:10). Доколку на едно дете му даваме задачи за кои е сосема малку поучено, а потоа го караме ако не ги изврши добро, постои веројатност дека тоа нема да научи како добро да работи. Но, кога децата учат на тој начин што всушност работат покрај своите родители и им се дава умесна пофалба за тоа, постои поголема веројатност дека ќе научат да работат на начин кој ќе им донесе задоволство. Доколку примерот на родителите се спои со објаснување, можеби децата ќе научат не само како да извршат една работа, туку и како да ги совладуваат проблемите, како да истраат во работата сѐ додека не ја завршат и како да расудуваат и да донесуваат одлуки. Во тој поглед може да им се помогне да сфатат дека и Јехова работи, дека тој добро работи и дека Исус го имитира својот Татко (1. Мојсеева 1:31; Изреки 8:27—31, Јован 5:17). Ако едно семејство има фарма или има свој бизнис, некои членови на семејството може да работат заедно. Или можеби мајката може да го научи својот син или ќерка да готви и да средува после оброкот. Таткото, чие вработување е надвор од домот, може да планира да работи на некои домашни проекти заедно со своите деца. Колку е само корисно кога родителите имаат на ум не само да си ги завршат тековните работи, туку и да ги опремат децата за живот!
15. На кои начини може да се дадат лекции за верата? Илустрирај.
15 Задржување вера наспроти неволји: Верата е исто така животоважен аспект на нашиот живот. Кога на една семејна студија се дискутира за верата, децата можат да научат како да одредат што е таа. Исто така, може да ги увидат доказите кои предизвикуваат верата да почне да расте во нивното срце. Но, кога гледаат како нивните родители покажуваат непоколеблива вера наспроти жестоки испити, ефектот може да трае цел живот. Сопругот на една библиска студентка од Панама ѝ се заканувал дека ќе ја истера од дома ако не престане да му служи на Јехова. Сепак, со своите четири дечиња редовно пешачела по 16 километри, а потоа се качувала на автобус плус 30 километри за да стигне до најблиската Сала на Царството. Охрабрени од тој пример, околу 20 членови на нејзиното семејство го прифатиле патот на вистината.
Давање пример преку секојдневното читање на Библијата
16. Зошто се препорачува секојдневно читање на Библијата како семејство?
16 Една од најдрагоцените навики што може да ја воведе секое семејство — навика од која ќе извлечат корист родителите и ќе биде пример кој ќе го имитираат децата — е редовното читање на Библијата. Доколку е воопшто можно, читајте ја Библијата секој ден. Она што е најважно не е квантитетот на прочитаното. Далеку позначајна е редовноста и начинот на кој се прави тоа. Кај децата, читањето на Библијата може да се дополни со слушање аудиокасети од Моја книга со библиски приказни ако ги има на располагање на вашиот јазик. Секојдневното читање на Божјата реч ни помага да ги држиме Божјите мисли во преден план. И ако така ја читаат Библијата не само поединци туку семејства, тоа може да помогне цели домаќинства да одат по Јеховините патишта. На оваа практика нѐ охрабри драмата Семејства — направете го секојдневното читање на Библијата свој начин на живот! на неодамнешните конгреси „Божјиот пат на живот“ (Псалм 1:1—3).
17. Како читањето на Библијата како семејство и помнењето на клучните стихови помагаат во примената на советот од Ефесјаните 6:4?
17 Читањето на Библијата како семејство е во склад со она што го напишал апостол Павле во своето инспирирано писмо до христијаните во Ефес, имено: ‚Татковци, не дразнете ги децата свои, туку воспитувајте ги во науката и стравот Господов [Јеховино насочување на мислењето, NW]‘! (Ефесјаните 6:4). Што значи тоа? „Насочување на мислењето“ дословно значи „да се стави ум во“; што значи дека христијанските татковци се поттикнати да го стават умот на Јехова Бог во своите деца — да им помогнат на децата да ги запознаат Божјите мисли. Тоа може да се постигне ако се охрабрат децата да ги запомнат клучните стихови. Целта е Јеховините мисли да го водат размислувањето на децата така што нивните желби и однесување постепено ќе почнат да ги одразуваат побожните мерила без разлика дали родителите се со нив или, пак, не се. Библијата е темел за таквото размислување (5. Мојсеева 6:6, 7).
18. При читањето на Библијата, што може да биде потребно за да: а) ја разбереме јасно? б) извлечеме корист од советот што го содржи? в) се одѕвиеме на она што го открива за Јеховината намера? г) извлечеме корист од она што го вели за ставовите и постапките на луѓето?
18 Секако, за да влијае Библијата врз нашиот живот, треба да разбереме што вели таа. Тоа за многумина можеби ќе бара повеќепати да прочитаат некои делови од неа. За да сфатиме во потполност извесни изрази, можеби ќе треба да побараме некои зборови во речник или во Insight on the Scriptures (Увид во Писмото). Доколку стихот содржи совет или некоја заповед, одвојте време да разговарате за некои ситуации од нашево време во кои тој е соодветен. Потоа можете да прашате: ‚Како можеме да извлечеме корист од примената на овој совет?‘ (Исаија 48:17, 18). Доколку стихот зборува за некој аспект на Јеховината намера, прашајте: ‚Како ова се однесува на нашиот живот?‘ Можеби читате некој извештај кој зборува за ставовите и постапките на луѓето. Какви притисоци доживувале тие во животот? Како се справиле со нив? Како можеме да извлечеме корист од нивниот пример? Секогаш одвојувајте време да дискутирате за значењето на тој извештај во нашиот живот денес (Римјаните 15:4; 1. Коринтјаните 10:11).
19. Што ќе им дадеме на децата ако се угледаме на Бог?
19 Колку само убав начин да ги всадиме Божјите мисли во нашиот ум и срце! На тој начин вистински ќе ни се помогне да ‚се угледаме на Бог, како чеда возљубени‘ (Ефесјаните 5:1). А со тоа ќе дадеме пример кој навистина заслужува нашите деца да го имитираат.
Дали се сеќаваш?
◻ Како можат родителите да извлечат корист од Јеховиниот пример?
◻ Зошто мора усната поука на децата да се спои со добриот пример на родителите?
◻ Кои се некои лекции што најдобро се учат преку примерот на родителите?
◻ Како можеме во потполност да извлечеме корист од читањето на Библијата како семејство?
-
-
Редовно проучувајте ја Божјата реч како семејствоСтражарска кула 1999 | 1 Јули
-
-
Редовно проучувајте ја Божјата реч како семејство
„Не само од леб ќе живее човекот, а и од секој збор што излегува од устата на Бога“ (МАТЕЈ 4:4).
1. Што вели Библијата за одговорноста на семејните поглавари да ги поучуваат своите деца за Јеховините патишта?
ЈЕХОВА БОГ честопати ги потсетувал семејните поглавари на одговорноста да ги поучуваат своите деца. Таквата поука ќе ги подготви децата за сегашниот живот, а исто така би можела да им помогне да се подготват за животот што доаѓа. Еден ангел, кој бил претставник на Бог, му ја подвлекол на Авраам одговорноста да го поучува своето домаќинство за да „одат по патот Господен“ (1. Мојсеева 18:19). На израелските родители им било кажано да им објаснуваат на своите деца како Бог го избавил Израел од Египет и како им го дал својот Закон на гората Синај, на Хорив (2. Мојсеева 13:8, 9; 5. Мојсеева 4:9, 10; 11:18—21). Поглаварите на христијанските семејства се советувани да ги воспитуваат своите деца „во дисциплина и во Јеховино насочување на мислите“ (Ефесјаните 6:4, NW). Дури и ако само едниот родител му служи на Јехова, тој треба да настојува да ги поучува децата за Јеховините патишта (2. Тимотеј 1:5; 3:14, 15).
2. Дали е потребна семејна студија ако во домот нема деца? Објасни.
2 Тоа не значи дека семејната студија на Божјата реч е само за домаќинствата кои имаат деца. Кога сопругот и сопругата имаат семејна студија, дури и ако дома немаат деца, тоа покажува убаво ценење за духовните работи (Ефесјаните 5:25, 26).
3. Зошто е важна редовноста на семејната студија?
3 За да се постигне најдоброто, поуката треба да се дава редовно, во склад со лекцијата која Јехова му ја дал на Израел во пустината: „Човекот не живее само од леб, но човекот живее и од секој збор што излегува од устата на Господа“ (5. Мојсеева 8:3). Зависно од околностите во семејството, некои домаќинства можеби имаат организирано седмична студија; други можеби имаат пократки периоди на проучување секој ден. Каква и да е подготовката што ќе ја изберете, не ја препуштајте студијата на случајноста. ‚Откупете си време‘ (NW) за неа. Плаќањето на цената која е потребна за таквото време е здрава инвестиција. На коцка е животот на членовите на вашето семејство (Ефесјаните 5:15—17; Филипјаните 3:16, NW).
Цели кои треба да се имаат на ум
4, 5. а) Која важна цел ја ставил Јехова преку Мојсеј пред родителите при поучувањето на децата? б) Што вклучува тоа денес?
4 Кога ја одржувате семејната студија, таа ќе го постигне најголемото добро ако јасно имате на ум одредени цели. Разгледај неколку можности.
5 На секоја студија, настојувајте да изградите љубов кон Јехова Бог. Кога Израелците се собрале во Моавските рамнини, пред да влезат во Ветената земја, Мојсеј го сосредоточил нивното внимание на она што подоцна Исус Христос го идентификувал како ‚најголема заповед во Законот‘. Која била таа? „Возљуби Го Господа, својот Бог, со сето свое срце, и со сета своја душа, и со сиот свој разум“ (Матеј 22:36, 37; 5. Мојсеева 6:5). Мојсеј ги поттикнал Израелците да ја всадат во сопствените срца и да ги поучуваат своите деца за неа. Тоа би барало повторување, обрнување внимание кон причините зошто да се љуби Јехова, справување со ставовите и однесувањето кои би можеле да го спречат изразувањето на таквата љубов, како и покажување љубов кон Јехова во сопствениот живот. Дали на нашите деца им е потребен истиот вид поука? Да! А ним им треба и помош за да ‚го обрежат своето срце‘ т. е. да отстранат сѐ што би ја спречило нивната љубов кон Бог (5. Мојсеева 10:12, 16; Јеремија 4:4). Меѓу таквите пречки може да биде желбата за работите од светот и за приликите некој да се задлабочи во неговите активности (1. Јованово 2:15, 16). Љубовта кон Јехова мора да биде активна, да се изрази, да нѐ поттикнува да правиме работи кои му се угодни на нашиот небесен Татко (1. Јованово 5:3). За да има вашата семејна студија долгорочни користи, секоја дискусија треба да се води на начин кој ќе ја зајакнува оваа љубов.
6. а) Што се бара за да се пренесе точно спознание? б) Како Писмото ја нагласува важноста на точното спознание?
6 Пренеси точно спознание за Божјите барања. Што опфаќа тоа? Повеќе отколку само да може да се прочита одговорот од списанието или од книгата. Обично тоа бара дискусија за да се осигураме дека клучните зборови и главните идеи се јасно разбрани. Точното спознание е животоважен фактор за да се облече новата личност, за да се задржат во фокусот оние работи кои се навистина важни кога се справуваме со проблемите во животот, и на тој начин, да се врши она што му е навистина угодно на Бог (Филипјаните 1:9—11; Колосјаните 1:9, 10; 3:10, сите NW).
7. а) Кои прашања можат да се употребат за да му се помогне на семејството практично да го примени студискиот материјал? б) Како Писмото ја нагласува вредноста на една таква цел?
7 Помогнете им практично да го применуваат она што го учат. Имајќи ја предвид оваа цел, во текот на секоја семејна студија прашувајте: ‚Како треба овој материјал да влијае врз нашиот живот? Дали е потребна некаква промена во однос на она што го правиме сега? Зошто треба да сакаме да правиме преиначувања?‘ (Изреки 2:10—15; 9:10; Исаија 48:17, 18). Обрнувањето доволно внимание на практичната примена на работите што се учат, може да биде важен фактор за духовниот раст на членовите на семејството.
Мудро користете ги алатките за проучување
8. Кои алатки за проучување на Библијата ги обезбедила класата на робот?
8 „Верниот и разборит роб“ (NW) обезбедил изобилство алатки кои можат да се користат за проучување. Списанието Стражарска кула, кое се користи со Библијата, е достапно на 131 јазик. Постојат книги за проучување на Библијата на 153 јазици, брошури на 284, аудиокасети на 61 јазик, видеокасети на 41, па дури и компјутерска програма за истражување на Библијата на 9 јазици! (Матеј 24:45—47).
9. Како би можеле да го примениме советот од стиховите кои се наведени во овој пасус кога имаме семејна студија на Стражарска кула?
9 Многу домаќинства го користат периодот на семејна студија за да се подготват за собраниската Студија на Стражарска кула. Од колкава само помош може да биде тоа! Стражарска кула ја содржи главната духовна храна која се обезбедува за да се изгради Јеховиниот народ ширум светот. Кога ја проучувате Стражарска кула како семејство, правете повеќе отколку само да ги прочитате пасусите и да одговорите на отпечатените прашања. Сериозно барајте разбирање. Одвојте време да ги побарате стиховите кои се наведени но не се цитирани. Замолете ги членовите на семејството да коментираат за тоа како тие стихови се поврзани со она што е кажано во пасусот кој се разгледува. Вклучете го срцето (Изреки 4:7, 23; Дела 17:11).
10. Што може да се стори за да се вклучат децата во студијата и таа да претставува уживање за нив?
10 Доколку во вашето домаќинство има деца, што можете да сторите за студијата да не ви биде само една механичка семејна навика, туку еден изградувачки, интересен и среќен период? Настојувајте секој да биде вклучен на пригоден начин така што вниманието ќе остане сосредоточено на материјалот кој се проучува. Онаму каде што е можно, погрижете се секое дете да си има своја Библија и свое списание за проучување. Имитирајќи ја срдечноста која ја покажал Исус, родителот може да го седне малото дете многу близу до себе, па можеби и да го гушне малечкото. (Спореди Марко 10:13—16.) Можеби семејниот поглавар ќе побара еден младинец да ја објасни сликата која се појавува во студискиот материјал. На некое мало детенце може однапред да му се додели да прочита некој стих. На постарото може да му се додели да истакне во кои прилики може практично да се примени студискиот материјал.
11. Кои други алатки за поучување се обезбедени, и онаму каде што тие се достапни, како би можеле делотворно да ги користиме во врска со семејната студија?
11 Иако можеби ја користите Стражарска кула како темел за вашата дискусија, не заборавајте ги ни другите алатки за проучување кои се достапни на многу јазици. Ако се потребни информации кои се однесуваат на заднината или објаснување на некој библиски израз, тоа може да го даде Insight on the Scriptures (Увид во Писмото). На некои други прашања може да се одговори ако се провери во Watch Tower Publications Index (Индекс на публикации на Watch Tower) или ако се користи компјутерската програма за истражување која ја обезбедува Заедницата. Учењето да се користат овие алатки, доколку ги има на располагање на важиот јазик, е драгоцен дел од семејната студија. Со цел да го стимулирате интересот кај младите, може да одвоите дел од вашиот период за проучување и да погледате инсерт од некоја поучна видеокасета на Заедницата или да послушате извадок од некоја драма на аудиокасета, а потоа да дискутирате за тоа. Доброто користење на овие алатки за проучување може да ви помогне да ја направите вашата семејна студија интересна и корисна за целото семејство.
Приспособете се кон потребите на своето семејство
12. Каква улога може да игра семејната студија во справувањето со итните потреби на семејството?
12 Можеби вашето семејство обично го проучува градивото од Стражарска кула за текуштата седмица. Но, секогаш бидете во тек со сѐ што се случува во семејството. Ако мајката не мора да оди на световна работа, можеби ќе може да поминува време со децата секој ден кога ќе си дојдат од училиште. Со некои ситуации може да се излезе на крај уште тогаш; за други можеби ќе треба понатамошно внимание. Кога семејството има итни потреби, немојте да ги игнорирате (Изреки 27:12). Тие може да опфаќаат не само проблеми на училиште, туку и други ситуации. Изберете пригоден материјал и однапред известете го семејството за тоа што ќе се проучува.
13. Зошто би можела да биде корисна семејна дискусија за тоа како да се излезе на крај со сиромаштијата?
13 Како пример, голем дел од Земјата е во стисокот на сиромаштијата; затоа на многу места можеби е потребно да се дискутира за тоа како да се излезе на крај со неа. Дали една семејна студија која се врти околу вистински животни ситуации и библиски начела ќе биде корисна за вашето домаќинство? (Изреки 21:5, NW; Проповедник 9:11, NW; Евреите 13:5, 6, 18).
14. Во кои ситуации може да биде навремена семејна дискусија за Јеховиното гледиште за насилството, војната и христијанската неутралност?
14 Друга тема за која е потребна дискусија е насилството. На сите нас Јеховиното гледиште треба да ни биде цврсто всадено во умот и срцето (1. Мојсеева 6:13; Псалм 11:5, обата NW). Семејната студија на оваа тема може да обезбеди место за дискусија како да се постапи со силеџиите на училиште, дали да се тренираат боречки вештини и како да се избере пригодна забава. Насилничките судири станале вообичаени; речиси секоја земја се измачува било со граѓанска војна, било со политички или етнички борби, било со војни меѓу банди. Поради тоа, можеби на вашето семејство му е потребна дискусија за да задржи христијанско однесување додека е опколено со воени фракции (Исаија 2:2—4; Јован 17:16).
15. Како треба на децата да им се дава поука за сексот и бракот?
15 Како што децата растат, ќе им биде потребна поука во врска со сексот и бракот, соодветно на нивната возраст. Во некои култури, повеќето родители никогаш не дискутираат со своите деца за сексот. Неинформираните деца можат да усвојат искривени гледишта од други млади, а резултатите од тоа можат да бидат катастрофални. Зарем не би било подобро да го имитираме Јехова кој во Библијата ни дава отворен, но тактичен совет на таа тема? Побожниот совет ќе им помогне на нашите деца да задржат самопочит и да постапуваат со достоинство со лицата од спротивниот пол (Изреки 5:18—20; Колосјаните 3:5; 1. Солунјаните 4:3—8). Дури и ако веќе сте дискутирале за тие работи, не се колебајте повторно да го сторите тоа. Со појавата на нови ситуации, повторувањето е животоважно.
16. а) Кога се одржува семејната студија во различни домаќинства? б) Како сте се справиле со препреки за да имате редовна семејна студија?
16 Кога може да се одржува семејната студија? Имитирајќи ги бетелските фамилии ширум Земјата, многу домаќинства ја планираат својата семејна студија за понеделник навечер. Кај други е поинаку. Едно 11-члено семејство од Аргентина во кое има 9 деца, редовно станувало во пет часот секое утро за да ја одржува својата семејна студија. Поради различниот распоред на работа, тоа не било возможно во ниедно друго време. Не им било лесно, но во умот и срцето на децата тоа ја всадило важноста на семејната студија. Еден старешина од Филипините имал редовна семејна студија со својата сопруга и со трите деца додека тие растеле. Во текот на седмицата родителите одржувале и лична студија со секое дете, така што секое од нив ја направило вистината своја сопственост. Една сестра од Соединетите Држави, чиј сопруг не е Сведок, секое утро оди со своите деца до школскиот автобус. Додека го чекаат автобусот, поминуваат по десет минути заеднички читајќи и дискутирајќи за пригоден материјал за проучување на Писмото, и потоа, пред децата да се качат во автобусот, мајката изговара кратка молитва. Една жена од Демократска Република Конго, чиј сопруг кој не е соверник го напуштил семејството, мора напорно да работи на студијата поради своето ограничено образование. Нејзиниот возрасен син ѝ помага така што секоја седмица го посетува семејството за да преземе водство во студијата во која се вклучени мајка му и неговите помали браќа. Мајката дава убав пример преку својата марлива подготовка. Дали постои некоја ситуација која ја отежнува редовната семејна студија во вашето семејство? Не се откажувајте. Сесрдно барајте Јеховин благослов над вашите напори да имате редовна библиска студија (Марко 11:23, 24).
Награди од истрајноста
17. а) Што е потребно за да се има редовна семејна студија? б) Кое искуство ја илустрира вредноста на редовната семејна поука за Јеховините патишта?
17 Потребно е планирање. Се бара истрајност. Но, користите кои доаѓаат од редовната семејна студија се исплатат (Изреки 22:6; 3. Јованово 4). Франц и Хилда од Германија, подигнале семејство со 11 деца. Со години подоцна, нивната ќерка Магдалена рекла: „Она што денес сметам дека се покажа од најголема важност е тоа што не поминуваше ни еден единствен ден без да добиеме некаква духовна поука“. Кога духот на национализам под Адолф Хитлер се засилил, таткото на Магдалена ја користел Библијата за да го подготви семејството за испитите кои увидел дека ќе дојдат. Со текот на времето, помладите членови биле одземени од семејството и одведени во поправен дом; други биле уапсени и држани по затвори и концентрациони логори. Некои биле погубени. Верата на сите нив останала цврста — и тоа не само за време на тоа свирепо прогонство туку, кај оние што преживеале, и во годините што следеле.
18. Како биле наградени напорите на самохраните родители?
18 Многу самохрани родители, како и оние чии брачни партнери не ја делат нивната вера, исто така им давале на своите деца редовна библиска поука. Една самохрана мајка, вдовица од Индија, напорно работела за да всади во своите две деца љубов кон Јехова. Меѓутоа, нејзиното срце било скршено кога синот престанал да се дружи со Јеховиниот народ. Таа го молела Јехова да ѝ прости за кои и да било пропусти што ги направила во воспитувањето на својот син. Но, всушност, синот не го заборавил она што го научил. После повеќе од една деценија се вратил, духовно добро напредувал и станал собраниски старешина. Сега тој и неговата сопруга служат како полновремени министри пионери. Колку само се благодарни оние родители кои го зеле при срце советот од Јехова и од неговата организација да даваат редовна библиска поука во семејниот круг! Дали вие го применувате тој совет во своето домаќинство?
Можеш ли да објасниш?
◻ Зошто е важно да се има редовна семејна студија?
◻ Кои цели треба да ги имаме во текот на секоја семејна студија?
◻ Кои алатки за поучување ни се достапни?
◻ Како може студијата да се приспособи кон семејните потреби?
[Слика на страница 15]
Јасните цели ќе ја збогатат вашата семејна студија
-
-
Семејства, фалете го Бог како дел од неговото собраниеСтражарска кула 1999 | 1 Јули
-
-
Семејства, фалете го Бог како дел од неговото собрание
„Во собранијата ќе Те благословувам, Господи“ (ПСАЛМ 25:12).
1. Што уште е важен дел од вистинското обожавање освен проучувањето и молитвата дома?
ОБОЖАВАЊЕТО на Јехова опфаќа не само молитва и проучување на Библијата дома, туку и активност како дел од Божјето собрание. На древниот Израел му било заповедано да ‚го собере народот, мажите, жените и децата‘ да го научат Божјиот закон за да одат по неговиот пат (5. Мојсеева 31:12; Исус Навин 8:35). И постарите и ‚момчињата и девојките‘ биле охрабрени да учествуваат во фалењето на Јеховиното име (Псалм 148:12, 13). Слични подготовки важат и за христијанското собрание. Во Салите на Царството ширум Земјата, мажи, жени и деца слободно учествуваат во точки во кои се вклучени присутните, и многумина наоѓаат големо задоволство во своето учество на нив (Евреите 10:23—25).
2. а) Зошто подготовката е клучен фактор во помагањето на младите да уживаат во состаноците? б) Чиј пример е важен?
2 Точно, помагањето на младите да почнат со здрава рутина на собраниската активност може да биде предизвик. Ако се гледа дека некои деца кои доаѓаат со родителите не уживаат на состаноците, во што може да биде проблемот? Секако, повеќето деца имаат мал временски распон на внимание и лесно може да им се здосади. Во справувањето со овој проблем може да помогне подготовката. Без подготовка, децата не можат да имаат смисловно учество на состаноците (Изреки 15:23, NW). Без подготовка, ќе биде тешко да постигнат духовен напредок кој ќе им донесе задоволство (1. Тимотеј 4:12, 13). Што може да се стори? Прво, родителите треба да се прашаат дали самите тие се подготвуваат за состаноците. Нивниот пример има силно влијание (Лука 6:40). Исто така, важен фактор може да биде грижливото планирање на семејната студија.
Да се изгради срцето
3. Зошто треба да се вложи посебен напор во текот на семејната студија за да се изградат срцата, и што бара тоа?
3 Семејната студија треба да биде време не само за да се наполнат главите со знаење, туку и за да се изградат срцата. Ова бара свесност за проблемите со кои се соочуваат членовите на семејството, како и меѓусебна грижа полна со љубов. Јехова е тој кој го ‚испитува срцето‘ (1. Летописи 29:17).
4. а) Што значи да ‚недостига срце‘? б) Што е вклучено во ‚стекнувањето срце‘?
4 Што наоѓа Јехова кога ги испитува срцата на нашите деца? Повеќето од нив би рекле дека го љубат Јехова, и тоа е пофално. Сепак, оној кој е млад или кој почнува да учи за Јехова, има ограничено искуство на Јеховините патишта. Бидејќи е неискусен, може да му „недостига срце“, како што тоа го изразува Библијата. Можеби не се лоши сите негови мотиви, но потребно е време за да се доведе срцето во состојба која му е вистински угодна на Бог. Тоа вклучува да се доведат мислите, желбите, склоностите, емоциите и животните цели во склад со она што го одобрува Бог, до мера која е возможна за несовршените луѓе. Кога некој врши такво обликување на внатрешната личност на еден побожен начин, тој „стекнува срце“ (Изреки 9:4; 19:8, обата NW).
5, 6. Како можат родителите да им помогнат на своите деца да ‚стекнат срце‘?
5 Можат ли родителите да им помогнат на своите деца да ‚стекнат срце‘? Точно, ниеден човек не може да стави добра состојба во срцето на некој друг. Секој од нас е надарен со слободна волја, и многу зависи од тоа за што самите ние дозволуваме да размислуваме. Меѓутоа, со проникливост, родителите честопати можат да му помогнат на детето да се изјасни, дознавајќи што има во неговото срце и каде е потребна помош. Користете прашања како што се: ‚Што мислиш за ова?‘ и ‚Што всушност би сакал ти да сториш?‘ Потоа стрпливо слушајте. Немојте да реагирате претерано (Изреки 20:5). Ако сакате да го достигнете срцето, важна е атмосфера на љубезност, разбирање и љубов.
6 За да се зајакнат здравите склоности, дискутирајте често за плодовите на духот — за секој нивни аспект — и работете заедно како семејство за да ги негувате (Галатјаните 5:22, 23). Градете љубов кон Јехова и кон Исус Христос, не само така што ќе зборувате дека треба да ги љубиме, туку и со тоа што ќе дискутирате за причините зошто ги љубиме и како можеме да ја изразиме таа љубов (2. Коринтјаните 5:14, 15). Зајакнете ја желбата да се прави она што е исправно така што ќе расудувате за користите што ќе произлезат од тоа. Градете ја желбата да ги одбегнуваат погрешните мисли, говор и однесување, така што ќе дискутирате за лошите последици од тие работи (Амос 5:15; 3. Јованово 11). Покажете дека мислите, говорот и однесувањето — било да се добри или лоши — можат да влијаат врз односот со Јехова.
7. Што може да се стори за да им се помогне на децата да се справат со проблемите и да донесуваат одлуки на начин кој ќе ги држи близу до Јехова?
7 Кога детето има проблем или треба да донесе некоја важна одлука, би можеле да го прашаме: ‚Според твое мислење, како Јехова гледа на ова? Што знаеш за Јехова, па велиш така? Дали си му се молел за тоа?‘ Започнувајќи колку што е можно порано, помогнете им на децата да изградат еден образец на живот во кој секогаш искрено ќе настојуваат да установат која е Божјата волја и потоа да ја вршат. Како што ќе стекнуваат близок, личен однос со Јехова, ќе најдат задоволство во одењето по неговите патишта (Псалм 118:34, 35). Тоа ќе изгради кај нив ценење за предноста што се поврзани со собранието на вистинскиот Бог.
Подготовка за собраниските состаноци
8. а) Што може да ни помогне на нашата семејна студија да ги опфатиме сите работи кои заслужуваат внимание? б) Колку е важна оваа студија?
8 Постојат многу работи на кои треба да им се обрне внимание во периодите на семејната студија. Како можеш да ги вклопиш сите нив? Невозможно е истовремено да се постигне сѐ. Но, може да биде од корист ако си направите листа (Изреки 21:5, NW). Одвреме навреме, прегледајте ја и размислете што заслужува посебно внимание. Покажете сериозен интерес за напредокот на секој член на семејството. Оваа подготовка за семејна студија е важен дел од христијанското образование која нѐ опремува за живот сега, и нѐ подготвува за вечниот живот кој ќе дојде (1. Тимотеј 4:8).
9. На кои цели во врска со подготовката за состаноци би можеле постепено да работиме во текот на нашите семејни студии?
9 Дали вашата семејна студија опфаќа подготовка за собраниските состаноци? Има доста проекти на кои би можеле постепено да работите додека проучувате заедно. За да остварите некои од нив, можеби ќе бидат потребни седмици, месеци, па дури и години. Размислете за овие цели: 1) секој од семејството да биде спремен да коментира на собраниските состаноци; 2) секој да работи на тоа да коментира со сопствени зборови; 3) во коментарите да се вклучуваат стихови и 4) да се анализира материјалот со цел лично да се примени. Сево ова може да му помогне на поединецот да ја направи вистината своја сопственост (Псалм 24:4, 5).
10. а) Како би можеле да му обрнеме внимание на секој од нашите собраниски состаноци? б) Зошто тоа се исплати?
10 Дури и ако вашата семејна студија обично се темели на градивото од Стражарска кула за таа седмица, не ја превидувајте важноста на поединечната или семејната подготовка за Собраниска студија на книга, за Теократската школа за служба и за Состанокот за служба. И тие се важни делови од програмата за наше поучување за да одиме по Јеховиниот пат. Можеби ќе можете периодично да се подготвувате за состаноците. Преку вашата заедничка подготовка, ќе ги подобрите вештините на поучување. Како резултат на тоа, ќе извлечете поголема корист од самите состаноци. Меѓу другото, дискутирајте за користите од редовната подготовка за овие состаноци и за важноста да се има одвоено одредено време за тоа (Ефесјаните 5:15—17).
11, 12. Како ќе извлечеме корист од подготовката за пеење во собранието, и на кој начин би можеле да го правиме тоа?
11 На конгресите „Божјиот пат на живот“ бевме охрабрени да се подготвуваме за едно друго обележје на нашите состаноци — пеењето. Дали го применувате тоа? Тоа може да ни помогне да ги врежеме библиските вистини во нашиот ум и срце и истовремено да го зголеми нашето уживање на собраниските состаноци.
12 Подготовката која опфаќа читање и дискутирање за значењето на зборовите во некои од предвидените песни, може да ни помогне да пееме од сѐ срце. Во древниот Израел, музичките инструменти заземале истакнато место во обожавањето (1. Летописи 25:1; Псалм 28:7, NW). Дали некој од вашето семејство свири некој музички инструмент? Зошто да не го употребите тој инструмент за да вежбате една од песните за Царството за таа седмица, и потоа да ја пеете песната како семејство. Друга можност е да се користи снимка од песните. Во некои земји нашите браќа пеат прекрасно и без музичка придружба. Додека одат по пат или почнуваат со својата работа по полињата, честопати уживаат пеејќи ги песните кои се предвидени за собраниските состаноци за таа седмица (Ефесјаните 5:19).
Семејна подготовка за служба на теренот
13, 14. Зошто се драгоцени семејните дискусии кои ги подготвуваат нашите срца за службата на теренот?
13 Сведочењето на другите за Јехова и за неговата намера е важен дел од нашиот живот (Исаија 43:10—12; Матеј 24:14). Било да сме млади или стари, доколку сме подготвени, повеќе уживаме во оваа активност и постигнуваме подобри резултати. Како можеме да го правиме тоа во кругот на семејството?
14 Како и за сите други работи кои спаѓаат во нашето обожавање, важно е да ги подготвиме срцата. Треба да дискутираме не само за тоа што ќе правиме, туку и зошто ќе го правиме тоа. Во деновите на цар Јосафат, на луѓето им била дадена поука за божествениот закон, но Библијата ни кажува дека тие ‚сѐ уште го немале подготвено своето срце‘. Тоа ги направило ранливи на заведувањата што можеле да ги одвратат од вистинското обожавање (2. Летописи 20:33; 21:11). Наша цел е не само да можеме да ги известиме часовите кои сме ги поминале во службата на теренот ниту, пак, само да дадеме литература. Нашата служба треба да биде израз на нашата љубов кон Јехова и кон луѓето на кои им е потребна приликата да изберат живот (Евреите 13:15). Тоа е активност во која сме „соработници на Бога“ (1. Коринтјаните 3:9). Колкава предност! Додека учествуваме во службата, го правиме тоа во соработка со светите ангели (Откровение 14:6, 7). Каква подобра прилика би можела да постои за да се изгради ценење за тоа отколку при семејните дискусии, било да е тоа на нашата седмична студија или кога дискутираме за некој соодветен стих од Секојдневно разгледување на Писмото!
15. Кога можеме да се подготвуваме за службата на теренот како семејство?
15 Дали понекогаш го користите времето на вашата семејна студија за да им помогнете на членовите на вашето домаќинство да се подготват за седмичната служба на теренот? Ова може да биде многу корисно (2. Тимотеј 2:15, NW). Може да им помогне да ја направат својата служба смисловна и продуктивна. Повремено за таквата подготовка би можеле да го одвоите целиот период за проучување. Почесто, некои аспекти од службата на теренот би можеле да ги опфатите во пократки дискусии на крајот од семејната студија или во некое друго време во текот на седмицата.
16. Дискутирај за вредноста на секој од чекорите кои се набројани во пасусот.
16 Семејните дискусии би можеле да се сосредоточат на низа чекори, како што се следниве: 1) Подгответе добро извежбана презентација која вклучува читање на еден стих од Библијата, доколку приликата го дозволува тоа. 2) Погрижете се секој да има, доколку е можно, своја чанта за служба на теренот, Библија, бележник, пенкало или молив, трактати и друга литература која е во добра состојба. Чантата за служба не мора да биде скапа, туку уредна. 3) Дискутирајте каде и како неформално да се сведочи. Следете ја секоја етапа од оваа поука во периодите кога работите заедно во службата на теренот. Дајте корисни предлози, но немојте да давате совет за премногу работи.
17, 18. а) Која подготовка како семејство може да ни помогне да ја направиме поплодна нашата служба на теренот? б) Кој аспект на оваа подготовка би можел да се спроведува секоја седмица?
17 Главен дел од делото кое им го доделил Исус Христос на своите следбеници е правењето ученици (Матеј 28:19, 20, NW). Тоа вклучува повеќе отколку само проповедање. Тоа бара поучување. Како може вашата семејна студија да ви помогне да бидете делотворни во тој поглед?
18 Како семејство, дискутирајте кај кого би било добро да се направат повторни посети. Некои од нив можеби зеле литература; некои можеби едноставно слушале. Можеби сте ги сретнале во делото од куќа до куќа или при неформалното сведочење на пазар или на училиште. Дозволете да ве води Божјата реч (Псалм 24:9; Језекиил 9:4). Одлучете кај кого секој од вас сака да изврши посета таа седмица. За што да се разговара? Семејната дискусија може да му помогне на секој член да се подготви. Забележете ги посебните стихови кои ќе ги споделите со заинтересираните лица, како и соодветните точки од брошурата Што бара Бог од нас? или од книгата Спознание кое води до вечен живот. Не обидувајте се да опфатите премногу точки на една посета. Оставете му на станарот прашање на кое ќе одговорите при следната посета. Зошто не ви стане дел од седмичната семејна рутина да планирате кои повторни посети ќе ги изврши секој од вас, кога ќе ги врши и што се надева да постигне. Тоа може да помогне службата на теренот да биде поплодна за целото семејство.
Продолжете да ги поучувате за Јеховиниот пат
19. Што мора да доживеат членовите на семејството за да одат и понатаму по Јеховиниот пат, и што придонесува за тоа?
19 Да се биде семеен поглавар во овој злобен свет е предизвик. Сатана и неговите демони настојуваат да ја уништат духовноста на Јеховините слуги (1. Петрово 5:8). Освен тоа, денес постои голем притисок врз вас, родители, особено врз вас кои сте самохрани. Тешко е да најдете време да ги завршите сите работи кои би сакале. Но, тоа се исплати, дури и ако ги применувате предлозите еден по еден и постепено ја подобрувате вашата програма на семејна студија. Да се види како оние кои ти се многу блиски лојално одат по Јеховиниот пат е награда која го радува срцето. За да одат успешно по Јеховиниот пат, членовите на семејството треба да наоѓаат радост во присуството на собраниските состаноци и во учеството во службата на теренот. За да биде тоа случај, потребна е подготовка — подготовка која го изградува срцето и го опремува секого да има смисловно учество.
20. Што може да им помогне на повеќето родители да ја вкусат радоста што е изразена во 3. Јованово 4?
20 Во врска со оние на кои духовно им помогнал, апостол Јован напишал: „За мене нема поголема радост од тоа — да чујам дека моите чеда живеат во вистина“ (3. Јованово 4). Семејните студии кои се водат со јасни цели на ум, и семејните поглавари кои постапуваат на еден љубезен, корисен начин со поединечните потреби на членовите на семејството, можат да направат многу за да му овозможат на семејството да споделува таква радост. Негувајќи ценење за Божјиот пат на живот, родителите му помагаат на своето семејство да се радува на најдобриот пат на живот (Псалм 18:7—11).
Можеш ли да објасниш?
◻ Зошто подготовката за состаноци е толку важна за нашите деца?
◻ Како можат родителите да им помогнат на своите деца да ‚стекнат срце‘?
◻ Како може нашата семејна студија да биде од помош во подготовката за сите состаноци?
◻ Како може подготовката за служба на теренот како семејство да ни помогне да бидеме поделотворни?
-